post

Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google?

Google е еден од најмладите пребарувачи на интернетот кој започнува при крајот на последната деценија во минатиот век. Но, за кратко време станува број еден пребарувач користен низ целиот свет. Како една млада компанија во еден претприемнички дух Google ја започнува борбата со тогашните џинови во светот на пребарување на интернетот како што се Yahoo, Altavista, Lycos, Inktomi, Excite, AOL Search,  AllTheWeb и уште многу други.

Што еден претприемач може да научи од Google?

Што го прави Google толку посебен?

Кога го купив првиот персоналец во 1998 година продавачот нормално ми инсталираше оперативен систем и придружни програми и ми ја подеси интернет конекцијата (dial-up se разбира). При тоа подесување како почетна страна на Internet Explorer-от ми го ставија Yahoo. И нормално кратка обука дека тоа е пребарувач, напишеш во полето за пребарување клучен збор и тој ти ги листа веб страните кои се најблиску до клучниот збор. Се сеќавам дека во тоа време кога барав некоја информација требаше да одам дури и до 50-тата страна за да го најдам она што го барав. Понекогаш како прв на Yahoo ми се јавуваше некоја страна која немаше никаква врска со тоа што го барав. Она што уште ме нервираше е што почетната страна на Yahoo беше преполна со слики и банери па мојот спор интернет уште поспоро ја отвараше. Не се сеќавам како, но случајно налетав на тогаш новиот пребарувач кој подоцна го измени изгледот и начинот на користењето на интернетот – Google. Од тогаш веќе заборавив на Yahoo како алатка на интернетот за да дојдам до информација. Што е она што мене, а сигурно и милионите корисници во светот ги натера да го заборават Yahoo.

  • Едноставен дизајн. За разлика од другите пребарувачи Google на почетната страна ја имаше само формата за пребарување со сликичката на нивното лого и ништо повеќе. Мојот спор интернет ја отвораше многу побргу во однос на другите пребарувачи. Значи претприемачите мора да размислат за дизајнот на сопствениот производ или пак услуга во однос на корисниците.
  • Точни резултати. Кога пребарував нешто наместо да одам до 50-тата страна успевав да дојдам до потребните информации барајќи низ првите 5 страни од резултатите. Ова значи дека Google даваше многу подобри резултати. Втората работа еден претприемач што може да ја научи од Google e функционалноста на нивниот производ за мене како корисник.
  • Лесно читливи резултати. Резултатите кои ги добивав се лесно разбирливи и читливи. Значи можев брзо да разберам дали е тоа тоа што го барав.
  • Постојано воведување на новини. Постојано Google воведуваше нови функционалности на нивниот пребарувач. Воведоа пребарување на слики, пребарување на весници, пребарување на блогови… Сето ова постојано го подобруваше моето искуство во однос на барање на информација на интернет.
  • Постојано подобрување на релевантноста на резултатите. Google е компанија која со текот на времето постојано учи и го подобрува сопствениот алгоритам. Кога сопствениците на веб страните го научеа алгоритмот на Google и се обидуваа да го преварат тие ги откриваа сопствените слабости и постојано ги подобруваа.

Што е тоа што еден претприемач треба да го извлече како поука?

  • Без разлика што сте нов играч во индустријата, доколку навистина сакате да победите ќе победите.
  • Постојано размислувајте со очите на тековниот и потенцијалниот купувач. Размислувајте за дизајнот, квалитетот и функционалноста на Вашиот производ или пак услуга со очи на корисниците на тие производи или услуги. Нека биде едноставно, високо-квалитетно и функционално.
  • Најдете го проблемот што го имаат потенцијалните купувачи и решете го со Вашиот производ или пак услуга. Проблемот што Google го идентификувал во своето започнување е точноста на резултатите од пребарување и преголемо бомбардирање со банери и реклами. Сето тоа е вклучено во дизајнот и во нивниот алгоритам за пребарување.
  • Постојано подобрувајте. Не треба да помине ниту еден ден без барем еднаш да помислите како да го подобрите Вашиот бизнис или пак Вашиот производ или услуга.

Инаку филозофијата која го води Google да биде тоа што е релевантноста: Дајте им го на луѓето она што го сакаат и тоа што побргу, и колку што може поедноставно.

Доколку имате друга поука од областа на претприемништвото која можеме да ја извлечеме од Google, слободно поделете го Вашето мислење преку оставање на коментар.

post

Како да го Дизајнирате Вашиот Бизнис?

Бизнис дизајнирање е едно од клучните активности кои ќе мора да ги спроведете пред да започнете со бизнисот, а по започнување бизнис редизајнирање е една постојана активност на секој претприемач. Како прво секое започнување на бизнис претставува претприемнички дизајн на еден ентитет – правен ентитет или правно лице. На овој ентитет – Вашиот бизнис со вашето претприемничко дизајнирање му давате живот и доколку се е завршено перфектно бизнисот ќе си го продолжи животот самиот, а на Вас ќе ви носи приход. Ќе си го продолжи патот на животот самиот, но сепак Вие сте тука за негово подобрување – во овој случај редизајнирање од време на време. Ова редизајнирање не значи и целосно ропство во Вашиот бизнис како што претходно пишувавме за претприемачи воркохолици.

Како да го дизајнирате бизнисот?

Зошто е Потребно Редизијанирање на Вашиот Бизнис?

Првин би започнал со потребата од постојано редизајнирање на бизнисот. Претприемачот природа е дизајнер на бизниси. Има бизнис идеја го дизајнира бизнисот и го започнува бизнисот онака како го дизајнирал. На пример, Вие сте претприемач и сте го дизајнирале Вашиот бизнис на следниов начин:

  • Единствен бизнис на светот кој ги обезбедува Вашите потрошувачи со она што тие го сакаат.
  • Единствен бизнис кој го обезбедува тој производ или пак услуга.
  • Потрошувачите немаат друг избор освен Вашиот бизнис.

И оваа е супер, вашиот бизнис ќе си го живее сопствениот живот притоа обезбедувајќи Ви соодветен финансиски надоместок на Вас – Претприемачот. Можете да си помислите, добро време е за пензионирање. Но, реалноста не е таква. Онаму каде што постои пазарот таму се јавува и конкуренција. Немате удобна столица за долго време. Единствениот начин за да ја сочувате таа удобна столица е секогаш да бидете различни од другите. За да бидете различни од другите мора постојано да подобрувате со редизајнирање на бизнисот.

Значи процесот е едноставен првин дизајнирање пред започнување, па потоа постојано редизајнирање. Всушност единствената Ваша задача како претприемач, како вистински претприемач треба да биде подобрување на бизнисот.

Што е Бизнис Дизајн за Еден Претприемач?

Да дизајнирате нешто значи да го испланирате тоа нешто се до реализација на тоа нешто. Како ќе изгледа? Кои ќе бидат функционалностите? Како ќе функционира? Што ќе се постигнува со тоа нешто? Сето ова се прашања кои се разгледуваат при дизајнирање на нешто. Претприемач е личноста која дизајнира бизнис. Понекогаш постои опасност претприемачот да се насочи премногу кон дизајнот на производот и услугата без притоа да го земе во предвид дизајнот на бизнисот. Дизајнот на производот и услугата е во состав на дизајнот на бизнисот, тоа е само подсистем кој е дел од еден поголем систем – Ваш бизнис.

Значи бизнис дизајн е процес во кој ќе ги опфатиме сите аспекти на нашиот иден бизнис. Еве некои прашања на кои ќе треба да се одговори тука:

  1. Што сакаме ние како претприемачи да постигнеме со нашиот бизнис?
  2. Каква ќе биде нашата улога како претприемач во бизнисот?
  3. Како ќе ја изградиме сопствената супериорна вредност?
  4. Кои ќе бидат целните потрошувачи?
  5. Какви односи со потрошувачите ќе градиме?
  6. Каква ќе биде улогата на вработените?
  7. Каков бизнис модел ќе избереме?
  8. Кој ќе се занимава со производство на производ или услига?
  9. Кој ќе се занимава со маркетинг?
  10. Кој ќе се занимава со финансии?

Ова се 10 прашања но не и единствени. Различни бизниси имаат различни потреби при дизајнирање па со тоа и различни прашања на кои ќе треба да се даде одговор.

Неколку Совети при Дизајнирање на Бизнисот

Првин гледајте го бизнисот како нешто што ќе треба да задоволи неколку ентитети:

  • Вас како претприемач,
  • Ваши купувачи,
  • Ваши потенцијални купувачи и
  • Ваши вработени.

Тоа се основните 4 ентитети околу кои ќе треба да го дизајнирате Вашиот бизнис. Редоследот како ги наведов не игра улога, бидејќи сметам дека сите се важни.

Замислете само колку различен ќе биде Вашиот бизнис доколку сите овие ентитети имаат причина да сакаат да го видат растот на Вашиот бизнис. Колку е подобар Вашиот бизнис и колку е понезависен од Вас како претприемач ќе имате поголема лична и финансиска слобода да си го живеете животот како што сакате. Колку се позадоволни Вашите купувачи со Вашите прозводи и услуги кои им решиле некаков проблем толку повеќе ќе сакаат да го видат Вашиот подобрен производ или услуга. Освен тоа тие ќе го препорачуваат Вашиот бизнис на потенцијални потрошувачи. Колку е посупериорен Вашиот бизнис се повеќе и повеќе потенцијални купувачи ќе стануваат вистински купувачи. Колку е посилен Вашиот бизнис толку повеќе мотивација ќе се појави кај Вашите вработени за постигнување на повеќе што нормално ќе им обезбеди и поудобен живот со подобра плата.

post

Дали Претприемач Воркохолик е Успешен?

Многу често поставувано прашање е тоа дали успешен претприемач е воркохолик. Се вели ако работиш повеќе ќе заработуваш повеќе и ќе имаш успешен бизнис. Но, дали е тоа точно? Можам слободно да кажам дека овој напис ме испровоцира од една конференција за жени претприемачи која ја гледав на телевизија, а која најверојатно беше по повод на минатогодишната недела на претприемништвото во Република Македонија. Овој напис всушност ми беше во план да оди како дел од анализата на претприемнички фактори за успех која ја спроведуваме во моментов. Но, што е тука е, одиме сега.

Во телевизискиот приказ на таа конференција можеби во едно 40-тина минути колку ја гледав се спомена над 20 пати следнава реченица:

Претприемачот е воркохолик. За да бидете успешен претприемач треба да бидете воркохолик. За да успеете и Вие како претприемач и Вашиот бизнис треба да бидете воркохолик.

Ова се повторуваше постојано од еден универзитетски професор (Европски Универзитет).

На конференцијата имаше и една жена успешен претприемач која пак во спротивност на универзитетскиот професор кажа дека тие не работат на принципот доаѓање на работа во 7:00 или пак 8:00 наутро (бидејќи е спанка) и немаат дефинирано работно време (работат кога имаат работа). Таа како претприемач ги организира своите вработени за да го извлече нивниот максимум.

Па, добро што е сега точно?

Првин, до пред некое време и јас мислев така се додека не започнав да посетувам курсеви и обука надвор од Македонија (нормално преку интернет). Сватив дека живееме во заблуда. Односно, не учат на погрешни чекори. Не учат да бидеме претприемачи кои во развиените земји не ги сметаат за успешни претприемачи.

Две работи се значајни во однос на оваа прашање:

  • Зошто Вие како еден иден претприемач започнувате бизнис?
  • Самиот дизајн на Вашиот иден бизнис.

Прочитајте ги следниве прашања и одговорете ги:

  • Дали започнувате бизнис за да работите повеќе?
  • Дали ја оставате сегашната работа за да работите повеќе и да заработите повеќе?
  • Дали започнувате бизнис за да немате време да поминете со Вашето семејство?
  • Дали цената што ќе ја платите за поголема финансиска сигурност е Вашето сопствено време?

Доколку одговорот на сите овие прашања е НЕ, тогаш Вие нема да бидете претприемач воркохолик туку ќе имате потенцијал на успешен претприемач кој ќе си го живее вистинскиот претприемнички живот.

Како да Бидете Претприемач кој не е Воркохолик?

Како што веќе наведов потребни се два елементи за да не бидете воркохолик.

Првин за да бидете успешен претприемач ќе треба да знаете точно што сакате од Вашиот бизнис. Немојте да се лажете дека не сакате пари, не сакате луксузни одмори и шетање, не сакате скапи автомобили… Доколку кажете дека сакате стабилна работа подобро вработете се за некој друг и не започнувајте со бизнис и претприемничка кариера. Запомнете го следново:

  • Бизнисот треба да работи за Вас, а не Вие да работите за бизнисот. Работите онолку колку што е потребно за да бизнисот функционира како што треба. А, бизнисот треба да работи за Вас да ви го обезбеди животот кој што го сонувате и сакате да го постигнете. Вашиот живот мора да биде дел во дизајнирање на Вашиот бизнис. Ова е и една од најголемите грешки на просечни претприемачи бидејќи не го внесуваат нивниот живот кога го дизајнираат бизнисот кој сакаат да го започнат.
  • Вие како Претприемач го поседувате бизнисот, а не тој Вас. Доколку се направи грешката со невклучување на Вашиот посакуван живот и Вашите соништа во дизајнирање на бизнисот, за бргу време бизнисот ќе започне да ве поседува. Ќе ве поседува доколку немате време за свој сопствен живот кој што го сакате. Да бидеме реални, дали Вие ќе имате живот доколку работите 10, 12 или пак 20 часа дневно. Што значи ова? Значи дека бизнисот ве поседува Вас.

Втората работа која ќе овозможи да не бидете воркохолик е дизајнирање на Вашиот бизнис. Но, при дизајнот потребно е да се вклучи претходниот елемент, односно она што сакате Вашиот бизнис да го прави за Вас. Дизајнирајте го бизнисот едноставно како средство за исполнување на Вашите лични животни цели. Само на ваков начин ќе дизајнирате успешен бизнис, односно бизнис кој ќе Ве исполнува навистина и ќе ви донесе финансиска слобода која не се постигнува на поинаков начин. За моделирање и дизајнирање на бизнисот можете да прочитате во Бизнис модел – нешто што ќе ви помогне.

Потсетете се само на Robert Kyosaki и 4 вида на луѓе во неговиот квадрант на готовински тек и ќе ви стане јасно.

Заклучок:

Успешен претприемач (Rich Schefren го нарекува Founder, а Robert Kyosaki ги нарекува бизнисмени и инвеститори) не се претприемачи кои се воркохолици, тоа се претприемачи кои градат бизнис со инкорпориран систем бизнисот да работи за нив и да работи да ги задоволува постојаните и потенцијалните потрошувачи.

post

5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес

Претприемач, претприемаништво, бизнис, мал бизнис… Сето тоа се поими кои се длабоко поврзани со продобрувањето. Основна задача на секој претприемач или пак менаџер е да го подобрува бизнисот. Простор за подобрување во секој бизнис постои. Но, кои се оние клучни елементи кои може и треба да се започне со подобрување уште денес?

Пред да започнам со поставување на клучните елементи сакам да повторам дека процесот на подобрување може да се однесува на сите аспекти на бизнисиот и нема ограничен простор. Секое подобрување ќе може да доведе до ефект на пеперутка во севкупниот бизнис.

Следниве елементи можете да започнете уште денес да ги подобрувате:

Претприемач

Претприемач е централна фигура во секој бизнис. Уште денес можете да започнете да се подобрувате. Знам дека доколку го читате оваа Вие сте тип на претприемач кој секојдневно се подобрува проширувајќи го сопственото знаење.

Ние како претприемачи со секој нов изминат ден стекнуваме ново искуство, ново знаење, нови вештини и нови навики кои доведуваат до наше подобро однесување во утрешниот ден. Потребно е само навистина добро да ги апсорбираме овие елементи и нормално да ги применуваме. Доколку не го примениме нашето ново, искуство, ново знаење, нова вештина и нова навика во утрешниот ден воопшто не сме се подобриле.

Маркетинг

Маркетинг е една од најважните карики во секој бизнис. Можеби не сте ни свесни колку може да се подобрат Вашите маркетинг активности со само едноставно следење на резултатите од секоја активност. Со промена во маркетингот ќе направите промена и во резултатите на бизнисот. Доколку секоја маркетинг активност ја подобрите за само малку за огромен процент ќе се подобрат бизнис резултатите. Еве некои совети:

  • Направете истражување на пазар.
  • Започнете со градење или подобрување на Вашиот кредибилитет.
  • Исфрлете ги сите маркетинг активности кои даваат слаби резултати.
  • Користете го 80/20 правилото.
  • Пробувајте различни медиуми.
  • Префрлете огромен дел од маркетинг активностите на интернетот.
  • Мерете ги резултатите и менувајте.
  • Проверувајте различни текстови и продолжувајте со оние кои даваат најголема конверзација..

Доколку само овие работи ги разгледате уште денес и започнете да ги применувате од утре подобрените бизнис резултати се загарантирани.

Стратегија

Како трет елемент ја избрав стратегијата бидејќи е најлесно да се промени и подобри. Менување на стратегијата е најбрз, најлесен и најмоќен начин да ги промените бизнис резултатите. Стратегијата наједноставно кажано е нешто што го покажува патоказот за движењето на бизнисот во иднина. Во Wikipedia за стратегија се вели:

Стратегија е план на акции кои се дизајнирани за исполнување на одредени цели. Таа се насочува на КАКО наместо на ШТО.

Еве некои совети за да започнете со подобрување уште денес:

  • Разгледајте ги поставените цели.
  • Дали стратегијата која ја применувате води кон исполнување на поставените цели.
  • Пробајте да пронајдете и други патишта кои водат кон истите или пак кон поголеми цели.
  • Менувајте одлучно се за што сметате дека е исправно. Па, и да погрешите ќе го подобрите првиот елемент – претприемачот.

Бизнис Модел

Простор за подобрување на бизнис моделот на еден бизнис е неограничен. Прво доста е едноставно, целосно е под контрола на претприемачот и подобрувањето може да даде одлични бизнис резултати. Бизнис модел наједноставно претставува начин на изведување на бизнисот. Во Бизнис модел нешто што ќе ви помогне за бизнис модел напишав:

Секој бизнис има свој сопствен модел. Бизнис модел претставува начин на изведување на бизнис активности. На пример за малопродажба, бизнис модел може да биде набавка, изложување, маркетинг, продажба и повторно истото. Но, помеѓу овие процеси во моделот може да има повеќе различни подпроцеси. И токму во тоа е разликата помеѓу различните бизнисите. И токму во тие подпроцеси еден бизнис може да биде успешен, а друг ист таков неуспешен.

Еве неколку практични совети:

  • Претставете го графички бизнис моделот на Вашиот бизнис (можете да ја искористите алатката Gliffy)
  • Погледајте го и забележете ги идеите за подобрување.
  • Одморете малку – занимавајте се со нешто друго и повторно прегледајте го графикот на бизнис моделот.
  • Забележете ги сите подобрување и направете нов бизнис модел со вклучени подобрувања.
  • Од утре нека биде официјален новиот бизнис модел.

Капитал

Кога станува збор за капитал не мислам само на финансискиот, туку и на човечкиот и интелектуалниот капитал на еден бизнис. Мислам дека финансискиот капитал е јасен и сите го разбираме бидејќи се однесува на тоа колку пари и колкава финансиска моќ како бизнис имаме. Но, финансискиот капитал не значи и по автоматизам успех на бизнисот без следните два – човечкиот и интелектуалниот капитал. Една од поголемите грешки е кога се фокусираме на подобрување само на финансискиот капитал без останатите. Можеби затоа што најлесно е да се анализира бидејќи имаме готови алатки како анализа на готовински тек, анализа на добивка и загуба, финансиски извештаи итн.

Човечкиот капитал се луѓето кои работат во самиот бизнис и акумулираното знаење и вештини за исполнување на задачите во тие луѓе.

Интелектуалниот капитал претставува интелектуалната сопственост на бизнисот како што се правила, процедури, однесувања, организациска култура… Овој капитал се однесува на прашањата како го искористуваме човечкиот и финансискиот капитал, односно како го искористуваме знаењето, искуството и вештините на луѓето и парите за развој на нашиот бизнис.

Неколку совети за подобрувања во ова подрачје:

  • Размислете за тековната состојба на финансискиот, човечкиот и интелектуалниот капитал.
  • Забележете ги сите силни и слаби страни на истите.
  • Направете стратегија за да ги надминете слабите страни и да гиподобрите силните страни.
  • Започнете со подобрувањето од утре.

Ова се само 5 елементи кои можете навистина уште денес да ги подобрите, доволно е да оделите само 5 часа од Вашето време за да од утре имате бизнис кој навистина во голем дел ќе биде подобрен и ќе овозможува остварување на поголеми резултати.

post

Претприемнички Менаџмент – 10 Чекори

Отсекогаш постоела потребата претприемачите да имаат менаџерски активности, а во исто време менаџерите да превземат претприемнички активности. Овој тип на менаџмент, наречен претприемнички менаџмент е потребен и кај малите биниси и кај големите корпорации. Проблемот постои кај големите корпорации каде се јавува потреба од претприемнички дух кој ќе се бори со бирократскиот потенцијал во комапнијата. Кога еден стартап бизнис поминува во наредните фази од животниот циклус на бизнисите, растот на бизнисот е незибежен и поради тоа се јавува потреба од менаџмент.

Претприемачите се поврзани со зборовите како што се ризик, промена, недостаток на време, сонувачи, среќа… Но, сите овие зборови се сосема спротивни од зборот менаџмент.

Патување на еден Претприемач

Да поминеме набргу низ еден пат на еден претприемач:

  • Започнување на бизнис – Претприемач. Во оваа ниво од претприемничкиот пат претприемачот е превземач на ризик, иноватор, сонувач, стимулатор на промени… Тие немаат време за формализација и планирање на секој следен чекор кој како претприемачи треба да го превземат. Единствената работа за која се грижат е успехот на нивната идеја – бизнисот. Тие немаат време да ги менаџират сопствените и активностите на нивните вработени бидејќи се зафатени со желбата да го променат изгледот на светот со нивните идеи.
  • Мал Раст на Бизнисот – Претприемнички Менаџмент. Ова е периодот кога започнувањето или стартап периодот завршува и бизнисот започнува да расте. Во овој момент еден претприемач е сеуште сонувач, превзема ризик, стимулира промени и иновира. Како и да е, во исто време мора да бидне и менаџер. Во овој дел од патот тие имат се повеќе и повеќе вработени и поради тоа се јавува потребата од менаџментот. Но, оваа е ситуација кога еден претприемач може да ги контролира сите бизнис активности. Ова е претприемнички менаџмент.
  • Голем Раст на Бизнисот – Менаџер. Во овој дел од патот растот на бизнисот не може во целост да биде контролиран од претприемачот. Се јавува голема потреба од менаџирање во самиот бизнис. Важноста на иновација не е намалена, но еден претприемач не може да иновира и во исто време да менаџира со целиот бизнис. Оваа ситуација се нарекува претприемничка дилема бидејќи еден претприемач мора да избира помеѓу два различни патишта за неговата улога во бизнисот во иднина.

Кога е Вистинското Време да се Започне со Претприемнички Менаџмент?

Вистинското време за започнување со менаџирањето како надополнување на претприемничкиот дух во бизнисот е кога ќе се појави некој од следниве индикатори:

  • Бизнисот започнува да расте.
  • Бизнисот има повеќе вработени.
  • Се јавува потреба од мотивирање.
  • Се јавува потреба од контролирање.
  • Се јавува потреба од воспоставување на правила и процедури.
  • Се јавува потреба од екипирање.
  • Се јавува потреба од организирање.

Доколку еден или повеќе од овие индикатори се појават тогаш ние како претприемачи мораме веднаш да започнеме да размислуваме за имплементација на менаџментот.

10 Чекори до Претприемнички Менаџмент

10-те чекори кои се потребни за имплементација на претприемнички менаџмент се:

Чекор 1: Откривање на вистинското време за да се започне со менаџментот.

Чекор 2: Започни со делегирање на задачи кои не се значајни за растот на бизнисот.

Чекор 3: Започни да размислуваш како менаџер.

Чекор 4: Изготви правилници.

Чекор 5: Започни со организирање.

Чекор 6: Воспостави систем за контрола.

Чекор 7: Мери ја ефикасноста и ефективноста.

Чекор 8: Стимулирај ја иновацијата не само од тебе туку и од твоите вработени.

Чекор 9: Размислувај за стратегии и планови.

Чекор 10: Фокусирај се на промени и менаџирање во исто време.

post

Evernote – Ја Зголемува Продуктивноста

Колку пати ви се случило да добиете идеја и по неколку моменти или пак неколку деново воопшто не ја паметите? Колку пати ви се случило да прочитате нешто интересно во некој весник што навистина ви остава силен впечаток но по неколку часа или пак неколку денови тоа нешто воопшто не се наоѓа во Вашиот мозок? Колку пати ви се случило да прочитате некоја одлична книга а по еден месец она што ви се допаѓало да не го паметите? Колку пати Ви се случило да по гледање на некој филм, или пак по слушање нешто на радио што ви остава голем впечаток утре да не го знаете?

Ова се секојдневни прашања кои најчесто одговорот е ДА. Доколку е не ќе биде загрижувачко. Доколку ова ви се случува, а знам дека се случува не значи дека сте неинтелигентни. Не значи дека немате капацитет за примање на информации. Ова само значи дека сте бомбардирани секојдневно со огромен број на информации. Што е нормално за секој претприемач.

Во моментов вршиме една анализа за фактори кои еден претприемач го прават успешен претприемач (Можете да се вклучите во анализата на претприемнички фактори). Не значи дека доколку одговорот на прашањата е ДА дека не ги поседувате тие фактори, туку значењето е само во тоа што не користите алатки за да ја зголемите вашата продуктивност во бележење на она што навистина е Важно за Вашиот живот и за Вашиот бизнис.

Evernote за Полесно Паметење на Важни Работи

Една алатка која навистина може да помогне во зголемување на нашата сопствена продуктивност во однос на нашите идеи или пак случувања кои ни се важни и сакаме да ги запаметиме за да ги користиме во иднината е Evernote. Оваа алатка е синхронизирана за користење преку вашиот компјутер, мобилен телефон и веб. Значи се што бележите од различни места ќе оди во една и единствена база на податоци за Вашиот акаунт. Еве ги основните карактеристики на оваа алатка:

Забележување на се и сешто

На различни места забележуваме различни корисни работи кои сакаме да ги запаметиме и користиме во иднина. Дали се тоа белешки од некој состанок, или пак некое интервју во весник, или пак некој интересен филм имаме потреба од бележење на тие работи. Оваа алатка навистина се наоѓа на секое место. Еве што е наведено на страната на оваа алатка:

Се она што го гледате или пак мислите Evernote може да го забележи и да ви помогне да го запаметите. Да напишете текст. Извадок од веб страна. Фотографија или пак скриншот.Evernote ќе го зачува на безбедно место.

Организирање

Една од предностите на оваа алатка е соодветно организирање на белешките. Можеби ќе кажете зошто ми е потребен Evernote кога едноставно можам да го користам MS Word или пак едноставниот Notepad кои ги имаме на секој компјутер. Да има смисол. Но кога станува збор за продуктивноста нема смисол. На мојот компјутер имам над 30 гигабајти текстуални фајлови. На мојот лаптоп имам над 150 гигабајти документи. Кога барам нешто што сум забележал претставува вистинска ноќна мора. Еве што велат на Evernote за оваа карактеристика:

Се што ќе забележите е автоматски обработено, индексирано и овозможено е да биде пребарувано. Доколку сакате можете да додате обележувачи или пак да ги организирате забелешките во различни бележници.

Обележувачите навистина го олеснуваат животот за пребарување на различни забелешки.

Брзо пронаоѓање

Доброто организирање доведува до друга карактеристика – пронаоѓање. Целта е брзо да го пронајдеме она што го бараме. Со брзо пронаоѓање ја зголемуваме нашата продуктивност. Еве што велат на Evernote за оваа карактеристика:

Пребарувајте ги белешките по клучен збор, наслов и обележувачи. Evernote волшебно овозможува печатен и рачно пишуван текст во Вашите слики да биде пребаруван.

Процес на Инсталација

Инсталацијата е едноставна во неколку чекори:

  • Оди на evernote.com
  • Симни ја верзија за PC
  • Регистрирај се за бесплатна верзија
  • Внеси го кодот што ќе го добиеш по mail
  • И едноставно започни да го користиш.

Верзии на Evernote

Постојат две верзии:

  • Standard – Бесплатна верзија
  • Premium – 5$/месец или 45$ годишно.

Разликата е во следниве карактеристики:

  • Месечен аплоад на податоци до 40 мегабајти за бесплатната и 500 мегбајти за платежната верзија.
  • Ограничени типови на фајлови кои се прифатени од бесплатната верзија.
  • Поддршка.
  • На платежната верзија има SSL енкрипција.
  • Бесплатната верзија е поддржана со реклами.

Во секој случај за старт доволна е и бесплатната верзија за неколкукратно да си ја зголемиме сопствената продуктивност.

Неколку Примери за Корисење

Еве неколку примери кои во моментов и јас самиот запонав да ги корстам со Evernote:

  • Бележење на најважните моменти од состаноците
  • Сликање на визт картички и поставување во Evernote за да не ми го дуваат џебот.
  • Извадоци од книги кои ги читам.
  • Извадоци од весници кои сакам да ги запомнам а да не го притискам мојот мозок.
  • Извадоци од веб страни кои ми се допаѓаат.
  • Истражување и анализа на веб страни од кои сакам да купам нешто
  • Маркетинг идеи
  • Бизнис идеи.

Навистина една алатка која во голем дел го олеснува животот и ја зголемува продуктивноста во исто време, што досега се сметаше за невозможно. И уште еднаш интелигенцијата не значи дека еден претприемач е предодреден да биде успешен. Постојат многу интелигентни луѓе кои едноставно работат за големи бизниси или пак во државна администрација. Но, успешен претприемач е оној кој знае да се организира онака како што треба и да биде продуктивен во однос на остварување на сопствените цели.

Затоа слободно симнете ја алатката и променете го сопствениот живот барем со мало зголемување на Вашата сопствена продуктивност.

post

Излезна Стратегија за Претприемачите

Како претприемачи мораме да бидеме реални и кога нашиот бизнис остварува успеси и кога започнуваат работите да се движат во надолна линија. Никој не сака да размислува за излезна стратегија, но понекогаш е неопходна и подобро е претприемачот да биде подготвен отколку да биде неподготвен и да се случи катастрофа – да остане без ништо.

Токму оваа стратегија е нешто што претприемничкиот бизнис го прави флексибилен во однос на големите компании во кои владее голема бирократија и кај кои вообичаено се случува целосен пропаст каде никој не добива ништо (добро условите во кои живееме дадоа големи примери во кои одредени поединци заработуваа големи пари од пропаѓање на некој голем бизнис – мислам на политичарите). Во секој случај потребно е да се размислува и за излезна стратегија за во секој случај или пак недај боже.

Кога да се спроведе излезна стратегија?

Едно од најважните прашања за претприемачите е кога да ја спроведат излезната стратегија и да излезат од бизнисот. Одговорот е ниту предоцна ниту прерано. Но, проблемот не е едноставен. Кога е тоа предоцна и кога е тоа прерано? Кога завршува моментот прерано и пред да започне моментот предоцна. Но, да видиме кога е што!

Прерано е кога:

  • Нашиот бизнис сеуште носи профит.
  • Нашиот бизнис има намален профит, но постои тенденција на покачување.
  • Имаме идеи и стратегии за да го извлечеме бизнисот од криза.
  • Предвидувањата за иднината даваат надеж дека ќе успееме.

Предоцна е кога:

  • Главиме во долгови кои не можеме да ги вратиме.
  • Го губиме тлото под нозете.
  • Загубите се преголеми.
  • Веќе немаме идеи и стратегии за излез од кризата.
  • Предвидувањата не даваат некоја надеж дека ќе успееме.

Ова се некои од показателите кои можат да ни покажат кога е време да ја извлечеме од ракавот нашата излезна стратегија која ја имаме подготвено.

Неколку видови на излезни стратегии

Продажба на бизнисот. Една излезна стратегија е продажба на бизнисот. Но, за оваа стратегија да се спроведе би требало да се изврши продажбата малку порано додека сеуште постојат некои резултати на хартија во вид на позитивен готовински тек, вредност на имотот на бизнисот итн. Вообичаено е потребно да најдете некој бизнис или физичко лице кој сака да започне таков бизнис и да му понудите да го купи Вашиот. Вие добивате пари тој добива бизнис кој веќе има изградено каква таква структура што секако ќе го спаси од тешкиот период на стартап на бизнисот.

Припојување на еден со друг бизнис. Припојување е кога две компании се спојуваат и ги комбинираат сопствените вредности и стануваат една поголема компанија. Во ваква ситуација претприемачите на припоените компании ќе добијат акции кои ќе имаат поголема вредност во однос на вредноста на бизнисите како посебни ентитети. Како недостаток е што нема да можете да добиете готовина во одреден временски период.

Ликвидација. Ликвидација е друг вид на излезна стратегија и значи едноставно затворање или гасење на Вашиот бизнис како посебен правен ентитет. За оваа излезна стратегија потребно е да бизнисот не биде во долгови. Доколку случајот е таков оваа стратегија подразбира продажба на имотот на бизнисот за да се прибере готовината и затворање на бизнисот.

Во секој случај претприемачите треба да бидат подготвени и во својот арсенал да ги имаат овие стратегии при што ќе имаат план за секакво можно сценарио и секој чекор треба прецизно да биде дефиниран. Постојат претприемачи кои постојано се занимаваат со вакви активности. Започнуваат бизнис, го растат до одреден степен и го продаваат со што заработуваат многу повеќе отколку што вложиле во започнувањето и растот и развојот.

Но, би сакал да напоменам и една опасност – емоции. Емоциите може да доведат до тоа да го промашиме вистинскиот момент за излез. Затоа избегнувајте ги емоциите.

Сликата од dan paluska

post

Ограничувачки Верувања – Опасност за Претприемачите

Од пред некое време започнав да го следам блогот на Steve Pavlina’s Personal Development Blog и налетав на еден напис за ограничувачки верувања (Limiting Belief). Во многу ситуации од личен живот па така и во бизнисот овие ограничувачки верувања можат да не спречат да ги донесеме вистинските одлуки.

Што се тоа Ограничувачки Верувања?

  • Јас не можам …
  • Јас не знам…
  • Тешко ми е да го изведам…
  • Треба многу да учам…
  • Верувам дека ова е неисправно…
  • Грешките и неуспесите се нешто лошо.

Сигурно ви се познати овие почетни реченици бидејќи сигурно некогаш сме се нашле во состојба да си изговориме во себеси. И веднаш по изговарање, нормлно тие преовладуваат во нашиот мозок и се откажуваме од нешто што треба да го направиме иако можеби тоа нешто доколку се помачиме и го направиме ќе ни донесе огромен успех и нормално задоволство.

Според Wikipedia верување е:

…психолошка состојба во која одреден индивидуалец има претпоставки за кои мисли дека се точни.

Но, постои разлика помеѓу верување и точност. Првин имаме две состојби:

  • Нашето верување е точно.
  • Нашето верување е неточно.

Па со едноставна теорија на веројатност ќе видиме дека веројатноста дека нашето верување е точно е 0,5 но и веројатноста дека нашето верување е неточно е исто така 0,5. Што значи дека сме во позиција на фифти-фифти.

Од друга страна зборот ограничувачко означува некоја граница на нашите верувања или нешто што не ограничува во однос на поинакви верувања. Значи нашите ограничувачки верувања не ограничуваат да размислуваме пошироко од вообичаеното и не спречуваат од преземање на некои клучни акции.

Од Каде Доаѓаат овие Ограничувачки Верувања?

Постојат многу места, настани и периоди во животот кои ги градат овие ограничувачки верувања. Во овој дел би набројал само некои, што значи дека од индивидуа до индивидуа зависи на бројот и коренот на одредени ограничувачки верувања.

  • Нашето детство.
  • Воспитување од родители. Не дека воспитувањето било лошо, но некои времиња се менуваат и некои вродени верувања од воспитување од нашите родители се веќе сменети.
  • Општествен систем во државата во која живееме.
  • Едукациски системи (училишта, универзитети, курсеви…)
  • Нашето друштво (пријатели, колеги, соработници, роднини…)
  • Некои специфични случки во нашиот живот.
  • Незнаење.

Некои Примери на Ограничувачки Верувања за Претприемачите

  • Јас не можам да започнам бизнис.
  • За овој бизнис не сум кадар.
  • Не можам и незнам да менаџирам.
  • Не сакам да вработувам бидејќи никој не може да ја заврши работата подобро од мене.
  • Не знам да планирам.
  • Не сакам да планирам.
  • Не можам да го контролирам растот на бизнисот.
  • Мојата бизнис идеја не е најдобра.
  • Страв ми е дека ќе изгубам.
  • Грешките што можам да ги направам се кобни.
  • Бизнисот без мене неможе да опстане.

Забележувате многу опасности од спречување на започнување на бизнисот до спречување на развојот и растот на бизнисот. Иако за повеќето од овие ограничувачки вредности знаеме дека се неточни сепак доколку тие се длабоко вкоренети во нашиот мозок ќе ги применуваме. Тие едноставно имаат најголема предност во нашиот мозок и како што наведов едноставно светнуваат во секој момент кога сакаат да не спречат во нешто.

Како да се Избегнат Ограничувачки Верувања

Не сум сигурен за некој прецизен модел, но јас го користам овој кој ми помага од ситуација до ситуација. Во секој случај многу е тешко да се бориш со некое верување длабоко всадено во мозокот. Секоја индивидуа е различна и не може да има еден модел за секој.

  • Се обидувам да ги спознавам и знам сопствените ограничувачки верувања.
  • Проучувам за секое ограничувачко верување како би го проширил сопственото знаење и би го сменил верувањето.
  • Избегнувам зборови во стилот не сакам, не можам, не знам…
  • Се обидувам да ги пробијам бариерите на пошироко размислување.
  • Се обидувам никогаш да не мислам како други.
  • Се обидувам да гледам поинаку во однос на спротивните одлуки и акции.
  • Секоја грешка ми е школо за друг пат.
Сликата од Noël Zia Lee
post

Парабола на Варена Жаба – Во Бизнисот Не е Пожелно!

За парабола на варена жаба во бизнисот за првпат прочитав во книгата „Пета Дисциплина“ на Peter Sengi. Ова е еден ефект кој е чест во бизнисот и кој може да има лоши последици. За парабола на варена жаба веќе пишував на две места. Прво во намалување на залихи пат кон поголема ефикасност каде напишав:

…Но, трагично е што овие проблеми од срана на претприемачите не се гледаат затоа што со залихи се си функционира како што реба и се е под конец. Па, во ваков случај може да се појави ефект на варена жаба (жабата ќе се свари и ќе умре доколку полека ја загреваме водата и стигнеме до температура на вриење, додека ако ја ставиме во зовриена вода таа ќе се изгори и ќе скокне, но сепак ќе преживее). Тоа е затоа што малте ситни проблеми често ги занемаруваме и подоцна не чинат многу и во краен случај клуч на бизнисот.

Второто место каде што пишував за парабола на варена жаба е значајноста на навремено откривање на извори на организациски промени каде малку поопширно ја опишав параболата на варена жаба:

Значајнста на навремено откривање на изворите на организациските промени ја прикажува Peter Senge во неговото дело Пета дисциплина (The Fifth Discipline: The art and practice of the learning organization). Тој ненавременото откривање на изворите (причините) на организациските промени го споредува со парабола на „варена жаба“. Senge опишува дека кога ќе ставиме жаба во врела вода таа веднаш ќе се обиде да излезе од садот во кој се наоѓа водата, но доколку во садот има вода со собна температура, жабата ќе остане во садот. Ако постепено ја зголемуваме температурата на водата на 20 до 25 оC жабата нема да реагира и дури ќе покажува знаци на задоволство и удобност. Со понатамошно покачување на температурата, на жабата ќе и биде се потопло и потопло, но нема да реагира се додека веќе не биде во состојба да реагира и ќе се свари. Senge вели дека ова се случува заради тоа што жабата има внатрешен детектор на закани кој е подесен на ненадејни крупни проблеми. Слично може да се случи и со бизнисите (организациските системи) кои постојано се наоѓаат под одредено влијание на околината. Доколку во околината се случат крупни проблеми претприемачот ќе возврати со организациски промени со кои ќе избегне да тие промени во околината влијаат негативно на работењето на неговиот бизнис. Но, доколку промените во околината се постепени и постојани, претрпиемачот нема да одговори на истите закани се додека не сфатат дека веќе е предоцна да се стори нешто за опстанок.

Секогаш во животот ги забораваме оние малите ситните промени во нашата околина. При промена на годишните времиња од топло време во студено доколку температурата полека се намалува нашиот организам многу поспоро ќе ги забележува тие промени се додека не не фати настинка затоа што не сме се подготвиле за студено време. Но, доколку настапи силен студ одеднаш веднаш ќе се префрлиме на зимска облека која ќе не спаси од настинка.

Ова се случува и во бизнис светот. На пример, вашиот снабдувач полека ви ја зголемува цената. На пример првпат ви ја зголеми за неколку денари што за Вашиот бизнис и не е нешто премногу. На пример доколку Вие го продавате производот за 1000 денари и имате маржа од 300 денари 3 денари се незебележителни но сепак претставуваат 1% намалување на Вашата маржа. Си викате ОК не е ништо страшно. По неколку наредни набавки снабдувачот повторно ја зголемува цената за 3 денари. Што повторно е незабележително. Но, сега имате помалку 6 денари доколку не реагирате со покачување на цената. Но, повторно Вашата математика вели дека со продажба од 100 парчиња тоа се само 600 денари. И така, доколку истиот снабдувач продолжи со зголемување на цената се повеќе ќе се намалува Вашата маржа и може да стигне до едно ниво кога драстично ќе ви се намали профитот. Но, тогаш можеби да биде доцна.

Секој претприемач, освен следење на крупните промени во сопствената околина треба да ги следи ситните – малите промени. Бидејќи понекогаш овие мали промени по одреден период можат да бидат кобни. Исто како и во случајот со жабата. Бизнисите не се имуни на овој феномен. Ова е поради фактот што претприемачите или менаџерите на поголемите бизниси повеќе се насочени кон стратешките влијанија врз нивниот бизнис и ги забораваат малите негативни влијанија. Се сеќавате кога пишував за Kaizen дека успехот на индустријата на Јапонија се темели токму на мали секојдневни подобрувања кои во еден подолг рок носат ненадминлива конкурентска предност.

Сликата од purpleslog.
post

Бизнис Органограм – Теорија наспроти Реалноста

За овој петок се одлучив малку за органограмот бидејќи како идеја ми дојде уште летоска пред август. Бидејќи се одлучив за овој напис за оваа недела идната ќе дојде најавениот за бизнис план кој ќе открие многу контроверзности во однос на „планирај го твојот бизнис план“ – еден поинаков поглед кон бизнис планот.

Но, да се вратам на органограмот. Органограмот или уште познат како организациски дијаграм претставува дијаграм кој ја отсликува структурата на бизнисот како и меѓусебните релации помеѓу различни делови во бизнисот и меѓусебните релации помеѓу луѓе. Органограмот се влече од систематизацијата – документ во кој се дефинирани работните места во бизнисот. Вообичаено во развиените земји кога бизнисите сакаат да менуваат нешто во органограмот и систематизацијата користат експерти од областа на организацискиот дизајн што претставува цела една наука. Но, кај нас согласно моето искуство сите се експерти од областа на организацискиот дизајн па се занимаваат со оваа работа.

Имав проблем со еден правник по струка кој беше водач на работна група за изработка на нова систематизација. Не можете ни да замислите на какви проблеми налетав. Да зборуваш а да не те разбира некој. Ти велиш матрична структура ваква реорганизација, такво позиционирање ама џабе. Човекот си го отворил службениот весник и вели според член тој и тој треба вака и вака. Си ги „тумачи“ членовите како што си сака (Тоа е добро со законите, а и нашите законодавци секогаш ги прават да има простор за „тумачење“). Но, таа работна група можеби во изменет состав и ден денес работи на истата систематизација (веќе 3 години) и кога ќе сработат нешто ништо чудно да полетаат во вселената. Но, приказните настрана, целта ми е друга со овој напис.

Органограмот е важен дел кај бизнисите кои веќе се прошириле и растат, бизнисите кои веќе имаат оформено или се во фаза на оформување на различни одделенија, сектори, групи итн. Преку органограмот ќе се знае кој со кого комуницира. Па така претприемачот со помош на некој експерт ќе направи квалитетен органограм како на сликава:

Organogram

Но, всушност реалноста ќе биде нешто слична како на оваа слика:

И овој приказ на сликата можеби е премногу едноставен во однос на реалноста. Зошто вака? Еве некои причини:

  • Роднински врски – комуницираат и надвор од работата
  • Пријателски врски – комуницираат и надвор од работата
  • Социјални врески – Комуницираат преку некој социјален медиум.

Но, понекогаш овие врски може да предизвикаат навистина голем проблем. На, пример Бојана од Набавка е навистина квалитетен работник. Со своето залагање и знаење успева да дојде до висока позиција. До сега заради нејзината квалитетна работа бизнисот има заштедено милионски суми. Но, Зоран е вработен во нејзината служба и е во роднинска врска со Горан – претприемачот. Па Горан почесто комуницира со него без да ја извести Бојана. Ова може да предизвика револт кај Бојана која може да побара друга работа и да си замине од бизнисот. Тоа би била огромна загуба за бизнисот бидејќи во неа се вложени и пари и време за да стане тоа што е. Конкуренцијата ќе ја земе како готов производ.

Затоа е потребно да се внимава кога се крои организациската структура на бизнисот и доносите во неа. Личните чувства кон некого треба да се изостават.

Едно нешто треба да знае секој претприемач:

Секогаш најдобрите работници ќе бараат начин да си отидат заради барање на подобри услови. А, секогаш најлошите работници ќе истрпат се бидејќи нема друго место кај би работеле.