post

Зголеми ја продуктивноста со следниве 5 Google Chrome апликации

Денес нашата работа во голем дел се базира на компјутери. Но, сепак сакаме да ја зголеми продуктивноста вршејќи си ја нашата секојдневна работа.

Дел пак од работата на компјутер се базира на интернет. Со најновите случувања во cloud технологијата, целосно можеме да си ја работиме нашата работа во голем дел без десктоп апликации.

Поради тоа, кога треба да бидеме попродуктивни, можеме да искористиме некоја од повеќето алатки за продуктивност што можеат да ни помогнат во нашите напори.

Денес сакам да споменам пет Google Chrome апликации кои имаат потенцијал да ја одиграат улогата на зголемувачи на продуктивноста додека работиш на интернет.

1.  Google Popchrom

Google Popchrom

Доколку вашата работа се базира на пишување на текст во интернет прелистувачот можете да ја користите оваа алатка за да креирате сопствени кратенки за одредени секојдневни текст фрази кои ги користите. Секој пат кога ќе треба да се напише таа фраза, ќе можете да ја напишете кратенка, наместо целата фраза.

2. Read Later Fast (Веќе ја нема за Google Chrome)

Read Later Fast

Денес кога го користиме интернетот за да прочитаме многу нешта. Понекогаш може да се најде нешто вредно да се прочита, но едноставно немаме време. Едно од решенијата е да се има отворен посебно јазиче за страната која што сакате да ја прочитате подоцна кога ќе имате време за читање. На таков начин, можете да се најдете со еден куп на отворени страници за подоцнежно читање кои едноставно ја забавуваат работата.

Со ваква апликација можете да ги сочувате страниците за да ги прочитате подоцна онлајн, или офлајн избегнувајќи премногу отворени јазичиња.

Бидејќи за Google Chrome веќе ја нема апликацијава можете да пробате некои замени како што е Pocket или пак едноставно нешто што минатата година најмногу го користев Instapaper.

3. StayFocused

Stay Focused

Колку пати сте се нашле себе си да седнете на компјутерот да почне да работите, а во исто време, проверувате Facebook, Twitter, електронска пошта, вашиот RSS читач… Кога ќе станете свесни за примарната работа која што треба да ја направите, ќе видите дека веќе поминале неколку часа.

Оваа алатка за продуктивност е една екстензија на Google Chrome, која ќе ви помогне да останете фокусирани на она што треба да се направи, така што ја ограничува количината на времето која можете да го потрошите на сајтови кои што ќе ги определите како некои кои бесцелно ви го одземаат времето.

4.  HootSuite

Hootsuite

Ако сакате да останете фокусирани, да се организирате и да управувате со различни активности на различни социјални медиуми, ова апликација ќе ви помогне многу. Можете да ги ажурирате вашите статуси и да распоредите објави за во иднина.

5. Google Calendar Checker

Google Calendar Checker

Ако користите Google Calendar за да го организирате вашето време и активности, оваа апликација ќе ви помогне многу.

Со помош на оваа апликација можете лесно да го видите одбројувањето до вашиот следен ангажман директно од вашиот интернет прелистувач.

post

Evernote и GTD

Evernote Организирање и завршување на работите е основа за успешност на еден претприемач. Но, проблемот е што имаме многу идеи, многу задачи, многу проекти, многу материјал за читање, проучување…

Од друга страна развојот на интернетот си зема свој данок. Не прави премногу неорганизирани, ни врши притисок да прочитаме повеќе, да разгледаме повеќе, а работата заостанува.

Како што најавив, на претприемач ќе споделувам различни начини на напредно користење на Evernote. Денес сакам да започнам нешто што можеби сеуште не ми е завршено, но сепак ги поставив основите и бенефитите веќе се согледуваат.

Како еден од начините за што го користам Evernote e и организација на онлајн и електронски докумени и како организатор за моите задачи. До пред некој ден системот кој го користев започна да ме “нервира”. Се преполни, и наместо да ми помогне во скратување на времето почна да ми одзема повеќе време. Во моментов мојот акаунт содржи 1240 нотеси во разна форма кои сеуште не се процесирани. Доколку ги групирам тоа би биле:

  • Нотеси од веб сајтови
  • Нотеси за она што треба да завршам
  • Нотеси со разни идеи

Се случува да прочитам нешто квалитетно и да имам идеја да преземам нешто врз база на тоа. Таа веб страна ја ставам во Evernote за подоцна да постапам по тоа. Но, тука и завршува целиот процес, честопати.

Затоа одлучив да го сменам во целост системот кој го користам и по проучување на GTD (Getting Things Done) системот од David Allen сфатив дека во моментов е единственото и најнапредното решение, кое не само што ќе го применам на компјутер, туку и за мојата канцеларија.

Сеуште трае имплементацијата на системот, сепак 1240 нотеси не е лесно да се испроцесираат и досега неорганизирани да се организираат. Но, напредокот е видлив. Затоа тука само ќе го споделам работниот тек на системот, без дополнителни коментари.
post

Како да го користите Evernote во вашиот бизнис?

Еден мал бизнис, и секако еден претпримач можат да го користат Evernote како една централна алатка во бизнисот.

Evernote

Во изминатиот период опфативме неколку наслови за некои идеи за користење на Evernote за целите на бизнисот кои беа резултат на мои лични искуства со алатката. Се поголемото користење ме натераат да се префрлам на платената верзија со што добив поголем простор за месечни белешки, како и индексирање на pdf фајловите кои ги ставам во нотесите. Тие pdf фајлови се резултат на некои делови од книги кои ги скенирам и префрлам во мојот систем на белешки.

Продолжи…

post

Процес на подобрување со Evernote

Evernote Вчера во постот како да го користиш Evernote во подобрување на твојот бизнис опфативме некои идеи за организирање со помош на Evernote во имплементација на подобрувања во твојот бизнис. Но, она што е важно да се напомене дека ова претставува континуиран секојдневен процес за тебе како еден претприемач.

Поради фактот дека подобрувањата претставуваат континуирана потреба за твојот бизнис, затоа и процесот со користење на Evernote ќе биде секојдневен. Но, важно е да напоменам дека овој процес нема да ти одземе повеќе од еден час дневно, но со него секојдневно твојот бизнис ќе биде подобар.

Доколку го сумаризираме процесот кој го опишавме вчера би изгледал вака:

  • Собирање на идеи за подобрување секојдневно и од секаде и нивно забележување во нотесот идеи за подобрување. Барем за ова еден претприемач нема да има проблем секогаш да го полни овој нотес. Барем по дефиниција за претприемач.
  • Секојдневно проверка на се што се наоѓа во нотесот идеи за подобрување, приоритизација на идеи и сместување во соодветниот нотес врз основа на идеите. Секојдневно мора да го испразнуваш овој нотес. Можеби на крајот на работниот ден или пак вечерта пред спиење, добро е да ги поминеш сите белешки во нотесот идеи за подобрување да ги приоритизираш и соодветно сместиш во нотесите со висок, умерен или низок приоритет.
  • Започни со нотесот со идеи со висок приоритет, избери една идеја и испрати ја белешката во нотесот со акциони чекори. Кога веќе ја имаш приоритизација следната задача е да го исчистиш нотесот со висок приоритет на идеи, така што ќе ги сместиш во нотесот со акциони чекори и каде ќе им додадеш чекори кои треба да ги преземеш.
  • За истата идеја за која создаде акциони чекори определи задачи за делегирање и во нотесот делегирани задачи создади белешка со задачи за соодветниот вработен. Се што треба да се делегира, делегирај го. Твојата задача е да доаѓаш до идеи за подобрување и да го менаџираш процесот на имплементацијата. Кога ќе бидат определени задачите, сподели ја белешката со вработениот на кој му ги доделуваш тие задачи.
  • Следи го процесот на имплементација и создади акциони чекори за следните идеи во нотесот со висок приоритет за што ќе го повториш процесот.
  • Кога ќе го испразниш нотесот со висок приоритет, продолжи со истите чекори за нотесот со умерен приоритет. А, кога пак и тој ќе биде испразнет продолжи со нотесот со низок приоритет.

Овој процес претставува само основа за идеи како може да го користиш Evernote во процесот на подобрување на твојот бизнис. Може да го подобриш процесов, затоа што целта тука е само да ти дадеме основни идеи за зголемување на твојата продуктивност и имплементираш процес на континуирано подобрување во твојот бизнис.

 

post

Како да го користиш Evernote во подобрување на твојот бизнис?

Evernote Evernote е моќна алатка која може да биде многу од помош за твојот претприемачки живот и бизнисот.

Најголемиот проблем до кој наидов при користење на Evernote e организирање на нотесите за различна корист за претприемачите.  Постојат премногу работи кои еден претприемач може да ги прави со оваа алатка, а јас сакам да опфатам колку што можам повеќе идеи како претприемачите да се организираат себеси за подобро користење на Evernote.

Во овој пост ќе презентирам еден можен начин на користење на Evernote за идеи за подобрување. Зошто идеи за подобрување? Прво претприемачите се луѓе полни со идеи за се околу нивниот бизнис. Многу од идеите може да се заборават доколку не се трансформираат ведн во акциони чекори за имплементација на таа идеја. Но, некои од идеите се вредни веднаш, но некои се за во иднина. Од друга страна, не можеш да постигнеш се што ќе ти падне на ум. Тоа не е можно.

#1 Креирање на нотес со идеи за подобрување

Evernote improvement ideas

Прво нешто што ќе треба да направиш е да креираш нотес насловен како идеи за подобрување. Овој нотес ќе биде збир на повеќе забелешки. Во овој случај, кога сакаш да го користиш Evernote за подобрување на бизнисот, ова е место каде ќе ја сместиш секоја идеја од било каде без анализирање, или размислување за идејата. Само нафрлување.

Што може да ставаш во овој нотес?

На пример, веројатно читаш различни онлајн медиуми како вебсајтови, блогови, весници, твитови… Секогаш кога мислиш дека нешто што си прочитал ќе вреди за подобрување на твојот бизнис го праќаш во овој нотес. Може да го користиш Google Reader за испраќање на идеи во нотесот, или пак да користиш разни алатки кои имаат интегративни можности за испраќање во Evernote. На пример, ќе споменам неколку корисни алатки кои може да ги користиш со Evernote:

  • Мобилна или таблет верзија на Evernote апликација ќе ти помогне да ги имаш сите твои белешки секогаш со тебе.
  • Evernote Web Clipper ќе ти овозможи да снимиш интересни работи од интернетот преку твојот интернет прелистувач.
  • Може да ги пратиш белешките преку email директно во Evernote и што е уште поважно во соодветниот нотес.
  • Доколку користиш некоја апликација за читање, повеќето од нив имаат можност за интеграција со Evernote. Јас користам Reeder for Mac и од самата апликација можам да ја испратам страната во Evernote.

Ова се само кратки примери, но постојат огромен број на можности за интеграција во секојдневниот претприемачки живот. Уште нешто што треба да споменам е дека може да снимиш аудио белешки или белешки во вид на слика. На пример, доколку возиш автомобил, а знаеме дека кога возиме креативноста ни е на високо ниво, едноставно можеш да зборуваш во телефонот и да ја снимиш таа аудио забелешка за идеи за подобрување. Така нема да можеш да го заборавиш она што креативноста ти го носи во твојот ум.

#2 Креирај контејнер за подобрувања

Evernote-Improvements-Stack

Сега имаш еден нотес полн со идеи за подобрување. Но, ти требаат и други нотеси кои ќе ги користиш за процесот на имплементација на идеите. Затоа треба да имаш подобро организирани нотеси во твојот Evernote.

Една корисна карактеристика е да креираш контејнер (stack) кој ќе ги содржи сите нотеси поврзани со подобрување. Може да го именуваш како што сакаш, во овој случај јас го именував како Improvements.

#3 Креирање на други нотеси во контејнерот подобрување

За сега имаш еден контејнер и еден нотес во тој контејнер. Нотесот идеи за подобрување претставува базен со информации за можни подобрувања кои може да ги направиш во твојот бизнис.

За овој процес, ќе ти требаат дополнителни нотеси кои едноставно ќе го прочистуваат процесот. Сакаш да ги приоритизираш идеите. Ќе имаш нешто што ќе сакаш да го имплементираш утре, но ќе имаш и нешто што не е толку важно и може да биде на листа на чекање.

По приоритизацијата треба да ги испланираш следните чекори за можни подобрувања кои доаѓаат од секоја идеја. Твојата работа ќе биде да ја трансферираш секоја идеја во чекори бидејќи идеите како идеи не се вредни без да станат реалност. Првиот чекор во претворање на идеите во реалност е бреинстормирање на идните чекори за подобрувања.

За оваа цел, ќе ги користам следниве нотеси:

  • Идеи за подобрување. Нешто што веќе го направивме во првиот чекор и претставува базен со информации.
  • Подобрувања со висок приоритет. Кога ги проверуваш твоите идеи за подобрување, првото нешто што треба да направиш е да ги приоритизираш идеите, односно белешките за можни подобрувања. Ова е твојата секојдневна работа, да исчистиш се од нотесот идеи за подобрување.  Кога ќе наидеш на белешка за која сметаш дека има висок приоритет за имплементацијаможе со помош на десен клик на белешката и избор на Move to Notebook да го избереш нотесот со висок приоритет идеи. Висок приоритет значи дека треба да започнеш со планирање на процесот на имплементацијата колку што може побргу, можеби утре или пак оваа недела.
  • Подобрувања со умерен приоритет. Ова е вториот нотес за приоритизација кој ќе ги содржи белешките кои имаат умерен приоритет. Умерен приоритет значи дека нешто треба да се имплементира, но не денес или утре или пак оваа недела. Може да чека се додека нотесот висок приоритет не биде испразнет.
  • Подобрувања со низок приоритет. Третиот нотес е нотесот кој ќе ги содржи идеите за подобрување со низок приоритет. Овие белешки не се нешто што мора да се имплементира во блиска иднина, но вредно е да се имплементираат кога нотесите со висок и умерен приоритет ќе бидат празни.
  • Акциони чекори. Следен нотес е за акциони чекори кои ти и твојот тим треба да ги преземете и имплементирате за секоја идеја за подобрување. Може да користиш посебна белешка за секоја идеја од претходно споменатите нотеси. Започни со белешките од нотесот со висок приоритет.
  • Делегирани задачи. Уште нешто вредно за тебе како претприемач со Evernote е користење на функсијата за споделување заради делегирање на задачите на вработените кои ќе бидат одговорни за спроведување на идеите за подобрување.  Кога ќе завршиш со дефинирање на акционите чекори, ќе треба да ги делегираш некои од нив на вработените. Во овој нотес, може да направиш различни белешки за различни вработени и нивните задачи поврзани со процесот на подобрување. Таквите белешки ги споделуваш со Evernote акаунт на соодветниот вработен. На ваков начин, ќе го користиш Evernote како алатка за соработка и to-do листа за тебе и твоите вработени. Ова ќе ти овозможи да го следиш процесот на имплементацијата.

Сега, контејнерот за подобрување ќе изгледа како на сликата.

Evernote Notebooks Improvement

post

Бизнис Херој – Ќе се зголеми ли херојството во претприемништво?

Бизнис херој Во среда на 14.12.2011 бев на презентација на првиот бизнис софтвер во Македонија целосно базиран на cloud технологија наречен како Бизнис Херој.

Како што беше напоменато и прикажано на презентацијата од страна на г. Ванчо Орданоски, еден од основачите на Инфопроект – компанија која што стои зад оваа решение, Бизнис Херој претставува еден сеопфатен софтверски систем наменет за микро, мали и средни претпријатија. Бизнисите може да го користат за евидентирање на продажба, прием на стоки, менаџирање со залихи, сметководство, производство, менаџирање на човечки ресурси…

Она што според мене претставува еден голем чекор напред е работа на cloud технологија бидејќи на таков начин се овозможува лесен пристап од било која локација директно до податоците на бизнисот. И не само пристап туку и работење со податоците, така да можете да продавате, испраќате фактури, видите кој платил а кој сеуште не платил и уште многу други елементи значајни за бизнисот од ресторан, кафетерија, или било кое друго место. Едноставно сите податоци од бизнисот се наоѓаат со вас доколку имате интернет конекција. Од друга страна не бара посебни компјутери (сервери) каде ќе се чуваат податоците за кои е потребно посебно одржување, доволен е обичен компјутер на кој има интернет конекција и интернет прелистувач (наведен е Firefox, наскоро ќе биде овозможено користење и од нјабрзорастечкиот интернет прелистувач Google Chrome).

На ваков начин се намалуваат трошоците и нормално времето за донесување на квалитетни одлуки кое денес е можеби и едно од најважните фактори за успешен бизнис.

Во наредните денови ќе се поиграм со Бизнис Херој и подетално ќе напишам за можностите кои ги нуди пакетот. Тука би сакал само да прикажам неколку слики од она што е наречено Бизнис Херој.

Бизнис херој 01

 

Бизнис Херој 02

Бизнис Херој 03   Бизнис Херој 04

post

Користење на Gmail и Evernote како CRM систем

Evernote Минатиот месец напишав еден пост за тоа како може да се користи Gmail како CRM систем (систем за менаџирање на односите со потрошувачите ) од страна на еден претприемач или за целите за еден мал бизнис. Gmail дава доста добри можности за внесување на податоци за потрошувачите и потенцијалните потрошувачи.

Но, понекогаш природата на бизнисот е таква да самите податоци за секој клиент може да дојдат во една навистина несредена форма. На пример, слики, текст, честа email комуникација, материјали за проекти, понуди, одговори… Иако може да се најде начин како сето ова да се спакува преку Gmail, но тука би сакал да споделам една креативна можност да се комбинираат Gmail и Evernote за ти како еден претприемач биднеш многу поорганизиран во однос на тие односи како со потрошувачите така и со потенцијалните потрошувачи.

Во претходниот пост за Evernote кој беше објавен на претприемач насловен како може ли поголема продуктивност со Evernote наведов повеќе идеи за користење на оваа апликација во кои не беше опфатена темата во овој пост. Но, како што наведов се повеќе се играм во однос на користење на оваа апликација и постојано наоѓам нови креативни начини на користење на истата.

Како едно надополнување во однос на користење само на Gmail каде може да собираш информации за твоите потрошувачи, за твоите потенцијални потрошувачи, да вршиш сегментација, можеш да ги следиш твоите маркетинг активности поврзани со email со секој од твоите потрошувачи, можеш да научиш повеќе за нив, можеш да изградиш подобри односи со нив, со помош на Evernote ќе можеш да ги следиш и сите други маркетинг активности поедноставно, да додадеш едноставно било што друго поврзано со нив и секако да имаш едноставен и брз пристап до информациите.

Ајде да видиме како може да се комбинираат овие две алатки.

#1 Креирање на нотеси во Evernote

Контејнер и нотеси во Evernote

Контејнер и нотеси во Evernote

Првин мора да започнеш со добра организација во Evernote преку креирање на соодветни нотеси. На пример, организацијата на нотеси во Evernote се изведува преку Stacks (именуван контејнер за нотеси) и Notebooks (нотеси). Значи, логиката е да има по еден уникатен контејнер со повеќе нотеси во истиот. Ваквиот начин ни овозможува организирање и расчленување на две нивоа, што можеби претставува и една ограниченост и недостаток кој го забележав во апликацијата бидејќи полесно е да имам еден контејнер со клиенти и во истиот нотеси за различни клиенти и во тие нотеси уште поднотеси кои би можеле да бидат, контактирано, одговорено, генерални информации, состаноци…

Но, во секој случај и ваквиот начин ни одговара, доколку добро се организираме. Во овој случај би имале по еден контејнер (stack) за секој клиент во кој ќе бидат содржани различни нотеси. На пример би имале:

  • Клиент 1 контејнер (нотес 1, нотес 2, нотес 3, …)
  • Клиент 2 контејнер (нотес 1, нотес 2, нотес 3, …)
  • Клиент 3 контејнер (нотес 1, нотес 2, нотес 3, …)
  • Клиент n контејнер (нотес 1, нотес 2, нотес 3, …)

Кога станува збор за нотеси тие ќе зависат од твоите потреби, но како еден пример како би можел да ги организираш може да ги користиш следниве идеи:

  • Контакт од твоја страна
  • Одговор
  • Информации за потрошувачот
  • Состаноци…

Следното нешто на што добро треба да размислиш се ознаките (tags) на секоја белешка која ќе оди во одреден нотес заради поедноставен пристап во иднина и помош во пребарувањето.

Кога веќе ќе ги имаш определено структурата на организацијата и клиентите може да преминеш во следната фаза, интеграција со Gmail.

#2 Интеграција на Evernote со Gmail

Пред да започнеш со самата интеграција, сакам да напоменам дека не треба да очекуваш целосна автоматизација. Но, целта на CRM систем не е да работи без човек, туку да биде организиран од страна на човекот и да се користи од страна на човекот.

Интеграцијата на Gmail со Evernote ќе ти помогне малку во автоматизирање на самиот процес преку користење на опцијата филтри во Gmail. Така, првин треба да изработиш филтер за секој од твоите клиенти.

Филтер во Gmail за интеграција со Evernote

Филтер во Gmail за интеграција со Evernote

Филтер во Gmail кој ќе ги праќа email-овите во Evernote

Филтер во Gmail кој ќе ги праќа email-овите во Evernote

На втората слика е покажана акцијата која филтерот ќе треба да ја направи, а тоа е email-от од клиентот да го прати како белешка во твојот Evernote акаунт (Evernote ти дава посебен email акаунт кој се користи за праќање на белешки преку email). Запомни дека постапката треба да ја повториш, но со филтер кој ќе користи To како на првата слика за email-ови кои ги праќаш на тој клиент.  На ваков начин секој email кој ќе го добиеш од твојот клиент или потенцијален клиент или пратиш автоматски ќе се покаже и како забелешка во Evernote со што нема да мора рачно да ги внесуваш тие контактирања.

Секоја ваква забелешка нема да биде веднаш во вистинскиот контејнер и клиент како нотес во Evernote туку ќе оди во посебен фолдер кој ти е изберен за внесување на белешки. Така да ќе треба секоја нова забелешка добиена преку Gmail да ја ставиш во нотесот за кој клиент се однесува. Оваа од друга страна е добро, бидејќи ќе бара да влезеш во апликацијата и да ја најдеш забелешката која треба да ја пренесеш во соодветен нотес, а во исто време и да ја едитираш со твои забелешки или идеи за идни активности во однос на таа белешка.

#3 И што потоа?

Сега кога веќе имаш организиран систем, твојата работа ќе биде да го полниш и со останати информации или белешки поврзани со потрошувачот. Еве некои примери како можете да го користите она што го креиравте до сега:

  • Можете да ставите забелешка со твои идни активности и да користите check box во таа забелешка за што Evernote има одлично решение, со тоа да креирате посебна To-Do листа за вашите идни активности.
  • Можете да направите контакт листа со слика, адреси, контакт детали за вработените, родендени на тие вработени кај тој ваш потрошувач доколку ги има. Секако еден дел од работата на CRM е да градите односи со потрошувачите. Дали, праќање на роденденска честитка нема да ви помогне да тие односи бидат на едно повисоко ниво.
  • Можете се она што ќе дознаете за потрошувачот да го внесете во вид на белешки. Каде јаде, каде пие кафе, со кого се дружи, каде излегува, што сака, што не сака, какво пиво пие и дали пие… Можеби сите овие прашања ви изгледаат смешно, но верувајте може да ви се најдат. Колку повеќе знаеш толку подобри односи ќе изградиш, а колку подобри односи ќе изградиш, толку подобар бизнис ќе имаш со тој потрошувач.

Ова се само како идеи, сепак вашата креативност е таа која ќе ве води низ процесот.

#4 Подобрувај

Колку повеќе ќе го користите системот, толку подобро ќе бидете испраксирани со што ќе дојдете до многу идеи за подобрување.

***

Мора да напоменам дека Evernote може да биде секаде со тебе. Го има како мобилна апликација. Го има за таблети, за десктоп компјутери, но и веб верзија.

post

Може ли поголема продуктивност со Evernote

Во изминатите неколку недели одлучив малку повеќе да се занимавам со користење на Evernote како една апликација која има потенцијал да ја зголеми мојата продуктивност.

Морам да напоменам дека сеуште сум во фаза на бреинстормирање и пробување на различни идеи како да се организирам самиот себеси и се она околу мене за да ја зголемам сопствената продуктивност. Затоа и планирам во нареден период да обработам повеќе постови за различно користење на Evernote како алатка за продуктивност.

Evernote

Досега повеќе пати во изминатите две години пишував за корисноста на оваа алатка, па можете да ги погледнете тие постови како за почеток.

Но, она што можев да го забележам во изминатите неколку недели е дека иако ја знам корисноста, иако го користам, јас не ги искористувам ни 10% од можностите што ми ги нуди алатката.

Зошто една ваква констатација. Можеби, но и најверојатно затоа што никогаш не сум имал време да седнам и подетално да потрошам неколку часови за да ги испитам сите можни опции истовремено размислувајќи за тоа како да ги користам тие опции за мене. Сепак останав едно утро до 3 часот по полноќ и успеав да се пограм доволно за да ја ставам алатката во категорија на најкористена на сите мои уреди: iMac, iPad и iPhone.

Тука би сакал да напоменам за некои начини на користење што ме натераа секојдневно да биде вклучена алатката:

#1 To-Do дневни листи

За една организација на моите дневни активности го користам Things за iPad. Алатката е одлична и можете да го видите и видеото кое го направив за Things. Но, сепак има и некои недостатоци, сеуште не работи во cloud како автоматски би се синхронизирале активностите на сите уреди (напомена: во моментов оваа опција е во фаза на тестирање). А, сепак понекогаш некои активности едноставно произлегуваат од некои забелешки, од нешто што прочитам на интернет или некоја книга која ја читам на iPad.

Затоа и започнав да го користам Evernote како надополнување на Things за поставување на некои активности кои треба да ги спроведам во иднина. Фолдерот за овие активности го именував како My Big To-Do List. Од друга страна денес (недела кога го пишувам овој пост) забележав 10-тици ливчиња на мојата работна маса кои содржеа белешки за некои активности и страници од некои книги на кои треба да се навратам а кои се однесуваат на еден проект кој го работам за еден мал бизнис. Сите тие ливчиња завршија во канта едноставно по внесување во Evernote.

#2 Блог постови

На претприемач сеуште не ги обработувам постовите во Evernote, но во изминатата недела сите постови за Entrepreneurship in a Box ги обработив тука. Забележав дека процесот е доста поедноставен, бидејќи постои еден фолдер каде што се наоѓаат идеи за идни постови кои ги ажурирав секојдневно за да на крајот ја завршам драфт верзијата. Не сум врзан за потреба да имам компјутер или интернет. Едноставно некоја идеја може да се заведе и преку мобилен телефон на место на кое немате Wi-Fi конекција, а кога ќе дојдете во позиција да имате интернет, апликацијата синхронизира и идејата е достапна од секој уред.

Морам да напоменам дека за оваа цел направив еден посебен темплејт во кој се обработува еден блог пост, а содржи различни елементи за олеснување на работата. На пример, темплејтот содржи и листа на активности кои треба да се преземат за еден пост, како на пример, обработка на драфт  верзија, проверка, избор на слика, избор на линкови… Но, повторно да напоменам дека овие идеи за користење подетално ќе ги обработам во посебен блог пост.

#3 Работа со клиенти

Оваа работа консултантска бара навистина големо ниво на фокусираност и секако креативност и инвентивност. Затоа и поставив еден фолдер во кој за секој клиент направив подфолдери каде идеите за нивно подобрување или она што би требало да се направи ги бележам. Ова е поради фактот што забележав дека идеите ми доаѓаат на различни места независни од клиентот, а тогаш и најбргу се забораваат.

Она што ми се допаѓа е што можам да додадам и аудио забелешка така да додека возам, кога и сум најкреативен лесно можам да додадам забелешка без да гледам во телефонот.

#4 Најинтересни сегменти од книги

Бидејќи оваа година започнав да читам само во електронска верзија книги најчесто на Kindle купени од Amazon, забележав еден недостаток покрај многуте предности. Иако апликацијата Kindle ми дава можност да подвлечам нешто и да се навратам на тоа нешто сепак некако не е баш најдобро решение. Ми се случува да она што сум го прочитам биде актуелно во мојот мозок се додека не поминам на друга книга.

Затоа одлучив да го користам Evernote каде ќе ги складирам сите тие забелешки или подвлекувања од книгите. Она што најмногу ми се допаѓа е што забелешки стануваат лесно достапни и преку фунцкијата пребарување и тоа без ограничување на една книга или пак извор на информацијата.

#5 Што уште планирам

Секако, тука не е и крај на можностите на користење на оваа алатка. Планирам се повеќе да ги зголемувам така да стане најголемиот извор на мое лично организирање . Тука ќе наведам некои планови за иднина кои ги вадам од белешката од Evernote:

  • Одделување на лични од бизнис белешки
  • Изработка на темплејт на белешка за бизнис идеи во стилот на книга со бизнис идеи
  • Изработка на темплејт за анализи и фолдер за идеи и белешки за анализи
  • Да го користам како основен извор на информации
  • Изработка на библиотека на хардкопи книги кои ги имам (околу 400), а кои досега се евидентирани во тефтер со број име на книга, автор, издавач и година на издавање.
  • Целата Email комуникација со клиенти да оди во соодветниот фолдер за клеинтот.
Но, подетално искуството од сите овие користење ќе бидат споделени во посебни постови.
post

Како да го користиш Gmail како CRM алатка?

Како сопственик на мал бизнис, ти или поточно твојот бизнис ќе има потреба да биде во контакт со тековни и потенцијални купувачи.

Ќе сакаш да ги менаџираш тековните купувачи за да бидеш сигурен дека се е онака како што треба да биде и дека ти се задоволни со работата со твојот бизнис.

Ќе сакаш секогаш да го прошириш твојот бизнис со додавање на нови потрошувачи контактирајќи ги тие потенцијални купувачи за твојот бизнис.

Како да ја реализираш оваа едноставна но важна задача за тебе и твојот бизнис? Одговорот е дека ти треба еден систем за менаџирање на односите со потрошувачите – CRM систем.

Можеби немаш доволно ресурси и не ти треба комплексен систем од комерцијални снабдувачи (кој секако нема да биде некорисен доколку го имаш), па затоа и едно решение е да го користиш акаунтот на Gmail за менаџирање на твоите активности во однос на потрошувачите.

Зошто ти треба CRM?

Целта на еден CRM систем е да овозможи твојот бизнис, односно ти едноставно:

  • да ги идентификуваш и таргетираш најдобрите купувачи,
  • да направиш сегментација на потрошувачите,
  • да ги менаџираш различните маркетинг кампањи за различни сегменти,
  • да ги следиш мерките на конверзија,
  • да градиш персонализирани односи со потрошувачите за да го зголеми нивното задоволство и да го максимизираш профитот,
  • да го зголемиш знаењето за потрошувачите,
  • да научиш повеќе за потрошувачите,
  • да знаеш што потрошувачите сакаат, а што не сакаат,
  • да знаеш точно кои се твоите потрошувачи, а кои се потенцијални потрошувачи,
  • да знаеш кои треба да бидат идните чекори со потрошувачите, а кои со потенцијалните потрошувачи.

Gmail како CRM алатка

Добра алатка за почеток за да ги изведуваш овие активности може да послужи еден Gmail акаунт, особено доколку твоите најголеми потреби се да следиш кого контактираш, кога си го контактирал, што бил предметот на контактот, каков бил одговорот и кои треба да бидат идните чекори на твојата компанија.

Што е она што едноставно можеш да го направиш со Gmail како една CRM алатка за твојот бизнис?

  • Можеш да собираш информации за твоите потрошувачи.
  • Можеш да собираш информации за твоите потенцијални потрошувачи.
  • Можеш едноставно да ги сегментираш.
  • Можеш да ги следиш твоите маркетинг активности со секој од твоите потрошувачи.
  • Можеш да научиш повеќе за нив.
  • Можеш да изградиш подобри односи со нив.

Да погледнеме како може да ги изведеш овие активности со помош на Gmail.

Собирање на информации

Контакти во Gmail

Контакти во Gmail

Ти треба постојано да собираш информации за контакт со твоите потрошувачи и секако потенцијални потрошувачи. Бидејќи денес една од најкористените форми за контактирање претставува email, оваа работа со Gmail станува многу полесна.

Секој Gmail акаунт доаѓа со контакт база на податоци која може автоматски да ги складира контакт деталите од било кој со кој имаш некаков вид на коресподенција.

Исто така можеш да импортираш надворешни контакти или да ги додадеш рачно.

Постои можност за додавање на многу повеќе информации освен email адресата и името. Може да додадеш роденден, брачна состојба, URL кон нивниот веб сајт, но она што е најдоброто е што можеш да додадеш прилагодливо поле, односно како сакаш да го наречеш согласно твоите потреби.

Додавање на контакти

Додавање на контакти

Сегментирање на потрошувачи и следење на активности

Најдобрата работа кога станува збор за Gmail и користење како CRM за твојот мал бизнис се групите. Групите се нешто што ќе ви овозможи да направите различни сегменти од твоите контакти. На пример, може да имате една група за купувачи, една за потенцијални купувачи, една за партнери итн.

Креирање на групи или сегменти

Креирање на групи или сегменти

Додавање на контакти во групи или сегменти

Додавање на контакти во групи или сегменти

Друг начин за додавање на сегменти во самите групи е да користиш различни фолдери за различни сегменти.

Доколку сакаш да ги следиш нивните активности имаш неколку опции. Едната е интегрирана во самиот Gmail, а втората е да ги користиш задачите (Tasks) или закажувања во Google Calendar. Јас сакам да го користам полето насловено како додади забелешка (Add Note) за секој контакт каде едноставно можам да напишам кога лицето е контактирано, што е пратено, каков е одговорот и кои ќе бидат моите следни чекори.

Научи повеќе за нив и изгради подобри односи

Едно од најдобрите решенија за да научиш нешто повеќе за твоите потрошувачи и потенцијални потрошувачи и така да изградиш подобри односи со нив е да искористиш решение како додаток на твојот Gmail акаунт наречен како Rapportive. Тоа е алатка која ќе додаде податоци од социјални медиуми за твоите контакти. Кога ги знаеш тие податоци ќе можеш да одиш и еден чекор понапред во градење на едни долгорочни односи со нив. За оваа алатка веќе имавме објавено едно видео кое можеш да го погледнеш подолу.

post

Софтвер за мал бизнис кој ја носи претприемничката слобода

Софтвери за мал бизнис Ја користиме технологијата за да ја зголеми ме нашата слобода. Користиме различни софтвери и решенија за мали бизниси за да ја зголемиме нашата слобода, и во исто време за зголемување на нашата продуктивност. Денес, можеме да направиме повеќе со помалку време и напор.

Кога првпат прочитатав за виртуелна компанија тоа беше во последните денови од минатиот век. На факултет имав проект за виртуелна компанија, и мојата задача беше да соберам различни извори на научни материјали за таа тема.

Во тоа време, не можев да верувам дека ова ќе биде можно наскоро. Мислев дека една таква компанија е научна фантастика.

Меѓутоа, денес гледам дека можеме да работиме на еден документ истовремено, без потреба да сме во иста канцеларија. Можеме да комуницираме побрзо отколку било кога досега. Може да соработуваме на проекти без физичка локација. Можеме да имаме состаноци без сали за состаноци. Можеме да споделуваме идеи и да добиваме предлози во секунди. Можеме да управуваме со нашето производство и машини без потреба да бидеме таму.

Се што мислев дека е научна фантастика стана секојдневна реалност. Но, уште поважно е дека овој начин на работа е достапен за сите нас без граници. Тие можат да бидат бесплатни или пак со ниски трошоци за малите бизниси.

Има многу софтвери за мали бизниси кои работи во cloud и ни овозможуваат слобода, бидејќи нашиот бизнис станува вистинска виртуелна компанија.

Тука, сакам да напоменам неколку софтвери за мали бизниси кои можат да ја зголемат твојата претприемачка продуктивност и да ти донесат поголема слобода за тебе како претприемач.

1. Google Docs

Продуктивноста е примарен клуч на успешен бизнис, и Google Docs е нешто што може да зголеми продуктивноста за тебе и за твојот бизнис. Овој пакет за мали бизниси всушност претставува канцелариски пакет што овозможува онлајн соработка помеѓу тебе и твоите соработници да се одвива многу полесно.

2. Survey Monkey

Survey Monkey е веб апликација која ќе ти овозможи да дизајнираш онлајн анкети, да ги распространиш истите и да ги анализираш добиените податоците. Бесплатнaта опција има ограничување до 100 одговори и 10 прашања во една анкета.

3. Aweber

Aweber e едно кул решение за малите бизниси кое може да се грижи за сите твои потреби со email маркетинг кампањи. Постојат многу функции кои ќе ги обезбедат твоите email маркетинг кампањи да одат еден чекор понатаму. И тоа не е се, бидејќи системот со извештаи може да обезбеди квалитетни циклуси на континуирано подобрување на самите кампањи.

4. Sales Force

Sales Force е еден од најдобрите cloud базирани CRM сервиси. Ако твојот бизнис се базира на редовни и конктинуирани контакти со потрошувачите, ова може да биде совршено решение за тебе.

5. Dropbox

Dropbox е сервис кој ти овозможува безбедно чување и лесно споделување на документи помеѓу различни уреди. Со оваа услуга, сите твои податоци можат да бидат достапни од секаде и од било кој уред каде што имаш интернет конекција.

6. Skype

Skype е алатка која едноставно го смени светот, но даде огромна вредност на многу мали бизнис. Со гласовни и видео повици и разговори, чет, трансфер на податоци и конференциски повици, Skype стана алатка која мора да се користи од страна на претприемачите.

7. Evernote

Evernote е алатка која може да ти помогне во зголемувањето на твојата продуктивност во однос на твоите идеи или настани кои се важни за тебе, а сакаш да ги запаметиш и користиш во иднина.