post

План за промоција преку одговор на 40 прашања

Бизнис план грешки

Прашања за план за промоција

Минатата недела објавивме пост за подготовка на план за промоција во кој презентиравме 7 основни чекори кои треба да се поминат при изработка на еден таков план. Со овој пост би сакале да го поедноставиме целиот процес преку дефинирање на основните прашања кои треба да ги одговорите за да подготвите еден план за промоција.

Прашањата имаат за цел да ве водат низ целиот процес на креирање на еден план за промоција за вашиот бизнис. Започнете од првото прашање и дајте одговор се до последното. Сите прашања треба да бидат одговорени колку што може попрецизно како би се подготвил супериорен план за промоција кој ќе го одведе вашиот бизнис до едно многу посупериорно ниво.

Прашања за план за промоција

  1. Кои се целите кои се поставени пред бизнисот за периодот за кој ќе се однесува планот?
  2. Кои се маркетинг цели кои ги имате воспоставено во согласност со бизнис целите?
  3. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план и е во согласност со воспоставените бизнис и маркетинг цели?
  4. Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  5. Колкав е приходот кој тие го имаат?
  6. Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  7. Што е она што може да им го привлече вниманието?
  8. Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  9. Каде најчесто го поминуваат денот?
  10. Какво им е нивото на едукација?
  11. Дали тие самите носат одлука за купување?
  12. Доколку не носат самите одлука за купување кој влијае на нивната одлука?
  13. Какви коли возат моите идеални потрошувачи?
  14. Со кого живеат моите идеални потрошувачи?
  15. Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?
  16. Кој не е ваш идеален потрошувач?
  17. Кој сеуште не е ваш идеален потрошувач, но би можел да стане?
  18. Кои се моите сегашни потрошувачи?
  19. Колкава е временската рамка на нарачки од страна на тие сегашни потрошувачи?
  20. Која е временската рамка која треба да ја постигнам за да ги исполнам поставените цели?
  21. Колку нарачки прави еден просечен сегашен потрошувач?
  22. Колкав е бројот на нарачките кои се потребни заради остварување на поставените цели?
  23. Колкава е паричната вредност на нарачките на моите сегашни потрошувачи?
  24. Колкава парична вредност на нарачки е потребна заради остварување на поставените цели?
  25. Постои ли можност да се зголеми продажбата кај сегашните потрошувачи?
  26. Доколку постои можност за зголемување што е тоа што би го предизвикало тоа зголемување?
  27. По кои карактеристики најмногу се разликуваат сите досега опфатени сегашни и потенцијални потрошувачи?
  28. Кои сегменти може да се користат врз основа на тие карактеристики?
  29. Кои карактеристики се однесуваат на кој сегмент?
  30. Колкав е буџетот за промоција за периодот за кој се однесува планот?
  31. Кои се промотивни алатки и техники (маркетинг средства) би требало да ги користам за остварување на поставените цели?
  32. Која промотивна алатка и техника е најсоодветна за секој од сегментите дефинирани со прашањето 28?
  33. Колку пари се потребни за имплементација на тие промотивни алатки и техники во периодот за кој се однесува промотивниот план?
  34. Дали буџетот од прашање 30 и потребните пари од прашање 33 се еднакви?
  35. Што треба да исфрлам или додадам доколку одговорот на прашањето 34 е не се еднакви?
  36. Кога секоја промотивна алатака и техника од претходните прашања треба да биде имплементирана?
  37. Дали на календарот соодветно се распределени имплементациите на тие промотивни алатки и техники?
  38. Кој ќе биде одговорен за спроведување н секоја од тие промотивни алатки и техники?
  39. Кои се мерните индикатори врз основа на кои ќе можам да кажам за секоја алатка и техника дека е успешна или неуспешна?
  40. Што треба да променам во текот на имплементацијата за да ја подобрам ефикасноста на секоја алатка и техника?
post

План за промоција

Бизнис план грешки

Промотивен план

Пред неколку денови добивме прашање преку системот за често поставувани прашања на претприемач насловено како: Како треба да изгледа и што конкретно би искористил за промотивен план? (Поточно за приватен универзитет). Преку овој пост би сакал малку подетално да навлезам во процесот на креирање на промотивен план.

Претприемачите ја користат промоцијата за да привлечат потенцијални купувачи и да ја зголемат продажбата.

Промоција едноставно претставува еден вид на комуникација со целните потрошувачи при што бизнисот се обидува да влијае на нив за да купат производ и/или услуга кои што тој бизнис ги нуди на пазарот.

Планот за промоција мора да содржи одговори за два елементи:

  • Публицитет кој е бесплатен. Доколку локален весник весник напише прилог, а телевизијата објави прилог за вашиот бизнис, тоа е публицитет.
  • Рекламирање со користење на маркетинг средства. Доколку вие купите простор за рекламирање во тој весник, вие сте имате реклама со цел да го промовирате вашиот бизнис.

Еден промотивен план ќе треба да даде одговори за тоа преку кои алатки и тактики планирате да имплементирате зголемување на публицитетот и рекламирање на вашиот бизнис. Ќе се обидам накратко да навлезам во основните чекори кои треба да ги превземете за креирање на еден промотивен план.

Пред да започнам со чекорите морам да наведам дека овие чекори се однесуваат за промотивен план кој не е дел од севкупен маркетинг план каде би требало да му е местото. Затоа ќе бидат вметнати и одредени чекори кои се дел од маркеинг планот.

Чекор 1: Дефинирање на целите

Секој промотивен план мора да започне со воспоставување на цели кои ќе треба да се остварат преку реализација на тој план. Затоа и се започнува од основите – воспоставените бизнис цели. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план? Ова е клучното прашање кое треба да се одговори во овој чекор.

Чекор 2: Визуелизација на идеалниот потрошувач

Вториот чекор се однесува на визуелизација на потрошувачот од целниот пазар. Ова е еден од клучните чекори во која ќе мора да дојдете до една јасна слика за оние врз кои сакате да влијаете со вашите промотивни активности и врз кој ќе се базираат сите останати чекори. Одговорете минимум на следниве прашања:

  • Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  • Колкав е приходот кој тие го имаат?
  • Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  • Што е она што може да им го привлече вниманието?
  • Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  • Каде најчесто го поминуваат денот?
  • Какво им е нивото на едукација?
  • Дали тие самите носат одлука за купување? (Ова прашање го ставив во случај со универзитетот бидејќи понекогаш родителите се тие кои ќе ја донесат конечната одлука и мора да бидат дел од оваа анализа. Во 2009-та година спроведовме една општа анализа на пазарот во Република Македонија во кој го анализиравме и влијанието на трети лица во донесување на одлука за купување. Скоро 50% не купуваат сами и над 70% почитуваат туѓо мислење кога донесуваат одлука за купување. Повеќе за овој дел од истражувањето можете да прочитате во Општа анализа на пазарот – влијание на трети лица.)

Морам да напоменам дека одговорите не треба да бидат поединечни. Може да случи еден одговор да содржи неколку различни потенцијални потрошувачи. На пример, некои имаат приход од 100.000 денари месечно, додека другите кои исто така сакате да ги опфатите се до 50.000 денари. Затоа одговорете слободно во однос на визуелизација на овие потрошувачи.

Чекор 3: Сегментација – групирање на идеалните потрошувачи

Не можете да очекувате дека сите ќе бидат исти и на сите треба да се тргне со исти промотивни алатки и тактики за да ги остварите поставените цели. Затоа во овој чекор треба да ги изберете основните карактеристики врз основа на кои ќе треба да ја извршите сегментацијата и да ја извршите самата сегментација. На пример, можете да изберете групи на овие потенцијални потрошувачи врз основа на приходи, нивното движење, старост… Ова се информации од претходниот чекор.

Чекор 4: Избор на промотивни алатки и тактики за секој сегмент

Откако ги имате сегментите и секако карактеристиките на секој сегмент лесно ќе можете да видите што може да функционира во влијанието, а што не за секој од сегментите. Најдобро е за секој сегмент на еден лист хартија во една колона да ги поставите карактеристиките на сегментот и во друга колона да ги наброите можните промотивни алатки и тактики. Внимавајте дека постојат две групи на тактики: тактики за публицитет и тактики за рекламирање.

Не копирајте од еден сегмент во друг. Затоа и го направивте сегментирањето за да ви овозможи соодветен избор на различни тактики кои ќе дадат резултати за определениот сегмент.

На пример во случајот за универзитетот би можело да се користи:

Еден начин е печатење на летоци и распространување во тие средни училишта и кафулиња. Друг начин е преку социјални медиуми каде голем број на млади средношколци се наоѓаат. Третиот начин е доставување на тие летоци до работните места на родителите секаде каде што родителите имаат влијание. Постои можност за користење на e-mail маркетинг кој ќе обезбеди бесплатен курс за полагање на приемен испит. Можностите се неограничени, но овој промотивен план треба да ги одговори сите тие пршања.

Чекор 5: Промотивен календар

До овој чекор веќе имате одговорено на прашањата кој и како. Сега треба да одговорите на прашањето кога. Направете еден промотивен календар за периодот за кој се однесува планот кој го подготвувате.

Чекор 6: Одговорности

Ги знаете идеалните потрошувачи на кои сакате да влијаете, знаете за кој сегмент со која тактика ќе настапите. Знаете и кога ќе ги имплементирате тактиките. Сега треба да определите кој ќе биде одговорен за спроведување на тие тактики. Со распределување на одговорноста, целта е да го поттикнете обврзувањето кон остварување на сето она што е испланирано со овој план. Без да се знае кој е одговорен за што овој промотивен план ќе остане само како план на хартија.

Чекор 7: Мерење и прилагодување

Седмиот чекор е чекор кој обезбедува една повратна врска заради имплементација на континуирано подобрување во овој процес. Затоа, пожелно е вашиот план да содржи и дел кој ќе се однесува на мерливи индикатори кои треба да обезбедат брзо мерење на сето она што е испланирано и имплементирано и во исто време да ви каже дали е ОК или не е ОК. Сето она што не е ОК мора да биде предмет на прилагодување.

 

post

Facebook и се е можно! Сепак реалноста е поинаква!

Facebook Маркетинг Средство

Facebook Маркетинг Средство

Facebook и се е можно, но сепак не е семоќно. Реалноста е сосема поинаква.

Овој пост се гради веќе неколку недели и едноставно претставува следење на едно практично движење на нов бизнис и градење на присуство на Facebook.

Сите сме свесни за моќта која Facebook ја нуди во поглед на маркетингот. Ова е особено поради фактот што согласно SocialBakers во моментов кога го пишувам овој пост на Facebook има вкупно 831760 корисници од Македонија што претставува над 40% од популацијата.

Кога ја гледаме оваа бројка можеби ќе кажеме дека е лесно да стекнеме 50000 фанови (лајка) за бизнис страната на Facebook кога тоа е само 6% од вкупните корисници во нашата земја.

Зошто ја зедов бројката од 50000? Затоа што тоа ми го кажа еден претприемач кој овие денови направи страна за неговиот бизнис и очекува над 50000 фанови.

Бројката иако е само 6% не може лесно да се оствари особено поради следниве факти:

  • Можеме да имаме голем број на пријатели на личен профил, но сепак само мал процент од истите ќе станат фанови на страната бидејќи тие се пријатели со нас, и не се поврзуваат заради нашиот бизнис (тоа е реалност).
  • Страната секогаш е нова и празна во раните фази на нејзиното формирање и сеуште не може да се види каква вредност истата ќе понуди на потенцијалниот фан. Затоа е најдобро да се започне со креирање на стратегија за градење на настап на Facebook, доколку сеуште не е направено такво нешто. Стратегијата прилагодена на бизнис моделот и севкупните бизнис цели ќе ги даде вистинските насоки за вистинската содржина која ќе се објавува на страната.
  • Иако популацијата е голема, таа неможе да се земе во предвид како бројка за да кажеме дека ќе успееме во нешто. Ако бизнисот опслужува потрошувачи мажи, популацијата која можеби ќе биде заинтересирана за вашиот бизнис ќе биде 50% помала, па така да и бројката која ќе сакате да ја постигнете ќе биде веќе 12%. Ако земете во предвид и локација, старост или било што друго по што е сегментиран вашиот пазар можеби да стигнете до целта дека сакате 50% од потенцијалните потрошувачи за краток период да станат фанови. Што сепак не е невозможно, но временскиот период за остварување ќе биде подолг!
  • Кога бизнисот е сеуште нов и сеуште не се започнати останатите маркетинг активности преку останати маркетинг средства не може да се стигне до оптимална комбинација на различните маркетинг средства со новата страна на популрната социјална мрежа.
  • На крајот на краиштата целта не е да стекнете голема група на фанови за страната, целта е да стекнете повеќе таргетирани фанови за таа страна. Понекогаш 200 можат да бидат многу повредни од илјадници нетаргетирани фанови.

Првиот ден од пратени над 300 покани страната имаше 9 фанови, но сепак како поминуваше време така и растеше бројот на фанови, но сепак таргетот од 50.000 е преголем. Сепак очекувам многу поголема раздвиженост во периодот кој следува за што се надевам ќе имаме ажурирање и тука.

post

40 Маркетинг совети кои мора да ги имплементирате

40 Маркетинг совети

40 Маркетинг совети

Маркетингот слободно може да се каже дека претставува еден од најголемите секојдневни бизнис активности. Понекогаш може да донесе фантастични резултати, но понекогаш и не. Како и да е, не можеме да ја потцениме неговата вредност за секој бизнис.

На пазарот постојат илјадници, ако не и милиони потенцијални потрошувачи за вашата компанија. Тие ќе станат ваши потрошувачи само доколку слушнат за вашиот производ и/или услуга.

Маркетинг активности може да ви помогнат за да ја распространите пораката за вашиот производ и/или услуга или пак вашиот бизнис воопшто.

Во овој пост би споделил 40 маркетинг совети кои ги собрав во една листа преку искуство и едукација во последните 5 години.

Најдобри практики во имплементација на советите

Целта е да ги искористите овие совети и да направите вистински скок за вашиот бизнис. Затоа пред да започнеме со листата на совети би сакал да споделам неколку совети за тоа лалп да ги имплементирате советите подолу:

  • Најдобро е да започнете од првиот совет, но сепак останува на вас од каде ќе започнете.
  • Фокусирајте се на еден совет прво, а потоа на следниот. Не е лесно одеднаш да се имплементират сите, тоа се многу промени.
  • Документирај се што ќе се случува. Документирање на активностите ќе ви помогнат да креирате стандарди кои може да се користат во иднина.  На пример, доколку работите на обврзување кон маркетинг планот одговорете ги и документирајте ги следниве прашања: Како да се обврзам за остварување на маркетинг планот, што треба да направам, кога треба да направам…?

40 Маркетинг совети за претприемачи

  1. Знај кои се твоите потрошувачи.
  2. Знај што тие сакаат.
  3. Знај што тие не сакаат.
  4. Знај каде се тие.
  5. Знај што прават таму.
  6. Знај што размислуваат кога се таму.
  7. Знај што претставува вредност за нив.
  8. Знај ги нивните вистински проблеми.
  9. Знај го нивото на посакување да дојдат до решение за нивниот проблем.
  10. Секогаш биди таму каде што се тие.
  11. Специфицирај јасен пат како полесно да те најдат.
  12. Знај како да стигнеш до нив таму кај што се.
  13. Започни со градење на односи со нив.
  14. Знај што твоите конкуренти прават.
  15. Направи анализа на конкуренцијата.
  16. Познавај ги твоите производи и/или услуги.
  17. Направи неодолива понуда.
  18. Направи јасен повик кон акција.
  19. Користи различни медиуми за да стигнеш до потрошувачите.
  20. Тестирај постојано.
  21. Подобрувај постојано.
  22. Истражувај постојано.
  23. Биди креативен.
  24. Изгради силна бизнис репутација.
  25. Изгради доверба како внатре така и надвор од бизнисот.
  26. Имај кредибилитет.
  27. Секогаш подготвувај маркетинг план.
  28. Обврзи се кон твојот маркетинг план.
  29. Постојано проверувај го маркетинг планот за да видиш што следува.
  30. Споредувај ги реалните бројки со планираните.
  31. Постави јасни маркетинг цели кои ќе ги поддржат севкупните бизнис цели.
  32. Секогаш определувај маркетинг буџет.
  33. Исклучи го секој елемент од твојот маркетинг план кој претставува притисок.
  34. Гради листа.
  35. Направи систем за зголемување на листата.
  36. Сегментирај ја листата.
  37. Користи го блогирање како дел од маркетинг стратегија.
  38. Изработи стратегија за настап на социјални медиуми.
  39. Комуницирај со потрошувачите и потенцијалните потрошувачи преку социјални медиуми.
  40. Покажи ги корисностите наместо крактеристиките во твоите маркетинг средства.
post

4 Знаци дека потрошувачите мислат вие сте број еден

JV Партнерство како маркетинг средство

4 знаци дека потрошувачите мислат вие сте број еден

Постојат многу знаци кои мора да бидат следени од страна на претприемачите. Едни од нив се знаци кои ќе ти кажат дека твоите тековни потрошувачи се лојални на твојот бизнис, вашата компанија или вашиот бренд.

Понекогаш претприемачите се премногу концентрирани во донесување на нови потрошувачи воо бизниснот (во продажната инка). Нови потрошувачи се нешто што секој сопствени на бизнис го сака. Како и да е, без задржување на постоечки потрошувачи не може да се очекува раст на бизнисот иако ќе се внесуваат нови. Вашиот бизнис на ваков начин ќе остане на исто ниво и веројатно по извесен период ќе почне да страда поради недостаток на потрошувачи.

Да зборуваме малку за 4 можни знаци кои ќе ви кажат нешто за постоечките потрошувачи.

1. Доаѓаат и го повторуваат купувањето

Запрашајте се себеси со следниве прашања:

  • Колку од тековните потрошувачи не се враќаат и не го повторуваат купувањето?
  • Зошто не се враќаат и него повторуваат купувањето?

Одговорот на овие прашања ќе тиги даде можните места каде ќе можете да направите значајни подобрувања во вашиот бизнис.

На пример, доколку не се враќаат бидејќи квалитетот на производот не е во ред, подобрете го квалитетот. Доколку не се враќаат поради продавачот, сменете го или едуцирајте го продавачот.

Од друга страна доколку се враќаат и го повторуваат купувањето ќе знаете дека вашиот бизнис е на вистинскиот пат.

2. Го споделуваат нивното неверојатно искуство со вашиот бизнис

Втор знак кој ќе ви каже дека вашите потрошувачи се приврзани за вашиот бизнис е доколку тие го споделуваат нивното искуство со нивните блиски.

Мора да го следите нивното однесување по завршување на купопродажбата. Доколку се на социјалните медиуми, следете ги, и откријте што тие зборуваат за вас, вашиот бизнис или пак вашиот бренд.

Доколку не кажат ништо, веројатно нешто не е во ред, или пак не се импресионирани. Велам веројатно бидејќи не значи дека мора да биде нешто лошо. Како и да е, можете да се осигурате едноставно доколку ги прашате за нивното искуство со вашиот бизнис. Прашајте ги што сакаат, а што не сакаат. Помогнете им и тие ќе ви помогнат да го подобрите вашиот бизнис.

3. Ги донесуваат нивните блиски во вашата продажна локација

Овој знак не функционира за бизниси кои не се базирани на локација. Како и да е, доколку вашиот бизнис е ресторан, продавница на мало, сендвичара или пак нешто слично базирано на локација каде се остварува купувањето, овој знак ќе ти каже значајни работи за твоите потрошувачи.

4. Се чувствуваат како дома

Не сакам да купувам од продавници каде продавачот ме прави нервозен. Веројатно, никој не сака да купува некаде каде што не се чувствува пријатно.

Прашајте ги вашите купувачи за тоа како се чувствуваат кога се наоѓаат во вашиот бизнис. Прашајте ги што сакаат да биде имплементирано што ќе го подобри нивното искуство и чувства кога се наоѓаат во процесот на купување.

Одговорите ќе ви ги дадат можните елементи кои бараат подобрување.

 

post

Определување на цена – Уметност и наука

Определување на цени

Определување на цени

Ова е продолжување на вчерашниот пост кој се однесуваше на определување на цени. Определување на цената на производи и/или услуги со кои вашиот бизнис ќе ги продава на пазарот е многу важен процес за секој претприемач. Премногу ниски цени влијаат на профитабилноста, додека премногу високи цени може да доведат до зголемување на неможноста од продавање на тие производи.

Затоа определување на цени претставува истовремено уметност и наука. Бара креативност, бара аналитичност и бара снаодливост. Овој процес би бил најлесен доколку се одвива класично како во книгите (пресметување на сите трошоци и додавање на профитна маржа што беше опишано во претходниот пост). Тоа би била проста математика која освен собирање и додавање на проценти не би барала ништо друго. Но, сепак не е така.

За да навлеземе во сложеноста и важноста на процесот ќе започнам од елементите кои влијаат на цената на вашиот производ и/или услуга.

Што влијае на цената?

Цената е под многу влијателни фактори, но генерално истите би можеле да се групираат во следниве категории:

  • Трошочна структура. Колку ве чини производството на тие производи и/или услуги? Кои други трошоци ги прави вашиот бизнис, а не се директно поврзани со производство на производот и/или услугата?
  • Профитабилност. Колку сакате да заработите, односно да ви остане кога ќе ги покриете сите трошоци за производство и нормално функционирање на бизнисот?
  • Вредносна перцепција на потрошувачот. Каква е вредноста што потрошувачот смета дека ја добива со вашите производи и/или услуги? Дали тој може и сака да плати одредена сума и колкава е таа сума?
  • Конкуренција и нивните тактики. Каква е цената на конкуренцијата? Какви ценовни тактики тие користат? Каква е вредносната перцепција за нивните производи и/или услуги од страна на потрошувачите?

Шта би било кад би било? 😆

Пристапот на определување на цени би требало да започне со една ваква анализа која ќе даде одговор на прашањето: Што би се случило кога би се случило?

Да ги разгледаме опциите во една причинско последователна врска:

  • Tрошоци. Намалување на трошоци овозможува намалување на цената или зголемување на профитабилноста, а со тоа и поголем потенцијал за поголема продажба. Но, понекогаш слепото намалување на трошоци може да доведе до намалување на квалитетот на производот и/или услугата, а со тоа и до намалување на вредносната перцепција на потрошувачот. Од друга страна зголемување на трошоци влијаат на зголемување на цената или намалување на профитабилноста. Но тоа зголемување може да е резултат на подобрен квалитет на производот и/или услугата со што може да се зголеми вредносната перцепција на потрошувачите. Забележувате како различните комбинаторики постојат при едно вакво разгледување на трошочната структура на вашиот бизнис. Направете математика за сите комбинаторики и споредете ги една со друга.
  • Профитабилност. Тука станува збор за износот на профитот кој вие како претприемач го посакувате. Ако посакувате поголем профит во услови на иста трошочна структура ќе треба да ги зголемите цените со што ќе влијаете на и перцепцијата на потрошувачите. Доколку пак го намалите процентот на профитот со кој би се задоволиле ќе можете да ја намалите цената, што пак повторно ќе има влијание на перцепцијата можеби позитивно, но можеби и негативно.
  • Вредносна перцепција на потрошувачот. Зголемување на вредносна перцепција на потрошувачите во однос на вашите производи и/или услуги овозможува зголемување на цената на тие производи и/или услуги со што би се зголемила и профитабилноста, а тоа е и еден вид на конкурентска предност за вашиот бизнис. Од друга страна пак доколку се намали таа вредносна перцепција ќе мора да се намали и цената која ја наплаќате, што пак ја намалува и профитабилноста во услови на иста трошочна структура. Доколку сакате да остане истата профитабилност ќе мора да ги намалите трошоците.
  • Конкуренција. Конкуренцијата со своите тактики постојано ќе прави притисок врз сите претходни категории во вашиот бизнис. Доколку конкуренцијата воведе нов производ со висока вредносна перцепција кај потрошувачите ќе мора да одговорите или со подобар производ или со пониска цена што пак ќе бара намалување на трошоци или пак намалување на профитабилноста.

Забележувате дека сите категории се во една взаемна врска, и токму затоа определувањето на цената освен наука претставува и умешност на претприемачот и секако една уметност за која многу луѓе не можат да ја копираат. Некаде прочитав (не се сеќавам каде) дека Apple iPad има поставено висока профитна маржа (проценките се дека оди дури до 200$ од еден уред). Но високата вредносна перцепција која таа компанија успеа да ја наметне на пазарот им го овозможува тоа.

Затоа треба да запомните дека:

  • Цената не се определува само врз основа на трошоците и посакуваниот профит,
  • вредносната перцепција и конкуренцијата се подеднакво важни како и трошочната структура и посакуваниот профит.
  • Добра цена е комбинација на уметност, умешност и наука.
post

Определување на цена

Определување на цени

Определување на цени

Цената на производот и услугата е основа на секој бизнис. Секој бизнис нуди некој производ или услуга. Целта е тој производ или услуга да се продаде. Тој производ или услуга се продава за некоја цена. Од цената директно зависи приходот, а од приходот и профитаблиноста. Секој бизнис е основан од претприемач со цел да биде профитабилен. Така да, цената може да обезбеди соодветен профит и равој на бизнисот, но со погрешна цена може да дојде  до работење со загуба. А, загубата претприемачот не ја сака и не е пожелна за успешните претприемачи.

Што претставува определување на цени?

Наједноставно кажано, определување на цени претставува определување на продажна цена за производот и/или услугата. Со процес на определување на цени Вие како претприемач ги опредеувате малопродажните цени кои ќе ги понудите на пазарот, односно на Вашите потрошувачи. Тоа се цени кои Вашите потрошувачи ќе платат за производите и/или услугите што ќе ги земат од Вас. Тоа е монетарниот износ што некој треба да го даде за вашиот бизнис за да ја користи поволноста од вредноста која вие ја испорачувате.

Основни правила при определување на цените

Без разлика дали продавате производи или пак услуги, или пак некој тип на комбинација на производи и/или услуги, тие ќе влијаат на успешноста на Вашиот бизнис. Основни правила кои треба да ги спроведувате при определување на цените на производите или услугите се следниве:

  • Сите цени мора да ги опфатат сите трошоци и профитот кој го сакате.
  • Цените мора да бидат такви за да обезбедат сигурна продажба.
  • При намалување на цените мора да ги намалите и трошоците.
  • Постојано разгледувајте ги цените во поглед на трошоците, побарувачката на пазарот, конкуренцијата и профитот.

Што е она што влијае на цената?

Она што има влијание на цената и што најмалку треба да се земе во предвид при формирање на истата е следново:

  • Чинење на производот. Ова е колку чини производот кој сте го набавиле или набавна цена на производот. Или пак колку чини тој производ за да се произведе доколку се работи за производствен бизнис.
  • Трошоци на бизнисот. Доколку цената на Вашиот производ и/или услуга не ги опфаќаат трошоците, Вашиот готовински тек ќе биде негативен, ќе работите со загуба, нема да имате финансии за финансирање на развојот на бизнисот и најверојатно дека бизнисот ќе пропадне.
  • Профит. Профитот е она што ќе остане на крај за Вас. Дали има смисла да имате бизнис и да работите, а на крај ништо да не остане за Вас во вид на профит? Мора уште во оваа фаза да размислите и да го определите посакуваниот профит кој ќе се вклучи во цената.

На сликата се прикажани основните елементи кои влегуваат во цената.

Цена - од што е составена?

Цена - од што е составена?

Првиот елемент, чинење на производот и/или услугата е цената која Вас како претприемач ве чини тој производ или услуга. За малопродажба тоа е набавната цена на производот, за производство трошоци за израбока на производот, за услужен сектор тоа е цената за изработка на услугата.

Трошоците на бизнисот се најакрактеристични при определување на цената. Грешките во фазата на определување на цената може да бидат кобни како за Вас како претприемач така и за бизнисот во целина. Со испуштање на некој трошок ќе немате профит или пак во најлош случај ќе работите со загуба. Она што треба да го рагледате како трошок на бизнисот и да го вклучте во цената е:

  • Кирија за простории доколку плаќате,
  • Трошоци за одржување на простории на Вашиот бизнис
  • Враќање на кредити
  • Залихи
  • Плати
  • Режиски трошоци како струја, вода, телефон, комунални такси…
  • Оштетени производи
  • Производи со поминати рокови

Профитот се разгледува како фиксен трошок и се додава на збирот на чинење на производот и трошоците на бизнисот. Профитот зависи од Вас и од пазарот. Вие може да сакате профит од 1000 денари на едно парче, но пазарот не прифаќа толку голема цена. Што значи мора да го избалансирате профитот со пазарот.

Многу често некои бизниси не ја разграничуваат маржата во однос на профитот. Маржата претставува збир од трошоците на бизнисот и посакуваниот профит. Што значи дека маржата освен профитот мора да обезбеди и покривање на трошоци на бизнисот. Маржата најчесто се изразува како процент од цена на чинење или како бројка во единица валута. На пример, доколку цената на чинење е 1000 денари, продажната цена е 1500 денари маржата е 500 денари (бројка во единица валута) или 500/1000 = 50% (како процентуален израз).

Исто така една замка во која можат да навлезат претприемачите е од чиста математичка природа. Маржата се определува како процент од цена на чинење што не е ист процент од продажната цена (цена која вие ја давате). Ова е многу важно доколку давате попусти да знаете кој е максимумот. Од претходниот пример маржата е 50% и изнесува 500 денари, но 500 денари од продажната цена не се 50% туку 500/1500 = 33,33%. Доколку сакате да дадете 50% попуст вие навлегувате во загуба и од цената на чинење (750 денари попуст, 1500-750=750 денари ќе земете пари, а производот сте го набавиле за 1000 денари). Во примеров не навлеговме во трошоците на бизнисот што се дел од маржата, па така Вие ќе можете да дадете попуст многу помалку од 33,33% што во некои случаи може да биде 10% – 20% преку сила, во зависност од висината на трошоците на бизнисот. Затоа, намалувањето на цените ќе бара одредено проучување на трошоците, па и нивно намалување за да се овозможи намалувањето на цената. Еве како влијаат трошоците на цената и профитабилноста:

Компанија АКомпанија Б
Цена на чинење500 денари500 денари
Трошоци на бизнисот300 денари200 денари
Посакуван профит100 денари100 денари
Продажна цена900 денари800 денари

Забележуваме дека компанијата Б има разлика само во трошоците на бизнисот од 100 денари по парче на производ. Тоа е за 30% помали трошоци од компанија А. Со тоа може да го продава поевтино за 100 денари од компанијата А. Но, ако одлучи да го продава производот исто како компанијата А за 900 денари ќе има профит од 200 денари што е за 100% поголем од профитот на компанијата А. Значи со намалување на трошоци за 30% го зголемува профитот за 100%. Оваа е вистинската стратегија за компанија Б и со поголем профит ќе го финансира развојот и растот на бизнисот и секогаш ќе има конкурентска предност.

post

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Во изминатиов период анализирав различни теоретски и практични согледувања за бизнис моделот и стратегиите кои што еден бизнис би требало да ги има во својата основа.

Она што е очигледно е дека постојат различни бизнис модели и различни стратегии кои треба да го поддржат тој бизнис модел. Она што ме натера да навлезам подлабоко во едни вакви теоретски и практични истражувања беше согледување на потребата од еден посеопфатен пристап кога станува збор за бизнис стратегии. Поточно и во постот дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија навлегов во еден покомплексен и посложен свет во кој функционираат бизнисите.

Сепак онлајн стратегија треба да го отсликува и да е во согласност со севкупниот бизнис модел и стратегијата која произлегува од него. Одлични причини за промашувања во однос на градење на онлајн присуство (како дел од онлајн стратегија) дава и Дарко од NewMedia MK во постот насловен како Ефективно присуство на интернет не е лесно остварливо, еве зошто. Сите тие причини наведени свои корени ги влечат од она што се нарекува бизнис модел.

Работејќи со неколку компании (некои спаѓаат во групата на “гиганти”) во изминатава година сфатив дека тие навлегуваат или сакаат да навлезат во еден сосема нов свет без воопшто да го променат сопствениот бизнис модел кој треба да биде прилагоден на тој нов свет. Многу би било полесно да се започне од самите корени, да се дојде до она што се сака и да се примени во работењето преку имплементација на таа стратегија.

На пример, започнуваат со градење на онлајн присутност (би требало да имаат онлајн стратегија која би го поддржала бизнис моделот) без воопшто да сфатат или да знаат што тоа значи и што би требало да значи за нивната компанија. Па затоа целиот проект иако со добри намери се доведува во опасност.

Уште од времето кога започнав да ги проучувам организациските промени (пред повеќе од 10 години) научив дека не треба да се започнува со проект кој ќе бара промени без целосна подршка и посветеност од страна на врвниот менаџмент.

Да се навратам на претпоследниот пасос (онлајн присутност) и последниот организациски промени и подршка од страна на менаџментот. Можеби се чини дека немаат никаква конекција – ова е една презентација (маркетинг активност) а другото е покомплексен организациски елемент. Но, сепак не е така. Една компанија прави веб сајт не за да нејзините вработени секое утро го посетат и се воодушуваат на убавината на истиот туку за да го поддржи бизнисот во кој се наоѓа таа компанија (односи со потрошувачи, канали за испорака на вредноста, партнерства… сите составни елементи на еден бизнис модел). Доволно е тој веб сајт само да има една контакт форма па да предизвика промена во организацијата:

  • Кој е одговорен за одговарање на контактите?
  • Кој е одговорен за подготовка на понуда?
  • Кој е одговорен за комуникација?
  • За кое време треба да се одговори?

Одговорот на овие прашања во бирократските системи доведува до еден раздор – не јас, ти. Ова е најпрост пример од еден проект кој треба да се имплементира во бизнисот. Затоа и потребата од подршка и пресечување од страна на менаџментот.

А, каква врска има ова со бизнис моделот?

Да тргнам од веб сајтот и неговите цели како еден пример во оваа презентација. Целта на веб сајтот може да биде:

  • компанијата да биде најдена од потенцијални купувачи,
  • овозможување на канал за комуникација со тие потенцијални купувачи,
  • компанијата да биде најдена од можни снабдувачи или други стејкхолдери,
  • компанија да биде најдена од можните партнери,
  • продажба на производи и/или услуги,
  • обезбедување на тренинг за користење на тие производи и/или услуги…

Сметам дека се доволни за оваа прилика. А што е бизнис моделот? Бизнис моделот ги дефинира и ја дава врската помеѓу:

  • производи и/или услуги,
  • купувачи
  • снабдувачи и други стејкхолдери
  • начин на комуникација и дистрибуција на вредноста кон купувачите.

Дали сега сметате дека еден мал проект како веб сајт за компанијата не поврзан директно со бизнис моделот? Доколку бизнис моделот не содржи елементи кои треба да се добијат со веб сајтот и не постои стратегија која ќе го подджи тој бизнис модел, имплементацијата на проектот ќе биде однапред осудена на пропаст. Штета!

Ова е само еден мал дел од склопувањето на коцките од моите белешки од изминатиов период, ќе следуваат уште.

post

Кревање на врева со бизнис блог

Бизнис блог

Бизнис блог

Најлесно нешто кога станува збор за бизнис блог како маркетинг средство е да се постави блогот да биде жив онлајн. Процесот е инсталација на CMS (најкорисен е WordPress), одлука за тема, инсталација и неколку подесувања. На мојот личен блог пишував како се завршив за 30 минути со помош на Genesis и темата Prose во тој случај.

Но, што понатаму? Бизнис блогот е поставен и жив онлајн. Како сега да го ставиме во функција на бизнисот? Тоа е и првото прашање кое треба да се одговори од страна на претприемачот. Понекогаш и доста често оваа прашање останува неодговорено и целиот процес завршува тука. Ова е поради фактот што претприемачот сфаќа дека ова е долг и макотрпен процес кој не гарантира брзи резултати. Но, на долги стази овој процес може само да помогне во градење на долгорочна благосостојба на бизнисот.

Многу често првиот пост кој се пишува е пост кој содржи нешто вакво:

Ова е блог на тој и тој бизнис и во него ќе читате за нашите производи и/услуги како и сите последни информации за нашиот бизнис. Ќе ве известуваме за нашите постигнувања како и за сите наши прес конференции. И супер, нас многу ни е драго што вие сте тука, за да прочитате за нашите бла, бла, бла…

Од здодевно има ли поздодевно. Многу ми е гајле за твоите производи и/или услуги. Сигурно ги имате на вашиот веб сајт и ако затоа сум тука би ги побарал на страната Производи. Могу ми е гајле што Вие правите или пак што ќе правите. Многу ми е гајле за Вас. Многу ми е гајле за Вашите прес конференции – не сум новинар. Но, првото прашање ќе ми биде: Што има за мене тука? Вредност? Дали треба да се навраќам на овој блог повторно?

Затоа секој (или во поголем дел) блог пост треба да креира некаква вредност за мене. Би требало да ме поттикне на нешто:

  • да ве контактирам
  • да купам доколку продаваш
  • да споделам…

Во денешно време контактирање и купување не оди толку бргу, сепак зависи и од видот на проблемот кој вашиот бизнис го решава и вистинската потреба од решавање на тој проблем на пазарот. Но, иако некој не ве контактира, не значи дека сте го загубиле доколку комуницирате вредност преку вашиот бизнис блог. Тој е тука, ќе дојде и утре, или пак можеби за една недела или за некој месец или пак за некоја година да косумира уште од вредноста која ја давате и можеби тогаш ќе одлучи да превземе чекор за поблизок однос со вашиот бизнис.

Истиот тој, можеби ќе забележи нешто вредно и ќе сподели на Facebook за тоа да биде прочитано од неговите виртуелни пријатели. Зарем ова не е придобивка за вашиот бизнис – вашиот бизнис блог станува нешто со висок потенцијал да генерира вирозен маркетинг од содржината која ја објавувате.

Бизнис блог е одлично маркетинг средство кое комбинира персоналност и градење на односи кои пак водат до лојални потрошувачи кои стануваат ваши најголеми поддржувачи.

Прашања пред започнување со бизнис блог

Започни со следниве прашања:

  • Каква вредност нуди мојот бизнис?
  • Како таа вредност да ја трансформирам во вредност која ќе се комуницира преку мојот бизнис блог?
  • Што ќе поттикне насмевка на лицата на читателите на мојот бизнис блог?
  • Што е она што нема да биде здодевно за нив?
  • Што е она што сакаат да го читаат?
  • Што е она што ќе ги поттикне да превземат некоја акција (контакт, купување, споделување)?
  • Кои се првите 20-30 наслови кои би биле интересни?

4 Совети за кревање на врева

Во наредниот дел би споделил неколку совети кои можете да ги применувате кога станува збор за користење на бизнис блог како маркетинг средство и кревање на врева преку овозможување на вирозен елемент во истиот.

  • Иако, тука на претприемач блогот го нарекуваме како маркетинг средство, сепак тој е само еден од многуте социјални медиуми. Дали кога ќе се сретнете со некој ваш потенцијален клиент на некој настан на кој присуствувате и двајцата веднаш му давате брошура со вашите производи или услуги? Најверојатно не, првин се запознавате, разменувате бизнис картички, разговарате и за приватни работи, кажувате вицеви, можеби ќе закажете видување на ручек или на кафе, споделувате искуства… Така да запомни дека твојот бизнис блог служи за градење на долгорочни односи, а не за директна продажба, па затоа не пробувај да продаваш во секој пост. Затоа споделувај совети кои ќе бидат корисни за читателите.
  • Кога станува збор за производите или услугите кои твој бизнис ги продава сподели информации за продажни промоции и попусти. Читателите и потенцијалните купувачи ќе сакаат да добиваат информација од прва рака за тоа кога можат да купат нешто поевтино и ќе се навраќаат за да проверат дали таква информација постои. Мора да се вметне конзистентноста во однос на оваа прашање за да не се случи по неколку обиди и не наоѓање на таква информација да дојде до откажување.
  • Секогаш кога ќе спомнете некој од вашите производи или услуги не ги објаснувајте во детали. Тие треба да се објаснети на страната за продажба (доколку имате) или пак на страната наречена како “Производи” на вашиот веб сајт или пак во вашиот каталог ако немате таква страна. Наместо објаснување кое би било повторување на овие елементи едноставно ставете линк до тие елементи и ако некој сака да прочита или да се информира повеќе за вашите производи ќе одлучи да кликне.
  • На одреден временски период објавувај наградни игри преку кои ќе изберете победници кои ќе добијат некоја награда во вид на попуст или пак некој производ кој го нудите. Луѓето сакаат да учествуваат во наградни игри и да добиваат награди. Освен тоа еден ваков пристап поттикнува интеракција со потенцијалните купувачи. За да ја добијат наградата ќе мора нешто да направат (коментираат, споделат линк до постот каде е наградата или било што што може да има некоја идна вредност за вашиот бизнис). На пример, ZAGG – онлајн продавница од која купив тастатура во месец февруари секој ден доделуваше по еден iPad за еден од оние кои ќе споделат информација за оваа промоција. За да учествуваш во можноста за извлекување треба да се вклучиш во нивната листа. За да ја зголемиш за двојно можноста од извлекување треба да споделиш линк на Facebook и Twitter каде постои потенцијал за нови потенцијални потрошувачи кои ќе влезат во нивната emal листа.

Ова се само еден мал дел од препораките кои можам да ги опфатам тука, но во секој случај едни од поважните за да го користите во вашиот бизнис блог како средство за кревање на врева за вашиот бизнис.

post

Бизнисот и демографските движења

Демографски движења

Демографски движења

Демографските движења се важни за секаков тип на бизнис. Постојат многу бизниси кои биле успешни, но со текот на времето не ги следеле демографските промени и пропаднале. Постојат многу бизниси кои не успеваат затоа што во маркетинг планот не опфатиле истражување на демографските карактеристики на пазарот, па затоа нивниот производ и/или услуга остварил неуспех на тој целен пазар. Демографските карактеристики на пазарот на кој претприемачот сака да ги продава своите производи и/или услуги се многу значајни за успешноста на бизнисот. Сигурно дека на пазар на кој преовладува население со поголема старост нема да можете да продавате компјутери и софтвери или пак видео игри (иако денес се е можно). Овие производи можете да ги продавате на пазар на кој преовладува помладо население.

Демографски промени

Демографски промени претставуваат лесно видливи надворешни обележја, кои имаат големо влијание на економијата, политиката, културата, односно на сите сегменти на општеството.

Тоа се промени во населението, неговиот обем, старосната структура, составот, вработеноста, образовниот статус, способноста, мобилноста (во однос на движење и патување) и приходи. Демографските трендови ги опишуваат промените на овие елементи во текот на одреден временски период.

Демографските промени се покажале како брзи, сложени, дури брутални (поради нарушената демографска структура на населението се случиле неколку воени судири) и многу влијателни фактори.

Зошто демографските промени се важни?

Непромислено би било да се занемарат демографските промени во дваесет и првиот век. Основна претпоставка и за денешното време е дека населението во светот е нестабилно и подложно на промени. И секогаш ќе биде подложно на тие промени. Промените се постојани и луѓето постојано се менуваат од секунда во секунда.

Еден од поголемите проблеми во светот во овој век ќе биде, од една страна стареењето на населението во развиениот свет, а од друга страна зголемувањето на бројот на населението во неразвиените земји. Статичните популации кои долго време остануваат на едно место, се попрво исклучок отколку правило.

Промена на демографската структура овозможува високопродуктивна иновативна можност. Успешните претприемачи својата идеја ја базирале на предвидување на демографските промени во иднината. Многу големи компании денес се резултат на успешното предвидување на демографските трендови на претприемачот.

Демографските промени имаат големо влијание на тоа што ќе биде купувано во иднина, од кого и во колкави количини.

Тинајџерите купуват поради мода а не поради трајност. Но, нивните средства се ограничени. Истите тие луѓе, десет години подоцна, ќе купуваат прво поради удобност и трајност, а дури потоа поради мода. Луѓето во првите пензиски години го чинат главно пазарот за патување и одмор. Десет години подоцна, тие исти луѓе ќе бидат клиенти на старечки домови и ќе бидат корисници на медицинската нега.

Луѓето кои во помлади години се стекнале со широко образование, по 10-20 години ќе станат кандидати за разни специјализации и стручни усовршувања. Тие луѓе се заинтересирани за вработување како работници со знаење. Дури и без конкуренцијата од земјите со ниски плати и големиот пораст на бројот на млади луѓе, индустриските развиени земји од Запад и Јапонија, би морале да пристапат кон автоматизација на производството, бидејќи имаат високо школуван кадар. Демографските промени покажуваат дека комбинираните ефекти на наглиот пад на наталитетот и експанзија на образованието, создава состојбата во која традиционалното вработување на рачни производни работници во развиените земји, би можело да биде на пониско ниво во однос на претходениот број.

Затоа потребно е во Вашиот маркетинг и бизнис план да ги вклучите анализите за демографските трендови. Направете сегменти на пазарот во однос на староста, наведете ги карактеристиките на сите тие сегменти, пронајдете го сегментот каде можете да бидете најуспешни и нападнете. Тоа ќе ви овозможи сигурен успех.