post

Работни задачи на менаџерите – Дел 1

Генерација X и генерација Y

Работни задачи на менаџерите

Главна задача на менаџерите е, користејќи ги сите расположливи ресурси да остварат профит. Ресурсите со кои менаџерите работат се: луѓе, пари, суровини, машини, опрема, технологија, згради, имиџ, патенти, заштитен знак на компанијата или на производот.

Конкуренцијата помеѓу компаниите e огромна, па од менаџерите се бара висок степен на искористување на сите ресурси, за да се постигнат максимални резултати во работењето. Секоја акција на конкуренцијата и на владата може да има пресудно влијание за работењето на компанијата. Поради ова менаџерите, но и другите вработени секогаш внимаваат на секоја акција на конкуренцијата и спремат соодветен одговор.

Има области каде работењето на менаџерите не е директно врзано за остварување на профит (сметководство, управување со државни училишта). Во тие случаи менаџерите имаат задача да раководат со извршување на задачата на најдобар начин, обезбедувајќи ефективност и ефикасност во работењето. Голем број на истражувања, направени со цел да се согледат причините за пропаѓање на одредени бизниси, покажале дека најчесто бизнисите пропаѓат поради неизбалансирано дејствување на менаџерите врз целиот систем, недоволно знаење, недоволно искуство.

На пример, се форсира производството, а се запоставува продажбата, наплатата или некој друг сегмент од работењето. За да функционира целиот систем потребно е да функционираат сите негови делови и менаџмент и производство и маркетинг и финансии и сметководство и продажба и наплата.

Менаџерите покрај управување со луѓе и создавање на профит мора да задоволат разни, дури и спротивставени интереси.

Мора да ги задоволат барањата на газдите или акционерите, на деловните партнери, на вработените, на потрошувачите, на добавувачите, на владините претставници. Балансирањето помеѓу спротивните интереси, ги дели менаџерите на успешни и помалку успешни. Синдикатот претставува голема преговарачка сила и создава зголемен притисок врз менаџерите за поголеми дневници, подобри работни услови и поголемата партиципација во одлучување, па со нив мора континуирано да се преговара. Владината регулатива за работењето се зголемува, па менаџерот мора да вработи експерт за да ги спроведува правилата и прописите поставени од владата. Групите за заштита на околина се организирани во обид да го контролират можното загадување од индустријата. Групите за заштита на потрошувачите се организираат да го набљудуваат квалитетот на производите или услугите. Гласот на жените, малцинските права и расните права се повеќе доаѓат во прв план и менаџерот мора да внимава да не се замери со некоја активност или изјава на овие влијателни групи.

Менаџерите мора да примаат гости, да одат во посети, да присуствуваат на прослави, на заеднички ручеци, да даваат интервјуа, издаваат наредби, водат состаноци, пишуваат извештаи. Примањето гости, одењето на ручеци и сличните активности, само на изглед можат да бидат интересни. Но се поставува прашањето: Што да се прави ако наместо после работното време да одете дома, Вие мора да одите по ресторани? Колку време ќе трае ручекот? Што ако гостинот се напие? и ред други прашања кои фрлаат сенка на наизглед убавиот настан.

За да ги остварат овие задачи менаџерите мора да работат со и преку луѓе, насочувајќи ги и кординирајќи ги за да се остварат зададените задачи. Многу е важно менаџерите да ги разберат однесувањата на вработените во одредени ситуации, за да ги искористат тие однесувања. Доколку менаџерот правилно го разбере однесувањето, тогаш може полесно да управува со подредените. Постигнатите ефекти се поголеми доколку се користи и насочува силата на вработените, како што се насочува силата на рекатаво смерот на течение на реката, додека одењето спротивно од смерот на реката“ е тешко и исцрпувачки. За жал некогаш мора и да се оди спротивно, доколку се јават проблеми во работењето на компанијата.

За да ги реализираат овие барања менаџерите мора да поседуваат комуникациски способности, внимателно да го сослушаат соговорникот и јасно да ги излагаат своите и ставовите на компанијата. Како човек што шири информации, менаџерот треба да ги дисперзира своите сознанија и ставови врз различни соговорници. Треба да зборува, да објаснува и да толкува. Менаџерите остваруваат контакти со надредени, со подредени, со себе рамни, со купувачи, со добавувачи, со конкуренти, со владини представници, со деловни партнери, со пошироката јавност, па мора да знаат јасно да ги пренесат ставовите, наредбите, задолженијата. Менаџерите во основа мораат да комуницираат во рамките на својата компанија.

Во својот работен век, одејќи кон врвот, менаџерот мора да пројде различни нивоа. Во зависност на кое ниво се наоѓа, треба да создава меѓуконекцииски врски помеѓу различни менаџерски нивоа. Врска треба да се создава и помеѓу менаџерите и вработените внатре во компанијата. Во контактите со надредени треба да поднесат извештај, треба внимателно да слушаат наредби и задолженија, за да бидат во состојба да ги реализираат.

Во комуникација со менаџерите од исто менаџерско ниво, треба да разменуваат заеднички искуства, да ја зголемуваат социјализацијата и да ги зацврстуваат пријателските релации. Тоа се едни од предусловите за создавање успешен менаџерски тим. Во комуникацијата со подредените треба јасно да се презентираат работните задачи, ако е потребно и дополнително да се објаснат, за подредените да бидат во состојба да ги реализираат.

За да ги реализираат сите комуникацииски обврски, менаџерите се користат со вербалното и невербалното комуницирање.

Двата начини на комуникација подеднакво се користат, но вербалното комуницирање претставува директно пренесување на ставовите и наредбите, додека невербалното комуницирање повеќе индиректно ги пренесува ставовите на менаџерите.

Вербалното комуницирање може да се одвива во пишана и во усмена форма.

Пишаната комуникација остава трага во облик на документ, кој може да послужи во случај на спор или недоразбирање. Писмените упаства се во принцип, јасно искажана форма па подредените не можаат да бараат оправдување дека одредената задача не ја разбрале. Секогаш кога се донесуваат важни одлуки се настојува тоа да биде во пишана форма.

Усното комуницирање може да се одвива директно, преку телефон, преку разглас или преку интернет. Предноста е што се одвива побргу, што и другата страна може да учествува во дискусија, па можат директно да се појаснат недоразбирањата. Недостатоците на ваков начин на комуникација е што најчесто не остануват траги од комуникацијата (освен ако не се врши снимање, што е препорачливо), па подредениот некогаш може свесно да ги избегнува обврските, правдајќи се со недоволно разбирливи наредби. Некогаш може да дојде и до произволно и погрешно толкување на наредбите и со тоа да се јават грешки во спроведување на наредбите.

Невербалното комуницирање се одвива во вид на насмевка, муртење, прозевање, чешање, вртење на поглед, дигање на раменици, црвенило во лице, држење на тело во одредена позиција. Невербалното комуницирање егзистира и во секојдневното однесувања, но менаџерот може да го усоврши ова однесување за да постигне посакуван ефект врз други личности. Преку невербалното комуницирање може да се откријат намерите на соговорникот, дали е нервозен, дали се служи со лаги, дали е искрен, дали се брза. Менаџерот овие сигнали може да научи да ги толкува преку искуството стекнато од пракса, но добро е да се консултира и литература во која се објаснети типовите на невербалното комуницирање и нивното значење. Но и тука треба да се биде внимателен, бидејќи и соговорникот може да биде запознаен со пораките кои ги праќа невербалното комуницирање, па намерно може да праќа спротивни сигнали од она што чувствува.

Продолжува – Работни задачи на менаџерите – Дел 2.

About Илија Чубровиќ

Comments

  1. Иван says:

    Почитувани,

    Мислам дека главна задача на менаџерите е да остварат вредност за фирмата (сопствениците на капиталот), а не профит.
    Гледано сметководствено или од аспект на финансискиот менаџмент, профитот не ретставува мерило за доброто или лошото работење на фирмата. Една фирма може да оствари профит, но тој да биде изразантен преку побарувањата, а фирмата да не е способна да ги подмири своите тековни финансиски обврски поради недостаток на ликвида.
    Профитот во такво сценарио е нерелевантен, затоа што фирмата воопшто нема да биде способна да исплати дивиденда…

Speak Your Mind

*