post

Дизајн и пакување на производот

Дизајн и пакување на производот Со зголемување на понудата на производите на меѓународниот пазар, на купувачите им се овозможува голем избор, па во борба за освојување на меѓународните купувачи, компаниите влегуваат и со соодветно дизајнирање и пакувања на производите.

Застарувањето на производот често се должи на застарување на дизајнот.

Со добриот дизајн, производот добива повеќе на атрактивност отколку на квалитет. Со квалитетно дизајнирање може да се подобри естетската вредност на производот. Може да се олесни и поевтини производство. Да се олесни пакувањето, транспортот и чувањето во магацините и во продажните објекти. За потребите на дизајнирањето често се ангажираат дизајнерски куќи, но и уметници кои можат да работат самостојно. Најчесто во рамки на компанија се организира работење на дизајнерите, за да може компанијата да има комплетен увид и контрола во дизајнерската работа, како и да спречи одлив на информации.

Пакувањето мора да задоволи повеќе цели. Треба да се користи за привлекување на внимание на купувачите со својот изглед или атрактивност. Преку соодветно пакување треба лесно да може да се дознае за внатрешната содржина, да може лесно да се отвара и затвара. Да биде со соодветна големина за да може непречено да се смести на продажните пунктови. На пакувањето треба лесно да се читаат натписите и упаствата.

Ознаките на производот мора да содржат:

  • Име на производот
  • Име на призведувачот или дистрибутерот
  • Опис на составот и начин на користење и рокот на траење на производот
  • Тежина во бруто или нето износ
  • Земја на потекло

Потребно е да се води сметка и за обележување на мерните единици. Иако постои меѓународен систем на мерни единици сепак функционираат и други мерни единици. Особено во англиската доминантна зона паралелно функционираат други мерни единици (Пример: литар-галон и слично), па доколку се процени дека тоа е неопходно на пакувањето може да се истакнат и двете мерни единици.

Пакувањето треба физички да го заштитува производот од механички оштетувања и растурање при далечни и тешки транспорти, што е честа појава во меѓународното работење бидејќи транспортните патишта во различни земји се со различни нивоа на квалитет.

Пакувањето треба да го чува производот од расипување при долг престој на производот во магацините или во продажните објекти. Одредени пакувања имаат за цел да го заштитат производот од неповолни климатски услови, како од високи така и од ниски температури, влага, песок и слично. При тоа треба да се води сметка, пакувањето да биде економично, односно да не биде скапо, а со развојот на еколошката свест пакувањето не смее да ја загрозува животната и работната околина, а треба да постои можност по употребата пакувањето да може да се рециклира.

Пакувањата од страна на купувачите подоцна можат да добијат и други употребни вредности. Пример: во пакувањата од сокови може подоцна да се чуваат млеко, алкохол и слично. Во кутии и гајби може да се чува и транспортира и друга стока, што претставува дополнителна корист за купувачите.

post

Глобални маркетинг цели – Пазар во однос на производот

Секоја компанија настојува да ги задоволи побарувањата на одредениот пазар, а како следен чекор настојува да изврши експанзија на нов пазар. Тоа може да го направи со нов или со стар производ, а пласманот може да се одвива на нов или на стар пазар. Тоа е прикажано на сликата. Пласирањето на производите на нови пазари, овозможува остварување на глобални маркетинг цели.

Глобални маркетинг цели во однос на производ и пазар

Овие активности можат да се поделат во четири групи:

  • Продажба на стар производ на стар пазар. Ова е состојба на почеток на работење на компанијата. Компанијата нема доволно средства ниту искуства, па настојува да се одржи на стариот пазар, најчесто тоа за компанија претставува домашниот пазар. Овој начин на работење треба да се менува и да се воведуваат новини, во смисол на освојување на нови производи и нови пазари.
  • Продажба на нови производи на стар пазар. Со понатамошно зајакнување, компанијата воведува нови технологии како и нови производи, но сеуште работи на стариот пазар. Некогаш доколку се работи за Европски или некој друг силен пазар, тоа е одлична позиција. Но, во природата на секој човек е да сака да оди напред, па сите овие чекори одат во прилог на зајакнување на компанијата и нејзина подготвеност во следните чекори да излезе на новите пазари.
  • Продажба на стар производ на нов пазар. Кога компанијата ќе ги задоволи потребите на домашниот пазар, а доколку истражувањата покажат дека има побарувања за нејзиниот производ на нов пазар, тогаш компанијата настојува да изврши експанзија на тој пазар. Некогаш структурата на производот овозможува да се настапува и на стариот и на новиот пазар со ист производ, а некогаш тоа се должи на немање на средства, знаења или искуства.
  • Продажба на нови производи на нов пазар. Кога компанијата ќе постигне целосна силина, ќе биде во состојба да пласира нови производи на новите пазари, бидејќи има направено маркетинг истражување, со кое е согледано побарување за одредениот производ на нов пазар. Со овие активности компанијата ќе освојува нови пазари и ќе ги зголемува своите профити.
post

Меѓународно маркетинг истражување

Маркетинг план Постојат производно, продажно и маркетинг насочени компании.

Производните компании главен акцент ставаат на производството, продажните компании се насочени кон продажбата, додека маркентинг насочените компании применуваат цел сет на активности врзани за производството, продажбата и односот со купувачите. Тие активности се насочени кон создавање на корист и за компанијата и за купувачите.

Најголемиот број на маркетинг истражувања се занимаваат со опишување и објаснување на навиките и однесувањата на купувачите при купувањето. Компаниите треба да собираат информации за купувачите, што дава можност да се направат дополнителни маркетинг анализи за што се потребни софтерски програми.

Компаниите до тие сознанија најчесто доаѓаат преку сопствени искуства и истражувања. Врз база на тие сознанија, компанијата кај своите производи развива одредени конкурентски предности. Покрај константното набљудување на конкуренцијата, во маркетинг активностите главно тежиште се става на набљудување на купувачите. Заради тоа потребно е да се дизајнираат производи или услуги кои имаат за купувачите најголема вредност. Односно, производот треба да задоволи одредени очекувања, па дури и да предизвика восхит кај купувачите или нивните пријатели (нови коли, мобилен телефон, мебел). Потребите и очекувањата на купувачите се менлива категорија, па мора континуирано да се следат и истражуваат.

Ова е особено потенцирано кај модните артикли, бидејќи промените на модни артикли знаат да бидат чести. Модата настанува кога голем број на луѓе купуват одреден производ. Долгорочноста на модата е менлива и се пократка, заради големата мобилност на луѓето.

За одреден производ многу значи имиџот на компанијата која го произведува, а значајно е и која земја стои зад производот. Голем број на компании своите фабрики ги лоцираат во различни земји, па доколку производот е од реномирана компанија со позната марка, нема големо значење дали е произведен во држави кои имаат лоши репутации по прашање на квалитетот на производите.

Марката се користи за индентификација на производот или на производната компанија. Марката носи неопиплива актива која ја зголемува вредноста на компанијата и на производот. Компанијата која поседува јака марка, дури и да пласира производ со понизок квалитет, тој производ повеќе ќе се продава поради својата марка, отколку подобриот производ од непозната марка, дури и да понуди сличен квалитет и пониска цена. Опасност за марката претставува воведувањето на нов производ кој не оди, бидејќи тој неуспех може да се врзе и за останатите производи на компанијата. Заради тоа пожелно е на новите производи, покрај името на главната марка, да се додаде уште едно име. Тоа е најлесно видливо во автомобилската индустрија.

Меѓународното маркетинг истражување овозможува да се соберат информации за пазарот, како и за самото работење на компанијата, врз база на што маркетинг експертите ќе определат понатамошни акции. Компанијата прво мора да ги осознае желбите и потребите на купувачите, па потоа да се концентрира на создавање на производот или услугата. Доколку се поседува одреден производ, тогаш повратните информации од купувачите многу вредат. Тука се согледуваат ставовите на купувачите кон производот, дали е добра цената, дизајнот, квалитетот, дали имаат слични параметри во однос на конкурентскиот производ и слично. Некогаш маркетинг експертите знаат дека нешто не е во ред (или на пазарот или во самата компанија), но не можат да согледаат во што е проблемот.

Истражувањата имаат за цел да дадат информаци во што е проблемот и какви се можностите кои треба да се искористат. Менаџерите се концентрират на истражување и отстранување на тие проблеми како и на искористувањето на можностите. Маркетинг истражувањата се скапи, но доколку придонесуваат за подобро работење на компанијата и освојување на нови пазари, треба да се користат. Во светски рамки компаниите годишно издвојуваат 10 милијарди долари за маркетинг истражувања. Процентуално тоа изнесува 39 % во САД, 40 % во Европа и 9 % во Јапонија, додека целиот останат свет вложува во истражување 12 %. Ова е уште еден показател за економската моќ што ја поседуват споменатите земjи.

При спроведување на истражувањето мора да се соберат доволен број на податоци, за истражувањето да биде точно. Мал број на примероци не овозможуват реално согледување на состојбата. Доколку е можно, потребно е да се користат различни извори за собирање на податоците. При отпочнување на истражувањето, односно пред собирање на информациите, прво треба да се дефинираат прашањата кои ќе се истражуваат. Потоа се определуваат методи преку кои ќе се собираат податоците. Тие податоци се анализираат и понатаму следи искористување на добиените информации.

При спроведување на истражувањето мора да се води сметка за:

  • брзината на собирање на информациите,
  • сигурноста на добиените информации,
  • трошоците на кои е изложена компанијата при собирање на информациите.

Добиените податоци доколку се прикажат во форма на табели, графикони или дијаграми ќе имаат поголема прегледност. Врз база на добиените информации се донесуваат заклучоци и се носат одредени препораки.

Постои канцелариско истражување каде што се врши анализа на податоците, претходно добиени од различни извори. Постои и теренско истражување, каде што истражувањето се врши од “човек до човек” во еден потесен или поширок регион, во зависност од целта што е поставена во истражувањето.

Истражувањето најчесто се врши со анкета, со набљудување и со експерименти. Информациите се прибираат со лично интервју на улица, дома, на работното место. Прашањата можат да се постават преку телефон, преку пошта, преку интернет и слично.

Големите компании, своите активности најмногу ги насочуваат врз база на информациите и заклучоците пласирани од своите истражувачки центри. Компанијата мора да го следи и поширокиот развој на техниката, пазарот и другите параметри, за да останат во тренд, бидејќи има и други истражувачки центри, кои ги организираат други компании, универзитети или институти. За истражувачките потреби, покрај своите капацитети, можат да се користат и специјализирани агенции. Овие агенции работат професионално, оспособени се да вршат одредени анализи, а можат да исполнуваат и специјални барања на компаниите, кога се во прашање добивање на специфични податоци. Информациите можат да се добијат и од конкурентите. Цели служби на развиените земји се занимаваат со индустриска шпионажа. Во денешно време како и во иднина, тој облик на шпионажа ќе биде подоминантен во однос на воената и политичката шпионажа.

Истражувањето може да се спроведе со набљудување на купувачите. Доколку тие не знаат дека некој ги набљудува, се добиваат најточни представи за однесувањето како и за вербалниот контакт што го има купувачот со продавачот, па дури може да се следи и вербалниот коментар помеѓу група на купувачи, нивните замерки, забелешки, критики и пофалби. За та цел се поставуваат камери и се набљудува целото работење. При тоа, треба да се води сметка дека постои законска обврска да се истакне натпис, дека се вклучени камери за набљудување. Камерите стануваат се повеќе наша секојдневност, па се поголем број луѓе се однесуваат кон камерите како и да ги нема. Некои истражувачи одат и до таму што анализираат и фрлена амбалажа и врз база на тоа заклучуваат кои производи почесто се користат. Оваа метода се користи доколку за одреден производ, како алкохол или цигри, купувачите не сакаат да дадат точни одговори. Пример: Доколку малолетниците конзумираат алкохол или цигари, тие нема секогаш да дадат искрен одговор, па тогаш се прибегнува на пребројување на фрлената амбалажа.

Кога компанијата сака да истражи одреден, за нејзе нов меѓународен пазар, тогаш користи разни показатели врз база на кои се добива слика за одреденото подрачје. Влезот на новиот пазар, зависи од економската состојба, како и од техничко-технолошкиот развој на регионот. Не може да се пласираат производи и услуги доколку купувачите немаат доволно пари или немаат технички можности. Пример: Не може да се пласира користење на интернет, доколку мал број на луѓе поседуваат компјутери.

Информациите за определениот пазар можат да се добијат преку извештаите објавени од страна на Обединетите Нации, Светската банка за обнова и развој, ММФ, како и статистички и други податоци објавени од страна на матичната држава. Користењето на овие податоци е бесплатно, бидејќи меѓународните организации, како и матичните држави плаќаат луѓе кои вршат анкети и истражувања, а добиените податоци се точни (освен кај одредени држави кои сакаат да прикажат некои работи подобри отколку што се).

Сите овие информации се лесно достапни преку интернет. Деловната состојба во определена земја може да се анализира и преку GDP – бруто националниот производ, а многу може да се дознае за економската состојба во една земја и преку анализа на платниот промет. Врз база на овие податоци, државите се делат на развиени, земји во развој и на неразвиени.

Компанијата, врз база на овие показатели, може да согледа дали има купувачи за своите производи во определената земја. Доколку земјата е неразвиена и сиромашна, луѓето ќе имаат помалку можности за купување на одредена стока. Секако дека и таму ќе има побарувања, но во одреден процент, колку што изнесува бројот на богати луѓе, а сигурно во тие услови не може да се смета на продажба како во богатите и развиените земји. Доколку земјата е сиромашна, а голема како Кина и Индија, сепак ќе се најдат голем број на купувачи, дури и ако бројот на купувачите во однос на вкупниот број на население е процентуално мал. Забележано е во одделни сиромашни земји, дека има голема побарувачка на определени скапи производи, за кои во почеток се сметало дека нема да има купувачи, бидејќи тие производи определуваат статусен симбол на поединецот, на што се исклучитолно осетливи купувачите во сиромашните земји.

post

Грешки во меѓународниот маркетинг

Глобализација Како и за секоја работа, така и за работење на меѓународниот маркетинг потребно е менаџерите да поседуваат искуство и знаење, за компанијата да може да постигне успех во работењето.

Претходните знаења стекнати на националниот пазар, се значајна основа за понатамошното работење во меѓународните услови, но сепак работењето во меѓународните услови бара дополнителни знаења и вештини.

Колку е националниот пазар посилен, компанијата полесно развива конкурентски предности, па излегувањето на меѓународниот пазар претставува полесна задача. Со понатамошното работење, менаџерите во тие компании стекнуваат потребни знаења и поголемо искуство во водењето на компанијата. Некогаш одредени менеџери се праќаат во други компании на дообука или се врбуваат веќе докажани кадри од други компании.

При работењето се можни и грешки кои се анализираат и се настојува понатаму да не се повторуваат. Најчести грешки при извозот се:

  • Непочитување на стручните совети пред да се отпочне со извозните активности. Бидејќи желбата за работење и докажување е голема, некој совет може да се заборави или да се свати површно и поради тоа компанијата да не се подготви соодветно за можните последици. Никогаш не препорачуваме брзање, а она што на почеток се чини дека е лесно или дека се подразбира, подоцна станува голем камен на сопнување и создава многу проблеми на компанијата и бара многу време, енергија и пари за негово исправување.
  • Недоволно ангажирање на врвниот менаџмент при совладување на почетните тешкотии и обезбедување на финансиски средства. Врвниот менаџмент може да ги прецени сопствените можности, па компанијата иако има добри перспективи, поради лошо подготвена логистика, да застане на половина пат. Тоа се автоматски губитоци на компанијата, бидејќи тука не постои простување на грешките и секогаш мора да се оди со сигурни податоци и подготвени ресурси за реализирање на маркетинг задачите.
  • Недоволно внимание при селектирање и избирање на меѓународните дистрибутери. Секој одбран дистрибутер, станува на некој начин партнер на компанијата. Но, секаде може да се најдат измамници, односно компании кои се прикажуваат во подобро светло отколку што се, но и компании кои немаат таква цел, но не поседуваат квалификации или ресурси за да ги реализираат сите дистрибутерски задачи, кои се поставуваат пред нив. Избор на лош партнер, подразбира однапред создавање на проблеми за компанијата. Затоа е потребно внимателно да се проверат податоците и биографијата на потенцијалниот дистрибутер, но добро би било да се побара и препорака за другите нивни соработници и лично да се разговара со нив.
  • Барање нарачки, наместо да се создават услови за профитабилно работење и континуиран раст. Без нарачки компанијата не може да функционира, но како се зголемуваат нарачките, паралелно треба да се настојува да се подобри работењето на компанијата за да се оствари раст. Доколку не доаѓа до подобрување, купувачите стануваат незадоволни и ќе дојде до супституција со производите од друга компанија, со што ќе се загрози работењето.
  • Занемарување на извозните активности кога на домашниот пазар има побарување. Мора паралелно да се работи и во двата сектора. Инаку поради се поголема отвореност на меѓународните пазари, компанијата може да се доведе во состојба да остане без матичниот пазар.
  • Неутрален однос кон меѓународните дистрибутери. Компанијата мора да внесе конкурентност помеѓу дистрибутерите. Бенефициите кои се даваат на дистрибутерите, треба да бидат врзани за резултатите во работењето, а не врз база на некои други параметри (пријателски односи, лоша процена и слично). На тој начин ќе дојде до пречистување на дистрибутерите и ќе останат да работат само неколку најдобри. Така да, доколку било кој дистрибутер покаже слабост во работењето, другите дистрибутери ќе бидат во можност да ја превземат работата.
  • Следење на униформното однесување во сите земји. Секој пазар има свои особености. Тие особености мора да се истражат и искористат во работењето.
  • Неспремност да се модифицира производот за потребите на различни земји. Некогаш концептот на компанијата може да се базира на неменување на производите. Но доколку технолошките процеси тоа го овозможуват, а се работи за добар пазар, тогаш е пожелно да дојде до модифицирање на производите.
  • Пропуст на компанијата, продажните, сервисните и гарантните услуги да ги понудат на локалните јазици. Бидејќи голем број на луѓе разбират англиски ова и не мора да е претешка задача, но секако поголема продажба ќе се оствари доколку документација би била преведена на локалниот јазик.
  • Несогласување околу лиценцирање и други начини на поврзување со меѓународните партнери. Секој проблем со партнерите негативно се рефлектира на работењето на компанијата. Било кој проблем да се јави, тој треба веднаш да се реши на највисоко ниво, за да не се загрози вкупниот бизнис.
  • Лоши сервисни и други услуги. Сервисот и другите услуги ја презентираат сликата на компанијата и често претставуваат услов за купување или некупување на одредениот производ. Доколку се има сознание дека сервисот е ненавремен, лош или да не можат да се обезбедат делови за замена тогаш ќе се загрози работењето на компанијата.

Сите овие или други грешки кои ќе се констатираат, компанијата мора итно да ги одстрани, за да биде во состојба да продолжи со работење на меѓународниот пазар.

post

Меѓународни маркетинг стратегии

Стратегија Кога станува збор за маркетинг неминовно е да постојат и маркетинг цели. Што е тоа што треба да се постигне со маркетингот?

За реализација на целите ни требаат стратегии. Истото е и кога станува збор за меѓународен маркетинг.

Маркетинг стратегијата ја третираме како начин за остварување на маркетинг целите. Тие во однос на своите начини на дејствување се препознатливи како:

  • Дефанзивни стратегии, кои се креираат и користат за да се спречи губење на постојните купувачи или пазари. Типични дефанзивни стратегии се: подобрување на имиџот на компанијата, подобрување на квалитетот на производите, подобрување на начинот на испораката, подобрување на одредени перформанси на производите, продолжување на векот на траење на производите, надминување на грешките во производството, систематско намалување на цени. Недостаток на дефанзивните стратегии е тој што ниту една компанија не може долг временски период само да брани стекнати позиции на пазарот, па често станува жртва на појаки или поагресивни компании. Оваа стратегија е добра доколку се комбинира со други стратегии, односно доколку на еден пазар се применува дефанзивна стратегија, но истовремено се применува и развојна и напаѓачка стратегија за другите пазари.
  • Развојните стратегии се креираат со цел на постојните купувачи да им се понуди поширок асортиман на производи. Тие се базирани врз модификација на производот или усвојување на нов производ на постојниот пазар. Типични развојни стратегии се: проширување на асортиманот на производите, изнаоѓање нови можности на употреба на производот, развој на нови производи.
  • Напаѓачката стратегија се формира со цел да се освојат нови купувачи, како на постојниот, така и на новиот пазар. Карактеристични напаѓачки стратегии се: менување на политика на цени; користење на нови канали за продажба; влегување на нови пазари; влегување во нови индустриски сектори; воведување на нови технологии.

Најзначајната алатка за реализирање на маркетинг цели, претставува маркетинг миксот. Тоа што меѓународниот или домашниот пазар нуди шанса за работење, не значи дека компанијата лесно ќе ја зграби. Со цел да се продаде одредениот производ/услуга се врши комбинирање, односно миксирање на различни маркетинг активности. Менаџерите ги користат следниве варијабли од маркетинг миксот: Производ/Услуга, Цена, Дистрибуција, Промоција. Со комбинирање на елементите од овие варијабли, менаџерите ги дефинираат потребните параметри за реализација на маркетинг целите.

Пред да се отпочне со производство, потребно е да се изврши проверка дали постои сличен производ на домашниот или меѓународниот пазар, колку тој производ е баран во последниве пет години, дали тоа барање е задоволено и во колкав обем.

Врз основа на тоа колку производот бил баран и нуден, се утврдува дали има место за нов или сличен производ и доколку има се отпочнува со подготовките за производство.

Вредноста на производот се утврдува врз основа на остварениот квалитет, функционалност, трајност, естетика и цена. Доколку купувачите во производот пронајдат за себе употребна вредност, тогаш маркетинг целите во голема мерка се лесно остварливи.

Компанијата може да произведе совршен производ, но тој да не се продава поради недоволна информираност на купувачите, кои не можат во тој производ да пронајдат за себе употребна вредност.

Производството не може да биде успешно, се додека не се изнесе производот на пазарот и не се оствари продажба во задоволителен обем. Одредени производи можат да бидат исти на меѓународно ниво, но доколку, конкуренцијата на локално ниво е јака, а постои доза на патриотско купување, тогаш производите треба да се прилагодат за потребите на локалното ниво.

Одредени компании ги прилагодуваат своите производи спрема условите кои владееат во определени држави или региони, пример: за Афричкиот пазар, каде владеат поголеми температури или за Рускиот пазар, каде владеат пониски температури или за потребите на одделните пазари каде се почитуват одредени верски, културолошки или други чинители. Пример: Производството на автомобили со волан поставен на десната или левата страна, испорака на храна со специфицирани карактеристики за определените пазари и слично.

Сите производи кои компанијата има намера да ги пласира на меѓународниот пазар, мора да ги задоволат пропишаните стандарди. Тука се мисли на квалитет, големина, користење на стандардни мерни единици и слично.

Во меѓународните услови на работење секогаш постои притисок за постигнување на поголем квалитет, поефтина цена, подобар дизајн, поефтина испорака на производот, со што се постигнува поголема конкурентска предност и се остварува поголем профит. Современиот маркетинг не дозволува во долг временски период да се остане со ист производ. Доколку не воведе нов или модифицира постоечки производ, компанијата ризикува да престане да биде атрактивна и можно е купувачите да ја одбегнуваат, со што таа ќе биде отстранета од пазарот.

Постојат неколку начини за воведување на производ:

  • сосема нов производ,
  • нов но од иста област како и претходниот производ,
  • а може да се изврши и модификација и усовршување на постојниот производ.

Компаниите издвојуваат се поголеми средства за развој на производите, за да можат да одговорат на барањата кои доаѓат од страна на купувачите, како и да можат да реагираат, како контрамерка, во случај конкуренцијата да воведе нов производ. Новите технологии овозможуваат создавање на нови производи, кои можат да ги заменат постоечките производи. Значи, со вложување во развој на технологијата, компанијата се стекнува со конкурентската предност.

Кога се анализира производот треба да се запазат определени негови карактеристики: квалитет, големина, тежина, пакување, дизајн, облик, боја, марка, сервис, гаранција, асортиман…

Менаџерот треба да разбере на кој начин производот задоволува одредена потреба, кој негов елемент особено ја креира мотивацијата кај потрошувачот за да го купи тој производ и соодветно на тоа да реагира, задоволувајќи ги потребите на купувачите.

Опасност за компанијата претставуваат обидите за фалсификување на производот. Одредени производи тешко се фалсификуват поради сложеноста на техничките процеси, но и поради начините на продажбата, потребните сервиси и гаранции. Сепак останува голем број на производи кои се подложни на фалсификување. Фалсификувањето на производите е вносен бизнис, бидејќи постои мал ризик, а се остваруваат големи профити. Фалсификувањето се спроведува на следниов начин:

  1. Со целосно копирање на производот.
  2. Пласирање на производи кои се разликуват во однос на оригиналот во одредени ситни варијации.
  3. Давање на имиња на производи кои асоцираат на познати марки (adidas-adibas; samsung-samsvng), што кај купувачот може да внесе забуна.

Постојат неколку стратегии и тактики кои се користат за подобрување на производите.

Стратегија: Промена на производното портфолио.

Тактика:

  • Проширување на производството и покривање на поширокиот пазар.
  • Креирање на различни верзии на одделни пазари.

Стратегија: Изоставување, додавање или модифицирање на производите.

Тактика:

  • Исфрлување на маргиналните производи.
  • Креирање на нови производи.
  • Лансирање на модифицирани производи. 

Стратегија: Промена на дизајн, квалитет или перформанси на производите.

Тактика:

  • Унапредување на квалитетот на производите.
  • Обид за дистанцирање од производите на конкуренцијата. 
  • Развој на иноваторство. 
  • Креирање нови начини и користење на постојните производи со усовршување на перформансите или додавање на ексклузивни карактеристики.