post

Бизнис план – изработка на насловот финансии

Да продолжиме со процесот на бизнис планирање, односно со процесот на изработка на вашиот бизнис план. Сега се на ред финансиите како дел од вашиот бизнис план.

бизнис план

Досега во овој процес на изработка на бизнис план ја направивме насловната страна, го изработивме резимето и содржината, ја опишавме компанијата, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги нудиме на пазарот, спроведовме анализа на пазарот и индустријата, спроведовме SWOT анализа, изработивме онлајн стратегија за бизнисотмаркетинг стратегија и продажна стратегија. Ја дефинирвме нашата организациска поставеност, менаџментот и вработените. Сега е на ред да се занимаваме малку повеќе со пари.

Зошто финансиите како наслов во еден бизнис план ги оставив на последно место? Не заради нивната неважност, туку заради тоа што во овој дел ќе користиме скоро се што испланиравме, анализиравме и заклучивме во претходните елементи. Финансиите како дел од еден бизнис план претставува посебен вид на финансиски план за бизнисот за периодот за кој се однесува самиот бизнис план. Финансискиот план како еден од последните содржини на еден бизнис план ќе ни прикаже дали нашата бизнис идеја финансиски е издржана или не е издржана. Ние досега испланиравме многу работи, во вид на тоа како ќе произведуваме, како ќе продаваме, колку пари ќе издвојуваме за плати. Но, сега треба да се провери дали тие планови се издржани или не.

Што треба да содржи финансискиот план во вашиот бизнис план?

Финансискиот план треба да содржи:

  • Кратко резиме на финансискиот план,
  • Опис на фондови за финансирање на почетокот,
  • Основни претпоставки
  • Клучни финансиски индикатори,
  • Графикон на рентабилност,
  • Биланс на состојба,
  • Приказ на проекциите за профит/загуба,
  • Приказ на проекции за готовинскиот тек.

1. Кратко резиме на финансискиот план како дел од бизнис план

Како и во секој поднаслов од вашиот бизнис план резимето се пишува на крајот (по завршување на другите делови од финансискиот план) и ги опфаќа најважните карактеристики од останатите содржини на финансискиот план. Доколку вашиот бизнис план ќе го користите за добивање на финансиски средства оваа може да биде и најчитаниот дел од самиот бизнис план, бидејќи во него накратко на една страница се опишуваат клучните финансиски показатели од останатите поделементи (поднаслови).

2. Фондови за финансирање

Потребни финансии

Како втор поднаслов во насловот финансии од еден бизнис план е описот на фондовите за финансирање доколку се работи за нов бизнис. Во делот на резимето веќе користевме еден график кој ќе биде резултат на овие планови и анализи. Така да графикот за почетни трошоци и потребни инвестиции произлегува од тука.

Почетни трошоци и потребни инвестиции

Во овој дел едноставно во една табела наведете колку финансии ќе инвестирате Вие, колку ќе позајмите од Вашите роднини и пријатели доколку позајмувате и колку очекувате дека ќе ви биде потребен кредит од банките. Дајте кратко објаснување за истата.

3. Основни финансиски претпоставки

Како трет поднаслов од насловот финансии во еден бизнис план следуваат основни финансиски претпоставки. Во овој дел мора да ги претпоставите или да дојдете до некои претпоставки врз основа на анализа на финансискиот сектор во државата и една внатрешна анализа во однос на капацитетот за наплатата. Ќе треба да ги наведете следните претпоставки:

  • Движењето на каматните стапки .
  • На колку дена ќе давате одложено плаќање?
  • На колку дена вие ќе вршите плаќање?
  • Колку ќе изнесуваат даноците?
  • Колку изнесуваат трошоците?
  • Колкав % од продажбата ќе биде на кредит?

Сите овие претпоставки ќе ви користат за понатамошни анализи кои ќе треба да ги изведете во овој елемент на вашиот бизнис план. Затоа потрудете се да бидат колку што може попрецизни овие претпоставки. Барајте податоци на интернет, државен завод за статистика, централен регистар, банки и се што ќе ви биде достапно.

4. Клучни финансиски индикатори

Како четврт поднаслов претставува поднасловот клучни финансиски индикатори. Тоа е едноставно график кој го опишавме во резимето како посебен наслов на еден бизнис план и кој ни дава слика за износот на продажбата, движењето на бруто маржа и нето профитот на бизнисот. Во насловот продажна стратегија и импелементација веќе направивте проценка на продажба и трошоци поврзани директно од таа продажба. Овие податоци искористете ги тука. Во една табела соберете ги оние општите трошоците како трошоци за плати, наемнина, оперативни трошоци… Збирот на тие директни и општите трошоци ќе бидат вкупните трошоци по година. Бруто маржа ќе биде разликата помеѓу приход од продажба и вкупните трошоци од продажба (директни трошоци), додека нето профитот ќе биде пресметан со одземање на сите трошоци како и даноци од вкупниот приход од продажба.

Ставете график во кој по години ќе ги претставите продажбата и трошоците како на сликата подолу.

Клучни индикатори

5. Графикон на рентабилност

Како пети поднаслов претставете го графиконот на рентабилноста. Наједноставно кажано рентабилноста претставува износ на пари кои се потребни за да се покријат сите трошоци на бизнисот. Анализа на рентабилноста ќе ни каже колку парчиња производи или часови услуги ни се потребни за да ги покриме трошоците (да не работиме со загуба). Целта на оваа анализа е да се пронајде точката на рентабилност која ќе претставува точка над која бизнисот ќе остварува добивка (профит), додека под точката на рентабилност ќе остварува загуби. За овој график потребно е да ги знаеме варијабилните или директните трошоци од продажбата. Ова се трошоци кои зависат од износот на продажбата. Повеќе можете да прочитате во Графикон на рентбилност.

На пример доколку општите трошоци се 20.000,00 денари, а процентуалната маржа на малопродажна цена е 16,67% точка на рентабилност ќе биде 20.000,00/0,1667 или 120.000,00 денари. Што значи дека е потребно да имаме приход од 120.000,00 денари месечно за да ги покриеме сите трошоци, односно да не правиме загуби. Препорачливо е во вашиот бизнис план да ја претставите графички оваа анализа како на сликата подолу каде рентабилноста е на 100.000,00 денари.

Графикон на рентабилност

6. Проекции на добивка/загуба

Како седмиот поднаслов од насловот финансии во вашиот бизнис план вклучете го приказот на проекција на добивка или загуба. Во овој дел потребно е да дадете краток опис на претпоставките за оваа проекција како и табеларен приказ на профитот/загубата во кој ќе бидат опфатени и трошоците. Овој табеларен приказ е прикажан на табелата подолу.

Добивка - загуба

7. Анализа на готовински тек

Следниот поднаслов од насловот финансии во вашиот бизнис план ќе биде приказ на анализа на готовинскиот тек. Како прилог можете да ја поставите целокупната табела, додека во овој поднаслов прикажето го графикот на готовинскиот тек кој ќе покаже како ќе се движи готовината во Вашиот бизнис и дајте краток коментар за резултатите од анализата.

Готовински тек ни кажува колку пари имаме во моментот за трошење за бизнисот. Трошењето може да биде за репроматеријал за производствени бизниси, набавка на производи за малопродажни бизниси, исплата на плати за вработените, враќање на кредити, финансирање на растот на бизнисот … Доколку немаме готовина нема да можеме да набавиме репроматеријал за производство, ниту производи за продажба, нема да можеме исплатиме плати на вработените, ниту ќе имаме пари за плаќање на рата за кредитите, ниту пак ќе можеме да го финансираме растот на бизнисот, ниту…

Повторно ќе напоменеме дека постојат бизниси кои прават профит, но профит на хартија, и пропаѓаат бидејќи немаат готовина. Оваа е резултат заради:

  • Неконтролирано трошење на претприемачите. Трошат повеќе отколку што имаат прилив на готовина. Тука велиме готовина, а не приход бидејќи приход може да биде и без готовина – давање на кредит.
  • Бизнисот функционира без да се врши анализа на готовинскиот тек.

На пример, можеме да имаме бизнис со приход од 100.000,00 денари од кои 50.000,00 денари се на кредит кои ќе ги добиеме за во наредни 3 месеци. Значи ние во моментот имаме 50.000,00 денари готовина. Продадените производи имаат набавна вредност од 80.000,00 денари и ние не можеме да ги набавиме истите за повторен циклус на продажба бидејќи немаме 80.000,00 денари за да ги платиме. На таков начин потрошувачите нема да можеме да ги задоволиме, ќе започне намалување на продажбата.

Но, формално што претставува готовински тек? Готовински тек претставува движење на парите во и надвор од бизнисот, односно циклус на прилив и излив на готовина што всушност ја определува солвентноста на бизнисот (платежната способност).

Но, што претставува анализа на готовинскиот тек? Анализата на готовинскиот тек претставува проучување на циклусот на приливот и изливот на готовината во вашиот бизнис.

Да сублимираме што се зависи на готовинскиот тек од наведениве примери:

  1. Почетна готовина – Пари што ги имаме на нашата сметка на почетокот од периодот за кој ја вршиме анализата.
  2. Продажба (за секој од месеците или проценка на продажба по месеци или продажба во првиот месец и процент на раст на продажба од месец во месец).
  3. Трошоци за продадени стоки (Ова се директни трошоци од продажба односно цена на чинење на набавената стока или пак трошоци за производство на дадената стока). За анализа на готовински тек може да послужи % од продажба.
  4. Продажба на кредит – % на потрошувачи кои купуваат на кредит
  5. Денови за кои се собираат пари од продажба на кредит
  6. Профитабилност – % од продажба
  7. Почетна состојба на залихи – Износ на залихи кои ги купувате пред да започнете со продажба
  8. Месеци за кои се држат залихи – број на месеци.
  9. Почетни побарувања – износ на пари кои ги побарувате при почетокот на анализава. За почетни бизниси ќе биде 0.
  10. Почетни обврски – Износ на пари кои ги должите на почетокот на анализата
  11. Денови за плаќање – денови за колку треба да ги плаќате вашите сметки

Пред да започнеме со анализата на готовинскиот тек треба да биде завршен делот за предвидување или проценка на продажбата. Бидејќи без овој дел ќе ги немаме податоците од точката 2. Друга значајна работа е колкав процент од вкупната продажба е на кредит, како и период за кој тие пари ќе преминат во готовина. Од друга страна за квалитетна анализа на готовинскиот тек потребно е да се знае и периодот за плаќање на обврските.

На сликата е дадена една анализа на готовински тек за прва година која ќе треба да ја опфатите и во вашиот бизнис план.

Готовински тек

Од сликата може да се забележи дека имаме:

  • Вкупно прилив на готовина. Тоа се вкупно пари во готовина кои што влегуваат во бизнисот како продажба и други приходи.
  • Вкупно излез на готовина. Ова се пари кои излегуваат во тековниот месец за набавки, плаќање на трошоци, плати…
  • Состојба на готовина на крај на месец. Ова се однесува на тоа колку пари ќе имаме на крајот на месецот во готовина и претставува влезен елемент за нареден месец.
  • Готовински тек за месец. Со црвено е готовинскиот тек за месецот и покажува дали за тековниот месец сме потрошиле повеќе пари отколку што сме примиле.
  • Профит. Профитот претставува добивка на крајот од месецот.

Интересно е да забележиме две работи:

  • Месец април, јули, октомври и ноември каде имаме негативен готовински тек а сме оствариле профит.
  • Месец јануари каде имаме позитивен готовински тек а сме оствариле загуба.

Ова ни кажува дека не мора да значи дека профитот и готовинскиот тек зависат еден од друг. Значи можеме да имаме позитивен готовински тек но да имаме загуби и негативен готовински тек, а да имаме профит.

Еден бизнис план ќе треба да ја содржи и табелата преку која е направена ова анализа како на сликата подолу.

Анализа на готовински тек - табела

8. Проекции на биланс на состојба

Како осми поднаслов во делот финансии во вашиот бизнис план треба да биде билансот на состојбата. Во овој дел наведете ги накратко клучните показатели од билансот на состојбата додека како прилог поставете го целиот биланс. Билансот на состојбата претставува преглед на финансиската состојба на бизнисот и најчесто од финансиските институции кои одобруваат кредити ќе биде нешто на што ќе се посвети најголемо внимание. Билансот на состојбата го бележи имотот на бизнисот, како и обврските, односно долговите и сопственичкиот капитал.

Биланс на состојба

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Predrag Stojkovski says:

    Mi se bendisa oti dadovte pogolem znacaj na gotovinskiot tek, oti vistina denes golem broj na pretpriemaci go zanemaruvaat ovaa alatka. Moeto iskustvo zbora deka golem broj na sabloni za presmetuvanje za finansii vo biznis planot, sekoj fakturiran prihod npr vo mesec maj go smeta kako avtomatski priliv vo mesec maj iako toa ne mora da znaci.

    Iskustvoto zbora deka vo prosek na naplata se ceka okolu 30 dena a za nekoj dejnosti toa idi i do 90 dena. Zatoa site pretpriemaci moraat da pazat na vremenskata razlika pomegu naplatata na uslugata/proizvod i svoite obvrski, potocno taa razlika mora da bidi vo korist na naplatata. Negativnata razlika e eden od glavnite pricini za nelikvidnost.

    Mal dodatok, vo priliv na gotovina isto spaga, (pored priliv na gotovina od prodazba) i kredit (kreditna linija).

    Isto taka, tuka jas bi dodal da se napravi i edna tabela na Bilans na uspeh (pregled na fakturirani prihodi i rashodi) i pokazatel na period na vrakanje na investicijata, Koeficijent na ekonomicnost (vkupni prihodi/vkupni rashodi) i stapka na akumulativnost (neto dobivka/vkupni vlozuvanja )

Speak Your Mind

*