post

Маркетинг план: Кого треба да привлечеме?

Повеќе купувачи Ќе продолжиме со прашањата на кои треба да одговори еден маркетинг план и секако воедно и дизајнирање на еден план кој ќе ја смени иднината на твојот бизнис, наречен како маркетинг план.

Бидејќи веќе знаеш што треба маркетинг процесот да постигне за твојот бизнис, веќе може да продолжиш со дизајнирање на целиот процес.

Но, прашањето е од каде да се почне?

Нема многу размислувања бидејќи едно е јасно, а тоа дека маркетинг процесот не е за тебе, не е за твојот бизнис, не е за твоите вработени, не е за твоите производи и/или услуги, туку во основа се однесува на твоите купувачи.

Една од најголемите грешки која ја имам забележано кај малите бизниси е што при градење на маркетинг процесот започнуваат од производот или услугата, од бизнисот или локацијата на бизнисот, од вработените и нивната улога во процесот… Но, тоа е погрешен пристап, особено во оваа фаза на дизајнирање на твоите маркетинг процеси. Сето тоа ќе следува подоцна, бидејќи и најдобриот производ или услуга, и најдобриот бизнис и локација и најдобрите вработени со најдобра мрежа на пријатели нема да ги дадат посакуваните резултати доколку не се дизајнирани врз база на купувачот, односно твојот идеален купувач.

Па, затоа и второто прашање е кого треба да привлечеме со маркетингот?

Можеби одговорот се чини лесен бидејќи веднаш те наведува дека тоа се купувачите. Но, прашањето е кои се твои купувачи, или поточно кои се твоите идеални купувачи?

#1 Кои се твоите идеални купувачи?

Застани за момент и обиди се одговориш на оваа прашање.

Многу пати кога разговарам со претприемачите, одговорот е целосно промашување. Зошто?

Затоа што постои мислење дека сите можат да бидат потенцијални купувачи и колку повеќе сегменти опфатиш, повеќе можности за бизнисот. Но, токму тоа мислење доведува до големи проблеми. Не можат сите ниту да се привлечат, ниту да се задоволат.

Можеби ќе имаш успех, но ќе ти треба буџет како на големите корпорации.

Како сопственик на мал бизнис најпродуктивен начин е твојот фокус да биде кон еден прецизно дефиниран сегмент кој има потенцијал да обезбеди исполнување на поставените цели.

Во насловот Како да го привлечеш твојот идеален купувач поттикнавме при дефинирање на твојот идеален купувач да започнеш со размислување за следново:

  • Тие се дел од твојот целен пазар.
  • Тие имаат потреби за твоите производи и услуги.
  • Тие треба да имаат проблеми кои твојот бизнис ги решава.
  • Тие треба да имаат страсна желба за да ги решат тие проблеми.
  • Тие мора да бараат можни решенија за нивните проблеми.

Овие размислувања веќе ќе ти овозможат да добиеш еден основен опис на твојот идеален купувач кој всушност ќе треба да го привлечеш за твојот бизнис со твоите маркетинг процеси.

#2 Но, потребно е подлабоко дообјаснување

Иако веќе го знаеш твојот целен пазар, потребите на идеалните купувачи од тој целен пазар и секако проблеми и желба на решавање соодветни за твојот бизнис, сепак за да успееш да подготвиш маркетинг план кој ќе даде резултати ќе ти требаат уште карактеристики за да го опишеш твојот идеален купувач.

Разгледај ги овие прашања кои може да ти послужат како идеја:

  • Какви проблеми има мојот идеален купувач, не само проблемите кои мојот бизнис ги решава?
  • Колкав приход има мојот идеален купувач?
  • Каде се движи и кои се навиките на мојот идеален купувач?
  • Што најмногу ги иритира?
  • Кои им се најголемите фрустрации?
  • Каков им е еден просечен работен ден?
  • Кои позиции ги имаат на нивните работни места?
  • Дали е маж или жена?
  • Која е возраста на мојот идеален купувач?
  • Од каде е мојот идеален купувач?
  • Дали е политички активен и кои му се размислувањата на мојот идеален купувач?
  • Какви коли возат моите идеални купувачи?
  • Со кого живеат моите идеални купувачи?
  • Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?

Ова се само како идеи на кои треба да се насочиш, врз основа на твојот бизнис и уникатноста на твојот бизнис понекогаш ќе можеш да дојдеш и до стотина вакви прашања. Колку подлабоко одиш во описот на твојот идеален купувач толку повеќе ќе може маркетинг планот повеќе да му помогне на твојот бизнис.

#3 Можеш ли да дефинираш неколку персони на твоите идеални купувачи?

Сега кога веќе имаш доста информации за идеалните купувачи за твојот бизнис ќе можеш да изградиш неколку персони. Што значи тоа?

Едноставно низ приказна ја опишуваш личноста која е идеален купувач за твојот бизнис и неговиот секојдневен живот.

Некои експерти дури препорачуваат да се оди и со именување на тие неколку персони кои всушност ќе бидат клучни за твојот бизнис. Кога им дадеш име, лесно ќе можеш да ја визуелизираш твојата маркетинг инка што всушност претставува следното прашање.

Мора да напоменам дека резултатот од овој чекор ќе бидат дефинирани неколку персони како твои идеални купувачи. На пример, различни работни места иако станува збор за ист производ или услуга доведува до различно однесување на тој идеален купувач. Ти ќе треба да дизајнираш активности кои ќе бидат различни за тие две персони.

Останатите наслови од серијалот за маркетинг план:

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*