Започнувањето на бизнис во денешно време не претставува преголема тешкотија. Фирмите лесно се регистрираат, барем во тој дел се направија огромни подобрувања. Ниту пак се потребни големи средства. За почетна набавка на стока може да биде доволно и 5.000 евра, а тој износ може понатаму по потреба да се зголемува. При регистрацијата, најдобро е да се ангажира адвокат кој ќе се погрижи да се запазат сите правни аспекти, како при регистрацијата така и во иднина, бидејќи секогаш при склучување на договорите мора да се води сметка за можните правни реперкусии.
Започнувањето нов бизнис претставува и највозбудливиот дел од работењето, проткаено со голем број нови непознати случувања. Проблем претставува опстанокот на претпријатието на пазарот, како и неговиот раст.
Препорака до претприемачите во почетокот на работењето е да избегнуваат преголеми “консултации” во врска со отпочнатиот проект, бидејќи многу “совети” можат да го парализираат и откажат од зацртаната идеја. Многу совети можат да дадат луѓе кои недоволно знаат или не можат да ја сфатат бизнис идејата, потоа има злонамерни луѓе кои намерно даваат погрешни совети. Ова не значи дека никогаш не треба да се примаат совети. Тоа исто така е погрешно. Одмерено слушање на совети и целосно размислување со своја глава (со континирано учење на области во кои претприемачот чувствува недоволни знаења), претставува клуч за успешно работење.
Отпочнување нов бизнис кој подоцна не би успеал може да стане “ноќна мора”, бидејќи може да се изгубат големи средства, а можно е и потсмевање на околината, па претприемачот многу потешко ќе се одлучи да реализира некој нов проект. Не се смета за нешто страшно доколку некој бизнис и не успее, бидејќи има многу примери на успешни претприемачи кои не успеале во првиот обид, а можеби и во неколку обиди. Дури и во одредени случаи тие неуспеси претствуваат основа за иден успех како што опфативме во брзо пропаѓање на бизнисот. Можноста бизнисот од првиот пат да не успее е поизвесна отколку да успее. Важно е ова да се сфати кај нас, бидејќи во нашите отежнати услови на работење, можноста за неуспех е значително зголемена. Многу полесно е претпримништвото да се негува во развиените економии, каде постојат многу подобри услови за работење, како и поголем број можности за реализирање на бизнисот.
Фактори за реализирање на бизнисот
За реализирање на бизнисот најзначајни се три фактори:
- Идеи. Претприемачот мора да има идеи и да се концентрира на нивното остварување. За да може една идеја да се реализира и од неа да стане добар бизнис, потребно е претприемачот да поседува знаење и искуство. Преголем број на идеи може да внесат конфузија и да го одвлечат вниманието од најдобрата. Доколку постои добра идеја, сите останати пречки се полесно надминливи, а реализацијата на бизнисот е пореална.
- Финансии. Сето тоа не може да се реализира без финансии. Финансиите мора да се обезбедат во доволен обем, за бизнисот да може да почне да функционира и понатаму да се развива.
- Сигурност во работењето, треба да обезбеди државата со своите механизми. Претприемачот мора да биде сигурен дека некој надворешен фактор нема целиот бизнис-потфат да му го уништи (ненадејни законски регулативи, нелојална конкуренција, црниот пазар, турбуленцијата на финансискиот пазар). Тука дадовме преглед на условите кои треба да важат кај нас во Р. Македонија. Додека овие услови во други држави би биле поинакви, во зависност од тоа на кој степен на развој се наоѓа државата. Во некои држави каде постои голема сигурност во работењето на компаниите, би било дури и смешно кога би се барало гарантирање на нивната сигурност (од ненадејните потези на владата, нелојалната конкуренција, корумпираност на инспекторите и слични аномалии).
Секако дека и другите елементи се значајни, меѓутоа како најзначајни ги потенцираме овие три.
Прашања кои мора да се одговорат
При започнување на бизнисот потребно е да се одговори на следниве прашања:
- Кои се можните начини на започнување на нов бизнис?
- Кои се причините за започнување на нов бизнис?
- Кои се општите предности и слабости при започнувањето на нов бизнис?
- Дали се поседува доволен капацитет за реализирање на бизнис?
Најчеста причина за отпочнување со бизнис е:
- Поради самовработување и независност.
- Да се заработат пари.
- Да се вработи семејство.
- Искористување на постојните можности на пазарот.
- Предизвик.




Speak Your Mind