post

Ја имаш таа одлична идеја, но…

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Добро, ти веќе ја имаш таа одлична идеја. Нешто што ќе ги решава проблемите на твоите идни купувачи. Нешто што ќе биде хит на пазарот. Што е следното што ќе треба да го направиш за твојата бизнис идеја и твојата идна компанија?

Треба да започнеш со преземање на активности. акции кон твојот личен и на твојот бизнис успех. Чекај, застани за момент.

Во постот насловен како Имате бизнис идеја – Што понатаму напишав дека ќе треба да:

  • ги дефинираш твоите производи и услуги. Твојата идеја е нешто што може да реши нечиј проблем, но сеуште не е трансферирана во одличен производ или услуга кој треба да ја заврши таа работа. Затоа и треба да го дефинирате производот или услугата кои ќе произлезат од таа идеја.
  • го дефинираш пазарот. Иако твојата идеја е веќе нешто што решава нечиј проблем, сепак ќе мора да знаеш многу повеќе за тие кои ќе го решаваат сопствениот проблем преку твоите производи или услуги кои се резултат на твојата идеја. Ќе мора јасно, прецизно и недвосмислено да го дефинирате пазарот кој ќе биде опслужуван со твоите производи и услуги.
  • ги дефинираш главните конкуренти. Мора да ги знаеш тековните услови на пазарот. Кои се главните играчи? Што тие нудат? Како го нудат она што го нудат?
  • ги дефинираш ресурсите. Доколку сакаш да го започнеш бизнисот ќе ти требаат ресурси. Ќе ти требаат финансии. Ќе ти требаат човечки ресурси. Ќе ти треба технологија. Ќе ти требаат згради, канцеларии, погони…

Но, дали тука нешто недостасува?

Кога го напишав тој пост, мислев дека она што недостасува е здрав разум, нешто нормално. Но, направив грешка. Извинете.

Елементот кој што недостасува е нешто најважно за секој бизнис и претприемач по бизнис идејата.

Она што недостасува е одговор на прашањето како бизнисот ќе заработува, односно како ќе прави пари. А, тој одговор го дава твојот бизнис модел.

Денес, може да забележиш различни бизнис модели и различни успешни и неуспешни приказни зад нив. Но, тебе ти треба твој сосптвен и уникатен бизнис модел кој ќе ти каже како твојата компанија ќе заработи пари во иднина.

Не прави грешка да започнеш без еден јасен бизнис модел дури и да е тој само во твојот мозок, или на салфетка од ресторанот во кој си се наоѓал кога ти светнала сијаличката. Твојот бизнис модел ќе ти ги даде врските помеѓу тебе, твоите потрошувачи, твоите партнери и вредноста која твојот бизнис ја нуди. Тоа едноставно значи одговор на прашањето како ќе заработуваш.

post

Бизнис идеи – Најдоброто на претприемач во 2010

Бизнис идеи - Најдоброто на претприемач

Бизнис идеи - Најдоброто на претприемач

Бизнис идеи се основата од која се започнува. За разлика од минатата година кога голем дел од концентрацијата на овој веб сајт беше ставен на бизнис идеите оваа година повеќе бевме концентрирани на други теми.

Ова е втората тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2010 година.

Како нешто што навистина вреди да се прочита и знае за оваа година во категорија бизнис идеи ги издвоивме следниве постови:

  1. 40 совети да бреинстормирате бизнис идеи – Дел 1. Бреинстормирање на бизнис идеи претставува навистина еден креативен процес во кој учествува еден претприемач. Во овој пост се дадени првите 20 совети за бреинстормирање на бизнис идеи.
  2. 40 совети да бреинстормирате бизнис идеи – Дел 2. Во овој пост се дадени вторите 20 совети за бреинстормирање на бизнис идеи.
  3. Имате бизнис идеја – Што понатаму? Што понатаму откако ќе дојдете до добра бизнис идеја? За одговорот на оваа прашање ќе можете да прочитате воовој пост.
  4. Препознавање на можности и создавање на идеи. Овој пост претставува краток преглед на академската литература од областа на претприемничко препознавање на нови можности и создавање на идеи.
  5. Преглед на книгата Making Ideas Happen. Оваа книга доста се разликува од досегашните кои сум ги прочитал за бизнис идеи. Додека повеќето книги се концентрираат на тоа како да се дојде до добра бизнис идеја Making Ideas Happen се концентрира како да добрите бизнис идеи постанат реалност (да се случат, да се трансформираат во еден успешен бизнис). Прочитајте го прегледот на книгата и ја препорачувам за читање на сите кои сакаат да станат претприемачи како и сите сегашни претприемачи.
  6. Бизнис идеја ≠ Бизнис можност. И двата термина се користат во процесот на започнување на бизнис од страна на претприемачот. Но, она што е забележително е дека често пати бизнисот се започнува само со бизнис идеа, која не е претворена или трансформирана во вистинска бизнис можност. Преку овој пост ќе ја увидите разликата на овие два термини.
post

Бизнис успех во 50 чекори

Бизнис успех во 50 чекори

Бизнис успех во 50 чекори

Можеме ли да имаме одредени чекори кои мора да се изодат за да го направиме бизнисот успешен? Мислам дека не може да има некаков темплејт дизајниран од едноставни чекори кој ќе го одведе нашиот бизнис до успехот. Како и да е, од друга страна, не постои волшебно стапче кое ќе направи успех. Успешноста на бизнисот зависи од нас и од нашите одлуки.

Доколку успешноста на нашиот бизнис зависи од нас, тогаш ќе мора да превземеме некои акции кои ќе не одведат до тој успех.

Би сакал да споделам можни чекори кои имаат потенцијал да го одведат бизнисот кон успехот соберени низ моето искуство и искуството на успешните претприемачи. За некои претприемачи 30 чекори ќе бидат доволни, додека за некои ни сите 50 нема да се доволни.

Чекор 1: Развој на повеќе од една бизнис идеја

Чекор 2: Анализа на сите бизнис идеи

Чекор 3: Иницијално истражување на пазарот

Чекор 4: Вклучи ги заклучоци од иницијалното истражување на пазарот во анализата на бизнис идеите

Чекор 5: Избор на најдобрата бизнис идеја за започнување

Чекор 6: Развој на јасна визија

Чекор 7: Анализа на перформансите

Чекор 8: Направи ги соодветните прилагодувања

Чекор 9: Откриј ја твојата толеранција за ризикот

Чекор 10: Определи ги личните цели

Чекор 11: Определи ги иницијалните бизнис цели имајќи ги во предвид личните цели

Чекор 12: Провери дали целите се опипливи и мерливи

Чекор 13: Отстрани ги сите неопипливи и немерливи цели или пак направи ги да бидат опипливи и мерливи

Чекор 14: Обврзи се за остварување на сите опипливи и мерливи цели

Чекор 15: Подели ги иницијалните цели во потребни акции

Чекор 16: Направи бизнис план

Чекор 17: Избери го го најдобриот бизнис модел

Чекор 18: Дефинирај ја мисијата на бизнисот

Чекор 19: Дефинирај ги суштествените бизнис системи

Чекор 20: Дефинирај ги ресурсите за сите бизнис системи

Чекор 21: Осигурај се дека сите подготовки се спремни за стартување

Чекор 22: Идентификувај ги сите компетентности потребни за остварување на целите

Чекор 23: Вработувај согласно идентификуваните компетенции

Чекор 24: Секогаш наградувај се себеси и вработените за постигнување на секоја цел

Чекор 25: Идентификувај ги сите можни извори на промени

Чекор 26: Имплементирај систем за следење на тие извори на промени

Чекор 27: Дефинирај ги потенцијалните извори на отпор кон промените

Чекор 28: Пронајди начини како да ги елиминирате тие извори на отпорот кон промените

Чекор 29: Имплементирај ги потребните проемни континуирано

Чекор 30: Мери ја имплементацијата на промените

Чекор 31: Нека промените бидат дел од вашата бизнис култура

Чекор 32: Идентификувај ги сите главни конкуренти

Чекор 33: Анализирај ги предностите на конкурентите

Чекор 34: Проучи ги сите чекори на конкурентите

Чекор 35: Имплементирај ги и подобри ги сите вредни акции на конкурентите

Чекор 36: Идентификувај ги најважните купувачи

Чекор 37: Сегментирај ги потрошувачите

Чекор 38: Награди ги најважните купувачи

Чекор 39: Оценувај го задоволството на купувачите

Чекор 40: Отстрани ги сите елементи кои предизвикуват незадоволство кај купувачите

Чекор 41: Направи финансиско предвидување

Чекор 42: Спореди ја актуелната финансиска ситуација со предвидената

Чекор 43: Направи анализа на готовински тек

Чекор 44: Идентификувај потенцијални трошоци за елиминирање

Чекор 45: Подобри го готовинскиот баланс

Чекор 46: Направи ABC анализа на производите и/или услугите

Чекор 47: Елиминирај ги производите со слаб приход или профит

Чекор 48: Дефинирај ги најважните платформи за социјални медиуми и отвори акаунти

Чекор 49: Започни бизнис блог

Чекор 50: Биди интерактивен со потенцијалните и тековните купувачи онлајн

post

Со научни методи до бизнис идеја

Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

Бизнис идеи преку научни методи

Бизнис идеи преку научни методи

Не постои бизнис кој може да успее без луѓе. Претприемачот кој сака да започне со работа треба да има контакти со голем број на луѓе, да биде добро социјализиран и да слуша туѓи идеи. Најчесто луѓете со добри бизнис идеи не се и добри реализатори или им недостасува некоја од компонентите (искуство, знаење или финансии) па не можат да ја реализираат идеjата. Со слушање на изнесените идеи, решителен и дисциплиниран човек може за себе да обезбеди добар бизнис. За жал оној што имал добра идеја, а немал одлучност да ја реализира идеjата останува само нем посматрач на туѓиот успех (и никој не му кажува ни благодарам).

За отпочнување на секој бизнис потребно е да се има добра идеjа. Идеjата сама по себе не претставува решение на сите проблеми, ама претставува голем потикнувачки фактор за отпочнување на бизнис активности. Групирање на идеи може да се изврши и преку одредени научни методи. Во светот постојат неколку широко применети методи кои поттикнуваат интуитивно размислување. Тие методи најчесто настануваат преку потребата на воените служби или претставуваат успешни проекти на големите универзитети кои понатаму стануваат општо познати и применливи за широкото стопанство. Тука се опишани методи за добивање на идеи за големи системи, меѓутоа со одредена апроксимација (упростување) може да послужат и како начин за добивање идеи и во малите системи.

1. Brainstorming (мозочна бура или бура од идеи)

Оваа техника се состои во организирање креативен состанок на одредени стручни лица чиј број најчесто се движи помеѓу 5 и 15, на кој се врши собирање на мислења и ставови како и идеи за конктретно прашање, поради што се организира тој состанок. Се бара целосно слободно изјаснување. Критиката е исклучена. Не смее да се слушне збор тоа е глупаво, тоа е неможно и слично, со цел да се соберат што повеќе идеи без оглед на нивното значење и можно влијание на решавањето на конкретниот проблем. Потоа следува оценување на значењето на секоја идеја и нејзино рангирање. По рангирањето идеите влегуваат во понатамошен третман и високо рангираните идеи одат на понатамошно реализирање.

Оваа може да се примени и во малите фирми (бизниси) на тој начин што претприемачот би собрал луѓе (сега има се поголем број на високообразованите претприемачи кои исто така имаат високообразовани пријатели кои можат конструктивно да учествуваат во добивање на идеи, меѓутоа секој човек може да даде конструктивно решение) кои слободно и спонтано би изнеле идеи, а понатаму високорангираните идеи претприемачот би ги реализирал.

2. Delphi Метод

Оваа метода го добила името по грчкиот град каде во старите времиња се предвидувала иднината. Методот се состои од одделни испитувања, најчесто преку прашалници, се повикуваат експерти, носители на клучни работни задачи на повеќекратен разговор поради утврдување на нивниот став, идеја или предлог. Тие даваат одговори, наведуваат факти и предлози. Во вториот круг од разговорите учесниците се известуваат за дотогашните вкупни резултати, па од нив се бара да ги бранат своите ставови. Постапката по потреба се повторува. За тоа време доаѓа до расчистување на проблемот, до кристализација на конечните ставови, идеи и предлози. Доколку не се постигне резултат, испитувањето се прекинува, а може да се продолжи со другите учесници. Исто оваа може да го примени претприемачот за своите потреби во упростената форма каде би составил прашалник и би собрал одредена група на пријатели и би се обидел да собере одреден број на корисни идеи.

3. Синектички метод

Ова е специфичен облик на дискусиски метод за пронаоѓање идеи, решавање на одредени проблеми и др. Дискусиски тим се состои од 5 до 7 лица со различна стручност и образование, лица кои се специјално одбрани за таа пригода. Проблемот, целта и планот се разложуваат толку долго се додека сите членови на дискусискиот тим не ја сфатат нивна суштина, значењето и она што се сака да се постигне со работата на тимот. Потоа проблемот се отуѓува и се наоѓа сличност во природата (се земаат ликови во вид на животни: риби, жаби, желки… и други облици како идејни облици за одредените производи) и слично. Со помош на таквото апстрактно скршнување од почетниот проблем се бара и се наоѓа неговото решение. Решението може да претставува идеја која се граничи со фантазија што на организаторот на дискусијата му остава задача подоцна со обработката на резултатите, да извлече корисни и потребни сознанија и заклучоци.

4. Морфолошки метод

Овој метод е соодветен за идеите за високата технологија. Тој обезбедува да се избегнат важните грешки во пристапите од кои се тргнува во предвидувањето и овозможува примена на принципот на повеќе димензионална класификација, која се сведува на расчленување на одредена целина на составните делови. Се формира матрица во која во првата колона се основните обележја а во другите колони се варијацији на основните обележја. При примената на морфолошкиот метод во прв ред е потребно да се утврдат сите постојни обележја (се анализираат сите можни варијанти без оглед колку се чудни или тешко остварливи) и се внесуваатт во матрицата. На тој начин овој метод може да помогне да се изврши соодветна класификација на новите технолошки решенија. Покрај тоа се отвара можност за комбинирање на елементите во нов пристап, независно од тоа во која мерка таквите решенија се моментално можни, изводливи и ефикасни.

Морфолошка матрица

5. Креативен удар

Овој термин прв пат е употребен од Tom Peters со цел да се опише процесот на агресивно откривање на знаењата и интересите на конкурентите. Тој предлага сите вработени да се преобразат во т. н. Vacuum cleaners (правосмукалки) за да побараат и да го разберат најдоброто што го нудат другите. Токму тоа го правел Marriott при дизајнирање на својата мрежа хотели. Цели тимови од вработени во маркетингот, финансиите, човековите ресурси и оперативата биле испратени на близу 400 конкурентски хотели за да ги истражат нивните карактеристики (креветите, големина на собите, дебелина на зидовите, придружните ресторани итн.), нивните услуги ( резервации, внимание на персоналот и др.) и нивниот менаџмент (работење, морал …). Резултат на тоа била добро дизајнирана мрежа хотели со пристапни цени наменети за бизнисмени кои често патуваат.

Истото ова секој претприемач мора да го применува се додека работи. Бидејки внимание кое се обрнува на конкурентите мора да биде големо за да се знае однесувањето на секој конкурент (цени, односот кон клиенти, начин на плаќање…). Секаде во светот е голема чест да се има вработување и не е ни лесно ни едноставно да се бара ново вработување, поаѓајки од тоа секој вработен треба без никакво посебно насочување да го следи пазарот и конкурентите и за тоа да го известува претприемачот кој соодветно би реагирал на секој предизвик (види SWOT-анализа).

post

Преглед на книгата Making Ideas Happen

Making Ideas Happen

Уште од самиот почеток на овој блог бизнис идеите се тема која доста ја разработуваме. Тие се основата и почетокот на секој бизнис, тие се денот Д во раѓањето на еден нов бизнис. Пред извесен период ја купив Kindle верзијата на Making Ideas Happen од Scott Belsky и моето првично искуство од овој нов начин на читање е на многу високо ниво за што повеќе пишував Технологија – промена на навики.

Она што во прв план можам да го кажам во однос на оваа книга е дека доста се разликува од досегашните кои сум ги прочитал за бизнис идеи. Додека повеќето книги се концентрираат на тоа како да се дојде до добра бизнис идеја Making Ideas Happen се концентрира како да добрите бизнис идеи постанат реалност (да се случат, да се трансформираат во еден успешен бизнис).

Бизнис идејата е еден од факторите кои во себе содржат бизнис потенцијална енергија (концепт кој јас го дефинирав и користам воподобрувањето на бизнисите). Но, постои опасност таа бизнис потенцијална енергија да не се претвори (трансформира) во кинетичка енергија (вистински бизнис, акција). Токму тој процес на трансформација на идејата во акција е опфатен во оваа книга.

Што опфаќа Making Ideas Happen?

Книгата започнува со следнава реченица:

Идеите не се случуваат затоа што тие се одлични идеи или заради случајност.

Значи не постои случајност или пак гаранција бидејќи идејата е одлична дека ќе успее. За да успее или да се случи идеата согласно Scott Belsky потребни е следниов збир:

Случување на идејата = Идеја + Организација + Заедница + Лидерски способности

Оваа книга опфаќа се совен доаѓање до идеите, односно самата идеја.

  1. Организација. Без соодветна организација која ќе даде соодветни акциски чекори и идни насоки за завршување на проектот (идејата) идејата може да биде заборавена и оставена некаде на страна без потенцијал да стане реалност.
  2. Заедница. Секоја идеја не смее да биде во изолација. Вашиот бизнис нема да биде само за Вас. Затоа овој концепт содржи и заедница до која треба да се распространи идејата. Освен распространувањето на идејата во оваа фаза потребно е и слушање како идејата би се подобрила.
  3. Лидерски способности. Се што е ново или креативно предизвикува отпор. Затоа ефективно лидерство во процесот на имплементација на бизнис идеи е неминовно за соодветен успех.

За кого е оваа книга?

Првенствено оваа книга е за сите претприемачи, сегашни или пак идни. Не верувам дека не постои човек кој нема барем една идеја за започнување на бизнис. Сите сме креативни, тоа е вродено кај човекот. Целиот живот се сведува на решавање на проблеми, а проблемите бараат креативност.

Но, некој има неколку а некој повеќе бизнис идеи. Не мора да значи само бизнис идеи, може да постојат и идеи за проекти, за активности, за прилагодување на животниот стил… Особена помош од оваа книга може да добјат сите оние кои имаат многу идеи, а слаба реализација. Со помош на книгата ќе научат еден процес како да ги трансферираат идеите од нешто абстрактно, непостоечко во нешто реално, опипливо.

Неколку извадоци кои ми беа интересни

Со помош на Kindle имав можност да потцртувам и да следам што другите подвлекле како интересно или важно во книгата. Од едно 50-тина highlights во книгата ќе извлечам неколку тука:

  1. За секоја идеја мора да пронајдете и да ги потенцирате акциите кои треба да ги превземете во вид на чекори.
  2. Колку се појасни и поконкретни Вашите чекори помал напор ќе имате во обид да ги комплетирате. Доколку чекорите се нејасни или комплицирани, веројатно ќе ги скокнете  и ќе се насочите на другите од Вашата листа кои се поедноставни.
  3. Кога станува збор за организирање на чекорите на дневна основа и како да ја алоцирате вашата енергија во реализација креирајте две листи: една за ургентни чекори и една за важни чекори.
  4. Направете дневни подрачја за фокусирање.
  5. Без разлика дали работите сами или со тим, посветеноста на раните чекори (акции) ќе помогне идејата да се материјализира.
  6. Голем дел од извршувањето зависи од упорноста.
post

Зголемување на креативност преку 6 совети

Креативност 6 совети

Креативност 6 совети

Бизнис идеите доаѓаат од мозокот на еден претприемач. Добра бизнис идеја доаѓа кога вашата креативност е на високо ниво. Но, не сме секогаш креативни. Или пак, кога сме креативни може да се случи (што и почесто се случува) подоцна да ги заборавиме идеите затоа што не сме ги запишале. Во вакви случаи идејата се губи и веќе не е актуелна. Секој добар бизнис се базира на добра бизнис идеја која е резултат на креативноста на претприемачот.

Проблемот често пати е во временска разлика помеѓу доаѓање на една бизнис идеја и започнување со реализација на истата.

Како да ја поттикнеме креативноста во секој од нас за да дојдеме до добра бизнис идеја која ќе се трансформира во успешен бизнис? Креативноста е дел од вториот слој за успех на еден претприемач.

Постојат различни конкретни начини за максимизирање на креативноста заради изнаоѓање на одлични бизнис идеи. Следниве совети може да ви помогнат во самиот процес:

1. Имајте бележник секогаш кај себе.

Никогаш не знаете каде може да добиете добра бизнис идеја. Дали кога ручате, гледате телевизор, одмарате, слушате радио, возите автомобил или велосипед. Доколку не ги запишете нема да ги запомните. Бележникот или нотесот не мора да биде некој голем, доволно е да имате мал нотес кој можете да го носите во џеб, парче хартија и пенкало. Идеите можете да ги заведувате и на лап топ доколку го имате кај себе, можете да го користите вашиот мобилен телефон како бележник бидејќи скоро секогаш ви е при рака. Скоро и да нема мобилен телефон без некоја софтверска апликација за бележење (Notes). Можете да користите и Evernote.

2. Сменете ги рутините во вашиот живот.

Секогаш кога правиме нешто во секојдневието го правиме врз основа на некои рутини или по автоматизам. Она што го знаеме го правиме без размислување. Но, дали ќе биде исто ако не го правиме тоа на истиот начин? Доколку ги смениме рутинските работи во нашето секојдневие ќе ја поттикнеме нашата креативност. Веднаш ќе се соочиме со некој проблем кој ќе треба да го решиме што ќе бара креативност од наша страна. Се што ќе не оттргне од нашето нормално опкружување ќе на наведе да ги гледаме работите на нов многу поинаков начин.

3. Разгледувајте.

Кај и да одите или патувате, разгледувајте околу себе, следете ги работите како се одвиваат кога купувате нешто, кога читате нешто, кога јадете во ресторан, кога сте во кафеана или пак пиете пиво со пријателите. Започнете да се прашувате за тоа што го гледате и зошто го гледате тоа. Сето оваа ќе ја разбуди креативноста кај вас. Одговорот на прашањето Зошто секогаш доведува до зголемување на знаењето и секако до поттикнување на креативноста.

4. Вмрежувајте се.

Без сопствено вмрежување уште во оваа фаза од вашиот бизнис шансите за успех се мали. Сретнувајте различни луѓе, запознавајте се со нив, разменете искуства и сето тоа ќе доведе до нови идеи. Не заборавајте го интернетот преку кој можете да се допишувате и да разговарате со луѓе од различни краишта на светот. Отворете акаунт на Facebook и Twitter и полека но сигурно ширете ја сопствената мрежа на пријатели и разговарајте за темите кои ги размислувате. Искористете ги сите тие различни размислувања. Ова е уште подобро бидејќи ќе креира и потенцијални потрошувачи за вашиот иден или постоечки бизнис.

5. Реиновација.

Земете различни производи додавајте им некои својства, како на пример, додадете на фармерки некој каиш од стари алишта кој вие ќе го изработите. Дали ќе ви се допадне креацијата? Комбинирајте 2 или 3 производи во еден. Сигурно во вашата блиска околина постојат илјадници производи кои ги користите или не ги користите. Размислувајте за друго некое поинакво користење на тие производи. Сето тоа помага во креирање на конечната бизнис идеја.

6. Користете ги местата кои ја зголемуваат креативноста.

Различни места на кои се наоѓаме имаат различни влијанија на креативноста и начинот на функционирање на мозокот. Кога возите сами секогаш размислувате за нешто и во тој момент креативноста ви е на високо ниво. Обидете се да запомните нешто (бидејќи додека возите не можете и да запишувате) и потоа запишете ја идеата (Јас во случај на возење го користам мојот iPhone и една апликација која служи за снимање на гласовни белешки). Според повеќе истражувања најкреативното место за човекот претставува купатилото под туш или во бања или пак на WC школка.

Околу 90% од мажите потврдуваат дека на WC школката им е најголема креативноста, за разлика од жените кои имаат различно мислење за оваа место. Како места за извор на добри идеи се и здодевните состаноци. Секој состанок кој е долг, на кој се забегува од темите допринесува да вашиот мозок заскита на покреативни работи (Оваа е точно, сумприсуствувал на многу бесцелни и долги состаноци и во моментов кога таа здодевност ќе преовладее со мојот мозок тој веќе размислува за нешто друго).

Ова се само дел од местата за кои се смета дека ја зголемуваат креативноста, но секоја личност има различни места. Затоа пронајдете го вашето место и искористете го за креирање на бизнис идеи.

Запомнете дека добивањето на добра бизнис идеја доаѓа од различни извори. Обично бизнис идејата е резултат на мината или сегашна кариера, хобито, личниот интерес и активностите во слободно време. Понекогаш идеите се резултат од идентификација на идни трендови или пак од наоѓање на некој проблем и негово решение.

За да се добие добра бизнис идеја потребно е креативноста да е на високо ниво, односно да му допуштите на вашиот мозок да биде креативен. За да креативноста биде на високо ниво потребно е да се ставите надвор од позиција на нормалните рутини на вашиот живот.