post

Стратегија за социјални медиуми – Маркетинг средство 90

Стратегија за социјални медиуми

Стратегија за социјални медиуми

Ќе продолжиме со серијалот маркетинг средства на претприемач. Во изминатиов период во овој
серијал опфативме повеќе различни видови на социјални медиуми кои може да се користат за градење и зголемување на присутноста на вашиот бизнис на интернет. Но, често пати се поставуват прашања во
вид на што, како, кога или каде. Ние опфативме само еден мал дел од различните платформи кои постојат, реалноста е инаку една џунгла без некои добро воспоставени правила на игра. Затоа за да се постигне одредена успешност за секој бизнис потребно е да се примени стратешки приод. Мора да имаме стратегија за користење на социјални медиуми бидејќи сите напори без една таква стратегија ќе бидат залудни.

Што е стратегија за социјални медиуми?

Стратегија претставува план на акции за остварување на поставените цели. За имплементација на една стратегија потребно е да имаме повеќе тактики. Секоја тактика се исполнува со активности кои имаат одредени датуми на остварување, одговорни лица за остварување на тие активности и потребни финансиски средства за остварување. Значи стратегија за социјални медиуми ќе ни биде средство со кое ќе ги оствариме поставените цели.

А кои цели ги има поставено нашиот бизнис кои треба да ги оствари преку социјални медиуми? Овие цели не се толку опипливи како другите, но може да бидат во вид на:

  • градење на присутност,
  • зајакнување на препознатливоста на брендот,
  • зголемување на листа на потенцијални купувачи,
  • помош и подршка на купувачите,
  • едукација на купувачите и потенцијалните купувачи,

Ова е само еден мал дел од можни цели на еден бизнис за настап на социјални медиуми. Стратегијата треба да даде листа на активности за остварување на тие цели кои што ќе си ги поставите. Морате да бидете свесни и за ресурсите, особено временски.

Градење на стратегија за социјални медиуми

Стратегијата за социјални медиуми треба да ни даде одговор минимум на следниве прашања:

  • Кои социјални медиуми ќе ги користиме?
  • Како ќе ги користиме тие социјални медиуми?
  • Кои се нашите следни активности?

Да навлеземе накратко во сите 3 пршања.

1. Кои социјални медиуми ќе ги користиме?

Одговор на ова прашање зависи од:

  • целите кои ги имате поствено и кои треба да се остварат преку социјални медиуми,
  • видот на бизнисот како и пазарот и индустријата во која стопанисува истиот и
  • одговор на прашањето каде се моите потенцијални потрошувачи.

Откако ќе дојдете до листа на најважните социјални медиуми веќе ќе знаете кде треба да го насочите Вашето внимание.

2. Како ќе ги користиме тие социјални медиуми?

Второто прашање на кое ќе треба да дадете одговор е како ќе ги користите тие социјални медиуми до
кои дојдовте преку одговор на првото прашање. Во овој дел кога одговарате на како размислувајте веднаш на 4 елементи:

  • Комуникација – Со кого, што и како ќе комуницирате?
  • Едукација – Кого, што и како ќе едуцирате?
  • Забава – Со кого, што и како ќе се забавувате? Во овој дел е потребна и внимателност, не за секој бизнис функционира забава.
  • Соработка – Со кого, за што и како ќе соработувате?

3. Кои се нашите следни активности?

Претходните две прашања ни дадоа одговор за тоа кои социјални медиуми ќе ги користиме и како ќе ги користиме. При одговор на оваа прашање преточете ги тие одговори во листа на активности за периодот кој следува во кој треба да ги остварите поставените цели.

Во Премиум материјалот на претприемач во модулот за социјални медиуми овој процес го поминуваме подетално и е следен со темплејти во вид на алатки кои ве водат низ процесот.

post

SlideShare – Маркетинг средство 89

SlideShare - Маркетинг средство

SlideShare - Маркетинг средство

Како 89-то маркетинг средство на претприемач избрав една платформа SlideShare која спаѓа во групата на платформи за објавување на содржина. Кога станува збор за содржина веќе ја опфативме како посебно маркетинг средство, но можете да забележите дека кога станува збор за онлајн маркетинг средства секаде се споменува содржина која всушност претставува една пајакова мрежа околу Вашиот бизнис.

Што претставува SlideShare?

SlideShare претставува место на интернетот каде може да се споделуваат презентации (јавно или приватно) подготвени во PowerPoint, PDF или OpenOffice.

Како што самите се опишуваат на нивниот веб сајт:

SlideShare е бизнис медиа сајт за споделување на презентации, документи и pdf фајлови. SlideShare се карактеризира со активна заедница на професионалци кои редовно коментираат, фаворизираат и симнуваат содржина. Содржината се шири вирозно преку блогови и социјални мрежи како  LinkedIn, Facebook and Тwitter. Индивидуалците и организациите аплоадираат документи на SlideShare за да споделат идеи, за да се поврзат со другите корисници и за да генерираат потенцијални потрошувачи за нивните бизниси. Секој може да види презентации и документи од теми кои ги интересираат. Сајтот расте брзо со над 25 милиони посетители месечно.

Презентациите и документите може да се означат со клучни зборови за да се обезбеди полесен пристап на оние кои се заинтересирани за темата за која се однесува презентацијата. Исто така истите може да се симнуваат или залепат на веб сајт или блог како и лесно да се споделат на социјалните мрежи што дава вирозен карактер на истите.

Како може да се користи?

Освен што може да се користи за споделување на Вашите презентации, можете да додадете и аудио на истите, можете да го рекламирате настанот кој го организирате или на кој сте присуствувале, можете да се приклучите на група во која се споделуваат документи од исто подрачје на интерес како Вашето и секако да го зголемувате Вашето знаење преку симнување на презентации или документи.

Оваа платформа ви овозможува и да ги залепите Вашите презентации на Вашиот блог или пак веб сајт многу едноставно.

Дали треба да го користите?

Имање на бизнис презентации е нешто што спаѓа во категорија на мора, без разлика дали станува збор за продажна презентација или карактеристики и полезности на Вашите производи и/или услуги. Па дали постои пречка ако таа презентација биде видена или забележана од повеќе луѓе, или пак споделена или пак симната за понатамошно користење? Сметам дека одговорот е не. Па затоа и би ребало да го користите.

post

Ping.mk – Маркетинг средство 88

Пинг како маркетинг средство

Пинг како маркетинг средство

Продолжуваме со серијалот од маркетинг средства на претприемач и како 88-мо маркетинг средство зибрав еден агрегатор од Македонија – Ping.mk. Како 87-мо маркетинг средство го претставувме Digg еден вид на агрегатор на онлајн содржина каде корисниците поднесуваат линкови до таа содржина и гласаат за истата при што онаа со најголем број на гласови се наоѓа на почетната страна.

Што претставува Ping.mk?

Како и Digg така и Ping.mk претставува место каде луѓето може да откриваат и споделуваат веб содржина од подрачје на Македонија.

На официјалниот веб сајт на Ping.mk во однос на тоа што претставува може да се прочита следново:

Пинг е агрегатор на е-содржини кои се собираат автоматски преку претходно задавање на РСС фидови до веб-сајтови или тематски посебни делови од нив. Во моментов постои голема база на зададени извори за Македонија кои секојдневно агрегираат нови содржини, а корисниците и самите можат да пријавуваат и фидови, но и линкови до поединечни написи, фотографии, видео содржини и сл. и да ги сместуваат во соодветни групи (категории).

Покрај собирањето на сите видови содржини, овој веб-сајт има една дополнителна вредност – можност за гласање од страна на регистрираните корисници со што линковите до најпопуларните содржини, фер и демократски избиваат меѓу првите.

Значи освен споделување, карактеристично е и гласањето, па така најпопуларните содржини излегуваат на почетната страна на сервисот.

Како можете да го користите?

Првин, доколку имате Ваш бизнис блог отворете акаунт на Пинг и поднесете го RSS фидот на блогот. Следно нешто е да споделувате интересна веб содржина до која ќе дојдете и секако да гласате за она што ќе го прочитате и во ви се допадне.

Она што дополнително би го издвоил, а всушност што му дава еден вид на социјален карактер е што можете да додадете пријатели и да ги следите сите содржини кои ќе бидат споделувани од тие пријатели.

Уште една клучна карактеристика е можноста за креирање на група за одредена тема која ќе биде од Ваш и од интерес на членовите на групата. Групата може да биде јавна (што е препорачливо за бизнис цели) и ограничена. Во јавна група секој може да прегледува содржина и да споделува нови содржини, додека во ограничените групи секој може да прегледува додека само придонесувачите може да поднесуваат линкови. На пример, можете да креирате група која ќе се занимава со проблемите кои постојат на пазарот, а кои Вашиот бизнис ги решава. На ваков начин целта ќе ви биде да споделувате квалитетна содржина за групата и секој заинтересиран за ова подрачје ќе може лесно да најде информации.

Нешто што единствено ми недостасува можеби е можноста за градење на конверзација околу соодветната содржина од страна на корисниците, кои се надевам дека ќе ги има во некој од следните развои на сервисот кој сепак претставува нешто сосема ново за наши услови.

Дали треба да го користите?

Бидејќи интернет животот на еден поединец претставува како живот во една густа шума каде тешко се забележува патот кој треба да се изоди, оваа прашање постоело, постои и ќе постои како актуелно. Во едно од наредните маркетинг средства ќе стане збор и за еден начин за тоа како да се одлучите дали да користите нешто или не.

Сепак, доколку Вашиот бизнис креира содржина на интернетот, доколку сакате да градите како лично така и бизнис присуство на интернетот, а притоа Вашиот бизнис е сконцентриран на локалниот македонски пазар оваа маркетинг средство може да ви биде од корист.

post

Digg – Маркетинг средство 87

Digg - Маркетинг средство

Digg - Маркетинг средство

Ќе продолжиме со серијалот маркетинг средства на претприемач. Како 87-мо маркетинг ќе биде уште еден онлајн агрегатор на содржина со социјален карактер во себе – Digg.

Што претставува Digg?

Согласно сервисот во однос на тоа што тие претставуваат може да се прочита дека Digg e место каде луѓето може да откриваат и споделуваат содржина од било каде на интернетот.

Всушност, целта на Digg e неговите корисници да испраќаат веб сајтови и различни содржини кои ќе бидат од интерес на останатите корисници на сервисот.

Доколку доволен број на Digg корисници гласаат за веќе испратена веб содржина во системот таа содржина ќе котира повисоко и ќе се појави на насловната страна на Digg за да можат да ја забележат други корисници. На ваков начин се поттикнува поквалитетна содржина да биде забележана од повеќе корсници.

Од друга страна како и останатите социјални медиуми и Digg овозможува поблиско споделување на квалитетна содржина преку креирање и ширење на мрежа од пријатели – корисници на сервисот.

Освен споделување, следење или следење на веб содржина, креирање на нови мрежи на пријателства врз база на заеднички интерес преку споделената содржина, Digg обезбедува и алатки за конверзација помеѓу корисниците околу содржината споделена преку сервисот преку гласање, коментирање и споделување на други социјални мрежи како Facebook и Twitter.

Како да го користите?

Digg претставува корисен сервис за малите бизниси и особено претприемачите. Освен за да останете информирани за веб содржина од Ваш интерес ќе можете и:

  • Да споделите линк од ваш блог пост. Внимавајте на квалитетот доколку сакате резултати.
  • Можете да споделите линк од содржина која навистина ви оставила впечаток.
  • Да гласате и директно да учествувате во рангирање на квалитетна содржина.
  • Можете да изградите мрежа на истомисленици, односно луѓе кои имаат ист или сличен интерес со Вашиот.
  • Можете да коментирате разни линкови како еден експерт во Вашата индустрија и да бидете забележани.
  • Едноставно да се забавувате и бидете информирани.

Како и другите социјални медиуми и овој овозможува платени реклами, односно спонзорирани линкови. Овие реклами се појавуваат во листата со останатите содржини само е означена како спонзорирана. Секоја реклама се прикажува врз база на систем на аукција при што прикажувањето зависи од висината на CPC и секако број на гласови кои ќе ги добие таа содржина.

На овој сервис можете да забележите и лични и бизнис профили. Големите компании како Microsoft и Apple исто така се присутни и го користат сервисот.

Дали треба да го користите?

Секогаш интересно прашање кога станува збор за социјални медиуми и нивно користење во бизнис цели. Но, доколку сакате да останете во тек со најновите и најинтересните стории во светот и приота да градите мрежа од пријатели, да споделувате и учествувате во креирање на тие стории при што би имале и бизнис корист сепак ништо нема да загубите од користење.

Сепак Вие сте претприемач, експерт во својата индустрија и затоа е корисно да бидете присутни и пред една поширока аудиенција покажувајќи се дека знаете што се случува и следите трендови на глобално ниво.

Сепак при користење и потпирање на таа содржина поребна е внимателност. Прочитав за случаи кога невистинити приказни кои набрзина корисниците на Digg ги направиле популарни довеле и до зголемување на акции на компании.

post

StumbleUpon – Маркетинг средство 86

StumbleUpon како маркетинг средство

StumbleUpon како маркетинг средство

Продолжуваме со социјалните медиуми како маркетинг средство. Како 86-то маркетинг средство во овој серијал на претприемач го избрав StumbleUpon. Во оваа маркетинг средство гледам навистина голем потенцијал, и не само што гледам туку и при некои мои тестирања навистина се покажа како квалитетен извор на сообраќај за еден блог.

Она што сакам да го потенцирам е што овој медиум е доста лесен за користење, а од друга страна и забавен. Го користам коко извор на квалитетни информции кои го зголемуваат моето знаење во подрачјата за кои сум пројавил интерес. А како што го користам се повеќе и повеќе добивам подобар фидбек со поквалитетни извори на веб сајтови прилагодени согласно моето однесување во користење на оваа платформа.

Што претставува StumbleUpon?

Најкратко кажано StumbleUpon претставува социјална мрежа преку која корисниците откриваат и рангираат веб страници од нивен интерес преку посебен вид на технологија за препорака на тие страници.

Всушност, со самото креирање на ваш профил на платформата вие избирате соодветни подрачја на интерес за вашето присуство на оваа социјална мрежа, а потоа барате пријатели за креирање на мрежата. Откако креирате акаунт потребно е да инсталирате додаток на Вашиот интернет прелистувач со чија помош ја користите платформата. Останатото е да се забавувате со откривање на нови веб сајтови кои можеби никогаш порано не сте ги сретнале.

Можете да го погледнете видеото кое го направив пред повеќе од една година во кое ќе видите некои детали за тоа што претставува, како да го користите и како да поставувате нови страници.

Како да го користите StumbleUpon?

Основната цел на StumbleUpon е да ви обезбеди квалитетна содржина од интернетот и врз основа на тоа вие да ја рангирате како добра или лоша за Ваш вкус. Затоа и однесувајте се како такви корисници и не го користете само за себепромовирање. Оваа правило важи не само за ова маркетинг средство туку и за сите останати кога станува збор за социјални медиуми.

Основниот процес на користење би изгледал вака:

  • Изберете ги подрачјата на Вашиот интерес.
  • Користете го одреден период за да добиете поквалитетни сугестии. (Се користи преку кликнување на копчето Stumble при што добивате одредена препорака и доколку сте задоволни можете да кликнете на I Like It копчето)
  • Споделете нешто ваше.
  • Користете го често системот.

Можете да споделите и Ваша сопствена веб страна или пак некој квалитетен пост од Вашиот бизнис блог) или пак страната за продажба на некој Ваш производ или пак страната за градење на Вашата листа.

Можете и да го искористите рекламирањето преку оваа платформа. Системот функционира на таков начин што:

  • Вие избирате аудиенција на која би сакале да се покаже Вашиот веб сајт согласно категорија, демографија или географија.
  • Системот ви праќа посетители и ви наплаќа согласно прегледите на Вашиот веб сајт.
  • Колку повеќе Like-ови добивате толку повеќе ќе биде и прикажан Вашиот веб сајт и во бесплатната варијанта.
  • Имате целосна контрола на Вашиот буџет.

Дали треба да го користите?

Доколку имате веб сајт и блог и сакате да го зголемите потенцијалот на тој веб сајт или блог нема ништо да изгубите доколку го користите. Доколку го користите на вистинскиот начин и вашиот бизнис ќе има и корисност. Бидете корисни за системот и системот ќе ви возврати со љубов.

post

Delicious – Маркетинг Средство 85

Delicious како маркетинг средство

Delicious како маркетинг средство

Сеуште се наоѓаме во делот на социјални медиуми како маркетинг средства од овој серијал за маркетинг средства на претприемач. Стигнавме до 85-тото маркетинг средство во кое ќе стане збор за еден претставник од посебен вид на социјални медиуми наречени како социјални обележувачи – Delicious.

На пример, дали сакате некој кога ќе прочита нешто вредно на Вашиот бизнис блог да го обележи и да биде видливо за неговата мрежа? Дали сакате да покажете дека сте во тек со информациите од Вашата индустрија и да ги споделите со секој од Вашата мрежа или некој друг? Дали сакате нешто вредно што ќе прочитате да го запомните и да се навратите повторно на таа информација кога ќе имате потреба? Дали сакате да знаете што ги интересира Вашите потенцијални купувачи кои се дел од Вашата мрежа на овој социјален медиум? И уште многу дали сакате прашања…

Сето ова се прашања на кои помош може да ви обезбеди Delicious.

Што претставува delicious?

Delicious е нешто за што и претходно имаме пишувано на претприемач. Во Delicious како средство за прибирање и складирање на информации напишавме дека:

Delicious претставува социјален bookmarking (обележувач) сајт за складирање, споделување и пронаоѓање на обележени веб страници. Целта на delicious е да ви овозможи складирање на страните за кои сметате дека се интересни за вас и подоцна лесно да ги најдете.

За разлика од Favorits или Bookmarks на вашиот интернет прегледувач со помош на Delicious вие ги споделувате тие страни со поголем број на луѓе кои се присутни на мрежата.

Други интересни карактеристики се што лесно можете да пронајдете други обележени веб сајтови врз основа на клучни зборови или ознаки или пак  врз основа на популарност.

Можете и да го погледнете видеото кое го направивме за овој сервис за социјален bookmarking:

Како може да се користи?

Вообичаено користење на оваа соцјална алатка е да креирате акаунт и да започнете да обележувате веб страни кои ви се допаѓаат. Внимавајте на соодветните клучни зборови, ознаки и опис кој ќе го додадете кон секоја страна бидејќи истите се користат за полесно пребарување во иднина како од Ваша страна така и од секој корисник на сервисот кој бара информација плус.

Можете и да креирате сопствена мрежа во која ќе додадете други корисници во истата и на таков начин да ги следите сите веб страници кои се обележени од тие корисници. Истото тоа може да биде направено и од некој друг во чија мрежа ќе се наоѓате вие.

Креирање на мрежа на Delicious

Креирање на мрежа на Delicious

Можете и да го интегрирате delicious со други социјални мрежи како Facebook и Twitter.

Од друга страна овозможете лесно секој да може да означи страна од Вашиот веб сајт или блог на delicious со што истиот веќе ќе биде достапен на голем број на корисници на мрежата.

Во секој случај ништо не се губи, а постои потенцијал од придобивка во градење на присутноста на Вашиот бизнис на интернетот и социјалните медиуми.

Дали треба да го користите?

Овој социјален медиум може да биде доста од корист за Вашиот бизнис, односно сметам дека има потенцијал да заврши огромна работа. Во секој случај сето ова ќе зависи од видот на Вашиот бизнис, индустријата и онлајн стратегијата која ќе ја користи Вашиот бизнис.

Без разлика дали сте претприемач кој сака да биде во тек и да знае што е популарно во индустријата или пак сакате да градите мрежа на потенцијални купувачи или пак сакате да ја зголемите достапноста на вашата веб содржина delicious e тука за да ви помогне.

post

Социјални мрежи – Маркетинг Средство – 84

Социјални мрежи - Маркетинг средство

Социјални мрежи - Маркетинг средство

Во досегашниов тек на овој серијал за маркетинг средства на претприемач ги опфативме најважните социјални мрежи: Twitter, Facebook и LinkedIn за кои сметам дека во моментов се најважни и најкорисни за еден бизнис. Но, оваа 84-то маркетинг средство ќе се однесува на уште некои социјални мрежи на кои можете да градите ваше присуство.

Во секој случај, во едно од наредните маркетинг средства ќе имаме SWOT анализа за социјални медиуми и Scorecard за социјални медиуми кои ќе може да ви помогнат околу изборот на најважните. Како и секаде и тука може да се применува 80/20 правилото што значи дека 80% од Вашите потенцијални потрошувачи се наоѓаат на 20% од социјалните мрежи, па логично би било да ги насочиме нашите ресурси токму на тие 20% од социјални мрежи.

1. Bebo

Bebo претставува онлај н социјална мрежа која повеќе се насочува на споделување и консумпција на дигитална содржина. Корисниците на Bebo кревлегуваат во интеракција со другите корисници преку споделување на фотографии, видео, комуникација преку месенџер, вклучување во квизови и анкети.

Статистика за Bebo

  • 117 милиони регистрирани корисници
  • Околу 12 милиони активни корисници
  • Најголема популарност има во Англија каде припаѓаат 30-40% од корисниците.

Како може да се користи?

Корисниците можат да ја користат оваа социјална мрежа и како едно маркетинг средство. Така да музичарите можат да се поврзат со своите фанови и да ја рекламираат и продаваат својата музика онлајн, авторите на книги може да споделат цели поглавја за да добијат некаков фидбек или за да ја покажат сопствената работа на потенцијалните купувачи. Доколку сте корисник или производител на некаков производ од дигиталниот свет можеби Bebo е вистинската социјална мрежа за тебе.

2. MySpace

MySpace претставува уште една онлајн социјална мрежа која може да се стави во групата на најстари (започнува во 2003 година). Им овозможува на корисниците интеракција преку разни карактеристики како блогови, месенџер, групи, форуми…

Статистика за MySpace

  • Во најдобрите денови имале повеќе од 100 милиони корисници, при што стрмно опаѓање доживува со појава на Facebook.

Како може да се користи?

Може да се користи за градење на односи со постоечки пријатели и креирање на нови пријателста и конекции. Од друга страна оваа мрежа исто како и Facebook овозможува адвертајзинг при што секој може да дизајнира сопствена реклама, да избере кога каде и на кој да се прикаже истата и да се плати врз база на број на кликови на рекламата.

3.  Orkut

Orkut е онлајн социјална мрежа во сопственост на Google. Целта е како и на сте други социјални мрежи да се градат мрежи помеѓу корисниците и нови релации.

Статистика за Orkut

  • Над 50% корисници се лоцирани во Бразил
  • Над 13% од корисниците го користат за градење на бизнис релации

Како може да се користи?

Може да се користи за градење на односи со постоечки пријатели и креирање на нови пријателста и конекции. Оваа мрежа нуди неколку свои опции како градење на заедници (Communities) и комуникација преку Testimonials и Scrapbooks.

Постојат и други социјални мрежи кои не ги вклучив во овој серијал. Некои имаат најавено дека ќе прекинат со работа до крајот на годината, а некои немаат голем број на коринсици за да може да се препорача нивно користење за бизнис цели.

post

LinkedIn – Маркетинг Средство 83

LinkedIn Маркетинг Средство

LinkedIn Маркетинг Средство

Сеуште сме на социјалните медиуми како маркетинг средства на претприемач. Како 83-то маркетинг средство го избрав LinkedIn, уште една социјална мрежа за градење на конекции, конверзации и потенцијален бизнис.

Сега сме во социјална мрежа која повеќе се однесува на професионалци, бизнис вмрежување, конекции, соработки, дискусии…

Што претставува Linkedin?

LinkedIn претставува социјална мрежа како и сите досега кои ги споменавме во овој серијал со таа разлика што се додава зборчето професионална пред мрежата. Значи LinkedIn претставува социјална мрежа на професионалци преку која може:

  • да се одржуваат професионални релации помеѓу корисниците,
  • да се пребаруват отворени работни места,
  • да се регрутираат кадри за бизнисот,
  • да се споделуваат различни проблеми и разменуваат различни можни решенија,
  • уште многу други креативни бизнис релации…

Основната филозофија на LinkedIn е “Relationship Matter”. Мисијата на оваа социјална мрежа е:

да ги поврзе професионалците од целиот свет за да станат попродуктивни и поуспешни.

Последните факти од страна на LinkedIn велат дека имаат над 85 милиони членови во повеќе од 200 земји, што секако кога станува збор за професионално вмрежување не е за потценување.

Можете да го погледнете официјалното видео за тоа што претставува LinkedIn:

Како може да се користи?

Вообичаено користење на оваа социјална мрежа е да се креира акаунт и да се поканат другите корисници на мрежата за да станат конекции.

Кога станува збор за конекции LinkedIn ги рангира во степени. На пример, директните конекции се првостепени конекции, конекциите преку директните конекции претставуваат второстепени конекции итн.

Можете да ја користите мрежата за да најдете значајни контакти првин преку луѓе кои што ги познавате, а потоа да барате преку различните можности кои LinkedIn ги нуди за пронаоѓање на професионалци од Ваше значење како што се пребарување по компанија, од други социјални мрежи или преку одговори (LinkedIn Answer).

Можете да креирате група во која ќе ги поканите Вашите конекции за да се вклучат во дискусија на истата од теми поврзани со Вашата индустрија.

LinkedIn е одлична можност за генерирање на потенцијални купувачи за Вашиот бизнис. Со помош на алатките кои досега ги споменавме и секако можноста за адвертајзинг на мрежата има потенцијал да генерира нови купувачи за Вашиот бизнис. Едноставно како и со останатите маркетинг средства Вие сте присутен на една мрежа каде во моментов има над 85 милиони професионалци.

Затоа следете го следниов иницијален процес за започнување на градење на присуство на ова социјална мрежа:

  • Направете план. Одговорете на прашањата во која индустрија се наоѓа Вашиот бизнис, кои се првичните конекции кои би сакале да ги имате, од кои индустрии се важни луѓето за Вашиот бизнис, што ќе сакате да постигнете…
  • Отворете сметка на LinkedIn. Отворете сметка и започнете да барате значајни лица.
  • Прашања. Започнете со одговарање на поставените прашања за кои имате одговор, а потоа започнете и со поставување на конкретни прашања поврзани со Вашата индустрија како би можеле да дојдете до нови конекции, да видите какво е мислењето за соодветниот проблем и да најдете различни решенија кои ве мачат.
  • Ажурирајте го Вашио статус. Статусот има потенцијал за брзо забележување преку Вашиот профил и e-mail-от кој LinkedIn го праќа на Вашата мрежа.
  • Група. Разгледајте ја можноста од креирање на посебна група на LinkedIn каде ќе поттикнете дискусија помеѓу членовите.
  • Маркетинг. Поставете линк од Вашиот веб сајт и блог до Вашaтa LinkedIn група. Поврзете го LinkedIn статусот со Вашиот Twitter профил. Разгледајте ја можноста во сите маркетинг средства да покажете дека сте присутен и на LinkedIn.

Дали треба да го користите?

Бидејќи професионалци од скоро секоја индустрија се присутни и ја користат оваа социјална мрежа логично е дека би требало и Вие да ја користите.

Без разлика дали Вие барате бизнис контакти како можни потенцијални клиенти, или пак барате кандидати за вработување, или пак барате решенија за проблемите во индустријата, или пак сакате да се изградите како експерт во Вашата индустрија, LinkedIn ви обезбедува можности во овие подрачја и би требало да ги искористите.

post

Foursquare – Маркетинг средство 82

Од текстови, слики и видео материјали за онлајн споделување се селиме на локација како основа на некои социјалните медиуми во овој серијал за маркетинг средства на претприемач. Онлајн па уште и локација. Можеби ќе ви бидне чудно зошто онлајн присуство да се врзува со локација. Но, сепак голем дел од бизнисите функционираат на одредена локација, а луѓето од маркетингот се оние кои постојано се обидуваат да ја претстават таа локација во главата на потенцијалните купувачи.

Foursquare сеуште е во фазата на раѓање, и многу претприемачи дури не слушнале дека постои такво нешто, а камоли да го разгледуват како можна бизнис алатка. Сепак, ми се чини дека кога би требал на некој да го опишам значењето и можностите за користење на сервисот за бизнис цели во една реченица, таа би била многу долга и секако тешко разбирлива особено кај нас каде се отвараат повеќе прашања.

Од друга страна, мрежата навистина бргу се шири. Иако и Facebook воведе локациски сервис (кај нас сеуште не е достапен) и се зборуваше дека тоа е смрт за Foursquare, сервисот продолжи со огромен пораст на корисници. Согласно информациите од официјалниот блог се вели дека во последната година имаат раст од 100.000 на 4,5 милиони корисници. Сепак тоа е значајна бројка.

Што претставува Foursquare?

Foursquare e исто што и сите други вакви сервиси – социјална мрежа. Исто како и Twitter и Facebook има пријатели при што се бара пријателство и се прифаќа пријателство. Може да се споделуваат искуства. Но, она што го разликува од останатите е што како основа се зема локацијата при што искуствата се однесуваат за конкретна локација. Тоа значи дека еден корисник на сервисот кога ќе дојде на некоја локација (бутик, ресторан, кафуле, парфимерија, козметички салон…) се чекира преку својот мобилен телефон на истата дека е присутен таму (доколку локацијата ја нема корисникот ја додава во системот преку внесување на име, категорија, адреса, град и држава).

Forsquare места

Forsquare места

Освен внесување на локации, чекирање, препорачување и споделување на искуства можете и да прочитате разни искуства и препораки од другите кои пред Вас ја посетиле таа локација. За да биде поинтересно, foursquare доделува и беџови врз основа на онаа што сте го поминале.

Препораки и беџови на Forsquare

Препораки и беџови на Forsquare

Бизнис користење на Forsquare

Сето она погоре опишано е ОК, но каква врска има со бизнисите? Можеби токму ова ќе се запрашате. Но, дали би сакале да привлечете повеќе луѓе во Вашата локација доколку Вашиот бизнис зависи токму од таа локација? Дали би сакале да градите лојалност кон Вашиот бизнис? Дали би сакале да спроведете ефективни промотивни кампањи кои ќе дадат резултати? Дали би сакале Вашиот бизнис да биде излистан пред милионска аудиенција?

Доколку на овие прашања Вашиот одговор како еден претприемач е ДА, тогаш Foursquare може тука за да ви помогне.

Подолу се некои од идеите како можете да го користите Foursquare за бизнис цели:

Натпревар за градоначалник на локацијата на Foursquare

Натпревари за градоначалник на Foursquare

Натпревари за градоначалник на Foursquare

Секое лице со најмногу посети на една локација станува градоначалник (Mayor) на таа локација на Foursquare. Оваа претставува одлична можност да поттикнете натпревар за градоначалничко место.

Лицето кое во последните 60 дена има најмногу посети станува градоначалник и можете да му обезбедите специјален попуст за тоа лице.

Примерот на сликата го прикажува токму тоа. Ова значи едноставно дека Вие и Вашиот бизнис се заблагодарувате на тоа лице за неговата лојалност кон бизнисот.

За дознаете кој е градоначалник на Вашата локација едноставно треба да го отворите бизнис профилот на Foursquare и ќе видите кој во моментов се наоѓа на таа позиција.

Ваквата кампања претставува одличен начин за еден натпревар меѓу луѓето се за да станат градоначалник и да ја имаат привилегијата која ја носи тоа место.

Foursquare промоции

Foursquare промоции

Foursquare промоции

Освен за градоначалничките места можете да направите и специјални промоции кои ќе служат за наградување на купувачите. На сликата лево е даден еден пример за ваква промоција кој сеуште е во фаза на одобрување од Foursquare.

Како идеи за користење на ваквите промоции можете да понудите нешто при секое чекирање или пак при секое 3-то, 5-то итн.

Програми за лојалност

Бизнис корисниците на Foursquare (претходно потврдена локација која ја менаџирате вие) имаат можност за одлична статистика која можете да ја искористите во нудење на дополнителни програми за лојалност кон Вашиот бизнис. Преку таа статистика можете да видите кој бил чекиран во одреден период на време (денес, вчера, последна недела, последни 30 дена, последни 60 дена, последни 90 дена и севкупно).

Оваа статистика има и дополнителни можности во вид на тоа да видите колкав процент од чекирања биле испратени на Twitter и Facebook. Има и најави дека во оваа аналитика ќе се вклучи и временската прогноза така да може да се види како времето влијае на работењето на Вашиот бизнис (иако не сум сигурен дали кај нас ќе ја имаа оваа можност).

Зошто да не ја искористиме оваа аналитика и статистика и да не ги наградиме нашите најлојални купувачи. Како што знаеме 20% од нашите потрошувачи го одржуваат нашиот бизнис со 80% од остварена продажба. Подобро е да ги задржиме тие 20% со специјални програми за нивно нградување како наши лојални купувачи.

Процес на користење

За крај накратко би претставил еден процес кој би требало да го следите за користење на Foursquare како маркетинг средство.

  • Отворете Foursquare сметка.
  • Доколку имате мобилен телефон кој поддржува инсталација на Foursquare апликација инсталирајте ја.
  • Чекирајте се и притоа внесете ја локацијата на Вашиот бизнис.
  • Поврзете се со пријатели, пратете понуди за пријателство и проучувајте го функционирањето на системот. Едноставно чекирајте се каде ќе одите.
  • Отворете ја Вашата локација и кликнете во делот каде што ве прашува дали Вие сте менаџер на оваа локација и започнете ја постапката за потврда на Вашата локација. (Од моето искуство процесот може да трае и неколку месеци)
  • Направете план со цели кои сакате да ги постигнете, промоции и натпревари кои ќе ги понудите и секако промоција на овие програми на Foursquare.
  • Откако ќе ја потврдите локацијата ќе можете да ги користите бенефициите како бизнис корисник на Foursquare и да започнете да го применувате планот.
post

YouTube – Маркетинг средство 81

YouTube - Маркетинг средство

YouTube - Маркетинг средство

YouTube претставува 81-то маркетинг средство на претприемач. Како надополнување на претходното за кое стана збор, Flickr во кое споделувате слики, оваа маркетинг средство се однесува на споделување на видео.

Доколку сликата вреди илјада зборови, колку ли ќе вреди едно видео. И надополнето на ова, доколку Вашето видео биде видено од милионска аудиенција, колкаво маркетиншко влијание ќе има Вашата активност од неколку часа за креација на истото?

Иако насловот на овој пост потенцира конкретен сајт за споделување на видео – YouTube, сепак постов се однесува повеќе на видео за споделување на интернет во бизнис цели кое секако може да се сподели и со други сервиси. Сепак го избрав YouTube како најголем од сите тие.

Споделување на видео

Споделување на видео можеби е наједноставен начин за започнување на градење на портфолиото на социјалните медиуми за Вашиот бизнис. Доколку веќе извесен период Вашиот бизнис постои сигурно имате направено некоја VHS снимка која привлекува прав во некоја полица. Можеби исто така имате некое видео од некоја реклама или снимка од производен процес, или пак снимка од прослава со задоволните купувачи која се наоѓа на Вашиот хард диск ви зафаќа простор и не знаете што да правите со тие снимки…

Од друга страна денес не е потребна скапа технологија за да се направи добра видео презентација. Со инвестиција од неколку стотини евра и неколку часа Вашата виде презентација ќе биде подготвена. Нормално, не како професионалците кои ќе Ви наплатат поголема сума, но за еден мал бизнис со ограничени финансиски ресурси ќе биде доволно да започне да ја гради сопствената присутност на интернет преку видео.

Blendteck како пример

Не постои книга која сум ја прочитал а да не го спомене Blendteck како пример кога станува збор за успех во користење на видео на интернетот како маркетинг средство кое дава одлични резултати.

Blendteck e компанија за блендери базирана во Utah која постигнала огромен успех преку инвестирање на неколку стотици долари во опрема, снимање на видео помало од 2 минути и аплоадирање на истото на YouTube.

Карактеристично е што на сите видео материјалчиња направени од Blendetck и аплоадирани на YouTubе:

  • Се снима демонстрацијата на производот (корисност и моќност на блендерот)
  • На видеото е претседателот на компанијата – Tom Dickson кој всушност ја прикажува корисноста од нивниот блендер (авторитет, репутација, доверба).
  • Постојано објавување на ново видео со нови тестови на нивниот блендер (конзистентност)
  • Интересно е бидејќи секој сака да види што ќе остане од еден iPhone кога се стави во блендер или од некој друг производ (интересност).

Овие карактеристики на овој Blendteck канал на YouTube овозможија оваа компанија во при првото објавување на видео во првите 24 часа да имаат повеќе од еден милион гледања на нивното видео и во истиот тој период да го распродадат нивниот производ за цена од $600.

Во моментов кога го пишувам овој пост нивниот канал на YouTube има скоро 6 милиони прегледи на каналот, над 144 милиони гледања на видео материјали и над 340 илјади регистрирани на каналот.

Секој би го сакал ваквиот успех. Но, никој не може да го гарантира. Но, од друга страна зошто да не се обидеме кога можеме и секако нема да потрошиме огромна сума на пари.

Што е YouTube?

YouTube претставува сервис за споделување на видео материјалчиња кој им овозможува на корисниците лесно и едноставно без никакво техничко знаење да постават видео на интернет и тоа преку различна технологија – веб сајт, мобилен телефон, е-mail…

Она што е карактеристично за YouTube e што гледачите на видео материјалчињата можат да оставаат коментари и секако да копираат линк за споделување на видео или код за поставување на друг веб сајт. Сето ова го поттикнува вирозниот елемент на овој сервис.

Како може да се користи?

Во овој дел ќе се обидам накратко да презентирам еден процес на користење на YouTube во маркетинг цели на Вашиот бизнис:

  • Направи план. Одговори на прашањата што ќе снимам, како ќе снимам и кога ќе снимам видео клип за бизнисот. Што ќе снимате зависи од Вашата креативност. Дали ќе изберете тестирање на Вашите производи, или пак некоја презентација, или пак рекламент клип, или пак How To прикажувања на користење на Вашите производи/услуги или пак било што друго што ќе биде од интерес на Вашите потенцијални купувачи ќе зависи од Вашата креативност. Како ќе снимате ќе зависи од буџетот што го имате за набавка на опрема – видео камера и/или микрофон. Кога ќе снимате ќе зависи од тоа колку видео материјалчиња сакате да правите во одреден временски период и колкаво време имате на располагање.
  • Опрема. Набавете ја опремата, тестирајте ја и спремете ја за Вашето прво видео. Ќе ви биде потребен и софтвер за едитирање за да можете да го подзасредите видеото кое ќе биде снимено со камера.
  • YouTube. Отворете сметка на YouTube и направете посебен канал за Вашиот бизнис. Откако Вашето видео ќе биде спремно поминете на постапката за аплоадирање.
  • Маркетинг на каналот. Нема корист од еден ваков канал доколку не ве дознаат луѓето. Првин, сите информативни рубрики на каналот пополнете ги колку што може поинформтивно. Второ, поставете линк на вашиот веб сајт до вашиот YouTube канал. Споделете го видеото на Facebook и Twitter. Напишете пост на Вашиот блог на кој ќе го ембедирате кодот од видеото. Ставете линк до вашиот YouTube канал на сите останати маркетинг средства…