post

Како Вашата Продажна Инка Да Ја Одржувате Секогаш Полна?

Да се навратиме малку на најважната работа во еден бизнис и за еден претприемач – продажба.

Не постои претприемач кој не сака продажната инка на неговиот бизнис секогаш да биде полна. Продажна инка претставува процес на продажба и движење на потенцијалните потрошувачи низ патеката која завршува со купувачи.

Доколку Вие како претприемач успеете Вашата продажна инка да ја одржите во состојба секогаш да биде полна, тогаш за Вашиот бизнис не постои опасност од слаба продажба или недостаток на свежи финансии за бизнис цели.

Досега на претприемач неколку пати се занимававме со продажната инка, која ја опфативме во следниве наслови:

Дали продажната инка смее да мирува?

Продажната инка не се наоѓа во состојба на мирување или барем не треба да се најде во една таква состојба. Кога продажната инка ќе започне да мирува, тогаш доаѓа вистинската опасност за бизнисот.

Бизнис продажна инка е слична со вистинската инка која служи за пренос на течноста од еден поголем сад во шише кое има тенок отвор. Течноста се сипува во поширокиот крај на инката додека излегува од потесниот крај на инката. Она што е најважно не допушта течноста да се расипе од страна. Доколку прекинеме да сипуваме течност во поширокиот крај, инката „пресушува“, односно течноста прекинува да излегува од потенкиот крај.

Во бизнис продажната инка во поширокиот крај влегуваат потенцијални потрошувачи кои на некој начин се заинтересирани за Вашиот производ или пак услуга. Продажната инка треба да не дозволува да излезат од оквирот на продажна инка. Но, доколку на поширокиот крај прекине влезот на потенцијалните потрошувачи, продажната инка ќе пресуши, односно од потенкиот крај нема да излегуваат купувачи.

Затоа, продажната инка мора секогаш да биде полна, а тоа е работа на Вас како претприемач и на сите Ваши вработени.

Што е тоа што влијае на продажната инка?

1. Број на потенцијални потрошувачи на влез

Проста математика кажува колку повеќе потенцијални потрошувачи ќе имаме на влез, толку повеќе купувачи ќе имаме на излез. За ова најодговорен е маркетингот.

2. Губење на потенцијални потрошувачи од продажната инка

Од друга страна во секој момент од процесот секој потенцијален потрошувач може да одлучи да излезе од продажната инка. Ова значи намалување на полноста на Вашата продажна инка и губење на потенцијални потрошувачи. Овие довчерашни Ваши потенцијални потрошувачи кои биле блиску до одлуката да станат Ваши купувачи ќе одат кај Ваши конкуренти. Она што е најлошо, голема е веројатноста дека никогаш повеќе нема да имате можност да ги внесете во Вашата продажна инка.

3. Број на купувачи на излез

Колку повеќе купувачи излегуваат на потенкиот крај од инката, толку повеќе се ослободува простор за останатите кои се во самата продажна инка. Доколку нашиот продажен тим не може да процесира повеќе од одреден број на купувачи одеднаш, тогаш процесот на движење од еден потенцијален потрошувач кон купувач ќе биде успорен.

За излезот најодговорни се продажбата и маркетингот. Продажбата е одговорна во однос на тоа колку продажби може да процесира и како ќе ги задоволи купувачите за да одлучат да се вратат повторно да купуваат. Кога станува збор за маркетингот во овој дел најважен е маркетинг миксот (производ, дистрибуција, цена и промоција).

Како секогаш продажната инка да биде полна?

Следниве активности ќе можат да обезбедат Вашата продажна инка постојано да биде полна:

1. Зајакнување на маркетинг активности на влезот

Зајакнувањето не значи да се трошат повеќе пари на различни маркетинг средства. Едноставно ова значи умно користење и комбинација на вистински маркетинг средства кои носат добри резултати.

2. Постојано подобрување на маркетинг активности

Постојано подобрување е процес кој еден претприемач никогаш не треба да го заборави. Се може да се подобри, па и секоја маркетинг активност и кампања на Вашиот бизнис.

3. Постојано подобрување на процесот на продажбата

И повторно подобрување. Онаму каде што маркетингот завршува презема продажбата. Преку маркетинг вие како претприемач сте успеале да привлечете внимане врз Вашиот бизнис и Вашите производи и услуги, но пред вистинската одлука за купување главниот збор го има продажниот тим.

4) Задоволување на купувачите за да се вратат повторно на влезот

Ова е многу важен фактор за секој бизнис. Доколку имате нов производ или пак имате нова услуга полесно ќе ја продадете на некој кој веќе има добро искуство со Вашиот бизнис. Затоа, задоволен купувач постојано ќе биде дел од Вашата продажна инка.

Ова е еден циклус кој никогаш не треба да запре. Доколку запре циклсуот, запира и движењето низ продажната инка, а ќе запре и самиот бизнисот. Што секако не e Ваша цел.

post

Оптимален Продавач – Комерцијалист

Продажбата и продавачите кои ја изведуваат се основа на секој бизнис. Тие се оние од кои зависат приходите на бизнисот. Постојат случаи кога маркетингот навистина добро ќе си ја заврши работата но продажбата (кај нас уште кај некои се вика Комерцијала) доколку киксне сето тоа пропаѓа затоа што главниот момент – одлука за купување не пристигнува. Затоа продажбата е важен сегмент во оваа спирала која бизнисот го одржува во живот.

Примери на Комерцијалисти во Македонија

Интерсено е да видиш некои комерцијалисти во некои од поуспешните компании, но кои доаѓаат или работат според искуството од претходниот систем. Забележете го само ова:

  1. Канцеларија
  2. Телефон
  3. Весник
  4. Едно до две ливчиња
  5. Адресар и
  6. Можеби по некоја секретрка која ќе чука на машина за пишување (дали се произведуваат веќе навистина не знам!).

Слично на онаа серија Подобар живот која ја гледавме пред извесно време. Но, таквите комерцијалисти се забележуват и денес. Нормално е дека не им е потребен компјутер бидејќи телефонот е доволно средсво за контакт со врските кои ги имат воспоставено пред 15-20 години. Но, што кога ќе се сменат тие врски. Пензија, приватизација на компанијата со која соработуваат или било што што ќе ја измести врската – централната фигура за успешност на овој комерцијалист ќе предизвика и пад на продажбата за бизнисот за кој работи овој комерцијалист кој по се изгледа си ја завршил својата успешна кариера.

Има и друга варијација на овој тип на комерцијалисти кои пак малку напреднале и користат компјутер, но само заради mail на кој ги примаат контактите и барањата за понуди. Нешто што одлично го научиле со оваа техника е Forward на пораката. Најлесно е да се препрати пораката на некој од развојно-технолошко одделение кој ќе се занимава со цена, квалитет, карактеристики или пак стандарди. И тогаш се јавува вистинскиот проблем и онаа нетрпеливост помеѓу две служби воеден бизнис.

Кога вака ги размислувам двата претставени типови на комерцијалисти не знам да кажам кој е полош за бизнисот и од кој попрво јас како претприемач би се откажал. Најверојатно од вториот бидејќи ми ги замара луѓето кои се платени за иновација и подобрување. А и комерцијалист кој треба да го продаде производот да не ги знае карактеристиките на производот кој што го продава е катастрофа за бизнисот. Изгледа дека си ја промашиле професијата.

Оваа група на комерцијалисти ја нарекувам комерцијалисти заскитани во ХХI век. Втората група на комерцијалисти која ја среќавам во Македонија ја нарекувам Комерцијалисти во заблуда. Ова се оние продавачи кои мислат дека работат онака како што треба но всушност се во заблуда. Ова се комерцијалисти кои го имаат прифатено оној стариот корпорациски американски стил кој веќе е измурен во самиот САД. Тоа се комерцијалисти кои секоја недела имаат во агенда да ве посетат и да ве прашаат за нарачка. Па понекогаш се и досадни со притисокот што им го наметнуваат на потрошувачите. Во секој случај и оваа категорија не би ја ставил во онаа која претставува рецепт за бизнис успешност.

Оптимален Комерцијалист

Ова е третата група на комерцијалисти која барем јас не сум ја сретнал сеуште во Македонија. Пред да го опишам оптималниот комерцијалист би тргнал со она што се смета продажба. Следниве зборови се постојани во речникот на еден продавач (комерцијалист):

  • Преговарање,
  • Убедување,
  • Притискање на потенцијалниот потрошувач,
  • Надминување на отпорноста кај потенцијалниот потрошувач,

Доколку ги погледнете овие зборови ќе забележите дека сите се поврзани со еден збор и тоа Притисок. Секогаш кога некој кој сака да ми продаде нешто тргне со ваквите мисли ми ствара притисок кој не го сакам, а можеби производот или услугата би ја сакал. Но, не сакам да одлучувам под притисок.

Но, зошто овој начин на продажба? Наједноставниот одговор е бидејќи комерцијалистите не го познаваат доволно сопствениот производ а во исто време се под притисок од менаџерот или претприемачот да продава ќе мора да ги применуваат овие тактики.

Па кој најдобро го познава производот или пк услугата? И овој одговор е едноставен, а тоа е инженерот, односно оној кој го иновирал или пак произвдел или пак кој може да навлезе и да ги разбере карактеристиките на производот од аспект на еден корисник или пак потрошувач. Кога претприемачот го започнува бизнисот го започнува со едно знаење за она што го продава и бизнисот бележи раст. Но, кога веќе ќе се шири бизнисот и ќе мора иновацијата и продажбата да се одделат се јавува овој проблем.

Инженерите по природа решаваат проблеми и не ги сакаат оние зборови наведени во опис на продажбата. Во денешно време секој купувач гледа низ призма на решавање на сопствен проблем. Но, сепак некој ќе треба да преговара, да убедува, да врши притисок… Затоа неможеме да најдеме еден оптимален продавач. Но, имаме оптимален продажен тим.

Затоа претприемачот или пак менаџерот мора да изградат опимален продажен тим во кој ќе има и техничко лице кое доволно добро ќе го познава производот и проблемите на корисниците на тој производ. На ваков начин иноваторите ќе се занимаваат со иноваторството и развојот, додека продажбата ќе се занимава со продажба, а во исто време ќе тргнува од проблемот кој го има потенцијалниот купувач за да донесе одлука за купување.

post

6 Ентитети кои треба да се привлечат за Вашиот Бизнис Имиџ

Го градиме нашиот бизнис имиџ за ентитети кои ќе не следат и кои сакаме да ги привлечеме. Бизнис имиџот е нешто што има голема бизнис потенцијална енергија која може да биде трансформирана во лојални потрошувачи за нашиот бизнис.

Каков е процесот на градење на бизнис имиџ?

Го градиме нашиот бизнис имиџ кој ќе биде толку моќен што ќе привлече се повеќе и повеќе потенцијални потрошувачи, но со голема желба да бидат наши купувачи. Но, не се за потрошувачи. Ние сакаме да привлечеме и други ентитети кои се поврзани со нашиот бизнис на одреден начин. На пример, дали сакате да привлечете лица со солидни вештини за да ги вработите? Секако одговорот е да. Дали сакате да привлечете медиуми кои ќе креваат прашина на добро околу вашиот бизнис и ќе ја зголемат видливоста на бизнисот? Повторно, одговорот е да. Дали сакате да ги привлечете најдобрите добавувачи за Вашиот бизнис? Дали сакате да ги привлечете луѓето од владата за да помогнат во развојот на бизнисот? дали сакате да привлечете конкуренти кои ќе погледнат во Вашиот бизнис и ќе бидат импресионирани и ќе се обидуваат да ве следат? И секако, најверојатно на сите овие прашања одговорот е ДА.
Процесот е да се привлечат сите ентитети околу нашиот бизнис кои ќе ни помогнат на одреден начин во растот на нашиот бизнис. Една од грешките на претприемачите е што тие го прилагодуваат нивниот бизнис имиџ само за потенцијалните потрошувачи и не кон сите потенцијални ентитети. Во графикот подолу претставени се најважните кои треба да се привлечат со бизнис имиџот (извор: www.entrepreneurshipinabox.com):
BusinessImages

6 групи на ентитети

  1. Потрошувачи: Ова е првата група на ентитети која ја поделив во две категории: тековни потрошувачи и потенцијални потрошувачи. Нашиот имиџ треба да обезбеди нашите тековни потрошувачи да се враќаат и да купуваат од нашиот бизнис. Од друга страна овој бизнис имиџ мора да биде толку моќен за да привлекува нови потенцијални потрошувачи. Но, тука не е само да ги привлече туку и да предизвика желба за купување бидејќи без желба потенцијалните потрошувачи ќе станат само потенцијални потрошувачи. Од тоа ќе нема корист нашиот бизнис.
  2. Вработени. Втората група на ентитети кои треба да се привлечат со бизнис имиџот се вработени. Ова е најважна група по потрошувачите. Без вработени, ние немаме бизнис. Секогаш ќе сакаме да ги привлечеме најдобрите вработени за нашиот бизнис со што ќе ја зголемите бизнис потенцијалната енергија на целиот бизнис. Оваа група исто така е разделена на два подентитети: тековни квалитетни вработени кои сакаме да ги задржиме и потенцијални квалитетни вработени кои ќе сакаме да ги вработиме.
  3. Конкуренти. Третата група на ентитети се конкурентите. Вашите конкуренти секогаш ќе ве следат Вас, вашите бизнис чекори и Вашите бизнис активности. Тие секогаш ќе сакаат да го пронајдат начинот како Вие го практицирате бизнисот. Вашиот бизнис имиџ мора да ја претставува Вашата бизнис надмоќност која не може лесно да биде копирана.
  4. Снабдувачи.  Снабдувачите се исто така важна група на бизнис ентитетиза нашиот бизнис имиџ. Доколку изградите одличен бизнис имиџ, тогаш снабдувачите ќе сакаат да работат со Вас. Ќе добиете различни типови на погодности од оваа. На пример, ќе добиете поголем попуст од Вашите конкуренти, подобар тек на плаќање на набавените производи, прв ќе ги добивате новитетите итн. Замислете имиџ на редовен плаќач што може да направи во очите на снабдувачите. Целта на бизнис имиџот е да привлече два типа на добавувачи: тековни добавувачи за подобрување на меѓусобните односи и потенцијални добавувачи за раст на Вашиот бизнис.
  5. Влада. Дали треба да ја споменуваме моќта на владата? Во секој случај имаат огромно влијание врз бизнисот. Тие можат и да помогнат и да одмогнат на бизнисите, но нашиот имиџ треба да се обиде да добие помош за развој на бизнисот.
  6. Медиуми. Иако последни, не и нејневажни. Медиумите се ентитети кои навистина можат да помогнат во растот на Вашиот бизнис со огромна брзина. Тие можат да Ви помогнат да ја зголемите видливоста на бизнисот. Целта на бизнис имиџот е да привлече колку што може повеќе медиуми кои позитивно ќе зборуваат за Вашиот бизнис и ќе ги распространуваат важните пораки поврзани со Вашиот бизнис.

Ова не се единствените ентитети, но се најважните. Размисли за ентитетите кои сакате да ги привлечете за Вашиот бизнис и направете план како да ги опфатите истите. После тоа следува акција во однос на градење на бизнис имиџ кој не може лесно да биде копиран.

post

ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРОДАЖНAТА ИНКА

Продажната инка е нешто што постојано ја зголемува или би требало да ја зголемува бизнис потенцијалната енергија. Колку подобро функционира продажната инка толку ќе биде поголема бизнис потенцијалната енергија на Вашиот бизнис. На артиклите на претприемач опфативме неколку артикли за продажната инка. Пред да продолжите со овој напис кој ќе се занимава со подобрувањето на продажната инка разгледајте ги артиклите за тоа што претставува продажна инка и како да ја подестите продажната инка.

Секоја продажна инка започнува со маркетинг кампања која ќе резултира во будење на свеста кај потенцијалните потрошувачи за Вашиот бизнис и Вашите производи и/или услуги што ги продавате. Дел од тие потенцијални потрошувачи кои ќе бидат свесни за Вашиот бизнис ќе пројават интерес за производите и/или услугите. Кај дел од тие со интерес ќе се појави желба за купување на нешто од кај Вашиот бизнис. И на крајот на продажната инка дел од оне со желба ќе донесат одлука за купување.

Забележувате дека Вашата продажна инка има влез на потенцијални потрошувачи кои низ процесот на продажната инка ќе бидат трансформирани во купувачи. Поради тоа кога размилсуваме за подобрување на продажната инка имаме 2 опции:

  • Подобрување на влезот на продажната инка
  • Подобрување на стапка на трансформација на продажната инка.

Подобрување претставува процес кој доведува некои работи да ги изведуваме подобро од претходно. Кога станува збор за подобрување на продажната инка станува збор за подобрување на продажбата на бизнисот, односно обезбедување на поголема продажба.

Подобрување на влезот

Бројот на купувачи на крајот од продажната инка ќе зависи од бројот на потенцијални потрошувачи кои ќе влезат во продажната инка. Доколку имаме повеќе потенцијални потрошувачи на влезот во продажната инка ќе имаме повеќе купувачи на излезот. На пример, имаме влез од 1000 потенцијални потрошувачи, а стапката на трансформација е 5%. Со овие параметри ќе имаме 50 купувачи кои доколку во просек трошат по 1000 денари ќе имаме приход од 50.000 денари.

Доколку направиме промени со кои ќе го подобриме влезот во продажната инка на 3000 потенцијални потрошувачи и со 5% стапка на трансформација ќе имаме 150 купувачи кои ќе потрошат во просек по 1.000 денари и ќе ни донесат приход од 150.000 денари. Како да го подобриме влезот во процесот? Еден и единствен начин на подобрување на влезот претставува маркетингот. Доколку ги подобриме маркетинг активностите при што ќе ја зголемиме видливоста на нашиот бизнис, тогаш ќе го зголемиме и бројот на потенцијалните потрошувачи кои влегуваат во продажната инка.

Подобрување на стапката на трансформација

Ова е второ подрачје каде можеме да имаме подобрување на продажната инка. Освен маркетингот кој продолжува да игра голема улога во процесот на трансформација, доаѓаат до израз и локација, внтрешниот дизајн на продажниот објект, квалитетот на производите и/или услугите… На пример, доколку имаме 1000 потенцијални потрошувачи кои влегуваат во нашиот продажен тунел и тековната стапка на рансформација е 5% ќе имаме 50 купувачи на крајот на процесот. Доколку ја подобриме стапката на трансформација од 5% на 8% на крајот на процесот ќе имаме 80 купувачи кои со просечно трошење од 1.000 денари ќе значи приход од 80.000 денари што претставува за 30.000 денари повеќе приход во однос на продажната инка со 5% стапка на трансформација. Но, како да ја подобриме стапката на трансформација? Некои од можните активности во овој процес ќе бидат:

  • Трансформација на повеќе индивидуалци со свесност во индивидуалци со интерес. Во овој процес голема улога ќе имаат Вашите маркетинг материјали, избор на вистинската ниша на пазарот, локација, дизајн на продажниот објект итн. На пример, имаш 1.000 потенцијални потрошувачи со свесност за Вашиот бизнис. Во моментов стапката на трансформација на потенцијални потрошувачи со свесност во потенцијални потрошувачи со интерес е 50%. Сакате да го подобрите тој процент и спроведувате анализа на пазарот и ја избирате вистинската ниша на пазарот. Го подобрувате имиџот на Вашиот бизнис со тоа го зголемувате тој процент на 60%. Сега ќе имате 600 индивидуалци кои ќе имаат интерес за Вашиот бизнис.
  • Трансформација на повеќе индивидуалци со интерес во индивидуалци со желба. Кога некои индивидуалци ќе имаат интерес за Вашиот бизнис, Вашиот продажен тим ќе мора да ги трансформира во индивидуалци со желба за купување. На пример вашата стапка на трансформација на индивидуалци со интерес во индивидуалци со желба е 50% што ќе ви донесе 300 индивидуалци со желба за купување. Сега Вашиот продажен тим ги контактира директно, им праќа е-mail, ги едуцира за производот и/или услугата и на таков начин ја подобрува стапката на трансформација од 50% на 60% што ќе ви донесе 360 индивидуалци со желба за купување.
  • Трансформација на повеќе индивидуалци со желба во купувачи. Сега потенцијалните потрошувчи се во Вашиот продажен објект и го гледат и допираат производот. На пример, квалитетот на понудата и на самите производи во овозможува стапка на трансформација од 50%. Доколку го подобрите дизајнот и квалитетот на Вашите производи и/или услуги ќе ја зголемите стапката на трансформација на 60% и ќе имате 216 купувачи.

Значи без подобрување ќе имате 500 со интерес, 250 со желба и 125 купувачи. Со 10% зголемување на трите трансформации во продажната инка ќе имате 216 купувачи што претставува зголемување од 72,8% на вкупната стапка на трансформација (од 12,5 на 21,6). Тоа претставува ефект на пеперутка.

post

ВЕБПРИЕМАЧ – ЕДЕН НОВ ТЕРМИН

Се почесто во развиените земји се користи терминот „вебприемач“ (WebPreneur). Овие лица се дефинираат како личности кои започнуваат или водат веб базирано претпријатие. Како што зборот прет-приемач се однесува на луѓе кои започнуваат или водат нови бизниси (претпријатија) така терминот вебприемач се однесува исто така на бизниси но веб базирани бизниси. овој збор вебприемач го исковавме ние како превод на англискиот збор. Можеби не е адекватен преводот, можеби специјалистите за македонски јазик ќе ни забележат. Но, целта тука не е да го надградуваме македонскиот јазик, туку да ги видиме бизнис можностите што ни се нудат.

Веб базирани бизниси се оние кои целосно функционираат преку веб. Овие бизниси немаат физички локации како продавници, канцеларии, служби итн. Продажбата се изведува директно преку веб и зад тие продажби вообичаено стојат автоматски процеси кои целата работа наместо продавачот ја изведуваат за одреден процент од трансакцијата како надоместок.

Основните предности на овој тип на претприемачи се:

  • Ниски трошоци за започнување на бизнисот (од 200-300 евра). Потребен хостинг за сајтот, регистрација на домеин име и автоматизиран систем за наплата.
  • Изгледа професионално исто како и големите компании
  • Работата на различни служби ја изведува преку автоматизирани процеси и нема потреба од дополнителни вработени.
  • Глобален пазар. Пазарот не е ограничен само на локално или национално ниво, туку достапен е глобалниот пазар.

Но за вакви типови на претприемачи во Република Македонија постојат многу ограничувачки фактори како што се:

  • Сеуште слабата свесност кај граѓаните за користење на интернетот како виртуелна продавница. Кај нас сеуште можете по шалтерите на банките да видите луѓе кои вадат пари од картичка (стојат на шалтер, а не пред банкомат).
  • Страв од злоупотреба на картичките при изведување на трансакција. Јас лично имам купувано преку интернет повеќе пати и никогаш не ми се случило нешто непредвидено.
  • Неразвиен систем за наплата. Една од банките нешто воведе но тоа не е тоа.
  • Невозможен пристап до глобалните системи за наплата како ClickBank и PayPal.
post

НОВ НАПРЕДОК – ПЛАЌАЊЕ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ НО ДАЛИ Е ДОВОЛЕН?

Пред некое време УНИ Банка ја воведе својата најавувана услуга за овозможување на плаќање преку интернет. И тоа е добро, за првпат една банка воведува ваква можност. На една страна ги наведува предностите од користење на e-commerce услугата на банката, па вели:

  • ниски трошоци за формирање и одражување на Интернет продажното место во однос на класичното продажно место (не постои продавница во физичка смисла, оптимална количина на залиха, помал број на вработени и сл.);
  • работење по принципот 24×7 (Интернет продажното место не е ограничено со работно време);
  • достапност на производите/услугите до потрошувачите во целиот свет;
  • cross-selling и поголема сегментација на пазарот;
  • продавачот ќе биде идентификуван од страна на купувачот како лидер во примената на современата технологија.

Сето оваа е точно секоја чест.

Потоа, посебно ги наведува критериумите кои е потребно да се исполнат (небаре запишувате факултет):

  • е регистрирано за извршување одредени видови на дејности и тоа минимум да работи веќе две години; (ЗОШТО ВАКВО ОГРАНИЧУВАЊЕ)
  • има отворена сметка во УНИБанка; (ОК, СОПСТВЕНА УСЛУГА)
  • да нема доспеани а ненаплатени обврски кон УНИбанка и да не доцнело повеќе од 30 дена во подмирување на обврските; (НЕ МОЖЕ ДА НАПЛАТИ ПОБАРУВАЊА ОД НЕКОИ КЛИЕНТИ, ПА СО ВАКВИ УСЛОВИ ЌЕ ГО ЕЛИМИНИРА)
  • во последните 12 месеци да нема блокада поголема од 5 дена во континуитет, а во последните 6 месеци, 5 дена вкупна блокада; (ПА И ОВА ОК)
  • има остварено приход во предходната година од работење; (НЕ ЗНАМ НА ШТО СЕ МИСЛИ, ПРИХОД МОЖЕ ДА БИДЕ И 1 ДЕНАР)
  • има потпишано договор за прифаќање на платежни картички на ПОС терминали на УНИБанка, доколку правното лице работи со платежни картички. (СОСЕМА НЕРАЗБИРЛИВО ЗОШТО, ОСВЕН ДЕКА СЕ ОБИДУВА ДА ЈА ЗГОЛЕМИ ПРОДАЖБА НА ЕДЕН ВИД НА УСЛУГИ СО ОВОЗМОЖУВАЊЕ НА ДРУГ ВИД).

Потоа има Минимум барања во вид на pdf документ кој можете да го симнете и вика (САМО НАЈИНТЕРЕСНИТЕ):

  • Business plan за Интернет продажното место за минимум 1 година (бонитет на фирмата, пазар на набавка и пазар на продажба, организациони аспекти на проектот – вработени, одговорности, финансиска анализа т.е cost-benefit анализа, извори на финансирање, приходи и расходи; пазарно-финансиска оценка на проектот- конкуренција, пазарно учество; специфицирани производи кои ќе се продаваат, начин на испорака, начин на рекламација, планиран обем на промет, диапазон на цени на производите кои ќе ги продава…) – КУКУ ЛЕЛЕ
  • Допонително по барање од банката: Тековна состојба од Централен регистар, ЗП образец од Централен регистар, Даночна регистрација (ЕДБ), Финансиски извештаи за последните два периоди, Даночен биланс, Заклучен лист со последна дата, Опис на побарувањата и обврските, Попис на основните средства, Картица на денарски и девизен промет, Потврда од суд за постоење или непостоење на стечајна постапка /ликвидација (Ова дополнително сигурно ќе биде задолжително) – ПАК КУКУ ЛЕЛЕ

Потоа има други барања и барања за web сајтот и вика:

  1. Shopping Card-Koшничка
  2. SSL Sertifikat- secure socket layer
  3. Data Base за сите пријавени кои ја користеле кошничката и се регистрирале за купување
  4. Privacy Policy
  5. Refund Policy
  6. Shipping Policy (за колку дена ќе биде испорачана стоката, како ќе биде испорачана на пр: DHL и сл.)

Да видиме слична услуга на CLICKBANK како се подесува (Штета што ја нема Македонија како опција):

  • Регистрација на clickbank
  • Да имате 2 страни, една со објаснување на Вашите производи и друга страна со благодарност.
  • Поврзување на тие страни со формата за нарачка на clickbank
  • Да имате страна за испорака и e-mail за техничка подршка.
  • И тоа е тоа. И се онлајн без еден куп на документи од еден куп институции.

НО И ОВА НАШЕВО Е ЕДЕН ВИД НА ПОЧЕТОК. САМО ДА НЕ ЗАСТАНЕ ТУКА И ДА НЕ СОПРЕ НЕКОИ ГЛОБАЛНИ ТРЕНДОВИ ДА БИДАТ ДОСТАПНИ И ЗА МАКЕДОНИЈА (PayPal, ClickBank …). ТОКМУ И ТОА Е ЦЕЛТА НА ОВОЈ БЛОГ.

post

ЕДНА ВИСТИНИТА ПРИКАЗНА ЗА ЛОША ПРОДАВАЧКА!

Ова е вистинита случка со еден претприемач и една негова продавачка. Се работи за стартап бизнис во кој претходните 4 месеци работи самиот претприемач. По четири месеци како што полека се зголемува работата претприемачот одлучува да вработи една продавачка на половина работно време од 4 часа. Добива препорака од еден добар пријател за едно девојче. Договорот е на фиксна и варијабилна плата (како процент од продажба). Продавачката е студент и и треба некој џепарец. И се е ОК. Претприемачот се разлабавува во поглед на продажба со цел да се насочи на маркетинг, соодветни набавки и анализа за тоа што треба да се набавува повеќе. Поминува една недела, продавачката не знае да фати метла. Поминува втора недела, продавачката не знае да избрише прашина. Поминува трета недела, продавачката од 4 часа работно време 3,5 ги поминува во дуќан од спротивната срана на улицата на кафе муабет. Додека да претрчи потенцијалните купувачи си одат. Поминува пета недела, претприемачот забележува дека продавачката воопшто не знае со кои производи располага малопродажниот бјект. Поминува шеста недела, претприемачот забележува дека продавачката не знае да продава (не знае да процени кој за што влегува, каков производ прво да онуди поскап или поевтин итн.) Поминува и седма недела претприемачот и дава дополнтелна задача за парите што ги зима како плата во вид на подготовка на неделни блтени итн. Поминува и осма недела, ништо, продажба стои во место 0 или празно множество, а бизнисот прави загуба во висина на платата што ја исплаќа. Поминува и девета недела и пак ништо. Претприемачот се обидува со раговори, обуки, но незаинтересираноста продолжува. Поминува 10 недела, претприемачот воведува таргети во продажба и ја намалува платата во износ на процент на неостварени таргети. Но, повторно ништо, незаинтересираност и незаинтересираност. Поминуваат 4 месеци, на продавачката и е даден одмор. Сите викаат браво. Но, загубите се трупаат и трупаат се додека на по петиот месец претприемачот и продавачката не се разделија.

Што е онаа што треба да се извлече како поука:

  1. Внимавајте кога вработувате, изберете го најдобриот.
  2. Студент може да ве превари. Не значи дека ако студира дека тогаш е доволно интелигентен. Продажбата бара интелигентни луѓе.
  3. Од секое дрвце свирче не бидува. Не губете време на обука и разговори. Не го очеувајте невозможното. Доколку во овој случај е реагирано по првиот месец би се уштеделе загубите од наредните неколку месеци.
  4. Бизнисот емоции не познава, туку добивки и загуби. Немојте да сте емотивен и емотивно да се врзувате со вработени. Ако не ги бидува не ги бидува и тоа е крај.
post

???ПРОДАВАЧИ????

Продавачите се последна алка од бизнис активностите. Во тоа последна алка потенцијалниот купувач треба да стане вистински купувач. Тие претставуваат потенцијална енергија на бизнисот, но и трансформатор на потенцијалната енергија на бизнисот во кинетичка која носи профитабилност. Продавачите можат да оправат, но и да растурат бизнис. Би набројал неколку примери на лоши продавачи од искуство.

  • Има продавачи кои зад грб на претприемачот купуваат производи од улични продавачи (фалсификати) и ги продаваат со цена на оригинал, а парите си ги земаат за нив. Мора да внимавате ваквите ситуации да не излезат од контрола. ДАЛИ СЕ ТОА ПРОДАВАЧИ ИЛИ МАНИПУЛАНТИ?????
  • Има продавачи кои не знаат да препорачаат или да ги опишат карактеристиките на призводите. ДАЛИ СЕ ТОА ПРОДАВАЧИ ИЛИ НЕЗНАЈАЦИ??????
  • Има продавачи од стилот КЛАТИ ВРАТА ЗЕМАЈ ПЛАТА. Битна им е само платата, а не износот на продажба. ДАЛИ СЕ ТОА ПРОДАВАЧИ ИЛИ ЛЕЗИЛЕБОВИЌИ?????
  • Има продавачи кои ќе собираат друштво и по цел ден ќе пијат кафе и муабетат со друштвото па нема да го приметат купувачот кога ќе влезе, па дури и ќе бидат нервозни заради прекинување на муабетот. ДАЛИ СЕ ТОА ПРОДАВАЧИ ИЛИ НЕПОТРЕБНИ ЗАБАВУВАЧИ????
  • Има продавачи кои сакаат да заработат повеќе и поткраднуваат при наплата (нема да вратат кусур – немаат ситно – наплаќаат по поинаква цена…). ДАЛИ СЕ ТОА ПРОДАВАЧИ ИЛИ КРАДЦИ?????
  • Има продавачи … и продавачи … А ДАЛИ СЕ?????

Како претприемач треба да внимавате од продавачи од типот на: МАНИПУЛАНТИ, НЕЗНАЈАЦИ, ЛЕЗИЛЕБОВИЌИ, ЗАБАВУВАЧИ, КРАДЦИ… И ШТО УШТЕ НЕ!

Како наш мал придонес на оваа тема:

КАРАКТЕРИСТИКИ НА (НЕ)ПРОДАВАЧИ

post

(НЕ)ПРОДАВАЧ

Зошто ваков наслов? Прво го нареков продавач, но бидејќи она што тој така наречен продавач го нарави ми се чини дека не е продавач. За една книга читав доста на интернетот и бев спремен да ја нарачам преку амазон. Книгата за која станува збор е Герила Маркетинг од Jay Conrad Levinson, кој е татко на герила маркетингот. Човекот кој прв го внесува терминот герила во маркетингот. Овој термин и приод сосема ги измени темелите на сваќањето на маркетингот и го направи полесен за малите и средните претпријатија. За книгата знаев дека е продадена во над 20 милиони примероци и преведена на над 50 јазици. Ова за мене беше доволно. Зошто? Книга која е продадена во над 20 милиони примероци сигурно вреди. Кога некоја книга ќе достигне таков тираж, тоа не е за потценување.  Но, знаев и за одредени делови кои ги прочитав како извадоци на повеќе веб сајтови кои ја продаваат таа книга како еден вид продажна инка. Но, што се случи?

Отидов во книжарница во која имаше големи попусти. И бидејќи не можев да најдам нешто на попуст што би ме заинтересирало ја забележав оваа книга на маакедонски јазик која не беше на попуст. Пред мене еден човек ја зеде книгата и застана на каса за да ја плати. Но, продавачката веднаш му вели дека книгата е „превазиѓена“ работа и дека е подобро да избере некоја од оние книги кои јас и мојот партнер ги нарекуваме „направи сам“, „сликовница“ или „боенка“. Нормално, човекот ја послуша продавачката и ја врати книгата. Но, најчудно е што и јас подзастанав и се спремив да ја вратам бидејќи била „превазиѓена“ без разлика на моето знаење за таа книга и веќе прочитаните делови од истата. Во истиот момент ми светнува во главата следнаве прашања:

  1. Абе од кај знае оваа што е тоа „првазиѓено“ а што не е?
  2. Дали ги прочитала сите книги?
  3. Во книжарата продаваат секакви типови на книги, дали е експерт од сите области?

По завршување на тие прашања во таа една до две секунди си ја зедов книгата во рака веднаш продолжив со книгата на друга каса ја платив. И не зажалив. Во мојата колекција на над 300 стручни книги имам уште една која навистина претставува „бизнис библија за 21-иот век“.

Но што е онаа значајно за претприемачите:

  • Можете да имате одличен маркетинг кој ќе ви донесе еден куп на потенцијални муштерии, но продавачот може да ја за… работата и да ги изгубите со една неквалитетна продажба.
  • Продавачите без соодветно знаење не смеат да се впуштаат во коментирање на производите (само за да се направат попаметни пред муштерии). Муштеријата бара помош, доколку не сте сигурни и немате познавање како продавач, барем не лажете го.
  • Производите кои се продаваат или кои се нови вообичаено не се ставаат на попуст.

Ако за продавачката книга која е продадена во над 20 милиони примероци е „превазиѓена“ работа што ќе значат книгите кои се продаваат во само 1% (20.000 примероци што за Македонија е огромна бројка) од предметнава книга. Сега Вие кажете дали е тоа продавач или не?

Можете да ги разгледате топ 20 бизнис идеи и да оставите коментар за ваши идеи. Најдобрите 3 ќе добијат бесплатен зборник на тие идеи со разработка на истите на 30-тина страници.