post

Малопродажба: 12 Чекори за подобрување на продажба

Малопродажба

Малопродажба

Колку продавници на мало сте виделе кои по 6 месеци или една година од своето работење се затвораат? Сигурно многу. Но, зошто овие продавници на мало по толку кратко време се затвораат? Дали може да биде поинаку? За продавници на мало кои имаат краток век на живот причините за смртност се многу. Но, едно е сигурно, се затвораат заради недостаток на купувачи. Со недостаток на купувачи се јавува и недостаток на готовински тек, неможност за покривање на трошоците и на крај банкрот. На претприемачот кој започнал со ваков бизнис сигурно не мислел да го затвори по краток период, туку да работи и остварува профит. Во продолжение ќе прикажеме 10 чекори кои можете да ги искористите за подобрување на продажба во продавница на мало.

Пред да тргнам со чекорите би ги претставил накратко и 5-те основни причини за недостаток на купувачи:

1. Започнување без анализа на пазарот

Без соодветна анализа на пазарот не можете да ги знаете вашите потрошувачи, нивните потреби, нивните навики, нивните начини на трошење на парите, а со тоа нема да знаете какви производи да им продавате и може да не го имате она што се бара. На ваков начин ќе имате недостаток на купувачи. Подетално можете да прочитате во 10 извори на информации за успешна анализа на пазарот.

2. Несоодветна локација

Доколку претприемачот не ја анализира локацијата на која планира да ја отвори својата продавница на мало може да се случи да нема доволен сообраќај на луѓе, а со тоа помалку луѓе ќе ја забележат продавницата дури и да ги има најбараните производи. На ваков начин нема да има доволен број на купувачи.

3. Недоволна промоција

Доколку претприемачот не ја избере вистинската промоција за неговиот бизнис купувачите нема да знаат дека постои. Доколку не им го привлечат вниманието на потенцијалните купувачи за да ја  дознаат новата продавница тие ќе си ги користат старите навики, ќе продолжат да купуваат онаму каде што купувале досега.

4. Непознавање на индустријата

Не можете да го продавате онаа што не го познавате. Некој има познавање од модната индустрија и ќе биде добар во бизнисот со бутици, некој има добро познавање во автомобилската индустрија и ќе започне малопродажен бизнис со авто делови итн. Не може секој да биде добар во сите индустрии. Доколку не ја познавате индустријата во која влегувате нема да можете да знаете да ги изберете вистинските производи, нема да можете да знаете да ги препорачате на купувачите вистинските производи. На таков начин нема да имате доволно купувачи, а ќе имате врзани пари во стока која нема да се продава.

5. Мислење дека онлајн присутност не влијае на офлајн продавница на мало

Иако голем број на малопродажни бизниси веќе започнуваат да размислуваат и имплементираат стратегии за онлајн присутноста на нивниот бизнис, сепак сметам дека сеуште се малку. Ова се однесува особено на сите малопродажби кои не се наоѓаат во главниот град. Од друга страна со поголемата пристапност на интернетот низ домовите овозмужува една голема популација да се информира токму преку тие онлајн медиуми. Погледнете само во оваа шума на можности за онлајн присутноста:

Онлајн присутност

Онлајн присутност

Чекори за подобрување на продажбата

Чекори кои можете да ги спроведете кога ќе одлучите да навлезете во бизнис со продавница на мало се следниве:

  1. Првин пред се запознајте се себеси. Започнување на нов бизнис не е само седење во продавница и продавање. Дали сте спремни за таков потфат. Дали имате доволно знаење од финансии, маркетинг, продажба, набавка, залихи…? Дали сте спремни од одрекувања од досегашните навики? Ова се само дел од прашањата за кои треба да се запрашате пред започнување на бизнисот.
  2. Планирајте. Бизнис планот претставува алатка за конвертирање на Вашата бизнис идеа во профитабилен бизнис. Прочитајте за  процесот на бизнис планирање. Испланирајте се што треба да направите. Доколку сакате да успеете мора да имате добар бизнис план кој ќе Ви помогне да ги носите најдобрите одлуки.
  3. Проучете ја индустријата во која ќе влезете. Проучете ги главните играчи како на локално така и на национално ниво. Што е она што се бара? Ова проучување ќе Ви го покаже правецот по кој ќе треба да тргнете. Користете ги 40-те прашања за анализа на индустријата.
  4. Проучете ги Вашите сегашни и потенцијални потрошувачи. Оваа проучување треба да се однесува на нивните потреби, навики и однесувања при купување. На ваков начин ќе им го дадете она што им треба и тие ќе продолжат да купуваат кај Вас. Запомнете дека Вие постоите заради Вашите потрошувачи, а тие не постојат заради Вас. Разберете ги потрошувачите за да можете да го прилагодите Вашиот бизнис.
  5. Постојано анализирајте го Вашиот готовински тек. Без доволно готовина бизнисите пропаѓаат. Трошете онолку колку што ви дозволува Вашиот готовински тек. Имајте секогаш готовина на сметка. Бизнисот може да биде профитабилен (да прави солидни профити), но да пропадне заради немање на готовина. Постојано внимавајте на оваа прашање.
  6. Изградете и постојано надградувајте го Вашиот имиџ. Имиџ претставува слика за Вашиот бизнис што ја имаат потрошувачите. Имиџот се креира преку производите, логото, рекламниот материјал, начинот на продажба, цените, локацијата итн. Добриот имиџ ќе Ви носи уште повеќе потрошувачи.
  7. Изберете вистинска ценовна политика. Цените претставуваат спој на наука и уметност. Тие зависат од производите што ги продавате, Вашиот стекнат имиџ и услугата која ја нудите. Но запомнете цените треба да овозможат покривање на трошоците за Вашиот бизнис и остварување на профит. Конкурентноста не се мери само во цена. Ова нека биде последно мерило за конкурентноста. Многу мали бизниси пропаѓаат заради погрешно воспоставени цени на производите кои ги продаваат.
  8. Контролирајте ги залихите. Изградете систем за контрола на залихи кој ќе овозможи истите да се одржуваат на минимално (оптимално) ниво. Залихите значат врзани пари. Пари кои ги нема како готовина. Доколку одржувате големо ниво на залихи може да имате проблеми со готовинскиот тек.
  9. Искористете ја секоја можност да се промовирате. Добра промоција не е само реклама на радио или телевизија. Секаде каде што одите промовирајте го Вашиот бизнис преку делење на визит карти, рекламен материјал, брошури, покани итн. Разговарајте со луѓето за Вашиот бизнис и за Вашите понуди. Сето оваа ќе доведе до зголемување на купувачите.
  10. Барајте помош кога ќе почувствувате дека не можете. Многу работи се на Вашиот грб како претприемач. Понекогаш е подобро да потрошите некој денар за некој кој ќе Ви помогне со консултантски совети отколку да оставите и немоќно да гледате како пропаѓа Вашиот бизнис. Запомнете дека не можете да бидете експерт во сите подрачја што ги бара водењето на сопствен бизнис.
  11. Изгответе онлајн стратегија. Веќе многу бизнис стратеги во голем дел се базираат на онлајн стратегија. Размислете добро за целта на онлајн присутноста на Вашиот бизнис онлај и подгответе една онлајн стратегија. Не е важно дали имате интернет продажба или не, важно е да почнете да ја обезбедувата онлајн присутноста на Вашиот бизнис.
  12. Започнете со примена на стратегијата. Стратегија на хартија не значи ништо. Стратегијата треба да ја преточите во конкретни чекори. Без разлика дали е тоа правење на Facebook страна за Вашиот бизнис или Ваше лично активирање на Twitter или пак изработка на веб сајт, изгответе листа на конкретни чекори и започнете со имплементација.

Ова се само 12 можни чекори кои може да ви помогнат за да ја подобрите продажбата. Но, не се ограничувајте само на нив. Сигурно можете да направите уште милион работи кои ќе влијаат на вашата продажба. Се зависи од вашата креативност.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention Малопродажба: 12 Чекори за подобрување на продажба — Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Aleksandar Atanasov, Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: Малопродажба: 12 Чекори за подобрување на продажба http://ow.ly/19YDkk […]

Speak Your Mind

*