post

Клучни фактори за определување на денот на лансирање

Многу добри идеи, иновации и бизниси не претставуваат ништо доколку се донесат на пазарот прерано. Историјата има покажано многу неуспеси за грешки во однос на тајмингот.

Но, причините за тие грешки не се толку околу тајмингот, причините се подлабоки, а кои на некој начин ќе бидат содржани и во овие клучни фактори кои подолу ќе ги наведам.

Да наведам само две промашување на големи компании во однос на доведување на иновацијата на пазарот: Nokia со првиот 3G телефон и Sony со првиот е-читач на книги. Причините иако можеби изгледа дека се нивниот тајминг (прерано доведување на иновацијата на пазарот кој сеуште не е спремен да ја прифати) сепак тој тајминг повеќе е во однос на самиот процес на носење на тие иновации, односно недостаток на еден поширок поглед од самата внатрешност и способност на компанијата да иновира и спроведува иновации.

Времињата се многу променети. А, пак новите времиња бараат и нови процеси, но и нови актери во самиот процес.

Кои се клучните четири фактори за определување на денот на лансирање на вашиот нов производ или пак нов бизнис?

Продолжи…

post

Иновација и екосистеми

Иновацијата е цврсто поврзана со секоја претприемачка активност. Со иновација претприемачите успеваат да креираат нешто од ништо.

Постојано иновирање е процес кој го доближува бизнисот до успех, но сепак може да претставува и процес кој ќе го забрза уништувањето на бизнисот доколку соодветно не се менаџира и насочува преку призмата на купувачите.

Иновацијата треба да се инспирира. За иновација е потребен иновативен тим на луѓе кои освен што ќе иновираат ќе знаат и како да ја доближат до купувачите.

Проблемот е што денес не е лесно да се иновира. Имаме многу допирни точки со останати иновации, надвор од бизнисот. Ние сме само еден мал дел од еден многу покрупен екосистем во кој функционираат новите производи или услуги.

Како да знаете дека сте на вистинскиот пат при започнување на ваш процес на иновација?

Продолжи…

post

Apple iPhone 5 VS Samsung Galaxy S3

Не, овој наслов не е за споредба на карактеристики помеѓу два телефони. Не сме тука за споредба на мобилни телефони. Овој наслов е тука на претприемач заради извлекување на знаење од борбата на двата гиганти во мобилната индустрија.

Пред некој ден Samsung излезе со нова реклама насловена како “не треба да бидеш гениј” за да ја видиш разликата во која јужнокорејската компанија го споредува нивниот Samsung Galaxy S3 со штотуку излезениот нов iPhone 5 (во петок).

На сликата е дадена рекламата на која може да се видат споредба на карактеристики на мобилните телефони. Целта е обичниот граѓанин да ја види разликата и со тоа да се реагира на моменталниот интерес за популарниот производ на Apple кој за само 24 часа се продаде во 2 милиони примероци (за споредба скоро двојно повеќе од претходната верзија на производителот).

Продолжи…

post

За да иновирате не ви треба…

Што е иновација? На секој бизнис му е потребна. Секој претприемач е директно поврзан со иновација. Но, постои проблем кога станува збор за претприемачи. Проблемот е што просечните претприемачи сметаат дека иновацијата мора да тргне од нешто големо, нешто спектакуларно, нешто невидено и сеуште незамисливо. Од друга страна, тоа мислење наметнува уште “пострашно” размислување кое едноставно влијае на појава на блокада кај претприемачот и лесно откажување од намерата да се иновира. Тоа размислување е дека за да бидете добар иноватор треба да имате докторат. Иновација значи иновирање во однос на:

  • Нов производ,
  • Подобрен производ и
  • Подобрен процес (производствен, организациски, маркетинг, продажен процес…)

Можеби ќе мислите дека сопственик на бутик не може да иновира бидејќи се е веќе познато. Се набавуваат произвдите, се ставаат во продажниот објект и се продаваат по повисока цена. Но, нели е иновација следново:

  • Соодветна комбинација за презентација на разни производи заради поттикнување на продажба.
  • Додавање на една алка, ремен или било што друго што ќе додаде вредност на основниот набавен производ за бутикот.
  • Комбинација на неколку маркетинг алатки за привлекување на повеќе купувачи.
  • Продажен процес во кој се поттикнува вирозен маркетинг

Ова се само дел од можните иновации во еден традиционален бизнис како што е овој од примеров кој го потенцирам. Се што ќе додаде вредност за купувачот, се што ќе го разубави и подобри животот на купувачот, се што ќе ги намали фрустрациите на купувачот од десегашниот начин на функционирање на истиот ќе претставува иновација и можност еден бизнис да профитира од тоа. Разгледајте ги основачите на најголемите компании (освен Google) на глобално ниво и видете колку од нив се доктори на науки. Ова не значи дека образованието е непотребно, туку значи дека не мора да се гледа како пречка за да започнете да го промените светот во кој што живеете. Мора да иновирате без разлика во која фаза на животниот циклус на вашиот бизнис се наоѓате. Тоа е факт. Бидете креативни и започнете да го менувате светот.

post

Како да инспирираш иновација во твојот бизнис?

Во денешно време за да успее еден бизнис тој мора постојано да иновира.

Кога зборуваме за иновација не мислиме само на некои крупни иновациски проекти, туку на секое можно подобрување како на производите или услугите така и на сите бизнис процеси кои допринесуваат тие производи или услуги да стигнат во рацете на потенцијални купувачи.

Иновација претставува и развој на сосема нов производ или услуга, но и подобрување на постоечки производ или услуга. Иновација претставува имплементација на сосема нов канал на дистрибуција, но и подобрување на постоечкиот заради скратување на времето на достава. Иновација претставува и имплементација на сосема нов маркетинг процес во бизнисот, но и подобрување на постоечкиот.

Во секој случај, иновацијата е важна за секој бизнис, без разлика на кој пазар се наоѓа или во која индустриска гранка функционира.

Следниве пет начини претставуваат можности кои ќе инспирираат иновација во вашиот бизнис.

1. Иновацијата нека биде секојдневна активност во бизнисот

Секој бизнис има две основни функции: одржување и иновирање. Ова значи дека секојдневно се работи на одржување на постоечките резултати, истовремено имплементирајќи иновации заради подобрување на тие резултати.

Денеска да се иновира не значи еднаш годишно да се одржува состанок на кој ќе се дискутираат иновативните проекти. Да се иновира значи секојдневно да се бараат начини за подобрување на сите аспекти на работењето на бизнисот.

Како претприемачи вашата задача ќе биде да обезбедите креативен простор и време за сите членови на бизнисот како би работеле на иднината на вашиот бизнис.

2. Иновацијата е сечија одговорност

Иако вие сте претприемач и најголемата одговорност е сместена кај вас кога станува збор за иновација, сепак немате ексклузивно право само вие да иновирате. Но, и таквиот индивидуален настап во иновациските процеси само може да ви наштетат на бизнисот.

Како претприемачи, мора да обезбедите дека иновацијата е сечија одговорност и секој предлог за било какво подобрување од било кое работно место е добредојден.

3. Анализирај ја индустријата и види може ли нешто поинаку да се направи

Индустријата ја сочинувате вие и сите ваши конкуренти кои нудат ист или сличен производ или услуга.

Што претставува стандард во иднустријата? Може ли да се смени нешто?

Кои се трендовите во индустријата? Каде сте вие во тие трендови?

Овие прашања ќе ви отворат нови видици за тоа каде може да се најде вашиот бизнис во иднина.

4. Не стравувај од промени. Иновацијата и промени одат едно со друго.

Иновацијата не е можна без промени, а промените значат иновација бидејќи никој не се менува за да стане полош.

Стравот од промени може да биде една од најголемите пречки за иновативниот процес во вашиот бизнис. Не дозволувајте да преовлада и да ве забави во процесот на развој.

5. Не ги заборавај купувачите, тие се најголеми инспиратори на иновацијата

И како последно, но не и неважно се купувачите. Иновацијата е она што тие го сакаат, она што тие посакуваат или она за што тие сонуваат.

Купувачите може да претставуваат одличен извор на иновативни можности, само треба да се послушаат.

post

Иновации и ризикот

Конзистентност Постојат многу примери на иновативни потфати кoи не успеале. Тие неуспеси понекогаш ги чинат инвеститорите и милијарди долари изгубени пари.

За да се презентира ризикот кој е последица на иновација најдобро е да разгледаме еден пример. Приказната од примерот е презентирана подетално во книгата The Startup Owners Manual.

Во 1991 година Iridium е една компанија во започнување основана од Motorola и глобално партнерство од 18 компании за да создаде систем за мобилна телефонија кој би функционирал од секаде во светот, од бродовите во океаните до пустините во Африкa, како и високите планини на кои не постоела можност да има сигнал.

Компанијата купила 15 флоти на ракети од Русија, САД и Кина. Потоа лансирала 72 приватни сателити во орбитата кои служеле како предаватели за мобилните телефони кои се достапни од секаде во светот. Седум години по основањето на компанијата, односно во 1998 година сателитите биле поставени и првиот повик преку системот бил реализиран. Но, девет месеци по тој прв повик компанијата банкротирала. Тогаш овој потфат претставувал како најголем пропаст на еден стартап.

Прашањата за причините никогаш не престанале. Зошто толку иновативна идеја да пропадне, а притоа биле вложени 6 милијарди долари во таа иновација? Компанијата имала бизнис план. Но, сепак бизнис планот не гарантира успех.

Кога во 1991 година компанијата била формирана, глобалниот опфат на мобилна телефонија бил сеуште многу мал, недостапен за секаде и многу скап. Iridium логично изработила бизнис план во кој ги опфатила претпоставките за купувачите, нивните проблеми и производот потребен за решавање на тие проблеми. Исто така, тој бизнис план ги содржел и останатите претпоставки како продажни канали, партнерства, модел на приходи и сето тоа спакувано во финансиско предвидување на продажбата што гарантирало дека Iridium набргу ќе почне да заработува огромни пари.

Но, на Iridium му требало седум години да помине од основниот концепт до лансирање на иновативниот производ. За тој период иновациите во мобилната телефонија започнале да се движат многу бргу, така да кога Iridium бил спремен во целост за настап на пазарот, само неколку места во светот немале достапна мобилна мрежа. Традиционалните компании кои нуделе услуги за мобилна телефонија со голема брзина во тој период ги ширеле местата на кои сигналот бил достапен. Цените на услугите почнале да се намалуваат со зголемување на бројот на корисниците и намалување на цените на мобилните телефони. Самиот телефон станувал се помал благодарејќи на новите технологии, додека телефонот на Iridium бил доста голем. Уште полошо, тој толку иновативен телефон замислен во 1991 година не можел да се користи од автомобил во движење бидејќи барал поврзување до сателит од статична локација. Наместо 50 центи по минута колку што чинеле услугите на традиционалните компании услугите на Iridium чинеле 7 долари минута и плус 3000 долари за самиот телефон.

Во 2000 година една инвеститорска група ја купува компанијата со имот вреден 6 милијарди долари за 25 милиони долари.

Забележувате како инвестиција во иновација која во моментот на самиот концепт се чинела профитабилна води до целосен неуспех. Ова е поради фактот што ризикот не е намален преку одговор на следниве прашања:

• Дали проблемот кој иновацијата го решава купувачите сакаат да биде решен и кога?
• Дали производот го решава проблемот на купувачот?
• Дали имаме видлив и профитабилен бизнис модел?
• Дали имаме доволно знаење за да го продаваме производот?

Доколку одговорот на некое од овие прашања е не, ризикот е голем. Во случајот со Iridium тие имале добро прилагоден бизнис план на претпоставки за следни 7 години, кои никој не може да ги докаже, ниту потврди, наместо видлив и профитабилен бизнис модел докажан во моментот на започнување на потфатот.

post

[Видео] Промени, иновација и претприемачот

Иако видеото е наменето за САД сепак има идеи кои мотивираат, поттикнуваат и може да креираат промени и иновации. Токму она што ни недостасува. Сепак, од нас зависи.

Вреди да се потрошат две минути за да се погледа.

post

Иновативни можности – уште неколку

SEO елементи Ова е последниот пост од серијалот за иновативните можности и нивни извори. Во првиот пост зборувавме за иновативни можности каде што прикажавме одредени извори на иновативни можности. Потоа продолживме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања и несовпаѓања, за да во претходниот опфатиме некои ограничувања и предупредувања во однос на иновативните можности.

Да одиме со уште уновативни можности.

#1 Промена на структурата во стопанството и пазарот

Сето тоа што досега го истакнавме, односно дали несовпаѓањата на економската реалност ќе се конфронтираат со нашето очекување или ќе индуцираат процеси на неочекувани и неповолни резултати, ќе зависи, во секој случај, од состојбите и тенденциите на стопанската и пазарна структура!

Стопанска и пазарна структура понекогаш останува непроменета со години и изгледа потполно стабилна. Така во светската алуминиумска индустрија, по цело столетие, лидер е сеуште иста компанија – Алуминиумска компанија America од Pitsburg.

Во стварноста стопанската и пазарната структура е крта. Една мала гребаница е доволна, брзо да дојде до нивно дезинтегрирање. Кога тоа навистина ќе се случи, секој припадник на таа индустрија мора да дејствува.

Продолжување на работите,  како ништо да не се случило, значи гарантирано пропаѓање. Во најмала рака, компанијата ќе ја загуби својата водечка позиција во соодветна гранка. Кога таа позиција ќе се загуби, речиси никогаш повторно не се стекнува.

Меѓутоа промената во структурата на стопанството или пазарот исто така претставува важна можност за иновација. Таа бара секој одново да се запраша: Што е нашата работа?

Промените во структурата на стопанството, посебно во индустријата, нудат извонредни можности видливи за надворешниот свет. Луѓето внатре гледаат главно опасност за себе. Од таа причина аутсајдерите кои праваат иновација можат да одиграат значителна улога.

Најсигурен и најлесно видлив индикатор каде што се гледа менување на стопанска структура е брз пораст на одредена гранка на стопанството. Доколку некоја стопанска гранка расте значително побргу од стопанството, во целина може да се предвиди дека нејзината структура драстично ќе се менува. Во времето кога една гранка ќе го удвои обемот на своето работење, станува несоодветен начинот на кој таа го забележува и го служи пазарот.

Еден друг развој кој предвидливо ќе доведе до ненадејни промени во стопанската структура е конвергенцијата на технологиите, кои се до тогаш биле сметани како потполно одвоени. Една стопанска дејност е зрела за битни структурни промени, доколку бргу се менува начинот на кој работи.

Иновациите кои ги користат промените во стопанската структура, посебно се ефикасни доколку со таа дејност и со пазарот доминира еден голем произведувач. Дури и кога нема прав монопол, тие големи произведувачи и снабдувачи покажуваат тенденција да бидат узурпатори, затоа што со години биле успешни и незагрозени. Тие, прво го третираат новодојдениот како неважен партнер и како аматер во работата. Кога новодојдениот презема се поголем дел од работа, тие тешко се мобилизираат за противудар. Кога се менува структурата на пазарот или стопанството, често се случува произведувачите и снабдувачите, кои се моментални лидери, да го занемарат најпрогресивниот сегмент од пазарот. Битно е иновацијата во таа област да биде едноставна. Компликуваните иновации не можат да остварат успех.

#2 Демографски движења

Демографските движења, како промени во населението, неговиот обем, старосната структура, составот, вработеноста, образовниот статус и приходи, нудат големи можности за промени. Секој менаџер треба да ги набљудува демографските промени и да им се прилагодува, бидејќи секоја импровизација и нереално согледување, скапо ќе ја чини компанијата. Тие се познати фактори и секогаш одат пред времето и имаат големо влијание на тоа што ќе биде купувано во иднина, од кога и во колкави количини.

Американските тинајџери, во однос на постарите американци, купуваат ефтини обувки. Тие купуват поради мода, а не поради трајност. Но нивните средства се ограничени. Истите тие луѓе, десет години подоцна, ќе купуваат само неколку пара чевли годишно, приближно шест пати помалку отколку кога имале 17 години. Но, тогаш ќе купуваат прво поради удобност и трајност, а дури потоа поради мода.

Луѓето во првите пензиски години го чинат главно пазарот за патување и одмор. Десет години подоцна, тие исти луѓе ќе бидат клиенти на старечки домови и медицинска нега.

Луѓето кои во помлади години се стекнале со широко образование, по 10-20 год. ќе станат кандидати за разни специјализации и стручни усовршување. Тие луѓе се заинтересирани за вработување како работници со знаење.

Дури и без конкуренцијата од земјите со ниски надници и големиот пораст на бројот на млади луѓе, неквалификувани или полуквалификувани, индустриските развиени земји од Запад и Јапонија, би морале да пристапат кон автоматизација на производството, бидејќи имат високо школуван кадар.

Демографските промени покажуваат дека комбинираните ефекти на наглиот пад на наталитетот и експанзија на образованието (во западните земји), создава скоро сигурна состојба во која традиционалното вработување на рачни производни работници, околу 2010 год. би можело да биде на максимално ниво од 1/3 во однос на 1970 год.

Демографските промени се покажале брзи, сложени, дури брутални и многу влијателни. Статичните популации кои долго време остануваат на едно место, се повеќе исклучок отколку правило.

Непромислено би било да се занемарат демографските промени и во дваесет и првиот век. Основна претпоставка и за денешното време е дека населението во светот е нестабилно и подложно на промени. Еден од поголемите проблеми во светот во овој век ќе биде, од една страна стареењето на населението во развиениот свет, а од друга страна зголемувањето на бројот на населението во неразвиените земји.

За оние кои сакат “да излезат на терен за да гледаат и да слушаат”, промената на демографската структура е високопродуктивна иновативна можност.

#2 Промени во забележувањето

Во математиката нема разлика помеѓу чашата е до “половина полна” и чашата е до “половина празна”. Меѓутоа, ако ставот дека нешто е до пола полно се смени со ставот дека тоа е сега до половина празно, тогаш тука се јавува иновативна можност.

Фирмата Небесен зачин од Колорадо почнала една промотивна програма под име “децата на цвеќето” така што во 1960 год. почнала со собирање на планински треви и билки, како и нивно пакување и изнесување на улица заради продажба. Петнаесет години подоцна, истата фирма забележала годишен промет од повеќе стотини милиони долари и била продадена на голема компанија за преработка на храна, за повеќе од 20 милиони долари. Денес постојат повеќе високопрофитабилни компании за продажба на здрава храна. Тука се работи за визионерски способности на Peter Drucker, кој долги години нанапред ги согледува состојбите што ќе се случат, бидејќи и сами сме свесни за се понагласената борба за здравје, преку користење на билни препарати, како и профитите кои се создават од таа работа.

#3 Нови знаења

Иновацијата, заснована на нови знаења, е суперѕвезда на претприемништво. Таа носи пари и тоа е она на што луѓето обично мислат кога зборуваат за иновација.

Знаењето не е задолжително техничко и/или технолошко. Социјалните иновации засновани на знаење имаат еднакво или дури поголемо влијание.

Иновациите кои се засновани на знаење, имаат најдолго време за реализација во однос на другите иновации. Постои долг временски период помеѓу појавата на ново знаење и почетокот на неговата примена во технологијата. Потоа следува уште еден долг период, пред таа технологија да се искористи во производство. Долгото време за реализација на иновациите кои се засновани на знаење не е ограничено само на науката или технологијата. Ова важи и за иновации кои се засновани и на нетехнолошки знаења.

Rudolf Dizel во 1897 год. проектирал мотор кој го носи неговото име. Сите разбрале дека се работи за голема иновација. Меѓутоа со години овој мотор намал некоја позначителна примена. Дури во 1935 год. Американецот Charles Ketering, одново го проектирал Дизеловиот мотор, со што го оспособил за употреба.

Друга карактеристика на иновациите кои се засновани на знаење е тоа што тие речиси никогаш не се засноваат на еден фактор, туку на повеќе разни знаења, меѓу кои има и такви кои не се научни или технолошки. Додека не се спојат сите потребни знаења, не може да отпочне реализацијата на иновацијата која е заснована на знаење.

Иновацијата која е заснована на знаење бара внимателна анализа на сите фактори, било да е тоа знаење, било да се социјални, економски или перцептивни фактори. Анализата мора да утврди кои фактори уште недостасуваат. Претприемачот може да одлучи дали тие фактори кои недостасуваат, можат да се произведат или треба да се одложи иновацијата, доколку се уште е неизводлива.

Понатаму треба да се бара јасна концентрација на стратешката позиција. Таа може да се воведе како пробен обид. Тоа што се воведува иновација привлекува многу луѓе, па иноваторот мора да биде во право веќе од почеток, зашто втора шанса тешко дека ќе добие.

Иноваторот траба да учи и да го применува претприемничкиот менаџмент. Претприемничкиот менаџмент е поважен за иновацијата, која е заснована на знаење од која било друга иновација. Нејзините ризици се големи, поради што се добива и многу поголема заработувачка. Иновациите кои се засновани на знаење, а посебно оние во секторот на висока технологија, се стремат да имаат помалку претприемнички менаџмент. Од тие причини се јавува висока стапка на неуспехот. Иноваторите се вљубеници во сопствената технологија, па веруваат дека квалитетот значи она што е технички совршено, а не она што претставува вредност за купувачот.

Успешните претприемачи се по правило конзервативни. Тие не се концентрирани на ризик, туку на можност.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

post

Иновативни можности – Ограничувања и предупредувања

Вредност Да продолжиме со серијалот за иновативните можности и нивни извори. Во првиот пост зборувавме за иновативни можности каде што прикажавме одредени извори на иновативни можности. Потоа во следните два поста зборувавме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања и несовпаѓања.

Во овој пост од серијалов ќе зборуваме малку за некои некои ограничувања и предупредувања.

#1 Потребата мора да се разбере

Да, потребата мора да се разбере. Не е доволно таа да се почувствува. Во спротивно, не можат да се дефинираат спецификациите на бараното решение.

На пример, се знае дека математиката е проблематична за учење. Само мал дел од учениците намаат проблеми со нејзиното учење. Но, сепак можно е поголем број ученици да се оспособат за полагање испит. Јапонците тоа го прават со голема концентрација при изучување на предметот. Меѓутоа, по десетина години и тие покажуваат исти слабости во знаењето на математиката како и нивните западни колеги. Во секоја генерација постои некој генијален учител по математика, кој може да ги научи математика дури и помалку талентираните ученици. Но, ретко се случува друг да може тоа да го повтори. Значи, потребата на процесот е воочена, но уште не може да се разбере во што е проблемот и како да се реши.

#2 Мора да постојат потребни знаења

Понекогаш може дури и да се сфати процесот, односно неговата потреба, па сепак да се немаат потребните знаења за извршување на задачата.

Во производство на хартија постои потреба да се пронајде поекономичен начин. Многу луѓе работеле на тој проблем. Точно се знае што е потребно: неопходно е да се изврши полимеризација на целулозниот молекул. Тоа би требало да биде лесно, бидејќи тоа веќе е направено со слични молекули. Меѓутоа, уште нема доволно знаење за реализација на овој проект.

#3 Усогласеноста на решението со луѓето кои ќе го користат

Решението мора да одговара на начинот на кој луѓето ја работат и сакаат да ја работат својата работа. Доколку решението за задоволување на потребата во целост ги менува досегашните начини на работа, истото ќе биде тешко прифатливо.

На пример, доколку измислите некој специјален и сосема иновативен компјутер, кој ќе користи тастатура која не е QWERTY тастатура на која корисниците се навикнале и знаат да работат без да гледаат во неа. Целото решение ќе биде тешко прифатливо бидејќи ќе бара сосема ново искуство и нов начин на користење за кое ќе треба време за да се усвои. Во таков случај корисниците ќе одат по линија на помал отпор, користење на она што веќе го имаат, знаат и имаат искуство да го користат.

Така се ризикува едно иновативно решение да не биде прифатено.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

post

Извори на иновативни можности – Несовпаѓања

Кратенки во бизнис Ќе продолжиме со иновативните можности и нивни извори. Во претходниот пост зборувавме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања.

Тука ќе продолжиме со други видови на иновативни можности согласно Peter Drucker, но за несовпаѓањата.

Несовпаѓањето е несогласување помеѓу она што е и она што би требало да биде. Несовпаѓањето е симптом на можност за иновација. Тоа навестува постоење на некоја грешка, а таква грешка е повик за иновација. Тоа предизвикува нестабилност, во која и мали напори можат да предизвикат големи промени и да донесат преструктуирање на економската и социјалната структура.

Несовпаѓањето обично не се манифестира во облик на извештаи или податоци на кои раководителите на компаниите ќе обрнат внимание. Тие се повеќе од квалитативен отколку од квантитативен карактер.

Како и неочекуваното случување, без разлика дали се работи за успех или промашување, несовпаѓањето се исто така симптом на промени кои веќе се случиле или на оние кои ќе направат нешто да се случи.

Како и промените на кои укажуваат неочекуваните случувања, така и промените на кои укажува несовпаѓањето, по правило се промени во рамките на самата индустрија, пазарите, производниот процес. На тој начин несовпаѓањето е јасно видливо за луѓето близу одредена гранка на индустрија, пазари или процеси. Тоа се наоѓа пред нивните очи. Сепак, тоа често се губи од вид кај оние “внатре”, бидејќи се тие оптеретени со секојдневието и од “дрвјата едноставно не ја гледаат шумата”.

#1 Несовпаѓање на економската реалност

Доколку побарувачката за некој производ или услуга брзо расте, тогаш би требало да се подобрат и нивните економски перформанси. Полесно е да се биде профитабилен во стопанска гранка која бележи голем пораст на побарувачка. Меѓутоа, изоставувањето на профитабилност и резултати во таква стопанска гранка, укажува на постоење на несовпаѓање помеѓу економските реалности. Тие несовпаѓања се макрофеномени кои се случуваат во рамките на една цела индустриска гранка или во целиот сектор на услуги.

Тука обично постојат големи можности за иновации, пред се за мали и нови претпријатија, за еден претприемач. Иноваторот, кој го искористува тоа несовпаѓање, може да смета на тоа дека подолго време ќе биде “оставен на мир”, пред постојните снабдувачи и другите фирми да се “разбудат”, до таа мерка што ќе станат нови и опасни конкуренти. Ова е од причина што тие, толку долго се окупирани од настојувањето да го надминат јазот помеѓу растечката побарувачка и изоставувањето на резултати, што едвај и забележуваат дека некој друг работи нешто друго и различно, нешто што носи резултати, што ја користи растечката побарувачка.

Претприемачот не треба да се труди да разбере зошто работитете се случуваат, туку наместо тоа треба да си ги постави прашањата:

  • Како може тоа несовпаѓање да се искористи?
  • Како би можело да се претвори тоа во можност и што може тука да се направи?

Несовпаѓањето помеѓу економската реалност претставува повик за акција за претприемачите. Понекогаш акцијата која треба да се преземе е сосема јасна, иако проблемот сам по себе останува и понатаму нејасен. Понекогаш проблемот се разбира сосема добро, но уште не може да се замисли што треба да се направи. Случајот со мини челичарниците (од претходниот пост – неочекуваност), е добар пример за иновација која успешно го искористила несовпаѓањето. Повеќе од 50 год. големите челичарници работеле профитабилно само во воени услови. Доколку сака да работи исплатливо, челичарницата мора да работи со полн капацитет, а тоа се случува само во воени услови. Мини челичарниците можат да обезбедат економичност во работењето и во други услови. Владата, синдикатите и големите челичарници од самиот почеток биле против малите челичарници, но без оглед на тоа тие подоцна биле прифатени бидејќи биле успешни.

#2 Несовпаѓање помеѓу реалноста и претпоставките за неа

Секогаш кога луѓето од една производна или услужна дејност погрешно ќе ја забележат реалноста и ќе направат погрешни претпоставки за неа, нивните напори ќе бидат насочени во погрешна насока. Тие ќе се концентрираат во област каде резултатите не можат да постојат. Тогаш постои несовпаѓање помеѓу реалноста и однесувањето, кое одново дава можност за успешна иновација, на секој што ќе го забележи и искористи.

Во педесеттите години на минатиот век се сметало дека прекуокеанскиот транспорт нема повеќе да биде ефикасен. Сите информации укажувале дека ќе биде заменет со воздушен транспорт. Трошоците на ваков превоз растеле, кражбата на стоката била голема, било потребно долго време за товарење, па бродовите долго чекале на ред за товарање. Главната причина била таа што бродарството погрешно ги насочувало своите напори, во правец на непостоечки резултати. Тие се обиделе да постигнат успех со брзи бродови, како и со бродовите кои користат помалку гориво и имаат помал екипаж, односно се концентрирале на економичниост на бродовите додека тие пловеле по море. Меѓутоа, бродот како капитално добро прави најголеми трошоци кога не е во активна употреба.

Решението било едноставно! Товарањето треба да се изврши на копно, каде има доволен простор и каде што тоа може да се изврши пред да дојде бродот во пристаништето, при што единствено останува да се подготви товарот кој ќе биде натоварен на бродот, за бродот веднаш да исплови. Резултатите од тие прости иновации биле големи. Товарниот поморски сообраќај, во период од 30 години, бил зголемен за пет пати. Трошоците се во просек намалени за 60 %. Времето на задржување на бродовите во пристаништата е намалено за 3/4, а задушувањето на пристаништето, како и штетите од кражбата се намалени.

Несовпаѓањето помеѓу забележаната и вистинската реалност многу ретко бара  “херојски” иновации.

#3 Несовпаѓање помеѓу забележаните и вистинските вредности и очекувањата на купувачите

Една од најекспанзивните американски финансиски установи, во осумдесеттите години на минатиот век, била фирмата за трговија со хартии од вредност, лоцирана не во Њујорк, туку во предградие на Средниот Запад.

Својот пораст и успех му го должи на искористувањето на едно несовпаѓање. Големите финансиски институции преtпоставуваат дека нивните клиенти имаат исти мерила како и тие. За нив е очигледно дека луѓето треба да вложуваат за да се збогатат. Меѓутоа, таа констатација важи само за дел од тие инвеститори, а не за сите. Тие знаат дека доколку некој сака да се збогати по пат на инвестиции, мора да работи полно работно време на работи за управување со пари и при тоа да е многу финансиски образован. Локалните занаетчии, малите бизнисмени, фармерите… немаат толку време, ни знаење. Тие се зафатени со заработка на пари и немаат време да управуваат со нив. Тое е всушност несовпаѓањето кое го искористила фирмата за трговија со хартии од вредност.

Надворешно набљудувано, таа изгледа исто како и секоја друга фирма за трговија со хартии од вредност. Таа е членка на Њујоршката берза. Меѓутоа на берзанските работи отпаѓа 1/8 од нејзините вкупни работи. Таа останува подалеку од работите со кои најмногу се занимаваат големите трговски куќи на Wall street: со опции, со стоковни термински трансакции. Наместо тоа, ја привлекуваат работи кои таа ги нарекува интелегентен инвеститор. Таа не ветува дека нејзините клиенти ќе станат богати. Тие сакаат клиенти кои заработуваат повеќе пари отколку што трошат, што е типично за успешните приватни професии. Тогаш оваа фирма одговара на нивната психичка потреба да ги заштитат своите пари. Она што таа фирма го продава е можноста, заштедените пари да ја задржат својата вредност. Производот кој фирмата го “испорачува” е душевниот мир за своите клиенти. Помеѓу несовпаѓањето на вистинската и забележаната реалност секогаш се наоѓа елемент на интелектуална ароганција, ригидност и догматизам.

#4 Несовпаѓање во рамките на ритамот и логиката на процесот

За да се оствари иновацијата, најчесто недостасува некој кој ќе слуша и кој би бил подготвен сериозно да го разгледа проблемот што секој го истакнува. Целта на постоење на некој производ или услуга е да ги задоволи купувачите. Доколку тоа се прифати и по него се постапи, користењето на несовпаѓањето како можност за иновација станува лесно и ефикасно. Но, постои и едно ограничување. Несовпаѓањето,  обично е “на располагање” на луѓето кои се наоѓаат во рамките на дадениот сектор на производство или услуга. Некој однадвор, тешко би можел да го забележи и да го разбере и поради тоа да биде во состојба да го искористи.

Во педесетите години на минатиот век, еден продавач во фармацевската компанија одлучил да отпочне самостојно да работи. Затоа побарал несовпаѓање во рамките на процесите во медицинската практика. Едно нешто пронашол веднаш. Една од највообичаените хируршки операции е операцијата на катаракт на око. Во текот на годините, практиката и постапката на операцијата биле усовршени, па таа се одвивала под целосна контрола.

Меѓутоа постоел еден момент во таа операција кој бил надвор од тој ритам. Во таа фаза на операција, очниот хирург морал да го исече лигаментот, да ги поврзе крвните садови, а со тоа создавал ризик од крварење, кое тогаш го загрозува и самото око.

Таа постапка била успешна во повеќе од 99 % од операциите; всушност, таа и не била многу тешка, но сепак им пречела на хирурзите. Тоа ги терало да го променат ритамот на процесот на работа и кај нив предизвикувало вознемиреност. Без оглед колку често ја правеле операцијата, очните хирурзи се плашеле од таа една кратка и брза фаза во целиот процес. Wiliam Conor заклучил дека во текот на 1890 год. бил изолиран еден ензим кој скоро моментално го раствора лигаментот. Единствено што тогаш никој, ни со помош на ладење, не можел да го сочува тој ензим подолго од неколку часа. Conor во текот на неколку месеци, вршејки експерименти, успеал да го сочува ензимот. Во рок од неколку години, сите очни хирурзи го користеле оваа патентирано соединение. Дваесет години подоцна, тој ја продал својата компанија на “Alkon Laboratory” за голема сума пари.

#5 Потребата на процесот

Потребата на процесот за разлика од останатите извори на иновација, не почнува во околината, било интерна или екстерна. Таа почнува со работата која треба да се направи и повеќе е насочена кон работната задача, отколку кон ситуацијата. Таа го усовршува процесот кој веќе постои, ја заменува врската која е слаба, одново го проектира стариот процес врз основа на нови сознанија. Понекогаш дури овозможува одвивање на самиот процес, со тоа што му ја испорачува алката која недостасува. Во иновациите засновани на потребите на процесите, секој во организацијата знае дека таа потреба постои. Сепак за неа никој не знае. Меѓутоа, иновацијата ќе се појави, таа веднаш ќе биде прифатена како очигледна и забрзано станува стандард.

Во 1909 год. еден статистичар, вработен во телефонскиот систем Бел (Bell Telephone System) определил две криви за демографски статистики за наредните 15 години: крива на пораст на американско население и крива на бројот на луѓето, потребни да работат како оператори на телефонски централи. Тие проекции покажале дека секоја американска жена, во старосна граница помеѓу седумнаесет и шеесет год., треба да биде вработена како оператор на телефонска централа, некаде околу 1925 или 1930 год., доколку биде задржан во употреба дотогашниот систем на вклучување на врската. Две години подоцна Беловите инженери проектирале и ја пуштиле во погон првата автоматска централа.

Сите овие примери покажуваат дека успешните иновации, засновани на потребите на процесот бараат задоволување на следниве критериуми: тоа да биде самодоволен процес, да постои една слаба или недостасувачка врска, да постои јасно дефинирана цел, да постои јасно утврдена можност и спецификација на бараното решение, да постои раширено и општо прифатено разбирање, да може да постои подобар начин, односно висок степен на заинтересираност за барање на задоволително решение.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате: