post

Бизнис план – План за социјални медиуми

Бизнис план

Бизнис план

Социјални медиуми во повеќе наврати беа предмет на обработка на овој сајт. Но, иако беше допрено до нив со верзијата на процес на бизнис планирање од 2010 година преку онлајн стратегија сепак истата не резултираше со конкретен план кој би гарантирал спроведување на стратегијата (во делот на социјални медиуми) во пракса.

Користење на она што досега е направено

Кога станува збор за овој план како дел од севкупниот бизнис план вие како еден претприемач веќе имате изработено соодветна онлајн стратегија која на некој начин ќе ги отслика потребите на градење на присутност на вашиот бизнис на интернет.

На пример, со претходниот (ажуриран дел за 2011) пост кој се однесува на дефинирање и редефинирање на бизнис моделот имате дефинирано:

  • Кого опслужува вашиот бизнис?
  • Каква вредност испорачува вашиот бизнис?
  • Како и преку што ќе ја испорачува таа вредност?
  • Каква и преку кои средства ќе се одвива комуникацијата со потроувачите?

Токму овие прашања во комбинација со инлајн стратегијата подготвена во претходниот наслов која навлезе во конкуренцијата, пазарот и целите на онлајн присутноста ќе бидат основа на изработка на план за социјални медиуми.

Изработка на план за социјални медиуми

Во овој дел би ги сублимирале основните чекори кои ќе треба да ги спроведете за изработка на еден ваков план. Првин би тргнал со одговор на шрашањето за тоа што значи добар план за социјални медиуми. Добар план за социјални медиуму претставува:

  • едноставен
  • концизен
  • воден од целите и
  • применлив во пракса.

За да ја исполните целта, да имате добар план за социјални медиуми следете ги следниве чекори:

  • Чекор 1: Дефинирајте ги сите цели на бизнисот кои на било каков начин може да имаат врска со присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми. Ова веќе ви е обработено при дефинирање на онлајн стратегија, па така за целите на овој наслов на бизнис плано можете да ги искористите.
  • Чекор 2: На скицата на бизнис моделот наведете ги сите места каде социјалните медиуми може да имаат одредена улога во спроведување на ефикасни и ефективни активности за комуникација и дистрибуцијата на вредноста што вашиот бизнис ја нуди.
  • Чекор 3: Спроведете SWOT анализа за социјални медиуми. Во овој дел ќе треба да одговорите на 40 прашања (од внатрешноста и надворешноста на бизнисо) по што лесно ќе можете да ја конструирате SWOT матрицата.
  • Чекор 4: Направете еден Scorecard за социјални медиуми преку кој ќе ги анализирате различните социјални медиуми кои согласно бизнис моделот, онлајн стратегијата и спроведената SWOT анализа од претходниот чекор најмногу одговараат за вашиот бизнис.
  • Чекор 5: Изберете ги социјалните медиуми кои ќе имаат најмногу поени согласно претходниот чекор и кои вие и вашиот бизнис ќе ги користите за периодот за кој се однесува планот.
  • Чекор 6: Направете една листа на активности која ќе треба да ја спроведете за градење на соодветен настап на избраните социјални медиуми согласно претходниот чекор.
  • Чекор 7: Определете точен датум на реализација на секоја активност која ја дефиниравте во листата од претходниот чекор.
  • Чекор 8: Определете одговорни лица за спроведување на секоја од тие активности.
  • Чекор 9: Определете мерни индикатори за секоја активност како би можело да се спроведе соодветно мерење на резултатите од истите.
  • Чекор 10: Имплементација, мерење и подобрување

 

post

Facebook и се е можно! Сепак реалноста е поинаква!

Facebook Маркетинг Средство

Facebook Маркетинг Средство

Facebook и се е можно, но сепак не е семоќно. Реалноста е сосема поинаква.

Овој пост се гради веќе неколку недели и едноставно претставува следење на едно практично движење на нов бизнис и градење на присуство на Facebook.

Сите сме свесни за моќта која Facebook ја нуди во поглед на маркетингот. Ова е особено поради фактот што согласно SocialBakers во моментов кога го пишувам овој пост на Facebook има вкупно 831760 корисници од Македонија што претставува над 40% од популацијата.

Кога ја гледаме оваа бројка можеби ќе кажеме дека е лесно да стекнеме 50000 фанови (лајка) за бизнис страната на Facebook кога тоа е само 6% од вкупните корисници во нашата земја.

Зошто ја зедов бројката од 50000? Затоа што тоа ми го кажа еден претприемач кој овие денови направи страна за неговиот бизнис и очекува над 50000 фанови.

Бројката иако е само 6% не може лесно да се оствари особено поради следниве факти:

  • Можеме да имаме голем број на пријатели на личен профил, но сепак само мал процент од истите ќе станат фанови на страната бидејќи тие се пријатели со нас, и не се поврзуваат заради нашиот бизнис (тоа е реалност).
  • Страната секогаш е нова и празна во раните фази на нејзиното формирање и сеуште не може да се види каква вредност истата ќе понуди на потенцијалниот фан. Затоа е најдобро да се започне со креирање на стратегија за градење на настап на Facebook, доколку сеуште не е направено такво нешто. Стратегијата прилагодена на бизнис моделот и севкупните бизнис цели ќе ги даде вистинските насоки за вистинската содржина која ќе се објавува на страната.
  • Иако популацијата е голема, таа неможе да се земе во предвид како бројка за да кажеме дека ќе успееме во нешто. Ако бизнисот опслужува потрошувачи мажи, популацијата која можеби ќе биде заинтересирана за вашиот бизнис ќе биде 50% помала, па така да и бројката која ќе сакате да ја постигнете ќе биде веќе 12%. Ако земете во предвид и локација, старост или било што друго по што е сегментиран вашиот пазар можеби да стигнете до целта дека сакате 50% од потенцијалните потрошувачи за краток период да станат фанови. Што сепак не е невозможно, но временскиот период за остварување ќе биде подолг!
  • Кога бизнисот е сеуште нов и сеуште не се започнати останатите маркетинг активности преку останати маркетинг средства не може да се стигне до оптимална комбинација на различните маркетинг средства со новата страна на популрната социјална мрежа.
  • На крајот на краиштата целта не е да стекнете голема група на фанови за страната, целта е да стекнете повеќе таргетирани фанови за таа страна. Понекогаш 200 можат да бидат многу повредни од илјадници нетаргетирани фанови.

Првиот ден од пратени над 300 покани страната имаше 9 фанови, но сепак како поминуваше време така и растеше бројот на фанови, но сепак таргетот од 50.000 е преголем. Сепак очекувам многу поголема раздвиженост во периодот кој следува за што се надевам ќе имаме ажурирање и тука.

post

Кревање на врева со бизнис блог

Бизнис блог

Бизнис блог

Најлесно нешто кога станува збор за бизнис блог како маркетинг средство е да се постави блогот да биде жив онлајн. Процесот е инсталација на CMS (најкорисен е WordPress), одлука за тема, инсталација и неколку подесувања. На мојот личен блог пишував како се завршив за 30 минути со помош на Genesis и темата Prose во тој случај.

Но, што понатаму? Бизнис блогот е поставен и жив онлајн. Како сега да го ставиме во функција на бизнисот? Тоа е и првото прашање кое треба да се одговори од страна на претприемачот. Понекогаш и доста често оваа прашање останува неодговорено и целиот процес завршува тука. Ова е поради фактот што претприемачот сфаќа дека ова е долг и макотрпен процес кој не гарантира брзи резултати. Но, на долги стази овој процес може само да помогне во градење на долгорочна благосостојба на бизнисот.

Многу често првиот пост кој се пишува е пост кој содржи нешто вакво:

Ова е блог на тој и тој бизнис и во него ќе читате за нашите производи и/услуги како и сите последни информации за нашиот бизнис. Ќе ве известуваме за нашите постигнувања како и за сите наши прес конференции. И супер, нас многу ни е драго што вие сте тука, за да прочитате за нашите бла, бла, бла…

Од здодевно има ли поздодевно. Многу ми е гајле за твоите производи и/или услуги. Сигурно ги имате на вашиот веб сајт и ако затоа сум тука би ги побарал на страната Производи. Могу ми е гајле што Вие правите или пак што ќе правите. Многу ми е гајле за Вас. Многу ми е гајле за Вашите прес конференции – не сум новинар. Но, првото прашање ќе ми биде: Што има за мене тука? Вредност? Дали треба да се навраќам на овој блог повторно?

Затоа секој (или во поголем дел) блог пост треба да креира некаква вредност за мене. Би требало да ме поттикне на нешто:

  • да ве контактирам
  • да купам доколку продаваш
  • да споделам…

Во денешно време контактирање и купување не оди толку бргу, сепак зависи и од видот на проблемот кој вашиот бизнис го решава и вистинската потреба од решавање на тој проблем на пазарот. Но, иако некој не ве контактира, не значи дека сте го загубиле доколку комуницирате вредност преку вашиот бизнис блог. Тој е тука, ќе дојде и утре, или пак можеби за една недела или за некој месец или пак за некоја година да косумира уште од вредноста која ја давате и можеби тогаш ќе одлучи да превземе чекор за поблизок однос со вашиот бизнис.

Истиот тој, можеби ќе забележи нешто вредно и ќе сподели на Facebook за тоа да биде прочитано од неговите виртуелни пријатели. Зарем ова не е придобивка за вашиот бизнис – вашиот бизнис блог станува нешто со висок потенцијал да генерира вирозен маркетинг од содржината која ја објавувате.

Бизнис блог е одлично маркетинг средство кое комбинира персоналност и градење на односи кои пак водат до лојални потрошувачи кои стануваат ваши најголеми поддржувачи.

Прашања пред започнување со бизнис блог

Започни со следниве прашања:

  • Каква вредност нуди мојот бизнис?
  • Како таа вредност да ја трансформирам во вредност која ќе се комуницира преку мојот бизнис блог?
  • Што ќе поттикне насмевка на лицата на читателите на мојот бизнис блог?
  • Што е она што нема да биде здодевно за нив?
  • Што е она што сакаат да го читаат?
  • Што е она што ќе ги поттикне да превземат некоја акција (контакт, купување, споделување)?
  • Кои се првите 20-30 наслови кои би биле интересни?

4 Совети за кревање на врева

Во наредниот дел би споделил неколку совети кои можете да ги применувате кога станува збор за користење на бизнис блог како маркетинг средство и кревање на врева преку овозможување на вирозен елемент во истиот.

  • Иако, тука на претприемач блогот го нарекуваме како маркетинг средство, сепак тој е само еден од многуте социјални медиуми. Дали кога ќе се сретнете со некој ваш потенцијален клиент на некој настан на кој присуствувате и двајцата веднаш му давате брошура со вашите производи или услуги? Најверојатно не, првин се запознавате, разменувате бизнис картички, разговарате и за приватни работи, кажувате вицеви, можеби ќе закажете видување на ручек или на кафе, споделувате искуства… Така да запомни дека твојот бизнис блог служи за градење на долгорочни односи, а не за директна продажба, па затоа не пробувај да продаваш во секој пост. Затоа споделувај совети кои ќе бидат корисни за читателите.
  • Кога станува збор за производите или услугите кои твој бизнис ги продава сподели информации за продажни промоции и попусти. Читателите и потенцијалните купувачи ќе сакаат да добиваат информација од прва рака за тоа кога можат да купат нешто поевтино и ќе се навраќаат за да проверат дали таква информација постои. Мора да се вметне конзистентноста во однос на оваа прашање за да не се случи по неколку обиди и не наоѓање на таква информација да дојде до откажување.
  • Секогаш кога ќе спомнете некој од вашите производи или услуги не ги објаснувајте во детали. Тие треба да се објаснети на страната за продажба (доколку имате) или пак на страната наречена како “Производи” на вашиот веб сајт или пак во вашиот каталог ако немате таква страна. Наместо објаснување кое би било повторување на овие елементи едноставно ставете линк до тие елементи и ако некој сака да прочита или да се информира повеќе за вашите производи ќе одлучи да кликне.
  • На одреден временски период објавувај наградни игри преку кои ќе изберете победници кои ќе добијат некоја награда во вид на попуст или пак некој производ кој го нудите. Луѓето сакаат да учествуваат во наградни игри и да добиваат награди. Освен тоа еден ваков пристап поттикнува интеракција со потенцијалните купувачи. За да ја добијат наградата ќе мора нешто да направат (коментираат, споделат линк до постот каде е наградата или било што што може да има некоја идна вредност за вашиот бизнис). На пример, ZAGG – онлајн продавница од која купив тастатура во месец февруари секој ден доделуваше по еден iPad за еден од оние кои ќе споделат информација за оваа промоција. За да учествуваш во можноста за извлекување треба да се вклучиш во нивната листа. За да ја зголемиш за двојно можноста од извлекување треба да споделиш линк на Facebook и Twitter каде постои потенцијал за нови потенцијални потрошувачи кои ќе влезат во нивната emal листа.

Ова се само еден мал дел од препораките кои можам да ги опфатам тука, но во секој случај едни од поважните за да го користите во вашиот бизнис блог како средство за кревање на врева за вашиот бизнис.

post

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Кога зборуваме за бизнис блог, веднаш ни се јавува слика во нашиот мозок која ни покажува здодевни корпорациски пресови и премногу непознат бизнис жаргон. Како и да е, ова може да биде сменето кога станува збор за твојот бизнис блог со помош на овие 10 чекори.

1. Одлучи кој ќе пишува

Оваа одлука е едноставна. Доколку е можно, секој член на твојот бизнис треба да пишува за бизнис блогот. Секој може да сподели нешто од негово работно искуство. Секој има нешто да сподели од личниот живот. Блогирањето треба да биде дел од вашата стратегија за социјални медиуми, а социјалните медиуми се за секого, не само за една личност.

2. Направи план за темите

Бреинстормирајте ги сите можни теми поврзани со бизнисот и пошироко. Фокусирајте се на вашата индустрија. Бидете фокусирани на вистинскиот интерес на целниот пазар во вашата индустрија. Не се врзувајте само на една тема. Секоја индустрија во поглед на различните интереси мже да се подели на повеќе теми. Секоја од овие главни теми направете ги да бидат категории на вашиот бизнис блог.

3. Што ќе креира вредност за читателите?

Секој пост мора да креира некаков вид на вредност за посетителите. Вредноста е најважниот ингредиент кој мора да биде содржан во вашиот бизнис блог. Одговорете на оваа прашање со неколку опции кои ќе претставуваат вредност за вашите читатели. На ваков начин, вие едноставно ќе можете да го проверите и подобрите секој пост согласно вредноста што тој ќе ја додаде за читателите.

4. Одлучи за содржината

За секој успешен бизнис блог содржинта е круцијална. Како и да е, постои едно прашање: За што ќе пишувате на вашиот бизнис блог? Бреинстормирајте различни извори на идеи за содржина кои можат да бидат прашања од потрошувачите, искуство на потрошувачте, опис на настани, полезности од вашиот и други слични производи… Дојдете од 10 до 20 различни извори на идеи за содржина кои вие и вашиот тим мора да ги следите за да вашиот блог биде свеж и интересен за чтателите.

5. Одлучи за домен името

Тука имаме неколку опции:

  • Користење на некои од бесплатни платформи за блогирање и да имате домен како nasblog.blogger.com, nasblog.wordpress.com, nasblog.typepad.com…
  • Користење на различно домен име во однос на бизнис веб сајтот. Името на блогот повеќе зависи од вашата бизнис тема отколку од името на вашиот бизнис.
  • Користење на домен име како дел од вашиот вебсајт домен  – blog.vasbiznisvebsajt.com, vasbiznisvebsajt.com/blog/.

Секоја од овие опции има свои предности и недостатоци, кои ќе ги дискутираме во некоја друга прилика.

6. Одлучи за објавување

Колку пати неделно ќе го ажурирате блогот? ова прашање е важно и бара јасен одговор. Доколку објавуваме почесто ќе имаме потреба од повеќе ресурси. Од друга страна, повеќе блог потсови значи повеќе инедксирани страни од Google, што пак значи повеќе потенцијални купувачи за твојот бизнис.

Анализирајте ги вашите бизнис потреби и потребите на вашите потрошувачи и донеси одлука за ова прашање.

7. Нека биде со личен карактер

Кога зборувам за личен карактер на блогот, не мислам за пишување за тоа во кој ресторан ќе бидете за вечера, или за случките од годишен одмор. Мислам за поличен карактер внтаре во индустријата или бизнисот. Мислам за вистински случки, искуства или примери поврзани со вашиот бизнис.

8. Обиди се да поттикнеш интеракција

Вашиот блог мора да има место за коментари. Повеќето блогови денес го користат Facebook за да им овозможат на корисниците брзо да се поврзат и остават коментар или да споделат искуство преку делот за коментирање. Напиши прашање, прашај ги читателите, одговарај на коментарите, биди човек… На ваков начин вашиот блог ќе биде повеќе од еден обичен блог, туку одличен извор на информации за вашиот бизнис.

9. Користи приказни

Приказни се нешто што луѓето сакаат да читаат. Приказните се во нас уште од бебешките денови. Секогаш сакаме да слушаме приказни. Тие започнуваат од нашите родители, училиштето, работното место… Ги сакаме приказните бидејќи тие се интересни и и презентирани на еден таков начин ни кажуваат вистинко искуство на кажувачот на приказната.

10. Користи видео

Живееме во време кога не треба да чекаме да станеме голем бизнис за да контактираме професионална маркетинг агенција која ќе креира видео маркетинг кампања или видео материајали како онлајн ресурси на нашиот бизнис.  Вашето видео не мора да биде професионално продуцирано, но мора да донесе вредност за читателите на вашиот блог. Мора да им помогне да ги решат нивните проблеми, да им помогне да донесат одлука, да им помогне да научат нешто…

post

Книга: Поумно, побрзо, поефтино – Не здодевни, бесплатни стратегии за маркетинг и промоција на твојот бизнис

Книга: Smarter, Faster, Cheaper

Книга: Smarter, Faster, Cheaper

Маркетингот е променет и сеуште се менува во однос на начинот на пристап до потенцијалните потрошувачи.

Поумни, побрзи, поефтини наспроти поглупави, поспори и поскапи стратегии за маркетинг и промоција на бизнисот навистина претставува предизвикувачки за читање.

Како дојдов до оваа книга?

На Twitter објавив дека започнувам да ја читам книгата Нови правила во маркетингот од David Meerman Scott. Набргу потоа добив директна порака на истата платформа (Twitter) од David Siteman Garland (@TheRiseToTheTop) во која ми вели дека книгата која ја читам е одлична, а можам и да го погледнам интервјуто на неговиот сајт со авторот на книгата која ја читав. Веднаш кликнав на линкот, го погледнав видеото во кое имаше доста корисни совети и му се заблагодарив на David. Додека бев на неговиот сајт забележав дека набргу ќе излезе неговата книга насловена како насловот на овој пост.

По неколку недели додека преку мобилен телефон разгледував кои нови книги се излезени на Amazon налетав и на овој наслов. Не можев да одолеам бидејќи веќе на некој начин бев запознат со содржината и со авторот, па затоа со неколку кликови Kindle верзијата веќе беше во мојот телефон спремна за читање.

Како некој од Македонија (Јас) станав купувач и посетител на сајтот The Rise to The Top на David Siteman Garland. Едноставно преку една Twitter директна порака која не продаваше ништо, туку само понудуваше една дополнителна вредност за мене.

Што доколку пораката гласеше: Драган купи ја мојата книга и линк до Amazon.

Сигурно дека не би ја купил ниту би ја погледнал, затоа што добивам стотици такви пораки дневно, што преку социјални медиуми, што преку email пораки…

Ова е само една од стратегиите за кои се зборува во книгата. Стратегија, која очигледно преку мојот пример дава резултати.

Што претставува книгата?

Книгата веќе ја ствив во категорија во една од повредните книги во мојата лична колекција од 400 книги. Не затоа што е нешто спектакуларно прикажано, туку затоа што дава вредност, преку примери, лично искуство и искуство на огромен број на експерти и претприемачи кои David ги интервјуирал.

Книгата обработува тема која е многу актуелна последниве години – градење на препознатлив бренд преку интернет. Од градење на основа на бизнисот на интернет, преку билдање на содржина, споделување на содржина, „промоција на производ“ (во наводници бидејќи не се однесува на онаа традиционалната промоција туку промоција на новото време), комбинација на онлајн со офлајн маркетинг активности… авторот преку практични примери и совети не води низ процесот на градење на присутноста на бизнисот на интернет.

Неколку извадоци од книгата

Имам подвлечено (мислам електронски Highlight) многу елементи тука ќе споделам неколку:

  • Денес се потребни многу помалку пари, но повеќе пасија, повеќе личност, повеќе креативност и можност да се постане доверлив извор и лице во од, спротивно од шематскиот буткач на производот.
  • Поглупаво, поспоро, поскапо  претставува начин кој секогаш не учеле: Вие го маркетирате производот.
  • Спротивно на буткање на производот, овој метод се базира на тоа да станете доверлив извор, авторитет, некој кој другите го сакаат и веруваат.
  • Интернетот ви овозможува да зборувате со повеќе луѓе одеднаш и сеуште да постои чувство на интимност.
  • Потребни се три карактеристики за поумен, побрз и поефтин маркетинг: пасија, личност и знаење.

За кого е оваа книга?

Секоја книга е за секого кој сака да научи нешто ново, кој сака да навлезе во светот кој го обмислува авторот, кој сака да напредува духовно…

Но, не е секој за се. Сепак, првенствено оваа книга би ја препорачал на сите претприемачи на мали бизнис. Тоа се луѓето кои треба да започнат да ги применуваат новите стратегии и секако да престанат да ги трошат парите на активности кои се послабо даваат резултати.

Бидејќи се однесува на маркетинг, оваа книга е одлична и за сите оние кои се занимаваат со маркетинг.

И секако, книгата е добредојдена за сите менаџери кои на некаков начин се вклучени во донесување на одлуки за маркетингот.

post

План за социјални медиуми – Маркетинг средство 93

План за социјални медиуми

Досега направивте SWOT анализа за градење на присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми од која ги откривте сите ваши слаби и јаки страни како и можности и закани кои доаѓаат од надворешноста на вашиот бизнис. Изготвивте стратегија за градење на присутност на Вашиот бизнис на социјални медиуми која резултираше во активности кои го трасираат патот за посигнување на поставените бизнис цел.

Сега е време да изготвите соодветен план за сето тоа што го опфаќа сратегијата за да може истата да се преточи во реалност. Инако стратегија како документ останува обичен безвреден документ доколку не се примени во пракса. План за социјални медиуми е 93-тото маркетинг средство на претприемач.

Што значи план за социјални медиуми?

Наједноставно кажано планот ќе треба да даде одговор за тоа кои активности ќе треба да се превземат, кога треба да се превземат, од кого треба да се превземат и што значи успех за завршена активност.

Планот треба да служи како патоказ за тоа каде треба да се движиме согласно зацртаната стратегија за градење на присутност на социјалните медиуми. Од друга страна планот ќе ни биде единственото средство со кое ќе можеме да го мериме учинокот од сработеното.

Што треба да содржи планот за социјални медиуми?

Веќе знаете дека не сакам некои сложени планови кои изгледаат повеќе како приказни отколку како план. Во стратегија можеме да користиме приказни преку реченици кои започнуваат на ќе…

Но, во планот мора да имате специфични активности кои ќе го водат вашиот бизнис кон исполнување на се она што е предвидено со планот. Така да минималните елементи кои ќетреба да ги содржи тој план се:

  • Листа на активности
  • Точен датум на реализација на секоја активност
  • Одговорни лица за спроведување на тие активности
  • Мерни индикатори за секоја активност со кои ќе може да ја мерите успешноста на спроведената активност.

Не е лошо оваа листа на активности да ги содржи и специфичните содржини кои ќе бидат споделени на социјалните медиуми. Сепак содржината е нешто што најчесто ќе се спроведува по еден однапред утврден план.

post

Scorecard за социјални медиуми

Scorecard за социјални медиуми

Scorecard за социјални медиуми

Сеуште сме на социјални медиуми како дел од серијалот за маркетинг средства на претприемач. Досега направивте SWOT анализа и резултатите ги имате вклучено во стратегијата. Но, што е со изборот на специфични платформи на социјални медиуми кои ќе ги користите.

Оваа маркетинг средство претставува алатка која ќе ви помогне за останатите маркетинг средства во делот на социјални медиуми. Помошта се однесува на правилен избор на платформи кои ќе ги ористите за вашиот бизнис.

Што е scorecard за социјални медиуми?

Scorecard за социјални медиуми претставува еден лист на кој ќе ги евалуирате и рангирате социјалните медиуми во однос на тоа кои се оние вистинските и вредни за Вашиот бизнис.

Ова е едноставна табела на која од левата страна на прва колона ќе ги имате наведено социјалните медиуми, додека во првиот ред во наредните колони ќе бидат карактеристики за рангирање и вкупна оценка.

Ова може да биде и обичен MS Excel фајл кој ќе ви овозможи рангирање согласно последната колона – вкупна оценка.

Целта на Scorecard за социјални медиуми

Целта на scorecard за социјални медиуми е да направите листа на највлијателни и најкорисни социјални медиуми на кои треба да започнете да ја градите присутноста на Вашиот бизнис.

Некои социјални медиуми ќе одговараат за вашата индустрија, за видот на вашиот бизнис, но некои воопшто нема да одговараат. Затоа не треба да губте ресурси и енергија на тие што нема да одговараат.

На пример, постојат многу платформи за споделување на видео, но YouTube е број еден кога станува збор за популарноста и бројот на посетители како и појавата при пребарување на пребарувачите.

Освен вистинскиот избор, оваа алатка може да ви помогне и за понатамошна анализа, додавајќи уште една колона – резултати од присутноста. Креативноста за користење на една ваква алатка е огромна.

Дизајн на Scorecard за социјални медиуми

Како ќе го дизајнирате ќе зависи од вас и вашиот бизнис. Но, во овој дел би сакал да наведам неколку можни карактеристики врз основа на кои можете да ги рангирате платформите за користење во бизнис цели:

  • Популарност на платформата,
  • Присутност на вашите целни потрошувачи на платформата,
  • Вашата организациска способност за нивно користење,
  • Потребен буџет
  • Постигнати резултати.

За секоја карактеристика ќе треба да дадете оценка. Каков систем за оценување ќе користите повторно ќе зависи од вас. Препорачливо е да ги оценувате карактеристиките на секоја платформа со оценка од 1 до 5 (каде 5 е највисока оценка  додека 1 е најниска оценка).

post

Google VS Facebook реклами

Google VS Facebook реклами

Google VS Facebook реклами

Многу бизниси го открија брзиот раст на Facebook и започнаа да ја градат својата присутност. Некои напрвија личен профил како бизнис профил, некои го избраа оној правиот пат преку изработка на Facebook страна како основа на присутност на нивниот бизнис на оваа платформа. А, пак некои направија комбинација со бесплатна презентација преку страна и PPC реклами кои водат или до таа страна на Facebook или пак до веб сајтот на бизнисот.

2010 година беше година кога Facebook се доближи и во одредени аспекти и го надмина Google.

Но, едно прашање кое се поствува од страна на сопствениците на малите бизниси (претприемачи) е дали ова се знаци за изумирање на една индустрија која се појави со појава на Google на пазарот како главен играч во PPC реклами? Сигурно се прашувате:

  • Дали овој брз развој и раст на Facebook и другите социјални медиуми има значење за нашиот бизнис?
  • Дали SEO сеуште треба да има голема улога во градење на интернет присутноста на мојот бизнис?
  • Дали треба целосно буџетот да го реалоцираме на Facebook реклами наместо на Google Adwords.

Дали социјалните медиуми имаат значење за нашиот бизнис?

Првото прашање е прашање на кое би одговорил со ДА. Бидејќи се појавува очигледна промена во досегашното однесување на луѓето на интернетот бизнисите ќе мора да се приспособат кон истата. Како еден претприемач Вие ќе мора да започнете да ги анализирате социјалните медиуми и однесувањето на различните индивидуалци и бизниси кои може да бидат ваши потрошувачи за да утврдите какво влијание тоа однесување може да има во однос на Вашата стратегија за привлекување на сообраќај кон Вашиот бизнис веб сајт.

Дали SEO уште е значајно за нашиот бизнис?

Кога станува збор за второто прашање повторно би го одговорил со ДА. SEO не треба да биде запоставено, барем не сеуште. Светот на бизнисот не е толку едноставен за да можете да кажете веднаш дека нема да има влијание врз Вашиот бизнис. Сепак, оптимизација за пребарувачи е една сосема друга работа и она што можете да го постигнете со Вашиот веб сајт или блог тешко дека ќе можете да го постигнете само со Facebook страна за Вашиот бизнис.

Каде да се потроши буџетот?

На третото прашање мојот одговор би бил НЕ. Дали секој вид на бизнис може да ре рекламира на секков медиум или пак секакво место. На пример, дали на факултетите ќе делите летоци за дом за стари лица?

Можеби ќе ни се чини логично оваа делење на летоци на факултетите бидејќи можеби во некоја блиска или подалечна иднина ќе имаме потреба за такво нешто.

Но, мозокот на еден студент кој е потенцијален примател на информацијата од тој леток воопшто не се наоѓа во состојба да размислува за такво нешто. Па затоа може да го погледне летокот 2 секунди и во наредните 2 секунди да го заборави како воопшто и да не го видел.

Зошто за време на фудбалските натпревари најмногу се рекламираат компании за производство и дистрибуција на пиво? Затоа што гледање на фудбалски натпревар и пиење на пиво со некакви грицки оди едно со друго.

Ваква е и ситуацијата со социјалните медиуми вклучувајќи го и Facebook. Луѓето на социјалните медиуми се присутни заради:

  • комуникација со пријатели
  • комуникација со роднини
  • играње на игри
  • споделување на слики
  • споделување на смешни видео материјалчиња
  • споделување на нешто за што споделувачот ќе смета дека ќе има вредност за своите „виртуелни пријателчиња“.

На пример, доколку со моите пријатели споделувам информации за ресторани во кои би сакале да се состанеме за вечера, а ми излезе реклама за мебел нема воопшто да ја забележам бидејќи мојот мозок е насочен на избор на вистинскиот ресторан за вечера.

Но, доколку во тој момент видам реклама за некој добар ресторан, ќе ја кликнам, ќе ја погледам, ќе ја прочитам нивната понуда и ќе ја вклучам како опција за мојата моменталната потреба.

Но, за жал со Facebook рекламите тоа сеуште не е можно. Можете да таргетирате по демографија и интерес кој всушност претставува она што вие лајкувате, но и не мора да значи дека сето тоа е вистина и дека токму во моментот на барање на решение на Вашиот проблем вие мислите за некој од тие лајкови.

Ајде да го продолжам примерот. Во таа комуникација со пријателите за вечерно излегување одам на Google и барам некој специфичен ресторан во градот во кој сакаме да одиме. Во моментов кога го пишувам моето прашање илегуваат неколку реклами за ресторани согласно моето барање и уште дузина веб сајтови поврзани со ресторни за тој град.

Ова значи дека сеуште Facebook во конеткстуалност на нивниот систем за рекламирање е далеку зад Google.

Ова не значи дека треба да се игнорира Facebook, туку значи дека сеуште не треба да се откажувате од пребарувачите, а во исто време добро да го проучувате однесувањето на потенцијалните купувачи на социјални медиуми како би можеле соодветно да ги таргетирате истите.

Од друга страна Facebook сеуште е нов играч на ова поле и се надевам дека брзо ќе додадат опции за контекстуалност во реклмирање преку нивниот систем.

post

SWOT анализа за социјални медиуми – Маркетинг средство 91

SWOT анализа за социјални медиуми

SWOT анализа за социјални медиуми

Концептот за примена на SWOT анализа за социјални медиуми претставува навистина корисен концепт кој може да ви помогне во успешно градење на присутноста на Вашиот бизнис на социјални медиуми. Како 91-во маркетинг средство го избрав токму овој концепт – спроведување на SWOT анализа за социјални медиуми.

Што престатвува SWOT анализа за социјални медиуми?

SWOT анализа е тема која повеќе пати беше обработувана на претприемач, како од научен така и од практичен аспект. Да се потсетиме првин за тоа што претставува SWOT анализа.

Во SWOT анализа во 4 чекори наведовме дека:

SWOT анализа е алатка за планирање, особено за стратешко планирање. Се користи за проценка на Јачините (Strengths) и Слабостите (Weakness) како внатрешни елементи на бизнисот, Можностите (Opportunities) и Заканите (Threats) како надворешни елементи на бизнисот.

Кога станува збор за социјалните медиуми оваа анализа ќе се однесува на проценка на јаките и слабите страни на вашиот бизнис на социјалните медиуми како внатрешни елементи и можностите и заканите како надворешни елементи.

Оваа анализа може да ви помогне при изготвување на стратегија за социјални медиуми која беше опфатена како 90-то маркетинг средство.

М-р Илија Чубровиќ (се надевам дека од утре ќе го именувам како Д-р) како дел од неговата магистерска работа дизајнираше прашалник за спроведување на SWOT анализа. Тој прашалник содржи прашања актуелни за тоа време, но како пример како да се спроведе една ваква анализа може да користи и денес, нормално со редизајн на некои прашања прилагодени кон вашиот бизнис.

И во овој дел ќе се обидам да дадам еден таков приод за спроведување на SWOT анализа за социјални медиуми преку одговор на минимум прашања.

Прашања кои ќе треба да ги одговорите?

И во овој дел ќе се обидам да дадам еден таков приод за спроведување на SWOT анализа за социјални медиуми преку одговор на минимум прашања. Прашањата треба да бидат групирани во два дела – внатрешни и надворешни елементи.

Прашања за внатрешни елементи

Внатрешните елементи треба да ви ги покажат јаките и слабите страни на вашиот бизнис на социјалните медиуми. Одговорете колку што можете повеќе прашања. Бидете реални и не ги одбегнувајте слабите страни. Со одбегнување нема да го подобрите вашиот бизнис.

  1. Колкаво е досегашното искуство на вашата команија на социјални медиуми?
  2. Што е она што го правите добро на социјални медиуми, а што е она што го правите лошо?
  3. Каква е опременоста со кадри за градење на присутноста на социјалните медиуми?
  4. Каква е мотивираноста на тие кадри за градење на присутност на социјалните медиуми?
  5. Дали мате соодветна технологија за градење на присутноста на социјални медиуми?
  6. Како ја користите таа технологија?
  7. Какво е знаењето и оспособеноста на вработените за користење на таа технологија?
  8. Дали вработените во вашиот бизнис користат различни социјални медиуми во нивниот приватен живот?
  9. Доколку користат како можете да го искористите тоа за целите на Вашиот бизнис?
  10. На какво ниво е соработката помеѓу вработените во вашиот бизнис?
  11. Дали менаџментот е подготвен за користење на социјални медиуми?
  12. Дали менаџментот знае како да ги обучи вработените за користење на социјални медиуми?
  13. Дали вашиот бизнис има барем малку забавна карактеристика во дневното функционирање?
  14. Дали можете тоа да го искористите за градење на присутност на социјалните медиуми?
  15. Колкаво е нивото на креативноста во вашиот бизнис?
  16. Дали веќе имате веб сајт или блог на кои креирате вредна содржина?
  17. Дали вие или вашиот бизнис користите социјални медиуми за лични или бизнис цели?
  18. Кои социјални медиуми ги користите и колкав е нивниот број?
  19. Каква е вашата експертиза за индустријата во која оперирате?
  20. Каква е глобалната експертиза на вашиот бизнис за индустријата во која оперира?

Ова се 20 прашања кои ве водат низ процесот. Не значи дека се комплетни или целосни. Слободно додавајте уште прашања за кои сметате дека се валидни како внатрешни елементи кои ќе ви покажат кои се вашите слаби или јаки страни за присутноста на социјалните медиуми.

Прашања за надворешни елементи

Надворешните елементи треба да ви ги покажат можностите и заканите кои вашиот бизнис треба да ги искористи или избегне на социјалните медиуми. Одговорете колку што можете повеќе прашања. Бидете реални и не ги одбегнувајте заканите. Тие имаат цел да ви покажат каде треба да внимавате.

  1. Развојот на технологијата во подрачјето на социјалните медиуми претставува можност или закана за вашиот бизнис?
  2. Како ве ценат вашите потрошувачи?
  3. Дали вашите потрошвачи користат технологија за присутноста на социјалните медиуми?
  4. Дали присутноста на социјалните медиуми на Вашите потрошувачи е компатибилна со вашата присутност?
  5. Дали присутноста на социјалните медиуми на Вашите потрошувачи е компатибилна со присутност на вашите вработени?
  6. Како сакаат вашите потрошувачи да комуницираат со вашиот бизнис?
  7. Како сакаат вашите потрошувачи да соработуваат со вашиот бизнис?
  8. Дали вашите потрошувачи имаат потреба од едукација за да ги користат вашите производи и/или услуги?
  9. Каква стратегија за социјални медиуми користат вашите конкуренти?
  10. Како вашите конкуренти комуницираат со нивните потрошувачи?
  11. Како вашите конкуренти ги едуцираат нивните потрошувачи?
  12. Каде се наоѓаат потрошувачите на вашите конкуренти?
  13. Каква е експертизата на вашите конкуренти?
  14. Каква технологија користат вашите конкуренти?
  15. Дали вашите снабдувачи се присутни на социјалните медиуми?
  16. Какво влијание може да имаат вашите снбдувачи врз вас и вашиот бизнис на социјалните медиуми?
  17. Постои или закана дека вашите снабдувачи можат да навлезат и на вашиот пазар?
  18. Многу нелегални бизниси се обидуваат да продаваат преку социјални медиуми. Какво влијание има ова врз вас?
  19. Дали во вашата околина има доволен број на луѓе обучени за да бидат дел од вашиот бизнис тим?
  20. Дали едукативниот систем во вашата околина опфаќа и обука за користење на технологија?

Ова се 20 прашања кои ве водат низ процесот на анализа на можностите и заканите за користење на социјални медиуми. Не значи дека се комплетни или целосни. Слободно додавајте уште прашања за кои сметате дека се валидни како надворешни елементи и кои ќе ви покажат кои се вашите можности и закани за присутноста на социјалните медиуми.

Што понатаму?

Понатаму продолжете со станардната оперативна процедура за спроведување на SWOT анализа која опфаќа:

  • Конструирање на SWOT матрица и
  • Дефинирање на стратегии.

Чија е одговорноста?

Доколку навистина сакате да успеете мора да постои одговорност. Но, прашањето кој ќе биде одговорен за спроведување на една ваква SWOT анализа за социјални медиуми?

Првин, најдоговорен сте вие како еден претприемач. Потоа тимот кој ќе го изберете да работи на анализата и подготовка на стратегијата и на крајот сите вработени во Вашиот бизнис ќе бидат одговорни за градење на присутноста на социјалните медиуми.

post

Желби на малите бизниси за 2011 – Google

Google желби на малите бизниси

Google желби на малите бизниси

Во декември Small Business Marketing тимот на Google спроведе иницијатива во која ги праша малите бизниси кои им се желбите за 2011 година. Тоа беше еден вид на „желботека“ на Google.

Различните желби тимот на Google ги групира во 3 категории и подкатегории. Еве некои желби што малите бизниси ги имаат и бараат во 2011 од Google:

  • Повеќе можности и дополнителни карактеристики на онлајн алатките.
  • Повеќе онлајн ресурси кои ќе им помогнат во растот на малите бизниси.
  • Помош за тоа како да се користат социјалните медиуми.
  • Да извлечат максимум од веб сајтот.
  • Повеќе онлајн алатки за водење на бизнисот поефикасно за да можат да имаат повеќе време за концентрација на потрошувачите.
  • Повеќе маркетинг алатки за големување на видливоста на бизнисот.
  • Повеќе едукација.
  • Помош за започнување на бизнисот.

Повеќе за желбите на малите бизниси можете да прочитате на официјалниот блог за малите бизнис на Google.