
Бизнис план
Ова е втор месец од 8-те месеци за посебни теми од областа на претприемништвото. Имате 30 дена за да примените се што ќе научите од оваа тема која се однесува на бизнис планирање.
Бизнис планирање претставува бизнис процес, а не едноставна подготовка на документ кој се нарекува бизнис план.
Во изминатиов период од една година и повеќе, потрошив доста време во анализирање на бизнис планот или поточно процесот на бизнис планирање. Сето тоа го преточив во модул 2 од Премиум Претприемач.
Се може да стои, но не и времето, не и развојот на технологијата, не и човекот… Бизнисот е опкружен со постојани промени околу него. Тие промени влијаат и на самата внатрешност на бизнисот доколку можеме да го поделиме бизнисот на негов внатрешен и надворешен дел. Велам доколку можеме бидејќи новиот свет во кој живееме не познава граници или пак границите тешко можат да се забележат. Овие промени, кои секако имаат влијание го менуваат и начинот на самиот процес на бизнис планирање. Сега е најлесно да најдеме едн книга од пред 10 години за елементи на бизнис планот и да ја преведеме на македонски јазик. Но, претпоставките во таа книга се целосно променети во изминативе 10 години. Пред 10 години имаше интернет, но не беше толку распространет. Пред 10 години немавме толкав број на социјални медиуми. Пред 10 години, бизнис правилата беа јасни па така секој си ја наоѓаше сопствената улога во сопствениот регион. Но, денес тоа веќе не е така. Денес се потребни огромни промени. Промени од самиот корен на секој бизнис, промени од темелите на бизнисот.
Процес на бизнис планирање
Дали процес на планирање претставува бизнис план?
Мој одговор е не.
Бизнис планот како документ само претставува производ на процесот на бизнис планирање.
Замислете еден одмор. Дали го планирате одморот. Секако дека го планирате. Но, она што го планирате за Вашиот годишен одмор е нешто како следново:
- Кога ќе одите на одмор?
- Каде ќе одите?
- Колку пари можете да потрошите?
- Што ќе правите на одмор?
Аналогно на годишниот одмор процесот на бизнис планирање ќе го има следново:
- Временски период за кој се однесува планот.
- Каде сакаме да стигнеме со тој план? Ова се целите кои ќе треба да ги оствариме.
- Колку пари имаме, како ќе ги трошиме?
- Што се ќе правиме во тој период?
Првите две се всушност и најважните за секој процес на бизнис планирање. Тоа значи дека овој процес има временска рамка за која ќе се однесува и дека има цели односно описни елементи за тоа како ќе изгледа или каде ќе се позиционир нашиот бизнис. На сликата подолу е дадено значењето на процесот на бизнис планирање:

Бизнис планирање како процес
Како што можете да забележите од сликата процесот на бизнис планирање ни дава одговор на едно едноставно прашање: Како од каде што сум сега да стигнам таму каде што сакам.
Втора компонента која што сакам да ја соменам во процесот на бизнис планирање е подобрување.
Дали би планирале нешто да направите и со тоа нешто да бидете полоши. Мислам дека не постои човек, па ни претприемач кој ќе планира за да направи нешто лошо, нешто што нема да даде резултати, нешто што ќе не уништи. Ние таа способност за самоуништување ја немаме, барем кога стнува збор за самите нас. Затоа кога се наоѓате во процес на бизнис планирање секогаш имајте го на ум зборот подобрување или едноставно поставете си го следното прашање:
- Како ова може да се подобри?
Ако на почетокот кажав дека бизнис план како документ е производ на бизнис планирање, сега би сакал малку да го проширам тој мој исказ со активности кои треба да ги спроведеме за да стигнеме онаму каде што сакаме.
Не сакам да кажам дека секаков бизнис план може да биде производ на бизнис планирање, бидејќи бизнис план за во фиока не претставува процес на бизнис планирање. Тоа е исто како и да не сте планирале. Изгубено време!
Но, бизнис план со активности кои ќе се обврзете дека ќе ги спроведете и ги спроведете во дефинираниот рок претставува вистински производ на процес на бизнис планирање и секако самиот процес може да се окарактеризира како успешен.
Можеби со тие активности да не стигнете до посакуваната целна дестинација, но јас сепак процесот би го оквалификувал како успешен процес. Зошто? Едноставно затоа што сте успеале да ја научите првата и најважната лекција од претприемништвото – да го спроведувате она што сте го испланирале иако можеби имате грешки во планираното.
Ајде да тргнеме од спротивна насока. Сте направиле план. Имате активности. Но, не ги спроведете тие активности. Потоа ќе направите нов план со нови или пак веќе постоечки активности, кои повторно не сте ги спровеле. Како ќе знаете дали Вашиот процес на бизнис планирање е добар или лош, успешен или неуспешен. Како ќе знаете што ќе треба да подобрите во процесот на бизнис планирање. Никако! Единствено со спроведување на планираното и мерење на резултатите од истото, при што ќе се подобрува постојано самиот процес. Затоа и сметам дека тој процес кој нема да ве доведе до посакуваната цел е успешен процес. Сте спровеле и сте ја научиле грешката. А, наученото преку грешки тешко се заборава.

На сликата е претставен еден поедноставен процес на бизнис планирање. Во понатамошниот текс на овој прирачник ќе навлеземе подетално во сте овие фази на овој процес.
10 Грешки во процесот на бизнис планирање
На веб страната на Inc. магазинот прочитав напис за 10 грешки кои еден претприемач ги прави при подготовка на бизнис планот. Грешките кои Inc. ги издвојува се:
- Обид бизнис планот да ги задоволи сите страни.
- Здодевен бизнис план.
- Оптимистичко проектирање на големина на пазар.
- Недостаток на самодоверба за продажба на Вашите производи и услуги.
- Премногу повторување на исти работи.
- Премногу користење на стручни зборови.
- Немање на доволно докази.
- Презентирање без feedback.
- Разгледување на премногу перспективи и
- Игнорирање на конкуренцијата
Повеќе за овие грешки ќе можете да прочитате во постот: Топ 10 грешки кои еден претприемач ги прави во процес на бизнис планирање.
Опасности при бизнис планирање
Па кои се опасностите? Првин кој ме освести. Во тоа време започнав да читам материјали од Tim Berry основач на Palo Alto Software кој го изработува најдобриот софтвер за бизнис план – Business Plan Pro и неговата книга Планирај како што се движиш. Јас ја имав trial верзија и ги разгледав можностите кои навистина се импресивни но во моментов е корисен само за пазарот во САД и Канада бидејќи податоците кои ги користи се за тие земји. Прочитав за неговиот совет дека бизнис план може да биде во стилот со цртички и дека најважно е да се спроведуваат цртичките и да се ажурираат од време на време. Потоа коментирав на еден негов напис за бизнис план темплејти. Мојот коментар беше дека темплејтите кои постојано ги бараме само не одалечува од вистински бизнис план кој ќе го трасира патот на бизнисот до успехот. Од друга страна секој бизнис е различен и не може да користи темплејт на некој претходен. Може, но веќе тоа не е бизнис кој ќе се базира на уникатна идеја. Така да веќе бев свесен за недостатокот од формално-научните погледи на бизнис планот (Кои пак секако не е лошо да се знаат).
Ќе издвојам три опасности:
- Планирај го твојот бизнис план ако сакаш никогаш да не започнеш со бизнисот. Првин самата реченица кажува нешто неефикасно и неефективно. Зошто нешто двапати да се работи. Да планираш за да планираш!!!! Планирање како глагол претставува активност за подготовка на идните чекори активности. И вие ако планирате за да планирате и пак планирате за да планирате и планирате за да планирате… Опасен круг кој никогаш нема да заврши. Јас влетав во еден таков но за среќа се освестив.
- Премногу мислење одзема премногу време. Планирање бара мислење за она што ќе го изведеме утре. Доколку заглавиме во тоа мислење за утрешницата, таа утрешница ќе дојде и ќе треба повторно да мислиме за идна утрешница.
- Премногу планирање помала реализација. Постои опасност доколку изгубиме премногу време во планирање да го намалиме времето за релизација. Некој ќе каже доколку подобро ги испланираме чекорите за релизација ќе можеме помалку време да потрошиме во однос на самата реализација. Но оваа не е проста математика. Оваа е теорија на веројатност која се занимава со случајни настани. Едно нешто е сигурно, никогаш не можеме да бидеме сигурни 100% за она како ќе изгледа иднината. Доколку бизнис идејата е навистина вредна стартувајте не губете време бидејќи како што Вие имате некоја идеја во моментов така и некој друг има слична идеја на Вашата.
На крајот би додал неколку препораки наместо заклучоци за една ваква грешка:
- Во секој случај бизнис планот е потребен бидејќи е единствено средство кое бизнис потенцијалната енергија во самата бизнис идеја може да ја преточи во бизнис кинетичка енергија. Но, каков бизнис план ќе зависи од целта на самиот бизнис план.
- Избегнувајте темплејти. Имам доста темплејти кои сакав да ги објавам на претприемач. Но, моето лошо искуство ме спречи. Бидејќи никој не може да изработи подобар план од самиот претприемач.
- Бидете колку што можете повеќе конкретен во бизнис планот за да можете полесно да ги споредувате резултатите.
- Нека биде едноставен и разбирлив првенствено за Вас и вашите вработени. Сепак Вие сте единствените кои ќе се занимавате со неговата реализација.
- Формализирајте само доколку конкурирате за финансии од некоја финансиска институција или учествувате во некој бизнис план натпревар. И во еден таков случај кога ќе дојде време за реализација прилагодете го на Вашите потреби. Сепак Вие како претприемач сте центарот на Вашио бизнис.
- Користете едноставно MS Excel и MS Word бидејќи сеуште не може да се најде софтвер кој ќе не замени во планирање. Како што наведов тоа не е едноставна математичка функција.
- Бизнис планот нека Ви служи како патоказ за Вашето и движењето на Вашиот бизнис.
Па да преминеме на главното, кога веќе се знаете…
Што треба да содржи еден бизнис план? Подолу е дадена една структура на модерен бизнис план, а подетално се објаснети сите поднаслови во постовите до кои ќе ве одведат линковите.
- Бизнис План – Насловна Страна
- Бизнис План – Содржина и Резиме
- Бизнис План – Општо за Компанијата
- Бизнис План – Производи и/или Услуги
- Бизнис План – Анализа на пазарот и индустријата
- Бизнис План – SWOT Анализа
- Бизнис План – Онлајн Стратегија
- Бизнис План – Маркетинг Стратегија и Имплементација
- Бизнис План – Продажна Стратегија и Имплементација
- Бизнис План – Менаџмент
- Бизнис План – Финансии
- Бизнис План – Анекси
Ова се 12 елементи на еден бизнис план, кои се обидов да ги претставам како еден процес на планирање.
Ова е процес, не е нешто што започнува и завршува. Кога ќе заврши овој процес опишан во горенаведените наслови веднаш започнува имплементација, следење, мерење и подобрување. А, по завршување на временскиот период за кој се однесува бизнис планот започнува повторно истиот процес.
Се надевам дека во наредните 30 дена ќе имате изработено бизнис план, како би продолжиле со третата тема: Маркетинг.



