post

Бизнис план: Најдоброто на претприемач во 2009

Третата тема од серијалот за најдоброто на претприемач во 2009 година е за бизнис планот кој навистина беше доста застапен. Бизнис планот едноставно претставува патоказ за Вас како претприемач и за Вашиот бизнис. Со бизнис планот едноставно одговараме на прашањето кој пат ќе го избереме во следните 2, 3 или пак 5 години? И бизнис план претставува еден од бизнис елементите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на бизнисот и во исто време ја трансформираат бизнис потенцијалната енергија складирана во бизнис идејата во бизнис кинетичка енергија која всушност изведува работа. Таа работа го води бизнисот кон успешноста.

Во оваа листа на најдобри написи на претприемач за бизнис планот ќе се обидам да направам еден комплетен прирачник за сегашни и за идни претприемачи.

  1. Бизнис план – Сублимирање. Во овој напис едноставно се сублимирани сите наслови од бизнис планот. Тука се и линкови до упатствата за изработка на се кој од насловите на самиот бизнис план. Ова е таканаречениот формален бизнис план, кој мислам дека не претставува едноставен патоказ за Вас и вашиот бизнис туку форма барана од финансиски институции.
  2. Топ 10 Грешки Кои Еден Претприемач Ги Прави При Подготовка На Бизнис План. Пред да започнете со изработка и подготовка на Вашиот бизнис план прочитајте за 10-те грешки кои може да ги направите, за да едноставно не ги направите.
  3. Бизнис План – Опасности во Стилот Планирај го Твојот Бизнис План. Едноставно направете бизнис план кој ќе служи за Вас и Вашиот бизнис, а не за некој друг.
  4. Графичка презентација во бизнис ланот. Користете графичка презентација во која едноставно ќе се снаоѓате во иднината и која ќе овозможи компарација на реалноста со планираното.
  5. Бизнис план – алатка за комуникација, планирање и менаџмент. Користете го бзинис планот како една алатка за комуникација во Вашиот бизнис, но и како алатка за планирање и менаџмент во вашиот бизнис.

Она што повторно би го напоменал за бизнис плановите е дека се важни две работи:

  1. Содржината на бизнис планот – нека биде едноставен патоказ
  2. Обврзување кон бизнис планот – Подобро е и да не правите бизнис план доколку не се обврзете за негово спроведување.
post

Предвидување Како Помош за Претприемачот

Работата на секој претприемач е да го управува бизнисот во денешницата, додека во исто време да го подготвува за утрешницата.

Предвидување - Претприемач

Една од алатките за подобра подготовка е да се обиде на некој начин да ја предвиди иднината.

Затоа би започнал со еден серијал од неколку написи на претприемач кои ќе се однесуваат на предвидување.

Што претставува предвидување?

Доколку знам како ќе изгледа иднината ќе бидам подготвен за таа иднина.  Доколку можеме да видиме само во една секунда во иднината, нашиот живот ќе биде многу едноставен. Процесот кој може приближно да ни ги даде координатите за иднината се нарекува предвидување.

Наједноставно кажано предвидување претставува поглед во иднината или проценка на иднината, односно одговор на прашањето: Како ќе изгледа иднината?

Во случај на еден претприемач предвидувањето се однесува на тоа како ќе изгледа неговиот бизнис во иднината.

Постојат еден куп на статистички методологии кои може да бидат користени од страна на еден претприемач за предвидување на иднината врз база на историски податоци складирани во бизнис компјутерот или пак тефтерот (при рачно евидентирање).

Можеби досега сте користеле MS Excel да откриете колкав приход сте имале минатата година од продажбата и додавате некој процент како зголемување за да ја предвидите следната година. Како и да е, ова иако претставува еден вид на предвидување, сепак е погрешна техника. Погрешна бидејќи не се вклучуваат фактори од околината на бизнисот во самото предвидување.

Дали предвидувањето е губење на време за еден претприемач?

Имам прочитано многу различни мислења околу предвидување од страна на еден претприемач. Некои се дека е потребно, а некои се дека е едноставно губење на време.

Неколу пати имам прочитано и еден цитат кој вели:

Единствената сигурна работа околу предвидувањето е дека предвидувањето е секогаш погрешно.

Добро, предвидувањето на иднината не е едноставна задача и Вие како претприемач не можете да очекувате дека ќе имате 100% точност на она што сте го предвиделе. Но, вистинското прашање е:

Колкава е разликата помеѓу реалноста и она предвиденото? Дали е 10%, 20%, 50% или пак катастрофални 100%?

Можам да кажам само дека е корисно да се знае иднината. Но, еден претприемач ќе нема корист од предвидување доколку тоа предвидување ја промаши реалноста за 50% до 100%. Ваквите предвидувања се само губење на време кои ќе имаат драматични негативни ефекти врз претприемачот и бизнисот.

Друг фактор кој влијае на точноста на предвидувањето е временската рамка за која се однесува предвидувањето. Доколу Вие како претприемач предвидувате период од еден месец, предвидувањето ќе биде поточно во однос на предвидување за една година. Колку иднината е поблиску до нас, полесно ќе можеме да ја предвидиме.

Дали е полесно да се предвиди времето утре или после еден месец?

Доколку Вие како претприемач поминувате од едно предвидување во друго, ќе ги зголемите сопствените вештини за предвидување и секој нареден процес ќе биде поточен од претходниот. Ова значи дека Вашите вештини ќе го намалат тој процент на грешки или разлики помеѓу реалноста и предвиденото.

Основни елементи кои треба да се вклучат во предвидување

Пред да наведам три основни предвидувања кои Вие како претприемач ќе треба да ги спроведувате за Вашиот бизнис би сакал да наведам и неколку од повеќето фактори кои се значајни а кои ќе треба да ги вклучите во Вашето предвидување. Тие основни фактори се:

  • Општи бизнис услови во заедницата во која функционира бизнисот. За локален бизнис – локална заедница, за национален бизнис – национална заедница, додека за глобален бизнис – глобална заедница.
  • Конкурентски фактори. Што е тоа што ја прави конкурентноста на пазарот, односно кои фактори прават еден бизнис да биде поконкурентен во однос на друг?
  • Трендови на пазарот. Кои се трендовите во моментов на пазарот. Што се бара?
  • Маркетинг планови. Кои се плановите во однос на маркетингот за бизнисот воиднина?

Од овие фактори во голем дел зависи и иднината на бизнисот.

Основните три предвидувања кои секој претприемач би требало да ги спроведува се дадени подолу.

post

Топ 10 Грешки Кои Еден Претприемач Ги Прави При Подготовка На Бизнис План

На претприемач освен редовните написи кои се секојдневни одвреме навреме ќе прикажеме и коментар за некои интересни написи на други веб страни кои се занимаваат со проблематиката на претприемништвото.

На веб страната на Inc. магазинот пред една недела објавија напис за 10 грешки кои еден претприемач ги прави при подготовка на бизнис планот. Грешките кои Inc. ги издвојува се:

Бизнис план грешки

Грешка 1: Обид бизнис планот да ги задоволи сите страни.

Се однесува на тоа кога претприемачот се обидува бизнис планот да ги задоволи целиот аудиториум за бизнис планот како што се:

  • Самиот претприемач,
  • Финансиски институции
  • Вработени
  • Акционери
  • Потенцијални потрошувачи
  • Купувачи
  • итн.

Сконцентрирај се на еден модел на бизнис план и на негово вистинско спроведување.

Грешка 2: Здодевен бизнис план

Вообичаено првите неколку страни кажуваат дали бизнис планот е досаден или не. Тоа го напоменавме за резимето на бизнис планот и за насловната страна како едни од најважни страни за читателот на истиот да одлучи дали ќе продолжи со читање или не.

Грешка 3: Оптимистичко проектирање на големина на пазар

Оваа грешка ќе повлече грешки во сите други проекции опфатени во бизнис планот.

Грешка 4: Недостаток на самодоверба за продажба на Вашите производи и услуги

Дали има потреба да се коментира?

Грешка 5: Премногу повторување на себеси

Бизнис планот не треба да има двојни работи. За се што треба да се каже треба да биде опфатено само еднаш. Често се случува некоја реченица која звучи добро да се повторува.

Грешка 6: Премногу користење на стручни зборови

Обидете се да не користите премногу стручни зборови, или пак ако користите направете објаснување на терминот. Оној кој ќе го чита и ќе треба да одобри финансии за Вашиот бизнис не е експерт од Вашата индустрија.

Грешка 7: Недокажаност

Сите бројки и факти треба да бидат докажани и извлечени од доследни извори на информации, а не од обични претпоставки. Не користете зборови како околу, приближно, обично …

Грешка 8: Презентирање без feedback

Пред да го презентирате пред финансиските институции или пак пред комисија за наградување на бизнис планови, побарајте луѓе кои имаат искуство за да го проверат и да ви дадат добронамерни забелешки како би се избегнале некои грешки.

Грешка 9: Разгледување на премногу перспективи

Не замарајте со премногу ваши лични размислувања и погледи на иднината и работата на бизнисот.

Грешка 10: Игнорирање на конкуренцијата

Најлошо нешто за бизнис план за било каква намена (финансирање и водење на бизнисот). Секога имало, има и ќе има конкуренција за секаков бизнис. Бидете реални и не ја игнорирајте.

Неколку напомени за овие грешки

post

Бизнис План – Опасности во Стилот Планирај го Твојот Бизнис План

Овој наслов веќе го најавив во насловот Иновација како основа во Facebook во кој го коментирав накратко, односно ги претставив најважните работи од интервјуто со Mark Zuckerberg основачот и CEO на Facebook. Она како дел од тоа интервју е дека во Facebook немаат потреба, а ниту време за да пишуваат формални бизнис планови. Истото и јас го искусив во пракса. Иако, едно 10-тина години проучувам литература од претприемништвото каде се пропагира целосна формализација на бизнис планот, направив грешка пред неколку години кога започнував еден бизнис. Ваквата пропаганда која ја викам во стилот „Планирај го твојот бизнис план“ е целосно погрешна и можете да ја слушнете од луѓе кои никогаш сами не започнале сопствен бизнис или пак од луѓе кои премногу ја следат теоријата која иако не штети сепак во некои случаи е дијаметрално спротивставена со праксата.

Мое практично искуство

Кога го започнував тој бизнис имав бизнис идеја и седнав да напишам бизнис план и добро го напишав. Започнав нели по правилници за бизнис план. Изгледаше многу добар со различни графици во боја, анализи, табели итн. Си бев навистина горд на себеси за мојот успех во изработка на бизнис план. Но, при едно препрочитување сакав да го подобрам и извршив измена. Добро, сепак изгледа одличен. Инаку бизнис планот не ми беше потребен за некоја финансиска институција или за некој бизнис план натпревар за добивање на финансии, туку ми беше потребен како патоказ за развој на мојот нов бизнис во наредните 3 години. И добро сеуште не започнав со бизнисот целосно се насочив на еден уникатен бизнис план. Заборавив дека треба да престанам со сонување и да започнам со акција. Поминаа неколку месеци во кои секогаш наоѓав нешто да подобрам во бизнис планот а бизнисот не го започнував. Почнав да се нервирам заради тоа. И кога еден ден сфатив дека треба да го искинам тој план и дека мојот приод е сосем погрешен и заради него изгубив неколку месеци.

Првин седнав и направив нов бизнис план. Не изгледаше убаво со колор графици и наслови и содржини, резимеа итн. Но, со тој бизнис план го започнав бизнисот, работите се придвижија на напред. И по еден месец од тој нов бизнис план почнаа да пристигаат приходи во мојот џеб. Тој бизнис план беше едноставно составен од:

  • Активности кои треба да ги спроведам – така под цртички од прва до последна.
  • Што недостасува на пазарот – исто така цртички.
  • Колку пари имам и како ќе ги трошам.
  • Што ќе применам како маркетинг средства во првата и втората година во вид на стратегија – исто така под цртички.

Ова беше доволно и сега тој бизнис функционира и донесува приход.

Опасности  во стилот планирај го твојот бизнис план

Па кои се опасностите? Првин кој ме освести. Во тоа време започнав да читам материјали од Tim Berry основач на Palo Alto Software кој го изработува најдобриот софтвер за бизнис план – Business Plan Pro и неговата книга Планирај како што се движиш. Јас ја имав trial верзија и ги разгледав можностите кои навистина се импресивни но во моментов е корисен само за пазарот во САД и Канада бидејќи податоците кои ги користи се за тие земји. Прочитав за неговиот совет дека бизнис план може да биде во стилот со цртички и дека најважно е да се спроведуваат цртичките и да се ажурираат од време на време. Потоа коментирав на еден негов напис за бизнис план темплејти. Мојот коментар беше дека темплејтите кои постојано ги бараме само не оддалечува од вистински бизнис план кој ќе го трасира патот на бизнисот до успехот. Од друга страна секој бизнис е различен и не може да користи темплејт на некој претходен. Може, но веќе тоа не е бизнис кој ќе се базира на уникатна идеја. Така да веќе бев свесен за недостатокот од формално-научните погледи на бизнис планот (Кои пак секако не е лошо да се знаат).

Ќе издвојам три опасности:

  • Планирај го твојот бизнис план ако сакаш никогаш да не започнеш со бизнисот. Првин самата реченица кажува нешто неефикасно и неефективно. Зошто нешто двапати да се работи. Да планираш за да планираш!!!! Планирање како глагол претставува активност за подготовка на идните чекори активности. И вие ако планирате за да планирате и пак планирате за да планирате и планирате за да планирате… Опасен круг кој никогаш нема да заврши. Јас влетав во еден таков но за среќа се освестив.
  • Премногу мислење одзема премногу време. Планирање бара мислење за она што ќе го изведеме утре. Доколку заглавиме во тоа мислење за утрешницата, таа утрешница ќе дојде и ќе треба повторно да мислиме за идна утрешница.
  • Премногу планирање помала реализација. Постои опасност доколку изгубиме премногу време во планирање да го намалиме времето за релизација. Некој ќе каже доколку подобро ги испланираме чекорите за релизација ќе можеме помалку време да потрошиме во однос на самата реализација. Но оваа не е проста математика. Оваа е теорија на веројатност која се занимава со случајни настани. Едно нешто е сигурно, никогаш не можеме да бидеме сигурни 100% за она како ќе изгледа иднината. Доколку бизнис идејата е навистина вредна стартувајте не губете време бидејќи како што Вие имате некоја идеја во моментов така и некој друг има слична идеја на Вашата.

И за Крај Неколку Препораки Наместо Заклучок…

  • Во секој случај бизнис планот е потребен бидејќи е единствено средство кое бизнис потенцијалната енергија во самата бизнис идеја може да ја преточи во бизнис кинетичка енергија. Но, каков бизнис план ќе зависи од целта на самиот бизнис план.
  • Избегнувајте темплејти. Имам доста темплејти кои сакав да ги објавам на претприемач. Но, моето лошо искуство ме спречи. Бидејќи никој не може да изработи подобар план од самиот претприемач.
  • Бидете колку што можете повеќе конкретен во бизнис планот за да можете полесно да ги споредувате резултатите.
  • Нека биде едноставен и разбирлив првенствено за Вас и вашите вработени. Сепак Вие сте единствените кои ќе се занимавате со неговата реализација.
  • Формализирајте само доколку конкурирате за финансии од некоја финансиска институција или учествувате во некој бизнис план натпревар. И во еден таков случај кога ќе дојде време за реализација прилагодете го на Вашите потреби. Сепак Вие како претприемач сте центарот на Вашио бизнис.
  • Користете едноставно MS Excel и MS Word бидејќи сеуште не може да се најде софтвер кој ќе не замени во планирање. Како што наведов тоа не е едноставна математичка функција.
  • Бизнис планот нека Ви служи како патоказ за Вашето и движењето на Вашиот бизнис.

Слика од abductit под Creative Commons – Attribution

post

БИЗНИС ПЛАН – СУБЛИМИРАЊЕ

BPl copy Во претходните неколку месеци дел по дел објавувавме упатства за изработка на бизнис планот. Бизнис планот е основата за претворање на Вашата бизнис идеја во реален бизнис. Дали ќе биде успешен или не ќе зависи од активностите што сте си ги поставиле во бизнис планот.

Во неколку блог написи до сега повторувам дека не е важна формата на бизнис планот. Таа може да биде и на една обична салфетка која ја имате при рака додека седите во кафеана каде креативноста Ви е зголемена и за да не заборавите пишувате во вид на точки на активности кои треба да ги изведете во наредниот период.

Вака се одвиваа работите при презентација на упатствата за изработка на бизнис планот:

  1. Започнавме со изработка на насловна страна. Можеби звучи глупаво и неважно, но препорачувам да започнете со изработка на овој елемент поради тоа што:
    • Ова е првата страна што ќе биде видлива за секој бизнис план
    • Ќе ве поттикне да продолжите со понатамошнат изработка бидејќи веќе сте почнале. За секоја работа најтешко е да се почне, но кога ќе се почне се се одвива како подмачкано.
    • Бидејќи изработката е едноставна во текот на изработката ќе ви се зголеми креативноста за изработка на наредните елементи.
  2. Откако завршивме со насловната страна преминавме на изработка на елементите резиме и содржина. Не, само ги поставивме насловите, а на крајот откако ќе завршиме со останатите елементи ќе ги пополниме овие елементи.
  3. Па потоа почнавме да пишуваме нешто општо за нашата нова компанија или бизнис. Тука опфативме за сопственичката структура, правна форма на бизнисот, нешто околу можните трошоци и локацијата.
  4. Откако ги дефиниравме општите работи за бизнисот тргнавме да ги опишуваме нашите производи и/или услуги кои бизнисот ќе ги понуди на пазарот.
  5. Сега веќе кога ги имаме дефинирано производите и/или услугите ќе можеме да спроведеме анализа на пазарот и индустријата. Веќе со овој елемент ќе имаме солидни показатели во каква состојба се наоѓа индустријата и пазарот и какви ќе бидат во иднина. Запомнете дека додека го изведувате овој елемент може да се случи и промена на нешто што досега сте го напишале. Сепак во бизнисот закон е пазарот и индустријата и доколку бара промена на производите и/или услугите слободно променете ги за да бидат во согласност со овој елемент од бизнис планот.
  6. Е сега ги знаеме нашите производи и/или услуги, го познаваме пазарот и индустријата и ќе можеме да ги дефинираме нашите стратегии за понатамошно дејствување. Тука ќе размислуваме и ќе пишуваме за две важни стратегии:
    • Маркетинг стратегија и
    • Продажна стратегија
  7. Откако ги имаме дефинирано стратегиите ќе можеме да размислуваме за имплементацијата. Со овој елемент на бизнис планот ќе добиеме една интересна табела за активностите кои ќе треба да ги спроведуваме во периодот за кој се однесува бизнис планот. Во голем дел успешноста на бизнисот ќе зависи од:
    • Видот на активностите кои сме си ги поставиле и од
    • Навремено комплетирање на овие активности
  8. Сега е пожелно малу да размислиме за нашиот маркетинг план односно планот како да привлечеме колку што може повеќе потенцијални потрошувачи во нашата продажна инка.
  9. И на ред е менаџментот каде ќе ги дефинираме организациската структура, клучните менаџерски луѓе и ќе размислиме малку за можните слабости на менаџерскиот тим.
  10. Откако ги дефиниравме сите претходни елементи можеме да се играме малку со бројки претворени во пари. Ова се финансии еден од најтешките и најболните елементи на бизнис планот.
  11. Иако последна не и неважна SWOT анализа ќе ја изведеме сега и која ќе ни каже кои се нашите јаки и слаби страни, а кои ни се можностите и заканите.

Но, стигнавме до 11, а велам 13 елементи на бизнис планот? О, да резимето и содржината се впишани во едно, па така се 12 елементи. И секако, маркетинг и продажна стратегија како посебни елементи стануваат 13 основни елементи на секој бизнис план. Следете ги упатствата и ќе имате добар бизнис план. Следете ја имлементацијата и корегирајте го од време на време и ќе имате успешен бизнис.

post

БИЗНИС ПЛАН – ГРАФИЧКА ПРЕЗЕНТАЦИЈА

Бизнис планот претставува трасер на патот кон успехот на еден бизнис. Но, доколку бизнис планот не е реално изработен нема ни да вреди ниту да му помогне на претприемачот да го постигне зацртаниот план. Веќе неколку пати пишувавме дека бизнис планот може да биде едноставно како чек листа за она што треба да се направи, и за почеток тоа е доволно. Но, за да се отиде малку во иднината (бидејќи бизнис планот би требало да го исцрта патот на движење на бизнисот за 3 или 5 години) ќе мора да се опфатат и повеќе елементи од самата листа на задачи.

Бизнис планот мора да користи графички презентации за да бидат лесно воочливи тековните и идните карактеристики на бизнисот во елементот од бизнис планот. Зошто мора графичка презентација? Еве некои од причини:

  • Вашиот бизнис план во текот на периодот за кој се однесува ќе го отварате повеќе пати. Доколку морате да читате текст за да најдете каква проекција има приходот за тековната година ќе изгубите повеќе време отколку кога ќе видите во графикот за проекција на приходи по години. Истото ова се однесува и на движењето на профитот и на движењето на маржата.
  • Постои изрека која вели дека една слика менува илјада зборови. Значи на еден график од половина страна од А4 формат хартија можете да ги претставите најважните елементи на бизнисот за повеќе години.
  • Доколку Вашиот бизнис план ќе се користи за добивање на финансиски средства од банки или инвеститори тие нема да го читаат целиот бла бла бла план. Тие првин ќе ги погледнат графиците за приходи, маржа, профит, готовински тек… Доколку не бидат импресионирани во тој момент воопшто нема да го читаат текстуалниот дел за да видат која е идејата. Значи Вашата идеја за инвеститори не е важна туку планираните и предвидените резултати.

Ова се само три причини за потреба од графичка презентација кои се најважни за комплетирање на бизнис планот. Но, за кои елементи треба да се подготви графичка презентација? Следниве се основните елементи кои треба да се нагласат со графичка презентација:

  • Проекции на продажба
  • Бруто маржа
  • Проекции на приход
  • Проекции на трошоци
  • Проекции на профит

Внимавајте, ова се елементите на кои се мери успешноста на бизнисот, па и на бизнис плано по завршување на периодот за кој се однесува овој бизнис план. Немојте ниту да ги потцените ниту да ги прецените проекциите. Обидете се да ги направите колку што може пореално.

post

БИЗНИС ПЛАН – АЛАТКА ЗА КОМУНИКАЦИЈА, ПЛАНИРАЊЕ И МЕНАЏМЕНТ

Бизнис планот е основна водилка на секој бизнис. Бизнис планот е елемент на бизнисот што и ја зајакнува потенцијалната енергија на севкупниот бизнис и ја претвора таа потенцијална енергија во кинетичка енергија, а тоа е успешен бизнис. Зошто во однос на потенцијалната енергија бизнис планот се јавува и како средство за зголемување на потенцијалната енергија и како средство кое ја трансформира таа потенцијална енергија во кинетичка енергија? Сега ќе го претставиме одговорот на оваа прашање:

  • Бизнис план како билдер на потенцијална енергија. Секоја подготовка на бизнис план бара разгледување на тековните аспекти на бизнисот како и разгледување на идни (можни) бизнис аспекти. Ова се однесува на било каква форма на бизнис план (листа на работи кои треба да се завршат или пак сеопфатен бизнис план по ПС). На ваков начин ќе се разгледаат аспектите кои може да се подобрат (да им се зголеми потенцијалната енергија). Од друга страна бизнис планот дава временска рамка на некои активности и му овозможува на менаџментот да ги следи тие активности и да превзема корективни акции за да се зголеми потенцијалната енергија на бизнисот. Од трета пак страна, преку бизнис план се овозможува комуникација со финансиски институции и потенцијални инвеститори што може да доведе до прилив на свежи финансии со што во добар дел ќе се зголеми тековната потенцијална енергија.
  • Бизнис план како трансформатор на потенцијална во кинетичка енергија. Секој бизнис започува со бизнис идеја. За да таа бизнис идеја постане вистински бизнис се ставаат на хартија и идејата и планираните активности и спроведените анализи како и предвидувања. На ваков начин потенцијалот на бизнис идејата се трансформира во вистински бизнис. Временската рамка за изведување на некои активности и увидот на претприемачите и менаџерите во реализираното и сеуште нереализирано дава надеж дека се ќе биде завршено како што е планирано, а со тоа и бизнисот ќе постигне нешто (ќе заврши некоја работа – кинетичка енергија).

Може да забележиме дека бизнис планот не е само алатка за планирање, туку многу повеќе од тоа. Бизнисо планот е:

  1. Алатка за планирање
  2. Алатка за комуникација и тоа со потенцијални инвеститори и финансиски институции, помеѓу менаџментот и вработените, и помеѓу она што не е сработени и она што треба да се сработи.
  3. Менаџмент алатка за следење на прогресот на бизнисот.
post

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ЦЕЛИ

Само како една претстава со што се занимаваат политичарите во САД во време на рецесија.

Пред некој ден новоизбраниот претседател на САД Барак Обама го предупреди конгресот да дејствува побрзо во однос на мерките за стимулација на економијата како што е кратење на даноците и инфузија на 800 милијарди долари во економијата или да се соочат со последиците дека рецесијата ќе трае навистина долго.

Новоизбраниот претседател најави дека неговата цел е:

  1. За двојно да го зголеми производството на алтернативна енергија во наредните 3 години
  2. Да ги компјутеризира сите медицински записи во државата во наредните 5 години
  3. Да модернизира 75% од федералните згради
  4. Да ја подобри енергетската ефикасност во 2 милиони домови
  5. ИТН…

Што може да се види во неговите цели?

Прво сите се конкретни и користат бројки. Двојно зголемување, сите медицински записи, 75% од федерални згради, 2 милиони домови. Ова се долгорочни цели кои преку подобра енергетска економија, поефикасен здравствен систем, подобро едуцирани деца на долги стази ќе го направат САД поконкурентен.

Но како е кај нас?

Искористеност на алтернативните извори на енергија на ниско ниво. Сеуште енергетскиот капацитет на Македонија зависи од термоелектраните и увозот на електрична енергија. Но, сепак мора да признаеме во последниве неколку години почнавме да размислуваме и за оваа прашање.

Компјутеризација на здравство не е ни започната. Рецепти за лекови сеуште се исти како и пред 20 години, здравствени книшки не се на картичка туку во вид на тетратка. Да одиш на преглед кај специјалист треба упат од матичен, па специјалистот ти пишува кои лекови треба да ги набавиш, потоа одиш кај матичен за рецепти па дури тогаш во аптека да ги набавиш лековите. Кај е тука ефикасноста?