post

Купување на постоечки бизнис – Определување на цена

Купување на постоечки бизнис Како една можност за започнување на бизнис или влегување во претприемачките води претставува купување на постоечки бизнис. Но, едно од поважните прашања е која цена да се плати за купување на бизнис.

Продавачот ја поставува цената на бизнисот, а пазарот ја одредува вредноста.

Понудената цена може да биде: преголема, точна или ниска. Во секој случај се работи за спротивни интереси. Стариот сопственик сака да продаде по колку што може поголема цена, додека новиот сопственик сака да купи по најниска можна цена. Па постојат три приоди за продавачот да ја определи продажната цената, а тоа се:

  1. Знам колку ме чини. Ова се неаналитички пристапи. “знам колку сум вложил во бизнисот” обично укажува на елементи од кои не може да се процени бизнисот.
  2. Знам колку треба да добијам. Вториот пристап укажува на ползата што се очекува од продажбата. Како и претходниот, така и овој пристап ја “надувува” цената, па се добиваат вредности повисоки од реалната вредност.
  3. Споредување со цените добиени за сличен бизнис. Третиот пристап врши споредување со цените добиени за слични бизниси. Ова е добар приод кога се продава куќа, стан, земјиште.

Продавачот може да одлучи продажбата да ја врши лично. Тоа е лошо решение. Продавачот е емоционално поврзан со бизнисот. Некои сопственици, при продажбата на нивните бизниси не се многу тажни ако бизнисот не се продаде. Тие и сакаат и не сакаат да го продадат. Посредниците (брокерите) се агенти кои ја подготвуваат продажбата. Брокерите имаат искуство, објективност, способност за преговарање, познавање на купувачите, самодоверба…

За да дојде до реална вредност на некој бизнис, потенцијалниот претприемач мора да утврди и да процени дали бизнисот што го купува е:

  • Лош: Ќе се согледа врз основа на деловните книги, како и лична проверка.
  • Добар: Имаат добро водени деловни книги, добар имиџ кај купувачите, скапи се. Мора да се биде внимателен, за точно да се утврди дали се добри и при тоа да не се стане жртва на измама.
  • Надежен: Со подобар менаџмент, можат да се остварат подобри резултати.

Преговарањето е посебна област за претприемачите, менаџерите, па и за луѓето во неделовниот дел од животот. Важна е цената која е договорена, но важно е и тоа како е дојдено до неа. Вредноста на бизнисот се формира на пазарот, тоа е вредност на бизнисот што некој е подготвен да го плати. Кога се преговара, секоја од страните, за да преговара ефективно, важно е да сфати колкава моќ поседува. Извор на моќ се добива од поседување на информации. Ако купувачите немаат веродостојни информации, тогаш се во сериозно заостанување. Грешка во преговарањето е целосно да му се верува на продавачот. Ако од тројца сопственици двајцата се за продажба, а третиот се размислува, тоа е своевиден притисок врз него. Врз преговорите влијае и времето. Ако купувачот или продавачот се во “тесно” од временски аспект, тогаш тоа е нивна преговарачка слабост. Ако купувачот или продавачот имаат алтернативни решенија, тоа е нивна преговарачка предност. Ако продавачот има единствена алтернатива во продажбата на својата продавница и ако тоа го знае купувачот, тогаш продавачот има преговарачка слабост. Кога се анализираат бизнисите, но и кога се склучува договор, потребни се совети од сметководител и од адвокат.

Пример: Цената што ја бара продавачот е 100. Мислете дека е тоа реална цена. Се јавува купувачот, прашува за цената и се согласува. Како се чувствувате? Разочарано? Мислете дека сте можеле да добиете повеќе?

Втора варијанта: Човек нуди 90, а Вие велите 95 и тој се согласува за 95. Какво е чувството? Оваа цена е помала од првата (100). Дали сега се чувствувате подобро? Повеќето луѓе се чувствуваат подобро! Идентично чувство има купувачот. Ако Вашиот контра предлог беше веднаш прифатен, ќе мислевте дека требало да пробате со 95.

Останатите наслови од серијалот купување на постоечки бизнис:

post

Купување на постоечки бизнис – Етапи

Кога се користи стратегијата на купување на постоечки бизнис како можност за започнување на бизнис добро е да се пристапи етапно. Секогаш започнете со повеќе алтернативи, односно повеќе бизниси на продажба кои би ги разгледувале како можност за купување на еден од нив.

Во овој пост од серијалот започнување на бизнис преку купување на попстоечки бизнис би ги разгледале етапите кои можете да ги користите.

Потпишување на договорот треба да се одвива во етапи, за да се запазат сите потребни процедури и да се извршат сите потребни проверки, па претприемачот да може веднаш да отпочне со работењето. Пред потпишување на договорот, потребно е да се спроведе истражување во три етапи:

#1 Грубо истражување

Првата етапа претставува грубо (воведно) истражување кое треба да се спроведе. Целта е по оваа истражување да останат еден до два бизниса за понатамошно разгледување.

Во оваа етапа вие дноставно:

  • ги посетувате просториите на продавачите,
  • разговарате со нив и притоа главно слушате (продавачот да зборува) и
  • правите проверка на финансиските резултати.

#2 Средно истражување

Втората етапа претставува средно истражување во кое:

  • ги разгледувате средствата,
  • ја проценувате финансиската вредност,
  • утврдувате кој ги поседува акциите,
  • ги проверувате побарувањата,
  • правите преглед на персоналот и неговата квалификација,
  • ги проверувате врските со пазарот и
  • ги собирате информации за снабдувачите.

#3 Фино истражување

Третата етапа или фино (конечно) истражување бара: 

  • Да се проверат правните аспекти.
  • Да се вклучат адвокат и сметководител.
  • Да се анализира зошто продавачот сака да го продаде бизнисот: Дали ќе се пензионира? Лошо здравје? Не сака да биде (да учи) менаџер каков што бара бизнисот што расте? Потребна е финансиска инекција, а сопственикот не може да ја даде? Се намалува пазарот? Технологијата се менува? Производите (услугите) се застарени?

Останатите наслови од серијалот купување на постоечки бизнис:

post

Купување на постоечки бизнис – Фактори кои треба да се разгледаат

Купување на постоечки бизнис Купување на постоечки бизнис претставува добра стратегија или можност за започнување на бизнис. Сепак, пред да се донесе конечна одлука за некој бизнис да се купи добро е да се разгледаат повеќе фактори кои ќе ти овозможат да стекнеш добра слика за бизнисот кој планираш да го купиш.

Да ги разгледаме некои од основните фактори кои треба да се разгледаат при купување на постоечки бизнис.

#1 Физичка состојба

Физичката состојба на работните капацитети (градежни објекти и опрема) треба да се процени. Доколку претприемачот нема доволно искуство, може да ангажира стручњак за проценката да биде реална. Ако износот кој се плаќа за недвижности и опрема е доста висок, претприемачот може да одлее големи финансиски средства, што за понатамошното работење може да претставува хендикеп, бидејќи мора да се обезбедат додатни средства за реализирање на тековните проблеми. Староста на зградите и опремата одредува колкава ангажираност е потребна, за да се доведат во оперативна состојба. Доколку цената е поволна, од таа опрема или недвижности може додатно да се заработи, доколку се продаде вишокот на капацитети, па претприемачот може да оствари додатна заработка.

#2 Пазарна состојба

Пазарната состојба, на претприемачот му покажува каква е состојбата на теренот и што се бара во моментот. Потребно е да се определи структурата на населението, како и карактеристиките на целната група (образование, старост, пол), големината на целната група, платежната моќ, стилот на живеење и сл.

#3 Конкуренција

Потребно е да се определи и позицијата на конкуренцијата. Колку директни конкуренти има во одредениот регион? Колку индиректни конкуренти има? Колку конкуренти ја напуштиле гранката во последните 5 години? Колку нови конкуренти чекат да влезат во бизнис? Каква е политиката на цени во оваа област? Кои услуги ги нуди конкуренцијата? Рангирање на конкурентите по сила? Каков е нивниот настап на пазарот?

#4 Финансиска позиција

Финансиската позиција на бизнисот треба да ни даде одговор на тоа: Дали е прифатливо да се продолжи со работење на зададениот сектор или треба да се менува индустриската гранка? Треба да се најдат одговори на следниве прашања: Каков е трендот на профитот и текот на средствата во последните 5 години? Дали профитот е стабилен или има флуктации? Каков е трендот на продажбата? Дали средствата се реално вреднувани во билансот на состојбата?

#5 Законска регулатива

Законската регулатива и правните аспекти, при купувањето на бизнисот, треба да бидат испочитувани до крај и без оглед на тоа колку кошта адвокатот. Обавезно, треба да се влезе во реализирањето на овие прашања во соработка со адвокат, кој имал претходно искуство во оваа проблематиката, бидејќи има разни понуди со сомнителни содржини: повеќе сопственици; недорешени спорови; незаверени објекти во државни институции… Па новиот сопственик не ќе може да ужива во својата сопственост, туку може долг временски период да помине по судови, што може скапо да го чини. За да се одбегне создавање на таква состојба потребно е да се обезбедат следниве информации: Доказ за сопствеништво на фирмата. Дали фирмата има потребни дозволи за работа и дали тие уште важат? Дали патентите со кои располага фирмата се заштитени според законите и дали се сеуште важечки? Дали фирмата има договори со вработените? Дали фирмата има документи за закуп на опремата и објектите? Дали фирмата има некои нерешени спорови?

Останатите наслови од серијалот купување на постоечки бизнис:

post

Купување на постоечки бизнис

Купување на постоечки бизнис Како една можност да се стане претприемач е да се купи веќе постоечки бизнис кој е на продажба. Значи освен започнување со сопствена бизнис идеја од нула, може и да се купи постоечки бизнис.

Најчесто, да се најде бизнис не е проблем, но проблем е да се најде добар бизнис.

Во развиените земји, во весниците, има огласи во кои се нудат бизниси. Во локалните весници се нудат најчесто локални бизниси, додека во Wall Street Journal има светски бизниси.

При барање на бизнисите за купување, може да се користат и услугите на брокерите. Провизијата на бизнис-брокерите може да изнесува и до 10 % од продажна цена. За да се добие сознание за купување на бизнис, треба да се користат и личните врски со пријатели, со банкари, со сметководители, со деловни луѓе. Овие се индиректни пристапи. Со директен пристап, лично се стапува во контакт со можниот продавач на бизнис и се преговара за можното купување на бизнисот.

Прашањето зошто сопственикот сака да го продаде својот бизнис, за купувачот е мошне значајно. Врз база на сознанијата што се добиват кога ќе се испитаат причините за продажба, може да се добие квалитетна слика колку бизнисот ветува и колку пари треба да се понудат за да се откупи истиот.

Доколку е под притисок, стариот сопственик може да даде поволни услови. Можно е и измислување на проблеми од страна на стариот сопственик, со цел да се измами купувачот, дека е во криза и дека нуди поволни услови за купување, а тие да се далеку од поволни.

Причини за продажба може да бидат:

  • загуби на капитал поради континуиран пад на продажбата и профитот;
  • смртен случај, пензионирање или болест на сопственикот;
  • незаинтересираност на наследниците за водење на бизнисот;
  • спорот со партнерот;
  • територијално прелевање на бизнисот;
  • принудна ликвидација или продажба;
  • страв од конкуренцијата, како и неможност од справување со неа;
  • страв од постоечка или идна економска состојба;
  • недостаток на желба и мотив за понатамошното занимавање со бизнисот или недостатокот на капитал за да се изврши реконструкција и подобрување, како и набавка на новата опрема или производи;
  • желба за промена на гранката на работењето.

Затоа, во следните неколку денови ќе одиме со серијал на постови за започнување на бизнис преку купување на постоечки бизнис. Така да ќе бидат опфатени следниве наслови:

post

Започнување на бизнис: Фактори на кои треба да се внимава

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Постојат одреден број на фактори на кои треба да се внимава при започнување на нов бизнис, за да може бизнисот успешно да функционира.

Иако постојат многу фактори кои можеби ќе предизвикуваат главоболки во оваа фаза, сепак треба да се обезбеди фокусот на претприемачот на најважните од кои можеби и ќе зависи иднината на бизнисот.

Да ги разгледаме оние фактори на кои треба да биде посветено посебно внимание од страна на претприемачот.

#1 Пазарна студија

Пред да се превземе некаков чекор во врска со отпочнување на нов бизнис, потребно е да се испита пазарот и неговите можности.

Потребно е да се утврди каков пазар имало пред пет години, а врз база на тоа и врз база на сегашни истражувања, да се утврди каков пазар ќе има во наредните пет години. Дали пазарот ќе се прошири или ќе се намали? Каква е економската можност на пазарот? Каква е конкуренцијата на пазарот?

#2 Локација

Без оглед дали се работи за производство, услуги или трговија, локацијата претставува клучен фактор при реализирањето на секоја деловна идеја.

При тоа е потребно да се анализираат следниве фактори: 

  • Трошочни фактори (земјата, работната сила, материјалите, транспортот).
  • Фактори на побарувачка (големината на пазарот, локација на конкурентите, потенцијалот на продажбата).
  • Невидливи фактори (склоност кон посебно опкружување, сигурност, други лични и семејни размислувања).

#3 Финансиски барања

Финансиите претставуваат клучен фактор при реализирање на секој бизнис. Тие се потребни како на почеток, при стартување на бизнисот, така и во понатамошниот тек.

Доколку финансиите не се обезбедат во потребната мерка, бизнисот може да згасне.

#4 Правни барања

Кога се отпочнува со новиот бизнис, секогаш мора да се води сметка за правните аспекти во работењето.

Правни совети се потребни во почетната фаза: кога се регистрира претприатието, за прибавување на финансиските средства, за вработување на работниците, за заштита на патенти и друга интелектуална сопственост, при склучување на бизнис-зделка со цел да се оневозможи каква било манипулација од страна на партнери со кои се соработува.

Доколку нема добра правна заштита, можни се судски спорови, а резултат на тоа е најчесто уништување на бизнисот. Доколку сите договори се склучени со почитување на целокупната правна регулатива, тогаш судот ги штити интересите на претприемачот, кога истите се загрозени од други лица.

post

Започнување на нов бизнис

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Започнувањето на бизнис во денешно време не претставува преголема тешкотија. Фирмите лесно се регистрираат, барем во тој дел се направија огромни подобрувања. Ниту пак се потребни големи средства. За почетна набавка на стока може да биде доволно и 5.000 евра, а тој износ може понатаму по потреба да се зголемува. При регистрацијата, најдобро е да се ангажира адвокат кој ќе се погрижи да се запазат сите правни аспекти, како при регистрацијата така и во иднина, бидејќи секогаш при склучување на договорите мора да се води сметка за можните правни реперкусии.

Започнувањето нов бизнис претставува и највозбудливиот дел од работењето, проткаено со голем број нови непознати случувања. Проблем претставува опстанокот на претпријатието на пазарот, како и неговиот раст.

Препорака до претприемачите во почетокот на работењето е да избегнуваат преголеми “консултации” во врска со отпочнатиот проект, бидејќи многу “совети” можат да го парализираат и откажат од зацртаната идеја. Многу совети можат да дадат луѓе кои недоволно знаат или не можат да ја сфатат бизнис идејата, потоа има злонамерни луѓе кои намерно даваат погрешни совети. Ова не значи дека никогаш не треба да се примаат совети. Тоа исто така е погрешно. Одмерено слушање на совети и целосно размислување со своја глава (со континирано учење на области во кои претприемачот чувствува недоволни знаења), претставува клуч за успешно работење.

Отпочнување нов бизнис кој подоцна не би успеал може да стане “ноќна мора”, бидејќи може да се изгубат големи средства, а можно е и потсмевање на околината, па претприемачот многу потешко ќе се одлучи да реализира некој нов проект. Не се смета за нешто страшно доколку некој бизнис и не успее, бидејќи има многу примери на успешни претприемачи кои не успеале во првиот обид, а можеби и во неколку обиди. Дури и во одредени случаи тие неуспеси претствуваат основа за иден успех како што опфативме во брзо пропаѓање на бизнисот. Можноста бизнисот од првиот пат да не успее е поизвесна отколку да успее. Важно е ова да се сфати кај нас, бидејќи во нашите отежнати услови на работење, можноста за неуспех е значително зголемена. Многу полесно е претпримништвото да се негува во развиените економии, каде постојат многу подобри услови за работење, како и поголем број можности за реализирање на бизнисот.

Фактори за реализирање на бизнисот

За реализирање на бизнисот најзначајни се три фактори:

  • Идеи. Претприемачот мора да има идеи и да се концентрира на нивното остварување. За да може една идеја да се реализира и од неа да стане добар бизнис, потребно е претприемачот да поседува знаење и искуство. Преголем број на идеи може да внесат конфузија и да го одвлечат вниманието од најдобрата. Доколку постои добра идеја, сите останати пречки се полесно надминливи, а реализацијата на бизнисот е пореална.
  • Финансии. Сето тоа не може да се реализира без финансии. Финансиите мора да се обезбедат во доволен обем, за бизнисот да може да почне да функционира и понатаму да се развива.
  • Сигурност во работењето, треба да обезбеди државата со своите механизми. Претприемачот мора да биде сигурен дека некој надворешен фактор нема целиот бизнис-потфат да му го уништи (ненадејни законски регулативи, нелојална конкуренција, црниот пазар, турбуленцијата на финансискиот пазар). Тука дадовме преглед на условите кои треба да важат кај нас во Р. Македонија. Додека овие услови во други држави би биле поинакви, во зависност од тоа на кој степен на развој се наоѓа државата. Во некои држави каде постои голема сигурност во работењето на компаниите, би било дури и смешно кога би се барало гарантирање на нивната сигурност (од ненадејните потези на владата, нелојалната конкуренција, корумпираност на инспекторите и слични аномалии).

Секако дека и другите елементи се значајни, меѓутоа како најзначајни ги потенцираме овие три.

Прашања кои мора да се одговорат

При започнување на бизнисот потребно е да се одговори на следниве прашања:

  • Кои се можните начини на започнување на нов бизнис?
  • Кои се причините за започнување на нов бизнис?
  • Кои се општите предности и слабости при започнувањето на нов бизнис?
  • Дали се поседува доволен капацитет за реализирање на бизнис?

Најчеста причина за отпочнување со бизнис е:

  • Поради самовработување и независност.
  • Да се заработат пари.
  • Да се вработи семејство.
  • Искористување на постојните можности на пазарот.
  • Предизвик.
post

Брзо пропаѓање во бизнисот

Пропаѓање како можност Доколку пред една деценија и повеќе некој ни кажеше дека пропаѓањето можеме да го гледаме како нешто важно и нешто што ја зголемува бизнис потенцијалната енергија на еден претприемач, ќе ја класифициравме личноста како “комплетна будала”.

Но, денес се е променето. Денес е полесно да се започне бизнис од било кога досега. Денес, потребите на пазарот се менуваат со брзина каква што не е забележана досега. Денес градење на бизнис е полесно од било кога.

Најголемиот проблем е да се лансира вистинскиот производ на вистински пазар. Тоа значи нешто што пазарот би сакал да купи, нешто што решава вистински проблем кој постои на пазарот.

Поради тоа, ни требаат различни алатки, доколку сакаме да изградиме нешто големо. Од друга страна, иднината не е нешто што лесно може да се предвиди. Особено денес, кога промената е секојдневна и работа на секој од нас.

Доколку не можеме да ја предвидиме иднината, секогаш ќе постои неизвесност за новите бизнис идеи, и новите започнувања на бизниси (стартапи). Неизвесноста исто така значи и можност за пропаѓање колку што значи и можност за успех доколку ја користиме теоријата на веројатноста.

Но, не е се црно или бело. Зборуваме за еден претприемнички пат кој секогаш бил и ќе биде поврзан со неизвесност, ризици, проблеми… Разликата е единствено во интензитетот и силината на таа неизвесност, ризиците и проблемите.

Од друга страна, знаеме дека подобрувањата се последица на грешки. И можеме да ја видиме позитивната страна на грешките и пропаѓањата од тие грешки.

Кои може да бидат позитивности на пропаѓања? Сепак не се сите пропаѓања добри, но брзите пропаѓања може да имаат позитивна страна.

#1 Пропадни брзо за да научиш повеќе

Твојот бизнис како и сите бизниси на пазарот функционира во една доста неизвесна околина, Како еден претприемач, никогаш не си 100% сигурен за нешто поврзано со твојот бизнис.

Твојата задача е да се обидуваш, експериментираш, анализираш, тестираш… Но, резултатите никогаш нема да се знаат пред да се обидеш, експериментираш, тестираш и анализираш.

Доколку пропаднеш во овој стадиум на твојот бизнис, ќе научиш нешто за резултатите на твојата работа што ќе можеш да го имплементираш во иднина со други проекти.

#2 Пропадни брзо и пронајди можни подобрувања

Еден од најголемите извори на подобрување претставува пропаѓањето кое едноставно го зголемува твоето знаење преку учење и обезбедува подобрувања бидејќи нема да ги повторите истите акции кои довеле до тоа пропаѓање во иднина.

#3 Пропадни брзо и стани попродуктивен

Доколку нешто е погрешно, и предвреме осудено на пропаст подобро е колку што може побрзо да се совестиш дека правиш грешка. Но, доколку имаш лажна надеж, твоите напори ќе бидат во нешто што нема да ти ги даде посакуваните резултати.

Доколку сватиш побрзо, и побрзо ќе можеш да ги пренасочиш твоите и на твојот бизнис ресурси на други проекти кои се вредни за инвестирање на време, пари и напори. Ќе бидеш многу попродуктивен.

post

[Видео] Постојано надградување и подобрување на производот

Еден од најголемите проблеми за стартап компании е исфрлање на пазарот на производ кој ќе биде достоен согласно претприемачот.

Понекогаш се случува она најнесаканото, а тоа е постојано подобрување на производот преку додавање на карактеристики за кои сеуште не се знае дали навистина се потребни пред да се лансира самиот производ и бизнисот започне да генерира и потрошувачи и приходи.

Погледајте го оваа видео:

Не размислувајте за алгоритмот или оптимизација за пребарувачи. Гледајте го како еден производ на Google.

Доколку навлезете малку во историјата на компанијата ќе видите дека кога производот бил лансиран тие воопшто немале ни стратегија за комерцијализација, односно како ќе прават пари. Но, постојано подобрување на производот и се поголем број на корисници на истиот неминовно доведува и до комерцијализација.

Интересен е процесот на подобрување на производот, континуирани мали подобрувања кои на долги стази носат голем успех.

Размислете само која е разликата од стартување на производот и сега? Па, дури од септември до сега забележувам промени во резултати.

Што би се случило доколку Google или неговите претприемачи чекале да го направат алгоритмот перфектен уште во старт? Не би постел Google.

Тоа е основата на MVP (Minimum Viable Product), кој со итеративни подобрувања, но не подобрувања кои ти сметаш дека се важни, туку подобрувања кои ги сака пазарот се добива квалитетен производ. Доколку се чека, првин производ, потоа потршувачи се гради нешто за кое не се знае дали ќе биде прифатено од страна на пазарот. Зошто, кога нема потреба?

post

10 Начини за привлекување на внимание

Започнуваш нов бизнис и потребно ти е внимание за да имаш успешно започнување.

Се подготвуваш да лансираш нов производ или услуга на пазарот и повторно ти е потребно внимание за да имаш успешно лансирање.

Па, и за нормално секојдневно функционирање на твојот бизнис, повторно вниманието е клучен елемент за успешноста на бизнисот.

Се чини дека живееме во ерата на внимание. Поголемо внимание поголема бизнис потенцијална енергија за секој проект кој ти како претприемач ќе го преземеш и обратно, помало внимание помала веројатност за успех на тој проект.

Иако постојат многу начини за привлекување на внимание, сепак тоа е процес кој бара макотрпна работа од страна на сите бизнис членови. И она што во овој пост го опфаќаме не е нешто конечно и не гарантира успех, но барем ќе те доближи до саканата цел.

Ти се бориш за вниманието на твоите потенцијални купувачи. Твоите конкуренти исто така се обидуваат да им го привлечат вниманието. Трети бизниси се обидуваат да им го привлечат вниманието за нивните производи или услуги кои немаат врска со твоите. Околината се обидува на секаков можен начин да им го привлече вниманието.

Се наоѓаш во еден океан каде сите се обидуваат да привлечат внимание на секого.

Привлекување на внимание

Привлекување на внимание

#1 Мора да имаш нешто вредно за внимание

Доколку сакаш навистина да го привлечеш вниманието на твојот пазар кон твојот бизнис, ќе мора да имаш нешто навистина вредно за нивното внимание.

Тоа нешто мора да решава некаков проблем на оној на кого сакаш да му го привлечеш вниманието, мора да е нешто навистина посакувано и потребно и мора да биде нешто што навистина се бара од страна на потенцијалниот купувач.

#2 Започни и пред да биде финалниот производ

Мора да креваш врева и пред да бидеш готов со финалниот производ или услуга околу која сакаш да привлечеш внимание. Не ти требаат сите карактеристики за да започнеш да зборуваш за твојот нов проект. Не треба да стравуваш од конкуренцијата.

Целта е да поттикнеш желба за имање на твојот производ или услуга. Целта е да поттикнеш нетрпение во очекување на конечната верзија. Целта е да имаш привремени корисници (оние први кои ќе го пробаат) и ќе ти помогнат во подобрување на конечната верзија, а во исто време ќе ја распространуваат информацијата за нивното искуство. Целта е да предизвикаш љубопитност за она што се “крчка” во твојот бизнис.

#3 Влијателни лица

Ти требаат влијателни лица кои едноставно можат да влијаат на другите во распространување на информацијата и искуството околу твојот нов производ. Дали тоа ќе бидат оние први корисници од претходниот начин, или некои кои навистина се активни во заедницата а кои ќе ја распространуваат пораката за твојот нов производ или пак некои трети лица кои едноставно имаат висок потенцијал да привлечат внимание околу нив, тебе ти требаат за привлекување на внимание.

Пронајди ги, дај им да пробаат и искористи го нивното влијание за да привлечеш внимание околу твојот проект.

#4 Социјални медиуми

Одлично место за кревање на врева и привлекување на внимание. Сето она што досега го опфативме во начините и сите останати можат добро да бидат интегрирани со социјални медиуми. Може да се прочита, да се слушне, да се види, да се презентира…

Немаш ограничувања, само твојата креативност е важна.

#5 Настани од индустријата

Семинари, конференции, собири, саеми… Сето тоа се настани дизајнирани за да ти помогнат да го привлечеш вниманието кон твојот нов проект. Мора да ги користиш, мора да бидеш присутен, мора да зборуваш, убедуваш, презентираш и комуницираш.

#6 Блог

Бизнис блог може да биде моќна алатка во твоите раце за привлекување на внимание кон твојот бизнис. Направи план за блог постови за новиот проект. Напиши, сними, покажи, едуцирај…

#7 Реклами

Старите добри привлекувачи на вниманието не треба сеуште да бидат отфрлени од користење. Но, можат да бидат додадени новите медиуми и новите технологии кои денес ги прават многу помоќни во привлекувањето на вниманието.

#8 Голема заедница околу твојот бизнис

Потребата и корисноста од имање на голема заедница околу твојот бизнис заради привлекување на внимание е нешто што не бара голем коментар. Колку поголема заедница поголемо ќе биде и вниманието кон твојот бизнис.

#9 Квалитетна заедница

Освен големината ти треба и квалитет на твојата заедница. Треба да имаат потенцијал за поттикнување на вниманието кон тебе и твојот бизнис. Мора да работиш постојано на подобрување на квалитетот на заедницата.

#10 Кредибилитет, репутација и доверба

Доколку ги поседуваш, вниманието само ќе си дојде. Но, потребно е време и работа во градење на твојот кредибилитет, репутација и доверба.

 

post

Верувај во себе, да, ти можеш…

Бизнис 101: Маркетинг Како еден претприемач, еден од најважните фактори кои те прават успешен претставува твојата спремност да преземеш акција.

Доколку ја немаш инкорпорирано оваа особина во тебе, се останато ќе изгуби на значајност.

Постојат многу луѓе кои што имаат одлично знаење и вештини. Тие се креативни, имаат многу добри идеи. Тие се интелигентни, но сепак не го преземаат тој прв чекор кој води да неговите соништа станат реалност.

Дали тие се претприемачи? Не, тие се сонувачи. Тие може да сонуваат, но не успеваат нивните соништа да ги преточат во реалност. Тие не се претприемачи, бидејќи не прават нешто од ништо и се заради тоа што не се спремни да преземат акција кон исполнување на нивните соништа.

Зошто ова претставува чест случај?

Една од најголемите пречки кон успехот е кога луѓето не веруваат во нивните сопствени соништа и нивните способности за да ги реализираат тие соништа. Зошто?

Се плашат од непознато. Секој сон и секоја акција кон успехот бара да се напушти удобната зона во status quo позиција. Напуштање на денешната удобност за да се псотане успешен претприемач во иднина носи многу неизвесности.

Тие стравуваат дека не можат да успеат. Неизвесноста не гарантира успех. Како и да е, доколку не веруваш во твоето знаење, вештини, силни страни и искуство за да ја промениш иднината, како може да очекуваш дека некој друг ќе ти верува?

Мора да излезеш од сопствениот страв и започнеш да преземаш нешто во однос на твоите соништа. Тоа е најголемиот предизвик за човекот. Сите ние имаме потенцијал и можности да го промениме светот во кој што живееме.

Доколку се прашаш себеси можеш ли да започнеш бизнис, одговори да, јас можам.

Доколку се запрашаш себеси можеш ли да успееш со тој проект, одговори да, јас можам.

Доколку се запрашаш себеси можеш ли да го промениш светот, одговори да, јас можам.

Верувај во себе. Ти го можеш тоа. Можеби нема да биде едноставно (што е веројатно), но сепак чекор по чекор можеш да ги реализираш твоите соништа.