Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Претприемничко однесување

Вредност Во текот на работењето, претприемачите мора да обрнат внимание на своето однесување за да остварат поголема ефикасност и ефективност. Одредени психолошки карактеристики претприемачите ги поседуваат од порано, но некои можат да се научат и развијат во текот на работењето. Ние ги потенцираме претприемнички однесувања презентирани подолу, како карактеристични и пожелни во работењето на секој претприемач.

#1 Способност да се забележи шанса и подготвеност перманентно да се бараат нови шанси

Шансата треба да се гледа во секој проблем. На пазарот има неограничен број шанси. Тие треба да се препознаат и да се операционализираат. Треба да се задоволат потребите кои не се задоволени или кои не се соодветно задоволени. Треба да се креира некоја потреба и да се забележи шансата која  останатите не можат да ја видат.

#2 Доверба во идејата и во сопствените квалитети

Претприемачот размислува слободно и самостојно, при што идеите на почеток претставуваат претприемачки сон. Тој мора да верува дека неговата идеја има пазарна оправданост. Пазарните потреби треба да се проценат реално, а тој треба да биде исполнет со самодоверба.

#3 Ориентираност кон иднината

Претприемачите живеат во сегашноста, но со мислите се во иднината. Претприемачите треба да размислуваат барем неколку години нанапред.

#4 Креативноста

Креативноста треба да е присутна во сите фази, а не само во почетната фаза. Треба да се размислува на неконвенционален и нетрадиционален начин. Треба да се има аверзија кон “status quo”. Образовниот систем ја задушува креативноста, бидејќи настојува да задржи униформно однесување за одредени ситуации, во кои може и покреативно да се реагира.

#5 Пазарна активност и желба за натпреварување

Успехот зависи од способноста да се задржат постојните и да се стекнат нови купувачи. При тоа треба да се поседува натпреварувачки дух и перманентно да се докажува и потврдува на пазарот. Постојано треба да се поставува прашањето: Што можам да направам за купувачите? бидејќи од купувачите зависи се.

Конкуренцијата претставува битен ориентир, кој му покажува на претприемачот каде тој во моментот се наоѓа на пазарот, кои се неговите предности и недостатоци.

#6 Флексибилност и адаптибилност

Мора да постои бизнис план, при што постојано се врши корекција. Треба да се биде флексибилен и да се располага со резервни деловни стратегии.

#7 Реален оптимизам

Оптимизмот е реален поглед на светот, животот и бизнисот и овозможува да се прескокнат пречките во животот и во работењето. При тоа во секоја пригода се гледа шанса. Претприемачот оптимист не гледа многу лошо на пропаѓањето на некој бизнис (макар што тоа не е пријатна случка), бидејќи тоа може да биде едно искуство, врз основа на кое понатаму би се отпочнало и развивало некое поуспешно претприемничко остварување.

Постојат два вида оптимизам:

  • реален оптимизам, кој промовира успех и
  • слеп оптимизам, кој води кон неуспех.

Успехот не значи само 100 % остварување на целите. Треба да се оперира со реални претпоставки и перспективи, при што целите и роковите се поставуваат реално.

#8 Способност за комуницирање

Претприемачите треба да бидат добро социјализирани и комуникативни во сите фази од работата. Тие треба квалитетно да комуницираат со финансиерите, потенцијалните купувачи, потенцијалните партнери, снабдувачите, вработените, треба да се научат да ги презентираат своите идеи, за да го задржат вниманието на слушателите, за да можат да ја постигнат својата цел.

#9 Подготвеност за големи откажувања и целосна посветеност на работата

Претприемништвото подразбира многу тешка работа. Треба и со телото и со духот да се биде посветен на работата. Да се заборави категоријата работно врeме, кое изнесува многу повеќе од 8 часа дневно. Има малку успеси преку ноќ, а семејството и пријателите се во втор план, како и забавата, разонодата, рекреацијата и сл.

#10 Прифаќање на ризик

Ризикот постои во секое одлучување и треба адекватно да биде управуван. Секој има толерантно ниво на ризик, за тоа што се губи во одредена ситуација. Дури и најуспешните претприемачи имале сериозни промашувања и при тоа се учеле на грешките.

#11 Истрајност и упорност

Истрајноста и упорноста се бара во сите фази. Во концепциската фаза – за да не се отфрли добра идеја. Во реализацијата – за да се задржи континуитетот, да се решаваат бројните проблеми и предизвици. Ако е во прашање тврдоглавоста и удирањето со глава во зид, тогаш истрајноста и упорноста немаат смисла.

#12 Акциска ориентираност

Клучен момент претставува реализирањето на идејата во практика. Многу луѓе имаат идеи, но нема многу луѓе кои тие идеи можат да ги реализираат. Бизнисот станува стварност кога претприемачот почнува со акција. Деловните одлуки понекогаш треба да се донесуваат веднаш, за да не се случи некој друг да ја “зграби” идејата за замислениот бизнис.

post

Невистини и вистини за претприемачи и претприемништво

Вистини и невистини за претприемачи Успешните претприемачи побудуваат голем интерес кај целото општество, претставуваат синоним за успех, поседуваат бизнис (што значи во состојба се некого да вработат), поседуваат пари, поседуваат коли и други вредни работи што претставува предмет на желбата на голем број луѓе. Бидејќи често се мета на позитивни а и негативни коментари, за претприемачите може да се слушат голем број на вистини но, секако и невистини

J.A.Timmons ги сублимирал и прецизно ги дефинирал невистините и вистините за претприемништвото и за претприемачите:

Невистина: Претприемачот се раѓа.

Вистина: Успешните претприемачи се оформуваат како резултат на адекватна комбинација од предодреденост, работно искуство, знаење, соодветни претприемнички способности, соодветни претприемнички однесувања и сл.

Невистина: Секој може да започне бизнис. Треба само среќа и одлучност.

Вистина: Ако сакате да започнете бизнис, треба да имате воочена шанса, дефинирана идеја и практична реализација. Треба да се размислува како иноватор, менаџер, администратор.

Невистина: Претприемачите се коцкари.

Вистина: Успешните претприемачи се многу внимателни и знаат да го управуваат ризикот.

Невистина: Подобро е да се биде сам во бизнисот.

Вистина: Тешко е да се работи сам. Посебно е тешко кога бизнисот ќе порасне и кога е невозможно “да се држат сите конци”. Треба да се побара партнер.

Невистина: Претприемачот е свој газда.

Вистина: Претприемачот е далеку од тоа да биде целосно независен. Тука се: инвеститорите (банките), купувачите, снабдувачите, државата, работниците, семејството и сл.

Невистина: Претприемачите се соочени со големи стресни ситуации и затоа плаќаат поголема цена за својот успех од другите.

Вистина: Претприемачот треба да биде подготвен да ја амортизира стресната ситуација. Дискутабилна е тезата дека претприемништвото е постресна професија од другите (политичари, артисти, офицери, пилоти и др.).

Невистина: Ако имаш пари имаш се.

Вистина: Парите не се фактор за успех на некој бизнис. Ако другите фактори се присутни, парите сигурно ќе се појават.

Невистина: Започнување на бизнис е за млади, енергични и темперементни луѓе.

Вистина: Староста не е бариера за отпочнување бизнис. Понекогаш староста може да биде и предност, бидејќи се располага со искуство, деловни пријатели и контакти. Едно истражување покажало дека 20 % од претприемачите се постари од 40 години, 55 % се во триесеттите години, 25 % се помлади од 30 години.

Невистина: Претприемачот е мотивиран исклучиво од финансиските резултати.

Вистина: Долгорочна визија за изградба на стабилна фирма. Реализација на долгорочно дефинирани цели. Инстант богатење не е пожелно.

post

[Видео] Muhammad Yunus за социјален бизнис модел

Уште едо видео од серијата видео материјали кои треба или МОРА да се изгледаат од страна на сегашни или идни претприемачи, а кое се однесува за социјален бизнис модел.

Нобеловецот Muhammad Yunus зборува, односно го објаснува принципот за креирање на социјален бизнис модел. Она што е интересно е што овие бизнис модели стануваат се посупешни во светски рамки, а не тргнуваат и не се однесуваат само на претприемачот, туку на другата страна – општеството. Ваквите бизниси опстојуваат, обезбедуваат зголемување на вработеноста, но и ги решаваат вистинските проблеми кои постојат во општеството. Токму и затоа се успешни.

post

30 Цитати за одложувањето

Цитати Одложувањето претставува голема опасност за малите бизниси и претприемачите, нормално.

Тоа те турка наназад, те запира во напредокот, те враќа назад и те одржува во status quo ситуација во твојот бизнис. Одложувањето може да биде удобно денес, но многу опасно утре.

Неможеш да очекуваш иновации и подобрувања со постојани одложувања на одредени активности во твојот бизнис. Не можеш да очекуваш да ја победиш твојата конкуренција ако ги одложуваш клучните активности. Неможеш ни да очекуваш доверба од  твоите потрошувачи доколку одлагаш со испораката на вредност за нив.

Во претходниот пост, зборуваме за три типа на причини за одложување кои треба да се отстранат, ако сакаме да го надминеме одложувањето. Тука, сакам да групирам 30-тина цитати за одложување.

  1. Ако чекаш ветрот и времето да бидат како што треба, никогаш нема да засадиш нешто и никогаш не ќе жнееш нешто. ~ Библија
  2. Одложувањето е крадец на времето. ~ Edward Young
  3. Во текот на многу зафатен живот често ме прашуваат, “Како успеваш да го направиш сето тоа?” Одговорот е многу едноставен. Тоа е затоа што се што правам го правам веднаш. ~ Richard Tangue
  4. Наскоро не сега, станува никогаш. ~ Martin Luther
  5. Одложувањето е страв од успех. Луѓето одлагат, бидејќи се плашат од успех за кој ги знаат резултатите, доколку одат напред. Бидејќи успехот е тежок, носи одговорност со него, многу е полесно да се одлага и да се живее со “еден ден ќе” филозофијата. ~ Denis Waitley
  6. Сите работи доаѓаат до оние кои чекаат, но кога ќе дојдат тие веќе се застарени. ~ Непознат
  7. Одложувањето е како кредитна картичка, многу е забавно се додека не се добие сметка. ~ Christopher Parker
  8. Одложи за кратко време, доцнењата имаат опасен завршеток. ~ William Shakespeare
  9. Во задоцнување не се наоѓа многу нешто. ~ William Shakespeare
  10. Не одложувај го за утре она во што можеш да уживаш денес. ~ Josh Billings
  11. Никогаш не оставај за утре она што можеш да направиш денес. ~ Thomas Jefferson
  12. Ако го чекаме моментот кога се, апсолутно се е спремно, ние никогаш нема да почнеме. ~ Ivan Turgenev
  13. Одложувањето е уметност за задржување на вчера ~ Don Marquis
  14. Низ историјата, неактивноста на оние кои би можеле да имаат дејствија, рамнодушноста на оние кои требало да знаат подобро, молкот на гласот на правдата кога е важен за повеќето, овозможило злото да триумфира. ~ Haile Selassie
  15. Доцнењето е најкрвавата форма на негирање. ~ C. Northcote Parkinson
  16. Сите ние длабоко се жалиме на недостаток на време, а сепак имаме многу повеќе отколку што знаеме што да правиме со него. Нашите животи се или поминати во правење ништо, или се ништо не се прави за целите, или во не правење нешто што треба да се направи. Секогаш се жалиме дека нашите денови се кратки, и дејствуваме како да нема да има крај на нив. ~ Seneca
  17. Нема ништо толку фатално за карактер како половина завршена задача. ~ David Lloyd George
  18. Мојот зол гениј Одложување ми шепнува следи ја истата динамика до поудобна сезона. ~ Mary Todd Lincoln
  19. Ја знаш вистинската вредност на време; грабни, искористи, и уживај во секој момент од него. Не безделничи, без доцнења, без одложувања; никогаш не го одложувај за утре она што можеш да го направиш денес. ~ Earl of Chesterfield
  20. Одложувањето е мојот грев. Тоа ме носи ниикаде, во тага. Знам дека треба да го спречам тоа. Всушност, ќе го спречам – утре! ~ Gloria Pitzer
  21. Дали знаете што ќе се случи кога на одложувачот му дадете добра идеја? Ништо! ~ Donald Gardner
  22. Оној кој чека многу, малку може да очекува. ~ Gabriel Garcia Marquez
  23. Ако масата на луѓе се мисли да дејствува, штрајкува брзо и со смелост, храброто срце кое ја разбира и запленува можноста, може се. ~ Johann Wolfgang Von Goethe
  24. За работата која никогаш не почнала потребно е најдолго време за крај. ~ J.R.Tolkien
  25. Еден човек кој одложува во изборот неизбежно изборот ќе му биде направен врз база на околностите. ~ Hunter S. Thompson
  26. Најголемата количина на потрошено време е време да не се започне. ~ Dawson Trotman
  27. Ниту возраста или времето на живот, ниту место или околност имат монопол врз успехот. Било која возраст е вистинскато возраст за да почнете да дејствувате! ~ Ralph Gerard
  28. Одложувањето е природен убиец на можностите. ~ Victor Kiam
  29. Еден ден не е ден од седмицата. ~ Непознат
  30. Ќе задоцниш, но времето нема, а изгубеното време никогаш нема да го најдете повторно. ~ Benjamin Franklin
post

Како да го користиш Gmail како CRM алатка?

Како сопственик на мал бизнис, ти или поточно твојот бизнис ќе има потреба да биде во контакт со тековни и потенцијални купувачи.

Ќе сакаш да ги менаџираш тековните купувачи за да бидеш сигурен дека се е онака како што треба да биде и дека ти се задоволни со работата со твојот бизнис.

Ќе сакаш секогаш да го прошириш твојот бизнис со додавање на нови потрошувачи контактирајќи ги тие потенцијални купувачи за твојот бизнис.

Како да ја реализираш оваа едноставна но важна задача за тебе и твојот бизнис? Одговорот е дека ти треба еден систем за менаџирање на односите со потрошувачите – CRM систем.

Можеби немаш доволно ресурси и не ти треба комплексен систем од комерцијални снабдувачи (кој секако нема да биде некорисен доколку го имаш), па затоа и едно решение е да го користиш акаунтот на Gmail за менаџирање на твоите активности во однос на потрошувачите.

Зошто ти треба CRM?

Целта на еден CRM систем е да овозможи твојот бизнис, односно ти едноставно:

  • да ги идентификуваш и таргетираш најдобрите купувачи,
  • да направиш сегментација на потрошувачите,
  • да ги менаџираш различните маркетинг кампањи за различни сегменти,
  • да ги следиш мерките на конверзија,
  • да градиш персонализирани односи со потрошувачите за да го зголеми нивното задоволство и да го максимизираш профитот,
  • да го зголемиш знаењето за потрошувачите,
  • да научиш повеќе за потрошувачите,
  • да знаеш што потрошувачите сакаат, а што не сакаат,
  • да знаеш точно кои се твоите потрошувачи, а кои се потенцијални потрошувачи,
  • да знаеш кои треба да бидат идните чекори со потрошувачите, а кои со потенцијалните потрошувачи.

Gmail како CRM алатка

Добра алатка за почеток за да ги изведуваш овие активности може да послужи еден Gmail акаунт, особено доколку твоите најголеми потреби се да следиш кого контактираш, кога си го контактирал, што бил предметот на контактот, каков бил одговорот и кои треба да бидат идните чекори на твојата компанија.

Што е она што едноставно можеш да го направиш со Gmail како една CRM алатка за твојот бизнис?

  • Можеш да собираш информации за твоите потрошувачи.
  • Можеш да собираш информации за твоите потенцијални потрошувачи.
  • Можеш едноставно да ги сегментираш.
  • Можеш да ги следиш твоите маркетинг активности со секој од твоите потрошувачи.
  • Можеш да научиш повеќе за нив.
  • Можеш да изградиш подобри односи со нив.

Да погледнеме како може да ги изведеш овие активности со помош на Gmail.

Собирање на информации

Контакти во Gmail

Контакти во Gmail

Ти треба постојано да собираш информации за контакт со твоите потрошувачи и секако потенцијални потрошувачи. Бидејќи денес една од најкористените форми за контактирање претставува email, оваа работа со Gmail станува многу полесна.

Секој Gmail акаунт доаѓа со контакт база на податоци која може автоматски да ги складира контакт деталите од било кој со кој имаш некаков вид на коресподенција.

Исто така можеш да импортираш надворешни контакти или да ги додадеш рачно.

Постои можност за додавање на многу повеќе информации освен email адресата и името. Може да додадеш роденден, брачна состојба, URL кон нивниот веб сајт, но она што е најдоброто е што можеш да додадеш прилагодливо поле, односно како сакаш да го наречеш согласно твоите потреби.

Додавање на контакти

Додавање на контакти

Сегментирање на потрошувачи и следење на активности

Најдобрата работа кога станува збор за Gmail и користење како CRM за твојот мал бизнис се групите. Групите се нешто што ќе ви овозможи да направите различни сегменти од твоите контакти. На пример, може да имате една група за купувачи, една за потенцијални купувачи, една за партнери итн.

Креирање на групи или сегменти

Креирање на групи или сегменти

Додавање на контакти во групи или сегменти

Додавање на контакти во групи или сегменти

Друг начин за додавање на сегменти во самите групи е да користиш различни фолдери за различни сегменти.

Доколку сакаш да ги следиш нивните активности имаш неколку опции. Едната е интегрирана во самиот Gmail, а втората е да ги користиш задачите (Tasks) или закажувања во Google Calendar. Јас сакам да го користам полето насловено како додади забелешка (Add Note) за секој контакт каде едноставно можам да напишам кога лицето е контактирано, што е пратено, каков е одговорот и кои ќе бидат моите следни чекори.

Научи повеќе за нив и изгради подобри односи

Едно од најдобрите решенија за да научиш нешто повеќе за твоите потрошувачи и потенцијални потрошувачи и така да изградиш подобри односи со нив е да искористиш решение како додаток на твојот Gmail акаунт наречен како Rapportive. Тоа е алатка која ќе додаде податоци од социјални медиуми за твоите контакти. Кога ги знаеш тие податоци ќе можеш да одиш и еден чекор понапред во градење на едни долгорочни односи со нив. За оваа алатка веќе имавме објавено едно видео кое можеш да го погледнеш подолу.

post

Што претставува успех за тебе?

Твоите постигнувања како еден претприемач ќе се базираат на тоа како ти лично го дефинираш успехот. Различни претприемачи успехот го гледаат различно.

Но, твојот успех е твојата визија. Тој е местото каде што сакаш да одиш со твојот бизнис по извесен период на време. Успехот го дефинира твојот претприемнички пат кој треба да го изодиш.

Па, што претставува успех за тебе како претприемач?

Веројатно, имаш јасна визија за твојот претприемнички пат, но можеш ли во една реченица да кажеш што мислиш кога зборуваш за успехот.

Успехот е комплексна работа која кога станува збор за претприемачи и сопственици на мали бизниси може да биде составена од различни елементи.

#1 Постигнување на цели

Често пати успехот може да зависи од постигнување на лични и бизнис цели.

  • Кои се твоите лични и бизнис цели?
  • Што значи постигнувањето на тие цели за тебе?
  • Како можеш да ги постигнеш личните и бизнис цели?

#2 Постигнување на нешто планирано

Ти како еден претприемач планираш многу различни работи за иднината. Секогаш кога планот ќе стане реалност, тоа е успех за тебе.

  • Кои се твоите планови?
  • Како можеш да ги оствариш?
  • Што ќе направиш откако ќе ги оствариш?

#3 Постигнување на нешто што го посакуваш

Ти како еден претприемач си сонувач. Без желби и посакувања, ти не би го ни започнал бизнисот. Кога твоите желби стануваат реалност, тогаш си го постигнал успехот.

  • Кои се твоите желби?
  • Можеш ли да ги оствариш твоите желби?
  • Како можеш да ги оствариш твоите желби?
  • Што ќе направиш откако ќе ги оствариш твоите желби?

#4 Профитабилност

Ти и твојот бизнис имате потреба од профитабилноста. Без профитабилност, неможеш да го раснеш твојот бизнис. Без профитабилност не можеш да ги финансираш нормалните операции на твојот бизнис. Дел од твојот претприемнички успех секако дека е и профитабилноста на твојот бизнис.

  • Што значи профитабилноста за тебе?
  • Како можеш да бидеш профитабилен?
  • Што профитабилноста ќе направи за тебе?
  • Што ти ќе направиш откако ќе ја постигнеш профитабилноста?

Успех

 

post

[Видео] Seth Godin за идеите и успехот

Уште едно видео за кое сметам дека треба и МОРА да се погледа (бара само 8 минути од твоето време) а сепак објаснува кои идеи успеваат и зошто? Дали се во однос на идејата или се бара и нешто друго – привлекување на внимание?

post

Дали навистина ти треба се тоа…?

 

Започнување на бизнис бара многу работи. Но, дали ти ит војот бизнис навистина имате потреба од сето тоа?

Растење на бизнисот исто така бара многу работи. Но, дали ти и твојот бизнис навистина имате потреба од сите тие работи за раст на твојата компанија?

Различни бизниси, различни претприемачи, различни бизнис идеи и различни стартапи имаат различни потреби.

Не можеш да земеш предефинирана листа на работи кои ќе ти требаат за твојот бизнис, или стартап, или компанија која е во фаза на раст. Потребите секогаш ќе бидат различни.

  • Дали навистина ти требаат 500 луѓе кои ќе работат за твојот бизнис или ти требаат 50, можеби 5 или дури само двајца?
  • Дали навистина ти требаат најнови и најопремени компјутери, или ти треба едноставно нешто што ќе ја комплетира твојата работа?
  • Дали навистина ти треба IT одделение, или едноставно можеш да сам да ги изведуваш тие работи или пак да користиш аутсурсинг од некоја компанија која е докажана во таа работа?
  • Дали навистина ти треба големо складиште за твоите залихи, или можеш да ја користиш твојата сопствена гаража или некој твој сопствен неискористен простор каде можеш да ги складираш залихите?
  • Дали навистина ти треба токму тоа ниво на залихи, или можеш да го намалиш па дури и да работиш без залихи?
  • Дали ти треба сметководител кој ќе работи во твојата компанија или едноставно да користиш аутсурсинг услуги или пак да користи апликации кои ќе ти овозможат да ги менаџираш тие работи?
  • Дали навистина треба да ги произведуваш ти сите тие производи или дел може да се префрлат преку аутсурсинг во комапании со поевтина работна сила?
  • Дали навистина ти требаат десетици или стотици илјади евра за да започнеш или можеш да започнеш со неколку илјади евра?
  • Дали навистина ти треба толку голема канцеларија, или пак можеш да користиш помала, поевтина или пак да ја споделиш со друга компанија, или пак едноставно да работиш од дома?
  • Дали навистина ти треба скап дизајн на твојот веб сајт или едноставно можеш да го искористиш WordPress и самиот да подготвиш еден нормален веб сајт, а да се насочиш на други активности?
  • Дали навистина ти требаат скапи PR и маркетинг агенции или голем дел од твојата работа можеш ти и твојот тим да ја завршите?
  • Дали навистина ти треба…?

Како што можеш да забележиш листата може да биде бесконечна.

Многу важно за тебе како еден претприемач е дека ти навистина имаш потреба само од работите кои ќе обезбедат следење на твојата претприемничка визија. Знаеш што сакаш да постигнеш, и знаеш каде ти и твојата компанија треба да бидете во иднина. Тоа е доволно за сега. Користи го само она што ќе ти помогне за остварување на твоите цели, стугнување онаму каде што треба да стигнеш.

Треба само да размислиш за овие и уште многу други поврзани прашања?

You need only to think about these questions.

post

Парите се потребни, но што е со…

Навистина парите секогаш биле и ќе бидат потребни за започнување на бизнис. Но, сепак времињата се изменија. Денес се потребни и други елементи кои тука на претприемач ги нарекуваме како бизнис потенцијална енергија складирана во тебе, претприемачот.

Погледајте ја оваа кратка видео презентација која ја подготвивме за покажување на она што е потребно за еден претприемач за да започне бизнис. Од друга страна тоа и го создава оној финансиски капитал – парите.

post

7 Начини за зголемување на профитот

Не постои претприемач кој постојано не размислува како да ја зголеми профитабилноста на сопствениот бизнис. Се надевам дека и ти си еден од тие претприемачи.

Дали размислуваш, бараш начини или се обидуваш постојано да ја зголемиш профитабилноста?

Поголема профитабилност, повеќе пари како за тебе така и за финансирање на растот на твојот бизнис во иднина.

Вообичаено една од најголемите грешки кои што ги забележувам кај претприемачите кога се обидуваат да ја зголемат сопствената профитабилност е целосна концентрација и фокус на цената и трошоците. Тоа е и нормално кога тоа се оние нумерички елементи кои имаат директно влијание на профитот на бизнисот. Но, можностите се пошироки одколку само цената и трошоците, но и доколку навлезеш подетално во следниве начини ќе видиш дека во нив се интегрирани и цената и трошоците.

Да ги разгледаме начините кои тебе како еден претприемач ти стојат на располагање.

#1 Зголемување на потенцијални купувачи

Прв и секогаш применлив начин кој има директно влијание на твојата профитабилност е зголемување на потенцијални купувачи. Повеќе потенцијални купувачи, со иста стапка на конверзија во вистински купувачи, значи и поголема продажба и нормално поголем профит.

На пример, 1000 потенцијални купувачи од кои се конверзираат 10% во купувачи значи 100 купувачи за твојот бизнис кои доколку купуваат во просечна вредност од 1000 денари при стапка на профитабилност од 10% значи дека твојот бизнис ќе оствари профит во износ од 10000 денари.

Доколку пак имаш 1500 потенцијални купувачи со истата стапка на конверзија, просечен износ на продажба и стапка на профитабилност ќе значи дека твојот бизнис ќе обезбеди профит во износ од 15000 денари.

Твојата задача како претприемач е секогаш да работиш на зголемување на бројот на потенцијални купувачи во твојот бизнис.

#2 Зголемување на конверзија на потенцијални купувачи во вистински купувачи

Вториот начин е да ја зголемиш стапката на конверзија од потенцијални купувачи во вистински купувачи. И овој начин може да има драстично влијание на профитабилноста на твојот бизнис бидејќи поголема конверзија значи повеќе купувачи, а тоа значи и поголема продажба и нормално профит.

На пример, имаш 1500 потенцијални купувачи со стапка на конверзија од 10%. Тоа значи дека 150 од нив ќе купат во просечна вредност од 1000 денари при стапка на профитабилност од 10% што доведува до профит во износ од 15000 денари.

Доколку пак твојата работа резултира во зголемување на стапка на конверзија од 10% на 12% веќе ќе имаш 180 купувачи кои ќе купат во просечна вредност од 1000 денари при стапка на профитабилност од 10% што доведува до профит во износ од 18000 денари.

#3 Зголемување на профитот во моментот на продажбата

Зголемување на профитот во моментот на продажба е начин кој често пати се заборава од страна на претприемачи, а може да има огромна улога во зголемување на профитабилноста на бизнисот.

Кога зборувам за овој начин не мислам на зголемување на профитабилноста преку зголемување на бројот на трансакции. Туку мислам на зголемување на профитот преку оптимизација на твојот продажен процес. Секоја продажба и секој потенцијален купувач има одредена цена за која твојот бизнис плаќа.

Оваа метода подразбира зголемување на профит преку тестирање на твојата понуда и цена во моментот на изведување на продажбата за да се обезбеди максимален нето профит и повраток на инвестиција на твоите кампањи за стекнување на најголема можна животна вредност на твојот купувач.

Твојата задача е постојано да бараш начини преку тестирања и оптимизации на твоите понуди и цени кои ќе обезбедат максимален профит и секако повраток на твојата инвестиција за да го добиеш најкавлитетниот купувач не само за денес туку и за иднина што се мери преку животната вредност на купувачот за твојот бизнис.

#4 Зголемување на број на трансакции во моментот на продажбата

Четвртиот начин за зголемување на профитабилноста на твојот бизнис е да работиш постојано на зголемување на бројот на трансакции во моментот на продажбата.

Зошто? Затоа што кога веќе се реализира една трансакција твојот купувач се наоѓа во таканаречен купувачки модалитет и тогаш е најголемата веројатност доколку му излезеш во пресрет со квалитетна понуда истот да не ја одбие. Луѓето сакаат да купуваат. Кој не сака? Тие не сакаат да бидат продадени, но сакаат да купуваат.

Ова значи дека наместо 1000 денари просечна вредност на продажба со додавање на дополнителна трансакција од на пример 500 денари твојот приход ќе се зголеми, а со тоа и профитабилноста.

#5 Реактивација на минатите купувачи

Да се реактивираат минатите купувачи кои едноставно се во еден заспан модалитет претставува императив за секој претприемач. Овој начин иако се заборава да се користи сепак претставува доста ефикасен и ефективен начин за зголемување на профитабилноста.

Сигурно, доколку се навратиш низ твојот CRM систем ќе видиш дека има некои купувачи кои веќе не купуваат извесен период. Зошто да не се обидеш да ги контактираш и да ги обновиш релациите.

#6 Зголемување на продажба на минати купувачи

Едно купување, не значи и крај на продажниот процес. Сигурно одржуваш една CRM база на податоци, се обидуваш да ги контактираш на извесен период, се обидуваш да доставиш нови понуди…

Од друга страна ова значи дека откако ќе се реализира првата продажба, за твојот бизнис продажниот циклус и продажната инка не завршува, туку продолжува.

Дали имаш стратегија за контакт на тековни купувачи по еден месе, три месеци, пест месеци…?

Ако немаш, вистинското време е да направиш една и да започнеш со имплементација.

#7 Кратење на трошоците

И секако како последен начин го ставив кратење на трошоците. Зголемување на профитабилноста значи обезбедување на поголема продажба со исти или помали трошоци.

А, секогаш има нешто што не е потребно или не носи резултати и може да се скрати.