post

Влезен Маркетинг – Inbound Marketing

Маркетингот е целосно променет во последниве години. Нешто што беше нормално за привлекување на купувачи пред 3 до 5 години сега веќе не е.

Влезен маркетинг - Inbound Marketing

Претприемачите мора да најде различни начини како да ги привлече потенцијалните потрошувачи за нивниот бизнис. Бизнисите кои нема да го променат начинот на кој го изведуваат маркетингот ќе продолжат да трошат пари на непродуктивни маркетинг кампањи и нормално ќе ја трошат сопствената бизнис потенцијална енергија.

Стилот на маркетингот кој на денешниот мал бизнис и денешниот претприемач му е потребен е влезниот маркетинг, нешто сосема спротивно на оној традиционалниот наречен уште како и излезен маркетинг.

Што претставува влезен маркетинг?

Првин би започнал со нешто за излезен маркетинг и потоа би го споредил со насловот на овој напис – излезен маркетинг.

Излезен маркетинг

Во излезниот маркетинг бизнисот и претприемачот се фокусирани во изнаоѓање на потрошувачи. Се користат техники кои слабо ги таргетираат потенцијалните потрошувачи и кои имаат еден приод кој изгледа како вознемирување на луѓето. Тие користат директна пошта, телемаркетинг, печатени реклами, радио реклами, весници, ТВ реклами, саеми, спамираат, испраќаат несакани mail-ови… Сите овие спаѓаат во еден приод кој Seth Godin го нарекува со кованица вознемирувачки маркетинг бидејќи овие тактики функционираат само во случај кога ќе го вознемират потенцијалниот потрошувач за да му го привлечат вниманието.

Овие приоди се базирани на претпоставка дека доколку ги бомбардираме нашите потенцијални потрошувачи со нашите пораки, тие ќе одвојат неколку секунди да ја примат нашата порака и така ќе го привлечеме нивното внимание врз нашиот бизнис. Но, денес ова вознемирување може да доведе до контраефект на нашата маркетинг кампања.

Не сакам да бидам вознемирен кога гледам интересен филм на ТВ. Не сакам да бидам вознемирен кога во поштенското сандаче ќе најдам еден куп на писма кои не сакам да ги читам. Не сакам да примам е-mail-ови од бизниси кои не ги познавам а не сум побарал да ми праќаат е-mail. Не сакам омилената песна која е хит на неделата да ми ја прекинат со некое ЕПП кога слушам радио.

Дали и вие се чувствувате вознемирено кога ќе ви се случат овие работи?

Од друга страна веќе постои технологија која може да ме спаси од сите овие несакани маркетинг кампањи и која ќе ги направи овие тактики помалку ефективни и поскапи за еден претприемач и неговиот бизнис. Филмот ќе го гледам на DVD, a не на ТВ. на телефон со идентификација на повик можам да ги блокирам сите непознати повици. Spam филтерот си ја врши работата за непосакуваните е-mail пораки. Новата алатка RSS ги прави весниците и магазините помалку ефективни (Иако кај нас некои воопшто не овозможуваат RSS опција, но сепак поголемиот дел овозможуваат).

Дали со ова еден претприемач ќе се запраша што е денес ефективно и ефикасно?

Влезен маркетинг

Влезен маркетинг е целосно спротивен на сето она што го кажавме за излезниот маркетинг:

  • Во излезен маркетинг бизнисите и претприемачите се фокусирани во наоѓање на потрошувачи. Во влезен маркетинг се фокусирани на работите што ќе им помогнат на потенцијалните потрошувачи полесно да го најдат нивниот бизнис.
  • Во излезен маркетинг претприемачот користи маркетинг техники кои слабо ги таргетираат потенцијалните потрошувачи. Влезен маркетинг користи техники кои имаат високо таргетирани потенцијални потрошувачи.
  • Во излезниот маркетинг приоди еден претприемач ги вознемирува луѓето за да го привлече нивното внимание, додека со влезен маркетинг потенцијалните потрошувачи Ве бараат Вас бидејќи сакаат да ве најдат.

Влезниот маркетинг едноставно значи користење на методи кои ќе овозможат Вашите потенцијални потрошувачи лесно да Ве пронајдат кога бараат решение кое Вашиот производ или услуга им го овозможува. Значи со влезен маркетинг ќе имате високо таргетирани потенцијални потрошувачи да дојдат до вашиот бизнис.

Денес потенцијалните потрошувачи имаат целосна контрола на маркетинг медиуми кои ќе ги консумираат. Тие го избираат времето кога и местото каде ќе го консумираат одреден медиум. Вие како претприемач се помалку имате влијание врз оваа.

Поради сето она горенаведено влезниот маркетинг е нешто што е се повеќе и повеќе потребно за еден претприемач и мал бизнис. Но, како да се имплементира?

Одговорете ги следниве прашања поврзани со имплементација на влезен маркетинг:

  • Каде се потенцијалните потрошувачи кои бараат производи и услуги кои што ги нуди и мојот бизнис?
  • Можам ли да бидам таму доколку го бараат она што јас како претприемач го нудам?
  • Како да бидам прв во нивните очи кога тие го бараат она што јас го нудам?

Да го разгледаме влезниот маркетинг со традиционален медиум како флаери. Можете да ги поставите Вашите флаери во поштенски сандучиња во една зграда. Оваа техника е техника на излезен маркетинг. Луѓето од таа зграда секојдневно примаат различни флаери и повеќето од нив завршуваат едноставно непрочитани во ѓубре. Но доколку, на приме Вашиот бизнис нуди услуги од типот на финансиски консалтинг и Вие како претприемач знаете дека локалните банки се одлично место каде се движат Вашите потенцијални клиенти, можете да направите договор со локалните банки за да оставите флаери и доколку некој клиент на банката сака да го прочита ќе го земе флаерот. На ваков начин помала е веројатноста дека флаерот за кој сте дале пари да заврши во ѓубре. Ова е влезен маркетинг.

Интернетот го прави влезниот маркетинг многу едноставен. Денес се повеќе и повеќе луѓе кога имаат некаков проблем одат на Google или различни социјални медиуми да најдат одговори за сопствените проблеми. И ова е одлично место за еден претприемач за да ги искористи техниките на влезен маркетинг. На ваков начин влезниот маркетинг се фокусира на креирање на одлична содржина на веб страната на бизнисот или социјалните медиуми која ќе овозможи потенцијални потрошувачи да разберат за Вашиот бизнис, бренд, производи и услуги.

Доколку Вашите потенцијални потрошувачи се на Facebook мора и вие како претприемач и Вашиот бизнис да бидете присутни таму. Доколку тие се на Twitter бидете таму, доколку се на LinkedIn бидете и Вие. Доколку бараат нешто на Google мора да бидете на првите неколку места на првата страна со резултати.

Зошто влезен маркетинг?

Затоа што работите околу маркетингот во последните години драстично се променети. Пред неколку години повеќето потенцијални потрошувачи единствената информација за некој производ или пак услуга ја добивале гледајќи ТВ, слушајќи радио, читајќи весници и магазини, примајќи директна пошта или пак од луѓето кои се занимаваат со продажба од врата на врата.

Како и да е, денес истите потенцијални потрошувачи имаат многу повеќе опции да бараат и да најдат решенија за сопствените проблеми. Одат на Google и бараат и она што е најважно не сакаат да бидат вознемирувани. Кога се вознемируваат маркетинг напорите предизвикуваат контра ефект кој може да му наштети на Вашиот бизнис.

Резултатите од влезниот маркетинг можат да бидат огромни, но за да се постигнат потребно е да се вожи труд и време. Можеби заради тоа повеќето претприемачи не сакаат да трошат време за градење на целиот процес. А, оваа е уште еден фактор кој треба да Ве мотивира да започнете уште денес.

post

Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

Во вчерашниот напис за Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати со помош на анкетата која ја спроведовме во изминативе две недели и една дополнителна анализа на истите дојдовме до 15 фактори кои влијаат на успешноста на претприемачот. Тие 15 фактори кои ги идентификувавме наведени по важноста на истите се:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Како што наведов во резултатите од анализата еден од одговорите најмногу ми се допадна, а тоа е ниеден од горенаведените фактори.

Зошто ниеден од 10 фактори во анкетата не е најважен?

Првин сите наведени фактори без спремност да се превземе акција претставуваат потенцијал на еден претприемач. Всушност оваа е онаа бизнис потенцијална енергија складирана во претприемачот која може и треба да биде претворена во кинетичка енергија која ќе врши одредена работа. Повеќе за бизнис потенцијална енергија можете да прочитате во:

Ова беа меѓу првите написи кои ги напишав на претприемач во моментот кога како термин и процес на бизнис потенцијална енергија започнав да го развивам и во моментов ова претставува една алатка која може да му помогне на секој бизнис да ја зголеми сопствената бизнис потенцијална енергија и да ја претвори во продуктивен и профитабилен бизнис. За овој процес во некој од понатамошните написи на претприемач.

Но, ниеден од тие фактори нема да го направи еден претприемач успешен доколку не превземе соодветна акција. На пример, џабе знаењето и креативноста ако не го направите првиот чекор да го започнете Вашиот бизнис.

Познавам многу луѓе кои имаат знаење и креативност, вешти се и интелигентни, истрајни и упорни… Сепак тие луѓе не се претприемачи, работат за друга компанија или пак некоја државна служба. Тие не се претприемачи не заради тоа што немаат знаење или пак не се интелигентни или пак не ги поседуваат останатите карактеристики од факторите за успешност, туку заради тоа што не го направиле првиот чекор, односно не превземале акција да станат претприемачи.

Затоа во оваа хиерархиско пирамидална структура на одлучувачки фактори за успешност (сликата на почетокот) на еден претприемач како прва карактеристика или како темел за успешноста ја ставив способноста за превземање на акција.

Каков би бил профилот на успешен претприемач?

Профилот на еден претприемач – супермен би бил:

Спремен да превземе акција која ја надградува со знаење и креативноста при што ги комбинира вештините и интелигенцијата, а е истраен и упорен, има способност да работи во тимови, превзема ризик, но не луд ризик и има самодоверба и искуство, а притоа е чесен, понекогаш има среќа и има некои врски кои можат да го подбутнат во работата.

Во секој случај сите фактори или карактеристики се важни, бидејќи само ќе ја зголемат бизнис потенцијалната енергија на претприемачот, а со тоа и севкупната бизнис потенцијална енергија.

Во наредниот период ќе продолжиме со разработувањето на сите овие фактори или карактеристики за да еден претприемач биде успешен претприемач.

post

Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати

Кои се одлучувачки фактори за да кажеме дека еден претприемач е успешен претприемач? Ова беше една анализа која ја спроведовме во изминативе две недели. Во анализата учествуваа над 100 читатели на претприемач кои одвоија неколку минути од своето драгоцено време. Благодарност до сите кои учествуваа и кои допринесоа во оваа анализа на некој начин.

Овој напис е една анализа на самите резултати и коментар на истите, а секој од овие 10 фактори и сите оние кои беа дополнително наведени од Вашата страна ќе бидат презентирани како посебни наслови.

Резултатите се навистина интересни и откриваат различни размислувања за тоа што го прави еден претприемач да биде успешен претприемач.

Резултати за одлучувачки фактори за да бидете успешен претприемач

Како што можете да забележите на сликата погоре различно е мислењето во однос на одлучувачките фактори за еден претприемач да биде успешен претприемач. Еве како изгледаат истите во проценти:

ФАКТОР ЗА УСПЕХ
% НА ОДГОВОРИ
Знаење
16,50%
Креативност
16,50%
Вештини
13,30%
Интелигенција
12,80%
Истрајност
10,60%
Искуство
10,10%
Воркохоличност
6,90%
Талент
5,00%
Врски
4,60%
Среќа
3,70%



Забалежувате дека знаењето и креативноста убедливо се на прво место. и поради тоа би ги ставил во групата на најважни фактори. Во втората група на важни фактори кои го прават претприемачот успешен претприемач се вештините и интелигенција. Средно важни фактори се истрајност и искуство, додека најмалку важни фактори се воркохоличност, талент, врски и среќа.

Според овие резултати го добиваме следново:

Еден претприемач за да биде успешен претприемач треба да има:

  • Знаење за проблематиката на бизнисот кој ќе го започне,
  • Креативност за да биде уникатен и постојано да го подобрува бизнисот,
  • Вештини за различни бизнис потреби,
  • Интелигенција за да се снаоѓа во секакви ситуации и да ги решава најтешките проблеми,
  • Истрајност за да не се откажува по првиот пораз, бидејќи ќе има многу порази кои не значат и загубена војна,
  • Искуство за да ги применува сите досегашни искуствени состојби кои ги имал.

Значи ова се едни од најважните особини. Истото ова ќе го пронајдете и во секој учебник за претприемаништво и малиот бизнис. Дека не е важно дали е воркохолик или не е веќе пишував во: Дали претприемач воркохолик е успешен претприемач? Талентот може да помогне, но не е неопходен.

Врските ми се малку проблематични бидејќи знам претприемачи кои изградија империја на својот бизнис со помош на одредени врски во Владата во изминативе 15-тина години. Најслатки и најчисти пари за секој бизнис се државните пари, така да некое тендерче, јавна набавка или било што поврзано со трошење на буџетски средства може навистина да му помогне на секој претприемач да изгради успешен бизнис. Но, ОК во учебниците не пишува за можноста една врска да го катапултира претприемачот во светот на успешните.

Среќата претставува психолошки фактор. Некој претприемач може да каже дека нема среќа, некој пак ќе каже дека му се сложиле коцките и едноставно успеал. И навистина има некои „среќлии“ кои едноставно се нашле случајно на вистинско место и во вистинско време. Но, сепак тоа се еден мал процент и не може да се вклучи како некој озбилен фактор за успех.

Дополнителни фактори за успех на претприемачот

Во самиот прашалник како второ прашање имаше можност да се внесат дополнителни фактори за кои сметате дека се значајни еден претприемач да биде успешен претприемач. И навистина некои од размислувањата се креативни и ми се допаќаат. Следниве фактори беа наведени дополнително:

  • Тимска работа. Никој не може ништо да постигне сам па ни претприемачот бидејќи претприемачот не е „супермен“, така да во целост се сложувам дека треба да има карактеристика на тимски играч.
  • Визија, мисија и победнички став. Визијата претставува поглед во иднината и секако дека претставува важен елемент иако мислам дека визијата е комплекс од креативноста, знаењето, интелигенцијата, искуството и знаењето кои пак се елементи кои веќе ги опфативме како најважни. Ќе имам квалитетна визија доколку ги имам наведените карактеристики. Мисија пак е нешто што треба самите да го дефинираме за нашиот бизнис – што ќе правиме во иднина. Но, победнички став е нешто сосема друго. Победнички став е резултат на самодоверба што пак е наведено како една карактеристика подолу.
  • Преземање на ризик. Ова е навистина едно од најотворените прашања: Дали претприемачот превзема ризик? Да, секое започнување на бизнис претставува преземае на ризик. Но, поважно е каков ризик превзема еден успешен претприемач? Најчесто се споменува зборот вкалкулиран ризик како најсоодветен збор за оваа карктеристика на претприемачот. Повеќе за оваа карактеристика во еден од наредните написи кога целосно ќе ги разработиме овие карактеристики.
  • Чесност. Чесноста е важна во секој случај, но понекогаш чесноста, да бидеме реални може да му биде и најголемиот непријател на еден претприемач во сложени услови како што се нашиве.
  • Самодоверба. Навистина самодовербата е еден важен и клучен фактор за секој претприемач. Сметам дека никој не би бил претприемач доколку немал самодоверба дека може, знае и умее да започне и води сопствен бизнис.
  • Упорност. Упорноста едноставно претставува одбивање да се откажете од нешто, односно способност да ги продолжите вашите акции наспроти Вашите лични чувства дека не сте подготвен за тие акции. Чувствата и мотивацијата не произведуваат резултати, туку акција е таа што произведува резултати. Упорноста и истрајноста која претходно ја идентификуваме се значајни фактори за успех на еден претприемач.
  • Спремност да превземе акција. Ова е можеби и најважниот фактор за успешноста на еден претприемач кој намерно го изоставив од предложените 10 фактори. Но, наредниот напис во однос на овие фактори за успех ќе даде целосно обрзложение зошто овој фактор е најважен.
  • Ниедна од горенаведените. Овој предложен фактор ми се допаѓа најповеќе бидејќи навистина мислам дека ниеден од досега изложените фактори (освен спремност да се превземе акција) не се нешто без кое не може да се биде претприемач. Но, и за оваа во утрешниот напис – Теорија наспроти реалност за успешен претприемач.

За крај на овој прв напис од серијалот за профил на успешен претприемач накратко би ги сублимирал сите фактори кои преку оваа анализа ги идентификувавме:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Продолжува: Успешен претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

post

Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google?

Google е еден од најмладите пребарувачи на интернетот кој започнува при крајот на последната деценија во минатиот век. Но, за кратко време станува број еден пребарувач користен низ целиот свет. Како една млада компанија во еден претприемнички дух Google ја започнува борбата со тогашните џинови во светот на пребарување на интернетот како што се Yahoo, Altavista, Lycos, Inktomi, Excite, AOL Search,  AllTheWeb и уште многу други.

Што еден претприемач може да научи од Google?

Што го прави Google толку посебен?

Кога го купив првиот персоналец во 1998 година продавачот нормално ми инсталираше оперативен систем и придружни програми и ми ја подеси интернет конекцијата (dial-up se разбира). При тоа подесување како почетна страна на Internet Explorer-от ми го ставија Yahoo. И нормално кратка обука дека тоа е пребарувач, напишеш во полето за пребарување клучен збор и тој ти ги листа веб страните кои се најблиску до клучниот збор. Се сеќавам дека во тоа време кога барав некоја информација требаше да одам дури и до 50-тата страна за да го најдам она што го барав. Понекогаш како прв на Yahoo ми се јавуваше некоја страна која немаше никаква врска со тоа што го барав. Она што уште ме нервираше е што почетната страна на Yahoo беше преполна со слики и банери па мојот спор интернет уште поспоро ја отвараше. Не се сеќавам како, но случајно налетав на тогаш новиот пребарувач кој подоцна го измени изгледот и начинот на користењето на интернетот – Google. Од тогаш веќе заборавив на Yahoo како алатка на интернетот за да дојдам до информација. Што е она што мене, а сигурно и милионите корисници во светот ги натера да го заборават Yahoo.

  • Едноставен дизајн. За разлика од другите пребарувачи Google на почетната страна ја имаше само формата за пребарување со сликичката на нивното лого и ништо повеќе. Мојот спор интернет ја отвораше многу побргу во однос на другите пребарувачи. Значи претприемачите мора да размислат за дизајнот на сопствениот производ или пак услуга во однос на корисниците.
  • Точни резултати. Кога пребарував нешто наместо да одам до 50-тата страна успевав да дојдам до потребните информации барајќи низ првите 5 страни од резултатите. Ова значи дека Google даваше многу подобри резултати. Втората работа еден претприемач што може да ја научи од Google e функционалноста на нивниот производ за мене како корисник.
  • Лесно читливи резултати. Резултатите кои ги добивав се лесно разбирливи и читливи. Значи можев брзо да разберам дали е тоа тоа што го барав.
  • Постојано воведување на новини. Постојано Google воведуваше нови функционалности на нивниот пребарувач. Воведоа пребарување на слики, пребарување на весници, пребарување на блогови… Сето ова постојано го подобруваше моето искуство во однос на барање на информација на интернет.
  • Постојано подобрување на релевантноста на резултатите. Google е компанија која со текот на времето постојано учи и го подобрува сопствениот алгоритам. Кога сопствениците на веб страните го научеа алгоритмот на Google и се обидуваа да го преварат тие ги откриваа сопствените слабости и постојано ги подобруваа.

Што е тоа што еден претприемач треба да го извлече како поука?

  • Без разлика што сте нов играч во индустријата, доколку навистина сакате да победите ќе победите.
  • Постојано размислувајте со очите на тековниот и потенцијалниот купувач. Размислувајте за дизајнот, квалитетот и функционалноста на Вашиот производ или пак услуга со очи на корисниците на тие производи или услуги. Нека биде едноставно, високо-квалитетно и функционално.
  • Најдете го проблемот што го имаат потенцијалните купувачи и решете го со Вашиот производ или пак услуга. Проблемот што Google го идентификувал во своето започнување е точноста на резултатите од пребарување и преголемо бомбардирање со банери и реклами. Сето тоа е вклучено во дизајнот и во нивниот алгоритам за пребарување.
  • Постојано подобрувајте. Не треба да помине ниту еден ден без барем еднаш да помислите како да го подобрите Вашиот бизнис или пак Вашиот производ или услуга.

Инаку филозофијата која го води Google да биде тоа што е релевантноста: Дајте им го на луѓето она што го сакаат и тоа што побргу, и колку што може поедноставно.

Доколку имате друга поука од областа на претприемништвото која можеме да ја извлечеме од Google, слободно поделете го Вашето мислење преку оставање на коментар.

post

Како да го Дизајнирате Вашиот Бизнис?

Бизнис дизајнирање е едно од клучните активности кои ќе мора да ги спроведете пред да започнете со бизнисот, а по започнување бизнис редизајнирање е една постојана активност на секој претприемач. Како прво секое започнување на бизнис претставува претприемнички дизајн на еден ентитет – правен ентитет или правно лице. На овој ентитет – Вашиот бизнис со вашето претприемничко дизајнирање му давате живот и доколку се е завршено перфектно бизнисот ќе си го продолжи животот самиот, а на Вас ќе ви носи приход. Ќе си го продолжи патот на животот самиот, но сепак Вие сте тука за негово подобрување – во овој случај редизајнирање од време на време. Ова редизајнирање не значи и целосно ропство во Вашиот бизнис како што претходно пишувавме за претприемачи воркохолици.

Како да го дизајнирате бизнисот?

Зошто е Потребно Редизијанирање на Вашиот Бизнис?

Првин би започнал со потребата од постојано редизајнирање на бизнисот. Претприемачот природа е дизајнер на бизниси. Има бизнис идеја го дизајнира бизнисот и го започнува бизнисот онака како го дизајнирал. На пример, Вие сте претприемач и сте го дизајнирале Вашиот бизнис на следниов начин:

  • Единствен бизнис на светот кој ги обезбедува Вашите потрошувачи со она што тие го сакаат.
  • Единствен бизнис кој го обезбедува тој производ или пак услуга.
  • Потрошувачите немаат друг избор освен Вашиот бизнис.

И оваа е супер, вашиот бизнис ќе си го живее сопствениот живот притоа обезбедувајќи Ви соодветен финансиски надоместок на Вас – Претприемачот. Можете да си помислите, добро време е за пензионирање. Но, реалноста не е таква. Онаму каде што постои пазарот таму се јавува и конкуренција. Немате удобна столица за долго време. Единствениот начин за да ја сочувате таа удобна столица е секогаш да бидете различни од другите. За да бидете различни од другите мора постојано да подобрувате со редизајнирање на бизнисот.

Значи процесот е едноставен првин дизајнирање пред започнување, па потоа постојано редизајнирање. Всушност единствената Ваша задача како претприемач, како вистински претприемач треба да биде подобрување на бизнисот.

Што е Бизнис Дизајн за Еден Претприемач?

Да дизајнирате нешто значи да го испланирате тоа нешто се до реализација на тоа нешто. Како ќе изгледа? Кои ќе бидат функционалностите? Како ќе функционира? Што ќе се постигнува со тоа нешто? Сето ова се прашања кои се разгледуваат при дизајнирање на нешто. Претприемач е личноста која дизајнира бизнис. Понекогаш постои опасност претприемачот да се насочи премногу кон дизајнот на производот и услугата без притоа да го земе во предвид дизајнот на бизнисот. Дизајнот на производот и услугата е во состав на дизајнот на бизнисот, тоа е само подсистем кој е дел од еден поголем систем – Ваш бизнис.

Значи бизнис дизајн е процес во кој ќе ги опфатиме сите аспекти на нашиот иден бизнис. Еве некои прашања на кои ќе треба да се одговори тука:

  1. Што сакаме ние како претприемачи да постигнеме со нашиот бизнис?
  2. Каква ќе биде нашата улога како претприемач во бизнисот?
  3. Како ќе ја изградиме сопствената супериорна вредност?
  4. Кои ќе бидат целните потрошувачи?
  5. Какви односи со потрошувачите ќе градиме?
  6. Каква ќе биде улогата на вработените?
  7. Каков бизнис модел ќе избереме?
  8. Кој ќе се занимава со производство на производ или услига?
  9. Кој ќе се занимава со маркетинг?
  10. Кој ќе се занимава со финансии?

Ова се 10 прашања но не и единствени. Различни бизниси имаат различни потреби при дизајнирање па со тоа и различни прашања на кои ќе треба да се даде одговор.

Неколку Совети при Дизајнирање на Бизнисот

Првин гледајте го бизнисот како нешто што ќе треба да задоволи неколку ентитети:

  • Вас како претприемач,
  • Ваши купувачи,
  • Ваши потенцијални купувачи и
  • Ваши вработени.

Тоа се основните 4 ентитети околу кои ќе треба да го дизајнирате Вашиот бизнис. Редоследот како ги наведов не игра улога, бидејќи сметам дека сите се важни.

Замислете само колку различен ќе биде Вашиот бизнис доколку сите овие ентитети имаат причина да сакаат да го видат растот на Вашиот бизнис. Колку е подобар Вашиот бизнис и колку е понезависен од Вас како претприемач ќе имате поголема лична и финансиска слобода да си го живеете животот како што сакате. Колку се позадоволни Вашите купувачи со Вашите прозводи и услуги кои им решиле некаков проблем толку повеќе ќе сакаат да го видат Вашиот подобрен производ или услуга. Освен тоа тие ќе го препорачуваат Вашиот бизнис на потенцијални потрошувачи. Колку е посупериорен Вашиот бизнис се повеќе и повеќе потенцијални купувачи ќе стануваат вистински купувачи. Колку е посилен Вашиот бизнис толку повеќе мотивација ќе се појави кај Вашите вработени за постигнување на повеќе што нормално ќе им обезбеди и поудобен живот со подобра плата.

post

5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес

Претприемач, претприемаништво, бизнис, мал бизнис… Сето тоа се поими кои се длабоко поврзани со продобрувањето. Основна задача на секој претприемач или пак менаџер е да го подобрува бизнисот. Простор за подобрување во секој бизнис постои. Но, кои се оние клучни елементи кои може и треба да се започне со подобрување уште денес?

Пред да започнам со поставување на клучните елементи сакам да повторам дека процесот на подобрување може да се однесува на сите аспекти на бизнисиот и нема ограничен простор. Секое подобрување ќе може да доведе до ефект на пеперутка во севкупниот бизнис.

Следниве елементи можете да започнете уште денес да ги подобрувате:

Претприемач

Претприемач е централна фигура во секој бизнис. Уште денес можете да започнете да се подобрувате. Знам дека доколку го читате оваа Вие сте тип на претприемач кој секојдневно се подобрува проширувајќи го сопственото знаење.

Ние како претприемачи со секој нов изминат ден стекнуваме ново искуство, ново знаење, нови вештини и нови навики кои доведуваат до наше подобро однесување во утрешниот ден. Потребно е само навистина добро да ги апсорбираме овие елементи и нормално да ги применуваме. Доколку не го примениме нашето ново, искуство, ново знаење, нова вештина и нова навика во утрешниот ден воопшто не сме се подобриле.

Маркетинг

Маркетинг е една од најважните карики во секој бизнис. Можеби не сте ни свесни колку може да се подобрат Вашите маркетинг активности со само едноставно следење на резултатите од секоја активност. Со промена во маркетингот ќе направите промена и во резултатите на бизнисот. Доколку секоја маркетинг активност ја подобрите за само малку за огромен процент ќе се подобрат бизнис резултатите. Еве некои совети:

  • Направете истражување на пазар.
  • Започнете со градење или подобрување на Вашиот кредибилитет.
  • Исфрлете ги сите маркетинг активности кои даваат слаби резултати.
  • Користете го 80/20 правилото.
  • Пробувајте различни медиуми.
  • Префрлете огромен дел од маркетинг активностите на интернетот.
  • Мерете ги резултатите и менувајте.
  • Проверувајте различни текстови и продолжувајте со оние кои даваат најголема конверзација..

Доколку само овие работи ги разгледате уште денес и започнете да ги применувате од утре подобрените бизнис резултати се загарантирани.

Стратегија

Како трет елемент ја избрав стратегијата бидејќи е најлесно да се промени и подобри. Менување на стратегијата е најбрз, најлесен и најмоќен начин да ги промените бизнис резултатите. Стратегијата наједноставно кажано е нешто што го покажува патоказот за движењето на бизнисот во иднина. Во Wikipedia за стратегија се вели:

Стратегија е план на акции кои се дизајнирани за исполнување на одредени цели. Таа се насочува на КАКО наместо на ШТО.

Еве некои совети за да започнете со подобрување уште денес:

  • Разгледајте ги поставените цели.
  • Дали стратегијата која ја применувате води кон исполнување на поставените цели.
  • Пробајте да пронајдете и други патишта кои водат кон истите или пак кон поголеми цели.
  • Менувајте одлучно се за што сметате дека е исправно. Па, и да погрешите ќе го подобрите првиот елемент – претприемачот.

Бизнис Модел

Простор за подобрување на бизнис моделот на еден бизнис е неограничен. Прво доста е едноставно, целосно е под контрола на претприемачот и подобрувањето може да даде одлични бизнис резултати. Бизнис модел наједноставно претставува начин на изведување на бизнисот. Во Бизнис модел нешто што ќе ви помогне за бизнис модел напишав:

Секој бизнис има свој сопствен модел. Бизнис модел претставува начин на изведување на бизнис активности. На пример за малопродажба, бизнис модел може да биде набавка, изложување, маркетинг, продажба и повторно истото. Но, помеѓу овие процеси во моделот може да има повеќе различни подпроцеси. И токму во тоа е разликата помеѓу различните бизнисите. И токму во тие подпроцеси еден бизнис може да биде успешен, а друг ист таков неуспешен.

Еве неколку практични совети:

  • Претставете го графички бизнис моделот на Вашиот бизнис (можете да ја искористите алатката Gliffy)
  • Погледајте го и забележете ги идеите за подобрување.
  • Одморете малку – занимавајте се со нешто друго и повторно прегледајте го графикот на бизнис моделот.
  • Забележете ги сите подобрување и направете нов бизнис модел со вклучени подобрувања.
  • Од утре нека биде официјален новиот бизнис модел.

Капитал

Кога станува збор за капитал не мислам само на финансискиот, туку и на човечкиот и интелектуалниот капитал на еден бизнис. Мислам дека финансискиот капитал е јасен и сите го разбираме бидејќи се однесува на тоа колку пари и колкава финансиска моќ како бизнис имаме. Но, финансискиот капитал не значи и по автоматизам успех на бизнисот без следните два – човечкиот и интелектуалниот капитал. Една од поголемите грешки е кога се фокусираме на подобрување само на финансискиот капитал без останатите. Можеби затоа што најлесно е да се анализира бидејќи имаме готови алатки како анализа на готовински тек, анализа на добивка и загуба, финансиски извештаи итн.

Човечкиот капитал се луѓето кои работат во самиот бизнис и акумулираното знаење и вештини за исполнување на задачите во тие луѓе.

Интелектуалниот капитал претставува интелектуалната сопственост на бизнисот како што се правила, процедури, однесувања, организациска култура… Овој капитал се однесува на прашањата како го искористуваме човечкиот и финансискиот капитал, односно како го искористуваме знаењето, искуството и вештините на луѓето и парите за развој на нашиот бизнис.

Неколку совети за подобрувања во ова подрачје:

  • Размислете за тековната состојба на финансискиот, човечкиот и интелектуалниот капитал.
  • Забележете ги сите силни и слаби страни на истите.
  • Направете стратегија за да ги надминете слабите страни и да гиподобрите силните страни.
  • Започнете со подобрувањето од утре.

Ова се само 5 елементи кои можете навистина уште денес да ги подобрите, доволно е да оделите само 5 часа од Вашето време за да од утре имате бизнис кој навистина во голем дел ќе биде подобрен и ќе овозможува остварување на поголеми резултати.

post

Ограничувачки Верувања – Опасност за Претприемачите

Од пред некое време започнав да го следам блогот на Steve Pavlina’s Personal Development Blog и налетав на еден напис за ограничувачки верувања (Limiting Belief). Во многу ситуации од личен живот па така и во бизнисот овие ограничувачки верувања можат да не спречат да ги донесеме вистинските одлуки.

Што се тоа Ограничувачки Верувања?

  • Јас не можам …
  • Јас не знам…
  • Тешко ми е да го изведам…
  • Треба многу да учам…
  • Верувам дека ова е неисправно…
  • Грешките и неуспесите се нешто лошо.

Сигурно ви се познати овие почетни реченици бидејќи сигурно некогаш сме се нашле во состојба да си изговориме во себеси. И веднаш по изговарање, нормлно тие преовладуваат во нашиот мозок и се откажуваме од нешто што треба да го направиме иако можеби тоа нешто доколку се помачиме и го направиме ќе ни донесе огромен успех и нормално задоволство.

Според Wikipedia верување е:

…психолошка состојба во која одреден индивидуалец има претпоставки за кои мисли дека се точни.

Но, постои разлика помеѓу верување и точност. Првин имаме две состојби:

  • Нашето верување е точно.
  • Нашето верување е неточно.

Па со едноставна теорија на веројатност ќе видиме дека веројатноста дека нашето верување е точно е 0,5 но и веројатноста дека нашето верување е неточно е исто така 0,5. Што значи дека сме во позиција на фифти-фифти.

Од друга страна зборот ограничувачко означува некоја граница на нашите верувања или нешто што не ограничува во однос на поинакви верувања. Значи нашите ограничувачки верувања не ограничуваат да размислуваме пошироко од вообичаеното и не спречуваат од преземање на некои клучни акции.

Од Каде Доаѓаат овие Ограничувачки Верувања?

Постојат многу места, настани и периоди во животот кои ги градат овие ограничувачки верувања. Во овој дел би набројал само некои, што значи дека од индивидуа до индивидуа зависи на бројот и коренот на одредени ограничувачки верувања.

  • Нашето детство.
  • Воспитување од родители. Не дека воспитувањето било лошо, но некои времиња се менуваат и некои вродени верувања од воспитување од нашите родители се веќе сменети.
  • Општествен систем во државата во која живееме.
  • Едукациски системи (училишта, универзитети, курсеви…)
  • Нашето друштво (пријатели, колеги, соработници, роднини…)
  • Некои специфични случки во нашиот живот.
  • Незнаење.

Некои Примери на Ограничувачки Верувања за Претприемачите

  • Јас не можам да започнам бизнис.
  • За овој бизнис не сум кадар.
  • Не можам и незнам да менаџирам.
  • Не сакам да вработувам бидејќи никој не може да ја заврши работата подобро од мене.
  • Не знам да планирам.
  • Не сакам да планирам.
  • Не можам да го контролирам растот на бизнисот.
  • Мојата бизнис идеја не е најдобра.
  • Страв ми е дека ќе изгубам.
  • Грешките што можам да ги направам се кобни.
  • Бизнисот без мене неможе да опстане.

Забележувате многу опасности од спречување на започнување на бизнисот до спречување на развојот и растот на бизнисот. Иако за повеќето од овие ограничувачки вредности знаеме дека се неточни сепак доколку тие се длабоко вкоренети во нашиот мозок ќе ги применуваме. Тие едноставно имаат најголема предност во нашиот мозок и како што наведов едноставно светнуваат во секој момент кога сакаат да не спречат во нешто.

Како да се Избегнат Ограничувачки Верувања

Не сум сигурен за некој прецизен модел, но јас го користам овој кој ми помага од ситуација до ситуација. Во секој случај многу е тешко да се бориш со некое верување длабоко всадено во мозокот. Секоја индивидуа е различна и не може да има еден модел за секој.

  • Се обидувам да ги спознавам и знам сопствените ограничувачки верувања.
  • Проучувам за секое ограничувачко верување како би го проширил сопственото знаење и би го сменил верувањето.
  • Избегнувам зборови во стилот не сакам, не можам, не знам…
  • Се обидувам да ги пробијам бариерите на пошироко размислување.
  • Се обидувам никогаш да не мислам како други.
  • Се обидувам да гледам поинаку во однос на спротивните одлуки и акции.
  • Секоја грешка ми е школо за друг пат.
Сликата од Noël Zia Lee
post

Парабола на Варена Жаба – Во Бизнисот Не е Пожелно!

За парабола на варена жаба во бизнисот за првпат прочитав во книгата „Пета Дисциплина“ на Peter Sengi. Ова е еден ефект кој е чест во бизнисот и кој може да има лоши последици. За парабола на варена жаба веќе пишував на две места. Прво во намалување на залихи пат кон поголема ефикасност каде напишав:

…Но, трагично е што овие проблеми од срана на претприемачите не се гледаат затоа што со залихи се си функционира како што реба и се е под конец. Па, во ваков случај може да се појави ефект на варена жаба (жабата ќе се свари и ќе умре доколку полека ја загреваме водата и стигнеме до температура на вриење, додека ако ја ставиме во зовриена вода таа ќе се изгори и ќе скокне, но сепак ќе преживее). Тоа е затоа што малте ситни проблеми често ги занемаруваме и подоцна не чинат многу и во краен случај клуч на бизнисот.

Второто место каде што пишував за парабола на варена жаба е значајноста на навремено откривање на извори на организациски промени каде малку поопширно ја опишав параболата на варена жаба:

Значајнста на навремено откривање на изворите на организациските промени ја прикажува Peter Senge во неговото дело Пета дисциплина (The Fifth Discipline: The art and practice of the learning organization). Тој ненавременото откривање на изворите (причините) на организациските промени го споредува со парабола на „варена жаба“. Senge опишува дека кога ќе ставиме жаба во врела вода таа веднаш ќе се обиде да излезе од садот во кој се наоѓа водата, но доколку во садот има вода со собна температура, жабата ќе остане во садот. Ако постепено ја зголемуваме температурата на водата на 20 до 25 оC жабата нема да реагира и дури ќе покажува знаци на задоволство и удобност. Со понатамошно покачување на температурата, на жабата ќе и биде се потопло и потопло, но нема да реагира се додека веќе не биде во состојба да реагира и ќе се свари. Senge вели дека ова се случува заради тоа што жабата има внатрешен детектор на закани кој е подесен на ненадејни крупни проблеми. Слично може да се случи и со бизнисите (организациските системи) кои постојано се наоѓаат под одредено влијание на околината. Доколку во околината се случат крупни проблеми претприемачот ќе возврати со организациски промени со кои ќе избегне да тие промени во околината влијаат негативно на работењето на неговиот бизнис. Но, доколку промените во околината се постепени и постојани, претрпиемачот нема да одговори на истите закани се додека не сфатат дека веќе е предоцна да се стори нешто за опстанок.

Секогаш во животот ги забораваме оние малите ситните промени во нашата околина. При промена на годишните времиња од топло време во студено доколку температурата полека се намалува нашиот организам многу поспоро ќе ги забележува тие промени се додека не не фати настинка затоа што не сме се подготвиле за студено време. Но, доколку настапи силен студ одеднаш веднаш ќе се префрлиме на зимска облека која ќе не спаси од настинка.

Ова се случува и во бизнис светот. На пример, вашиот снабдувач полека ви ја зголемува цената. На пример првпат ви ја зголеми за неколку денари што за Вашиот бизнис и не е нешто премногу. На пример доколку Вие го продавате производот за 1000 денари и имате маржа од 300 денари 3 денари се незебележителни но сепак претставуваат 1% намалување на Вашата маржа. Си викате ОК не е ништо страшно. По неколку наредни набавки снабдувачот повторно ја зголемува цената за 3 денари. Што повторно е незабележително. Но, сега имате помалку 6 денари доколку не реагирате со покачување на цената. Но, повторно Вашата математика вели дека со продажба од 100 парчиња тоа се само 600 денари. И така, доколку истиот снабдувач продолжи со зголемување на цената се повеќе ќе се намалува Вашата маржа и може да стигне до едно ниво кога драстично ќе ви се намали профитот. Но, тогаш можеби да биде доцна.

Секој претприемач, освен следење на крупните промени во сопствената околина треба да ги следи ситните – малите промени. Бидејќи понекогаш овие мали промени по одреден период можат да бидат кобни. Исто како и во случајот со жабата. Бизнисите не се имуни на овој феномен. Ова е поради фактот што претприемачите или менаџерите на поголемите бизниси повеќе се насочени кон стратешките влијанија врз нивниот бизнис и ги забораваат малите негативни влијанија. Се сеќавате кога пишував за Kaizen дека успехот на индустријата на Јапонија се темели токму на мали секојдневни подобрувања кои во еден подолг рок носат ненадминлива конкурентска предност.

Сликата од purpleslog.
post

Иновација како основа во Facebook

Минатата недела гледав едно интервју со Mark Zuckerberg основачот и CEO на Facebook спонзорирано од Mercedes а исполнето од Business Insider. Нема потреба да пишувам што значи Facebook за денешниов секојдневен живот. Само една статистика би навел накратко:

Над 300 милиони корисници ширум светот. Повеќе од вкупниот број на жители на САД.

Во Македонија е на прво место по популарност согласно Alexa Ranking дури и пред Google, што сеуште не сум сретнал на друго место.

Иако оваа е веќе 6-та година дури оваа година започнува да работи со профит. Значи типовите се навистина трпеливи 5 години со загуба, но визијата е поголема. (Шеста од 12 грешки – нетрпеливост)

Додека го гледав интервјуто не само што научив нешто од најпопуларниот бизнис во светот туку и правев графичка презентација на најважните елементи кои со овој напис сакам да ги споделам.

Првин 4 клучни елементи за нивниот успех во иновативноста:

  • Поинаку од другите. Секогаш бараат начин да бидат поинакви од другите. Дури и да користат туѓа идеја ја преработуваат во уникатна идеја. Не копираат, туку иновираат. Едно е сигурно копијата е секогаш копија на оригиналот и никогаш не може да биде оригинал.
  • Брзи промени. Промената е постојана во нивниот бизнис. Не постои ден без промена во начинот на работата или пак во некоја нова идеја. Брзите промени им овозможуваат да ги следат трендовите и желбите на сопствените корисници.
  • Поттикнување на луѓето. Секогаш се обидуваат да ги поттикнат луѓето за производство на идеи како на внатрешните вработени, така и на луѓето од надвор – корисници. Врз тие идеи го базираат сопствениот развој. Поголема креативност, повеќе идеи. Повеќе идеи, поголем развој.
  • Фокусиранот. Фокусирани се на постојан развој на нивниот бизнис со цел да излезат во пресрет на корисниците. Што значи дека нивната клучна предност е фокусот на корисниците.
  • Бизнис култура на иновација. Оснавата на нивната бизнис култура е иновација и тоа постојана иновација.
  • Самодоверба. Самодоверба да носат одлуки кои влијаат на милиони луѓе. Се сеќавате кога го сменија изгледот. Сите кукаа и цимолеа. Но, тие имаа храброст да го направат тоа.

И уште неколку интересни детали за тоа како работат успешните:

  • Немаат потреба, а ниту време да пишуваат бизнис план. Многу интересно и сосема спротивно од онаа што се пропагира на универзитетите и посебно кај нас воопшто. Оваа интервју го гледав токму тогаш кога правев brainstorming за еден напис за бизнис план кој набргу ќе го објавам и таму наведов некои опасности од преголемо фокусирање на бизнис планот во стилот планирај го твојот бизнис план. А бизнис светот е брз и лесно може нашата првобитна идеја да биде спроведена од некој друг. И токму онаа што мислев дека претеруваме понекогаш и не се свртуваме кон иновација заради преголемо планирање го слушнав од една од најуспешните компании во светот.
  • Сакаат кога луѓето врескаат и цимолат. Со секоја промена луѓето врескаат и не ја сакаат истата. Но тогаш откриваат што тие мислат, слушаат што ќе речат, го користат фидбекот на спствените корисници и на таков начин градат производ кој е подобар за сите. А подобар производ го користа повеќе луѓе.

Се надевам дека може да се извлечат навистина корисни лекции од интервјуто. Јас од оваа едно гледање го забележав оваа што го напишав. Слободно оставете коментар доколку откриете уште нешто што е корисно за развој на претприемачите и претприемничкиот дух во Република Македонија.  Можете да го погледате на Business Insider.

post

Организациски Промени – 8 Едноставни Чекори за Имплементација

Организациските промени претставуваат процес кој носи подобрување кај бизнисите. Тие се една и единствена константа во бизнис животот но и во животот на претприемачот. Во пракса постои размислување дека организациските промени и процесот на управување со промените претставува нешто многу тешко. Како и да е, доколку имплементирате систем кој ќе обезбеди брза имплементација на процесот на промените веројатноста од неуспех ќе биде многу помала.

Не би сакал да одам низ комплексноста на процесот на промени бидејќи таа комплексност доведува едно чувство на страв кај менаџерите и претприемачите. Кога ќе погледнете во едноставноста тогаш поедноставно е да се започне и имплементира еден таков процес.
За многу менаџери и претприемачи организациските промени претставуваат ноќна мора. Но, доколку тие (менаџери и претприемачи) се фокусирани на вистинските работи и изградат бизнис култура и организациска култура каде промените се широко прифатливи од вработените или организациските членови п-роцесот на имплементацијата ќе биде многу поедноставен.
Постојат повеќе причини за неуспешни организациски промени. Една од најчестите причини е отпорноста кон промените или отпорот кон промените. Во написот од линкот се претставени 28 фактори кои предизвикуваат отпорност кон промените. Овие фактори не се некоја измислица туку резултат од едногодишно мое истражување во однос на отпорноста кон организациските промени во 80 компании во Република Македонија. Доколку имате систем кој ќе ве информира за изворите на промените и доколку проверите дали постојат некои од факторите кои би предизвикале отпорност и ги елиминирате навремено пред започнување на процесот на имплементацијата ќе бидете на половина пат од успехот на проектот.

8 Едноставни чекори за имплементација на Организациски промени

  1. Имплементација на систем за следење на организациските промени. Најважниот дел од процесот на организациските промени е да се знае кога да се промени нешто и што е тоа нешто што треба да се промени. Доколку ги знаете вистинските предмети на промена и вистинското време и место на таа промена ќе бидете на половина пат до имплементација на успешни промени. Деловното разузнавање е процес кој обезбедува еден ваков систем.
  2. Изработка на план за имплементација на промените. Планот на процесот на имплементација на организациски промени претставува патоказ за успешен процес на промени кај бизнисите. Овој план мора да одговори на прашањата како што се: Што да се менува, кога да се менува и како да се менува.
  3. Пронајди ги можните фактори кои може да предизвикаат отпорност кон промените. Веќе го споменав написот за 28 фактори кои предизвикуваат отпорност кон промените, прочитајте го внимателно и размислете во однос на сите фактори дали има можност да се појават во Вашиот процес на промени.
  4. Намалете го влијанието на факторите на процесот уште пред имплементација на истиот. Пред да започнете со процесот на имплементација ќе мора да го намалите влијанието на факторите кои може да предизвикаат отпорност кон процесот на имплементација на промените. На ваков начин ќе го подобрите иницијалниот план бидејќи ќе добиете добри препораки од вработените и сите членови на бизнисот што би се противеле доколку нивните предлози не бидат вклучени во процесот на имплементацијата.
  5. Имплементирајте го процесот на промените. Кога ќе завршите со надминување на отпорноста кон промените можете да започнете со процесот на имплементацијата. Поминете низ сите планирани активности од чекорот 2 или ажурираниот план од чекорот 4.
  6. Прославете ја успешната имплементација. Ова е доста едноставен чекор, но сепак многу важен и честопати се заборава. Зошто е важен овој чекор? Доколку процесот на имплементација е успешен и го прославите успехот со Вашите вработени, мотивацијата за наредните процеси на промени ќе се зголеми. А, наредниот процес продолжува веднаш. Се сеќавате од почетокот дека промената е една константа во бизнис животот.
  7. Мерете ги резултатите. Мерење на резултатите е важен чекор во процесот бидејќи ќе можете да видите како процесот на промените после имплементацијата влијае на бизнис перформансите. Доколку нешто не оди онака како што е планирано, тогаш променете го или вклучете го во наредниот чекор.
  8. Рестартирајте го целиот процес повторно.

Можете да забележите дека ова е еден сличен процес како Lewin-Schein-овиот процес на организациски промени:

  • Одмрзнување – потреба од промени и подготовка на терен за промени.
  • Акција – Имплементација
  • Замрзнување – Стандардизирање и мерење на резултати.

Велам Lewin-Schein-ов процес бидејќи овој процес за првпат е предложен од Kurt Lewin а потоа доработен и разработен од страна на Edgar Schein. (Нешто што длабоко го проучував пред едно 5 години). Разликата е во комплексноста на речениците и чекорите.
Совет за крај: Гледајте во едноставноста пред комплексноста – процесот е поедноставен.