post

4 Алатки за стратешка анализа

Алатки за стратешки анализа

Алатки за стратешки анализа

Секој претприемач мора да размислува стратешки и постојано да спроведува стратешки анализи. Доколку сакате да преживеете и Вашиот бизнис да бележи постојан раст ќе мора да знаете каде се наоѓате, што се случува околу Вашиот бизнис и каков е потенцијалот на Вашите ресурси (финансии, знаење, вештини, информации…) во однос на иднината која следува за Вашиот бизнис.

Постојат огромен број на алатки за стратешки анализи кои што можете да ги користите за да ја дознаете сегашната состојба во која се наоѓа Вашиот бизнис и да ја предвидите иднината како и Вашите перформанси за иднината. Со помош на тие алатки ќе можете да донесувате поквалитетни стратешки одлуки.

Најкористените основни алатки за стратешка анализа се:

  1. Porter-ов модел на 5 сили
  2. PEST анализи
  3. SWOT анализа
  4. BCG матрица

Porter-ов модел на 5 сили

Овој модел е развиен од страна на Michael Porter на Harvard Busienss School во 1979 година. Michael Porter идентификува 5 сили кои влијаат на бизнисот во неговата конкурентна околина:

Porter-ов модел на 5 сили

Porter-ов модел на 5 сили

  1. Преговарачка моќ на снабдувачите. Вашите снабдувачи може да имаат голема моќ која може негативно да влијае на вашиот бизнис. Тие може да одбијат а работат со Вас, да ви наплаќаат поголеми цени, да не ви доставуваат редовно, да доцнат при испорака… Сето ова може негативно да влијае врз Вашиот бизнис. Мора да се обидете да ги намалите колку што можете повеќе тие влијанија.
  2. Преговарачка моќ на потрошувачите. Ова се однесува на способноста на потрошувачите да извршат притисок врз Вашиот бизнис за да ги промените цените на производите и/или услугите. Многу е значајно да ја најдете позицијата на Вашата моќ при преговарање со потрошувачите. Со поголема цена остварувате и поголем профит. Вашата задача како претприемач е да ја подобрувате оваа ваша позиција.
  3. Закана од нови фаци на пазарот. Секогаш влезот на нови конкуренти ќе влијае на одреден начин на профитабилноста. Мора да размислите какви се бариерите за влез на нови конкуренти на пазарот. Доколку нема бариери вашиот пазар е висококонкурентен и таа конкурентност се зголемува постојано, така да Вие морате постојано да сте внимателни на се што се случува на истиот.
  4. Закана од субститутни производи. Ова се производи кои служат како замена на Вашите производи. Овие производи може да влијаат потрошувачите да не ги користат вашите бидејќи постои алтернатива која е доста поефтина од вашите производи. И овие бизниси кои нудат субститутни производи мора да се разгледуваат како Ваши конкуренти.
  5. Конкурентен ривалитет во индустријата. Каков е конкурентскиот ривалитет во една индустрија е многу важно прашање. Некои индустрии конкурираат само на квалитетот, некои само на цената, некои само во иновацијата, маркетингот или пак некои комбинации… Во секој момент мора да знаете како се одвива конкурентноста во Вашата индустрија и Вашиот пазар.

Откако ќе ги разгледате и наведете сите овие карактеристики по заглавија, секако дека ќе имате поголемо познавање за Вашата индустрија и Вашиот пазар во кој работите.

PEST анализи

PEST Анализи

PEST Анализи

PEST анализата претставува акроним од зборовите Political-Политички, Economical – Економски, Social – Социјални и Technological – Технолошки влијанија врз бизнисот. Ова се подрачјата на околината на Вашиот бизнис. Секое од овие подрачја има одредено влијание. Надворешните извори на организациски промени доаѓаат од оваа подрачје. Целта на оваа анализа е да се анализираат сите влијанија од овие подрачја за да можете до направите соодветна стратегија за вашиот одговор на тие влијаниа.

Класичен начин на изведување на оваа анализа е да ги внесувате влијателните фактори во табела со заглавја на подрачјата од околината.

SWOT анализа

Акронимот SWOT е добиен врз основа на зборовите Strengths-Јачини, Weaknesses-Слабости, Opportunities-Можности и Threats-Закани. Со оваа анализа ги разгледувате вашите јачини и слабости кои можат да бидат финансии, вештини, моќта на брендот кој го поседувате, способност за брзи промени, ресурсите… Сето ова се внатрешни елементи на бизнисот. Секој од овие елементи се рангира согласно јачината или слабоста. Вашата задача е да ги зајакнете јаките страни на Вашиот бизнис и да ги елиминирате слабите.

SWOT Анализа

SWOT Анализа

Преку идентификација на можностите и заканите ќе можете да ги видите насоките за бизнисот. Ова може да биде користење на нова технологија, движењата на пазарот, законски регулативи кои се подготвуваат, влез на нови конкуренти… Значи ова се надворешните елементи на Вашиот бизнис.

Начин на претставување на SWOT анализата може да биде во вид на листа со посебни колони и посебни наслови за елементите од SWOT анализата или пак во вид на матрица.

BCG матрица

BCG Матрица

BCG Матрица

BCG матрица (BCG анализа, портфолио модел, Boston Consulting Group Analysis…) претставува дијаграм кој бил креиран од страна на Bruce Henderson за Boston Consulting Group во 1970 година за да им помогне на корпорациите да ги анализираат сопствените бизнис единици и линии на производи. Оваа матрица ги дели производите врз база на можностите за прибирање на парични средства, која се базира врз учество на производот на одреден пазар како и врз растот на пазарот.

Секој сегмент има свое звучно име.

  • Сегмент 1 – крава за молзење (се наоѓаат на пазарот кој има низок раст, но учеството на производот на тој пазар е големо)
  • Сегмент 2 – кучиња (има мал дел од пазарот, а растот на пазарот е низок)
  • Сегмент 3 – звезда (има голем удел на пазарот и проследен со висок раст на пазар)
  • Сегмент 4 – прашалник (високо растечки пазар додека бизнисот поседува мало учество на пазарот)

Ова се основните анализи кои можете да ги користите за да дознаете каде се наоѓате, кај сакате да одите и како да стигнете таму. Не мора да сте експерт – аналитичар, доволно е само да размислите и да ги забележите овие насоки кои се наведени во овие модели идеите сами ќе ви дојдат за тоа што понатаму. Размислувајте стратешки, само така ќе бидете успешен и секогаш пред вашите конкуренти.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*