post

Развој на идеи за започнување на бизнис

Бизнис идеи Секој бизнис почнува од идеја. Методите кои тука ќе ги опфатиме главно се настанати за потребите на воениот сектор, а потоа се пренесени и во цивилниот сектор и се општо познати и прифатени.

Идеите се ресурс со кои претприемачите би требало да се најбогати. Идејата сама по себе не претставува решение на сите проблеми, но претставува голем потикнувачки фактор за започнување на бизнис активност.

Претприемачот кој сака да отпочне со работење, треба да има контакти со голем број на луѓе и добро да слуша туѓи идеи. Најчесто луѓето со добри идеи не се и добри реализатори или им недостасува некоја од компонентите: искуство, знаење или финансии; поради што не можат да ја реализираат идејата.

Со слушање на изнесени идеи, решителен и дисциплиниран човек може за себе да обезбеди добар бизнис.

За жал оној што имал добра идеја, а немал одлучност да ја реализира идејата, останува само нем набљудувач на туѓ успех. Секоја иновација треба да се заштити во заводот за патенти, за да не се злоупотреби од страна на другите претприемачи.

Идеите не треба да се чекаат да дојдат сами од себе, туку проблематиката треба систематски да се следи и истражува. Ние ќе ги анализираме начините и методите за добивање на идеи и нивното користење. При тоа, потребно е да се истакне дека претприемачите не треба да претеруваат со голем број на идеи, кои сакаат да ги реализираат, туку да пронајдат која од идеите е најдобра и таа да ја реализираат. Бидејќи, доколку сакаат да реализираат повеќе идеи, може да се доведат во состојбата да не можат да реализираат ниту една.

Изворот на идеи за новиот производ треба да се бара во маркетингот, во истражувањето на пазарот, конкуренцијата, потрошувачите, дистрибутерите, продавачите, и во сопственото истражување. Треба да се користат сите можни извори на идеи за нови производи-услуги. Освен споменатите можности треба да се додадат и снабдувачите, списанијата, сервисите, поплаките на корисниците на производот и сл.

Карактеристика на работењето на големите компании е што кај нив идеите доаѓат од нивните лаборатории, или истражувачки центри. Во развиените земји, до идеи за нови производи/услуги, може да се дојде и преку вселенски и воени истражувања. Групирање на идеите може да се изврши и преку одредени научни методи. Во светот постојат неколку широко применети методи, кои поттикнуваат интуитивно размислување. Тука се опишани методи за добивање на идеи за големи корпорации, меѓутоа со одредена апроксимација, може да послужи и како начин за добивање идеи и во малите претпријатија.

#1 Brainstorming (мозочна бура)

Оваа техника се состои во организирање креативен состанок на одредени стручни лица, чиј број најчесто се движи помеѓу 5 и 15, кои  вршат собирање на мислења, ставови, како и идеи за конктретно прашање. Се бара целосно слободно изјаснување. Критиката е исклучена.

Не смее да се слушнaт коментари: тоа е глупаво, тоа е неможно и слично, со цел да се соберат што повеќе идеи без оглед на нивното значење и можно влијание на решавањето на конкретниот проблем.

Потоа следува оценување на значењето на секоја идеја и нејзино рангирање. По рангирањето, идеите влегуваат во понатамошен третман и високо рангираните идеи одат на понатамошно реализирање.

Оваа може да се примени и во малото стопанство, на тој начин што претприемачот би собрал луѓе (сега има се поголем број на високообразовани претприемачи, кои исто така имаат високообразовани пријатели, кои можат конструктивно да учествуваат во добивање на идеи, притоа секој човек може да даде конструктивно решение) кои слободно и спонтано би изнеле идеи, а понатаму високорангираните идеи претприемачот би ги реализирал. Овие методи главно се настанати за воени потреби, но постепено се преместени и во цивилен сектор, општепознати се и при нивното спроведување може да се дозволи флексибилност, односно прилагодување кон условите кои владеат на теренот, односно во компанијата, а добиени резултати сепак да бидат високо вреднувани.

#2 Delphi

Delphi методот го добил името по Грчкиот град каде во старите времиња се пророкувало. Методот се состои од одделни испитувања, најчесто преку прашалници, се повикуваат експерти (носители на клучни работни задачи) на повеќекратен разговор, поради утврдување на нивниот став, идеја или предлог.

Тие даваат одговори, наведуваат факти и предлози. Во вториот круг од разговорите, учесниците се известуваат за дотогашните вкупни резултати, па од нив се бара да ги бранат своите ставови. Постапката по потреба се повторува. За тоа време доаѓа до расчистување на проблемот, до кристализација на конечните ставови, идеи и предлози. Доколку не се постигне резултат испитувањето се прекинува, а може да продолжи со другите учесници.

Истото оваа може да го примени претприемачот за своите потреби во поедноставена форма, составувајќи прашалник и собирајќи одредена група на пријатели или познаници (сепак не треба да се заборави дека лице во лице интервјуата со потенцијални купувачи кои не ги познаваш даваат најдобри резултати), од кои би се обидел да собере одреден број на корисни идеи.

#3 Синектички метод

Синектички метод е специфичен облик на дискусиски метод за пронаоѓање идеи, решавање на одредени проблеми и др.

Дискусискиот тим се состои од 5 до 7 лица со различна стручност и образование, лица кои се специјално одбрани за таа пригода.

Проблемот, целта и планот се разложуваат толку долго, се додека сите членови на дискусиискиот тим не ја сфатат нивната суштина, значењето и она што се сака да се постигне со работата на тимот.

Потоа проблемот се отуѓува, се наоѓа сличност во природата (се зема облик на животни: риби, жаби, желки… и други како идејни облици за одредените производи) и слично. Со помош на таквото апстрактно скршнување од почетниот проблем, се бара и се наоѓа неговото решение.

Решението може да претставува идеја која се граничи со фантазија, што на организаторот на дискусијата му остава задача подоцна со обработката на резултатите, да извлече корисни и потребни сознанија и заклучоци.

#4 Морфолошки метод

Морфолошкиот метод е соодветен за идеите за високата технологија. Тој обезбедува, да се избегнат битните грешки во пристапите од кои се тргнува во предвидувањето и овозможува примена на принципот на повеќе димензионална класификација, која се сведува на расчленување на одредена целина на составните делови.

Се формира матрица во која во првата колона се основните обележја, а во другите колони се варијации на основните обележја.

При примената на морфолошкиот метод во прв ред е потребно да се утврдат сите постојни обележја (се анализираат сите можни варијанти без оглед колку се чудни или тешко остварливи) и се внесуват во матрицата. На тој начин, овој метод може да помогне да се изврши коректна класификација на новите технолошки решенија. Покрај тоа, се отвара можност за комбинирање на елементите во нов пристап, независно од тоа во која мерка таквите решенија се моментално можни, изводливи и ефикасни. На Сликата 6. е даден приказ на морфолошка матрица.

Морфолошка матрица

Морфолошка матрица

#5 Креативен удар

Терминот креативен удар прв го употребил Tom Peters, со цел да го опише процесот на агресивно откривање на знаењата и интересите на конкурентите. Тој предлага сите вработени да се преобразат  во т. н. Vacuum cleaners (правосмукалка) за да побараат и да го разберат најдоброто што го нудат другите.

Токму тоа го правел Marriott при дизајнирање на својата мрежа хотели. Цели тимови од вработени во маркетингот, финансиите, човековите ресурси и оперативата биле испратени на близу 400 конкурентски хотели за да ги испитаат нивните карактеристики (креветите, големината на собите, дебелината на sидовите, придружните ресторани итн.), нивните услуги (резервации, внимание на персоналот и др.) и нивниот менаџмент (работење, морал). Резултат на тоа била добро дизајнирана мрежа хотели со пристапни цени, наменети за бизнисмени кои често патуваат.

Истото ова мора секој претприемач да го применува сé додека работи, бидејќи вниманието кое се обрнува на конкурентите, мора да биде големо за да се знае однесувањето на секој конкурент (цени, односот кон клиенти, начин на плаќање…).

Секаде во светот е голема чест да се има вработување, а не е ни лесно ни едноставно да се бара ново вработување, поаѓајки од тоа, секој вработен треба без никакво посебно насочување да го прати пазарот и конкурентите и за тоа да го известува претприемачот, кој соодветно би реагирал на секој предизвик.

#6 Уметноста и занаетот

Уметноста и занаетот може да биде добар пат за развој на сопствен бизнис. Луѓето кои се образовани или имаат некој посебен талент или занает, нормално е при започнувањето на бизнис да поаѓаат од знаењата кои ги имаат. На тој начин, тие се во можност да го спојат бизнисот и задоволството. Каков било напор околу реализацијата на некоја бизнис идеја нема да претставува голема препрека. Освен заработувачката, можно е да се постигне и големо уметничко ниво (сликарство, изработка на скулптури). Со тоа се остварува и соодветен морален надомест.

#7 Лично искуство

Личното искуство стекнато во одредена работа, секако дека ќе се примени за одредени иновации кои се од интерес на претприемачот.

Ако некој во соседството има проблеми со компјутерската обработка, познавањето на англискиот јазик, тоа може да се искористи и да се промовира давање на такви услуги.

Некои луѓе се трудат своето хоби или спортскиот интерес, развиен во слободното време, да го имплементираат во работењето.

Тука претприемачот се чувствува сигурен, а освен тоа гледа и можност да заработи и да оствари свое задоволство.

Љубителите на животни сакаат да отвараат продавници за своите миленици. Љубителите на лов и риболов, како специјалисти за сите проблеми кои можат да настанат при овие активности, можат да дадат информации и да обезбедат потребен прибор за непречено и комплетно извршување на овој спорт. Љубителите на автомобили ќе отворат сервис или продавница за автоделови. Собирачите на ретки автомобили, марки, стар мебел… логично е тоа знање да им го наплатат на заинтересираните купувачи.

Постојат и други начини за добивање на нов производ/услуга како што се: препознавање на потребата; подобрување на постојните производи/услуги; комбинирање на различни “индустрии”; забележување на трендови; обрнување внимание на се; поставување на прашањата; прво именување, па потоа развивање и други.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*