post

Размена на линкови – Маркетинг средство 67

Размена на линкови претставува 67-мо маркетинг средство на претприемач. Во серијалот за оптимизација за пребарувачи веќе навлеговме во одреден дел на оваа тема, но сепак со овој пост како дел од серијалот маркетинг средства би сакал да дообјаснам некои елементи.

Што претставува размена на линкови?

Во SEO – Дали размена на линкови вреди ја претставивме размената на линкови како:

Процес во кој администратор на еден веб сајт ве контактира Вие да поставите линк до нивниот веб сајт и за возврат тие ќе постават линк до Вашиот веб сајт.

На сликата подолу е прикажан тој процес кога веб сајт А разменува линк со веб сајт Б.

Размена на линкови

Зошто размена на линкови?

Линковите се важни за онлајн светот и Вашиот веб сајт. Тие линкови даваат кредибилитет и авторитет за Вашиот веб сајт во очите на пребарувачите. Повеќе за ова можете да прочитате во серијалот од постови за SEO на претприемач. Но, секој кој се занимава со маркетингот и особено интернет маркетингот знае дека линковите имаат голема важност. Сега прашање е дали да се оди со природен процес кој е подолготраен или пак да се оди се еден ваков „вештачки“ процес кој е побрз.

Сепак сакам да напоменам дека размена на линкови може да одигра солидна улога во развој на онлајн присуството на Вашиот бизнис, особено доколку започнувате сега да го градите тоа присуство. Но, доколку не се претерува и соодредена доза на внимателност.

На што треба да се внимава?

Важно е да знаете дека ќе треба да бидете доста внимателни применувајќи го оваа маркетинг средство. Не е работата во тоа да приграбите колку што може повеќе линкови преку размена на линкови. Работата е во тоа колку ќе бидат квалитетни тие линкови. Внимавајте на следниве елементи кога го користите оваа маркетинг средство:

1. Да разменувате линкови со веб сајтови со повисок авторитет

Основата е да со размена на линкови добиете дојдовен линк од веб сајт со повисок авторитет. Ова значи дека прво ќе треба да погледнете каков PR има тој веб сајт. Иако не можете да бидете сигурни, бидејќи Google го менува постојано, додека еднаш до двапати годишно го ажурира за нас да можеме да го видиме, сепак ќе имате некоја слика за тој веб сајт. Можете и да го анализирате во однос на посетеноста, линковите кои доаѓаат до него… Сето ова ќе ви даде една јасна слика за тоа дали ќе вреди или нема да вреди таа размена на линкови.

2. Anchor текст

Ова е значаен елемент од процесот на размена на линкови. Тоа е текстот кој што ќе стои и кој кога ќе се кликне ќе го одведе посетителот до Вашиот веб сајт. Внимавајте да биде основниот клучен збор.

3. Опис

Често пати во размена на линкови се разменува и краток опис на значењето на линкот. Ова е она што треба да го поттикне посетителот од еден веб сајт да го привлече и наведе да кликне на линкот за да стигне до Вашиот. Внимавајте да биде кратко, јасно, прецизно и да поттикнува акција (клик).

4. Следење дали линкот е сеуште тука

Следете од време навреме дали линкот од оној веб сајт со кој разменувате линкови е сеуште активен. Постојат различни администратори кои може да го тргнат линкот без да ве информираат. Во една таква ситуација веднаш отстранете го и линкот кој се наоѓа на Вашиот веб сајт.

5. Мерење и анализа на успешноста

Следете колку посетители добивате од кој линк и секако дали ќе има промена во PR на Вашиот веб сајт.

post

Организациска лојалност и посветеност

Организациска лојалност

Организациска лојалност

Ова е гостински пост на Александар Делев, Ba in Marketing, University of Sheffield, UK.

Главната цел на овој истражувачки проект е да обезбеди анализа на факторите кои влијаат на менаџерската лојалност и посветеност кон организацијата во која работат. Академската литература и бизнис праксата укажуваат на тоа дека средината во која функционираат компаниите во денешно време станува се по комплексна како резултат на глобализацијата, напредокот на технологијата, конкуренцијата како и зголемената важност на лојалноста и посветеноста на човечкиот капитал.

Вовед

Динамиката на денешната бизнис средина наметнува постојано менувачки околности на кои компаниите мора да се прилагодат и да одржат силна конкурентска предност за да осигураат опстанок. Како резултат на тоа, специјален акцент во последните неколку години се става на процесите на најмување, мотивирање и задржување на квалитетна работна сила, бидејќи токму човечкиот фактор е признаен како еден од најважните фактори во развитокот и одржувањето на неопходната конкурентна предност. Во интерес на обработка на оваа тема, прво ке се дискутираат концептите на мотивација, посветеност и лојалност. Понатаму ке бидат спомнати различните начини преку кои компаниите можат да ги мотивираат вработените, и на крај ке го искажам моето мислење на оваа тема со тоа што ке се земат пол и возраст како референтни точки.

Мотивација и лојалност во модерната бизнис средина

Во денешната динамична бизнис средина, за да можат компаниите да изградат конкурентна предност, да останат профитабилни и со тоа да опстанат, улогата на вработените е повеќе од значајна. Присуството на квалитетни работници ке донесе свежи идеи, концепти и нови производи/услуги за компанијата и затоа процесот на најмување, мотивирање и задржување на квалификувана работна сила претставува еден од најголемите бизнис предизвици на денешницата. Мотивацијата како процес ке биде подлабоко дискутирана во следниот дел бидејќи овој процес е тесно поврзан со задоволството на работното место а со тоа и со лојалност и посветеност.

Даглас МекГрегор е еден од многуте менаџерски теоретичари кои развиле свои размислувања во врска со шемите на однесувања на вработените во организацијата. Неговите теории за вработени со карактери X и Y значително помогнаа да се збогати разбирањето за тоа како се однесуваат луѓето на работните места. Ова беше особено важно бидејќи јасно ја посочи разликата помеѓу мотивиран и немотивиран работник и значењето на човечката мотивација.

Компаниите се обидуваат да ги мотивираат своите вработени за како краен резултат да постигнат зголемено ниво на операциска ефикасност, во смисла на време и пари, и со тоа да изградат и одржат предност пред конкуренцијата. Како резултат на промените наметнати од глобалната средина, гиганти како што се Mercedes, Siemens и Motorola во голема мерка го променија начинот на кој функционираат во витални области за да останат конкурентни на пазарот. Како што тврди Керслаке (2005), кога се формулираат мотивациски приоди кон вработените, компаниите треба да им обезбедат средина која рефлектира вредности, верувања и аспирации. Ова може значително да ги мотивира вработените и да ја зголеми способноста на компанијата и во иднина да привлекува и мотивира соодветна работна сила. Овој процес станува уште по комплексен на штета на фирмите кога ке се земат во предвид новите бизнис работни средини со кои се соочуваат луѓето, и кои значително ја смениле перцепцијата и врската помеѓу вработените и работодавачите.

Џонсон (2005) објаснува како модерниот работник во денешно време не може да се замисли да работи за истата компанија низ целата кариера, и дека во голем број случаеви силно е присутно чувството на поголем избор кај работниците.

Различни приоди кон мотивација и лојалност

Во текот на последните неколку децении многу научници со интереси во областа на човечкото однесување придонеле со сопствени теории и шеми на однесување поврзани со работното место. Преку овие теории, работодавците се здобиле со вредни информации во смила на фактори кои треба да се земат во предвид кога прават напори да ги мотивираат своите работници. Денес, силен акцент е ставен на оваа тематика од страна на компаниите, како последица од зголемената важност на човечкиот фактор. Организациите прават силни напори да ги разберат конкретните мотивациски приоди кои ќе дејствуваат како драјвери за вработените. Како резултат, многу истражувања биле направени, но често со различни заклучоци на крај. Се претпоставува дека ова доаѓа како последица од променливите човекови барања и потреби со тек на време (Вили, 1998). Кога се прават напори за мотивирање, има некои димензии кои не смеат да бидат занемарени или потценети од страна на фирмите. Разлики како полот, возраста, образованието, искуството, културната позадина и очекувањата од работното место се само дел од поголемата листа фактори кои мора да се земат во предвид за таквите напори да резултираат со поефикасна мотивација кај вработените. Извршените истражувања во минатото овозможија да се препознаат неколку фактори кои се појавуваат почесто и се поценети кај вработените. Тука спаѓаат платата, можностите за напредок како и дизајнот на работната позиција (Меудел и Родам, 1998).

Иако во модерната организација, менаџерите се тие што ја имаат главната улога да бидат фасилитатори на мотивацискиот процес, тоа не значи дека и тие самите не се често тема на истражување од страна на академиците. Со текот на годините, менаџери биле истражувани и анализирани на работното место и сето тоа со цел да се идентификуваат факторите кои влијаат на нивната мотивација и како крајна цел, задоволство од работното место, лојалност и посветеност.

Пул и Пул (2007) расправаат дека преку имплементацијата на таканаречената теорија на очекување, мотивациското однесување на менаџерите може да се анализира преку две компоненти: тоа се Е – 1, или напор – перформанс очекување, и Е – 2, или перформанс – последица очекување. Првото е поврзано со перцепцијата на индивидуата за шансите дека потенцијалниот труд ќе резултира со задоволителен резултат, а второто е поврзано со перцепцијата на индивидуата за шансите дека можниот резултат ке предизвика и други последици. Освен стандардните “работни услови”, менаџерите ставаат акцент на работна сигурност, унапредувања, пари, колеги и индивидуална автономија. Поради поврзаноста на работничката мотивација со организацискиот перформанс, од голема важност е за работодавците да ја разберат и прифатат важноста на задоволни работници за иднината на нивните компании. Сепак, целиот процес околу привлекување и задржување на квалитетна работна сила е дополнително отежната со недостигот на соодветно квалификуван персонал на пазарите.

Што треба да се има во предвид кога се работи со диверсифициран персонал

Студиите укажуваат на тоа дека нема универзален приод или единствено решение кога треба да се соработува со луѓе што доаѓаат од различна култура од нашата. Разликите не можат да се најдат само во верувањата и вредностите на индивидуата, туку и во полот, возраста, образованието, индивидуалните очекувања итн. Ова дополнително ја зголемува комплексноста на целиот процес за компаниите кога треба да интегрираат високо диверсицифицирана работна сила во своите операции (Хајд и Клинг, 2001). Соодветно на тоа, за да се имплементираат поефикасни мотивациски програми, организациите мора да имаат почит и разбирање за различните потреби на вработените кои се резултат на различните средини од кои тие потекнуваат. Ова е многу важен аспект од програмите од ваков тип бидејќи токму процесот на мотивација и задоволување на потребите поврзани со работното место ги поставува темелите на работничката посветеност и организациската лојалност.

Една од нај популарните теми во бизнис светот во денешно време е напредокот на жените и нивното признавање во тие кругови. Со тоа се наметнува полот како критичен фактор што одлучува како ке се формулираат програмите и приодите кон вработените. Меудал и Родам, (1998) тврдат дека во некои истражувања каде што биле вклучени и жени менаџери, се покажало дека жените ги рангирале платите и бонусите многу високо како средство за мотивација, како и внатрешните односи со колегите и можности за напредување. Истражувања од ваков тип можат да помогнат на работодавците да формулираат поефикасни мотивациски програми кога компанијата има жена менаџер. Дополнително на тоа, со вакви информации полесно ќе можат да се целат областите кои работниците ги сметаат за важни на работното место.

Во истите истражувања, мажите менаџери ставиле повеќе акцент на сигурноста на работното место и нивото на автономија. Јасно можат да се забележат некои разлики во приоритетите и очекувањата од работното место од страна на мажите и жените, кои се резултат на начинот на размислување, позиција и пол. Искуството и возраста на работникот јасно треба да влијаат на начинот на кој фирмата ќе се обиде да ја мотивира таа индивидуа. Како што Кинг (1998) расправа, искуството и времето поминато на работното место често влијае на амбицијата и драјвот кон понатамошни напреднувања и нагорни движења во организациската хиерархија. Имено, истражувањата сугестираат дека луѓето кои поминале до 6 месеци на работното место ставаат приоритет на финансиската компензација, додека луѓето со повеќе од една година искуство на исто работно место ги менуваат приоритетите кон можности за напредување, конкуренција, односи со колеги и сатисфакција од работното место. Ваквите резултати им даваат на организациите чувство што да се очекува во смисла на однесување и очекувања на работникот додека се здобива со искуство.

Заклучок

Со постојаните промени во бизнис средината и наметнатите процеси на адаптација на кои се изложени компаниите како резултат на зголемената несигурност, се повеќе се обрнува внимание кон човечкиот фактор како извор на конкурентна предност. Дополнително на тоа, со силната експанзија на индустријата на услуги, уште поважна станува улогата на менаџментот на човечки ресурси бидејќи еден од најголемите предизвици за фирмите во последниот период станува привлекувањето, мотивирањето и задржувањето на квалификуваните работници. Крајната цел е изградбата на силно портфолио на квалификуван работнички кадар кој ќе има важен придонес кон идните достигнувања на организацијата. Сепак, за да се постигне тоа, експертите тврдат дека треба да се развие внатрешна култура со сопствени вредности и верувања. Важноста на ова делумно лежи во потребата на вработените да се чувствуваат прифатено од страна на средината и да знаат дека нивниот труд е вреднуван и ценет. Тука исто така улога игра потребата за припадност и чувството да се биде дел од нешто поголемо и да се има придонес во неговиот развиток и успеси. Организациите исто така ке мора да ја разберат потребата од адаптирање на нивните мотивациски програми кон различните работници. Ова дополнително ќе придонесе тие да се чувствуваат прифатено и како дел од поголемо семејство, и со тоа како дел од мотивирачките напори, основите ке бидат поставени за изградба на работничка лојалност и посветеност.

Користена литература

1. Steven Pool and Bryan Pool, (2007), “A Management Development Model: Measuring organizational commitment and its impact on job satisfaction among executives in a learning organizations”, Journal Of Management Development, vol.26, issue 4, p.353-369, 13p

2. King, Albert,S and Ehrhard Barabara, (1998), “The Crecendo Effect In Career Motivation: An Eight Phase Model”, International Journal Of Management, , vol.15, issue 3, p.302, 11p

3. Wiley, Carolyn, (1998) “What Motivates Employees According To Over 40 Years Of Motivation Surveys”, International Journal Of Manpower, vol.11, issue 3, p.263, 18p.

4. Meudall, Karen and Karen Rodham, (1998) “Money isn’t everything…or is it?” International Journal Of Contemporary Hospitality Management, vol.10, issue 4, p.128, 5p

5. Karslake, Phil (2005) “The Death Of Loyalty”, New Zealand Management. vol.52, issue 5, p.35-37, 3p

6. Allen, Louis A. (2002) “Beyond Theory Y”, Management review, vol.63, issue 4, p.31, 3p

post

Претприемач: Претходна недела од 16-ти август и идна недела од 23-ти август 2010

Претприемач - Претходна и идна недела

Претприемач - Претходна и идна недела

Неделата што измина на претприемач преовладуваа темите од маркетингот со надополнување на продажба и знаењето кое треба да го користиме за целите на продажбата. Започнавме со освежување на старите постови кои беа сместени во артикли на претприемач.

Изминатите две недели работевме на креирање на нови 10 видео материјали за тоа Како до веб презентација за Вашиот бизнис. Сите Вие кои сте регистрирани за билтени на претприемач ќе добиете директен пристап до сите 10 видео материјали одеднаш. Очекуваме во текот на неделава што следува да бидат најавени и пуштени официјално. Оние кои досега беа дистрибуирани ќе бидат отворени за пошироката јавност.

Следува сублимирање на претходната недела и распоредот за идната недела.

Понеделник, 16.08.2010 – Како да го користам знаењето како реквизит во текот на продажбата?

Знаењето е нешто што мора да биде насекаде низ Вашиот бизнис. Може да биде користено и како најважен реквизит во текот на продажбата. Претставени се 8 идеи како да го користите Вашето и на Вашиот продажен тим знаење како реквизит во текот на продажбата.

Вторник, 17.08.2010 – Клучни зборови – Маркетинг средство 66

Ова е 66-то маркетинг средство на претприемач. Во серијалот на постови за SEO веќе пишував за клучни зборови како прв столб на еден SEO процес. Во голем дел она што претставуваат клучни зборови е објаснето во тие постови. Но, освен за SEO оптимизација што претставува бесплатно рангирање на страната со резултати на пребарувачите клучните зборови може да се користат во однос на секое Ваше или пак Ваш бизнис присуство на интернетот.

Среда, 18.08.2010 – Успешна маркетинг кампања во 10 чекори

Продажба без маркетинг е невозможна, или е возможна но не онака како еден претприемач би сакал да е. Од друга страна, маркетингот без оној последен чекор, вистинска маркетинг кампања која ќе привлече потрошувачи е како нешто без глава. Во постот се дадени 10 чекори за успеете да спроведете успешна маркетинг кампања.

Четврток, 19.08.2010 – SWOT анализа – еден прашалник

Во овој пост е даден оригиналниот примерок на Анкетен прашалник кој послужил за изработка на магистерскиот труд на м-р Илија Чубровиќ и се однесува за спроведување на SWOT анализа во пракса.

Петок 20.08.2010 – Воведување на нов производ и/или услуга – Фаза 2

Овој пост се однесува на втората фаза од животниот циклус на производите. Воведување на нов производ и/или услуга е една од најважните фази од животниот циклус на производите.

Идна недела на претприемач:

  • Организациска лојалност и посветеност: Што влијае на лојалноста и посветеноста на менаџерите кон организацијата?
  • Размена на линкови – Маркетинг средство 67
  • Непознавање на маркетинг на еден претприемач или менаџер
  • Баланс помеѓу работата и приватниот живот
  • Фазата раст од животниот циклус на производите
post

Воведување на нов производ и/или услуга – Фаза 2

Животни циклуси на производ - (Воведување-Лансирање)

Животни циклуси на производ - (Воведување-Лансирање)

Воведување на нов производ и/или услуга е една од најважните фази од животниот циклус на производите. Не дека останатите не се важни, но некако успешното лансирање на пазарот на еден нов производ претставува навистина солидна основа за постигнување на успех. Погледнете го само лансирањето на новиот iPhone 4 кое заврши пред неколку месеци, а се започна уште на почетокот на оваа година (свесно или несвесно од страна на производителот).

Голем дел од успешното лансирање веќе опфативме во претходнта фаза со тестирање преку рани прифаќачи и кревање на врева за Вашиот нов производ и/или услуга. Компанијата Apple дали свесно или несвесно крена огромна врева околу нивниот нов производ – iPhone 4 започнувајќи со најава преку прес конференција, потоа се случи пронаоѓање на загубен телефон чии функционалности беа снимени и се распространија на интернетот со молскавична брзина. Неколку месеци сите пишуваа за функционалностите на тој нов производ. На денот на официјално пуштање во продажба имаше редици на луѓе кои чекаа да го нарачаат и едноставно со неворојатна пасија чекаа да ги дадат нивните пари за тој производ.

По завршување на тоа лансирање се уште тој производ се зборува за добро или пак за лошо (проблеми со антена). Но, кој колку да го сака или едноставно да не го сака Apple и нивниот iPhone, мора сите да се сложиме дека лансирањето на тој производ претставуваше едно од најголемите и најдобро спроведените лансирања на нов производ.

Целта на секој претприемач кога воведува нов производ на пазарот да успее да направи потенцијалните купувачи да врескаат за да сигнат до него. Но, сепак за сето тоа да биде онака како што треба потребно е успешно завршување на претходната фаза од животниот циклус на производите, особено оние чекори кои доведуваат до подготовка на започнување на оваа фаза.

Слободно може да се каже дека оваа фаза веднаш ќе одговори на прашањата дали тој производ ќе биде успешен или не.

Иако различни видови на бизниси, различни пазари и различни индустрии ќе бараат различни чекори ќе се обидам накратко само да го дефинирам патото како би можело да се одвива оваа фаза.

1. Обезбедување дека се е подготвено за успешно лансирање

Бидете сигурни дека сите подготовки за успешното лансирање се завршени. Проверете дали залихите и капацитетот на производство ќе го задоволи првиот бран на предвидена продажба. Дали постојат некои технички проблеми сеуште нерешени? Дали дистрибутивните канали се подготвени и имаат капацитет да ги задоволат првичните нарачки?

2. Подгответе план за пробивање на инерцијата на потрошувачите

Можеби сеуште потенцијалните потрошувачи немаат желба да ги променат своите навики со сегашните производи иако оваа веројатност е слаба затоа што потрошувачите секогаш сакаат нови подобрени начини за решавање на нивните проблеми. Сепак, не можеме да кажеме дека нема да постои една таква инерција.

3. Кревајте врева

Кревајте врева околу Вашиот нов производ и/или услуга. Контактирајте ги оние рани прифаќачи и известете ги дека можат слободно да го споделуваат нивното искуство со Вашиот нов производ и/или услуга. Во многу случаи тие се најважните распространувачи на пораките за Вашиот производ и/или услуга.

4. Определете прецизен датум за официјална продажба

Оваа тектика навистина претставува нешто што поттикнува исчекување кај потенцијалните купувачи. Доколку слушнале, разбрале или пак виделе што овозможува Вашиот нов производ да наметне исчекување и броење на денови до датумот на официјално пуштање неколку месеци предходно.

5. Целиот продажен тим нека биде подготвен за она што го чекува

Продажниот тим ќе биде првиот кој директно ќе се судри со потенцијалните купувачи. Нека бидат подготвени! Нека завршат со лично тестирање на тој производ како би можеле директно да го пренесат нивното искуство.

6. Официјално пуштање во продажба

На точно определениот датум нека започне продажбата. Бидете сигурни дек претходниот ден сте го најавиле работното време и локациите каде прво ќе пристигне тој производ. И нека ви е со среќа.

7. Следете, анализирајте и подобрувајте

Следете го одвивањето на продажбата. Анализирајте го и подобрете ги можните недостатоци.

8. Првите купувачи како најголеми распространувачи на пораката

Првите купувачи, односно купувачите од оваа фаза имаат потенцијал да ја распространат пораката за Вашиот нов производ од огромен број на нови потенцијални купувачи. Вашата задача е доколку можете да ги поттикнете во тоа иако добриот квалитет, претходно успешно завршена домашна задача со анализа на пазарот претставува гаранција дека доколку навистина се задоволни самите ќе се фалат и така ќе поттикнуваат интерес кај нивните роднини, пријатели, познаници…

post

SWOT анализа – еден прашалник

SWOT Анализа

SWOT Анализа

Ова е оригиналниот примерок на Анкетен прашалник кој послужил за изработка на магистерскиот труд на м-р Илија Чубровиќ. Овој Анкетен прашалник претставува практична примена на SWOT-анализа при истражување на работењето на производствените претприатија, меѓутоа може да се користи и во секое друго претприатие.

Опфатени се сите актуелни прашања во тој период. Временска дистанца покажа дека доколку во денешно време повторно би се правила анализа некои нови прашања би било потребно да се постават, одредени прашања се сеуште актуелни, додека актуелноста на некои прашања се изгуби. Меѓутоа принципот на работењето би останал ист, а добиените согледувања за работењето на претпријатието би било целосно.

Овие прашања можете да ги искористите како идеја за спроведување на една Ваша SWOT анализа. Прашалникот е поделен на два дела:

  • Првиот дел е за внатрешните карактеристики на Вашиот бизнис – јаки и слаби страни.
  • Вториот дел е за надворешните карактеристики на Вашиот бизнис – можности и закани.

А. Оценување на јаките и слабите страни на фирмата, односно на предностите и недостатоците

1. Мотивираноста на Вашите вработени има одредено влијание врз резултатите од работењето. Мотивираноста може да се оствари на различни начини. Вие сигурно на ова поле преземате одредени активности. Дали Вашето ангажирање на ова поле е Ваша јака или слаба страна?

2. Обезбеденоста со кадри има одредено влијание врз квантитетот и квалитетот во работењето. Дали обезбеденоста со кадри (и стручни и раководни и работоводни) е Ваша јака или слаба страна?

3. Малиот бизнис е можност да се биде “сам газда”. За луѓето што работат во големите претпријатија ова не е така. Колку Вие сте навистина “сам газда”? Дали е ова Ваша јака или слаба страна?

4. Евидентно е дека Вие сте сам на “врвот на пирамидата”. Имате само Ваши подредени. Немате претпоставени, немате колеги “по хоризонтала”. Дали оваа релативна “осаменост” ја сметате за Вашата јака или слаба страна?

5. Вие имате некој вид образование добиено од средношколскиот и високо-образовниот систем на државата. Дали Вашето базично образование го сметате за Ваше јака или слаба страна?

6. Вие сигурно имате одредени сознаниа за конкурентските фирми од областа на делување на Вашата фирма. Дали овие сознаниа за конкурентите ги сметате за Ваша јака или слаба страна?

7. Вашите производи се со одреден квалитет. Квалитетот на финалниот производ е резултат на квалитетот во работењето. Дали квалитетот и на производот и на работењето го сметате за Ваша јака или слаба страна?

8. Во индустриските фирми за да се произведе некој производ е потребна проектанско–конструктивна, технолошка и работна документација. Оваа документација може и не мора да соодвествува на потребите на работниците на работните места. Дали квалитетот на документацијата го сметате за Ваша јака или слаба страна?

9. Иновациите во производот, техниката и технологијата се битни. Кај Вас сигурно се работи нешто во оваа област. Дали тоа што го остварувате на полето на иновативно-инвентивната и унапредувачка дејност го сметате за Ваша јака или слаба страна?

10. Рекламирањето, односно пропагандата или пошироко односите со јавноста имаат за цел да ги запознаат купувачите со Вашиот производ. Дали ова Ви е јака или слаба страна?

11. Во услови на пазарно стопанисување и на Вас и на Вашите вработени им се потребни знаења од маркетингот. Дали знаењата од маркетингот на сите Ваши вработени (заедно со Вас) ги сметате за Ваша јака или слаба страна?

12. Во големите фирми има соодветна организациска поставеност. Има сектори, служби, одделенија… Вие тоа го немате. Вие имате едноставна организациска шема, без многу “хиерархија”. Дали ова го сметате за Ваша јака или слаба страна?

13. Ако работата на некој вработен е нормирана тоа значи дека таа работа може да се мери, па и тоа да биде основа за наградување. Работите во производството обично се нормирани, но вон од производство не се. Дали степенот на нормираност (по обем и по квалитет на нормираноста) го сметате за Ваша јака или слаба страна?

14. Автоматската обработка на податоците, пошироко компјутеризацијата сигурно ја зафатила и Вашата организација. Компјутерите освен во сметководството можат “да влезат” и во проектирањето, во контролата на залихите и сл. Дали ширината на фронтот на компјутеризацијата го сметате за Ваша слаба или јака страна?

15. Меѓучовечките односи во работниот колектив се битни за резултатите од работењето, за соработката и сл. Дали постојното ниво на меѓучовечки односи го сметате за Ваша јака или слаба страна?

16. Роковите, заедно со квалитетот и цените, се битна компонента во деловноста. Се мисли на роковите при извршување на некоја договорена работа. Дали запазувањето на роковите го сметате за Ваша јака или слаба страна?

Б. Оценување на шансите и заканите, односно на можностите и опасностите како надворешни дејствувања

1. Има мислење дека транзицијата кај нас се “издолжи”. Дали ова продолжено егзистирање на транзицијата го сметате за шанса или закана?

2. Во областа на Вашиот бизнис сигурно научниот и технолошки развој Ви “праќа” сигнали за новини. Она што доаѓа од развиениот свет, а се однесува на развојот на Вашиот производ, техника и технологија, за Вас е шанса или закана?

3. Развиениот свет бара од фирмите во своите земји и од фирмите во другите земји да имаат цертификат за стандарди (ISO 9000, ISO 14000). Тоа се шанси или закани?

4. Нашиот банкарски систем на еден или друг начин го прати развојот на малиот бизнис. Ваше мислење, односно оценка, дали нашиот сегашен банкарски систем е шанса или закана за Вашиот бизнис?

5. Евидентни се различни фондови и фондации кои обезбедуваат финансиски средства за мали бизниси. Тоа е шанса или закана?

6. Стопанската комора е асоцијација на стопанските организации. Дали делувањето на стопанската комора пружа шанса или закана за Вашата фирма?

7. Веќе десетина години градиме определен политички систем определен со повеќепартиски систем и со парламентарна демократија. Дали овој систем како што ние го практикуваме е за Вас шанса или закана?

8. Дел од она ново што се гради е и судскиот систем. Дали во него гледате шанса или закана?

9. Нашата земја прави напори за приклучување кон Европската унија и НАТО. Дали во тие настојувања гледате шанси или закани?

10. Кај нас законодавната власт “произведува” закони. Често пати се случува законите да бидат оценети со негативна оценка од Уставниот суд и да бидат поништени. По оваа или по некоја друга основа законите често се менуваат. Оваа го оценувате за Ваша шанса или закана?

11. Ние имаме некаков систем на локална самоуправа. Дали постојниот систем го гледате како Ваша шанса или закана?

12. Пред извесно време е воведен данок на додадена вредност (ДДВ). Дали воведувањето на овој систем го оценувате за шанса или закана?

13. Странските инвеститори влегуваат во нашата земја. Кога политичките прилики ќе бидат подобрени ќе се очекува нивно поголемо навлегување. Дали тоа го оценувате како шанса или закана?

14. Постои т.н. црна, сина, сива,… економија со “диво” влегување во нашата држава со неплаќање давачки на државата и сл. Дали ова го цените за шанса или закана?

15. Вашата фирма има воспоставено деловна соработка со други фирми кои нашто работат за Вас. Тоа се ваши кооперанти. Односите на релација Ваша фирма–кооперанти ги оценувате како шанса или закана?

16. Нашата држава има определен девизен режим во кој, за сега, односот на нашиот денар спрема, на пример, германска марка е определен и фиксиран на околу 1:31. Дали овој фиксиран девизен однос за Вашата фирма е шанса или закана?

Овој прашалник можете да го измените и да исфрлите некои прашања и да додадете некои прашања и во една табела со 4 колони наведете ги сите ваши јаки страни (прва колона) како и слаби страни (втора колона) и вашите можности (трета колона) и закани (четврта колона.

post

Успешна маркетинг кампања во 10 чекори

Маркетинг кампања - 10 чекори

Маркетинг кампања - 10 чекори

Доколку Вашиот бизнис е „нормален“ бизнис, тогаш неговата егзистенција веројатно се базира на потрошувачи и секако продажбата на тие потрошувачи. Како и да е, продажба без маркетинг е невозможна, или е возможна но не онака како еден претприемач би сакал да е. Од друга страна, маркетингот без оној последен чекор, вистинска маркетинг кампања која ќе привлече потрошувачи е како нешто без глава.

Доколку ја завршиме нашата домашна задача – изработка на маркетинг план и:

  • Вие веќе го знаете Вашиот целен пазар,
  • Веќе имате маркетинг цели,
  • Ги знаете Вашите маркетинг стратегии
  • Ги знаете Вашите маркетинг тактики и
  • Ги знаете Вашите маркетинг активности

тогаш, ќе можете да продолжите со распоред на маркетинг кампањи преку следните 10 чекори.

1. Проверете го Вашиот маркетинг план за да видите што е следно.

Вашиот маркетинг план е единствениот извор на информации за сите Ваши маркетинг кампањи. Мора да го консултирате пред да започнете со дизајн на кампањи.

2. Подгответе јасни цели за планираните маркетинг кампањи.

Вие веќе ги имате глобалните маркетинг цели за Вашиот бизнис. Сега е време да ги трансформирате тие цели во цели на кампањата. Размислете за конкретни бројки како број на луѓе кои треба да се привлечат со кампањата или пак број на продажби базирани на тековната кампања.

3. Кои ќе бидат најважните мерни индикатори?

Овие мерни индикатори на крајот од кампањата ќе ви кажат дали кампањата е успешна или не. Бидете сигурни дека индикаторите ги следат целте на кампањата.

4. Определете маркетинг буџет.

Колку пари ќе потрошите за кампањата? Можеби сакате да потрошите милиони кои ги немате. Ќе мора да го оптимизирате буџетот за да ги извлечете максимално можните резултати.

5. Разделете ја планираната кампања во акциски чекори.

Многу е подобра имплементацијата на кампањата доколку имате прецизно дефинирани акциски чекори.

6. Приоритизирајте ги тие акциски чекори.

Секогаш ќе има поважни активности во однос на другите. Затоа е важно да ги приоритизирате тие активности како би биле сигурни дека нешто важно нема да се заборави. Овој чекор ќе ви помогне во подобрување на процесот на делегирање што е следен чекор.

7. Делегирајте ги активностите.

Доколку имате вработени делегирајте ги сите активности со понизок приоритет да бидат завршени од нивна страна. Нема да можете да постигнете самите се.

8. Па да започнеме!

Кога ќе ги подесите сите активности кампањата може да започне.

9. Мери и анализирај!

Следи ги важните мерни индикатори од чекорот 3 и анализирај ги постигнувањата од кампањата.

10. Подобри или повтори!

Секогаш постојат можности за подобрување. Користи го она што ќе го откриеш во претходниот чекор за подобрување на кампањата или за повторување на истата во иднина.

post

Клучни зборови – Маркетинг средство 66

Клучни зборови

Клучни зборови

Стигнавме до 66-тото маркетинг средство на претприемач – клучни зборови. Во серијалот на постови за SEO веќе пишував за клучни зборови како прв столб на еден SEO процес. Во голем дел она што претставуваат клучни зборови е објаснето во тие постови. Но, освен за SEO оптимизација што претставува бесплатно рангирање на страната со резултати на пребарувачите клучните зборови може да се користат во однос на секое Ваше или пак Ваш бизнис присуство на интернетот.

На пример, едни ќе бидат клучните зборови за Вашата веб страна, други ќе бидат за Вашите социјални мрежи (Facebook, Twitter, Youtube…), трети ќе бидат за PPC (Pay Per Click) кампањи… Некои ќе се повторуваат, но некои едноставно не може. На пример, клучни зборови за Google Adwords кампања ќе треба да бидат прилагодени за одредени услови кои се однесуваат само за тие кампањи. На нашиот веб сајт или блог можеме да користиме различни информативни текстови поврзани со нашиот бизнис, но на Google Adwords ќе мора добро да ги анализираме клучните зборови бидејќи грешката ќе не чини многу пари. Сепак, сакам секој вложен денар во една таква кампања да ми се врати. Подетално ќе стане збор за ова кога ќе го обрабутуваме тоа маркетинг средство.

Да не должам многу, она што треба да го направите пред да започнете со било каков маркетинг базиран на интернетот е следново:

1. Подговти онлајн стратегија за присуство на твојот бизнис

Онлајн стратегија ќе претставува основа на сето она што понатаму ќе го работите за онлајн претставување на Вашиот бизнис. Таа ќе даде одговор на тоа што сакате да постигнете со веб страна, блог, социјални мрежи…? Што ќе користите? Како ќе ги користите различните маркетинг средства? Што треба да се постигне со секое од маркетинг средствата кои ќе ги користите? Сетоа ова се прашања чии одговори во понатамошниот дел ќе ги дадат насоките за подесувања.

2. Дефинирај неколку клучни зборови поврзани со твојот бизнис

Многу е важно да ги знаеме неколкуте основни клучни зборови на што ќе се базира нашето онлајн присуство. На пример, доколку произведувам здрава храна, можам да ги користам користам следниве клучни зборови: здрава храна, прехрана, здрав живот, нискокалорична храна… Забележувате дека тука има и премногу општи зборови кои опфаќаат поголема ниша од нашата (на пример, прехрана). Но, зборот прехрана нема да се користи секаде подеднакво во нашите маркетинг средства.

3. Размисли за тоа кога некој би барал нешто на интернет кога би сакал да те пронајде тебе

Надополни ги тие основни зборови со зборови кои сметаш дека некој кога би барал нешто на интернет би сакал да го пронајде твојот бизнис. Добро, некој ќе каже подобро ќе искористам Google Keyword Tool и ќе видам што се бара. Но, сепак многу е подобро кога Вашиот мозок ќе се стави во позиција на еден потенцијален купувач кој бара нешто на интернет.

4. Анализирај го начинот на барање на нешто на интернет од страна на потенцијалните купувачи

Е сега може да се користат алатки за да видиме каква е навиката на пребарување на интернетот. Но, веќе имаме доволно зборови врз основа на кои ќе се спроведе оваа анализа.

5. Анализирај ги клучните зборови

Сите тие клучни зборови до кои дојдовме досега треба да се анализираат согласно квалитетот на истите. Колку пати се пребарува тој збор? Кога се прабарува? Зошто се пребарува? Дали е купувачко пребарување или не? Одговорите на овие прашања веќе ќе ни даваат слика за тоа кој збор во кое маркетинг средство да го користиме.

6. Дефинирај групи на клучни зборови за посебни маркетинг средства

Во овој чекор веќе ќе можете да ги групирате клуните зборови за различните маркетинг средства кои ќе ги користите за Вашата онлајн присустност.

post

Како да го користам знаењето како реквизит во текот на продажбата?

Знаење како реквизит во продажба

Знаење како реквизит во продажба

Знаењето е дел од вториот слој за успех на еден претприемач. Но, исто така знаењето е нешто што мора да биде насекаде низ Вашиот бизнис. Може да биде користено и како најважен реквизит во текот на продажбата.

Знаењето е составено од два главни елементи: едукација и искуство, но бара и пасија и истрајност за да се изгради и користи во бизнис цели.

Претставени се 8 идеи како да го користите Вашето и на Вашиот продажен тим знаење како реквизит во текот на продажбата.

1. Покажи го, немој да го криеш од твоите потрошувачи

Како некој како твој потенцијален потрошувач ќе знае дека Вие и Вашиот бизнис сте вистински избор за неговите проблеми доколку не знае дека Вие и Вашиот бизнис сте доволно компетентни за неговите потреби.

2. Помогни им во донесувањето на одлуки

Вашето и на Вашиот продажен тим знаење има огромен потенцијал да го намали времетраењето на процесот на донесување на одлука на потенцијалниот потрошувач за купување.

3. Помогни им по процесот на купување

Знаењето претставува важен елемент во давање на помош на Вашиот потрошувач откако тој ја донел одлуката за купување. Оваа помош ќе ја зголеми веројатноста то потрошувач да се врати и повторно да има бизнис со Вас.

4. Користи го твојот бизнис блог за да го покажеш знаењето

Доколку сакате да изградите кредибилитет и репутација преку Вашето знаење, тогаш блогирањето ќе биде одличен начин за распространување на Ваето знаење кон потенцијалните купувачи.

5. Понуди знаење наместо намалување на цени

Знаењето ти дава можност да ги продаваѓ твоите производи и/или услуги со поголема цена од конкуренцијата. Со оваа предност ќе ја зголемиш профитабилноста.

6. Одговори на сите прашања од страна на потрошувачите

Потрошувачите секогаш ќе имаат прашања. Одговарајќи на нивните прашања ќе изградиш репутација и компетентност за твојот бизнис.

7. Користи го во Вашите бизнис информативни билтени

Доколку користите печатени или електронски билтени за да ги информирате Вашите тековни или потенцијални потрошувачи, тие се одлично место за споделување на Вашата експертиза.

8. Користи го за да обезбедиш upsale

Знаењето претставува одличен извор за обезбедување на upsale во моментот кога се наоѓате во процесот на продажба.

post

Претприемач: Претходна недела од 9-ти август и идна од 16-ти август 2010

Претприемач - Претходна и идна недела

Претприемач - Претходна и идна недела

Неделата која што помина на претприемач имаше различни теми од различни подрачја на претприемничкото работење. Околу 200 артикли од оној постар дел – артикли на претприемач ќе бидат избришани (кои се наоѓаат на Joomla) па затоа во наредниот период дел од тие ќе бидат реобјавени (еден до два неделно) со што истите ќе бидат освежени, подобрени и прилагодени на денешното време).

Инаку во минатите 30 дена најчитан пост на претприемач е 77 Бизнис Подобрувања за 77 Дена кој пак на англиската верзија на овој сајт во првите 5 часа имаше над 1000 посети.

Следува сублимирање на претходната недела и распоредот за идната недела.

Понеделник, 09.08.2010 – Разлика помеѓу бесплатен и платежен хостинг

Ова е интересен пост кој влегува во некои основни разлики кои постојато помеѓу бесплатен хостинг и оној за кој плаќате пари. Пред да донесете конечна одлука за Вашиот избор добро би било да го прочитате овој напис. Дадени се некои слабости на бесплатниот хостинг и некои предности на платежниот хостинг.

Понеделник, 09.08.2010 – Интересни неделни информации – 02.08.2010 – 08.08.2010

Во информации (вести) од претходната недела актуелни беа вестите за автомобили – увозот, решение за зелен картон и регистрација на 2 години за новите автомобили. Интересни информации се дека ТАВ ќе се обиде да го спречи монополот на Макпетрол за доставување на керозин на аеродромите и зошто проблемите во Западен балкан ги бркаат инвеститорите.

Вторник, 10.08.2010 – Вирозен маркетинг – Маркетинг средство 65

Вирозен маркетинг како термин е добиен од вирозна појава. Вирозна појава претставува способност на еден објект да се размножува или да ги трансформира другите објекти да бидат исти како него кога ќе бидат изложени на тој вирозен објект. Ова е еден подолг пост кој навлегува во темелите на вирозен маркетинг како 65-то маркетинг средство на претприемач.

Среда, 11.08.2010 – Работно време – 8, 10 или 12 часа

Дали работите 12 часа дневно? Секој сопственик на мал бизнис работи прекумерно. Тоа е нормално и аналогно на мајка со новороденче. Стартап бизнис за еденпретприемач претставува негово новороденче кое постојано бара одреден вид на нега. Во постот се дадени неколку можности за тоа како да ја избегнете спиралата на премногу работење за Вашиот бизнис.

Четврток, 12.08.2010 – Организациски промени – Значајност и дефинирање

Секој ден е различен од претходниот. Секој бизнис ден е различен од претходниот. Ние не сме исти во однос на вчера. Машините, компјутерите и опремата се постари за еден ден во однос на вчера. Купувачите се постари за еден ден во однос на вчера. Купувачите се поумни за искуство од еден ден за разлика од вчера. Прочитајте за дефинирање на организациските промени и зошто се значајни за еден бизнис.

Петок, 13.08.2010 – Развој на производ и/или услуга – Фаза 1

Секој производ и/или услуга започнува со развојот. Развојот претставува завршување на сонување, завршување на претприемничка имагинација за нешто што не сеуште не постои а ќе го измени животот на целниот пазар и секако фаза пред официјално лансирање на тој производ и/или услуга на пазарот. Прочитајте за 7 чекори во оваа фаза на животните циклуси на производите.

Идна недела на претприемач:

  • Како да го користам знаењето како реквизит во текот на продажба?
  • Клучни зборови – Маркетинг средство 66
  • Успешна маркетинг кампања во 10 чекори
  • Прашалник за SWOT анализа
  • Воведување на нов производ и/или услуга – Фаза 2
post

Развој на производ и/или услуга – Фаза 1

Животни циклуси на производ  - Развој на нов производ

Животни циклуси на производ - Развој на нов производ

Минатата недела ја отворив темата за концептот на животниот циклус на производите. Секој производ и/или услуга започнува со развојот. Развојот претставува завршување на сонување, завршување на претприемничка имагинација за нешто што не сеуште не постои а ќе го измени животот на целниот пазар и секако фаза пред официјално лансирање на тој производ и/или услуга на пазарот.

Но во овој случај како што ги претставивме животните циклуси на производот мора да влезе и процесот на генерирање на идеи како дел од фазата на развој на нов производ и/или услуга.

1. Генерирање на идеи за нов производ и/или услуга

Првиот чекор во оваа фаза претставува генерирање на идеи за нов производ и/или услуга. Пред да започнете со процесот на генерирање на идеи би требало да го имате во предвид одговорот на следиве прашања:

  • Каква е потребата од нашите производи и/или услуги?
  • Колку време ќе трае таа потреба?
  • Каква е и каква би била побарувачката на таквите производи и/или услуги?
  • Каква технологија во моментов е расположива?

Одговорите на овие прашања мора да ни бидат на располагње се додека трае процесот на генерирање на идеи.

Овие идеи можат да бидат во вид на подобрување на постоечките производи и/или услуги па се до сосема нов концепт на производи и/или услуги.

2. Анализа и избор на најдобра идеја

Во претходниот чекор се генерираа повеќе идеи. Сега е време за една прелиминарна анализа и избор на онаа за која резултатите од анализата ќе бидат најдобри.

Во овој чекор идеите не се анализираат во поглед на дизајн, материјали, карактеристики или пак цени на чинење. Во овој чекор се разгледуваат елементите кои ќе одговорат на прашањата:

  • Дали идејата има потенцијал?
  • Дали идејата е практична за изведување?
  • Дали ќе биде прифатена од пазарот?
  • Дали може да се произведе со сегашниве капацитети?
  • Колкав е грубиот износ на повраток на инвестиција?

3. Развој на концептот и тестирање на истиот

Сега веќе имате идеја, потребно е да се доразвие концептот и да се изврши тестирање на истиот. На пример, доколку сте бизнис од прехрмбена индустрија Вашата идеја е развој на ниско калорична храна. Но, каква храна? Вафли, Кифли… Во овој чекор е важно да ги разгледате можните концепти и да изберете еден кој ќе го тестирате.

Можете да прифатите повеќе концепти и да ги тестирате во однос на производтвениот погон, снабдувачи, атрактивност за потрошувачи…

4. Последна проверка пред конечното ДА

Во овој чекор е време да ја донесете последната одлука ДА (се оди со тој производ и/или услуга) или пак НЕ (не се оди со тој производ и/или услуга).

По завршување на овој чекор трошоците ќе се зголемуваат со енормна брзина, па затоа треба да бидете осигурани за тоа дали потфатот ќе вреди. Затоа сите расположиви и нерасположиви информации (да се пронајдат) треба да бидат ставени во едно купче, анализирани и спремни за оној кој треба да ја донесе конечната одлука.

Тука анализирате неколку аспекти:

  • Пазарни аспекти. Вкупен пазар, очекувано учество на пазарот, конкурентски производи, цени, можна рентабилност, идентификација на први прифаќачи (early adopters)…
  • Бизнис аспекти. Технички апсекти, трошоци за производство, влијание на производствениот систем, снабдувачи…
  • Бизнис цели. Дали проектот ќе биде во склоп на целите на бизнисот.

Како излезен производ од овој чекор ќе биде детален план за развој и првичен маркетинг план за производот и/или услугата кој што се развива.

5. Развој на производот и тестирање на истиот

Веќе сме во чекорот кога прототипот треба да биде готов и тестиран.

Во овој чекор веќе практично се изведуваат сите технички аспекти на производот и/или услугата и се откриваат недостатоците кои ќе треба да се отстранат. Се проверуваат сите производствени аспекти и трошоци при производство на прототипот.

На крај од овој чекор пожелно е да се изврши тестирање од страна на реални потрошувачи. Постојат различни концепти за изведување на оваа тестирање, но како неколку идеи:

  • Можете да изберете неколку редовни потрошувачи и да им дадете по еден примерок од прототипот за да го тестираат и да ви дадат фидбек за нивни размислувања.
  • Можете да го користите и концептот на „бета тестирање“ кој од страна на програмерите најмногу е користен. Во овој случај ја пуштатае бета верзијата на производ до определен сегмент или група на пазарот за да добиете повратни информации.

6. Кревање на врева

Овој чекор веќе полека не воведува и подготува за наредната фаза лансирање на новиот производ и/или услуга. Ова не значи дека едноставно реба да вревите, туку значи дека полека треба да ги пуштате информациите за Вашиот нов производ и/или услуга на пазарот.

Целта е да го подигнете интересот на целниот пазар. Користете социјални мрежи за пуштање на тие информации кои ќе овозможат потенцијалните купувачи да врескаат за еден таков производ и/или услуга.

7. Официјално производство

Овој чекор се однесува за производствените компании. Во овој чекор веќе започнувате со официјално производство на производот.