post

Што е она што го продаваш на твоите потрошувачи?

Што ти или твојот бизнис им продава на потрошувачите? Твојот одговор како и одговорот на повеќето претприемачи би бил дека тоа се твоите производи и/или услуги.

Некој можеби ќе одговори дека продава решени за проблемите на целниот пазар. И тоа е точен одговор.

Некој пак може да одговори дека продава задоволување на потреби за потрошувачите. И тоа е точен одговор.

Како и да е, она што го забележувам во одговорите и секако од разговорите со претприемачите е многу тесен поглед при едни вакви одговори кога станува збор за вистинската ситуација на пазарот.

Денешните, но и идните пазари се како екосистеми. Потребите и решенијата кои им се нудат не се веќе само производи или услуги. Ова е една од најважните заклучоци до кои како еден претприемач мора да дојдеш заради идните подобрувања и прилагодувања на твојот бизнис.

Да, твојот суштински бизнис е продажба на производи или услуги, но ќе мора да продаваш многу повеќе од тоа доколку сакаш да опстоиш на пазарот.

На пример, Apple продава производ (hardware – iPhone, iPad), но исто така продава и производи на други луѓе или бизниси како апликации, игри, весници и магазини. Дали сметате дека оваа компанија би го имала денешниот успех доколку не успеала во привлекување на дизајнери и бизниси кои едноставно само додаваат вредност на нивниот основен производ?

Евиденција за истиот пазар е Nokia и нивните денешни проблеми иако имаат одлични производи, но немаат соодветен екосистем околу тие нивни производи. (Повеќе за Nokia и нивните проблеми во Писмо на CEO до вработените на Nokia).

Твоите производи и услуги се само еден мал дел од вашата севкупна понуда. Понудата може да биде вашиот основен производ или услуга и се друго што додава или има потенцијал да додаде вредност во очите на твоите потрошувачи. Тоа се друго може да биде:

  • Внатрешни елементи. Она што е додадено од твојот бизнис (логистика, гаранција, поврзани производи или услуги, бонуси, цени, поддршка, достапност…)
  • Надворешни елементи. Она што се додава во понудата а не излегува директно од твојот бизнис (производи и услуги кои на некаков начин се поврзани со твоите и можат да го подобрат задоволството на твоите купувачи, но се обезбедени од страна на други луѓе или бизниси).

Бизнис екосистеми

Сега, размисли каде е твојот бизнис во оваа борба на екосистеми.

Севкупна понуда и бизнис екосистеми

post

Идеи кои можете да искористите од Јуни 2011

Претприемач

Претприемач

Ќе го започнеме месецот Јули оваа година со идеи кои можат да се искористат од постовите кои беа објавени во минатиот месец на претприемач. Ова се постови кои ќе влезат во потесен избор за најдоброто за оваа година и најдобрите ќе станат дел од Започни тука – страната која на некој начин претставува збир на уптства и водичи за претприемачите.

Бизнис идеи

Бизнис идеи доаѓаат од секаде. Тие не се само идеи за започнувае на бизнис или пак идеи за раст и ширење на бизнисот. Бизнис идеи претставуваат и идеи за подобрување на бизнисот кои може да доаѓаат од горе према надолу и оддоле према нагоре по организациско-хиерархиската структура.

Работните места може (и во најголем број на случаи кога се традиционално поставени) да бидат препрека на креативноста која пак е основа за генерирање на бизнис идеи. Затоа и постот:

Бизнис план

Основа на бизнис планот е да има како стартна позиција добри цели околу кои се развива севкупниот план. Бизнис план е едноставно водилка за остварување на тие цели во периодот за кој се однесува. Од друга страна да се има бизнис план ќе се бараат повеќе работи соодветно да бидат интегрирани во него. Доколку сте во фаза на размислување заподобрување на вашиот процес на планирање може да ви помогнат следниве постови од минатиот месц:

Маркетинг

Кога станува збор за маркетинг функцијата во еден бизнис минатиот месец некако се случи повеќе да преовладува на претприемач. Па така, она што можете да го искористите е следново:

Менаџмент

Уште една категрија која на некој начин преовладуваше на сајтот е менаџмент:

Претприемач

Во категоријата претприемач се најде анализата на влијание на политиката врз претприемачот и бизнисите.

 

post

Анализа: Какво е влијанието на политиката врз бизнисите во Македонија?

Анализа - Политика и бизниси

Анализа - Политика и бизниси

Дали политиката влијае врз бизнисите во Македонија? Прашањето иако се чини едноставно и нешто што е општо познато сепак е интересно за анализа. Она што е најинтересно е дека вообичаено одговараме врз основа на нашата политичка определеност. Затоа и сакавме да спроведеме една анализа на можното влијание на политиката врз бизнисите.

Започна со еден пост насловен како Бизнис и политика – Одат ли едно со друго? Во тој пост во неколку црти наведовме зошто политиката треба да нема директно големо влијание врз работата на бизнисите. Потоа поставивме еден анкетен прашалник за Анализа на влијание на политиката врз бизнисите во Република Македонија кој беше онлајн во периодот март и април оваа година.

Прашалникот во тој период го отворија 964 луѓе и резултатите од анализата на одговорите се прикажани на следнава презентација. Можете и да го симнете истиот кој е во pdf форма.

 

post

4 Знаци дека потрошувачите мислат вие сте број еден

JV Партнерство како маркетинг средство

4 знаци дека потрошувачите мислат вие сте број еден

Постојат многу знаци кои мора да бидат следени од страна на претприемачите. Едни од нив се знаци кои ќе ти кажат дека твоите тековни потрошувачи се лојални на твојот бизнис, вашата компанија или вашиот бренд.

Понекогаш претприемачите се премногу концентрирани во донесување на нови потрошувачи воо бизниснот (во продажната инка). Нови потрошувачи се нешто што секој сопствени на бизнис го сака. Како и да е, без задржување на постоечки потрошувачи не може да се очекува раст на бизнисот иако ќе се внесуваат нови. Вашиот бизнис на ваков начин ќе остане на исто ниво и веројатно по извесен период ќе почне да страда поради недостаток на потрошувачи.

Да зборуваме малку за 4 можни знаци кои ќе ви кажат нешто за постоечките потрошувачи.

1. Доаѓаат и го повторуваат купувањето

Запрашајте се себеси со следниве прашања:

  • Колку од тековните потрошувачи не се враќаат и не го повторуваат купувањето?
  • Зошто не се враќаат и него повторуваат купувањето?

Одговорот на овие прашања ќе тиги даде можните места каде ќе можете да направите значајни подобрувања во вашиот бизнис.

На пример, доколку не се враќаат бидејќи квалитетот на производот не е во ред, подобрете го квалитетот. Доколку не се враќаат поради продавачот, сменете го или едуцирајте го продавачот.

Од друга страна доколку се враќаат и го повторуваат купувањето ќе знаете дека вашиот бизнис е на вистинскиот пат.

2. Го споделуваат нивното неверојатно искуство со вашиот бизнис

Втор знак кој ќе ви каже дека вашите потрошувачи се приврзани за вашиот бизнис е доколку тие го споделуваат нивното искуство со нивните блиски.

Мора да го следите нивното однесување по завршување на купопродажбата. Доколку се на социјалните медиуми, следете ги, и откријте што тие зборуваат за вас, вашиот бизнис или пак вашиот бренд.

Доколку не кажат ништо, веројатно нешто не е во ред, или пак не се импресионирани. Велам веројатно бидејќи не значи дека мора да биде нешто лошо. Како и да е, можете да се осигурате едноставно доколку ги прашате за нивното искуство со вашиот бизнис. Прашајте ги што сакаат, а што не сакаат. Помогнете им и тие ќе ви помогнат да го подобрите вашиот бизнис.

3. Ги донесуваат нивните блиски во вашата продажна локација

Овој знак не функционира за бизниси кои не се базирани на локација. Како и да е, доколку вашиот бизнис е ресторан, продавница на мало, сендвичара или пак нешто слично базирано на локација каде се остварува купувањето, овој знак ќе ти каже значајни работи за твоите потрошувачи.

4. Се чувствуваат како дома

Не сакам да купувам од продавници каде продавачот ме прави нервозен. Веројатно, никој не сака да купува некаде каде што не се чувствува пријатно.

Прашајте ги вашите купувачи за тоа како се чувствуваат кога се наоѓаат во вашиот бизнис. Прашајте ги што сакаат да биде имплементирано што ќе го подобри нивното искуство и чувства кога се наоѓаат во процесот на купување.

Одговорите ќе ви ги дадат можните елементи кои бараат подобрување.

 

post

Анализа на влијание на политиката врз бизнисите

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Во изминатиот период размислував за тема за истражување на претприемач. Дојдов до повеќе интересни идеи, но сепак ја избрав темта за политиката и бизнисот, особено заради актуелноста на политичката тема и има нема избори како и заради тоа што изминативе 20 години политиката стана неизбежен дел од бизнис животот на еден претприемач, сакал тој или не. Затоа и едно вакво истражување кое барем малку ќе ги расветли постоењето ан влијание како и формата на тоа влијание врз бизнисот.

Прашалникот е составен од два дела:

  • Општ дел на прашалникот
  • Политика и бизнисот.

Прашалникот е затворен, следува анализа на одговорите кои ќе бидат објавени на сајтот.

post

Жени претприемачи во Република Македонија

Првин, нека Ви е честит Денот на Жената – 8-ми Март и секако имајте голем успех во се што ќе се нафатите да работите!

Дали треба или не треба да се пишува и зборува за жени претприемачи. Мое лично мислење е дека нема и не треба да постои разлика и поделба на мажи и жени претприемачи. Сепак, науката, светската литература и праксата покажуваат голем интерес кога станува збор за жени претприемачи. Готово и да не постои книга за претприемништво која се користи како учебник на нашите, но и на светските универзитети, а да нема цело едно поглавје за оваа тема.

Овој пост е малку подолг бидејќи претставува реобјавување на претходен пост кој се наоѓаше на артиклите на претприемач, а кои полека ги селиме тука и во исто време е надграден со нови идеи, мислења и ставови од перспектива на оваа 2011 година.

Жени претприемачи

Жени претприемачи

Сведоци сме на се подобра положба на жените во целиот свет. Еманципацијата продира во сите земји. Меѓутоа постојат и сиви зони каде правата на жените никако не се во задоволителен обем. Дали меѓу тие неповолни сиви зони каде се загрозени женски права се наоѓа и Република Македонија?

Меѓу негативностите што ја придружуваат транзицијата спаѓа и големиот број на невработени луѓе. Без оглед дали тие се отпуштени поради неработење на фабриките или поради тоа што се прогласени за технолошки вишок или воопшто не успеале да се вработат, се формира армија на невработени и сите тие негативни последици ги чувствуваат и жените. Поради ова многу жени се оставени сами да се грижат за себе и за својата егзистенција, па честопати стануваат жртви на насилство, сексуално вознемирување, проституција и др.

Меѓународните фактори се загрижени за статусот и положбата на жените во земјите опфатени со транзицијата и покажуваат интерес за што побрзо решавање на таа состојба. Се одржуваат конференции за женско претприемништво и се организираат инкубатори.

На жените претприемачи им е потребна посебна помош: образование, стекнување на специфични способности и знаења, финансирање, техничка помош, влевање на самодоверба преку различни обуки, практична настава и слично.

Потребно е да се создадат еднакви услови и можности за работа и на мажите и жените, а со тоа да се создадат и условите за отстранување на дискриминацијата на жените.

Значајна е и заштитата на жената како мајка, што значи помош при одгледувањето на деца и слично на овој план може да помогнат многу женски организации и здруженија, посебно на планот за борбата на жените за економска независност, а со тоа и за нејзината еманципација и целосна рамноправност со мажите.

Постојат повеќе пречки во развојот на жените како претприемачи (кои што претставуваат и пречки и за мажите) во Република Македонија, а како најизразени пречки се:

  • Недоволна поддршка од државата. Во последните десетина години се прават одредени напори, но тоа не е доволно бидејќи се само декларации на хартија или маркетинг кампањи.
  • Високи даноци и придонеси на плата. Во 2009 година се намалија за незначителен износ и владата донесе одлука за намалување во наредните 3 години, но сепак тоа се незначителни суми претворени во пари.
  • Високи трошоци за кредити и заеми. Кредитите и заемите од банките и штедилниците се прескапи. Со каматни стапки над 10% и специјални пресметки кои се поволни само на банките. За кредит од 4000 евра ќе треба на име на камата да вратите до 1500 евра на 3 години. Што е многу, многу е.
  • Преголеми банкарски трошоци и провизии. При земање на кредит, при плаќање на налози, при отворање на сметки, при употреба на кредитни картички банките ви земаат провизии, кои за услугата што ја извршуваат навстина се преголеми.
  • Преголеми банкарски гаранции. Се барат преголеми банкарски гаранции за извршување на одредени бизнис активности, а банките премногу наплаќаат заваков тип на услуга.
  • Висок данок на приход. Даноците се преголеми за малите бизниси кога се во фаза на започнување кога немаат доволно финансии да инвестираат во развојот, а немаат ослободувања. Да не зборуваме за данокот на добивка кој доколку не се надмине одреден износ се претвора во данок на приход без разлика дали станува збор за мал бизнис кој прави добивка или сеуште е во фазата на започнување (развој) кога е логично да се работи со загуба.
  • Недостиг на поддршка од бизнис асоцијации. Бизнис асоцијации постојат само на хартија без конкретни подршки и помош за жените претприемачи.
  • Банките не се доволно заинтересирани за малите бизниси. Да земете кредит во прва година од своето постоење кога продажбата е сеуште мала, кога сеуште немате развиено цврсти деловни односи, кога финансиите ви се најпотребни е чиста научна фантастика. Потребна ви е дебела врска.
  • Сеуште неповолно претприемничко окружување во државата. Колку и да се фалиме дека многу сме постигнале сепак не сме ни еден чекор напред. Доколку имаме вистинска претприемничка клима економскиот раст на целата држава би бил многу поголем, а невработеноста многу помала.
  • Големата невработеност и сиромаштија на локално население. Ова повлекува тешка еономска состојба за сите бизниси, а особено на малите и почетните бизниси.
  • Недоволно поттикнување на свеста. Во последно време се повеќе се посветува внимание на потикнување на свеста за жените претприемачи. Но, севкупната состојба покажуваат дека ова е сеуште на далечно ниво од потребното. Во следниот пост за статистика за жени во Република Македонија ќе видиме и некои конкретни бројки.
  • Непостоење на доволно регионално поврзување помеѓу државите, а особено во делот за малите бизниси. Не постојат вистински регионални развојни програми од локалните власти со кои ќе се зголеми поврзаноста со локалните места во соседните држави и ќе се олеснат бизнис активностите меѓу бизнис субјектите од тие локални места. Градаоначалници – Освестете се би бил добар слоган за локалните самоуправи.
  • Недоволен број на бизнис инкубатори. Во држава како Република Македонија постојат само два вакви центри, во Скопје и Битола кои во последно време превземаат соодветни напори за развој на претприемништвото како и повеќето организирани обуки за жени претприемачи. Но, сепак за да се почувствуваат поголеми придобивки потребно е секој град во Република Македонија да има по еден ваков центар кој ќе произведува 20-30 нови бизниси на годишно ниво. Повторно локалната самоуправа може да одигра голема улога, барем со простории за ваквите центри.
  • Пасивноста на Универзитетите. Иако последните години донесоа голем напредок на ова поле сепак универзитетите би можеле многу повеќе и поактивно да се вклучат како во развојот на претприемништвото, така и во развојот на жените претприемачи. Погледнете го само успехот на Google компанија која во голем дел своите успеси ги базира на универзитите и науката. Одличен проект во изминатиов период беше со бизнис стартап центарот во Скопје.

Во нашата држава практично нема статистички податоци за жени претприемачи од кои би се добила слика за тоа: колкав број жени претприемачи има во Република Македонија? Иако нешто може да се извлече од последното истражување на Државен завод за статистика во изданието насловено како Жените и мажите во Република Македонија. Кои се проблеми на кои наидуваат во текот на своето работење и на кој начин тие можат да се отстранат?  Има мислење дека нашие жени не се доволно охрабрени да започнат сопствен бизнис. Чест е случајот кај нас фирмата официјално да се води на жената, а практично со неа да работи мажот кој е вработен во државна или друга фирма, а преку “by-pass” фирмата заработува од положбата што мажот ја има во општествената фирма. Дали во наши услови мажите се плашат од успешни жени претприемачи и настојуваат да го намалат нивното влијание?

Сојузот на организациите на жените на Македонија, како и други невладини организации започнуваат активна политика за активирање и вклучување на жените во стопанскиот и политичкиот живот, како и активности во доброволни хуманитарни организации.

Домашната работа на жените не се вреднува, но како активност, традиција и обичај претставува големо национално богатсто. Но, сепак за жените да го покажат својот максимален израз, треба активно да се вклучат во процесот на стопанисување како сопственици и менаџери, со што ќе се потврдат нивните вистински способности, знаења и умешност, а со тоа и нивниот претприемачки дух, кој треба да се поддржува и развива.

Сепак, и покрај расположливиот кадровски потенцијал и способности на жените, за успешен развој на женското претприемништво е потребна силна поддршка како од страна на владата така и од страна на локалната самоуправа и сите останати чинители на соодветните простори.

Република Македонија е доста далеку од овие определби. Сепак, со направената Асоцијација на жените претприемачи АРНА (оформена во јуни 1999 год.), потоа НИЗА од Скопје, се прави одреден чекор напред во оваа сфера. Ова укажува дека свеста кај жените е се поголема за остварување на правото на работа како и подобар живот, преку подршка на идеите и нивното самовработување и со поддршка на владата, било материјална или нематеријална, жените го наоѓат своето место во македонското стопанство.

Во почеток на 1998 година Можности започнаа програма за поттикнување на женското претприемаштво.

Поради немање на статистичките податоци не е можно да се направи анализа за бројната состојба на жените претприемачи и раководители во малите бизниси.

Но, сепак бројот на жените како претприемачи и раководен кадар во малите претпријатија е во постојан пораст, што може да се објасни со:

  1. Желбата на жените за независност и самодокажување на вредноста на својата личност;
  2. Раполагање со потребни знаења;
  3. Женската чувствителност за промени и решителност за преземање ризик.

Неколку примери каде жените можат да развијат претприемничко дејство:

  1. Доколку се образовани, можат прво да пробат да ги подучаваат децата во соседството, а потоа, доколку се докажат, можат да организираат курсеви кои би се наплатувале или би можеле да отворат книговодствени фирми, адвокатски фирми, училишта за изучување странски јазици, прватни градинки, школо за компјутери, школо за математика и други предмети.
  2. Доколку умеат да шијат, да плетат, да прават слатки, познаваат фризерски занает и слично, тоа може да го усовршуваат дома или во соседство, а потoа можат де отворат кројачка работилница, слаткарницата, фризерски салон.
  3. Доколку се од селски подрачја, тогаш доколку имаат познавање од лековити билки, печурки, полжави, можат да отворат продавници каде би ги продавале даровите од природата.
  4. Доколку се занимаваат со сточарство или живинарство, тогаш се во можност да организираат производство и преаботка на млеко и млечни производи или да отвораат мини фарма за кокошки и сл.
  5. Образовани жени преку интернет можат да ги понудат свои услуги.

Ова се секако само некои примери каде жените би можеле да постигнат успех во работењето. Секако дека постојат уште многу работи кои тие можат да ги сработат и затоа секоја жена треба да се препраша и да види што најмногу знае и и одговара и каде најмногу би профитирала.

Едно истражување покажало позитивна корелација помеѓу степенот на образованието, брачната состојба и обликот на организацијата. Пример: поголем степен на образование поголема соработка со банките.

Можеби со одложување на брачниот статус и на раѓањето деца ќе се подобри положбата на жената претприемач, но тогаш може да се наруши биолошка рамнотежа. Не мора мажот секогаш да е поуспешен и тој да го води бизнисот. Можна е и промена на улогите, така што мажот повеќе внимание ќе му посветува на одгледувањето на децата, а жената ќе прибавува економска сигурност. Сопствениот мал бизнис бара целосна посветеност, за разлика од државното вработување или вработувањето кај некој друг сопственик. Основајќи сопствен бизнис, жената треба целосно да му се посвети нему. А децата? А мажот? А куќата? Има нешто што природата им го дала на жените и кое треба да се усогласи со бизнисот, а тоа е мајчинството. Дали мајчинството е реална пречка кај жените за започнување и водење на сопствен бизнис или мајчинството и дава дополнителна енергија за започнување и водење на сопствен бизнис? Но, има средини каде образованието на женските деца се завршува со основното образование. Има и средини каде што уште е незамисливо жената да излегува од областа на куќните и земјоделските работи. Дали со основање, раководење и целосно ангажирње на жената во сопствениот мал бизнис, таа ќе изгуби од женственоста? На мислење сме дека тоа нема да се случи. Но, со развојот на науката и техниката и се поголемата достапност на интернетот, жените во развиените земји наоѓаат голем простор во претприемничко дејствување. Затоа понови кованици на зборови во САД се mompreneurs (мајки претприемачи) или womenpreneurs (жени претприемачи). Интернетот и можноста за водење на бизнисот од дома овозможуваат жените да бидат и претприемачи, и мајки и жени на мажот.

Доколку бараме баланс помеѓу традицијата во Република Македонија и модерното – жените да заработуваат најдобро решение е домашен бизнис, виртуелен бизнис – бизнисот ќе работи преку компјутер. На ваков начин нема потреба од посебни простории, дополнителни вложувања и слично. Потребен е еден компјуер, интернет конекција, специјализирано знаење на жената за бизнисот кој го започнува и желба за успех.

Дали има места за некои размислувања дека децата треба да се поттикнуваат кон бизнис уште од основното образование? Ова е многу битно за иднината на децата, бидејќи со раното воведување во бизнис тие се во состојба понатаму сами да заработуваат.

 

post

Бизнис и политика – одат ли едно со друго?

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Не е сигурно, но се поочигледно е дека оваа година ќе биде изборна година. Медиумите пишуваат, партиите прават калкулации, бизнисите плаќаат даноци. Каде е тука претприемачот? Тука е преку неговиот бизнис како даночен обврзник, можеби е тука преку некоја политчка партија заради претстојните избори и можеби е тука за да биде посетен од една (можеби и повеќе) политички партии за да плати уште еден данок (оној неформалниот).

Кога пред едно 7-8 години гледав едно интервју на ТВ спроведено во САД каде ги прашуваат случајните минувачи за претседателот на САД и повеќе одговорија дека воопшто не знаат кој е претседател ми беше многу чудно. Во тоа време (а и сега нешто многу не е изменето) кај нас сите зборувавме за политика и како треба да се оправи државава. Уште на 14 години знаев кој е премиер, гледав избор на претседател (првиот во собрание – неуспешен), знаев кој беше министер за финансии, кој за правда…

Од оваа дистанца се прашувам дали сето тоа ми било потребно? Дали мораше некои вечери да ги поминувам во караница со некој кој мислеше спротивно од мене? Дали уште тогаш мораше да се делиме на сини и црвени? Тоа беа почетоците на 1990-тите. Тогаш политиката беше популарна, но и сега е.

И денес забележувам тинејџери кои знаат многу за политика и политчки партии. Дали е ова нормално? Можеби е нормално бидејќи децата уште сега знаат дека:

  • За да се вработат ќе им биде потребна книшка.
  • За да успеат ќе им биде потребна книшка.
  • За да можат “нормално” да започнат и управуваат бизнис ќе им биде потребна книшка.

Книшката треба да биде од страната на победниците.

Се прашував и уште се прашувам зошто некои “успешни претприемачи” сакаат и влегуваат во политика иако имаме мислење дека тие прават милиони, имаат огромни куќи и добар живот. Можеби е заради:

  • лична сатисфакција преку докажување и на тоа поле или пак заради
  • тоа што политиката е попрофитабилна дејниост.

Едно од овие две е точно. Кое, не можам да кажам можам само да претпоставувам.

Во изминативе 15-20 години исто така забележав некои бизниси од работ на пропаста се враќаат во светот на успешните, не заради тоа што тие претприемачи спаѓаат во категорија на “успешни претприемачи” туку заради тоа што се приклонуваат некаде и едноставно таа приклонетост го бутнува со една инекција во било каква форма или некоја позиција преку која ќе се обезбедат финансиски средства за “враќањето од мртвите”.

Имам искуство во администрација и тоа со две влади и сите имаат свои “миленичиња”. И така додека едните се “миленичиња” другите се “потенцијални миленичиња” кои си ја чекаат својата шанса по изборите, но во исто време можат да го преживеат притисокот особено од претходниот соберен потенцијал кога биле “миленичиња”. Но, што е со оние третите кои не сакаат да се приклонуваат? Тие се оставени на милост и немилост на времето комбинирано со некој притисок за да се приклонат некаде. Сепак, се е бизнис, нели.

Администрацијата треба да биде во функција на граѓаните и бизнисите во една држава. Велиме неспособна, трома администрација. Зошто? Се додека еден добар вработен биде тргнат од работното место кое најдобро знае да го работи само затоа што не сака да биде приклонет кон страната на менаџментот, а не заради неисполнување на работни обврски (иако има махери ова да биде официјалната причина) ќе велиме дека имаме неспособна и тромава администрација.

Па дали одаат заедно политиката и бизнисот? Што мислите?

Наскоро ќе подготвиме една анкета со цел да го анализираме оваа прашање и да го коментираме уште подлабоко.

post

Структура – Дали да се прифати?

Структура - да се прифати или не?

Структура - да се прифати или не?

Дали да се прифати или да се спротивставува на структурата?

Едно многу контрадикторно прашање, всушност прашањето е ОК, но одговорите кои доколку би ги побарале би биле контрадикторни.

Можете да дојдете до два вида на одговори:

  • Структурата, системите, процедурите креираат бирократија и негативни последици за креативноста и претприемничкиот дух на една компанија.
  • Структурата, системите, процедурите креираат ред и дисциплина и притоа овозможуваат работите да бидат завршени.

Контрадикторноста доаѓа поради фактот што и двата одговори се точни. Во неколку постови на претприемач во изминативе 2 години пишував за едно мое лично искуство во бирократска организација и негативните последици од таа бирократија креирана преку структури, системи, процедури…

Но, пишував и дека за успешноста во сите полиња на работење на бизнисот е потребно да градите системи кои ќе го поддржат развојот на бизнисот, а притоа ќе Ви ја олеснат Вашата работа како претприемач.

Сепак, она што е најважно е дека одговорноста е кај Вас – претприемачот. Вие сте одговорни за градење на тие системи и структури. Па затоа и вие сте одговорни за тоа да ги направите да функционираат како што треба, без да ја уништат креативноста во бизнисот.

Па како да се постигне тој баланс помеѓу структурата и системите без да се изгуби на креативноста и ефикасноста и ефективноста.

Првин, реба да бидете свесни дека системите и структурата служат за да обезбедат пофокусирана креативност. Што значи пофокусирана креативност?

Да се биде фокусирано креативен значи да не се троши креативноста на неважни работи во бизнисот, туку да се насочи на вистинските елементи кои носат долгорочна успешност. А сите останати некруцијални бизнис елементи, структурата и системите ќе ги завршат по еден вообичаен администраторски пат без да биде потребна ни трунка од креативноста.

Фокусирана креативност е да се насочите на:

  • иновација – производот и/или услугата кои креираат вредност за Вашиот бизнис, и
  • маркетинг – да го прикажете и донесете производот и/или услугата до купувачот.

Тоа е суштината на еден успешен бизнис.

post

10 Прашања кои треба да ги одговорите пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Се ближи новата година и овој период бара многу работа за претприемачи. Потребна е соодветна подготовка за годината која следува. Се разгледуваат остварувањата и успесите од оваа година. Но, сето тоа е безполезно доколку не се извлечат соодветни заклучоци со кои во новата година ќе влеземе поподготвени и секако подобри.

Искуство од една година водење на бизнис за еден претприемач претставува големо искуство. Затоа, само како еден потсетник за тоа кои прашања како минимум ќе треба да си ги поставите и одговорите во овој период од годината. Сепак, сигурно се подготвувате и за прославата за дочек на новата година.

1. Дали планираното за 2010 го остваривте?

Како претприемач, сигурно 2010-тата година сте ја зпочнале со соодветен план за истата во кој ги имавте поставено целите за 2010 и секако акционен план со потребни постигнувања во бројки (мерливи). Доколку е така, а би требало да биде така, отворете го листот хартија или Excel табела во која се наоѓаат тие планови и планирани постигнувања и споредете ги со актуелните бројки. На пример, една цел е да се оствари приход од 20.000.000 денари за 2010 година. Вистински остварен приход може да биде еднаков, поголем или помал од таа сума. Доколку е поголем или еднаков тогаш вие сте ја оствариле зацртаната цел.

Во тој акционен план означете ги стие активности кои предизвикале за остварување на целта која навистина сте ја оствариле.

2. Она што го остваривте зошто го остваривте?

Откако ги имате означено остварените цели и акциите кои придонеле за нивното остварување веднаш поставете си го прашањето ЗОШТО. Зошто успеав да остварам приход од толку и толку денари, зошто профитабилноста ја зголемив за толку и толку проценти? Зошто…

Кои активности сте ги превзеле за тие успеси?

Ова се значајни прашања бидејќи ќе ви дадат одговор за она што сте го направиле исправно во годинава која што изминува, а што навистина дава добри резултати.

3. Како да ги подобрите процесите кои придонесоа до тоа остварување?

И она што може да се чини како најдобро секогаш може да биде подобрено. Разгледајте ги сите процеси кои придонеле до остварување на поставените бизнис цели и активностите од кои се составени. Размислувајте како да ги подобрите, како да ги повторите за следната година.

4. Она што не го остваривте зошто не го остваривте?

Мора да бидете објективни и да кажете доколку нешто не сте оствариле дека навистина не сте го оствариле. Зошто не е остварено? Дали целите биле поставени превисоко? Дали сте направиле погрешно предвидување за иднината?

Сите овие прашања ќе ви помогнат да ги лоцирате елементите кои претставуваат слабост за Вашиот бизнис.

5. Како да ги елиминирате препреките кои довеле до тоа неостварување на планираното?

Сите препреки кои ви се појавиле на патото во текот на 2010 година и кои довеле до неостварување на некои планирани цели потребно е да ги елиминирате. Ова всушност претставува и подготовка на подобрување за Вашиот бизнис во новата година.

Сето она што како причина за неостварување ќе го одговорите во 4-тото прашање ќе претставуват препреки за кои ќе треб да најдете начин како да ги елиминирате.

6. Што сакате да постигнете во 2011?

И повторно, нов циклус на планирање за нова година кој е пред нас. Што е она што сакате да го постигнете во 2011 година? Бидете специфични со желбите, бидете објективни во согласност со реалните можности и секако барем малку обидете се да ги подобрите бизнис перформансите.

Направете листа на она што сакате да постигнете во 2011 со мерливи индикатори како догодина ова време повторно би си ги поставувале овие прашања.

Не заборавајте во овие планови да ги вклучите и препораките од одговорите во 5-тото прашање.

7. Како планирате да го постигнете тоа во 2011?

Лесно е да се постави цел, но цел без конкретни акциони чекори кои во пракса ќе се спроведат и кои треба да доведат до остварување на таа цел имаат многу послаб потенцијал за вистинско остварување.

Затоа одговорете на оваа прашање преку изготвување на конкретна листа на чекори за секоја поставена цел.

8. Дали се подготвени процесите за тие постигнувања во 2011?

Без бизнис процеси тешко дека може да оствари било што во бизнисот. Затоа, уште сега проверете дали ги имате изградено и воспоставено сите бизнис процеси кои ќе ви бидат потребни за реализирање на целите за 2011. Доколку нешто недостасува, поправете го или вклучете го во планот за 2011 како нешто што ќе треба да се направи.

9. Што ќе подобрите во 2011?

Од досегашните прашања веќе можевте да забележите големи можности за подобрувања. Излистајте ги сите и ставете ги на хартија за да не се заборави, и секако за да имаат поголема тежина.

10. Како ќе го подобрите тоа во 2011?

И секако 10-тото прашање е како да ги подобрите сите идентификувани можности за подобрување од 9-тото прашање.

post

Задолжителна тарифна информација

Царински процедури - ЗТИ

Царински процедури - ЗТИ

Сакам да започнам една сосема нова категорија на постови на претприемач која ќе се однесува на царински процедури, прописи, процеси и искуства на бизнисите и особено малите бизниси. Голем број на бизниси имаат контакти со овие царински елементи. Чувствувам дека постои и незадоволство. Затоа ќе се обидам согласно моето искуство (7 години во ЦУРМ) да пренесам некои знаења кои едноставно ќе можат да ви помогнат.

Како прв пост за оваа намена избрав да напишам нешто за задолжителна тарифна информација.

Пред извесен период разгледувавме една опција за увоз на одредени стоки. Тарифирањето на тие стоки е малку потешко бидејќи се базира на некои хемиски состојки. Но, уште потешко е што постои можност два различни тарифни броеви да доведат до две различни даночни стапки (едната 5% и втората 18%). 13% разлика на една пратка од 10.000 евра претставува 1300 евра давачки. Логично веднаш мозокот ми проработи како цариник. Што доколку мене ми дојде за преглед еден таков камион, каде наместо 18% данок во царинската декларација е пресметан 5% ДДВ. Еве што би направил:

  • Како Виш цариник контролор доколку нема соодветни документи кои би ја поткрепиле декларираната тарифна ознака и доколку системот ја селектира декларацијата на зелен кнал би ја префрлил на црвен канал и би дал забелешка проверка на тарифна ознака да се изврши од страна на царинскиот работник.
  • Како Виш цариник кој врши преглед на документи и стока првин би ги проучил сите документи, би го отворил прирачникот за царинење на стоки за да видам каде е тарифирано и каде би можело да биде тарифирано. Би го отворил Коментарот на Хармонизираниот систем и би прочитал дополнителни информации за декларираната тарифна ознака и секако за онаа која води до повисока даночна стапка. Би го повикал декларантот и би побарал дополнителни документи во вид на сертификат за квалитет, состав… Во меѓувреме ќе извршам преглед на стоката и ќе земам примерок за да го споредам она што го пишува на пакувањето со она што е напишано во сите досега споменати документи, правилник, коментар. Доколку по сето вакво анализирање и проверки не сум сигурен сеуште, а декларантот не ми достави цврсти докази дека тоа е тоа едноставно ќе преминам на земање на мостри со записник. За да го ослободам камионот ќе треба да биде обезбеден царинскиот долг доколку анализата покаже дека тарифната ознака е онаа за која сум се сомневал.

Оваа постапка ќе ја задржи нашата пратка на царинсиот терминал. Во исто време ќе бара и врзување на средства за плаќање на разлика во давачки за што можеби имаме право. Се усложнува процедурата и за бизнисот и царинските работници.

Затоа во вакви ситуации кога тарифирањето е сложено и може да предизвика сомнеж најдобро е да се има Задолжителна тарифна информација.

Што претставува Задолжителна тарифна информација (ЗТИ)

Како што кажува и самото име ЗТИ претставува информација која е издадена од овластен орган (Царинска Управа) и која има одредена прaвна сила за применa во спроведување на царинските постапки.

ЗТИ е регулиран со членовите 10 и 11 од Царинскиот закон како и членовите од 6 до 10 во Уредбата за спроведување на царински закон.

Членот 10 од Царинскиот закон вели:

(1) Секое заинтересирано лице може да бара информации цо поглед на примена на царинските прописи од царинскиот орган. Такво барање може да биде отфрлено ако не се однесува на конкретно предвиден увоз или извоз.

(2) Информацијата од ставот 1 на овој член, царинскиот орган бесплатно му го дава на барателот во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето. По исклучок може да се надоместат трошоците на царинскиот орган што настануваат, а особено трошоците настанати како резултат на вршење на анализи и експертизи за стока или поради враќање на стоката до барателот на информацијата.

Значи ЗТИ се добива врз основа на барање поднесено до царинскиот орган кој мора во рок од 15 дена да одговори на барањето. Затоа пред да ја започнете увозната процедура во вакви ситуации поднесете барање за ЗТИ.

Правна сила на ЗТИ

Во членот 11, став 2 од Царинскиот закон стои:

(2) Задолжителната тарифна информација или задолжителната информација за потекло, е задолжителна за царинскиот орган кон имателот на информацијата само во поглед на тарифното распоредување или утвр-дување на потеклото на стоката. Задолжителната та-рифна информација или задолжителната информација за потекло е задолжителна за царинскиот орган само во поглед на стоката за која царинските формалности се завршуваат по денот на кој информацијата била доста-вена. Во случај на потекло се работи за формалности кои се однесуваат на примената на одредбите од члено-вите 24 и 26 став (2) точка б) на овој закон.

Доколку навистина стоката за увоз одговара со описот на стоката наведен во ЗТИ царинскиот орган мора да ја прифати таа тарифна ознака како единствена законски валидна тарифна ознака, а со тоа и царинските давачки предвидени согласно Законот за царинска тарифа.

Барањето, целосната постапка и потребната административн такса за издавање на ЗТИ можете да пронајдете на сајтот на Царинска Управа во делот за Задолжителна Тарифна Информација.

Во секој случај обезбедете се со соодветните документи пред да пристигне камионот на границата, бидејќи тогаш притисокот е многу поголем.