post

Научен лакмус и препознавање на глобалните текови на пазарот на капиталот

Како една од првите повлијателни теории за меѓународното работење се јавува Меркантелизмот.

Меркантелизмот бил пропагиран во 16 и 17 век, но и денес може да се сретнат приврзаници на таканаречениот неомеркантелизам. Цел на оваа теорија е да се зголеми националното богаство и моќ. Богатство и моќ претставуваат златото и скапоценостите, па земјата мора повеќе да извезува, а помалку да увезува за да создаде повеќе богатство. Овие теоретичари биле против слободната трговија, бидејќи настојувале да го поттикнат извозот, а да го намалат увозот.

Adam Smith 1776 год. прв се спротиствави на овие ставови, изнесувајќи теорија за Апсолутна предност, каде објаснува зошто неограничената слободна трговија е корисна за една земја. Тој смета дека пазарот, а не владата, треба да определува што ќе се увезува а што ќе се извезува.

David Ricardo ја проширува оваа теорија, поставувајќи ја основата за неограничена слободна трговија. Со слободната трговија би се добила специјализација на земјите, за она што може најевтино да се произведе. Две држави можат да имаат компаративна предност за производство на два различни производи и да постигнат висока специјализираност во својот домен.

Пример: Првата држава совршено го произведува производ А, а помалку совршено производ Б. Другата држава совршено го произведува производ Б, а помалку совршено (со поголеми трошоци или со послаб квалитет) производ А. Доколку првата држава би се концентрирала само за производство на производот А, а втора само на производство на производите Б, тогаш и двете држави би постигнале максимум во производството и со размена би овозможиле создавање на подобра економска состојба во двете држави. Но, тука настануваат реални проблеми, бидејќи може да се јави завист дека, одреден производ е поскап и дека едната држава повеќе заработува, па да сака и другата држава да се вклучи во производство на сличен производ, за да не стане зависна или за да ги зголеми сопствените приходи. Доколку државата се концентрира на производство на само еден производ, тогаш се отваарат други проблеми, бидејќи станува ранлива и подложна на притисоци.

Теоријата на David Ricardo е подобрена во 20 век, со познатата H-O-S Heckscher – Ohlin – Samuelson теорема. Оваа теорема тврди дека, секоја земја ќе го извезува оној производ, во чие производство интензивно се користи оној производствен фактор, кој таа земја го има во поголема количина. Значи, до меѓународната специјализација и надворешно трговските текови, се доаѓа поради тоа што помеѓу поедини земји постојат разлики во снабденоста со факторите на производството како: суровини, технологија, луѓе.

Земјите кои имаат малку капитал, а голема работна сила (неразвиени земји), ќе се ориентираат на оние видови на производни активности, за кои е потребно релативно малку капитал, а доста работа (на пример конфекција). Ќе извезуваат такви работно интензивни производи, а ќе увезуваат капитално интензивни производи (компјутери, автомобили), за чие производство се специјализираат земјите со изобилство на капитал. Најдобра позиција на пазарот ќе има онаа држава, која ќе може да го произведе определениот производ под најповолни услови. Заради тоа голем број на земји настојуваат да се специјализират за определено производство, за кое сметаат дека поседуваат конкурентска предност.

Бидејќи земјата А призведува одредени производи, а земја Б произведува други производи, има мислење дека со размената или трговијата доаѓа до постигнување на општа благосостојба во светот. Наместо земјата да се оптоварува со развивање на широк спектар на стопански активности, подобро е тие напори да се концентрираат во секторот каде веќе постои предност. Кога во тој сектор ќе се достигне максимум, тогаш се препорачува да се оди на освојување на друг сектор. Секоја земја настојува да се специјализира за производство на производи, кои може подобро и поевтино да ги произведе, за да може тие производи да ги замени за производи од друга земја. Некои производи се увезуваат затоа што матичната земја не може да ги произведува или затоа што другата земја ги произведува многу поевтино. Пример: Јапонија увезува нафта, бидејќи нема нафтени извори, додека САД увезува текстил, бидејќи производство на текстилот е поевтино во другите држави, каде вработените работат за пониски дневници или работат во лоши работни услови. Значи, меѓународната трговија и дозволува на една земја да се специјализира за производство на одредени производи, а да увезува други производи, кои поуспешно може да ги произведе друга земја.

Во оптек се и мислењата кои тврдат дека се јавува голема нерамноправност и експлоатација на едни држави од страна на други држави.

Изложените теории не дадоа потполни објаснувања за состојбата која постои во светското стопанство. Пример: Зошто САД се специјализирани за производството на компјутери, софтвери, филмови? Зошто Германија производува софистицирана техника, хемиска индустрија, луксузни автомобили? Зошто Јапонија произведува автомобили или електроника? Зошто Швајцарија произведува чоколади, лекови и има силни банки? Зошто Холандија произведува цвеќе?

Поради тоа, Michael Porter разви теорија, која се нарекува Теорија на националната конкурентска предност. Покрај факторите на природната предност, Porter ја истакнува важноста на факторите кои придонесуваат за развој на националните дијаманти, односно високопродуктивни и профитабилни индустриски гранки. Тоа се:

  1. Факторите на природните предности.
  2. Условите на побарувачката.
  3. Сродните и помошни индустрии.
  4. Стратегијата на компаниите, нивната структура и конкуренција.

При проверка на Heckscher – Ohlin – Samuelson теорија се установи еден парадокс, таканаречениот парадокс на Wassily Leontief. Пример: САД е земја со релативно изобилство на капитал, па би требало да извезува капиталноинтензивна стока, а да увезува трудовоинтензивна стока. Но, тоа не е така. Едно од можните објаснувања е дека САД имаат посебна предност во производството на нови производи, создадени со нови иновативни технологии.

Од 1970 год. доаѓа до надоградба на теориите, па настануваат нови согледувања дека, специјализацијата на земјите за одредено производство не е главен фактор кој придонесува за развој на една земја, туку тоа е Економијата на обемот. Со зголемениот економски обем на производството, се зголемува продуктивноста (бидејќи се зголемува искуството и рутината во производство), се намалуваат трошоците, подобро се искористуваат човечките и материјалните потенцијали, а како резултат на тоа ќе се намалат цените на производите и на услугите. Овие согледувања, во голема мерка го трасираа патот за развој на глобализацијата.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*