post

Како да ги постигнeте сите крупни цели

Дали некогаш сте имале искуство со поставување на крупни цели како што се реализирање на голем сон, заработка на милиони, седмоцифрен раст на вашиот бизнис…?

крупни цели со мали чекори

Доколку сте имале искуство со поставување на такви крупни цели сигурно знаете колку е фрустрирачка нивната реализација, односно нивното постигнување, особено поради фактот што тие не може да се постигнат утре, следна недела или следен месец.

Тука ќе навлезам малку во еден мини процес кој може да ви помогне во зголемување на вашата истрајност, но и упорност кога станува збор за тие цели како такви, бидејќи сепак, целите постојат за да се постигнат, а не само за да постојат.

Напомена: Овој пост е транскрипт од видеото насловено како Kaizen промени за постигнување на крупни цели. Повеќе видео материјали од претприемач можете да погледате на страната претприемач видео или нa YouTube каналот на претприемач.

1. Што сакате да постигнете?

За да си помогнете себеси во реализација на вашите најголеми соништа мора да си поставите определени цели, односно да одговорите на прашањето „кои се вашите големи цели? Едноставно поставете една листа на такви цели која може да варира од една до неколку без разлика дали станува збор за личен или професионален живот.

На пример, што сакате да постигнете во однос на вашето лично здравје, или пак вашето семејство, или пак кои се вашите лични финансиски цели. Кога станува збор за професионални цели тие може да бидат зголемување на приход, или пак зголемување на профит или пак било што друго што ќе биде дел од вашиот бизнис.

2. Крупни цели не се постигнуваат за еден ден

Второ, крупните цели не се постигнуваат за еден ден, тоа е факт, нема бегање. Можеби имате цел да заработите еден милион евра и започнувате да работите на таа ваша цел, но сепак големиот дел на луѓе со ваква цел не ја постигнува поради една единствена причина, се откажуваат кога ќе видат дека не е лесно да се реализира, особено кога не постои соодветен план кој ќе содржи и прогрес кон реализација на таа цел.

На пример, за да заработите милион евра ќе треба да продадете толку и толку производи со што ќе имате толку и толку приходи и кога ќе ги одбиете трошоците и даноците ќе ви остане толку и толку профит. Доколку сега продавате определ износ на тие производи лесно ќе можете да пресметате како ќе треба да ја зголемувате продажбата. Но, продажбата не може да има толкав раст уште од утре, ќе морате да работите на разни подобрувања кои полека но сигурно ќе ја зголемуваат продажбата. Ќе забележите дека можеби ќе ви требаат и неколку години за реализација на таквата цел што ќе бара постојани промени како на ваше лично однесување така и на процесите во вашиот бизнис.

Тоа значи, дека прво нешто што ќе треба да го направите е да започнете со имплементација на планот со што ќе обезбедите мали, но сигурни победи секојдневно што значи и постојано доближување до поставената цел. Едноставно, потребни ви се сосема нови навики.

3. Мора да започнете и тоа со најмалиот можен чекор.

Трет важен елемент во процесот е започнувањето, но не започнување со крупни невозможни чекори кон реализација на целта, од кои лесно може да се падне, туку со мали едноставни чекори кои иако не претставуваат забележителен прогрес кон целта, сепак сте се помрднале од сегашната позиција.

Првиот чекор кон заработка на милион евра е да заработите 100 денари, па илјада денари, па 100 евра итн.

Првиот чекор во оставање на цигари е намалување на само една цигара дневно, со што во следните недели или месец наместо 20 ќе се пушат 19.

Првиот чекор во намалување на телесна тежина е да започнете со кратки секојдневни прошетки од 15 до 30 минути.

Едноставно, запрашајте се кој е најмалиот можен чекор кој можете да го преземете секој ден за да го приближите вашиот бизнис, или пак вашиот личен живот до целта која сакате да ја постигнете.

4. Фокус не е на резултати туку на матрица, нови навики, ново секојдневие…

И последниот елемент од процесов, односно последниот совет е вашиот фокус, кој не треба да биде на резултатите, туку на матрицата која ја создавате, новите навики кои ги имплементирате, новото секојдневие кое го живеете.

Некаде го имам слушнато терминот „гравитација” и целосно се согласувам со тој термин кога станува збор за тековни навики кои едноставно тежнеат по секоја промена или обид за имплементација на нови навики да не вратат во почетната позиција.

Доколку се фокусирате само на резултатите, особено во почетната фаза на имплементација на промени кои ќе доведат до прогрес во реализација на вашите големи цели, едноставно може да дојде до разочарување. Затоа е многу важно во тие фази фокусот да не бидат резултатите, туку борбата со гравитација, односно со тековните навики кои се борат за да опстојат, да не дозволат новите навики да станат вистински навики.

Тоа е едноставно борба со отпорот кој што постои кај вас самите.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*