post

Претприемнички стратегии – Да ги погодите таму каде што не очекуваат

Претприемнички стратегии Продолжуваме со вториот дел од претприемнички стратегии. Во првиот дел од овие претприемнички стратегии стана збор за стратегијата да се биде прв и истовремено најдобар, денес ќе стане збор за друга стратегија наречена како да ги погодите таму каде што не очекуваат.

Да ги погодите таму каде не очекуваат е потполно различна претприемничка стратегија, дефинирана од друг генерал на Конфедерацијата во САД, кој кажал: “Погодете ги таму каде што не се јаки, сигурни”. Таа стратегија можела истовремено да се нарече креативна имитација или претприемничко џудо, бидејќи најголемата примена на оваа стратегија доаѓала од земјата на џудото – Јапонија која применувајки ги овие стратегии постигнала завидни резултати во екомномијата.

#1 Креативна имитација

Поимот креативна имитација е контрадикторен термин. Тоа што е креативно треба да е оригинално. Меѓутоа овој термин ја опишува стратегијата која претставува имитација. Тоа што претприемачот го работи, некој друг веќе го работел. Меѓутоа, сега таа работа на претприемачот е креативна, од причина што претприемачот, применувајќи ја стратегијата на креативна имитација, разбира што претставува иновацијата, подобро и од луѓето кои до неа дошле и ги користи за да профитира.

Слично на стратегијата да се биде прв, но истовремено и најдобар и стратегијата креативна имитација, има за цел освојување на водечки позиции на пазарот или во одредена индустрија, доколку не може да обезбеди и потполна доминација на тој пазар или во таа индустрија. Но, таа е многу помалку ризична од претходната.

Во времето кога ќе се појави компанијата креативен имитатор на пазарот, тој веќе е формиран и новото претпријатие може да биде прифатено од пазарот. Се случува на пазарот да постои поголема побарувачка отколку што може да задоволи оригиналниот иноватор.

Секако, може да се случи оригиналниот иноватор да ги затвори сите врати за креативна имитација и самиот да профитира. Креативната имитација не го експлоатира промашувањето на првиот иноватор, бидејќи првиот иноватор морал да биде успешен. Работата е во тоа што првите иноватори пропуштиле да го разберат успехот на своите нови конкуренти, креативните имитатори. Креативните имитатори го користат успехот што другите го оствариле, тие го гледаат производот или услугата од аспект на потрошувачите.

Креативната имитација го почнува својот поход на пазарот, а не од производот, како и од потрошувачот, а не од произведувачот. Таа е истовремено концентрирана на пазарот и пазарно е водена. Стратегијата на креативната имитација бара пазар кој остварува брз пораст. Креативните имитатори не остваруваат успех со тоа што ќе ги превземат купувачите од првиот иноватор. Тие всушност, го опслужуваат пазарот, кој првите иноватори го создале.

Практично, тие одат по патот што некој пред нив го трасирал. Креативната имитација ја задоволува побарувачката која веќе постои, а самата не ја создава таа побарувачка. Креативната имитација најдобро функционира во области на висока технологија, од причина што иноваторите во тие области најмалку сакаат да бидат концентрирани на производот, односно повеќе се концентрирани на развојот на самата технологија и самиот производ. Затоа тие покажуваат тенденција погрешно да го толкуваат својот сопствен успех на пазарот, односно со тоа ја пропуштат шансата да го експлоатират барањето на тој пазар кој самите го создале.

Кога се појавиле полупроводниците, во индустријата на часовници знаеле дека тие можат да се користат за погон на часовниците, како многу поточни посигурни и поевтини механизми од класичните механизми за движење на часовниците. Швајцарците набргу направиле дигитален часовник, кој се движел со помош на кварц. Претходно имале големи вложувања во традиционалното производство на часовници, па затоа се одлучиле за постепено воведување на кварцните часовници во подолг временски интервал, а дотогаш овие часовници планирале да бидат луксузна стока. Компанијата “Hatori” во Јапонија, веќе имала долга традиција со производството на конвенционални часовници на Јапонскиот пазар. Компанијата сега видела шанса и можност за креативна имитација во развојот на стандардни, не многу скапи, кварцни дигитални часовници. Додека Швајцарците се свестиле, веќе било доцна. ’SEIKO’ часовниците станале барана стока, така што ги исфрлиле швајцарците од трка.

#2 Претприемничко џудо

Претприемничкото џудо како и креативна имитација се термини кои се најчесто врзани за работење на јапонските претприемачи. Применувајќи ги овие две стратегии, тие остварија светски успех во работењето и ја обновија индустријата и стопанството на целата земја, која беше разорена во големи размери за време на војната. Карактеристика на претприемничкото џудо е спроведување на одлучна акција за создавање на условите за реализирање на бизнис потфати

Беловите лабаратории во 1947 год. го пронашле транзисторот. Станало јасно дека транзисторот ќе ја замени вакуумската цевка кај радиото и ТВ-приемниците, но никој ништо не превземал. Водечките произведувачи на радио и ТВ-приемници биле Американците. Тие почнале да ја проучуваат можноста за примена на транзистор. Предвидувале дека транзисторот ќе се применува некаде околу 1970 год.

Компанијата Sony во тоа време не била многу позната. Нејзиниот претседател Akio Morita прочитал во весниците за транзисторите. Отпатувал во САД и ја купил лиценцата за новиот производ на Беловата лабараторија за 25.000 $. Две години подоцна Sony ги изнел на пазарот првите портабл транзисторски радиоприемници, кои тежеле помалку за 1/5 од сличните радиоприемници со вакуумска цевка, а цената им била помала за 1/3 од цената на класичниот приемник.

Оваа претставува класичен пример за отфрлање на неочекуваниот успех. Американците ја отфрлиле оваа можност поради тоа што транзисторот не бил “тука пронајден”, односно не го пронашле водечките компании RCA и General Electric. Американците биле горди на своите радиоприемници, кои биле квалитетно изработени. Во споредба со нив, силиконските чипови се сметале како ниско ниво. Но, Јапонците оваа стратегија ја повториле со успех и кај ТВ-приемниците, кај дигиталниот часовник и кај рачните дигитрони.

Постојат пет вообичаени навики и однесувања, кои им овозможуваат на придојдените да го користат претприемничкото џудо и да се исфрлат на водечката положба на пазарот.

  • Првата таква навика е NIH (Not Invented Here – не е тука пронајдено). Ова е однесување, при кое компанијата е убедена дека нешто што е ново не може да биде и добро, па така доаѓа до одбивање на новиот пронајдок со презир.
  • Втората тенденција е “да се собере кајмак од пазарот”, односно да се оствари голем профит на еден негов сегмент за кратко време. Собирањето кајмак претставува нарушување на елементарни менаџерски и економски правила. Тоа секогаш се казнува со загуба на пазарот. Кога еднаш ќе се здобијат со таа навика, тие и понатаму ја практикуваат и со тоа стануваат цел на претприемничкото џудо.
  • Третата лоша навика уште повеќе ја слабее конкурентската способност на компанијата: верување во квалитетот. Квалитетен производ или услуга не е она што нејзиниот производител мисли дека е. Квалитетот е она што купувачот го добива и за што е спремен да плати. Производот не е квалитетен затоа што тешко се прави и затоа што чини скапо, како што мислат произведувачите. Купувачот го плаќа само онашто му е од корист и што за него претставува квалитет.
  • Четвртата лоша навика се премиумските цени. Премиумските цени се повик на конкуренција. Она што се гледа како поголем профит за лидерот на пазарот, всушност претставува надомест за придојдениот, кој може за неколку години да го исфрли лидерот од водечката положба и самиот да ја заземе. Премиумските цени наместо да бидат причина за радост, стануваат закана за компанијата.
  • Петта лоша навика е фирмата да оди на максимизирање, наместо да оди на оптимизирање. Како пазарот расте и се развива, тие настојуваат да го задоволат секој корисник одделно, но понудата содржи ист производ или услуга.

Останатите постови од овој серијал:

  1. Претприемнички стратегии – Да се биде прв, истовремено и најдобар
  2. Претприемнички стратегии – Еколошка ниша
  3. Претприемнички стратегии – Променети вредности и карактеристики

 

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*