post

НОВА БИЗНИС ИГРА НА FACEBOOK – INDUSTRY MASTERS

Се почесто во бизнис светот се бараат игри кои симулираат реално водење на бизнис. Целта на ваквите игри е да се стекне некакво знаење и одредено искуство пред да се почувствува вистинскио бизнис свет. На една од најпопуларните социјални мрежи на интернетот се појави нова игра наречена Industry Masters.


Industry Masters е нова игра на Facebook која опфаќа започнување и водење на сопствен бизнис, градење на бизнисот, борба со конкуренција, заработка на пари, ширење на пријатлества кои ќе бидат Ваши акционери и ќе им плаќате дивиденда.

Industry Masters е дизајниран од страна на Tycoon Systems. Ова е компанија која е насочена на развој на технологии за бизнис симулации со цел да се развиват бизнис вештини. Преку оваа игра се развиваат основите на стратешкиот менаџмент во подрачје на една виртуелна економија.
Можете да развивате стратегии, да започнете нов бизнис како претприемач и да конкурирате еден со друг со останатите играчи.
Со започнување на играта добивате почетен капитал од 150 милиони долари. Со тие пари можете да започнете со лансирање на сопствен производ, да изберете маркетинг буџет, да изберете пазар итн. Во секој случај нешто интересно.
Можете да ја пробате играта Industry Masters.

post

КАКО ДА СИМНЕТЕ ВИДЕО ОД YOUTUBE

Често пати како едно од главните проблеми со YouTube видеата е што не можете да ги симнете и да ги поставите на сопствениот хард диск за да ги гледате подоцна. Како дел од бесплатни апликации кои ги објавуваме на претприемач посебен напис ќе посветам на овој проблем.

Апликациите кои ќе ги презентирам се два вида:

  • Веб базирани апликации – Ништо не симнувате и не инсталирате на Вашиот компјутер туку преку интернет – вебот доаѓате до сервисот и го користите согласно нивните правила.
  • Windows базирани апликации – Апликации кои работат под оперативниот систем Windows и се инсталираат на Вашиот хард диск.

Напомена:

Напоменуваме дека сите овие апликации ги кршат правилата односно условите на користење (Terms of Services) на YouTube кој во точка 5 став B го наведува следново:

You may access User Submissions for your information and personal use solely as intended through the provided functionality of the YouTube Website. You shall not copy or download any User Submission unless you see a “download” or similar link displayed by YouTube on the YouTube Website for that User Submission.

Веб базирани апликации

  • iDesktop.tv – Оваа веб апликација има бесплатна опција која има одредени ограничувања во симнувањето.
  • Downloader9 – И оваа апликација работи на принципот копирај и залепи URL на видео.
  • Vixy – Ова е онлајн flv конвертор кој може да симне видео од YouTube.

Windows базирани апликации

  • Moyea YouTube FLV Downloader – Има бесплатна верзија (11,3 MB) која симнува и конвертира видео од YouTube.
  • VDownloder – Втора Windows базирана апликација (5,14 МБ) која има можност за симнување на видео од YouTube.
  • Orbit Downloader – И оваа е десктоп апликација (2,18 МБ) за симнување на видео од YouTube.
  • Videoslurp – Оваа апликација овозможува симнување на видео од YouTube со едноставен клик.
  • Vixy – Освен онлајн алатка има и десктоп апликација за симнување на видео од YouTube.
post

ВИДЕО – PIVOT ТАБЕЛИ – КАКО ДА СЕ КОРИСТАТ?

Секојдневно сме бомбардирани со огромен број на информации. Врз основа на тие информации треба да донесуваме одлуки. Колко подобро ги изанализираме и изинтерпретираме тие информации толку поквалитетни одлуки можеме да очекуваме дека ќе донесеме.

Затоа овој напис претставува продолжение на претходно започнатата тема за pivot табели. Како што ветивме во претходниот пост Pivot табели – што претставуваат во овој напис ќе можете да погледнете видео за Pivot табелите.

Она што ќе можете да го видите во видеото е:

  • Што се тоа pivot табели
    • Еден вовед односно дефинирање на pivot табелите како алатка за донесување на поквалитетни одлуки врз основа на анализирани и интерпретирани информации.
  • Кои се придобивките од користење на pivot табелите
  • Како да се користат pivot табелите
    • Дадена е една презентација за практична примена на Microsoft Office Excel на еден практичен пример со цел накратко да го опише процесот на креирање и користење на оваа алатка.
  • Бидејќи презентацијата е направена во MS Excell 2007 во видеото опфативме и сликовита презентација за користење на оваа алатка во претходните верзии на MS Office.

Погледајте ја презентацијата во оваа видео:

**********************************

Кликнете тука за текстуалниот транскрипт на видеото [PDF]

post

PIVOT ТАБЕЛИ – ШТО ПРЕТСТАВУВААТ

Честопати ова алатка која ни е достапна на секој компјутер ја забораваме и не ја користиме иако претставува волшебно поедноставување во анализа на податоци. Секој кој работи нешто користи табели, а со тоа користи или MS Office или пак Оpen Office Calc. Особено за претприемачите оваа алатка е од суштинско значење за да можат да погледнат во податоците и со неколку клика да можат да утврдат трендови и различни релации од податоците, да ги видат сумите, бројките и се што може да се види од една табела.

Pivot табелите претставуваат алатка за сумаризација, сортирање, групирање и броење на податоци кои се наоѓаат во вид на табеларен приказ. Целта на оваа алатка е да помогне во разбирање на податоци особено онаму каде што тие податоци се многубројни. На пример, имаме една ваква табела:

Tebela

Оваа табела навистина има вредни податоци од секојдневната работа на 5 продажни локации и продажба на 3 различни типови на производи. Но, дали со едн поглед во оваа табела можеме да одговориме на следниве прашања:

  • Која продавница има најголем приход од продажба?
  • Која продавница што најмногу продава?
  • Која продавница има најмногу продадени парчиња?

Да, ќе можеме да одговориме доколку земеме дигитрон и почнеме да собираме. Но, пресметката со дигитрон ќе бара неколку пати повторување за да се увериме дека збирот ни е точен бидејќи се случува да испуштиме нешто кога пресметуваме со дигитрон.

Како тука Pivot табелите може да ни помогнат? Еве како ќе дадат одговор на погорепоставените прашања.

Која продавница има најголем приход од продажба:

Забележуваме веднаш дека најголем приход има продавница 5 додека најмал продавница 3. Е сега претприемачот треба да ги утврди проблемите зошто најмалку се продава во продавница 3 и да ги реши.

Сега да видиме која продавница, што најмногу продава и која има најмногу продадени парчиња.

И оваа табела веќе дава солиден приказ за утврдување на трендови и за донесување на квалитетни одлуки. Табелата ни кажува дека продавница 4 воопшто не продала нешто од производ 1 додека за производ 2 има најголема продажба и солидна продажба за производ 3. Продавница 5 има најмногу продадени парчиња иако производ 1 слабо се продава…

Оваа може да ни вели дека производ 1 можеби треба да размислуваме да не го имаме бидејќи има најмала продажба. Продавница 3 слабо работи ќе треба да се види дали е до продажниот тим, дали сме погрешиле со целниот пазар за таа продавница, дали реба да вложиме во маркетинг итн…

Забележувате дека вредните податоци од првата табала стануваат уште повредни податоци кога се обработени со Pivot табелите.

Во еден од наредните постови ќе можете да ја видите постапката на користење на pivot табели во MS Excel.

post

ТОП 100 АЛАТКИ ЗА УЧЕЊЕ ЗА 2009

Малку да се навратиме на темата за учење. Нели знаењето е моќ, знаењето е сила. Човекот како природно суштество ја има таа особина постојано да учи. Токму и заради таа особина човекот владее со светот, а не затоа што е најсилен или најголем. Што се случило со диносаурусите.  Претприемачите пак мора да постојано да учат. Не мора да значи дека кога ќе го започнат сопствениот бизнис мора се да знаат. Видовте во примерот со потребата од знаење од менаџмент во различните животни циклуси. Но, постојаното учење претставува една константа во претприемништвото.

CheckList1Центарот за учење и технологии за перформанси – C4LPT (Center for Learning and Performance Technologies) секоја година врши истражување во однос на најдобри алатки за учење кои се наоѓаат на интернет. Начинот на спроведување на истражувањето е со помош на анкетирање на професионалци за учење од целиот свет преку набројување на најдобрите 10 алатки за учење. Резултатите од истражувањето можете да ги видите на Top 100 Tools for Learning 2009.

Интересно е што на прво место e Twitter алатка за микроблогирање каде можете да испраќате до 140 знаци текст и да го ширите кругот на пријателството (на речникот на facebook) кое се нарекува следење (вие следите некого и некој ги следи Вашите Twit-ови). Интересно е што оваа алатка според alexa.com не се наоѓа меѓу првите 100 користени во Македонија.

Второ место како најдобра алатка за учење го зазема delicious. Ние веќе пишувавме за оваа алатка на блогот на претприемач во Delicious како средство за прибирање и складирање на информации и направивме едно видео како да го користите delicious.

Трето место е едно од децата на големиот Google, Google Reader. И навистина е предобра оваа алатка, бидејќи ако не секојдневно барем еднаш неделно ја користам за да прочитам нови блогови и вести од целиот свет.

Четвртото место го држи Mister WordPress платформата за блогови. За уникатноста и корисноста на оваа платформа немам зборови. И овој блог во позадината е на WordPress платформата. Подготвуваме електронска книга за блогирање која набргу ќе имате можност да ја добиете бесплатно и во неа опфативме нешто за оваа платформа.

Петото место го зазема Slideshare.net, платформа за аплоадирање и разменување на PowerPoint и MSWord презентации со остатокот од светот. Оваа не сум ја користел но веќе ми е отворена страната и се спремам да ја испробувам.

Шестото место е популарниот YouTube, второ од големото семејство на google. Нема потреба за дополнителни коментари во однос на истиот. Инаку во Македонија по користење се наоѓа на високото 3-то место веднаш зад популарниот facebook (кој е на 28-мото место) согласно alexa.com.

Но да не должиме многу погледнете ги резултатите и алатките можеби ќе ви користи некоја од нив.

post

ТЕХНОЛОГИЈА – СТРАВ КОЈА ШТО УШТЕ ПОСТОИ

Овој феномен на страв од технологијата (особено компјутерите со се онаа што го носат со нив) е навистина чуден и постојан во Република Македонија. Со постоење на ваква страв нема 80/20 правило, нема ефективност и ефикасност, нема вирозен маркетинг, нема ефект на пеперутка, нема професионализам, нема подобрување, нема потенцијална бизнис енергија… Со еден збор нема успешен бизнис или се она за кое пишуваме и препорачуваме во Pretpriemac.com.

Дури и имам пријатели кои се плашат кога ќе добиат еден e-mail од мене во кој им покажувам нешто што можат да направат. Ми викаат немој да ме плашиш. Но, зошто да постои страв? Размислувам дека можеби тоа е страв од незнаење. Но, од друга страна никој не е роден со знаење, се учиме додека сме живи. Се се пробува, а со пробување и се учиме, па стравот е непотребен. Грешките нема да се кобни и со големи последици. Каква грешка ќе бидне доколку отворите акаунт на некоја од социјалните мрежи, или пак секојдневно во комуникација користите е-mail, или го користите интернетот за учење на нови работи, или пак користите Skype наместо телефон секаде каде што имате можност, или пак користите видео конференциски врски, или пак секојдневно прибирате информации на интернет… или пак… или пак… Сето ова само може да допринесе за Ваш подобар бизнис, стравоте е непотребен бидејќи нема што да изгубите.

Технологијата треба да се зграби и да се искористи особено сега кога се е достапно преку интернетот. Со користење на технологија ќе ги намалите трошоците на Вашето работење и ќе бидете поефикасен и поефективен со што ќе се обезбеди успешноста на Вашиот бизнис. затоа искоренете го стравот доколку постои и гледајте напред, не назад.

post

ВИДЕО: КАКО ДА ГО КОРИСТИТЕ DELICIOUS ЗА БИЗНИС ЦЕЛИ

Оваа е трето видео во серијалот на видео материјали на блогот на претприемач. Претходните две се однесуваат на изведување на ABC анализа со помош на MS Excel. Оваа видео се однесува на еден социјален сајт за обележувачи кој освен за поврзување со луѓето од целио свет може да ви помогне во брзо изнаоѓање на квалитетни информации кои сте ги пронашле на интернет и сте ги обележале во delicious.

Зошто се наметна причината за приоритет за оваа видео? Како прво безброј пати ми се случило да дојдам на некој начин до некоја веб страница која набрзина ја прелистувам но немам време да ја прочитам во целот. Но, кога ќе имам време и сакам да ја прочитам не можам лесно да дојдам до неа. И тогаш почнува играта на зборови и гуглање (пребарување на google).

Како некое решение за овој проблем ги користев bookmarks или Add to Favorites системите на интернет прелистувачите. Но, по некое време и аму настана хаос. Така да ми одземаше време во средување по фолдери, но и се појави ефектот го гледаш, а не го видиш. Понекогаш нешто се наоѓа пред вас но никако не можете да го видите, а тоа создава нервоза.

Понекогаш користев и MS Word документ во кој ги собирав линковите кои сакав да ги прегледувам повторно, но и тоа не беше некое ефикасно и ефективно решение.

Од друга страна постојано се зголемува бројот на достапните информации на интернетот како и бројот на веб страните на кои има квалитетни информации, без разлика дали станува збор за едукативни или забавни содржини. Со голем број на информации, но не средени е исто како да немаш информации. Сватив дека мојата ефективност и ефикасност е на ниско ниво па постојано барав начин како да ја зголемам и како да направам некој систем кој ќе ми ја зголеми и ефективноста и ефикасноста. Кога ми го препорачаа обучувачите од Австралија на една виртуелна обука која ја посетувам веднаш го испробав системот и навистина ми помогна да бидам посреден во однос на интернет информациите и пронаоѓањето на истите. Па затоа сакам да ја споделам оваа информација со Вас.

Преку оваа видео ќе научите за тоа:

  1. Што претставува delicious
  2. Кои се предностите од користење на delicious
  3. Како да отворите акаунт на delicious
  4. Како да складирате обележени страници на delicious и
  5. Како да ги користите обележувачите

Инаку пред да го изгледате видеото како практичен пример за подесување и користење можете да го прочитате постот: delicious средство за прибирање и складирање на информации.

Но да не должиме многу, повелете изгледајте го видеото и дајте Ваш коментар за истото може да придонесе за подобрување на квалитетот на идните содржини.

post

DELICIOUS СРЕДСТВО ЗА ПРИБИРАЊЕ И СКЛАДИРАЊЕ НА ИНФОРМАЦИИ

Дали ви се случило да најдете некој сајт на интернет со квалитетни информации кои не сте во можност веднаш да ги прочитате, но подоцна по еден ден, недела или месец ви текнува за тој сајт и тие информации, но не може да се сетите за веб адресата за тој сајт? Ова доведува до губење на време, и што е најважно и нерви. Знаете дека нешто постои, а бидејќи времето поминало не можете да го најдете. Во овој дел ќе претставиме една алатка која е доста корисна кога станува збор за интернет информации, а тоа е Delicious (http://delicious.com)

Delicious претставува социјален bookmarking (некои го преведуваат како обележување и претставува метод кој интернет корисниците го користат за складирање, организирање, менаџирање и пребарување на обележувачите – складирани локации на веб страни кои може повторно да се повикаат) сајт за складирање, делење и пронаоѓање на обележени веб страни. Целта на delicious е да ви овозможи складирање на страните за кои сметате дека се интересни за вас и подоцна лесно да ги најдете. Мора да кажеме дека ова не е исто како Boookmarks или Favorits функциите на вашиот browser (види слика).

Посебно разликата е во тоа што Вие можете да ги поделите вашите обележени страници со поголем број на луѓе. Исто така, лесно можете да ги пронајдете сите обележени страници во однос на клучни зборови или јазли (tags). Можете да видите кои веб страни се најпопуларни во однос на обележување за одредени клучни зборови од ваш интерес па да ги прочитате тие информации. Ова е особено важно бидејќи колку повеќе луѓе ги обележале тие веб страни толку содржината на истите е подобра.

На ваков начин Вие ќе ја подобрите Вашата ефективност и ефикасност во однос на пронаоѓање и складирање на информации од интернет. Доволно е само да отворите акаунт на delicious и да почнете со пребарување на веб страните и секогаш кога ќе наидете на нешто што ќе сметате дека е важно или пак ќе биде важно во иднина да го обележите на delicious. И кога ќе ви биде потребно лесно да го пронајдете. Како посебна опција имате да сокриете она што сте го обележале. Внимавајте delicious е социјален сајт за обележување (слично како facebook, linkedin…) што значи дека се што сте обележале ќе биде видливо за заедницата доколку не ја изберете опцијата за сокривање.