post

Моја Кариера – Портал за Спој на Професионалци и Бизниси

Повторно во понеделник еден портал на кој налетав пред извесно време и ми изгледаше интересен. Моја кариера е интернет портал кој е развиен во рамките на Проектот за конкуретност во Македонија, финансиран од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и спроведуван од Корпорацијата КАРАНА. Полека, но сигурно и Македонија почна да се движи во насока на искористување на потенцијалот на интернетот.

Отсекогаш постоела една голема дупка помеѓу високообразовните институции, компаниите и студентите кои се сеуште во таа институција или се веќе дипломирани. Од друга страна конкуренцијата си го направи своето. Секој универзитет сака да се пофали колкав е процентот на студенти кои излегле од таа институција и веќе имаат работа. Студентите веќе не се или пак не треба да бидат препуштени сами на себе.

Овој портал е едноставно место каде може да се спојат три различни ентитети:

  • Студенти или веќе дипломирани висококвалификувани луѓе кои бараат вработување.
  • Компании или бизниси кои се заинтересирани да дојдат до висококвалификувана работна сила.
  • Образовни институции кои можат да ги поврзат сопствените студенти со компаниите.

Накратко за она што е наведено на самиот портал Моја кариера:

Студенти или сите оние кои бараат вработување можат:

  • Да се регистрираат на порталот и да генерираат свој профил со тоа што ќе ја постават сопствената кратка биографија, пропратно писмо и други референтни материјали,
  • Да пребаруваат можности за вработување и/или практикантска работа,
  • Да го најдат вработувањето/практикантската работа за која сонуваат,
  • Да стапат во интеракција со иден работодавач во реално време преку форуми и виртуелни простории за разговор,
  • Да учествуваат на саемот за Е-кариера,
  • Да ја развиваат сопствената кариера преку употреба на материјали за обука кои се достапни онлајн,
  • Да разговараат со сопствениот ментор за кариера и да побараат препорака во однос на сопствениот професионален развој, и тоа да го направат онлајн,
  • Да следат онлајн настани за кои се заинтересирани,
  • Да реализираат практикантска работа и да станат дел од една успешна приказна на проектот.

Компании или бизниси кои се заинтересирани да дојдат до висококвалификувана работна сила можат:

  • Да се регистрираат на порталот и да креираат профил на компанијата,
  • Да постават места за вработување/практикантска работа,
  • Да пребаруваат квалификувани кандидати кои одговараат на нивните критериуми,
  • Да пребаруваат профили на кандидати за кои се заинтересирани,
  • Да ги најдат најдобрите кандидати кои одговараат на отворените работни места/практикантска работа,
  • Да стапат во интеракција онлајн со идните вработени преку форуми и виртуелни простории за разговор,
  • Да учествуваат на Е-кариера саем и да ја промовираат сопствената компанија на овој виртуелен настан,
  • Да разговараат со најталентираните на едно место,
  • Да го презентираат профилот на сопствената компанија преку објавување на презентации, видео материјали и слики,
  • Да следат и поставуваат настани и објави;
  • Да станат модел за успешност кој другите ќе го следат.

Образовните институции можат:

  • Да се регистрираат и да креираат профил на универзитет,
  • Да ја зголемат препознатливоста со тоа што ќе станат дел од овој напреден портал,
  • Да следат и примаат онлајн настани кои се од интерес за нив и нивните студенти,
  • Да следат и поставуваат настани и објави за сопствената институција,
  • Да бидат водечка образовна институција и да ги поврзат сопствените студенти со корпорации од висок ранг.
post

Парабола на Варена Жаба – Во Бизнисот Не е Пожелно!

За парабола на варена жаба во бизнисот за првпат прочитав во книгата „Пета Дисциплина“ на Peter Sengi. Ова е еден ефект кој е чест во бизнисот и кој може да има лоши последици. За парабола на варена жаба веќе пишував на две места. Прво во намалување на залихи пат кон поголема ефикасност каде напишав:

…Но, трагично е што овие проблеми од срана на претприемачите не се гледаат затоа што со залихи се си функционира како што реба и се е под конец. Па, во ваков случај може да се појави ефект на варена жаба (жабата ќе се свари и ќе умре доколку полека ја загреваме водата и стигнеме до температура на вриење, додека ако ја ставиме во зовриена вода таа ќе се изгори и ќе скокне, но сепак ќе преживее). Тоа е затоа што малте ситни проблеми често ги занемаруваме и подоцна не чинат многу и во краен случај клуч на бизнисот.

Второто место каде што пишував за парабола на варена жаба е значајноста на навремено откривање на извори на организациски промени каде малку поопширно ја опишав параболата на варена жаба:

Значајнста на навремено откривање на изворите на организациските промени ја прикажува Peter Senge во неговото дело Пета дисциплина (The Fifth Discipline: The art and practice of the learning organization). Тој ненавременото откривање на изворите (причините) на организациските промени го споредува со парабола на „варена жаба“. Senge опишува дека кога ќе ставиме жаба во врела вода таа веднаш ќе се обиде да излезе од садот во кој се наоѓа водата, но доколку во садот има вода со собна температура, жабата ќе остане во садот. Ако постепено ја зголемуваме температурата на водата на 20 до 25 оC жабата нема да реагира и дури ќе покажува знаци на задоволство и удобност. Со понатамошно покачување на температурата, на жабата ќе и биде се потопло и потопло, но нема да реагира се додека веќе не биде во состојба да реагира и ќе се свари. Senge вели дека ова се случува заради тоа што жабата има внатрешен детектор на закани кој е подесен на ненадејни крупни проблеми. Слично може да се случи и со бизнисите (организациските системи) кои постојано се наоѓаат под одредено влијание на околината. Доколку во околината се случат крупни проблеми претприемачот ќе возврати со организациски промени со кои ќе избегне да тие промени во околината влијаат негативно на работењето на неговиот бизнис. Но, доколку промените во околината се постепени и постојани, претрпиемачот нема да одговори на истите закани се додека не сфатат дека веќе е предоцна да се стори нешто за опстанок.

Секогаш во животот ги забораваме оние малите ситните промени во нашата околина. При промена на годишните времиња од топло време во студено доколку температурата полека се намалува нашиот организам многу поспоро ќе ги забележува тие промени се додека не не фати настинка затоа што не сме се подготвиле за студено време. Но, доколку настапи силен студ одеднаш веднаш ќе се префрлиме на зимска облека која ќе не спаси од настинка.

Ова се случува и во бизнис светот. На пример, вашиот снабдувач полека ви ја зголемува цената. На пример првпат ви ја зголеми за неколку денари што за Вашиот бизнис и не е нешто премногу. На пример доколку Вие го продавате производот за 1000 денари и имате маржа од 300 денари 3 денари се незебележителни но сепак претставуваат 1% намалување на Вашата маржа. Си викате ОК не е ништо страшно. По неколку наредни набавки снабдувачот повторно ја зголемува цената за 3 денари. Што повторно е незабележително. Но, сега имате помалку 6 денари доколку не реагирате со покачување на цената. Но, повторно Вашата математика вели дека со продажба од 100 парчиња тоа се само 600 денари. И така, доколку истиот снабдувач продолжи со зголемување на цената се повеќе ќе се намалува Вашата маржа и може да стигне до едно ниво кога драстично ќе ви се намали профитот. Но, тогаш можеби да биде доцна.

Секој претприемач, освен следење на крупните промени во сопствената околина треба да ги следи ситните – малите промени. Бидејќи понекогаш овие мали промени по одреден период можат да бидат кобни. Исто како и во случајот со жабата. Бизнисите не се имуни на овој феномен. Ова е поради фактот што претприемачите или менаџерите на поголемите бизниси повеќе се насочени кон стратешките влијанија врз нивниот бизнис и ги забораваат малите негативни влијанија. Се сеќавате кога пишував за Kaizen дека успехот на индустријата на Јапонија се темели токму на мали секојдневни подобрувања кои во еден подолг рок носат ненадминлива конкурентска предност.

Сликата од purpleslog.
post

Бизнис План – Опасности во Стилот Планирај го Твојот Бизнис План

Овој наслов веќе го најавив во насловот Иновација како основа во Facebook во кој го коментирав накратко, односно ги претставив најважните работи од интервјуто со Mark Zuckerberg основачот и CEO на Facebook. Она како дел од тоа интервју е дека во Facebook немаат потреба, а ниту време за да пишуваат формални бизнис планови. Истото и јас го искусив во пракса. Иако, едно 10-тина години проучувам литература од претприемништвото каде се пропагира целосна формализација на бизнис планот, направив грешка пред неколку години кога започнував еден бизнис. Ваквата пропаганда која ја викам во стилот „Планирај го твојот бизнис план“ е целосно погрешна и можете да ја слушнете од луѓе кои никогаш сами не започнале сопствен бизнис или пак од луѓе кои премногу ја следат теоријата која иако не штети сепак во некои случаи е дијаметрално спротивставена со праксата.

Мое практично искуство

Кога го започнував тој бизнис имав бизнис идеја и седнав да напишам бизнис план и добро го напишав. Започнав нели по правилници за бизнис план. Изгледаше многу добар со различни графици во боја, анализи, табели итн. Си бев навистина горд на себеси за мојот успех во изработка на бизнис план. Но, при едно препрочитување сакав да го подобрам и извршив измена. Добро, сепак изгледа одличен. Инаку бизнис планот не ми беше потребен за некоја финансиска институција или за некој бизнис план натпревар за добивање на финансии, туку ми беше потребен како патоказ за развој на мојот нов бизнис во наредните 3 години. И добро сеуште не започнав со бизнисот целосно се насочив на еден уникатен бизнис план. Заборавив дека треба да престанам со сонување и да започнам со акција. Поминаа неколку месеци во кои секогаш наоѓав нешто да подобрам во бизнис планот а бизнисот не го започнував. Почнав да се нервирам заради тоа. И кога еден ден сфатив дека треба да го искинам тој план и дека мојот приод е сосем погрешен и заради него изгубив неколку месеци.

Првин седнав и направив нов бизнис план. Не изгледаше убаво со колор графици и наслови и содржини, резимеа итн. Но, со тој бизнис план го започнав бизнисот, работите се придвижија на напред. И по еден месец од тој нов бизнис план почнаа да пристигаат приходи во мојот џеб. Тој бизнис план беше едноставно составен од:

  • Активности кои треба да ги спроведам – така под цртички од прва до последна.
  • Што недостасува на пазарот – исто така цртички.
  • Колку пари имам и како ќе ги трошам.
  • Што ќе применам како маркетинг средства во првата и втората година во вид на стратегија – исто така под цртички.

Ова беше доволно и сега тој бизнис функционира и донесува приход.

Опасности  во стилот планирај го твојот бизнис план

Па кои се опасностите? Првин кој ме освести. Во тоа време започнав да читам материјали од Tim Berry основач на Palo Alto Software кој го изработува најдобриот софтвер за бизнис план – Business Plan Pro и неговата книга Планирај како што се движиш. Јас ја имав trial верзија и ги разгледав можностите кои навистина се импресивни но во моментов е корисен само за пазарот во САД и Канада бидејќи податоците кои ги користи се за тие земји. Прочитав за неговиот совет дека бизнис план може да биде во стилот со цртички и дека најважно е да се спроведуваат цртичките и да се ажурираат од време на време. Потоа коментирав на еден негов напис за бизнис план темплејти. Мојот коментар беше дека темплејтите кои постојано ги бараме само не оддалечува од вистински бизнис план кој ќе го трасира патот на бизнисот до успехот. Од друга страна секој бизнис е различен и не може да користи темплејт на некој претходен. Може, но веќе тоа не е бизнис кој ќе се базира на уникатна идеја. Така да веќе бев свесен за недостатокот од формално-научните погледи на бизнис планот (Кои пак секако не е лошо да се знаат).

Ќе издвојам три опасности:

  • Планирај го твојот бизнис план ако сакаш никогаш да не започнеш со бизнисот. Првин самата реченица кажува нешто неефикасно и неефективно. Зошто нешто двапати да се работи. Да планираш за да планираш!!!! Планирање како глагол претставува активност за подготовка на идните чекори активности. И вие ако планирате за да планирате и пак планирате за да планирате и планирате за да планирате… Опасен круг кој никогаш нема да заврши. Јас влетав во еден таков но за среќа се освестив.
  • Премногу мислење одзема премногу време. Планирање бара мислење за она што ќе го изведеме утре. Доколку заглавиме во тоа мислење за утрешницата, таа утрешница ќе дојде и ќе треба повторно да мислиме за идна утрешница.
  • Премногу планирање помала реализација. Постои опасност доколку изгубиме премногу време во планирање да го намалиме времето за релизација. Некој ќе каже доколку подобро ги испланираме чекорите за релизација ќе можеме помалку време да потрошиме во однос на самата реализација. Но оваа не е проста математика. Оваа е теорија на веројатност која се занимава со случајни настани. Едно нешто е сигурно, никогаш не можеме да бидеме сигурни 100% за она како ќе изгледа иднината. Доколку бизнис идејата е навистина вредна стартувајте не губете време бидејќи како што Вие имате некоја идеја во моментов така и некој друг има слична идеја на Вашата.

И за Крај Неколку Препораки Наместо Заклучок…

  • Во секој случај бизнис планот е потребен бидејќи е единствено средство кое бизнис потенцијалната енергија во самата бизнис идеја може да ја преточи во бизнис кинетичка енергија. Но, каков бизнис план ќе зависи од целта на самиот бизнис план.
  • Избегнувајте темплејти. Имам доста темплејти кои сакав да ги објавам на претприемач. Но, моето лошо искуство ме спречи. Бидејќи никој не може да изработи подобар план од самиот претприемач.
  • Бидете колку што можете повеќе конкретен во бизнис планот за да можете полесно да ги споредувате резултатите.
  • Нека биде едноставен и разбирлив првенствено за Вас и вашите вработени. Сепак Вие сте единствените кои ќе се занимавате со неговата реализација.
  • Формализирајте само доколку конкурирате за финансии од некоја финансиска институција или учествувате во некој бизнис план натпревар. И во еден таков случај кога ќе дојде време за реализација прилагодете го на Вашите потреби. Сепак Вие како претприемач сте центарот на Вашио бизнис.
  • Користете едноставно MS Excel и MS Word бидејќи сеуште не може да се најде софтвер кој ќе не замени во планирање. Како што наведов тоа не е едноставна математичка функција.
  • Бизнис планот нека Ви служи како патоказ за Вашето и движењето на Вашиот бизнис.

Слика од abductit под Creative Commons – Attribution

post

Бизнис лекции од играта Farmville на Facebook

Интересен напис прочитав на Business Accent за лекции кои се научени преку играње на популарната игра Farmville на Facebook. Оваа е популарна игра која има над 55 милиони активни играчи месечно низ целиот свет. Еве кои бизнис лекции ги издвојуваат кои произлегуваат од оваа популарна игра:

1) Трпеливоста е најважна

Без трпеливост за стигнување на ниво кое ќе се нарече некаков успех во бизнисот постои опасност од рано откажување. Успехот не се случува преку ноќ. Постојат повеќе нивоа на животен циклус во бизнисот и започнувањето е едно од најтешките.

2) Потребно е знаење за предвидување

Предвидување на иднината е една од основните задачи на претприемачот. Без квалитетно предвидување ќе се јават потешкотии во алокација на бизнис ресурсите.

3) Троши мудро

Трошење на пари, време и ресусрси на бизнисот може да доведе до брз успех или пак брз пропаст. Тешките времиња доаѓаат со брзина на светлината, а си заминуваат многу потешко. Затоа е потребно да се инвестира во она што ќе го развива нашиот бизнис, но и да се мисли за лошите времиња.

4) Гради пријатели

Ева е едно основно правило од социјалните медиуми како Facebook. Но, тоа е и во реалниот живот и во бизнисот. Некои дури препорачуваат да започнете со продажба уште пред вистинското започнување на бизнисот. Ова значи да пробате да продавате на Вашите блиски и пријатели, за да видите како ќе биде прифатен производот или пак услугата што ќе ги нудите. Колку повеќе пријатели имате толку повеќе потрошувачи ќе имате за вашиот бизнис.

5) Помагај им на соседите

Оваа е едно од поновите правила кои произлегуваат од модерниот бизнис. Не е се во заработката и продавање. Помагајќи на други луѓе (бесплатно) ќе ја градите Вашата репутација како еден експерт во полето на вашиот бизнис.

6) Грижи се за твојата фарма

Постојано следење на бизнисот и насоките во кои се движи истиот е основа за успешен бизнис. Следи ги најважните бизнис показатели заради донесување на правилни одлуки. Основните показатели се:

  • Реализација на бизнис планот
  • Приходи
  • Расходи
  • Готовински тек
  • Успешност на маркетинг активности
  • Производствени показатели
  • …

7) Работи напорно

Се смета дека колку понапорно работиш ќе успееш да ги исполниш целите на бизнисот. Но, сепак не е само напорно работење, туку во напорно работење со вистинска организираност која ќе доведе до ефикасност и ефективност во исто време. Доколку имате поставено остварливи цели кои сакате да ги постигнете организирајте ја Вашата работа така да ги постигнете во најкраток можен рок.

8) Oрганизирај

Во бисниот организирање е една од најважните функции (една од функции на менаџментот). Организирање има за цел да ги оптимизира сите бизнис активности за да се извлечат максимални резултати од бизнис ресурсите.

9) Не прекинувај со учење

Мислам дека нема потреба да се коментира. Ширењето на знаење е нешто кое постојано ќе ја надополнува Вашата бизнис потенцијална енергија.

10) Направи пауза од време навреме

Понекогаш нашиот мозок доаѓа до еден застој кој тешко се надминува. Направете пауза и дајте си мал одмор за да ги наполните батериите.

post

Една Word Press Тема – Thesis – Видео 9

Стигнавме до деветото видео од овој серијал на премиум видео материјали за беплатна презентација на Вашиот бизнис.

Досега го направивме следново:

  • Во првото видео регистриравме домеин име и бесплатен хостинг
  • Во второто видео инсталиравме WordPress платформа преку која ќе објавувате содржина на Вашата веб страна
  • Во третото видео изберавме и инсталиравме тема на WordPress која го смени оној дифолт изглед на нашата веб страна.
  • Во четвртото видео ја ажуриравме содржината на нашиот нов веб сајт.
  • Во петото видео видовме каде да најдеме и како да инсталираме додатоци кои ќе ја подобрат функционалноста на нашата веб страна.
  • Во шестото видео опфативме нешто за персонализација, односно промена на темата која сте ја избрале. Таму најдовте и користевте две бесплатни алатки за вршење на измените. Овие алатки ќе ги користите и понатаму.
  • Во седмото видео изработивме една статична веб страна. Ова значи дека не е систем за менаџирање на содржина туку веб страна со неколку страни за Вашиот бизнис. Исто така во тоа видео видовме како Word Press да се направи како статична веб страна и ќе симнеме една бесплатна алатка за едитирање.
  • Во осмото видео изработивме едно видео кое го поставивме на веб страната и во Word Press и на статичната страна.
  • Во оваа девето (дополнително) видео ќе покажам една тема за Word Press која има неверојатни можности за персонализација и со која за 10 минути можете да дојдете до уникатен дизајн.

Кликнете на сликата и ќе ве одведе до видеото:

http://www.pretpriemac.com/myPictures/Video-9.png

post

Огласни Табли – Маркетинг Средства 25

Стигнавме до 25-тото маркетинг средство од серијалот над 100 маркетинг средства на претприемач. Оваа маркетинг средство навистина е едноставно и не бара голема инвестиција ниту пак труд. Доколку се спроведе правилно може да биде навистина ефикасно во привлекување на вниманието за Вашиот бизнис. Многу претприемачи, го користеле, го користат и ќе го користат оваа средство.

Огласни табли најденоставно кажано претставува секое место на кое може да се закачи некаква информација за Вашиот бизнис. Таа информација вообичаено содржи она што го нуди бизнисот и контакт детали. Успешноста на огласните табли во најголем дел е поврзана со инвентивноста на претприемачот но, и одредени одлуки кои треба да ги донесе пред да започне со оваа маркетинг средство. Некои бизниси нема да можат да го користат оваа средство заради спецификите и типот на бизнисот.

Места

Првин што претприемачот треба да одлучи е местата каде ќе ги истакне сопствените огласи. Огласни табли може да бидат поставени на различни места. Особено во јавните институции, автобуски станици, факултети, училишта, болници, фабрики … Секаде може да постои огласна табла. Оваа се места кои јас ги нарекувам формални огласни табли. Формални затоа што имаат формализиран простор на кој може да се закачи или залепи некаков оглас. Процесот е едноставен со тоа што Вашиот отпечатен оглас го закачувате на тој формализиран простор.

Вториот тип на места ги нарекувам неформални места. Неформални затоа што на тие места нема посебно определен простор за такви огласи. На пример тука спаѓаат маркети, продавници, кафулиња, бандери, табли кои оградуваат простор на кој нешто се гради… Овие места зависат од креативноста на претприемачот и навистина не е ограничено како кај формалните огласни табли.

Една од најважните одлуки на претприемачот е на кои места да истакне сопствен оглас. За секое место при донесување на одлука потребно е да се направи одредена анализа која ќе ги земе во предвид следниве прашања:

  • Дали на тоа место се движат целните потрошувачи?
  • Колкав е сообраќајот на луѓе на тие места?
  • Дали има премногу други огласи па нашиот да се изгуби во таа шума?
  • Каква е видливоста на огласната табла од перспектива на минувачите?

Карактеристики

Кои се основните каракеристики на огласните табли?

  • Можат да бидат видени од голем број на луѓе во зависност од тоа дали некој ги кине или не.
  • Формалните места кои правилно ќе бидат избрани може да привлечат добро таргетирани потенцијални потрошувачи бидејќи истите застануваат со цел да прочитаат оглас. Значи имаат некаков проблем кој сакаат да го решат.
  • Неформалните места можат да привлечат внимание на огромен број на луѓе но не толку добро таргетирани.
  • Векот на траење на неформалните места е пократок во однос на формалните.
  • Простор за искористување на претприемничката креативност е неограничен.
  • Можност за додавање на вирозен елемент.

Содржина

Што треба да содржи Вашиот оглас? Ова е многу важно прашање, бидејќи од она што ќе го содржи ќе зависи и рекцијата на потенцијалните потрошувачи, односно дали ќе дојдат да купат нешто од Вашиот бизнис. Огласот (рекламата) треба да содржи:

  • Бизнис идентитет (име, лого, слоган)
  • Краток опис на она што го нуди.
  • Контакт детали (адреса, телефон, факс, e-mail, веб страна)
  • Неколку препораки од задоволнипотрошувачи може да влезе како опција.
  • Вирозен елемент – нешто што ќе предизвика ширење на огласот од човек на човек.
  • Можност да се искинат контакт деталите.

Формата на огласот за огласна табла може да биде во различен облик. Може да биде во форма на А4 хартија, може да биде и како визит карта, а може да биде и визит карти во хартиена форма кои можат да бидат искинати од луѓето кои сакаат да ве контактираат.

post

еСаем за Бизниси – MakExpo – Виртуелен Бизнис Саем

Некако во последните недели како да стана пракса по еден корисен портал неделно да презентираме на претприемач. Кога ставив насловот на овој напис излезе многу голем па се одлучив за ваков пократок. Но, насловот кој првпат го стави беше: „Бизнис портал кој има потенцијал да го смени начинот на презентирање на бизнисите и кој ќе ги направи рамноправни во светот“.

MakExpo е интернет портал кој претставува виртуелен бизнис саем за бизниси од сите големини. Порталот е изграден врз една основна намена – можност за виртуелно учество на саем на сите компании во Македонија! Од оваа појдовна точка, развена е платформа во која било која компанија од Македонија (или од странство!) ќе може да „закупи“ виртуелен простор на еСаемот и да се рекламираат себеси или своите производи! Секоја компанија може БЕСПЛАТНО да се регистрира на порталот и со тоа добива едногодишна (да, едногодишна!!!) бесплатна промоција, како и БЕСПЛАТНА промоција на еден свој производ! Со самото регистрирање – таа станува член на МакЕкспо саемот. За да се регистрирате кликнете на:


И бидејќи регистрацијата не чини ништо, достапна е за сите претпријатија, било да се тоа микро, мали, средни или големи! Дополнително на ова постојат и 3 „пакети“ на услуги коишто МакЕкспо ги наплатува и тоа:

  • Основен Пакет – вклучува до 10 дополнителни производи/услуги по компанија и чини 3.499 денари;
  • Стандард пакет – вклучува до 100 дополнителни производи/услуги по компанија, + 1 т.н. „спонзориран производ“ (се појавува прв при пребарување на истиот или при под-саемот на дејноста на компанијата), каталог на производи/услуги и чини 7.499 денари;
  • V.I.B. (Very Important Business) пакет – вклучува до 500 дополнителни производи/услуги по компанија, + 3 т.н. „спонзорирани производи“ (се појавуват први при пребарување на истите или при под-саемот на дејноста на компанијата), каталог на производи/услуги, гарантирани вкупни 500.000 прикажувања за сите спонзорирани производи на Интернет мрежата и чини 28.499 денари;

Дополнителна алатка е тоа што еСаемот можат да го посетуваат и индивидуи и разни бизниси! Па така, преку алатката за пребарување може да пребарувате по: компании (од регион, од Вашиот град, од целата држава), по производи/услуги, или пак по каталози од одредена индустрија! Индивидуите можат да пребаруваат производи или услуги од нивен моментален интерес, додека компаниите можат да пребаруваат други компании од било каде, и нивните продукти или продукти кои им се потребни. Пребарувањето вклучува: вид на продукт, цена, слика од продуктот, компанија-производител, начин на доставување, адреса, контакти…

Дополнително, секоја од вкупно 30-те индустрии е поделена во повеќе категории на под-индустрии, а истите се менуваат на секои 2 недели, со што практично се добива еСаем на секои 2 недели (на пр. Саем за мебел, Саем за градежништво), а алатките за пребарување можат да се користат 24/7, 365 дена во годината!

Целиот еСаем е замислен да функционира тотално електронски, со минимално можно учество на човечкиот фактор, така да одбирањето на пакети и плаќањата се вршат по пат на автоматски генерирана фактура која ја добивате по е-пошта веднаш по регистрирањето на Вашата компанија и одбирање на соодветниот пакет. Воедно, од моментот на плаќање на истата, добивате и Договор за соработка, по чиешто потпишување и се официјализираат правата и обврските на МекЕкспо и клиентот.
Овој портал има неколку поволности за претприемачите:

  • Прва е достапноста на сопствените производи на една глобална интернет мрежа.
  • Втората е можност за лесно пронаоѓање на идни бизнис партнери преку една голема база на податоци.
  • И за бизнис со бизнис бизнисите можност за лесно пронаоѓање на потенцијални клиенти.

Интензивната промоција на порталот е најавена за почетокот на 2010, но бета-верзијата е веќе пуштена и сите заинтересирани може слободно уште сега да ја посетат страната и да се вклучат во МакЕкспо – Саем за сите! Затоа регистрирајте се и презентирајте ја Вашата компанија ништо нема да загубите.

post

Бизнис Органограм – Теорија наспроти Реалноста

За овој петок се одлучив малку за органограмот бидејќи како идеја ми дојде уште летоска пред август. Бидејќи се одлучив за овој напис за оваа недела идната ќе дојде најавениот за бизнис план кој ќе открие многу контроверзности во однос на „планирај го твојот бизнис план“ – еден поинаков поглед кон бизнис планот.

Но, да се вратам на органограмот. Органограмот или уште познат како организациски дијаграм претставува дијаграм кој ја отсликува структурата на бизнисот како и меѓусебните релации помеѓу различни делови во бизнисот и меѓусебните релации помеѓу луѓе. Органограмот се влече од систематизацијата – документ во кој се дефинирани работните места во бизнисот. Вообичаено во развиените земји кога бизнисите сакаат да менуваат нешто во органограмот и систематизацијата користат експерти од областа на организацискиот дизајн што претставува цела една наука. Но, кај нас согласно моето искуство сите се експерти од областа на организацискиот дизајн па се занимаваат со оваа работа.

Имав проблем со еден правник по струка кој беше водач на работна група за изработка на нова систематизација. Не можете ни да замислите на какви проблеми налетав. Да зборуваш а да не те разбира некој. Ти велиш матрична структура ваква реорганизација, такво позиционирање ама џабе. Човекот си го отворил службениот весник и вели според член тој и тој треба вака и вака. Си ги „тумачи“ членовите како што си сака (Тоа е добро со законите, а и нашите законодавци секогаш ги прават да има простор за „тумачење“). Но, таа работна група можеби во изменет состав и ден денес работи на истата систематизација (веќе 3 години) и кога ќе сработат нешто ништо чудно да полетаат во вселената. Но, приказните настрана, целта ми е друга со овој напис.

Органограмот е важен дел кај бизнисите кои веќе се прошириле и растат, бизнисите кои веќе имаат оформено или се во фаза на оформување на различни одделенија, сектори, групи итн. Преку органограмот ќе се знае кој со кого комуницира. Па така претприемачот со помош на некој експерт ќе направи квалитетен органограм како на сликава:

Organogram

Но, всушност реалноста ќе биде нешто слична како на оваа слика:

И овој приказ на сликата можеби е премногу едноставен во однос на реалноста. Зошто вака? Еве некои причини:

  • Роднински врски – комуницираат и надвор од работата
  • Пријателски врски – комуницираат и надвор од работата
  • Социјални врески – Комуницираат преку некој социјален медиум.

Но, понекогаш овие врски може да предизвикаат навистина голем проблем. На, пример Бојана од Набавка е навистина квалитетен работник. Со своето залагање и знаење успева да дојде до висока позиција. До сега заради нејзината квалитетна работа бизнисот има заштедено милионски суми. Но, Зоран е вработен во нејзината служба и е во роднинска врска со Горан – претприемачот. Па Горан почесто комуницира со него без да ја извести Бојана. Ова може да предизвика револт кај Бојана која може да побара друга работа и да си замине од бизнисот. Тоа би била огромна загуба за бизнисот бидејќи во неа се вложени и пари и време за да стане тоа што е. Конкуренцијата ќе ја земе како готов производ.

Затоа е потребно да се внимава кога се крои организациската структура на бизнисот и доносите во неа. Личните чувства кон некого треба да се изостават.

Едно нешто треба да знае секој претприемач:

Секогаш најдобрите работници ќе бараат начин да си отидат заради барање на подобри услови. А, секогаш најлошите работници ќе истрпат се бидејќи нема друго место кај би работеле.

post

Иновација како основа во Facebook

Минатата недела гледав едно интервју со Mark Zuckerberg основачот и CEO на Facebook спонзорирано од Mercedes а исполнето од Business Insider. Нема потреба да пишувам што значи Facebook за денешниов секојдневен живот. Само една статистика би навел накратко:

Над 300 милиони корисници ширум светот. Повеќе од вкупниот број на жители на САД.

Во Македонија е на прво место по популарност согласно Alexa Ranking дури и пред Google, што сеуште не сум сретнал на друго место.

Иако оваа е веќе 6-та година дури оваа година започнува да работи со профит. Значи типовите се навистина трпеливи 5 години со загуба, но визијата е поголема. (Шеста од 12 грешки – нетрпеливост)

Додека го гледав интервјуто не само што научив нешто од најпопуларниот бизнис во светот туку и правев графичка презентација на најважните елементи кои со овој напис сакам да ги споделам.

Првин 4 клучни елементи за нивниот успех во иновативноста:

  • Поинаку од другите. Секогаш бараат начин да бидат поинакви од другите. Дури и да користат туѓа идеја ја преработуваат во уникатна идеја. Не копираат, туку иновираат. Едно е сигурно копијата е секогаш копија на оригиналот и никогаш не може да биде оригинал.
  • Брзи промени. Промената е постојана во нивниот бизнис. Не постои ден без промена во начинот на работата или пак во некоја нова идеја. Брзите промени им овозможуваат да ги следат трендовите и желбите на сопствените корисници.
  • Поттикнување на луѓето. Секогаш се обидуваат да ги поттикнат луѓето за производство на идеи како на внатрешните вработени, така и на луѓето од надвор – корисници. Врз тие идеи го базираат сопствениот развој. Поголема креативност, повеќе идеи. Повеќе идеи, поголем развој.
  • Фокусиранот. Фокусирани се на постојан развој на нивниот бизнис со цел да излезат во пресрет на корисниците. Што значи дека нивната клучна предност е фокусот на корисниците.
  • Бизнис култура на иновација. Оснавата на нивната бизнис култура е иновација и тоа постојана иновација.
  • Самодоверба. Самодоверба да носат одлуки кои влијаат на милиони луѓе. Се сеќавате кога го сменија изгледот. Сите кукаа и цимолеа. Но, тие имаа храброст да го направат тоа.

И уште неколку интересни детали за тоа како работат успешните:

  • Немаат потреба, а ниту време да пишуваат бизнис план. Многу интересно и сосема спротивно од онаа што се пропагира на универзитетите и посебно кај нас воопшто. Оваа интервју го гледав токму тогаш кога правев brainstorming за еден напис за бизнис план кој набргу ќе го објавам и таму наведов некои опасности од преголемо фокусирање на бизнис планот во стилот планирај го твојот бизнис план. А бизнис светот е брз и лесно може нашата првобитна идеја да биде спроведена од некој друг. И токму онаа што мислев дека претеруваме понекогаш и не се свртуваме кон иновација заради преголемо планирање го слушнав од една од најуспешните компании во светот.
  • Сакаат кога луѓето врескаат и цимолат. Со секоја промена луѓето врескаат и не ја сакаат истата. Но тогаш откриваат што тие мислат, слушаат што ќе речат, го користат фидбекот на спствените корисници и на таков начин градат производ кој е подобар за сите. А подобар производ го користа повеќе луѓе.

Се надевам дека може да се извлечат навистина корисни лекции од интервјуто. Јас од оваа едно гледање го забележав оваа што го напишав. Слободно оставете коментар доколку откриете уште нешто што е корисно за развој на претприемачите и претприемничкиот дух во Република Македонија.  Можете да го погледате на Business Insider.

post

Претприемач – Нов дизајн и можности

Иако не помина многу време од последниот редизајн на претприемач кога помислив дека конечно сум задоволен повторно извршив големи промени. Овој напис е дел од написите за интернет маркетинг или интернет бизниси во кој сакам да кажам што направив за само неколку часа и кои алатки ги користев. Може да се забележи огромен редизајн на целата страна.

Претходно користев бесплатна тема за WordPres која навистина има убав дизајн во вид на магазини. Но, секоја промена или додавање на некој мој код во позадината на истата правеше толкава збрка што седев по цели ноќи за да ги поправам работите и повторно да ги вратам како што беа. Од друга страна, толку многу работи натрупани на една насловна страна правеа толкава збрка да понекогаш и јас не можев да се снаоѓам а да не зборуваме за посетителите. Уште една работа што не ми се допаѓаше е автоматското пребарување вградено во WordPress кое не даваше баш добри резултати. И пред неколку месеци купив професионална тема за WordPress лиценцирана за повеќе веб страни па си реков зошто да не ја искористам. А, од друга страна секоја промена ми е едноставно играње со нови можности и секако простор за проширување на знаењето.

Па да кренам со она што сега е карактеристично за претприемач:

Thesis WordPress тема

Ја искористив професионалната и уникатна Thesis тема за WordPress. Ова е тема која едноставно се персонализира, SEO оптимизирана, флексибилна  и која овозможува едноставно кажано да направите чуда со изгледот на Вашата веб страна и без знаење од програмирање. Од друга страна имаат одлична подршка и форум на кој ќе најдете кодови кои директно можете да ги искористите на Вашата страна.

FAQ – Постојано поставувани прашања

Имате една уникатна можност преку поставување на прашања да добиете одговор на истите било од претприемач или пак од голем број на луѓе од светот со кои сме поврзани можеме да добиеме одговор. Секое прашање ќе биде на страната. Така да ќе се формира една база на податоци со одговорени прашања кои секој посетител може да ги пребарува и чита.

Едноставно одете на страната FAQ:


Откако ќе влезете на страната ќе можете да поставите прашање како на сликата подолу. Инаку, можете и да не го внесувате mail-от, но во таков случај нема да го добиете одговорот по mail туку истиот ќе биде само објавен на страната. Значи мailo-от служи само за да бидете известени кога прашањето ќе биде одговорено. Ќе се обидеме одговорот да биде даден во тек на 24 часа по поставување на прашањето. Па повелете!

Google Custom Search

Како трета опција која со оваа нова верзија дојде на претприемач е што е подобрено пребарувањето низ истиот. Досега на претприемач го користевме дифолт системот на WordPress како можност за пребарување низ сајтот. Но, сега поставивме можност за пребарување базиран на Google, односно Google Custom Search кој навистина дава многу подобри резултати. Од друга страна пребарувањето се врши и на артиклите на претприемач кои веќе не ги ажурираме. Еве како изгледа новото пребарување:

Поврзување

Добро овој дел го имаше во една друга варијанта, но приметив дека отворањето на сраната ја успоруваа премногу. Да се тчита Twitter па Facebook бараше премногу време. Па, затоја ги дизајнирав разните копчиња за поврзување со претприемач во еден дел на самиот почеток на страната.

Преку првото копче можеме да се поврземе на Twitter. Второто е RSS Feed на претприемач да го поставите на вашиот RSS читач како што е Google Reader и да имате информација секогаш кога ќе излезе ново на претприемач. Третото копче е знакот на FeedBurner која исто така е поседувано од Google (го купија заради можноста рекламите да ги постават и преку mail). Оваа копче е исто како претходно што имаше форма со e-mail и кога ќе го кликнете ќе побара да го внесете Вашиот e-mail и да го потврдите за сите написи на претприемач да ги добивате во Вашиот inbox. И последното (4-то), добро познато на сите, е на Facebook за да биднете фанови на страната на претприемач на Facebook. На таа страна гледам да објавувам повеќе видео материјали од областа на претприемништвото како и секој напис кој се објавува на претприемач.

****

Иако само неколку часа ми требаа да го средам овој нов дизајн сепaк не беше лесно. Но, нема прашања на кои нема одговор на интернетот.