post

Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 5

Развој на менаџментот

Развој на менаџментот

Ова ќе биде последниот пост кој ќе содржи историја од насловот на овој серијал. Од наредните постови како дел од овој серијал ќе се насочима на она што е денес актуелно. Ќе продолжиме со четвртото продолжение од серијалот за развој на менаџментот низ историјата и денес. Во претходните три дела (дел 1дел 2дел 3, дел 4) ги поминавме принципите на научен менаџмент на   Frederick Taylor и експериментите на   Hawthorne, индустриска психологија, социотехнички системи, организациски развој, KAIZEN, TQM, менаџерска решетка и Lean менаџмент. Во овој четврт дел ќе продолжиме со:

  • BPR – реинженеринг на деловен процес и
  • Фрактална филозофија

BPR – реинженеринг на деловен процес

Оваа филозофија изворно се нарекува Business Process Reengineering – BPR (реинженеринг на деловниот процес) но во нашето понатамошно излагање поради пократко пишување ќе пишуваме само реинженеринг.

Не може да се бараат  творците на оваа филозофија затоа што уште пред да го добие ова име, таа се користела од некои компании. Но, доколку е потребно да се издвојат творците, кои што за првпат ја именувале и образложиле оваа филозофија би ги издвоиле Michael Hammer и James Champy кои во почетокот на 90-тите години од минатиот век го разработиле концептот и ја развиле методологијата на примена на оваа  филозофија во нивното дело Reengineering the Corporation – A Manifesto for Business Revolution (Реинженеринг на корпорацијата – манифест за бизнис револуција).

Основниот концепт за оваа филозофија кај овие автори се родил во почетокот на 80-тите години од минатиот век кога забележале како неколку компании драматично ги подобриле своите перформанси во повеќе подрачја на нивниот бизнис преку радикални промени на работните процеси кои ги изведувале. Во текот на десетгодишно проучување на овие радикални промени кои даваат драматични резултати Champy и Hammer развиле одредени процедури за изведување на тие промени на кои што им дале име, односно business reengineering. Подоцна оваа филозофија стана хит на 90-тите години од минатиот век.

Ако инженерингот или инженерството претставува примена на науката во дизајнирање, градење и користење на техничките системи, тогаш инженерингот на деловниот процес се однесува на организациските системи. Бидејќи ре– претставува латински предмет кој во сложенки означува назад, повторно, пак, уште еднаш, реинженерингот ќе значи повторно дизајнирање, градење и користење на организациските системи. Ова значи дека реинженерингот се однесува на градење на нови темели на бизнисот. Но, дали на некоја постоечка куќа можеме да почнеме да градиме нови темели? Секако дека одговорот ќе биде дека куќата треба прво да се сруши и да се изгради нова на нови посилни темели. Можеби звучи чудно тоа да целиот бизнис кој веќе е изграден да се сруши и повторно да се гради од почеток. Состојбата во повеќето организации, а особено кај нас бара токму таков процес, што е резултат на влошените состојби во истите, односно појава на губење на пазари, неможност за освојување на нови пазари, лоши финансиски резултати итн.

Сега ќе претставиме една формална дефиниција која е презентирана од страна на Michael Hammer и James Champy. Тие даваат една кратка и една посложена дефиниција. Кратката дефиниција што ја даваат овие автори вели дека:

реинженерингот претставува повторно започнување.

За оваа дефиниција велат дека е добра за првично разбирање на поимот, но од друга страна не е доволна за луѓето кои сакаат да спроведат такво нешто во сопствените организации. Затоа како формална дефиниција за реинженерингот ја даваат следнава:

Реинженеринг претставува фундаментална разработка и радикален редизајн на деловниот процес за да се постигнат драматични подобрувања во критичните показатели на перформансите, како што се трошоците, квалитетот, услугата и брзината.

За разлика од KAIZEN каде што идеите за подобрување доаѓаат од сите хиерархиски нивоа, при реинженерингот тоа е задача на тимот кој е одговорен за планирање и спроведување на истиот. Членовите на овој тим треба да имаат различни вештини и способности за секој понатамошен чекор во реинженерингот. Овој тим има за задача да изврши анализа за потребата од реинженеринг, потоа ги дизајнира промените кои треба да се спроведат и го планира имплементирањето на истите за да на крајот го следи и евалуира процесот на имплементацијата.

Фрактална филозофија

Фракталната филозофија, фрактална фабрика или компанија како што може да се сретне во литературата како појава своите зачетоци ги има во Теоријата на фрактална геометрија откриена од математичарот Benoit Mandelbrot во 1975 година. Оваа теорија го решава проблемот на анализирање и опишување на геометриски тела во повеќедимензионален простор. Зборот фрактал доаѓа од латинскиот збор fractus кој значи скршено, фрагментирано. Објектите кои што ги опишува и анализира оваа теорија се наречени фрактали, односно неправилни површини кои што се наоѓаат во природата насекаде околу нас. Со помош на Питагоровата теорема можно е да се опише правоаголен триаголник, но објектите кои се наоѓаат во природата тешко дека сите имаат форма на правоаголен триаголник. Пример на една ваква неправилна површина може да биде скршен камен кој што има доста комплексна површина. Тука се поставува прашањето каква геометриска формула треба да постои за да се опише оваа површина. Овој камен пак може да личи на една минијатурна планина од која што и е изваден тој камен. Значи фракталите се самослични, што претставува и една од карактеристиките на оваа теорија.

Може да се постави прашањето каква примена би имала оваа теорија во организациските системи кои како што знаеме се вештачки системи составени од технички и природни системи, како и комплексни системи. Тие имаат своја структура, која што колку е покомплексен организацискиот систем толку и структурата е покомплексна, односно обликот и формата на организациската структура станува покомплексна. Динамичното окружување на денешните корпорации при сé поголема глобализација на пазарот не дозволуваат компаниите да се потпрат на едноставни структури кои се бавни при промените, туку бара такви структури кои ќе бидат спремни да одговорат на сите предизвици кои доаѓаат од променливата околина на компанијата. Токму поради оваа комплексност на организациските системи оваа теорија на фрактална геометрија откриена од Mandelbrot може да најде широка примена во организацискиот живот.

Во 1992, Професор Warnecke, претседател на Fraunhofer-Institute for Manufacturing Engineering and Automation vo Stuttgart го развил концептот за “Фрактална фабрика”. Овој концепт всушност претставува соодветен одговор на јапонските и американските менаџмент филозофии, но прилагоден согласно окружувањето на организациите кои што се во Европа. Целта на овој концепт е да се развие такво претпријатие кое ќе се прилагоди на сите промени кои дооаѓаат од околината со претпоставка дека компаниите се живи организми со огромен потенцијал на вработените кој треба на вистински начин да биде искористен. Овој концепт на “Фрактална фабрика” подоцна наоѓа примена и во неиндустриските подрачја.

Фракталната филозофија како што ни кажува и самиот збор ја разгледува организацијата како состав на повеќе елементи кои се наречени фрактали. Целта на едно вакво разгледување е да може во секој момент преку фракталот да се огледа целата структура. Секој од овие фрактали се организациски ентитети кои работат независно едни од други но имаат голема сличност едни со други, бидејќи секој на секого врши одредена услуга. Оттука и доаѓа карактеристиката на самосличност која ја користи оваа филозофија. Помеѓу фракталите и во самите фрактали се воспоставува една таква врска во која што сите добри идеи може да се имплементираат без разлика од кај доаѓаат, што доведува до процес на континуирано подобрување на работењето и во самите фрактали и на целиот организациски систем. Ова е поради карактеристиките на самоорганизирање и самооптимизирање. Целите на фракталите се интегрираат во целите на целиот организациски систем, односно целите на фракталите служат како начин на исполнување на целите на компанијата. Ова е четвртата карактеристика на фракталите – ориентација кон целите. Значи целите на фракталот се подцели на целите на целата компанија, со што се избегнува спротивставеност на целите помеѓу самите единици и со целите на компанијата.

Поради тоа што фракталите се помали независни ентитети во состав на компанијата, тие многу лесно се приспособуваат кон промените во окружувањето, што е резултат на динамичната карактеристика на фракталот. Кога структурата во самиот фрактал нема да одговара на новите барања и услови таа се менува, а со тоа се јавува потреба од промени во сите фрактали во една корпорација, што пак доведува до промени на целата структура на организацискиот систем. Ова претставува една од најважните карактеристики на фракталите, бидејќи овозможува брзи иновациии во рамките на самите фрактали, а со тоа и иновации во целата корпорација.

Фракталната филозофија е еден интегриран приод кој ја дели организацијата на посебни ентитети кои работат независни едни од други (можат дури и целосно да се одвојат од неа), а чии цели и перформанси можат прецизно да бидат опишани врз база на наведените основни карактеристики на тие фрактали.

Сетовите на Mandelbrot прикажуваат самосличност не заради тоа што даваат подетална слика на поситните нивоа туку поради тоа што даваат детали со одредена константна симетричност иако тие сетови не се идентични. Во математиката еден објект се вели дека е самосличен доколку тој има “груба” сличност во однос на било која карактеристика. Објектите не треба да имаат точно иста структура на сите скали, но ист тип на структури мора да се појавува на сите скали.

Оваа карактеристика на самосличност во организациските системи не се однесува само на структурата на фракталите, туку се однесува на сличноста на целите помеѓу фракталите. Како во фракталната геометрија одредена фигура има карактеристика на самосличност доколку може да се подели на помали и помали делови кои личат на целината но имаат различна големина така и во концептот на Фрактална фабрика секој фрактал мора самиот да биде во одреден степен посебна фрактална фабрика.

Самосличност на фрактали

Самосличност на фрактали

Ова значи дека можат да постојат само слични но никогаш идентични структури на различни фрактали како на примерот од сликата подолу.

Слични но не исти

Слични но не исти

Треба да напоменеме дека не мора да значи дека фракталот ќе остане како дел од фабриката, туку може да стане целосно независен, така што ќе се формира мрежа од компании кои се поврзани меѓу себе и кои ќе се разгледуваат како фрактали. Со вака поставените работи ќе се дојде до децентрализација во фабриката и нема да постои монопол врз одредени ресурси на еден фрактал во однос на друг.

Карактеристиката која им допушта на фракталите да имаат слобода во организирање и изведување на задачите се нарекува самоорганизирање. Фракталите поседуваат одреден степен на слобода во дејствување и во процесот на донесување на одлуки така што се поттикнуваат самите да го изберат начинот на кој што ќе манипулираат со ресурсите на таков начин што ќе произведуваат производи и услуги во насока на исполнување на поставените цели.

Поради тоа што денес компаниите работат во таква средина која што влијае на безброј начини на нејзиното работење, а тоа влијание може да има огромни последици, тие треба да се прилагодуваат кон тоа влијание. Времето за кое компанијата ќе го стори тоа е многу важно за продолжување на успешното работење. Затоа концептот на Фракталната фабрика им дава карактеристика на самооптимизација на фракталите. Со оваа карактеристика на фракталите се добива континуитет во оптимално работење на целата компанија поради фактот што секој фрактал без разлика од кое ниво на сегментирање на компанијата се наоѓа врши соодветна оптимизација на работењето согласно своите потреби не заборавајќи ги притоа целите кои треба да се исполнат на глобално ниво.

Можеме да заклучиме дека фракталите самите се организираат и оптимизираат, што претпоставува дека овие активности се одвиваат од долу према нагоре. Овие карактеристики доведуваат до континуирано подобрување и тоа во вистински моменти поради тоа што секој фрактал тргнувајќи од најситниот па сî до целата фрактална фабрика дава одреден придонес за начинот на организирање и оптимизирање на работењето.

Целите на фракталите претставуваат главен фактор кој управува со нив. Затоа сите фрактали ја имаат карактеристиката на ориентација кон целите, односно ориентација кон исполнување на целите кои се поставени пред самиот фрактал, а со тоа и исполнување на целите на целиот организациски систем. Но тука главното прашање кое се поставува е како да се определат целите, дали тие едноставно можат да им се наметнат на фракталите. Вистинскиот начин за поставување на целите е преку координација на фракталите. Секој фрактал има индивидуален и погорен систем на цели. Системот на целите на фракталот се изведува преку координација со фракталот од прво погорно ниво. Ова може да се објасни на следниов начин: целта на системот човек-машина (фрактал) е намалување на времето на производство на едно парче, оваа цел е изведена во координација со целта на погорен фрактал (намалување на време на производство на производот) која пак е изведена во координација со целта на наредниот погорен фрактал (намалување на време на доставување на производот до купувачите).

Фракталната фабрика својот успех го темели на својата динамичност. Тука доаѓа до израз терминот виталност на фракталот. Терминот виталност е изведен од латинскиот збор виталис кој се користи во биологијата и значи способност за живот, животна сила или животна енергија. Освен на живите организми овој термин може да се искористи и во опишување на карактеристиките на организациските системи кои реагираат и се адаптираат спрема влијанието на нивната околина. Виталноста претставува термин за мерење на способноста и ефикасноста на фракталот. Таа зависи од внатрешни (кадри, менаџмент, финансии, локација итн.) и надворешни фактори (конкуренција, пазари, законодавство итн.). Од ова може да се заклучи дека за еден фрактал да биде витален влијаат силините или слабостите на самиот фрактал како внатрешни елементи и можностите и заканите односно надворешните барања кои треба да се исполнат од тој фрактал.

Колку е поголема виталноста на фракталот толку е поголема способноста на фракталот да преживее во неговото динамично окружување. Затоа фракталите имаат карактеристика на динамичност, односно брзо менување на нивната структура за да одговорат на променетите барања од околината. Согласно системската теорија фракталите треба да се формираат на таков начин да релациите (тек на материјали, кадри и информации) внатре во фракталот бидат посилни од оние релации со надворешни фрактали. Доколку ова правило не се исполнува препорачливо е да се менуваат структурите.

Од досега изложеното можеме да заклучиме дека фракталниот концепт како еден интегриран приод ја нагласува улогата на околината како и улогата на човечкиот фактор во развивање на флексибилни производствени системи и организациски системи кои ќе бидат способни да одговорат на утрешните предизвици.

Продолжува: Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 6

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*