post

Размена на сообраќај – Маркетинг средство 70

Размена на сообраќај

Размена на сообраќај

Размена на сообраќај претставува 70-тото маркетинг средство на претприемач. Се размислував дали да биде оваа маркетинг средство дел од овој серијал од 100 маркетинг средства, особено поради тоа што го тестирав едно 6 месеци пред извесен период, но не забележав некоја огромна корист од него. Сепак, пожелно е да се знае дека постои и дека може да користи. Некои претприемачи го користат и имаат забележано резултати, но сепак не може да се очекуваат чуда.

Што претставува размена на сообраќај?

Размена на сообраќај всушност претставува внесување на Вашиот веб сајт во една мрежа преку обезбедувачот на еден таков сервис. Таквите сервиси функционираат на тој начин што преку нивниот систем вие посетувате други веб сајтови кои се прифатени од нивниот систем и на таков начин добивате поени или пак некакви други мерливи индиктори врз основа на кои на останатите корисници на сервисот ќе им го прикажуваат Вашиот веб сајт.

Ова всушност претставува сурфање од Ваша страна како некој друг би стигнал до Вашиот веб сајт.

На пример, за секој сајт кој сте го прегледале преку нивниот систем добивате 5 поени. За секои 20 поени добивате еден посетител.

Овој пример кажува дека Вие ќе треба да прегледате 4 веб сајтови за да добиете еден посетител. Ваквите сервиси бараат одредено време да проведете на сајтот кој ви го прикажуваат и имаат временски броила, на пример 15, 20, 30 или 40 секунди.

Освен добивање на сообраќај кон Вашиот веб сајт преку сурфање на останатите веб сајтови во системот, овие сервиси живеат преку платен сообраќај. Можете и да платите одредена сума на пари за да добиете кредити за да не мора да проведувате време на прегледување на веб сајтови.

Недостатоци на оваа маркетинг средство

Не би сакал посебно да ги издвојувам предностите бидејќи единствената предност е добивање на сообраќај кон Вашата веб страна. Но, што потоа? Токму тоа што потоа го анализирав 6 месеци и ќе се обидам да го претставам преку недостатоци на оваа маркетинг средство.

  • Воопшто не таргетирани посетители. Иако со мал напор дневно ќе можете да привлечете 200-300 посетители, но тоа се сосема нетаргетирани посетители на Вашиот веб сајт.
  • Мало време на задржување на Вашиот веб сајт. Бидејќи сите едноставно брзаат да прегледаат колку што може повеќе веб сајтови за да стекнат повеќе поени едноставно ретко некој дека ќе остане подолго од она што го бара системот. Така да ако во тие 10-20 секунди не успеете да привлечете внимание посетата нема да ви вреди.
  • Потребно време. Доколку сакате да добиете посетители без да инвестирате пари (платежна размена на сообраќај) ќе бара да одвоите еден до два часа дневно, што сметам дека е подобро да го инвестирате во сопствена содржина и на природен начин да привлечете високотаргетирани посетители.

Процес на користење на оваа маркетинг средство

  • Изберете неколку сервиси. Пребарајте на Google и изберете неколку понудувачи на вакви сервиси. Целта е да пронајдете сервис кој најмногу ќе одговара и кои ќе можете да ги споредите кога ќе ги анализирате резултатите.
  • Регистрирајте го Вашиот веб сајт. Изберете веб страна која би го зголемила потенцијалот за побрза конверзија затоа што тука имате само 10-20 секунди за да биде забележано нешто од страна на луѓе кои воопшто не се сконцентрирани (бидејќи сите се сконцентрирани само на копчето за преглед на друг веб сајт).
  • Сурфајте или платете. Имате две опции да сурфате за поени (сообраќај) или да платите.
  • Анализирајте. Анализирајте го времето поминато и однесувањето на секој посетител испратен од тој веб сајт (провајдерот на сервисот). Доколку анализата ви кжува дека е бесполезно, едноставно прекинете да го користите тој сервис побарајте некој друг.
post

Аутореспондер – Маркетинг средство 69

Аутореспондер

Аутореспондер

Аутореспондер претставува 69-то маркетинг средство на претприемач. Оваа маркетинг средство е пожелно за секој бизнис кој има сопствена онлајн презентација преку веб сајт или пак блог. Аутореспондерот е тој кој ќе се грижи за e-mail маркетингот и за комуникација и испраќање на навремена информација на потенцијалните купувачи. Досега на неколку места (низ неколку постови) беше споменат аутореспондерот и секако неговото значење.

Би сакал да напоменам дека е од особена значајност да се пристапи доста внимателно при ибор на провајдерот и користењето на оваа маркетинг средство.

Што претставува аутореспондер?

Аутореспондер или во буквален превод автоматски одговарач претставува компјутерски програм кој се користи автоматски да одговара на e-mail-ови пратени на него. Големо користење наоѓа во интернет маркетингот или поточно е-маил маркетингот за праќање на меилови до потенцијални потрошувачи. Всушност функционирањето е на тој начин што еден посетител пополнува форма на Вашиот веб сајт или пак блог и влегува во системот на автоматски генерирани е-мелови по претходно определена секвенца од Ваша страна.

Во суштина аутореспондер е првата порака во таа низа на пораки, но и некои и останатите пораки ги нарекуваат исто иако повеќе се нарекуваат како follow ups – оние кои следуваат и кои се подесени во определена временска рамка.

Повеќе дефиниции за атуреспондер можете да прочитате тука.

Која е целта на аутореспондер како маркетинг срество?

Од креативноста на претприемачот и видот на бизнисот со кој оперира ќе зависи и целта на еден аутореспондер. Постојат различни начини на користење на истиот. На пример еден салон за убавина може да праќа секвенцијално информации за попусти до своите тековни потрошувачи. Може да испраќа едукативен материјал за одржување на убавината. Може да испраќа информации за нови производи и/или услуги кои ги нуди. Нема ограничувања, се е до креативноста.

Но, кога би требало да ги издвојам главните цели на еден аутореспондер како маркетинг средство би ги издвоил следниве 5:

  1. Креирање на лојалност
  2. Градење на доверба
  3. Комуникација
  4. Информирање
  5. Промовирање

Како може да се дизајнира аутореспондер?

Како што веќе потенцирав самиот дизајн на аутореспондерот ќе зависи од Вашата креативност, она што го сакаат Вашите потенцијални купувачи и секако бизнисот во кој што се наоѓате. Со одредени провајдери на вакви услуги како Aweber и Getresponse (овие два ги спомнувам бидејќи сум ги користел или уште ги користам нивните професионални услуги) имате визард кој ве води низ процесот на креирање на еден аутореспондер за Вашиот бизнис. Но сепак вие самите треба да го дизајнирате во поглед на минимум следниве елементи:

  • Што да содржи првата (аутореспондер) порака?
  • На колкав временски период да одат следните пораки?
  • Која да биде содржината на следните пораки?
  • Каква понуда ќе биде во истите?
  • …

Во моментов подготвувам редизајн на билтените на претприемач па затоа можам да го презентирам делот од првиот mind map на овој редизајн.

Дизајн на атутореспондер v.2.0 на претприемач

На оваа слика недостатсува уште еден елемент кој е наречен како разно. Ајде да ги дообјаснам овие елементи:

  • Добредојде e-mail. Ова е првиот e-mail откако некој ќе се регистрира за билтени. Во него ќе има кратко објаснување за тоа што ги очекува луѓето како и линкови за симнување на бизнис темплејти.
  • 10 видео материјали. Ова е посебна тема која ќе содржи 10 видео материјали за тоа како до веб презентација за Вашиот бизнис. Овој е-mail ќе следува еден ден по првиот е-mail.
  • 2-неделни ажурирања. Секои две недели ќе оди еден е-мail за последните 12 написи на претприемач. Целта е секој оној кој нема можност секојдневно да не следи да има можност да ги види насловите и ако нешто смета дека треба да прочита да прочита.
  • Едукативни теми. Ова е сосема нов концепт на претприемач. Наместо досегашните pdf материјали ќе има 8 едукативни теми од областа на претприемништвото и за секој месец по една. Што значи дека од овој елемент на аутореспондер во наредните 8 месеци ќе се испраќа по еден е-mail со едукативни теми преку линкови до најдобрите постови до претприемач и совети за водење на Вашиот бизнис.
  • Разно. Овој елемент нема подесена секвенца туку ќе се користи за испраќање на информации или линк до одредени анкети кои ќе ги спроведуваме. Секако и попусти на сите наши идни услуги (до крајот на годината ќе стартуваме со минимум две).

Значи ова ќе биде еден аутореспондер подесен за претприемач, Вие ќе треба да направите mind map за Вашиот.

Зошто професионален аутореспондер?

Користете професионален аутореспондер со кој ќе го подесите Вашиот е-mail маркетинг да функционира беспрекорно. Не користете бесплатни или пак скрипти кои се генерираат преку Ваш сервер за бизнис цели. Како водечки компании кои ја нудат оваа услуга а кои сум ги користел или сеуште ги користам се Aweber и Getresponse. Getresponse веќе не го користам, но не заради нивната услуга туку едноставно не успеавме да се договориме со нивниот супорт тим за да го сменат името на нашата земја.

Аутореспондерот може да биде суштинскиот елемент на Вашиот бизнис. Затоа не е потребно играње со суштинските бизнис елементи.

Еве само неколку причини зошто за бизнис цели да користите професионален аутореспондер:

  • Сигурност. Професионалните аутореспондери гарантираат сигурност дека Вашата порака ќе биде испратена онаму каде што треба да биде испратена. Тие имаат долгогодишно искуство со сите најголеми ISP за да обезбедат дека Вашата е-мail порака не е нешто што другата страна не го побарала.
  • Аналитика. Професионалните аутореспондери овозможуваат квалитетна аналитика на Вашите mail-ови во поглед на отварање, кликови, симнување… Со помош на квалитетна аналитика ќе можете да ја прилагодувате Вашата кампања.
  • Подршка. Кога станува збор за професионално не може да се заборави иподршката која се добива. Со гореспоменатите компании комуницирав неколку пати и истиот ден добивав одговор и решение на било кој мој проблем.
  • Алатки. Голем број на алатки кои овозможуват едноставна креација и на техничкиот дел од користење на аутореспондер како маркетинг средство.
  • Автоматизација. Во многу делови еден аутореспондер е автоматизиран. На пример, многу луѓе од незнаење (заборавиле дека два пати потврдиле дека сакаат да бидат дел од Вашиот аутореспондер) ја окарактеризираат Вашата е-mail порака како spam аутореспондерот автоматски ќе ги исклучи од Вашата листа така да нема да морате Вие самите да го правите тоа. Иако секој може во секој момент да направи unsubscribe сепак незнаењето е најголемата болест, затоа Вашиот провајдер ќе го реши тоа место Вас.

И за крај само уште една препорака:

Секогаш користете Double Opt-in (двојна потврда) за регистрација. Можеби е потешко, но сепак посигурно.

post

10 Извори на информации за успешна анализа на пазарот

Информации за анализа на пазарот Успешен претприемач мора да има способност да го избере вистинскиот производ и/или услуга што ќе им го понуди на купувачите на пазар на кој постои конкуренција. Сигурно и некој пред вас започнал сличен бизнис и нуди некои производи на пазарот. Можеби сеуште нема конкуренција, но не очекувајте дека така и ќе остане за долго време. Вистинскиот производ и/или услуга кој ќе треба да го изберете ќе ви го каже почетната анализа на пазарот.

Сигурно ќе се запрашате зошто би постоел простор за влез на пазарот со производ кој што идната конкуренција го нуди. Треба секогаш да имате на ум дека пазарот се менува многу бргу. Производите кои што биле најпродавани и најкористени пред 5 години веќе не постојат. Начинот на кој се продавале тие производи пред 5 години не е ист, со тоа што денешните можности се многу поголеми. Денес постојат илјадници производи кои се консумираат од страна на потрошувачите, а постојат и илјадници начини со кои вашиот производ и начинот на продажба можат да се разликуваат од вашата идна конкуренција. Вашата работа при избор на бизнис идеја е да изберете производ и начин на продажба кој ќе биде подобар на одреден начин од она што во моментот е понудено на пазарот. Ова правило продолжува постојано и во понатамошниот животен циклус на Вашиот производ или бизнис. Токму затоа критичен елемент во оваа предстартап фаза е почетна анализа на пазарот.

Во понатамошниот дел се дадени некои извори на информации кои ќе ви помогнат за успешна анализа за избор на производот кој ќе го понудите на пазарот:

1. Локации на слични бизнис

Прошетајте ја улицита и околните улици каде планирате да биде лоциран вашиот бизнис. Направете квантитативна и квалитативна анализа на посточките бизниси на таа локација и потесната и пошироката околина на таа локација. Со помош на овие анализи ќе стекнете осет за понудата на тие бизниси меѓу кои се и потенцијални Ваши конкуренти.

2. Производ и/или услуга

Вие веќе имате или идеја или сте во бизнис со некој производ и/или услуга. Започнете со Вас самите, па потоа продолжете со Вашите најблиски, роднини и пријатели. Размислете дали вам ви се потребни тие производи, дали би ги купиле доколку се најдете во позиција на купувач. Дали тие производи би им ги подариле на вашите најблиски. Разговарајте со вашите најблиски дали имаат потреба од тие производи и колку често ги користат. На ваков начин ќе ги класифицирате производите во однос на побарувачката.

3. Анализа на побарувачка преку анкетен прашалник

Можете да спроведете и анкетен прашалник за побарувачката на тие производи. Ова претставува поскапо решение, но од друга страна дава поквалитетни резултати. Постои можност и да ангажирате виртуелен консултант за оваа прашање. Но, доколку имате веб сајт или пак блог едноставно можете да спроведете анкетен прашалник за посетителите.

4. Интернет Форуми

Втор начин за проверката на побарувачката е да се поврзете на некој форум на интернет и да отворите тема за вашиот иден или сегашен бизнис во однос на мислења за производот кој што планирате да го понудите. Ова е бесплатен начин, но бара познавање од работа со интернет. Еден недостаток може да биде што не знаете за кој регион или подрачје се однесуваат тие мислења. Од друга страна може да добиете и еден куп на безполезни одговори во вид на потсмевање или погрешно насочување. Затоа, иако овој начин вреди пробување сепак бидете внимателни.

Пребарајте други теми на форуми на интернетот кои имаат некоја врска со вашата бизнис идеа и внимателно прочитајте ги и забележете ги различните мислења на различните луѓе. На ваков начин ќе створите одредена слика за идната понуда и побарувачка на вашиот потенцијален производ.

5. Блог пост

Доколку имате Ваш бизнис блог или пак личен блог можете да ја искористите предноста на пост за вашите идеи. Едноставно образложете ја идејата и поставете прашања на кои посетиелите ќе можат да одговорат преку коментари.

6. Државен завод за статистика

На сајтот на Државен завод за статистика на Република Македонија постојат месечни и годишни статистички извештаи за различните индустрии и дејности согласно националната класификација на дејности при што ќе можете да видите како различните продажби поминуваат на пазарот во Република Македонија.

7. Весници, радио телевизии

Разгледувајте ги весниците, телевизиските станици за да ги видите рекламите на производите што се нудат. Честопати увозниците или дистрибутерите на производите даваат реклами за истите. Со особено внимание забележете што се случува во индустријата на оваа поле.

8. Потенцијални добавувачи

Пронајдете ги добавувачите на тие производи во Златна книга или Жолтите страници. Јавете се за да ви испратат понуда преку факс или меил. На овој начин ќе дојдете до набавната цена на производите. Контактирајте неколку конкуренти за да видите колкава е малопродажната цена. Со ова ќе ја утврдите моменталната маржа за тие производи.

9. Google

Google е најголемата база на податоци во светот со информации од сите можни подрачја или индустрии. Пребарајте го Google за производите што ги анализирате, ќе добиете еден куп на вредни информации кои може да ги користите и во подоцнежните фази на вашиот бизнис.

10. Најмување на професионалци

На крај можете сето оваа да оставите да го изведе некој друг за вас, односно вашиот консултант. Со што ќе заштедите доста време, но од друга страна ќе ве чини одреден дел од вашите лични финансии.

post

Фаза зрелост од животниот циклус на производите

Животни циклуси на производи

Животни циклуси на производи

Стигнавме до фазата зрелост од животниот циклус на производите. Досега го поминавме развојот на новиот производ и секако го воведовме на пазарот со отпочнување на официјалната продажба. Тој производ влезе во фазата на раст и сега веќе доаѓа во една фаза наречена зрелост. Оваа фаза од животниот циклус на производи е најдолгата по времетраење фаза во која растот се намалува а продажбата се стабилизира на одредено ниво.

Производ во една ваква фаза претставува крава за молзење од BCG матрицата. Тоа значи дека веќе растот на пазарот е на ниско ниво, но учеството на тој производ е огромно па затоа и најголемиот прилив на готовина за бизнисот доаѓа токму од тој производ. Од друга страна профитната маржа полека но сигурно опаѓа.

Причина за опаѓање на профитната маржа

Постојат повеќе причини за опаѓање на профитната маржа, но најлогичните и најочигледните се следниве:

  • Зголемување на конкуренција
  • Зголемување на трошоци за истражување и развој како одговор на зголемена конкуренција
  • Намалување на маржата за да се остане конкурентен
  • Производот веќе не е нов и последен збор на техниката

Стратегии за задржување на позициите

Секој бизнис се обидува да ја пролонгира оваа фаза колку што може повеќе особено поради фактот што во една ваква фаза тој производ претставува најголем извор на финансии за бизнисот и затоа што по првичниот налет на конкуренцијата и намалување на профитната маржа тој пазар веќе не е интересн за нови конкуренти.

Како стратегии може да секористат:

  • Стратегија за проширување на пазарот. Со оваа стратегија се прави обид да се навлезе со тој производ на друг пазар, да се зголеми маркетингот за да се зголеми продажбата, промоција на почесто користење на производот од страна на тековните купувачи (особено за производи кои треба да се менуваат по одреден временски период на користење), развој на дополнителни можности за користење на тој производ кај тековните купувачи…
  • Одбрамбени стратегии. Ова се веќе стратегии кои треба да спречат влез на нови конкуренти или пак да го спречат растот на постоечките конкуренти.
  • Стратегија на подобрување на производот. Ова е стратегија која има за цел да внесе нов живот во производ кој старее.

Колку подолго време производот остане во оваа фаза толку подобро за бизнисот бидејќи едноставно ќе обезбеди време и пари за финансирање на нови производи.

post

Размена на банери – Маркетинг средство 68

Полека, но сигурно се ближиме до таргетот од 100 маркетинг средства на претприемач. До крајот на оваа година се надевам дека ќе ја имаме листата од сите 100 маркетинг средства. За оваа недела, како 68-мо маркетинг средство е размена на банери.

Што претставува размена на веб банери?

Како 64-то маркетинг средство на претприемач ги разработивме веб банерите што всушност претставуваше одкупување на рекламен простор во вид на банер на друг веб сајт. Во овој случај состојбата е малку поинаку. Вие не плаќате со пари за тој веб простор туку со ист рекламен простор во вид на банер на Вашиот веб сајт.

Така да за размена на банери може да се каже дека претставува:

Процес во кој администратори на 2 веб сајта се договараат да размент банери при што администраторот на другиот веб сајт го поставува Вашиот банер, додека Вашиот администратор го поставува банерот на тој друг веб сајт.

Вообичаено во вакви ситуации се користи и принципот на реципроцитет во однос на позициите и димензиите на банерот или пак доколку еден од веб сајтовите е послаб во однос на посетеност обезбедува преговарачка предност на другиот.

Во секој случај оваа размена функционира на ист начин како и кај размена на линкови, како на сликата подолу.

Размена на банери

Размена на веб банери

На што треба да се внимава?

Во голем дел од она што важи за размена на линкови би важело и тука, само со додавање на уште некои елементи. Така да внимавајте на:

  1. Избор на вистински веб сајт за размена на банери. Секогаш тежнејте да правите размена со веб сајтови кои се барем на Ваше ниво по посетеност и авторитет.
  2. Следење дали банерот е сеуште тука.
  3. Анализа и мерење на успешноста од размената.
  4. Дизајн на банерот кој треба да привлече внимание, ќе прати кратка и јасна порака, ќе пренесе корисност и ќе го гради Вашиот бренд.
  5. Позиција каде ќе биде сместен банерот. Веќе споменав дека во зависност од авторитетот на Вашиот веб сајт и посетеност ќе можете да имате поголема или помала преговарачка моќ за позиционирање.

Не би сакал да должам повеќе со овој пост бидејќи има голема сличност сето она што досега го кажавме во Веб банери како маркетинг средство и Размена на линкови но би додал само уште една напомена. Не мора да значи дека размената мора да биде во взаемен простор на двата веб сајта. Можете да стекнете позиција на веб сајт на некој Ваш клиент со што ќе му овозможите попуст за Вашите производи и/или услуги или пак некоја друга против корист. Но, повторно внимавајте и запрашајте се дали вреди.

post

Фаза раст од животниот циклус на производите

Животни циклуси на производи - фаза раст

Животни циклуси на производи - фаза раст

Стигнавме до фазата раст од животниот циклус на производите. Досега го поминавме развојот на новиот производ и секако го воведовме на пазарот со отпочнување на официјалната продажба. Оваа фаза на нов производ претставува знак дека производот успешно го проживува своето детство и дека успешно се завршени претходните две фази. Ова значи дека кога производот ќе ја преживее фазата на виведување окарактеризирана со спор прогрес ќе навлезе во еден период на голем раст.

Карактеристично за оваа фаза е дека купувачите кои го купиле новиот производ го изложуваат да бидат видени со него или едноставно разговараат со сите свои блиски со што обезбедуваат експоненцијален раст на желба за купување и кај другите. Можете да видите како се движи оваа во постот за вирозен маркетинг. Во оваа фаза отпорот кон купување на тој нов производ драстично се намалува и претставува резултат на сите претходни активности на еден претприемач или еден бизнис.

Но, сеуште не е време за опуштање. Или поточно кажано во бизнисот никогаш не можеме да бидеме опуштени. Првичниот успех на тој производ нема да остане незабележан од страна на конкуренцијата. Набргу на пазарот ќе навлезе и конкуренцијата со некаков вид на супститут на тој производ. Потребно постојано следење на движењето на продажбата, цените, побарувачката и секако можноста за достава на потребна количина.

Фазата на раст на било кој производ претставува секогаш интересна за конкурентите.Таа е знак дека еден пазар веќе е оформен и дека на готово ќе може да се навлезе на истиот. Затоа мора да се мисли на инкрементални подобрувања и нови подобрени верзии на производот за да се задржи почетниот раст на продажбата на тој производ и секако да се одржи профитабилноста на бизнисот на високо ниво.

Накратко ќе се обидам да презентирам неколку активности на кои би требало да се насочите вооваа фаза.

1. Разбивање на отпорот кон новиот производ

Отпорот секогаш ќе постои. Нов производ значи замена на стариот и секако промена на навики на корисниците. Промените секогаш се проследени со отпор кон истите. Доколку успееме да ја распространиме веста за корисноста на тој нов производ, докажеме дека е компатибилен со претходниот производ и дека е помалку комплексен за користење во голем дел ќе успееме тој отпор да го одржиме на едно ниско – прифатливо ниво.

2. Следење на продажбата и брзината на растот

Многу е важно да ја следите продажбата како би можеле да ја мерите и брзината на растот на таа продажба. Тоа се директни информации од пазарот и даваат идеја за тоа како се прифаќа тој производ.

3. Следење на конкуренцијата

Конкуренцијата е уште еден значаен фактор за успешен раст на продажбата на еден нов производ и/или услуга. Едното око постојано треба да ви биде кон конкуренцијата која секако ќе биде привлечена од првичната успешност на тој Ваш нов производ.

Сватете го ова како една ваша директна предност затоа што Вие веќе ќе сте повеќе време на пазарот, и ќе можете да играте на картата на постојани подобрувања.

4. Следење на цените

Обично новиот производ навлегува на пазарот со висока цена за да се покријат трошоците за истражување и развој и секако производство во помали серии. Но, како што расте продажбата и секако побарувачката се отвора можност од намалување на цената во случај на навлегување на други играчи на пазарот.

5. Стратегија на подобрување и нови верзии

Не можеме да очекуваме дека се ќе биде перфектно. Видете што се случи со Apple и проблемите со антената на новиот iPhone 4. Набргу по проширување на оваа вест се прошири и веста дека Apple вработува инженери кои треба да работат за елиминирање на тој производ. Затоа многу е подобро да имате стратегија за постојано подобрување на тој Ваш нов производ.

6. Постојано подобрување

Доколку сакате да ја задржите конкурентската предност во оваа фаза во која е карактеристечен голем прилив на пари од продажбата не е лошо да издвоите дел за подобрување и нови верзии.

post

Непознавање на маркетинг на еден претприемач или менаџер

Учество на пазарот Конкурентската предност на пазарот не се стекнува лесно, но лесно може да се загуби. Може да потрошите години и години во развојот на бизнисот но со недоволно залагање и постојана анализа на пазарот постигнатото може да се изгуби за неколку месеци. Пазарот е многу променлива категорија. Денес се бара нешто, утре нешто друго… Примеров е вистинска случка и се однесува на тоа како еден менаџер воопшто не троши време за маркетингот на бизнисот кој го води или барем мојот прв впечаток беше таков. Или не троши време за проучување на маркетингот и анализа на пазарот или нема соодветно познавање, а се нашол во улога да управува бизнис. Менаџерот управува компанија која е увозник на брендирани производи од познат бренд кој има добра побарувачка и добро поминува во нашата земја.

На една презентација на производи на компанијата (од примерот) го прашувам менаџерот за видовите на производи што ги нудат, начинот на испораката и цените. Одговорот беше низ следниве реченици:

  • Ние не работиме со секого!
  • Нашите производи се лидери на пазарот!
  • Нашите производи се многу скапи!
  • Какви други производи имате?
  • Постојано вложуваме во маркетинг, оваа презентација е доказ! (НЕПОЗНАВАЊЕ НА МАРКЕТИНГ)

Од неговите одговори се забележува синдромот на јас, јас и само јас.

Ја забележуваме првата грешка: ПРЕПОТЕНТНОСТ.

Спомнавме со какви производи работиме, дека исто така се скапи, докажани во својата намена, испробани на сопствена кожа, не се многу познати во нашава земја а во светот не се непознаница. Пред да почнеме да работиме со тие производи извршивме пребарување на интернет и тоа:

  • На официјалниот сајт на производителот
  • Пребарување на google за да видиме што кажуваат другите сајтови
  • Разни форуми за да видиме какво е искуството на луѓето што ги користат.

Нашите анализи покажаа дека производите претставуваат добар бренд кој излегува во пресрет на барањата на потрошувачите и не зажаливме кога почнавме да го работиме. На нашето излагање го добивме следниот одговор:

  • Првпат слушам за таков бренд! (РАБОТИ БЕЗ ДА ГО АНАЛИЗИРА ПАЗАРОТ)

Човеков заталкал некаде во ваква работа. Како може да нуди нешто за продажба, а од друга страна да не знае дека полека но сигурно дел од неговото учество на пазарот му го зема друг бренд. Тој воопшто не знае што се се продава на нашиот пазар. Не ми се веруваше дека постои таков менаџер. (Дали може да се каже дека е менаџер?)

Секоја компанија мора постојано да го анализира и истражува пазарот. Во секој момент менаџментот мора да знае во каква позиција се наоѓа компанијата. Дали ја одржува сопствената позиција? Дали бележи раст на учество на пазарот? Дали се бележи некаков пад во учеството на пазарот? Дали треба да преземе некои мерки за да го зголеми и задржи пазарното учество? Кои се производи постојат на пазарот со какво учество? Ова се прашања кои секој менаџер треба да го интересираат и да бара одговор како би можел да носи поквалитетни одлуки. Инаку, секој може да биде менаџер. Овие прашања се одговараат со соодветно истражување и анализа на пазарот.

Можеме да кажеме дека:

  1. Како претприемачи не смееме да бидеме препотентни.
  2. Мораме да знаеме точно што претставува маркетинг.
  3. Мораме постојано да го анализираме пазарот и да ги следиме движењата на истиот.

Секое мало пореметување на продажба треба да даде сигнал дека треба да се преземе нешто. Овие мали пореметувања – промени во околината (пазарот) може кобно да влијаат на нашиот бизнис. А, честопати од страна на менаџерите и претприемачите овие мали пореметувања се занемаруваат. Во овој дел е интересно да забележиме една компарација со жаба која ја дава Питер Сенги во неговото капитално дело Петта дисциплина. Ако жабата ја ставиме во ладна вода и полека ја зголемуваме температурата таа ќе ужива во топлата вода. Како се зголемува температурата на водата и истата почнува да врие жабата веќе ќе ја губи свеста и на крајот ќе умре. Ова се мали промени кои не се забележуваат. Доколку жабата веднаш ја ставиме во врела вода, таа ќе се изгори и ќе скокне од истата, но ќе остане да живее. Повеќе детали за оваа компарација пишував во парабола на варена жаба.Значи често пати се концентрираме само на крупните пореметувања во нашата околина, додека ги занемаруваме малите пореметувања. Да не дозволиме и со нашиот бизнис да случи истото како со жабата во првиот случај.

post

Размена на линкови – Маркетинг средство 67

Размена на линкови претставува 67-мо маркетинг средство на претприемач. Во серијалот за оптимизација за пребарувачи веќе навлеговме во одреден дел на оваа тема, но сепак со овој пост како дел од серијалот маркетинг средства би сакал да дообјаснам некои елементи.

Што претставува размена на линкови?

Во SEO – Дали размена на линкови вреди ја претставивме размената на линкови како:

Процес во кој администратор на еден веб сајт ве контактира Вие да поставите линк до нивниот веб сајт и за возврат тие ќе постават линк до Вашиот веб сајт.

На сликата подолу е прикажан тој процес кога веб сајт А разменува линк со веб сајт Б.

Размена на линкови

Зошто размена на линкови?

Линковите се важни за онлајн светот и Вашиот веб сајт. Тие линкови даваат кредибилитет и авторитет за Вашиот веб сајт во очите на пребарувачите. Повеќе за ова можете да прочитате во серијалот од постови за SEO на претприемач. Но, секој кој се занимава со маркетингот и особено интернет маркетингот знае дека линковите имаат голема важност. Сега прашање е дали да се оди со природен процес кој е подолготраен или пак да се оди се еден ваков „вештачки“ процес кој е побрз.

Сепак сакам да напоменам дека размена на линкови може да одигра солидна улога во развој на онлајн присуството на Вашиот бизнис, особено доколку започнувате сега да го градите тоа присуство. Но, доколку не се претерува и соодредена доза на внимателност.

На што треба да се внимава?

Важно е да знаете дека ќе треба да бидете доста внимателни применувајќи го оваа маркетинг средство. Не е работата во тоа да приграбите колку што може повеќе линкови преку размена на линкови. Работата е во тоа колку ќе бидат квалитетни тие линкови. Внимавајте на следниве елементи кога го користите оваа маркетинг средство:

1. Да разменувате линкови со веб сајтови со повисок авторитет

Основата е да со размена на линкови добиете дојдовен линк од веб сајт со повисок авторитет. Ова значи дека прво ќе треба да погледнете каков PR има тој веб сајт. Иако не можете да бидете сигурни, бидејќи Google го менува постојано, додека еднаш до двапати годишно го ажурира за нас да можеме да го видиме, сепак ќе имате некоја слика за тој веб сајт. Можете и да го анализирате во однос на посетеноста, линковите кои доаѓаат до него… Сето ова ќе ви даде една јасна слика за тоа дали ќе вреди или нема да вреди таа размена на линкови.

2. Anchor текст

Ова е значаен елемент од процесот на размена на линкови. Тоа е текстот кој што ќе стои и кој кога ќе се кликне ќе го одведе посетителот до Вашиот веб сајт. Внимавајте да биде основниот клучен збор.

3. Опис

Често пати во размена на линкови се разменува и краток опис на значењето на линкот. Ова е она што треба да го поттикне посетителот од еден веб сајт да го привлече и наведе да кликне на линкот за да стигне до Вашиот. Внимавајте да биде кратко, јасно, прецизно и да поттикнува акција (клик).

4. Следење дали линкот е сеуште тука

Следете од време навреме дали линкот од оној веб сајт со кој разменувате линкови е сеуште активен. Постојат различни администратори кои може да го тргнат линкот без да ве информираат. Во една таква ситуација веднаш отстранете го и линкот кој се наоѓа на Вашиот веб сајт.

5. Мерење и анализа на успешноста

Следете колку посетители добивате од кој линк и секако дали ќе има промена во PR на Вашиот веб сајт.

post

Воведување на нов производ и/или услуга – Фаза 2

Животни циклуси на производ - (Воведување-Лансирање)

Животни циклуси на производ - (Воведување-Лансирање)

Воведување на нов производ и/или услуга е една од најважните фази од животниот циклус на производите. Не дека останатите не се важни, но некако успешното лансирање на пазарот на еден нов производ претставува навистина солидна основа за постигнување на успех. Погледнете го само лансирањето на новиот iPhone 4 кое заврши пред неколку месеци, а се започна уште на почетокот на оваа година (свесно или несвесно од страна на производителот).

Голем дел од успешното лансирање веќе опфативме во претходнта фаза со тестирање преку рани прифаќачи и кревање на врева за Вашиот нов производ и/или услуга. Компанијата Apple дали свесно или несвесно крена огромна врева околу нивниот нов производ – iPhone 4 започнувајќи со најава преку прес конференција, потоа се случи пронаоѓање на загубен телефон чии функционалности беа снимени и се распространија на интернетот со молскавична брзина. Неколку месеци сите пишуваа за функционалностите на тој нов производ. На денот на официјално пуштање во продажба имаше редици на луѓе кои чекаа да го нарачаат и едноставно со неворојатна пасија чекаа да ги дадат нивните пари за тој производ.

По завршување на тоа лансирање се уште тој производ се зборува за добро или пак за лошо (проблеми со антена). Но, кој колку да го сака или едноставно да не го сака Apple и нивниот iPhone, мора сите да се сложиме дека лансирањето на тој производ претставуваше едно од најголемите и најдобро спроведените лансирања на нов производ.

Целта на секој претприемач кога воведува нов производ на пазарот да успее да направи потенцијалните купувачи да врескаат за да сигнат до него. Но, сепак за сето тоа да биде онака како што треба потребно е успешно завршување на претходната фаза од животниот циклус на производите, особено оние чекори кои доведуваат до подготовка на започнување на оваа фаза.

Слободно може да се каже дека оваа фаза веднаш ќе одговори на прашањата дали тој производ ќе биде успешен или не.

Иако различни видови на бизниси, различни пазари и различни индустрии ќе бараат различни чекори ќе се обидам накратко само да го дефинирам патото како би можело да се одвива оваа фаза.

1. Обезбедување дека се е подготвено за успешно лансирање

Бидете сигурни дека сите подготовки за успешното лансирање се завршени. Проверете дали залихите и капацитетот на производство ќе го задоволи првиот бран на предвидена продажба. Дали постојат некои технички проблеми сеуште нерешени? Дали дистрибутивните канали се подготвени и имаат капацитет да ги задоволат првичните нарачки?

2. Подгответе план за пробивање на инерцијата на потрошувачите

Можеби сеуште потенцијалните потрошувачи немаат желба да ги променат своите навики со сегашните производи иако оваа веројатност е слаба затоа што потрошувачите секогаш сакаат нови подобрени начини за решавање на нивните проблеми. Сепак, не можеме да кажеме дека нема да постои една таква инерција.

3. Кревајте врева

Кревајте врева околу Вашиот нов производ и/или услуга. Контактирајте ги оние рани прифаќачи и известете ги дека можат слободно да го споделуваат нивното искуство со Вашиот нов производ и/или услуга. Во многу случаи тие се најважните распространувачи на пораките за Вашиот производ и/или услуга.

4. Определете прецизен датум за официјална продажба

Оваа тектика навистина претставува нешто што поттикнува исчекување кај потенцијалните купувачи. Доколку слушнале, разбрале или пак виделе што овозможува Вашиот нов производ да наметне исчекување и броење на денови до датумот на официјално пуштање неколку месеци предходно.

5. Целиот продажен тим нека биде подготвен за она што го чекува

Продажниот тим ќе биде првиот кој директно ќе се судри со потенцијалните купувачи. Нека бидат подготвени! Нека завршат со лично тестирање на тој производ како би можеле директно да го пренесат нивното искуство.

6. Официјално пуштање во продажба

На точно определениот датум нека започне продажбата. Бидете сигурни дек претходниот ден сте го најавиле работното време и локациите каде прво ќе пристигне тој производ. И нека ви е со среќа.

7. Следете, анализирајте и подобрувајте

Следете го одвивањето на продажбата. Анализирајте го и подобрете ги можните недостатоци.

8. Првите купувачи како најголеми распространувачи на пораката

Првите купувачи, односно купувачите од оваа фаза имаат потенцијал да ја распространат пораката за Вашиот нов производ од огромен број на нови потенцијални купувачи. Вашата задача е доколку можете да ги поттикнете во тоа иако добриот квалитет, претходно успешно завршена домашна задача со анализа на пазарот претставува гаранција дека доколку навистина се задоволни самите ќе се фалат и така ќе поттикнуваат интерес кај нивните роднини, пријатели, познаници…

post

Успешна маркетинг кампања во 10 чекори

Маркетинг кампања - 10 чекори

Маркетинг кампања - 10 чекори

Доколку Вашиот бизнис е „нормален“ бизнис, тогаш неговата егзистенција веројатно се базира на потрошувачи и секако продажбата на тие потрошувачи. Како и да е, продажба без маркетинг е невозможна, или е возможна но не онака како еден претприемач би сакал да е. Од друга страна, маркетингот без оној последен чекор, вистинска маркетинг кампања која ќе привлече потрошувачи е како нешто без глава.

Доколку ја завршиме нашата домашна задача – изработка на маркетинг план и:

  • Вие веќе го знаете Вашиот целен пазар,
  • Веќе имате маркетинг цели,
  • Ги знаете Вашите маркетинг стратегии
  • Ги знаете Вашите маркетинг тактики и
  • Ги знаете Вашите маркетинг активности

тогаш, ќе можете да продолжите со распоред на маркетинг кампањи преку следните 10 чекори.

1. Проверете го Вашиот маркетинг план за да видите што е следно.

Вашиот маркетинг план е единствениот извор на информации за сите Ваши маркетинг кампањи. Мора да го консултирате пред да започнете со дизајн на кампањи.

2. Подгответе јасни цели за планираните маркетинг кампањи.

Вие веќе ги имате глобалните маркетинг цели за Вашиот бизнис. Сега е време да ги трансформирате тие цели во цели на кампањата. Размислете за конкретни бројки како број на луѓе кои треба да се привлечат со кампањата или пак број на продажби базирани на тековната кампања.

3. Кои ќе бидат најважните мерни индикатори?

Овие мерни индикатори на крајот од кампањата ќе ви кажат дали кампањата е успешна или не. Бидете сигурни дека индикаторите ги следат целте на кампањата.

4. Определете маркетинг буџет.

Колку пари ќе потрошите за кампањата? Можеби сакате да потрошите милиони кои ги немате. Ќе мора да го оптимизирате буџетот за да ги извлечете максимално можните резултати.

5. Разделете ја планираната кампања во акциски чекори.

Многу е подобра имплементацијата на кампањата доколку имате прецизно дефинирани акциски чекори.

6. Приоритизирајте ги тие акциски чекори.

Секогаш ќе има поважни активности во однос на другите. Затоа е важно да ги приоритизирате тие активности како би биле сигурни дека нешто важно нема да се заборави. Овој чекор ќе ви помогне во подобрување на процесот на делегирање што е следен чекор.

7. Делегирајте ги активностите.

Доколку имате вработени делегирајте ги сите активности со понизок приоритет да бидат завршени од нивна страна. Нема да можете да постигнете самите се.

8. Па да започнеме!

Кога ќе ги подесите сите активности кампањата може да започне.

9. Мери и анализирај!

Следи ги важните мерни индикатори од чекорот 3 и анализирај ги постигнувањата од кампањата.

10. Подобри или повтори!

Секогаш постојат можности за подобрување. Користи го она што ќе го откриеш во претходниот чекор за подобрување на кампањата или за повторување на истата во иднина.