post

Бизнис План – Анализа на пазарот и индустријата

Ќе продолжам со петтиот елемент од овој туторијал за подготовка на бизнис план во еден процес на бизнис планирање. Досега веќе изработивме насловна страна, потоа ја подготвивме структурата преку нацртот на резиме и содржина, па влетавме во насловот општо за компанијата и секако ги дефиниравме производите и/или услугите на бизнисот. Сега е време да започнеме да ги имплементираме нашите аналитички вештини.

Бизнис план - Анализа на пазарот и индустријата

Бизнис план - Анализа на пазарот и индустријата

Доаѓаме до една суштинска тема како дел од бизнис планот, а тоа е дали ќе се продаваат нашите производи и/или услуги. Ако производите и/или услугите претставуваа центар на нашиот бизнис план околу што се понатаму ќе се одвива, анализа на пазарот и индустријата ќе претставува еден мост за планирање на практичното функционирање на тие производи и/или услуги на пазарот. Во овој наслов ќе се обидеме накратко да ги претставиме основните патокази за изведување на оваа анализа.

Би сакал да напоменам дека иако оваа подрачје е едно од најтешките и најважните во бизнис планот, станува уште потешко доколку бизнисот е од Македонија. Зошто? Прво институциите на системот во Македонија се доста затворени и не даваат доволно информации и податоци за движењата во индустријата или пак на пазарот, а оние кои ги даваат не се доволно комплетни за целите на бизнис планот. Единствено информации можете да најдете на сајтот на Државен завод за статистика и Централен регистар, но и тоа не е доволно за едно успешно спроведување на оваа анализа. Но, сепак во оваа втора верзија морам да напоменам дека има некој напредок во однос на одредени информации од Државен завод за статистика.

Содржина на анализа на пазарот и индустријата

Она што треба да биде содржано во овој наслов од бизнис планот е:

  • Краток вовед
  • Анализа на индустријата
  • Анализа на пазарот

Краток вовед

Како и при секој друг наслов од бизнис планот и овде е пожелно да дадете еден вовед за она што се ќе биде содржано во овој наслов. Поставете неколку цртки со текст кои би требало да ве водат низ понатамошниот тек на оваа анализа, а подоцна кога ќе завршите со останатите поднаслови навратете се и групирајте ги клучните сознанија од оваа анализа кои ќе бидат од круцијално значење за иднината на бизнисот.

Анализа на индустријата

Ова е првиот поднаслов во насловот анализа на пазарот и индустријата. Секој бизнис функционира и опстојува во некоја индустрија.

Овој поднаслов ќе треба да одговори на следниве прашања:

  • Во која индустрија се наоѓа бизнисот?
  • Каква е историјата на таа индустрија?
  • Кои се трендовите во таа индустрија?
  • Кои се купувачи во таа индустрија?
  • Кои се конкурентите во таа индустрија?
  • Кои се снабдувачите во таа индустрија?
  • Кои и какви производи и услуги се нудат во таа индустрија?

Како едно помошно средство кое може да ве води низ овој процес можете да го искористите написот Анализа на индустријата преку одговор на 40 прашања.

Еден патоказ како да го изведете овој дел во Вашиот бизнис план би бил:

  1. Прво што треба да направите е да ја дефинирате индустријата во која ќе се наоѓа вашиот бизнис. Национална класификација на дејностите ќе ви биде корисна при дефинирање на индустријата, а од друга страна преку сајтот на Државен завод за статистика ќе дојдете до некои статистички податоци за дејноста од таа националната класификација на дејности.
  2. Потоа дадете краток општ преглед на индустријата во која ќе ги опфатите (За проучување на овие информации можете да користите пребарувања на интернет, енциклопедии, весници итн.):
    • кратка историја на индустријата,
    • факторите кои влијаат на растот на индустријата,
    • владини регулативи за таа индустрија и
    • водечки бизниси во индустријата како конкуренти така и купувачи и снабдувачи.
  3. Вториот дел од анализа на индустријата треба да опфаќа (Овие информации може да се најдат од Државен завод за статистика, Централен регистар, весници, интернет итн.):
    • големина на индустријата во пари,
    • трендови во продажба за претходните години,
    • типот на маркетинг стратегии кои се користат во индустријата,
    • менаџмент трендови итн.
  4. Третиот дел од анализа на индустријата како елемент на бизнис планот треба да содржи одредени проценки за во иднина. Ова се проценки кои можат да бидат Ваши лични врз основа на проучување на претходните точки од овој наслов како и проценки за кои ќе дојдете од весници, интернет, списанија со истражувања итн.

Внимавајте овој поднаслов за анализа на индустријата да не надмине повеќе од 2-3 страни. Бидете јасни и кратки во опис на резултатите од Вашата анализа на индустријата.

Анализа на пазарот

Откако ќе завршите со анализа на индустријата можете да започнете со поднасловот анализа на пазарот од Вашиот бизнис план. Во овој дел вие го дефинирате вашиот пазар. За добра анализа на пазарот потребно е да соберете доволно информации за пазарот на кој сакате да работите (Види 6 Методи за истражување на пазарот и Истражување на Пазар – Porter-ов Модел).

Како еден патоказ кој ќе ве воведат низ овој процес следете ги чекорите подолу:

  1. Започнете со прибирање на информации:
    • Статистика (Државен завод за статистика)
    • Интернет
    • Конкуренција (Што и како прави)
    • Типови на производи кои се нудат во моментов и нивни карактеристики (може слики, опис…)
    • Потрошувачи, кои и какви се нивните однесувања на тој пазар
    • Снабдувачи
    • Весници од таа индустрија
    • Анкетни прашалници
  2. Прошетајте низ сите места на пазарот за да пронајдете слични бизниси.
  3. Лоцирајте ги бизниси од вашата Индустрија користејќи Златна книга и интернет.
  4. Разговарајте со потенцијални ваши идни потрошувачи, како пријатели, роднини, соседи итн. Прашајте ги колку често купуваат производ и/или услуга како вашиот, од каде купуваат, по која цена и се што ќе ви дојде на ум како една важна информација за вас.
  5. Можете да подготвите анкетен прашалник и да анкетирате одреден број на непознати луѓе за да ги откриете моделите на купувањето.
  6. Групирајте ги прибраните информации за бројот на потенцијални потрошувачи.
  7. Откако ќе ги соберете сите потребни податоци направете табела и график(како на сликата) за сите сегменти на пазарот во која ќе го опфатите бројот на потенцијалните потрошувачи за временски период за кој се однесува планот.
  8. Потоа опишете го секој сегмент од пазарот и определете го целниот сегмент за вашиот бизнис.

Кога го подготвувате овој наслов бидете реални и објективни при анализа на податоците. Не ја правете анализата само заради бизнис планот. Правете ја анализата заради процес на планирање. До сега ги имате производите и/или услугите, а сега веќе го познавате пазарот. Понатаму на оваа анализа ќе се темели и предвидување на продажбата, а со тоа и финансиите и маркетингот. Затоа и одлучив во оваа верзија на овој туторијал да одам со внесување на малку живот во бизнис планот, за да претставува процес на планирање, а не процес на изработка на бизнис план. Гледајте подалеку.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention Бизнис План – Анализа на пазарот и индустријата — Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: Бизнис План – Анализа на пазарот и индустријата http://ow.ly/17eueY […]

  2. […] на бизнисот но со недоволно залагање и постојана анализа на пазарот постигнатото може да се изгуби за неколку месеци. […]

Speak Your Mind

*