Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Што е она што го продаваш на твоите потрошувачи?

Што ти или твојот бизнис им продава на потрошувачите? Твојот одговор како и одговорот на повеќето претприемачи би бил дека тоа се твоите производи и/или услуги.

Некој можеби ќе одговори дека продава решени за проблемите на целниот пазар. И тоа е точен одговор.

Некој пак може да одговори дека продава задоволување на потреби за потрошувачите. И тоа е точен одговор.

Како и да е, она што го забележувам во одговорите и секако од разговорите со претприемачите е многу тесен поглед при едни вакви одговори кога станува збор за вистинската ситуација на пазарот.

Денешните, но и идните пазари се како екосистеми. Потребите и решенијата кои им се нудат не се веќе само производи или услуги. Ова е една од најважните заклучоци до кои како еден претприемач мора да дојдеш заради идните подобрувања и прилагодувања на твојот бизнис.

Да, твојот суштински бизнис е продажба на производи или услуги, но ќе мора да продаваш многу повеќе од тоа доколку сакаш да опстоиш на пазарот.

На пример, Apple продава производ (hardware – iPhone, iPad), но исто така продава и производи на други луѓе или бизниси како апликации, игри, весници и магазини. Дали сметате дека оваа компанија би го имала денешниот успех доколку не успеала во привлекување на дизајнери и бизниси кои едноставно само додаваат вредност на нивниот основен производ?

Евиденција за истиот пазар е Nokia и нивните денешни проблеми иако имаат одлични производи, но немаат соодветен екосистем околу тие нивни производи. (Повеќе за Nokia и нивните проблеми во Писмо на CEO до вработените на Nokia).

Твоите производи и услуги се само еден мал дел од вашата севкупна понуда. Понудата може да биде вашиот основен производ или услуга и се друго што додава или има потенцијал да додаде вредност во очите на твоите потрошувачи. Тоа се друго може да биде:

  • Внатрешни елементи. Она што е додадено од твојот бизнис (логистика, гаранција, поврзани производи или услуги, бонуси, цени, поддршка, достапност…)
  • Надворешни елементи. Она што се додава во понудата а не излегува директно од твојот бизнис (производи и услуги кои на некаков начин се поврзани со твоите и можат да го подобрат задоволството на твоите купувачи, но се обезбедени од страна на други луѓе или бизниси).

Бизнис екосистеми

Сега, размисли каде е твојот бизнис во оваа борба на екосистеми.

Севкупна понуда и бизнис екосистеми

post

Што еден претприемач и спајдермен имаат заедничко?

Спајдермен и претприемач

Спајдермен и претприемач

Спајдермен е вид на суперхерој кој има неверојатна моќ која едноставно ја насочува кон обезбедување на бенефити за заедницата. Еден претприемач, исто така е моќна личност која креира повеќе корисности за заедницата. Претприемачите иновираат, градат и испорачуваат вредност, креираат работни места, исполнуваат различни потреби, прават нешто од ништо…  Сите овие бенефити се за заедницата каде што функционира еден претприемач.

Пред извесен период, бев принуден од мојот петгодишен син да ги гледам сите делови од серијалот на филмови за Спајдермен.

Гледајќи ги филмовите се прашав себеси што има заедничко Спајдермен со претприемачот, или што е она што го има кај Спајдермен а е корисно за еден претприемач.

Во оваа моја мала анализа гледајќи филмови издвоив 5 заеднички карактеристики.

1. Со голема моќ доаѓа и поголема одговорност

Колку поголема моќ како претприемач имате (раст и развој на бизнисот), одговорноста за заедницата ќе ви се зголемува. Зголемувајќи ја вашата моќ, ја зголемувате и вашата одговорност кон заедницата.

2. Фокусирај се на нешто кое што вреди за фокусирање доколку сакаш да успееш

Успехот на бизнисот се базира на соодветен фокус на претприемачот за да ги направи правите работи. Доколку го загубите вашиот фокус, веројатноста за успех ќе се намали.

3. Не можеш да бидеш секаде

Поврзано со претходниот фокус е и тоа дека вие не можете да бидете секаде во исто време. Најдобриот опис на ова е цитатот од Bill Cosby:

Не го знам клучот за успехот, но клучот за неуспех е обид да се задоволат сите.

4. Еден момент понекогаш може да ти ја смени целата судбина

Понекогаш еден момент, една одлука, или пак една акција ќе може да ти ја смени целата судбина и твојот личен и бизнис живот. Биди внимателен со одлуките кои ги носиш и акциите кои ги превземаш. 

5. Секогаш избирај ја вистинската страна

Која е насоката која ја бираш за твојот бизнис? Дали тоа е онаа вистинската страна? Дали е вистинската страна која ќе гарантира успех? Знам дека секогаш имаме повеќе насоки од кои треба да избереме една. Како и да е, само една или неколку се оние вистинските за бизнис успехот.

post

Препораки за бизнис модел од Guy Kawasaki

Бизнис моделот е стартната точка на секој бизнис и првата работа која би требало да ја направите по иницијалната бизнис идеја. Тој е еден од најважните бизнис елементи, бидејќи сите останати елементи како бизнис стратегија, бизнис план или акциони чекори ќе се базираат токму на тој твој бизнис модел.

Тој може да биде едноставна слика во вид на дијаграм кој ги поврзува различните бизнис елементи како вредноста, дистрибуцијата на вредноста, комуникациските канали, потрошувачите, конкурентите стејкхолдерите…

Но исто така може да биде и во вид на парче хартија со неколку зборови или реченици кои наративно ги опишуваат истите конекции од погоре.

Имам забележано дека многу бизниси страдаат токму поради тој недостаток на јасно дефиниран бизнис модел, бидејќи без него, не еден претприемач не може да изготви соодветна стратегија или бизнис план кој би ја поддржал таа стратегија.

Во видеото подолу е Guy Kawasaki кој објаснува три препораки за бизнис моделот:

  • Биди специфичен!
  • Нека биде едноставен!
  • Прашај жена!

post

Разгледај ги овие идеи за да го подобриш твојот бизнис

 

Синергија и анергија во бизнисот

Идеи за подобрување

Подобрување е секојдневна работа на секој од нас, како личности, но и како претприемачи. Дури и да не сме свесни, сепак како поминува времето сите ние се подобруваме.

Тука се 5 идеи кои можете да ги искористите уште денес за да најдете можни подрачја за подобрување за твојот бизнис, или едноставно искористете ги 77 бизнис подобрувања за 77 дена.

1. Погледни во твојот бизнис модел

Твојот бизнис модел е фундаментален елемент каде ќе ги најдеш можните подрачја за подобрување. Постави прашања за конкуренцијата, за потрошувачите, за вредноста која твојот бизнис ја нуди, за односите со потрошувачи, за твоите бизнис активности и за твоите бизнис ресурси.

Твојот бизнис модел е нешто што едноставно во една слика објаснува како твојата компанија креира, дистрибуира и комуницира вредност со твоите потрошувачи.

Можеш да прочиташ повеќе за дефинирање и редефинирање на твојот бизнис модел.

2. Погледни во твојот бизнис план

Еден бизнис план во исто време може да биде алатка за иницирање на подобрувања и предмет на самото подобрување.

Погледни во твојот бизнис плани и спореди ги актуелните постигнувања со оние планираните. Секаде каде што постои голема разлика е одличен знак дека нешто треба да се превземе за да се подобри подрачјето каде постои разлика.

3. Разгледај ги сите твои бизнис процеси

Твоите бизнис процеси се места каде што секогаш можете да најдете можности за подобрување. Тие секогаш може да бидат подобри утре за разлика од денес.

Затоа погледни во сите важни процеси во твојата компанија и обиди се да најдеш проблеми, „тесни грла“ или се што може да биде подобрено на некој начин.

Започнете со маркетинг процеси, продажни процеси, производствени процеси, процеси за регрутација на свежи кадри…

4. Погледни во историски податоци

Историските податоци претставуваат одлично место каде можеш да започнеш со барање на трендови и можни подрачја за подобрување.

Погледни во твоите податоци од продажба, во податоците за трошоци, или во било кои податоци кои во некаков облик се складирани на некаков начин во твојата компанија. Ќе најдеш огромен број на откритија кои може да се искористат за целите на подобрување на твојата компанија.

5. Погледни во твојата ценовна стратегија

И последно, и секако не и конечно место за можни подобрувања е твојата ценовна стратегија. Запрашај се и одговори ги следниве прашања:

  • Дали ценовната стратегија ми овозможува да ги покријам сите трошоци и да обезбедам доволен профит?
  • Каква ценовна стратегија се користи од страна на моите главни конкуренти?
  • Како можам да ја зголемам профитабилноста на мојата компанија?

Ова се само 5 места во кои можеш да започнеш со барање на можни подобрувања, но секако не се и единствени. Се што мислиш дека може да се подобри, вреди да се проба.

Затоа, започни со подобрувања на твојот бизнис уште денес!

post

5 Најчести грешки при определување на цената


Грешки при определување на цени

Грешки при определување на цени

Определување на цени претставува уметност од една страна и наука од друга страна. Ова го потенцирам почесто тука на претприемач бидејќи навистина кога определуваме продажни цени не можеме само да се концентрираме на уметноста без науката и обратно, науката без уметноста. Во игра се многу фактори како психолошки така и аналитички.

Доколку некој ми понуди iPad за цена од 50$ нема ни да го погледнам бидејќи веднаш знам дека нешто не е во ред со цената. Иако ова е еден екстремен пример (можеби и не е бидејќи имам видено некои копии) сепак врз основа на цената многу пати ги проценуваме и понудите.

Затоа како еден претприемач сигурно знаете дека цената е многу важен елемент во вашиот бизнис бидејќи се што ќе направите има влијание на цената, додека од друга страна таа влијае на вашата понуда, продажба и перцепција од страна на купувачите.

Сепак не е лошо да се потсетиме и да потенцираме некои можни грешки кои може да се направат и кои може да бидат „кобни“ за бизнисот.

1. Недостаток на аналитичен приод во определување на цената

Цените се базираат на бројки, тоа е факт. Бројки од трошоци, бројки од продажба, бројки од пазарот… Сите тие бројки имаат или ќе имаат влијание на вашата цена. Затоа цените не се определуват онака „од ракав“ туку се анализира пазарот преку потрошувачите, конкуренцијата понудата и побарувачката, се анализираат трошоците, се анализираат трендовите…

Сите тие анализи само ќе ја подобрат одлуката која би ја донеле во поглед на избор на вистинската цена со која ќе ги наплаќате вашите производи и/или услуги.

2. Преголемо базирање на „и јас“ стратегија

Иако конкуренцијата има влијание врз цената, сепак не е најважното или највлијателното нешто врз база на што треба да определите цена. Премногу претприемачи едноставно за да избегнат да навлегуваат во анализи одлучуваат копирање или „и јас“ стратегија кога станува збор за цената.

Но, што ако вашата севкупна понуда е подобра? Што ако вашите трошоци се поголеми? Што ако вашиот квалитет е подобар? Што ако дополнителните услуги се поголеми?

3. Поставување на цените на вашите производи или услуги прениско

Знам, конкурентската предност се базира на вашата ниска цена. Но, нема ли други елементи на кои можете да ја базирате вашата конкурентска предност.

Ако се земам самиот себеси како пример, можам да кажам дека нешто е прескапо доколку не верувам во квалитетот што го добивам. Ќе кажам дека нешто го има поевтино доколку услугата и сервисот каде што е поскапо не се разликува од онаму каде што е поевтино.

Во секој случај цената треба да биде последна на листата кога станува збор за конкурентската предност.

4. Се гледа само производот или услугата без еден поширок поглед

Производот или услугата е само еден мал дел од она што вие го продавате. Можеби навистина продавате леб, но продавате и насмевка на продавачот, продавате и амбиент, продавате и испорака, продавате и совет…

Во денешно време функционираат екосистеми, а не изолирани производи. Изолираниот производ е само 30% од потребата на потрошувачот.

Затоа и при определување на цените треба да се започне од еден поширок поглед во однос на вашата севкупна понуда.

5. Користење на застарени методи за определување на цени

Новото време и новите потреби на пазарот си го направија своето во однос на досегашните најчесто користени методи за определување на цената. Навистина, методата трошоци плус е корисна, но за изолиран производ. Таа метода не може да се користи за покомплексни понуди кои се потребни денес.

Затоа, не ја базирајте вашата цена само на една ваква метода, секогаш размислете подлабоко.

post

Одлука за акција

Секојдневно донесуваме одлуки. Тоа е факт!

Понекогаш имаме време за проценки, анализи, алтернативни решенија, избор на алтернативно решение… Понекогаш одлуката едноставно излетува од нашиот мозок и се претвора автоматски во акција. За времето и неговото влијание повеќе можете да прочитате во временска рамка помеѓу одлучување и имплементација. Секако не треба да се заборави и важноста да се донесат брзи одлуки.

Понекогаш одлуките за превземање на некоја акција ги спроведуваме систематично. Но, понекогаш едноставно се базираме на интуиција.

Донесување на одлуки е процес кој претставува последица на решавање на проблеми. Колку е проблемот покомплексен, толку ќе се бара и поголема внимателност и систематичност на претприемачот.

Проблемот е последица на одредена наша анализа. Проблемот е нешто што не е како што треба и бара решение за да состојбата на системот биде онаква како што треба.

Но, тие проблеми не се само заради слабости на системот како внатрешен елемент на бизнисот и заканите кои доаѓаат кон системот како надворешен елемент на бизнисот. Можеби најголемата грешка кога станува збор за адекватна анализа на проблемите со кои е соочен еден бизнис е што најчесто се фокусираме само на слабостите и заканите. Тие иако се важни и во голем број на случаи предизвикуваат проблеми кои бараат решение, сепак не се и единствени.

Проблемите може да бидат и последица од анализи на силните страни на системот како внатрешни елементи и секако можностите кои претставуваат надворешни елементи.

Сето ова што досега го опфатив во овој пост покажува една многу важна корелација помеѓу проблемите (кои доаѓаат преку силни страни, слабости, можности и закани) и секако бизнис идеи (кои се резултат на процесот на одлучување – доаѓање до и избор на алтернативно решение).

Затоа и графикот кој тука ќе го презентираме е важен како за постојано генерирање на бизнис идеи така и за одлучување во однос на акција која треба да се превземе (кликни за поголема верзија).

Донесување на одлука за акции

Донесување на одлука за акции

Процесот е едноставен. По анализа на силните страни, слабостите, можностите и заканите на бизнисот за сите 4 се генерираат два вида на алтернативи. Првиот е сегашни алернативи кои може да се применат веднаш и кои се во тек со времето во кое се однесуваат проблемите. Додека, вторите се идни алтернативи кои бараат поглед во иднината и за кои е потребно подетално разгледување заради нивна примена. Овие вториве се важни за претприемачите, бидејќи тие се креатори на иднината. Откако ќе се генерираат доволно алтернативи следува избор на најсоодветните при што едни ќе се отфрлат, додека останатите ќе се прифатат за кои веднаш следува превземање на акција.

post

24 Совети за менаџирање на времето

Email Маркетинг - Ажурирање на бизнис поимник

Менаџирање на време

Една од најважните задачи за претприемачите е потребата за ефективно менаџирање на сопственото време. Знам дека ова понекогаш може да биде доста разочарувачки, доколку не се забележи прогрес во напорите за соодветно менаџирање на сопственото време.

Знаеме дека секогаш можеме да го менаџираме нашето време поефективно и во таков случај да завршиме повеќе работи за помалку време. Од друга страна доколку се постигне успех во менаџирање на сопственото време ќе се постигне успех и во балансот помеѓу работата и приватниот живот.

Менаџирање на времето е значаен дел од процесот на постигнување на целите кој ќе воведе еден менаџмент систем на вашето дневно време кое го трошите на постигнување на целите.

Со соодветен менџмент систем, ќе можете да го менаџирате вашето време поефективно, и ќе завршите повеќе работи за помалку време.

Тука се 24 совети кои ќе ви помогнат во однос на менаџирање на вашето претприемничко време.

  1. Секогаш имај и одржувај свежа to-do листа.
  2. Постави лични и бизнис цели.
  3. Направи приоритизацијата на сите твои активности.
  4. Категоризирај ги активностите согласно важноста и ургентноста.
  5. Не одложувај.
  6. Имплементирај систем за менаџирање на одвлекување на вниманието.
  7. Биди реалистичен во однос на твоите способности и можности.
  8. Прави паузи.
  9. Користи тајмер или аларм кој ќе те потсети да запреш со работата за денес.
  10. Избегнувај мултитаскинг.
  11. Избегни ги сите неважни задачи.
  12. Ветувај го само она што можеш да го испорачаш за семејството и за клиентите / потрошувачите.
  13. Подели го денот врз база на рутински задачи и оние вистински проекти кои заработуваат пари за твојот бизнис.
  14. Осигурај се дека рутинските задачи се последни на листата за завршување.
  15. Делегирај се што може да биде делегирано.
  16. Користи аутсурсинг за дел од активностите.
  17. Често евлуирај го трошењето на твоето време.
  18. Елиминирај се што ти го троши залудно времето.
  19. Побарај помош кога ти е потребна.
  20. Имплементирај рутини секаде каде што е возможно.
  21. Прави ги правите работи на прав начин од првпат.
  22. Не обидувај се да бидеш перфекционист.
  23. Запчни да го слушаш твоето тело.
  24. Награди се себеси.
post

Регрутација, селекција, воведување

Екипирање - човечки ресурси

Екипирање - човечки ресурси

Во минатиот пост – Планирање на човечки ресурси, опфативме некои елементи на процесот на планирање на човечки ресурси за бизнисот. Откако ќе се заврши со планирање следува процесот на регрутација, селекција и воведување.

Регрутација

Регрутацијата има за цел да обезбеди што поголем број на кандидати. Кога постои голема невработеност, процесот на регрутација е поедноставен. Повеќе кандидати ќе се јавуваат за секое работно место и компанијата ќе определи врз база на селекција, кој кандидат најмногу одговара за тоа работно место. Процесот на регрутацијата е значително полесен доколку се бараат вработени со пониска стручна спрема или со помали знаења и способности. Но, доколку е потребен експерт, тогаш процесот на регрутацијата е потежок, бидејќи таквиот експерт треба да се пронајде и да се убеди (да му се понудат добри услови), за да дојде да работи во компанијата. Во најголемиот број на случаи (доколку  регрутацијата е квалитетно изведена, доколку е голема невработеноста или доколку се работи за реномираната компанија) за вработувањето се пријавуваат поголем број на кандидати.

Селекција

По процесот на регрутација предстои процес на селекција на регрутираните кандидати. Селекцијата и проценката на индивидуалниот потенцијал на секој кандидат (менаџер или неменаџер) е сложена задача, бидејќи однапред треба да се процени дали кандидатот поседува знаења и способности да ја изврши зададена работа. Кандидатите треба да достават кратка биографија (CV), каде би се навеле сите податоци релевантни за вработувањето. Ние би препорачале менаџерот, задолжен за селекцијата, да изврши и директно анкетирање на кандидатот за да добие дополнителни информации (доколку е нешто изоставено или нејасно во приложената биографија), за да се проверат информациите и да се добие првичната слика за кандидатот. Но, тука е секогаш и интернетот кој денес содржи голем број на податоци за потенцијални кандидати, што треба да биде дел од процесот на селекција.

Потребно е да се земаат податоци за следниве прашања:

  • Име и презиме. Адреса. Интернет адреса. Телефонски броеви.
  • Образование. Искуство. Досегашни постигнати резултати. Препораки.
  • Старост. Здравствена состојба. Телесни недостатоци (доколку ги има).
  • Потврда од судски органи дека не се води никаква кривична и материјална постапка против вработениот.
  • Брачен и семеен статус.
  • Имотна и кредитна способност.
  • Амбиции.

Сите податоци треба да бидат поткрепени со соодветно приложени документи (лекарско уверение, судско уверение, оригинални документи). Доколку е препораката е дадена усно, треба да се запише име и адреса на лицето што гарантира за вработениот, но доколку е препорака дадена писмено (на нејзе мора да постојат адресите и телефонските броеви), обавезно треба да се стапи во контакт со лицето што ја напишало препораката и да се проверат наводите од препораката, за да не се стане жртва на измама.

Бидејќи одредени менаџери, доколку имаат проблем со вработениот, во состојба се да дадат добра препорака со цел што полесно да го елиминираат од своето опкружување вработениот, што не задоволува со своето однесување или со своите работни способности. Други менаџери се внимателни кога се во прашање препораките, бидејќи негативно напишаната препорака може негативно да влијае на комплетниот живот на вработениот (бидејќи на секој човек треба да му се остави отворена можност, своето работење и односот кон работа да може да ги подобри). Додека другите менаџери можат да имаат лична нетрпеливост кон некој вработен, па се во состојбата да дадат негативна препорака за дополнително да му нештетат на вработениот. Некогаш препораката може да ја даде особа која со потенцијалниот вработен е во роднинска или пријателска врска, па препораката може да не биде во согласност со реалноста. Заради тоа кон препораките треба внимателно да се пристапи, да се земат во обзир препораките на проверени извори, додека останатите препораки треба дополнително да се проверат. По собирањето на овие податоци, кандидатите се изложуваат на понатамошната селекција.

Најчесто употребувани форми на селекција се

  • интревјуа,
  • разговори,
  • тестови на знаења и вештини и др.

Освен за техничките работни места, успехот од школувањето не претставува клучен фактор за вработување. И други аспекти од школувањето можат да дадат дополнителни информации за карактеристиките на кандидатот. Тоа се: лидерските способности, чувството за одговорност, амбиција, снаодливост и сл. Заради тоа, многу компании бараат доказ за воншколските активности (реализирани проекти, однесување во школи, излети, ескурзии, кампови и сл.). Како искусниот, така и потенцијалниот кадар може да биде темелно интервјуиран, за да се открие дали поседува квалитети.

Доколу компанијата планира да отвори нов сектор, погон или сака да освои некој нов технолошки производ, доколку нема соодветен кадар или доколку нема доволно време за обука на сопствен кадар, тогаш може да вработат искусен кадар. Искусен кадар најчесто се добива од конкурентска компанија или се тоа високошколувани универзитетски лица. При селекција на искусни кадри се прават повеќе разговори и тестови, кои ги водат искусни раководители, а со цел да се добие целосна и точна претстава за способностите на кандидатот. Работното искуство и успесите во минатото дават информации, но тие не се секогаш достапни и доволни за да се направи добра проценка. Од кандидатот се бара да биде емоционално стабилен, самоуверен и комуникативен и да поседува потребни знаења и вештини. Испитувачот се обидува да открие дали кандидатот ги има квалитетите кои се потребни за тоа работно место. Во случај на позитивна оценка се дава понуда за вработување.

Веројатноста да се направи добар избор се зголемува ако секој кандидат е интервјуиран од повеќе менаџери. Мноштво погледи резултираат со добар избор, а можноста да се пропушти добар кандидат е минимална. Информативниот разговор при вработување на пониски службеници може да биде помалку значаен, а повеќе акцент треба да се стави на пробното работење или тестови, каде би се откриле вистинските вештини со кои располага кандидатот. Писмените тестови креирани за определување на способноста, интересот и интелегенцијата на кандидати долго време биле основна проверка при вработувањето. За многу тестови е докажано дека се дискриминаторски и несигурни, па нивната употреба е укината или намалена.

Селекција на кадрите за повисоко работно место може да биде обемна и да трае со часови. За многу работни места, особено за менаџерски, темелниот информативен разговор е важен фактор при донесување одлука за понуда на работно место од страна на компанијата, но и за кандидатот, кој ќе се одлучи дали понудата ќе ја прифати или не. Најквалитетно интервјуирање е она кое може да ги потврди квалитетите на кандидатот. Тоа е резултат на осмислени прашања и проверки кои се поставуваат пред сите кандидати кои конкурираат за работно место. Неадекватно интервјуирање може да доведе до лоши вработувања. Постојат главно неколку причини за лоши резултати при интервјуирањето. Тоа може да биде недостаток на работна атмосфера, но и лажно претставување на кандидатот. Кандидатот може да чувствува каков впечаток треба да остави кај испитувачот и давањето на исказот го насочува во тој смер. Менаџерот може да сака да ја прикаже компанија во подобро светло и може да ги преувеличи нејзините способности. Овие недостатоци при интервјуирањето и проверката се повеќе од шпекулативен карактер, бидејќи е невозможно озбилна компанија да постави незаинтересиран или неискусен менаџер да изврши тестирање и испитување на кандидатот. Доколку е потребно компанијата поставува повеќе менаџери кои ги контролираат кандидатите, па доколку и нешто пројде незабележително кај еден менаџер, другиот ќе го согледа тоа. Доколку сеуште постои неизвесност околу способностите на кандидатот, тогаш му се даваат реални работни задачи кои не можат да се ескивираат, нити лажно да се прикажуваат. Секоја компанија развива метод на селекција, со помош на кој ќе се одбере семо најспособниот кадар. Промашувањето носи негативен публицитет за компанијата. Компаниите во принцип вложуваат дополнителни финансиски средства за обука на вработените, па со раскинување на работниот однос компанијата го губи вложеното време и финансиските средства, а може да дојде и до судски спор бидејќи законот штити одредени права на вработениот. Затоа, кон процесот на селекцијата се пристапува многу внимателно. Во развиените земји постојат повеќе закони кои што обезбедувааат еднаква можност за вработување. Законите ја регулираат практиката на вработувањето при која нема дискриминација на која било основа: раса, религија, националност, пол или возраст. Сите овие закони влијаат на екипирањето, бидејќи не смеат да се нарушат законските и моралните начела. Регрутацијата и селекцијата мора да биде во согласност со овие закони. Ова значи дека менаџерите кои одлучуваат во овие области, мора да се упатени во законите и истите да ги применуваат.

Воведување

Потенцијалните кадри се вработуваат во компанијата по завршување на нивното школување. Тој кадар се карактеризира со поголеми теоретски отколку практични знаења. Овие работници се нарекуваат приправници и потребно е да се изврши нивното воведување во работа. По прифаќањето на понудата за работа, расте и загриженоста на нововработените, како ќе се снајдат во новата средина, дали ќе можат да ги совладаат работните задачи, при што се чувствуваат помалку способни од оние кои веќе работат таму и се грижат за тоа како ќе соработуваат со своите колеги. Се конфронтираат очекувањата на поединецот и очекувањата на компанијата која го вработила.

Воведувањето е насочено кон намалување на овие стресови, а се спроведува преку запознавање со колегите и давање на сите потребни информации за кои нововработените се заинтересирани. Функцијата на воведување се креира како помош со која кандидатите полесно ќе се вклопат во компанијата. Нивното успешно или неуспешно адаптирање, на почетокот на работењето, ќе има клучно влијание за нивната понатамошна кариера, а со тоа и на комплетниот живот. Бидејќи се тоа претежно млади луѓе, треба внимателно да се постапува обезбедувајќи им подршка, совет, информации, практична обука и се што им е потребно за да се адаптираат во новата работна средина. Првиот чекор е новодојдените да им се претстават на своите колеги, да се запознаваат со идните задачи и да се информираат за глобалните цели и политиката на работењето на компанијата.

post

Пребарувај ги белешките во Evernote кога го пребаруваш Google

Evernote е алатка која може да ви помогне да ја зголемите сопствената продуктивност во однос на идеи, белешки, складирање на надворешно знаење или било што што ви е важно и сакате да го запомните за да го искористите набргу.

Понекогаш белешките ги ставам во мојата сметка преку компјутерот, понекогаш преку iPhone или пак iPad за да ги користам во иднина. Но, забележувам дека честопати и заборавам дека имам такво нешто забележано. Понекогаш кога мислам дека имам некаква забелешка побарам преку Evernote и ја наоѓам, но понекогаш може да се случи тие белешки да стојат и со месеци без и да знам дека ги имам.

Пред некој ден случајн ја открив функцијата насловена како Simultaneous Search која што не сум ја користил претходно иако е скоро една година активна. Едноставно сум требал да ја активирам преку Evernote екстензијата на мојот интернет прегледувач Chrome.

Активирање на функцијата

Активирање на функцијата

Неверојатно е како оваа функција овозможува да се најдат забелешките кои сосема се заборавени, а се сместени на сметката на Evernote. Денес кога нешто пребарувам на Google функцијата автоматски ми кажува дека имам некои забелешки поврзани со тоа пребарување(слика подолу).

Пребарување на Google и Evernote забелешки

Пребарување на Google и Evernote забелешки

post

Планирање на човечки ресурси

 

Екипирање - човечки ресурси

Екипирање - човечки ресурси

Менаџментот се занимаваат и со обезбедување на квалитетен кадар за компанијата која ја менаџираат. Ова е дефинирано и преку една од функциите на менаџментот – екипирање.

Стапката за вработување на кадри, може да се одреди со преглед на минатите искуства или врз база на идните бизнис очекувања на менаџментот. Пред менаџерите се поставува прашање: Колку луѓе и со какви способности ќе и требаат на компанијата, за таа да биде способна да држи чекор со времето?

Потребно е во организациската шема секое работно место да биде определено и опишано, како и да бидат определени должностите кои треба да бидат реализирани на тоа работно место. Некогаш,  тоа е доста тешка задача бидејќи определените работни места се турбулентни, а работните услови можат да бидат променливи, па не можат со сигурноста да се определат сите работни задачи, но во тој случај треба да се наведат што поголем број на работни задачи, со напомена дека е можно и дополнување на работните задачи, доколку условите на работењето тоа го бараат.

Кога менаџерите ќе одлучат дека им е потребен вработен на одредена позиција, тие објавуваат конкурс или спецификација што треба да ги исполни потенцијалниот кандидат за да биде вработен. Таа спецификација треба да содржи податоци за образованието, претходното работно искуство, личните карактеристики кои поединецот мора да ги има (енергичност, мотивираност, способност за комуникација), за да може да ги извршува работни задачи.

Но, процесот на одлучување е двостран. Компанијата одлучува дали ќе понуди вработување и каква ќе биде таа понуда. Но, и оние што бараат работа одлучуваат дали таа компанија и тоа работно место им одговара или не. Важна е репутацијата на компанијата, атрактивноста на работното место, како и понудата (плата, можност за унапредување, за усовршување…). Доколку имаат можност да бираат, работниците почесто ќе се определат за вработување за помали плати, доколку е компанијата посигурна и доколку нуди перспектива, дополнително знаење и сл. Бидејќи дополнителното знаење на вработениот му нуди сигурност дека, во наредниот период доколку се случи да остане без работа, поради разни причини (нова технологија, негативни економски трендови на пазарот, откази поради кризата во компанијата или слично), може да најде вработување во друга компанија затоа што веќе ќе има акумулирано искуство и знаење стекнато во таа компанија.

На компанијата и е важно да добие квалификувани и способни луѓе за одредени позиции, па е потребно тие да се идентификуваат, така што само најсоодветните кадри можат да бидат избрани. Во пракса се случува да се вработат луѓе по роднински или пријателски линии или тоа можат да бидат и деца на вработениот кој отишол во пензија, или се разболел, повредил или умрел, па со вработувањето се помага на целото семејство. Доколку вака вработениот кадар не поседува одредени знаења, потребно е да се изврши дополнителна обука и додека тој кадар не се оспособи да не се става да извршува задолженија без супервизија, за да не се загрозат интересите на компанијата. Но, без оглед на исклучоците, секоја компанија настојува да вработи квалитетен кадар, па е потребно благовремено да се соберат информации околу потенцијалниот кадар.

Информациите за расположливиот кадар се прибираат од биро за вработување, од владините извори, од приватните агенции за вработување, од синдикатите, од средните школи, од универзитетите, огласите во списанија, огласите на телевизија, препораките од фирми, од соработници, од конкуренти па дури и преку интернет. Сите добиени информации за потенцијалните кандидати се бележат и се користат во согласност со потребите на компанијата.

Процесот на стекнување на кадар за една компанија најчесто се изведува преку следниве фази:

  • Регрутација
  • Селекција
  • Воведување