post

ШТО ПРЕТСТАВУВА STUMBLEUPON – СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ

Време е за уште еден сајт кој претставува еден вид на социјални мрежи. Претходно пишувавме за delicious за претприемачи како социјален сајт кој може во исто време да ја зголеми Вашата ефективност и ефикасност во пронаоѓање на содржини кои претходно сте ги забележале како интересни, не сте имале време да ги прочитате. Исто така објавивме и едно видео како да го користите delicious од отворање на акаунт до начин на користење. Сега ќе ве воведеме во еден друг тип на социјална мрежа наречена STUMBLEUPON.

Англискиот збор stumble значи сопнување. Како буквален превод ова би значело да се сопнеш на нешто. Ова нешто што не сопнува е некоја страница на интернет. Stumbleupon.com им овозможува на корисниците да откриваат и да рангираат одредени интернет страници преку посебен вид на технологија за препорака на тие страници кој користи принципи на социјална мрежа. Додека delicious овозможува обележување на страници и брзо пронаоѓање и делење со другите во мрежата, stumbleupon бира која веб страна да ви ја прикаже врз основа на Вашиот профил и Вашето рангирање на страниците кои ви се допаѓаат.

Може да се користи како:

  • Алатка за пронаоѓање на информации од сајтови кои се од интерес на луѓето како Вас и како
  • Алатка за забава за откривање на нови сајтови.

StumbleUpon претставува линија на алатки (toolbar) која се инсталира на Вашиот интернет прелистувач (Internet Explorer или Mozila Firefox) и преку него можете да кликнете на копчето Stumble! и секогаш да ве води до веб содржина која може да биде интересна за Вас. Од друга страна колку повеќе веб страници рангирате дека во се допаѓаат толку поквалитетни страници ќе добивате како повраток при кликнување на копчето Stumble!. Рангирањето го изведуваате со кликнување на копчето I Like It! Линијата на алатки е прикажана на сликата подолу.

ToolbarStumble

На линијава со алатки имате и повеќе функции за испраќање на некоја страна преку e-mail како и можност за да ги видите пријателите преку StumbleUpon. За да ја користите оваа мрежа ќе треба да:

  • Отворите акаунт на SumbleUpon
  • Да ја симнете линијата со алатки и да ја инсталирате во Вашиот интернет прелистувач
  • Откако ќе го инсталирате ќе бидете запрашани да изберете теми кои се од Ваш интерес
  • И веќе ќе можете да го користите со едноставно кликнување на копчињата опишани погоре.

StumbleUpon има база на податоци со веб страници, слики, видео материјали и друга содржина кои што биле испратени од други корисници и коишто имаат некаква вредност.

StumbleUpon не е само линија со алатки туку и социјална мрежа. Исто како на facebook ќе можете да барате и креирате пријатели. Пробајте го и искористете го за Вашиот бизнис.

post

ЗБИРКА НА ТОП 20 БИЗНИС ИДЕИ И КАЛКУЛАТОР ЗА АНАЛИЗА НА ГОТОВИНСКИ ТЕК

На почетокот на годината изработивме врз база на анализи и истражувања, збирка со топ 20 бизнис идеи за 2009 и по неа. Потоа изработивме еден калкулатор за анализа на готовински тек. На pretpriemac.com во една серија од 3 артикли за анализа на готовинскиот тек опишавме како се користи овој калкулатор. Можете да прочитате за:

За подобро да се совладаат овие три артикли кои навлегуваат во една многу значајна анализа за бизнисот и претприемачите и која доколку се користи на вистински начин – активно, може да доведе до рапидно зголемување на бизнис перформансите потребно е да го имате калкулаторот за анализа на готовинскиот тек.

Овој пост ќе го искористиме за да го опишеме процесот за добивање на електронската збирка и калкулаторот.

  • Кликнете тука.
  • Од левата страна на формата за регистрација за неделни билтени внесете го Вашето име и презиме. Оваа листа има дупла opt-in опција бидејќи не дозволува внесување на податоци без потврда. Ова значи дека Вашите податоци се безбедни и воопшто не се издаваат и изнајмуваат на други компании. Вие само ќе добивате mail-ови во вид на неделни билтени од pretpriemac.com. (Бидете сигурни дека Вашите податоци остануваат заштитени, бидејќи и ние не сакаме да добиваме несакани пораки какви што некои компании во Македонија испраќаат). На сликата подолу е претставена формата.

registracijaslika

  • Кликнете на Понатаму.
  • Ќе се појави страна како на сликата подолу. Потребно е да ги внесете симболите од безбедносната слика и да кликнете на Continue. Ова се користи од системот за да се избегнат несакани регистрации кои шират несакани пораки а доаѓаат од автоматски машини.

PictureML

  • Откако ќе кликнете Continue ќе се појави страна со следнава содржина на која ќе треба да кликнете на Return to Website како на сликата.

Konfirmacija

  • Откако ќе кликнете на Return to Website ќе ве одведе до страната на која е опишана постапката за добивање на калкулаторот прикажан на сликата подолу.

registracija-kalk

  • Во меѓувреме ќе добиете mail на кој ќе има линк кој мора да го кликнете за да ја потврдите регистрацијата. Mail-от што ќе го добиете ќе изгледа вака:

Mail

  • Кликнете на него и и на линкот кој се наоѓа во него (слика подолу):

Klik

  • Откако ќе кликнете на линкот ќе ве одведе до страната каде ќе можете да ја симнете збирка со топ 20 бизнис идеи за 2009 и по неа.
post

ВИДЕО МАТЕРИЈАЛИ НА ПРЕТПРИЕМАЧ

Следниве видео материјали се изготвени од страна на pretpriemac.com и се објавени на блогов:

  • Два видео материјали за ABC анализа и Microsoft Excel. ABC анализа е корисна алатка за малите бизниси во однос на избор на производи кои допринесуваат најмногу во износот на приходите или успехот на бизнисот. ABC анализата не мора да се користи само во однос на контрола на залихите и избор на вистинските производи туку може да биде користена и како 80/20 правило за било кој бизнис процес. На пример, тие и тие процеси кои изнесуваат 20% придонесуваат 80% за успешност на бизнисот.

Како да се исконструира табелата за ABC анализа:

Изработка на график за претходно изработената анализа:

  • Третото видео е видео кое ќе ја зголеми Вашата ефективност и ефикасност при пребарување на интернетот, а од друга страна може да служи како социјален сајт за стекнување на разни пријатели и можни идни бизнис партнери. Оваа видео се однесува на користење на delicious.com за бележење и организирање на интернет страниците кои ви оставиле некаков впечаток и кои мислите дека ќе ви затребаат во иднина.

  • Четвртото видео се однесува на „бизнис ефектот на пеперутка“ и има за цел да поттикне пронаоѓање на елементите на бизнисот кои ќе доведат до еден бизнис ефект на пеперутка, односно со мали промени до големи успеси.

Во секој случај ќе следуваат уште видео материјали од подрачјето на малите бизниси и претприемништвото кои може да се најдат како корисни за водење на малите бизниси на претприемачите.

post

ПОСТОЈАНО ПОДОБРУВАЊЕ – СТРАТЕГИЈА КОЈА ВОДИ КОН УСПЕХ

Подобрување е карактеристика на секој човек. Секој од нас сака да биде подобар на некој начин во иднината. Ние секојдневно учиме, слушаме, гледаме, работиме, набљудуваме и со тоа стануваме се подобри од ден во ден. Но, дали подобрувањето е карактеристика на сите бизниси. Да, но само на успешните. Успешните бизниси се оние кои постојано се менуваат и од ден во ден се се подобри и подобри. На сајтот веќе започнавме со артикли за менаџмент филозофии кои се однесуваат на подобрување (KAIZEN, BPR, Fractal Company, TQM …) и можете да ги прочитате.

Секое подобрување значи изведување на бизнис активностите подобро од минатиот пат. Една од карактеристиките на бизнисите е што секогаш работата може и треба да ја изведуваат подобро од претходниот пат. на ваков начин се овозможува постојат раст и развој на бизнисот, а со тоа и постојано движење кон успехот.

Подобрувањето треба да е постојано. Треба да биде вградена култура на постојано размислување како работите да се изведуваат подобро. На ваков начин се овозможува ефект на пеперутка во бзинис работењто. Доколку ги следите постовите на овој блог како и на артиклите на Pretpriemac.com можете да пронајдете неколку материјали за ефект на пеперутка како и едно видео за овој ефект. Подобрувањето не треба да биде кампањско и да се изведува само на подолг временски период. Подобрувањето не мора ди биде одеднаш огромно. Доволно е само постојано и чекор по чекор да се врши подобрување на бизнис елементите.

Ваквата стратегија на подобрување кое е постојано ќе доведе до сигурен успех. Ваквата стратегија го прави бизнисот уникатен и секогаш пред конкурентите. ваквата стратегија тешко може да се копира од конкуренцијата.

Бизнисите кои се подобруваат постојано покажуваат забележителни резултати во своето работење. Таквите бизниси кога ќе ги посетите по вторпат нема да бидат исти како претходниот пат. Додека бизнисите кои не се подобруваат остануваат исти и следната година, и по пет години, а можеби и по десет години доколку опстанат на бизнис сцената и ако не бидат отфрлени во бездната на пропаста од конкурентите.

Затоа внесете стратегија на постојано подобрување во животот на Вашиот бизнис. Со тоа ќе му дадете живо на бизнисот и сосема нов облик.

post

СОЦИЈАЛНИ МЕДИУМИ КАКО МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА

Социјалните медиуми претставуваат информативни содржини кои се креираат од луѓето кои користејќи технологија ги објавуваат тие информативни содржини  и поттикнуваат меѓусебна комуникација и интеракција.

Овие информативни содржини можат да бидат различни. Најчесто се користат текстуални информативни содржини, видео материјал, аудио материјал и слики. По објавување на сите овие информативни содржини тие преку глобалната мрежа на социјалниот медиум стануваат достапни за поширок аудиториум. Можат да се препорачуваат од еден на друг, да се препраќаат, да се оставаат коментари …

На социјалните медиуми можете да бидете достапни до десетици милиони луѓе во светот. Маркетинг експертите оваа го забележаа и започнаа да ги препорачуваат социјалните медиуми да бидат опфатени во маркетинг плановите како нешто што има огромен потенцијал.

како примери на социјални медиуми кои постојат и од кои некои се користат и кај нас можеме да ги забележиме следниве:

  • Комуникациски социјални медиуми (блогови, форуми, Twitter како микроблогирање, Faceebook, LinkedIN, MySpace како социјални мрежи …)
  • Социјални медиуми за соработка (delicious, google reader како социјални обележувачи, digg, reddit како социјални весници…)
  • Мултимедијални социјални медиуми (flickr како социјален сајт за размена на форографии, YouTube за видео материјали …)
  • …

Извршивме една анализа и го забележавме следново:

  • YouTube е на трето место во светот (веднаш за google и yahoo) по посетеност додека во Македонија е на второ место веднаш зад google.
  • Facebook на светско ниво е на 5-то место веднаш зад пребарувачот Live.com додека во Македонија е на трето место веднаш зад YouTube.
  • MySpace е на светско ниво на 9-то место додека во Мкедонија е на 20-то место.
  • Hi5 на светско ниво е на 20-то место додека во Македонија е на високо 6-то место веднаш зад Facebook.
  • …

Можеме да забележиме дека и во Македонија во голем дел се користат се повеќе и повеќе социјални медиуми кои претставуваат голем потенцијал особено за малите бизниси. Искористете го тој потенцијал.

post

БИЗНИС ПЛАН – ГРАФИЧКА ПРЕЗЕНТАЦИЈА

Бизнис планот претставува трасер на патот кон успехот на еден бизнис. Но, доколку бизнис планот не е реално изработен нема ни да вреди ниту да му помогне на претприемачот да го постигне зацртаниот план. Веќе неколку пати пишувавме дека бизнис планот може да биде едноставно како чек листа за она што треба да се направи, и за почеток тоа е доволно. Но, за да се отиде малку во иднината (бидејќи бизнис планот би требало да го исцрта патот на движење на бизнисот за 3 или 5 години) ќе мора да се опфатат и повеќе елементи од самата листа на задачи.

Бизнис планот мора да користи графички презентации за да бидат лесно воочливи тековните и идните карактеристики на бизнисот во елементот од бизнис планот. Зошто мора графичка презентација? Еве некои од причини:

  • Вашиот бизнис план во текот на периодот за кој се однесува ќе го отварате повеќе пати. Доколку морате да читате текст за да најдете каква проекција има приходот за тековната година ќе изгубите повеќе време отколку кога ќе видите во графикот за проекција на приходи по години. Истото ова се однесува и на движењето на профитот и на движењето на маржата.
  • Постои изрека која вели дека една слика менува илјада зборови. Значи на еден график од половина страна од А4 формат хартија можете да ги претставите најважните елементи на бизнисот за повеќе години.
  • Доколку Вашиот бизнис план ќе се користи за добивање на финансиски средства од банки или инвеститори тие нема да го читаат целиот бла бла бла план. Тие првин ќе ги погледнат графиците за приходи, маржа, профит, готовински тек… Доколку не бидат импресионирани во тој момент воопшто нема да го читаат текстуалниот дел за да видат која е идејата. Значи Вашата идеја за инвеститори не е важна туку планираните и предвидените резултати.

Ова се само три причини за потреба од графичка презентација кои се најважни за комплетирање на бизнис планот. Но, за кои елементи треба да се подготви графичка презентација? Следниве се основните елементи кои треба да се нагласат со графичка презентација:

  • Проекции на продажба
  • Бруто маржа
  • Проекции на приход
  • Проекции на трошоци
  • Проекции на профит

Внимавајте, ова се елементите на кои се мери успешноста на бизнисот, па и на бизнис плано по завршување на периодот за кој се однесува овој бизнис план. Немојте ниту да ги потцените ниту да ги прецените проекциите. Обидете се да ги направите колку што може пореално.

post

ОПШТА АНАЛИЗА НА ПАЗАРОТ – ДЕЛ 5 – ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА

Профил на потрошувачите

  1. Жените се позаинтересирани за истражувања кои би ги вклучиле во бизнис плановите, што значи дека посветуваат поголемо внимание за планирање на бизнисот. Ова од друга страна го потврдува фактот од повеќето истражувања во развиените земји дека во овие услови на рецесија бизниси со поголема стапка на пропаѓање се бизниси поседувани од мажи претприемачи.
  2. Скоро 80% од одговорените прашалници се од луѓе на возраст од 18 до 40 години. Но, овој сегмет е најголем потрошувачки сегмент. Во тие години работоспособноста е најголема, потреба од трошење на пари и купување за лично задоволство е на високо ниво.
  3. Скоро 90% од одговорените прашалници се луѓе кои доаѓаат од Скопје, Куманово и Битола.
  4. Скоро 90% од одговорените прашалници се луѓе кои имаат средно или високо образование.
  5. Над 95% се во брак (семејни луѓе) и самци.
  6. Половината имаат деца, додека втората половина немаат.
  7. Скоро 80% се вработени.
  8. Поголем дел се со ниски примања и токму заради тоа се заинтересирани за започнување на сопствен бизнис.

ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

  1. Високи 70% купуваат во супермаркети храна. Ова е нормално и очекувано заради можноста да се купува се на едно место и пониските цени кои ги нудат супермаркетите.
  2. Но, не е за потценување и процентот од 27% кои купуваат во локални продавници за храна. Овие продавници можат да понудат нешто во вид на дополнителна услуга за повисоката цена што големите супермаркети не можат. Овие локални продавници обезбедуваат едно чувтсво на блискост со своите потрошувачи, даваат услови на кредит (тетратка), вработените можат да посветат посебно внимание на секој потрошувач што не е случај кај големите супермаркети. Нема потреба да се оди со кола. Може да се изврши потребната набавка во било кое време. Оваа е една ниша која може да биде високо профитабилна особено за малите бизниси.

ОБЛЕКА

  1. Високи 74% не им е важен брендот туку како ќе изгледаат и цената секако. Па така овие купуваат во бутици со мешана текстилна стока каде има разни текстилни производи од евтини до скапи, од квалитетни до оние со низок квалитет. Така да оваа подрачје навистина има голем пазарен потенцијал.
  2. Не е за потценување и процентот од 20% кои купуваат во бутици со брендирана стока. Но, овие 20% во приход може да бидат повисоки од оние 74% на продавници со мешана текстилна стока. Па така наместо да продадат 10 парчиња ќе продадат едно. Од друга страна маржата во овие продавници е доста повисока во однос на оние со мешана стока. Конкуренцијата е помала и можностите големи.

КОЗМЕТИКА

Во однос на козметиката работите се доста еднакво распределени. Па така имаме:

  1. Најмногу од 36% имаме купување во специјализирани продавници со мешани козметички производи. Ова се продавници кои имаат и скапи и евтини козметички производи.
  2. Висок е процентот од 34% кои купуваат во специјализирани продавници со брендирани козметички производи. Ова се продавници насочени само на поскапите козметички производи како парфеми, шминки, скапа козметика итн.
  3. Не е за потценување и процентот кој купува во супермаркети (27%). Супермаркетите нудат поевтина цена и си го наоѓаат местото на пазарот за оние на кои најважна им е цената при одлучување.
  4. Од друга страна резултатот од 70% купување во специјализирани продавници со мешани и брендирани козметички производи даваат предност за претприемачите. Купувачите во овие продавници добиваат дополнителни услуги во вид на препорака за купување, можност да се испробаат (тестираат) некои од производите, специјален однос кон купувачот… Што супермаркетите не можат да го понудат. 

Да видиме како се однесуваат овие потрошувачи:

  1. Висок процент од 64% купуваат книги што е резултат на повисока едуцираност или желба за едукација на истите.
  2. Истражувањето покажа дека не е многу важно дали станува збор за работен ден – 59% или пак викенд со 41%. Ова значи дека кога ќе се јави потреба за купување на одреден вид на производ таа потреба се задоволува без разлика дали станува збор за работен ден или пак викенд.
  3. Најмногу се купува од 18 до 21 часот (46%) што значи дека луѓето по завршување со работата и краток одмор дома излегуваат да си купат нешто. Ова може да претставува и период за релаксација по напорниот работен ден. Многумина во купувањето гледаат еден вид на релаксација.
  4. Но, не се за потценување и периодите од 10-15 часат со 30% и од 15 до 18 часот со 22%.

Да видиме какво е влијанието на трети лица во одлуката за купување:

  1. Над 50% од потрошувачите не купуваат сами. Ова значи дека во нивната одлука за купување можат да имаат влијание и оние кои им прават друштво.
  2. Дури 74% од купувачите почитуваат туѓи мислења при одлука за купување. Ова може да биде туѓо мислење во вид на препорака од продавачот, препорака на оноj кој прави друштво, препорака од пријатели, роднини, семејство…
  3. Дури 78% од купувачите прават друштво на некој друг при купување што значи дека и тие имаат влијание на други при одлучување за купување.
  4. Од анализава забележуваме дека луѓето (потенцијалните потрошувачи) се доста поврзани меѓу себе. Можеби некои маркетинг активности на подрачје кое не мора да биде интересно да даде резултати бидејќи токму тие луѓе имаат моќ да влијаат на одлуката за купување на другите.
  5. Резултативе од овој дел бараат повнимателен приод во маркетинг активностите. Овие маркетинг активности мора да се насочат кон нишата која сме ја избрале и да опфатат поширок простор околу таа ниша односно просторот кој може да има или има влијание при донесување на одлука за купување.

Ова е последниот дел од оваа општа анализа на пазарот. Како посебен извештај кој ќе навлезе во подлабока анализа со меѓусебни врски помеѓу одговорените прашања (доколку одговор на ова прашање е тој тогаш тој потрошувач ќе се однесува така) ќе биде објавен посебно и ќе може да се симне на pretpriemac.com. Првите кои ќе имаат можност да го добијат извештајот ќе бидат регистрираните за недлени билтени.

post

ИНКУБАТОР ИЛИ ЧАДОР СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМАЧОТ

Светските искуства зборуваат дека со отварање на инкубатори или со примена на чадор стратегијата во голема мерка може да се допринесе за развојот на една економија. Инкубатори се место каде нешто се развива, а чадор представува заштита за да тоа нешто се развива. Двата термина означуваат развој на мали и средни претпријатија, а со тоа и на развојот на претприемништвото. Главни ефекти од развојот на економијата подразбира зголемен прилив на финансиски средства, развој на техника и технологија, како и зголемено вработување, што придонесува за подобра економска состојба во општеството.

Економска кризата во Јапонија покажа дека главниот товар за излегување од кризната состојба ја понесоа малите и средните претпријатија. Тие поради својата флексибилност успеаа да се прилагодат на тешките економски услови, ги намалија трошоците во работењето и прифатија намалување на профитот, а со тоа ги растеретија големите гиганти кои и понатаму останаа конкурентни на светскиот пазар.

Така да развивање на малите и средни претпријатија претставува благодет за владата, за големите компании а и за секој поединец од општеството. Па во светските рамки имаме голема примена на инкубатори или чадор стратегија во кои се развиваат мали и средни претпријатија.

Најголем промотер на отварање на инкубатори е државата. Државата може значително да го олесни започнувањето и развојот на претпријатието, како и да му отежне во работење дури и да го уништи. Но, државата има моќ и интерес за отварање и развој на инкубаторски центри, бидејки добива нови даночни обврзници, што значи зголемен прилив во буџетот, а добива и социјални мир бидејки се овозможува отварање на нови работни места. Некои автори поставуваа прашање дали е потребно да се ангажира држава со своите инструменти на моќ околу започнување и развојот на малите и средни претпријатија. Но, со појавата на најнова економска светска криза и со отворената помош на своите претприемачи која ја промовираат светски лидери, таа дилема веќе јавно се надминува и не се остава веќе бизнисите стихијски да се развиваат во сурови реални услови во работењето туку несебично се помага на напорите на претприемачите околу развојот на секоја позитивна бизнис идеја. Така да државата која е значаен и моќен фактор треба да помага во развојот на претпријатието се додека не стане отпорно како на надворешни така и на внатрешни закани (види SWOT-анализа). Со развојот на инкубаторски центри државата влијае на развојот на претприемништвото како и на развојот на самите претприемачи, кои преко работењето стекнуват искуства како и финансии со кои понатаму можат да влезат во следни позначајните проекти. Средствата за отварање инкубаторски центри може да се побараат и од земјите донатори, кои би помогнале за развој преку доделување на поволни финансиски кредитни линии, преку донирање на одредени технички средства ( компјутери, некои машини за производство…), преку организирање на предавања семинари, гостувања на експерти преку кои претприемачите ќе се здобијат со нови знаења, искуства како и со практична примена на тие нови знаења и искуства. Земјите донатори добиваат зголемена значајност во очите на локалното население и ја зголемуваат репутацијата на својата земја. Донаторите најчесто се поразвиените земји. Па доколку не го поддржат развојот на помалку развиените земји можат да го затворат идниот пазар на својата земја бидејки неразвиените земји нема да имаат ниту средства ниту знаење масовно да ги користат идните технолошки производи. Така да од една страна се работи за добро дело, а од другата страна се работи за взаемен интерес. Меѓутоа оној што треба да се моли не треба да се лути, така да во контактот со странски донатори треба да се потенцира нивното добро дело, а не взаемниот интерес.

Инкубаторски центри најчесто се отвараат таму каде некоја одредена деловна гранка доживеала пропаѓање па се јавува голема сиромаштија и невработеност. Бидејки кај нас економска состојба не е розева има потреба за отварање на инкубаторски центри низ целата држава.

Локација на инкубаторски центри можат да бидат напуштени хали, воени објекти или други расположливи капацитети. Поради напуштање на ЈНА на големиот број на касарните низ целата држава останаа големи просторни капацитети неискористени каде би можело да се отворат инкубаторски центри. Плаќањето на киријата и комуналиите треба да биде симболично колку да се платат одредени трошоци и одржување на животна средина за да не се предизвика загадување односно да се избегнат еколошки проблеми.

Претпријатијата би требало да можат да останаат во инкубаторот до неколку години се додека не зајакнат, а потоа треба да настапуваат на пазарот под пазарни услови и треба да се повлечат од инкубаторите за да им отстапат место на други претприемачи кои сакат да се развиваат. Доколку има неискористени просторни услови претпријатието може и понатаму да остане во инкубаторски центар, но бидејки сега работи во реални услови и надоместокот ќе треба да го плаќаат во реален износ.

Покрај обезбедување на просторни капацитети државата мора да обезбеди и финансиски средстав, кои би биле доделувани по поволни услови. За таа цел државата може да формира агенција за развој, која би обезбедувала финансиски средста, а би давала и гаранција кај банките дека финансиските средства ќе и бидат надокнадени доколку претприемач не успее во својот потфат. Со цел да не се злоупотребат овие поволности внимателно треба да се набљудува работењето на претприемачот, а финансиски средства да се доделуваат во неколико етапи според нивото на спроведување на активностите од бизнис планот. Функција на таа агенција би била и образование, обезбедување на потребните информации, обезбедување на меѓународната соработка, поттикнување на научно истражувачката работа, овозможување на трансфер на технологијата, давање на подршката за иноваторите, настапи на саеми и други манифестации и подршка на извозот.

Инкубаторите можаат да организираат и да управуват со нив и универзитетите. Бидејки таму е сконцентрисано големо знање па претприемачите можат да добијат квалитетна техничка и стручна помош за реализирање на својата бизнис идеја со минимална финансиска помош. За реализирање на оваков инкубаторски центар потребни се минимални услови, најмногу добра воља на членовите на универзитетскиот состав, секако со помош на државата и на странските донатори кои би обезбедиле просторни капацитети, поволни финансиски средства, како и технички средства. Членовите на универзитетот би имале пред се морална сатисфакција бидејки заработка би била во втор план, понатаму би го преточувале своето огромна теоретско знаење во остварување на практични проекти и полесно би се докажале во реален пазарен натпревар. Добиените резултати од работењето би можеле да го презентират на научните собири, а би можеле и да ги презентираат во своите стручни трудови. Кај нас најдобар пример за вакво однесување е Машински факултет-Скопје, каде под раководство на професорот Д-р Радмил Поленаковиќ се развива претприемништвото, а со тоа и целокупна економија.

Инкубаторски центри можат да отворат и големи компании, кои имаат интерес за развој на малите и средни претпријатија. Тие најчесто ги форсират инкубаторите за своите поранешни вработени, помагајки им на поранешните колеги кои поради одредени контракции во работењето останаа без работа да продолжат со самостојно работење. Меѓутоа најчесто не прават проблем ни на луѓе од надвор кои сакат да се вклучат во работење на ваков инкубаторски центар. Тие можат да отстапат дел од своите просторни капацитети, каде би се одвивале деловни активности. Понатаму можат да понудат квалитетна стручна помош, можат да отстапат некоја од постарите производствени машини, а можат да понудат и финансиска подршка за развојот на производствени програми кои за нив не се доволно атрактивни ни профитабилни, а претприемачот од нив може да заработи одредена сума на пари.

Инкубаторски центри можат да отворат и големи франшизери. Значи за да се стане член на овој инкубатор потребно е да се купи соодветна франшиза. Со самото купување на франшизата (види текстовите за франшизата) продавачот на франшиза се обврзува да дава обука на купувачите на франшизата со што би се остварило униформно работење во секоја одделна франшизинг единица. Низ целиот свет може да се уочи униформно однесување во секој Mc Donalds центар, а има и многу други слични примери.

Постојат можности да се отворат и инкубатори како самостојни претпријатија. Тие претпријатија се специјализираат само за давање помош на претприемачите во почетен стадиум на работење, со одреден финансиски надоместок.

post

ТЕХНИКА НА УЧЕЊЕ – ПРОБУВАЈ И ГРЕШИ

Учењето е постојано. Тоа не завршува со завршување на училиште или факултет, со магистрирање или пак докторирање. Тоа продолжува низ целио живот. Најголема грешка е кога ќе се излезе од факултет и се мисли дека е собрано целокупното знаење на светот. Всушност факултетот е нешто што само ги дава основите и зацртува можните правци на едно понатамошно професионално учење – работата.

Кога најдобро се учи? Се смета дека најдобро може да се научи и утврди знаењето кога нешто ќе направиме практично без разлика дали сме погрешиле или не. Значи можеме да имаме две состојби на учење:

  • Пробувај – успевај. Кога ќе се обидеме нешто да направиме и успееме во тоа ние сме среќни и веднаш во нашио мозок ја складираме постапката до тој успех. И секогаш кога ќе биде потребно повторно да се изведе таа работа ќе ја изведеме успешно и можеби и подобро од првиот пат.
  • Пробувај – греши. Кога ќе се обидеме нешто да направиме и не успееме во тоа ние ќе бидеме несреќни и ќе бараме решение и ќе се обидеме повторно се додека не успееме. На ваков начин ќе учиме од сите наши грешки во целио циклус на барање на решение како и од крајниот успех до кој ќе стигнеме. На ваков начин, ние ќе бидеме побогати за едно ново искуство и со зголемување на нашето лично знаење.

Значи како и да е постои можност за учење и постојано подобрување преку тоа учење. Без разлика дали од пробувањето ќе успеете или ќе погрешите Вие како претприемач ќе бидете подобри во секој случај. Но, кога нема да учите и со тоа да се подобрите? Единствено кога нема да пробувата, односно нема да превземате акции. Оваа се случува кај пасивни претприемачи. Пасивни претприемачи доведуваат до постоење на пасивни бизниси кои уназадуваат или тапкаат во исто место. Претприемачи кои постојано учат и се подобруваат постојано превземаат акции и тоа се активни претприемачи.

Успешните бизниси се плод на активни претприемачи, а не на пасивни претприемачи. За да бидете активен претприемач мора да превземате акции, да донесувате одлуки, да пробувате, да успевате и да грешите. Тоа се активни претприемачи. Затоа во некои средини и култури како јапонската постојат системи кои дури ги наградуваат вработените кои ќе погрешат. Запомнете, не греши само оној кој не работи. Само неработниците се негрешни луѓе, а оние кои што работат нормално е дека и ќе грешат. Затоа не се плашете од грешките тие се нормални.

post

ОПШТА АНАЛИЗА НА ПАЗАРОТ – ДЕЛ – 4 ВЛИЈАНИЕ НА ТРЕТИ ЛИЦА

Дали купувачите самите ја донесуваат одлуката за купување? Дали има некој друг кој им помага во донесување на одлука за купување? Некој од семејството, пријател/ка, познаник…? Ова се доста значајни прашања за претприемачите, особено заради маркетинг активностите кои ќе треба да ги превземе како и за соодветно организирање на продажниот тим. Често пати некој може и да сака да купи нешто од кај Вас, но оној што му прави друштво во пазарењето ќе му каже немој од тука јас ќе ти покажам на друго место.

Прашалникот за општа анализа на пазарот опфаќаше прашања кои имаа за цел да го определат влијанието на третите лица врз купувачкото однесување. Прашалникот за општа анализа на пазарот ги имаше следниве прашања:

  • Дали купувате сами?
  • Дали почитувате туѓи мислења при одлучување во купувањето?
  • Дали правите друштво на другите додека купуваат?

Можете да забележите и самите дека тргнуваме од тоа дали купувачот купува сам или не за да се утврди можноста од влијанието на другите. Потоа, дали купувачот почитува или не почитува туѓи мислења при купување за да како трето прашања видиме дали тој купувач прави друштво на другите и врши влијание при нивно одлучување.

Да преминеме на презентација на резултатите:

  • Дали купувате сами?

 

Резултатите покажуваат дека се изедначени и оние кои купуваат сами и оние кои купуваат во друштво. Значи, скоро 50% од луѓето кога купуваат одат со некој кој им прави друштво.

  • Дали почитувате туѓи мислења при одлучување во купувањето?

 

Овие резултати покажуваат дека и оние кои купуваат сами и оние кои не купуваат сами почитуваат туѓи мислења при одлучување за купување. Не мора да значи дека купувачот немал влијание од друг доколку дошол самиот да го изврши купувањето.

  • Дали правите друштво на другите додека купуваат?

 

И купувачите, дури 78% прават друштво на другите додека купуваат и на таков начин можат да имаат влијание врз другите.

Од анализава забележуваме дека луѓето (потенцијалните потрошувачи) се доста поврзани меѓу себе. Можеби некои маркетинг активности на подрачје кое не мора да биде интересно да даде резултати бидејќи токму тие луѓе имаат моќ да влијаат на одлуката за купување на другите. Подетално за овие резултати ќе можете да прочитате во конечниот извештај од анализата.

Видете го наредниот дел 5 за Заклучни согледувања 

Деловите од оваа анализа можете да ги видите тука.