Оваа прашање е многу интересно прашање, штета што не го добив од некој од читателите на претприемач за да биде дел од подкаст епизодите.
Интересно е дека се фатив себеси како едноставно претерав во совети и материјали кои во целост се однесуваат на нови претприемачи, за иновации, односно нешто што ќе придонесе крупна промена на светот во кој живееме и во нашата малецка ни државичка. Но, реалноста е сосема поинаква. Можеби тренадот во нашиот главен град е веќе забележителен, но што е со следните по големина градови, или пак уште помалите градови, или пак руралните средини…?
Што претставува претприемништво таму? Бакалница, кафетерија, ресторанче, бутик за бебиња, деца, тинејџери, возрасни, парфимерија, шминкерница, фризерница, бербер, продавач на мобилни, сервис за мобилни, сервис за компјутери, продажба на компјутери… Тоа се претприемачите кои во голем дел го составуваат претприемачкиот екосистем на помалите места во земјава.
Сите тие може да функционираат и со еден вработен, не им треба познавање од менаџмент, немаат потреба од сложена комуникација, немаат потреба од системско размислување, за креативноста и да не зборуваме. На еден бербер му се доволни чешел, ножички и берберски стол како и неговото време за бизнисот да си врви онака како што си научил, а можеби не онака како што би сакал. Сите се борат за преживување.
Но, едно нешто е јасно, не смееме да ги заборавиме и тие претприемачи. Сепак тие се дрзнале (во услови кога над 90% од луѓето сонуваат да работат во државна администрација) да креираат нешто свое, да не се молат никому, да не подмитуваат, да не членуваат во партии… Сепак тие се претприемачи, па затоа оваа статија ја посветувам токму за нив.
Веќе последните неколку години носат крупни промени во овие подрачја, што секако влијаат на помалите претприeмaчки бизниси. Но, тоа влијание заради трендовите не е розево, туку повеќе црно, односно негативно и изразено преку намалување на приход, намалување на профитот, зголемување на работно време на претприемачот, задолжување, борба за преживување…
И во една таква ситуација…
Големите риби ги јадат помалите
Точно така, големите риби ги јадат помалите риби.
Притиснати од снабдувачите и големите моќни конкуренти, малите бизниси немаат многу опции на располагање, освен преживување колку што може повеќе и во многу случаи ставање на клуч на вратата на нивниот бизнис. Од друга страна големите риби се моќни риби, моќни не заради знаење што го поседуваат, силни не заради знаење што го поседуваат туку заради парите кои ги имаат.
Да бидеме реални, парата дупчи и онаму каде што бургијата не може и тоа е особено важно во општеството во кое живееме. Парата во комбинација со политичка поддршка претставува смртоносен вирус за тие мали компании. Да, тоа е реалноста не смееме и не можеме да избегаме од неа.
Имав прилика да разговарам со едни претприемачи од Војводина кои ми ја објаснија нивната случка за затворање на синџирот на продавници кои ги имале поради навлегување на голем и моќен индустриски комбинат. Причината не е квалитетот (доколку не се смета дека подбриот квалитет е и со поскапа цена на чинење). Причината е цената на производите кои големите и моќните риби ги играат не врз основа на знаењето кое го поседуваат за да направат поквалитетен производ со помала цена, туку заради моќта на парите и политичката поддршка кои ги поседуваат па можат да направат и дистрибуираат помал квалитет со мнооогу пониска цена, дури и цена со која се прават загуби. Но, кога големите риби ќе ги изедат малите, тие остануваат сами и можат повторно со моќта на парите и политичката поддршка да играат, но условите самите си ги формираат.
Па, тогаш има ли светла точка на крајот од тунелот?
Секогаш имало и ќе има светла точка на крајот од тунелот. Само прашањето е дали сакаме да ја искористиме.
Здружување
На малите риби им останува еден можеби до сега воопшто неприфатлив чекор заради досегашната конкурентност, а тоа е здружување.
Здружување значи соработка. Здружувањето значи заедништво во клучни стратешки насоки за идното функционирање на тие мали бизниси.
Десет илјади евра кај еден претприемач се десет пати помалку од 100.000 евра кај десет претприемачи со по десет илјади евра. Десет локации распределени низ локалната заедница се многу повеќе од една локација ограничена на еден простор. Десет претприемачи со по десет различни асортимани на производи и услуги се многу повеќе од еден претприемач со само десет асортимани на производи и услуги.
Да, ова е голем предизвик кој отвора многу прашања, но сепак е една опција со која може да се одговори, односно да се влезе во војна со големите риби. Одсекогаш здружувањето претставувало една од најдобри стратегии за преживување на послабите видови на кои им прети опасност од поголемите видови.
Синџир на продавници
Следниот логичен чекор по здружувањето е синџир на продавници (бизниси). Синџирот ќе гарантира квалитет, постојаност, услуга на врвно ниво, испорака на постојана вредност, намалување на трошоци…
Веќе зборуваме за уникатен бренд кој ќе го сочинуваат довчерашните противници, а со цел да можат да ја продолжат борбата со големите риби и нивната огромна моќ која ја поседуваат. Брендот значи препознатливост, доверба, кредибилитет, репутација… Брендот обезбедува стабилност на долг рок. Таков бренд ќе се постигне веќе кога здружувањето базирано на заеднича соработка во повеќе активности на тие мали бизниси во обединување под еден препознатлив бренд.
Но, најголемиот предизвик е…
Mенаџмент
Кој ќе биде одговорен за што? Кој ќе учествува во распределбата со колку? Како ќе се организираме?
Тоа се само дел од прашањата кои претставуваат опасност за неуспех и губење на битката со големите риби. Но, затоа соодветен менаџмент од надвор или одвнатре е нешто што може да ги расчисти сите дилеми на оваа поле.
Веќе има примери во развиените земји за вакви трансформации, иако тие се од пред 50 – 60 години сепак претставуваат добра основа за проучување. Некои пример спомнуваат и за брендови кои и ден денес се препознатливи во општествата во кои фунскионираат, односно функционирале тие мали риби.
Менаџментот кој ќе ја има улогата во спроведување на трансформацијата може да се изгради или од надвор (никој да нема влијание) или од внатре. Сепак, на крајот не е важно сето тоа, важно е дека новонастанатите услови веќе не бараат еден претприемач, индивидуа, поединец, туку бараат тим на претприемачи, поединци, индивидуи кои заедно се менаџирани за да се извлече максимумот од нивниот потенцијал (знаење, вештини, искуство, креативност…)
Сето оваа ќе значи и уште една голема предност…
Вештини и знаење надвор од традиционалното
Излегување надвор од традиционалното, надвор од онаа што сме го зеле здраво за готови и надвор од онаа досегашна сигурност која баш и не е сигурност ќе значи и огромна конкурентска предност преку зајакнување со нови вештини и знаење. Така малите риби ќе станат нови големи риби кои ќе поттикнуваат иновација на секое поле, кои ќе конкурираат со моќта на парите и политиката, кои ќе станат моќни и ќе го прават онаа што тие не сакале на нив да им го прават. Но, сепак се дрзнале за да успеат и успеале. А, новиот циклус повторно ќе роди нови мали риби кои повторно ќе се преземат можеби сосема други чекори што исто така претставува иновација во едно општество.
Тоа е циклус кој постои во природата, но постои и во екосистемот на бизниси само што во овој екосистем се потребни храбри чекори на храбри индивидуалци кои сакаат да го променат и светот во кој што живеат, но и да се дрзнат на моќта која не е заслужена. Е, веќе кога ќе дојдеме до војни со помош на заслужена моќ, можеме да кажеме дека имаме цврсто општество со економија на која може да и завидуваат сите останати општества.
Speak Your Mind