post

Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање

Повеќепати тука на претприемач пишував дека треба да се изгради систем за ова или пак систем за она. Но, што претставува еден систем?

Бизнис систематизирање

Систем е збир на меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни елементи кои функционираат и постојат за да го претворат влезот во системот во излез.

Можеме да забележиме неколку карактеристики:

  • Системот е збир на повеќе елементи. Нема систем без минимално два елементи во неговиот состав.
  • Елементите се меѓусебно поврзани. Елементите во системот се поврзани меѓу себе така да влезот во едниот претставува излез од другиот елемент, за да од последниот елемент излезот претставува излез од системот – целта на системот.
  • Елементите се меѓусебно зависни. Елементите во системот се зависни помеѓу себе. Доколку се појави застој во едниот елемент се појавува пореметување и на другите елементи.
  • Елементите постојат за да ја остварат целта на системот. Секој систем мора да има цел (претворање на влез во излез) која се остварува со помош на функционалноста на елементите од кои е составен системот.

Подсистеми на системот бизнис

Во последниот напис за 10 клучни работи кои треба да ги започнете во 2010 препорачав да:

  1. Интегрирате систем на постојано учење
  2. Воведете систем за квалитетно следење на конкуренција
  3. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите купувачи
  4. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи.

Ова се само подсистеми на подсистеми на Вашиот бизнис. Доколку го примениме системскиот приод би кажале дека систем на постојано учење е подсистем на подсистемот развој додека останатите 3 се подсистеми на подсистемот маркетинг на системот бизнис. Па она погоре би изгледало вака:

  • Систем Бизнис
    • Систем Развој
      • Систем за постојано учење
    • Систем Маркетинг
      • Систем за следење на конкуренција
      • Систем за комуникација со купувачи
      • Систем за комуникација со потенцијални купувачи.

Дали сега имаме поквалитетна слика за овие подсистеми во однос на тоа каде припаѓаат и чија е одговорноста за нивната примена? Дали сега можеме да видиме една поголема слика одколку претходно? Секако дека одговорот е да.

Дали бизнисот мора да има подсистеми?

Ништо не мора туку само треба. Ако Вашата цел како претприемач е да изградите успешен бизнис, кој ќе се развива и расте ќе треба да имате подсистеми во бизниот.

Вашиот бизнис мора да има различни системи кои што ќе претставуваат подсистеми на системот бизнис. Нефункционалноста на еден од потсистемите може да предизвика пад на целиот систем. Постои посебна наука која се занимава со управување со системите, а тоа е теорија на системите.

Земете го на пример автомобилот. Доколку се појави проблем во системот за подмачкување ќе дојде до проблем во системот мотор, при што вашиот автомобил (главен систем) нема да ја има функционалноста за која постои – да ве превезува од едно до друго место.

Како да воспоставиме подсистеми во бизнисот?

Одговорот е едноставен. Систематизирај! Да, твоја задача како претприемач е да го систематизираш сопствениот бизнис. Лесно е да се одговори, но многу потешко да се спроведе. Затоа ќе се обидам да го упростам ова.

1. Кои се целите на твојот бизнис?

Ако твојот бизнис има за цел да продава производи и услуги на крајните потрошувачи запрашај се што треба да направиш. Да го произведеш или пак набавиш производот. Веќе излегуваат четри можни подсистеми маркетинг, производство, истражување и развој и набавка. Нека следи веднаш прашањето како. Како се произведува? Како се истражува и развива? како се набавува? Така ќе дојдете до подсистемите на овие системи.

Следното што треба да направиш откако ќе го произведеш или пак набавиш производот е да го продадаеш. За оваа цел потребни ни се следните подсистеми: маркетинг, продажба и наплата. И повторно нека следи прашањето како. Како да се маркетира производот? Како да се продава? Како да се наплаќа?

2. Пронајди ги зависностите и врските.

Смести ги сите системи и сите подсистеми на хартија во еден хиерархиски редослед како што го претставив погоре. И едноставно означи ги врските и зависностите на еден подсистем со друг подсистем.

3. Определи ги активностите.

Конечниот елемент на последните расчленети подсистеми ќе бидат составен од активности. Определи ги сите активности со краток опис на истите.

4. Документирај.

Многу е важно сите подсистеми со сите активности да бидат документирани со што ќе се знае точно на кој подсистем кои се одговорностите и за кои активности е задолжен кој подсистем да ги спроведе.

5. Тестирај.

Откако се е веќе документирано тестирај ги сите подсистеми за да утврдиш да ли функционираат онака како што се замислени. Доколку се јават некои проблеми реши ги.

6. Имплементирај.

Имплементирај ги новоформираните системи во твојот бизнис. Доколку не ги имплементираш системите истите ќе останат само на хартија и ништо нема да добиеш од вложениот труд.

7. Следи и подобрувај.

Она што навистина е најзначајно за системите во Вашиот бизнис е тоа што ќе ви овозможат едноставно следење на нивното функционирање така да лесно можете да ги воочите сите подрачја на можни подобрувања. А, подобрувањето е нешто што е постојано, односно составен дел на секој систем.

Кои се придобивките за еден претприемач Следува…

post

Бизнис Копија – Моќта На Имитација

Копирај го ова, копирај го она, копирај, копирај… Над 90% од се што постои на пазарот е копија на нешто друго. Дали имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија за постоечките и идните претприемачи? Мислам, да. Една од најголемите грешки што потенцијалните претприемачи никогаш не стануваат претприемачи е бидејќи тие се обидуваат да најдат уникатен производ за уникатна пазарна ниша која воопшто и не постои. Можеби таа пазарна ниша не постои бидејќи воопшто не постои потреба за таквите производи или услуги. Имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија доколку се изведе на вистинскиот начин бидејќи претприемачите ќе имаат повеќе користи:

Бизнис копија - Имитација заради успех

  • Влегувате на пазар кој веќе постои,
  • Имате многу помал ризик (оставете го настрана тоа дека претприемачите се превземачи на ризик сеуште постојат и практични и теоретски дилеми околу тоа бидејќи никој не става здрава нога во трн),
  • Имате многу помали трошоци и
  • Имате многу помал претприемнички стрес.

Денес на светскиот пазар постојат толку многу успешни бизниси кои едноставно се изродиле како копија од некоја друга идеја или пак некој друг веќе постоечки бизнис. Имитацијата едноставно претставува правење на нешто што веќе се прави од некој друг. Таа е користење на идеја која веќе постои.

Би дал неколку совети за копирање на друг веќе постоечки бизнис за да креирате сопствен бизнис кој ќе биде супериорен на пазарот.

Не се обидувајте да најдете бизниси кои никогаш не биле пробани претходно

Понекогаш претприемачите се заглавуваат во наоѓање на бизнис идеја која не постои на пазарот. Не дека не е добро да се има една таква идеја, но постои опасност дека таа идеја не поминала досега бидејќи не била барана. Доколку оваа стратегија со уникатна идеја успее има голема веројатност дека бизнисот ќе биде успешен. Но, процентот на успех со оваа стратегија е многу мал, па така да и веројатноста на успешноста на оваа стратегија се намалува. Со оваа стратегија ќе мора да инвестирате време, пари и енергија за да изградите нешто што не гарантира успех на бизнисот. Што ќе се случи доколку не постои интерес на пазарот за таа идеја? Умните претприемачи не превземаат ризик со нешто што не гарантира успех. Не можеме сите да бидеме еден вид на Bill Gates (Microsoft) или пак Larry Page (Google).

Затоа доколку сте претприемач кој штотуку започнува или пак планира да започнува бизнис или пак веќе сте сопственик на мал бизнис не обидувајте се да најдете бизнис кој не бил пробан. Оставете го тоа за големите компании кои имаат доволно ресурси со кои ќе си го покријат својот неуспех во нешто ново. Но, доколку тие успеат во тоа копирајте го нивниот успех во Вашиот бизнис.

Пронајдете го вашиот идол

Секоја личност има сопствен идол кој сака да го копира за да личи на него, да живее како него, да се однесува како него, да работи како него… Мора да најдете успешен претприемач или пак бизнис кој ќе го копирате во Вашиот бизнис. Вашата задача е да најдете некој кој веќе го има искусено успехот кој што вие толку желно го посакувате. Направете листа од можни претприемачи и бизниси која ќе ви служи за наредните чекори од процесот.

Следете ги вашите идоли

Кога ќе ги најдете и изберете Вашите идоли потрошете одредено време на нивно следење. Ова не значи дека треба да одите по нив, односно да ги следите во буквална смисла на зборот. Ова значи прибирање на информации за нивниот успех. При следењето обидете се да одговорите на следниве прашања за Вашите идоли:

  • Што е тоа што тие го прават за нивниот деловен успех?
  • Кој е нивниот чекор по чекор процес кој ги одвел до успехот?
  • Какво е нивното однесување?
  • Како тие го користат маркетингот во нивниот бизнис или пак производ и услуга?

Проучете и научете за се што тие прават за да бидат успешни

Проучете и научете, проучете и научете… Ова е основата за успешно копирање на нечиј друг бизнис. Ќе мора да одговорите на следниве прашања по проучување на успехот на Вашите идоли:

  • Во што се тие подобри од останатите бизниси во истата индустрија?
  • Што тие прават поразлично од другите?
  • Која е нивната супериорна вредност?
  • По што се препознатливи на пазарот?
  • Како го градат нивниот кредибилитет?

Копирајте ги сите успешни фактори во вашиот бизнис

Откако ќе го соберете знаењето за нивната деловна успешност можете да започнете со планирање на имплементацијата на тоа знаење во Вашиот сопствен бизнис. Имплементирајте ги сите фактори кои ги идентификувавте во претходните чекори. Не се обидувајте да испуштите некој фактор кој ви е идентификуван како елемент кој Вашиот идол го прави успешен претприемач. Копирајте се во Вашиот бизнис.

Подобрувајте ги сите фактори

И за крај зборот кој најмногу ми се допаѓа во целиот овој процес, а кој прави да не бидете обични имитатори – подобрување. Досега во процесот веќе изградивте систем и потенцијал за Ваша сопствена бизнис успешност.Но, Вие сакате да бидете број еден на пазарот. А, кој не сака? Затоа не запирајте тука. Подобрувајте ги факторите на успех. Подобрете ги сите фактори и имплементирајте ги новите кои ќе ги откриете за да бидете подобри од бизнисот кој веќе го копирате. Подобрувајте, доколку сакате да бидете препознаени како нешто уникатно на пазарот.

***

Сега што мислите? Дали Вашиот бизнис е фалсификувана копија или пак уникатен бизнис кој претставува подобрена копија на некој друг бизнис? Мислам дека имате оригинален бизнис иако е роден од идеја и успех на други. Процесот е едноставен:

Пронајди + Научи + Копирај + Подобри = Уникатна успешност





post

5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес

Претприемач, претприемаништво, бизнис, мал бизнис… Сето тоа се поими кои се длабоко поврзани со продобрувањето. Основна задача на секој претприемач или пак менаџер е да го подобрува бизнисот. Простор за подобрување во секој бизнис постои. Но, кои се оние клучни елементи кои може и треба да се започне со подобрување уште денес?

Пред да започнам со поставување на клучните елементи сакам да повторам дека процесот на подобрување може да се однесува на сите аспекти на бизнисиот и нема ограничен простор. Секое подобрување ќе може да доведе до ефект на пеперутка во севкупниот бизнис.

Следниве елементи можете да започнете уште денес да ги подобрувате:

Претприемач

Претприемач е централна фигура во секој бизнис. Уште денес можете да започнете да се подобрувате. Знам дека доколку го читате оваа Вие сте тип на претприемач кој секојдневно се подобрува проширувајќи го сопственото знаење.

Ние како претприемачи со секој нов изминат ден стекнуваме ново искуство, ново знаење, нови вештини и нови навики кои доведуваат до наше подобро однесување во утрешниот ден. Потребно е само навистина добро да ги апсорбираме овие елементи и нормално да ги применуваме. Доколку не го примениме нашето ново, искуство, ново знаење, нова вештина и нова навика во утрешниот ден воопшто не сме се подобриле.

Маркетинг

Маркетинг е една од најважните карики во секој бизнис. Можеби не сте ни свесни колку може да се подобрат Вашите маркетинг активности со само едноставно следење на резултатите од секоја активност. Со промена во маркетингот ќе направите промена и во резултатите на бизнисот. Доколку секоја маркетинг активност ја подобрите за само малку за огромен процент ќе се подобрат бизнис резултатите. Еве некои совети:

  • Направете истражување на пазар.
  • Започнете со градење или подобрување на Вашиот кредибилитет.
  • Исфрлете ги сите маркетинг активности кои даваат слаби резултати.
  • Користете го 80/20 правилото.
  • Пробувајте различни медиуми.
  • Префрлете огромен дел од маркетинг активностите на интернетот.
  • Мерете ги резултатите и менувајте.
  • Проверувајте различни текстови и продолжувајте со оние кои даваат најголема конверзација..

Доколку само овие работи ги разгледате уште денес и започнете да ги применувате од утре подобрените бизнис резултати се загарантирани.

Стратегија

Како трет елемент ја избрав стратегијата бидејќи е најлесно да се промени и подобри. Менување на стратегијата е најбрз, најлесен и најмоќен начин да ги промените бизнис резултатите. Стратегијата наједноставно кажано е нешто што го покажува патоказот за движењето на бизнисот во иднина. Во Wikipedia за стратегија се вели:

Стратегија е план на акции кои се дизајнирани за исполнување на одредени цели. Таа се насочува на КАКО наместо на ШТО.

Еве некои совети за да започнете со подобрување уште денес:

  • Разгледајте ги поставените цели.
  • Дали стратегијата која ја применувате води кон исполнување на поставените цели.
  • Пробајте да пронајдете и други патишта кои водат кон истите или пак кон поголеми цели.
  • Менувајте одлучно се за што сметате дека е исправно. Па, и да погрешите ќе го подобрите првиот елемент – претприемачот.

Бизнис Модел

Простор за подобрување на бизнис моделот на еден бизнис е неограничен. Прво доста е едноставно, целосно е под контрола на претприемачот и подобрувањето може да даде одлични бизнис резултати. Бизнис модел наједноставно претставува начин на изведување на бизнисот. Во Бизнис модел нешто што ќе ви помогне за бизнис модел напишав:

Секој бизнис има свој сопствен модел. Бизнис модел претставува начин на изведување на бизнис активности. На пример за малопродажба, бизнис модел може да биде набавка, изложување, маркетинг, продажба и повторно истото. Но, помеѓу овие процеси во моделот може да има повеќе различни подпроцеси. И токму во тоа е разликата помеѓу различните бизнисите. И токму во тие подпроцеси еден бизнис може да биде успешен, а друг ист таков неуспешен.

Еве неколку практични совети:

  • Претставете го графички бизнис моделот на Вашиот бизнис (можете да ја искористите алатката Gliffy)
  • Погледајте го и забележете ги идеите за подобрување.
  • Одморете малку – занимавајте се со нешто друго и повторно прегледајте го графикот на бизнис моделот.
  • Забележете ги сите подобрување и направете нов бизнис модел со вклучени подобрувања.
  • Од утре нека биде официјален новиот бизнис модел.

Капитал

Кога станува збор за капитал не мислам само на финансискиот, туку и на човечкиот и интелектуалниот капитал на еден бизнис. Мислам дека финансискиот капитал е јасен и сите го разбираме бидејќи се однесува на тоа колку пари и колкава финансиска моќ како бизнис имаме. Но, финансискиот капитал не значи и по автоматизам успех на бизнисот без следните два – човечкиот и интелектуалниот капитал. Една од поголемите грешки е кога се фокусираме на подобрување само на финансискиот капитал без останатите. Можеби затоа што најлесно е да се анализира бидејќи имаме готови алатки како анализа на готовински тек, анализа на добивка и загуба, финансиски извештаи итн.

Човечкиот капитал се луѓето кои работат во самиот бизнис и акумулираното знаење и вештини за исполнување на задачите во тие луѓе.

Интелектуалниот капитал претставува интелектуалната сопственост на бизнисот како што се правила, процедури, однесувања, организациска култура… Овој капитал се однесува на прашањата како го искористуваме човечкиот и финансискиот капитал, односно како го искористуваме знаењето, искуството и вештините на луѓето и парите за развој на нашиот бизнис.

Неколку совети за подобрувања во ова подрачје:

  • Размислете за тековната состојба на финансискиот, човечкиот и интелектуалниот капитал.
  • Забележете ги сите силни и слаби страни на истите.
  • Направете стратегија за да ги надминете слабите страни и да гиподобрите силните страни.
  • Започнете со подобрувањето од утре.

Ова се само 5 елементи кои можете навистина уште денес да ги подобрите, доволно е да оделите само 5 часа од Вашето време за да од утре имате бизнис кој навистина во голем дел ќе биде подобрен и ќе овозможува остварување на поголеми резултати.

post

БИЗНИС – ШТО Е ТОА БИЗНИС И КАКО ДО БИЗНИС?

На претприемач постојано пишуваме за бизнис, но воопшто не навлегов во суштината за тоа што претставува бизнис. При крајот на 1980-тите години и почетокот на 1990-тите години овој збор стана многу популарен. Така да и децата во градинките и во училиштата знаеја за бизнис и го користеа на некој начин во своите игри. Тогаш и практично почнаа да се развиваат одредени видови на бизниси кои беа сосема поразлични од онаа што тогаш беше вообичаен пракса за ООЗТ или ОЗТ.

Интересно е дека многу луѓе се наоѓаат во некаков бизнис а не се ни свесни дека имаат бизнис кој можат да го развиват за да изградат бизнис империја. Некои успеват да станат свесни, па своето таканаречено „хоби“ го трансформираат во вистински бизнис.

Бизнис дефиниција за бизнис

Бизнис како термин може да се користи на различни начини.

  • Израз дека имаат работа – Имаме некој бизнис!
  • Израз дека поседуваат компанија – Имам сопствен бизнис!
  • Именка – Мал бизнис

Да видиме некои дефиниции за бизнис:

Wikipedia: Бизнис е легална организација усмерена кон остварување на материјални добра или услуги наменети за потрошувачот. Бизнисот доминира во капиталистичкото општество,највеќе како приватна сопственост на поедино лице или некоја друга форма на здружување,која има за цел остварување на профит,кој би го зголемил богатството на сопственикот и би го зголемил обемот на самиот бизнис. Сопствениците и операторите за да успеат во некој бизнис мора да бидат претпазливи со капиталот што го располагаат,состојбата на пазарот,како и да преземат ризик доколку тоа е неопходно.

Oxford Dictionary: Бизнис претставува активност на правење, купување, продавање и снабдување на одредени работи за пари; комерција, трговија.

Бизнис речник (Business Dictionary): Бизнис претставува економски систем во кој производите и услугите се разменуваат за друг производ или услуга или пак за пари врз основа на нивната вредност. Секој бизнис бара одредена форма на инвестирање и доволен број на потрошувачи за кој неговиот аутпут ќе биде продаден за профит на конзистентна основа.

Бизнис во Oxford Dictionary уште се опишува како задача, професија, занимање, настан.

Мислам дека овие дефиниции се доволни за суштината на овој напис: Што е тоа бизнис? Можеме да забележиме дека од три дефиниции сите се различни, а сепак сите опишуваат ист збор и сите се вистинити. Би тргнал со една кратка анализа на истите во однос на клучните аспекти во поглед на бизнис.

Прво, Wikipedia.

  • Бизнис е легална организација – Точно. Бизнис е само легална организација – Неточно. Постојат и нелегални и организации кои се занимаваат со бизнис. Легална организација значи кога бизнисот е внесен во правниот систем на државата. А, колку бизниси постојат кои не се внесени во правниот систем на државата. Но, сепак се бизниси. Тие бизниси продаваат производи и услуги на потрошувачи за пари.

Второ Oxford Dictionary.

  • Бизнис е активност – Точно. Таа активност е правење, купување, продавање и снабдување на одредени работи за пари. Значи бизнисот може да биде производство, трговија на мало и големо како и услужен бизнис.

Трето, бизнис речник.

  • Бизнис претставува економски систем во кој се разменуваат производи и услуги за други производи или услуги или за пари. Значи не мора да значи дека размената се врши само за пари, туку може и други производи или услуги. Но, сепак на крајот целта е да се добијат пари со продажба на тие други производи.

Едноставно можеме да кажеме дека бизнис е секоја активност со која заработуваме пари. Постојат и непрофитни бизниси, но од некаде мора да добијат пари за да ги платат вработените и останатите трошоци на таквите типови на бизниси. Значи секој бизнис во секој случај е поврзан со пари.

Бизнис практики

Она што го извлеков од дефинициите и мојата напомена дека бизнисот не мора да биде легална организација. Значи бизнисот може да се започне со некоја едноставна купопродажба. Идејата е да се купи нешто за повтино и да се продаде поскапо. Како пример, можат да бидат зелените пазари на кои се продава се и сешто. Производите кои се продаваат таму се купени за поевтино на пазарите на големо во Македонија или надвор од неа. За производите набавени од надвор не се платени царински и други давачки. Но, овој бизнис не може да биде вечен иако има некоја солидна заработка. Втора етапа во развојот е да се легализира бизнисот, односно да се внесе во правниот систем.

Но, ваквиот начин на развој на бизнисот ќе бара откажување од поголем дел од сегашната заработка и вложување во локација, во поквалитетни производи, во давачки кон државата итн. Но, во секој случај е подобро да се искористи моментот и да се започне со вистинскиот бизнис.

Како дете имав започато три бизниси со уште двајца мои пријатели. Првиот беше обична купопродажба. Ги купивме сите гумички во боја во книжара. Ако ги купивме за 10 денари ги продававме за 20 денари. Бидејќи ги купивме сите никој друг не можеше да ги најде во книжарницата, па имавме можност за поголема заработка. Значи, ја препознавме можноста и ја искористивме. Но, сепак се откажавме од секојдневните благодети на парите што ги имавме за јадење, сокче или нешто друго што ни следуваше во тие денови. Значи се откажавме од сегашната благосостојба за да инвестираме во еден „бизнис“, но затоа подоцна имавме доволно пари за секој викенд да бидеме во слаткарница.

Вториот бизнис не беше успешен како првиот. Но, третиот бизнис доживеа навистина огромен успех. Третиот бизнис во моето детство беше романотека. Изнајмувавме романчиња во сопствен продажен простор. Повторно со истите партнери ги здруживме силите со инвестиција на пари за нови романчиња и оние кои ги имавме. За време на целиот летен распуст работевме. Заработката беше одлична бидејќи можевме да си дозволиме секоја вечер да бидеме во слаткарница.

Значи и овие бизниси претставуваат бизнис.

Голема грешка е кога не се искорити моментот за развој на бизнисот. Не смеете да си дозволите да не ја искористите можноста.