post

Идеи за утрешницата: Како да се подготвите за утрешните „жешки” идеи?

Успешен претприемач мора да има способност да го избере или создаде вистинскиот производ услуга што ќе им ги понуди на купувачите на пазар на кој нормално постоела, постои и ќе постои конкуренција.

идеи за утрешницата

Сигурно и некој пред вас започнал сличен бизнис и нуди некои видови на производи или услуги на пазарот. Сигурно и купувачите во моментов успеваат на некој начин да ги задоволат потребите кои вие сакате да им ги задоволите или пак воопшто не ни знаат дека имаат таква потреба. Но, вистинскиот производ или услуга кој вие ќе го изберете ќе ви го каже почетната анализа на пазарот.

Сигурно ќе се запрашате зошто би постоел простор за влез на пазарот со производ или услуга кој што сегашната или пак идната конкуренција веќе го нуди. Треба секогаш да имате на ум дека пазарот се менува многу бргу. Производите кои што биле најпродавани и најкористени пред 5 години веќе не постојат. Начинот на кој се продавале тие производи пред 5 години не е ист, со тоа што денешните можности се многу поголеми. Денес постојат илјадници производи кои се консумираат од страна на купувачите, а постојат и илјадници начини со кои вашиот производ и начинот на продажба можат да се разликуваат од вашата сегашна и идна конкуренција.

Вашата работа при избор на бизнис идеја е да изберете производ и начин на продажба кој ќе биде подобар на одреден начин од она што во моментот е понудено на пазарот.

Оваа одлука ќе претставува живот или смрт за вашиот иден или сегашен малопродажен бизнис.

Успехот на IKEA и Wal-Mart- прост бизнис и софистициран бизнис модел

Вам ви треба голема идеја и тоа не само при започнување, туку и постојано во процесот на водење на вашиот бизнис.

Големата идеја на IKEA не е продажба на мебел кој постоел и пред IKEA. Големата идеја на IKEA е начинот на продажба на мебел интегриран во софистициран и уникатен бизнис модел.

Големата идеја на синџирот малопродажни продавници Wal-Mart не се производите кои ги нуди и продава, туку најниска можна цена за која може да се продаде тој производ.

Зошто го велам сето оваа? Затоа што сакам да наметна еден сосема поинаков пристап во креирање и водење на еден бизнис.

Производот кој ќе се продава, брендот на производите кои ќе бидат изложени за продажба иако се важни, сепак не се и најважни. Потребна е „голема идеја”, идеја која ќе ја дефинира причината за постоење на бизнисот, идеја од која ќе произлезе се останато при градење и водење на бизнисот.

Ако, знаеме дека идејата е најниска можна цена за која може да се продаде тој производ на Wal-Mart лесно можеме да ги определиме целите и процесите на бизнисот, од избор на снабдувачи, преговарање за најниски цени, намалување на сите трошоци на најниско можно ниво, намалување на трошоците за функционирање на продавницата и многу други останати елементи со цел да се добие најниска можна малопродажна цена.

Почетна анализа на пазарот

За да изведете почетна анализа на пазарот не треба да сте експерт за анализа на пазарот. Доволно е да го искористите вашиот ентузијазам за собирање на информации и да тргнете од себе, роднините, пријателите и сите информации кои ви стојат на располагање да ги искористите во оваа анализа.

Започнете со подготовка на план за вашето почетно истражување на пазарот. Овој план треба да ги отслкува целите на анализата, односно сето она што треба да го добиете како резултат од анализата. Планот треба да ги содржи сите активности што ќе се изведуваат со временски рокови за истите, како и прашања на кои ќе треба да се даде одговор.

Еден малопродажен бизнис ќе започне со избор на производи кои ќе ги продава. Овој избор зависи од вашите познавања, интереси, афинитети и финансии како лични предиспозиции или внатрешни елементи на бизнис идејата како и износот на понудата на тие производи на пазарот, потребата на пазарот за тие производи и малопродажната маржа на истите како надворешен елемент на бизнис идејата.

Најдобро е да понудите производи кои и самите вие како претприемач ги познавате, со кои сте се сретнале претходно и кои ги користите на некој начин. На ваков начин вие сте во бизнис за кој имате некое искуство. Ќе знаете да го искомбинирате со други елементи и да го понудите на поинаков начин, бидејќи и самите сте корисници на истиот.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*