post

Што мора да правите како стартап претприемач

Еден стартап процес спаѓа во групата на најтешки процеси за секој потенцијален, па и постоечки претприемач.

стартап претприемач

Прво условите во кои функционира еден стратап се доста тешки услови особено поради неизвесноста и ограничени ресурси. Не се знае дали трудот ќе се исплати или не затоа што едноставно мора да се вложи и време и пари за да се изгради нешто, а потоа да се мери успешноста на пазарот.

Во секој случај задачата не е лесна. Од самото стартување на процесот, преку соодветно менаџирање на истиот и ефикасно и ефективно доближување до завршување на процесот ќе има многу препреки. Препреки кои ќе се појават заради самата природа на односите кои функционираат во еден стартап, но и препреки кои никој не може ниту да ги претпостави ниту да ги знае се додека не започне со самиот процес.

Па, да започнеме…

Напомена: Овој наслов претставува извадок од епизодата 17 од подкастот “претприемачки пат“, за целосна содржина можете да го симнете транскриптот или пак да ја слушате епизодата преку следниов линк: што мора да направите како еден стартап.

1. Мора да започнете доколку сакате да бидете стартап претприемач

Иако можеби изгледа премногу очигледно, сепак праксата ми покажала и уште ми покажува дека оваа „мора” е нешто што недостасува кај голем број на потенцијални стартап претприемачи. Едноставно добрата идеја, која како што веќе знаете доколку сте редовен читател на претприемач претставува потенцијална бизнис енергија, и доколку не се имплементира едноставно умира, ја нема, веќе е заборавена.

Мора да започнете а тоа значи елиминирање на стравот, фаќање за работа и туркање се додека не се изведе на вистинскиот пат работата.

Тоа е започнување, тоа е првиот чекор кој не значи дека мора да го имате готовиот производ, но значи дека сте започнале, значи сигурност дека ќе продолжите да работите низ процесот.

Идеите кои се само во глава се забораваат, но идеите кои се ставени на лист хартија, преработени и доработени даваат многу поголема движечка сила во еден претприемач да продолжи да работи на нејзино развивање се додека на оформи еден одржлив бизнис.

2. Мора да имате способност да ги забележувате и гледате сегашните и идните потреби на други луѓе

Креирање на бизнис преку стартап процес значи дека вие ќе работите на задоволување на нечии други потреби, како сегашни така и идни. Тоа се потребите на вашите потенцијални купувачи.

Оваа мора значи дека вие сте способен да влезете во кожата на вашиот потенцијален купувач и да ги дознаете неговите сегашни и идни потреби. Целта е да имате една листа на потреби која би била колку што може поблиска до оние вистинските потреби на вашите купувачи.

3. Мора да имате способност да откривате и забележувате скриени проблеми кои навистина треба да се решаваат

Суштината на успех на стартапи е да вие имате способност да ги забележите скриените проблеми. Оваа не значи дека видливите проблеми треба да ги игнорирате, но значи да ги откриете и невидливите проблеми преку кои ќе изградите навистина една силна супериорна вредност, но и стартна конкурентска предност за што секој стартап треба да се стреми.

Затоа сметам дека скриениот проблем, кој можеби ќе ве намачи за да го откриете и да го убедите потенцијалниот купувач дека постои е значаен за да ви помогне веднаш да се забележи разликата меѓу вас и вашата конкуренција.

5. Мора да користите различна технологија од различни места за да прибирате информации

Еден стартап без информации од пазарот, поточно од купувачите има мали шанси, ако не и воопшто нема шанси за да успее. Можеби една од првите работи кои ќе треба да ги направите е да воспоставите систем кој ќе содржи различни технологии кои ќе ви овозможат постојан прилив на разни информации поврзани со вашата работа.

Mора да бидете внимателни во однос на анализа и интерпретација на информациите, бидејќи различен приказ на исти резултати од анализи може да доведат до различни заклучоци од ваша страна и што е уште пострашно некои од тие заклучоци може да бидат сосема погрешни.

6. Мора да созададете тим од исклучително квалитетни луѓе

Без тим на кој вие и вашиот стартап ќе можете да се потпрете во стартап процесот ќе ви биде навистина многу тешко. Знам дека веднаш ви поминува низ глава дека тоа значи трошење на пари кои ги немате во оваа фаза од развојот на компанијата. Но, иако оваа е точно, сепак можете да се обидете во градење на еден таков тим. Можеби тоа ќе бидат вашите партнери во креирање на бизнисот, или пак на ентузијасти кои сакаат да работат за еден стартап или пак ќе ви помогне некој кој ќе го платите, сепак мора да размислувате за градење на тим од квалитетни луѓе.

7. Мора да инсталирате претприемачка и стартап возбуда во тимот кој ќе го создавате

Веќе кога ќе изградите тим на кој можете да се потпрете, многу е важно да инсталирате претприемачка и стартап возбуда кај секој член од тимот. Зошто?

Затоа што ќе има многу грешки, падови, неуспеси… Кои пак не смеат да доведат до разочарување, туку треба да претставуваа поттик за продолжување и искористување на искуството од тие несакани последици.

8. Мора да развиете стратегија за вашите купувачи

Мора да развиете стратегија не прво за вас, туку за вашите купувачи која ќе покаже како вашите купувачи ќе растат, ќе се подобрат и ќе профитираат со помош на вас и вашиот стартап.

Главната улога на еден стартап е да најде купувачи. Затоа традиционалната школа за креирање на компаниска стратегија при градење на стартап не дава резултати. Стратегија за купувачи која ќе ви каже како тие ќе растат, ќе се подобрат и ќе профитираат со помош на вас и вашиот стартап ќе претставува основа на која и вие ќе ја градите вашата работа.

9. Мора да наплаќате доволно за производот или услугата кои ги испорачувате

Оваа е едно многу важно мора, бидејќи едноставно ако го нема со 100% сигурност се движите кон провалија и пропаст како на вашиот стартап, така и на вас како стартап претприемач.

Главното правило е да ги покриете сите трошоци за добивање и за продавање на вашиот производ или услуга да бидат помали од цената со која ќе ги продавате. Можеби изгледа логично, но имам забележано доста грешки кај потенцијални претприемачи во однос на оваа мора, па затоа морав и да го споменам во оваа листа.

10. Мора да имате способност за работа со бројки

Системот за следење и мерење на перформанси во целост ќе биде базиран на бројки, а од него ќе зависат клучните одлуки кои ќе треба да ги донесете.

Сакале вие или не сакале, бројките ќе играат важна улога низ целиот стартап процес, затоа мора да бидете навистина способен лесно да баратате со бројки.

11. Мора да го гледате вашиот стартап низ призма на еден поголем еко-систем во кој и вашиот стартап е дел

Една грешка која постојано се провлекува кај стартап претприемачи е токму недостатокот на истите да го гледаат стартапот низ призма на еден поголем еко-систем во кој и вашиот стартап е составен дел. Ниеден, ама баш ниеден стартап не може да функционира изолирано сам за себе. Тука се купувачи, партнери, конкуренти, снабдувачи… Сите тие на некаков начин се дел од еко-системот кој постои и функционира.

Прашањата во вид на тоа дали технологијата е доволно развиена за изработка на вашата временска машина како дел од вашиот стартап секогаш ќе бидат актуелни, и затоа не смеете да ги заборавате.

12. Мора да ги отстраните сите можни граници кои ви се привидуваат

Граници не постојат и тоа е факт. Но, границите самите си ги поставуваме, што од незнаење, што од ограниченост, што од обични погрешни проценки.

Доколку гледате некои граници на функционирање на вашиот стартап, на начини, на идеи на изведување или на било што друго мора да бидете свесни дека тие ви се причинуваат и мора да ги отстраните доколку сакате да продолжите на вистинскиот пат.

13. Мора да бидете и менаџер, нема бегање

Точно така, нема бегање, мора да бидете и менаџер, без разлика дали вам ви се допаѓа таа работа или не ви се допаѓа. Едноставно градите тим, раководите со луѓе, планирате, спроведувате, контролирате и проверувате, мотивирате…. Тоа е менаџирање.

14. Мора да зборувате со вашите потенцијални купувачи и пред да започнете со вашиот стартап

Се супер испланирав, имплементирав, а купувачите не сакаат да го купуваат мојот производ или услуга. Најстрашната изјава од некој стартап претприемач, која за жал многу пати ја имам слушнато.

Сакате да не дојдете во ваква ситуација? Тогаш мора да зборувате со вашите потенцијални купувачи и пред да започнете со вашиот стартап и преку нивниот фидбек да го подобрувате вашиот производ или услуга.

15. Мора да го користите маркетингот и пред да започнете со вашиот стартап

Можеби мислите дека развојот, дизајнот и производството се поважни во стартап фазата отколку маркетингот кој ќе треба да настапи на сцена подоцна кога ќе се искристализираат работите. Сепак тоа е едно многу погрешно мислење кое може да доведе до катастрофални последици.

Зошто погрешно мислење? Зошто катастрофални последици?

Затоа што маркетингот е цврсто поврзан и со развојот, и со дизајнот, и со производството. Информациите кои ќе ги даде маркетингот, кои всушност претставуваат знаење за купувачите, знаење за конкуренцијата, знаење за пазарот воопшто, знаење за индустријата или пак знаење за снабдувачите ќе претставуваат основа за движењето во сите останати функционалности во текот на креирање на вашиот стартап. Тие се основниот крвоток во еден стартап бизнис кој доколку запре, запира и целиот стартап процес кој има за цел да создаде успешен и одржлив бизнис.

16. Мора да користите системски пристап при градење на вашиот стартап

Во многу случаи се мисли дека системите не се потребни затоа што во стартап фаза сеуште не знаеме дали ќе успееме да дојдеме до производ или услуга која ќе помине на пазарот, односно дали ќе успееме да изградиме бизнис со потенцијал на успешност и одржливост. Сепак, мора да бидете свесни дека онаа што во овој процес ќе го правите значи и градење на темели на вашиот бизнис на кои ќе се потпираат и базираат утрешните одлуки и успехот на вашиот бизнис.

За да еден бизнис биде одржлив, значи дека тој мора да има системи на кои и по завршување на стартап фазата ќе продолжи да функционира. Тоа значи дека кога некој од членовите на стартап тимот ќе замине. бизнисот ќе продолжи да функционира. Тоа значи кога ќе се смени производот или услугата бизнисот ќе продолжи да функционира. Тоа значи обезбедување на функционалност без разлика на надворешните сили кои дестабилизирачки ќе дејствуваат врз бизнисот.

17. Мора паметно да ги инвестирате вашите пари

Можеби прашањето е што значи паметно трошење на пари?

Паметно трошење, или инвестирање значи дека најоптимално парите кои ги поседувате ќе бидат алоцирани за да се обезбеди колку што може побрз поврат на таа инвестиција.

18. Мора паметно да ги менаџирате парите кои ќе ги заработи вашиот стартап

Во текот на стартап процесот, нормално е да имате прилив на пари во вашиот стартап, барем тоа ќе значи дека се наоѓате на вистинскиот пат. Но, таа заработка не значи дека веќе веднаш треба да започнете да се однесувате како да имате успешен и одржлив бизнис, туку значи дека треба да ги инвестирате во подобрување на сите можни аспекти на онаа што го градите, а тоа е вашиот стартап.

19. Мора возбудата за креирање секогаш да ја одржувате на максимално ниво

Целиот процес на креирање и функционирање на еден стартап значи креирање, креирање и креирање.

Креирање на нови функционалности на производот, креирање на нов маркетинг пристап, креирање на нов дистрибутивен канал, креирање на нов продажен процес…

Значи возбудата за креирање мора да ја одржувате на едно навистина високо ниво и кај вас и кај вашиот тим доколку сакате да креирате екселенс во се онаа што ќе го креирате.

20. Мора да го трошите вашето време НА вашиот бизнис, а не ВО вашиот бизнис

Мора да бидам експерт за маркетинг, мора да бидам експерт за продажба, мора да бидам експерт за мојот производ, мора да бидам експерт за производство… Така вашето време се троши во вашиот бизнис, а се помалку време ќе имате за да работите на вашиот бизнис. Веќе напоменав, во еден стартап процес не градите само производ или услуга, градите бизнис, а бизнис е компанија, а компанија е организација, а организација е организациски систем кој претставува комплексен систем кој интегрира различни подсистеми кои вие ќе треба да ги изградите.

Затоа мора да го трошите вашето време НА вашиот бизнис, а не ВО вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*