post

Што еден претприемач и спајдермен имаат заедничко?

Спајдермен и претприемач

Спајдермен и претприемач

Спајдермен е вид на суперхерој кој има неверојатна моќ која едноставно ја насочува кон обезбедување на бенефити за заедницата. Еден претприемач, исто така е моќна личност која креира повеќе корисности за заедницата. Претприемачите иновираат, градат и испорачуваат вредност, креираат работни места, исполнуваат различни потреби, прават нешто од ништо…  Сите овие бенефити се за заедницата каде што функционира еден претприемач.

Пред извесен период, бев принуден од мојот петгодишен син да ги гледам сите делови од серијалот на филмови за Спајдермен.

Гледајќи ги филмовите се прашав себеси што има заедничко Спајдермен со претприемачот, или што е она што го има кај Спајдермен а е корисно за еден претприемач.

Во оваа моја мала анализа гледајќи филмови издвоив 5 заеднички карактеристики.

1. Со голема моќ доаѓа и поголема одговорност

Колку поголема моќ како претприемач имате (раст и развој на бизнисот), одговорноста за заедницата ќе ви се зголемува. Зголемувајќи ја вашата моќ, ја зголемувате и вашата одговорност кон заедницата.

2. Фокусирај се на нешто кое што вреди за фокусирање доколку сакаш да успееш

Успехот на бизнисот се базира на соодветен фокус на претприемачот за да ги направи правите работи. Доколку го загубите вашиот фокус, веројатноста за успех ќе се намали.

3. Не можеш да бидеш секаде

Поврзано со претходниот фокус е и тоа дека вие не можете да бидете секаде во исто време. Најдобриот опис на ова е цитатот од Bill Cosby:

Не го знам клучот за успехот, но клучот за неуспех е обид да се задоволат сите.

4. Еден момент понекогаш може да ти ја смени целата судбина

Понекогаш еден момент, една одлука, или пак една акција ќе може да ти ја смени целата судбина и твојот личен и бизнис живот. Биди внимателен со одлуките кои ги носиш и акциите кои ги превземаш. 

5. Секогаш избирај ја вистинската страна

Која е насоката која ја бираш за твојот бизнис? Дали тоа е онаа вистинската страна? Дали е вистинската страна која ќе гарантира успех? Знам дека секогаш имаме повеќе насоки од кои треба да избереме една. Како и да е, само една или неколку се оние вистинските за бизнис успехот.

post

Бизнис успех во 7 чекори

Успешноста во бизнисот иако не е далеку сепак може да се чини со километри одалечено од еден претприемач. Анализирајќи повеќе бизнис елементи во изминативе 3-4 години забележав дека се се врти малку или повеќе околу истите активности или навики на самиот претприемач. Тие елементи или чекори се прикажани на мапата подолу.

Бизнис успех во 7 чекори

Бизнис успех во 7 чекори

1. Истражување

Како претприемач вие постојано ќе истражувате, ќе собирате информации за она што се случува како во вашиот бизнис така и во надворешноста (околината). Истражувањето може да биде за интерни процеси, пазарот, конкуренцијата, производи и/или услуги, потрошувачки навики… Сето тоа дава непроценливи информации за вас како еден претприемач.

2. Анализирај

Собраните податоци не вредат доколку не се анализираат, што значи да се складираат, средат и оценуваат во однос на релевантноста и значајноста за твојот бизнис. Посебни методологии се развиени за овој начин на анализа особено кога се работи за повеќе податоци во различни форми. Разузнавачките служби се базираат на едни такви анализи.

3. Заклучи

Секое истражување треба на крајот да доведе до некој вид на заклучок. Што е она што ќе се извлече како заклучок од спроведеното истражување? Се останато ќе се базира на тие заклучоци. Одлуките кои што ќе ги донесете, планот кој ќе го подготвите или стратегиите кои ќе ги изготвите ќе се базираат во голем дел на тие заклучоци.

4. Планирај

Добрите заклучоци се трансферираат во стратегија и план за спроведување на таа стратегија.

5. Спроведувај

Планот се прави за да се спроведе, а не да стои заклучен во некоја фиока. Затоа откако ќе завршиш со планирање не оддолжувај, започни со имплементацијата на она што си го планирал.

6. Мери

Не е добро да се фати правец и да не се знае дали е вистинскиот или погрешниот. Затоа е тука мерење кое има за цел да проверува дали се е онака како што сте планирале и секако дали планот ви е ОК.

7. Подобрувај

Мерењето исто како и истражувањето ќе даде заклучоци во однос на тоа што е добро а што лошо. Лошото треба да го подобриш, а доброто да го задржиш или уште повеќе подобриш. Секако, тука процесот не завршува, туку продолжува од почеток. Ова е циклус, а не процес ос почеток и крај. Ова е суштината на бизнисот и претприемачот во него.

post

Идеи кои можете да искористите од Јуни 2011

Претприемач

Претприемач

Ќе го започнеме месецот Јули оваа година со идеи кои можат да се искористат од постовите кои беа објавени во минатиот месец на претприемач. Ова се постови кои ќе влезат во потесен избор за најдоброто за оваа година и најдобрите ќе станат дел од Започни тука – страната која на некој начин претставува збир на уптства и водичи за претприемачите.

Бизнис идеи

Бизнис идеи доаѓаат од секаде. Тие не се само идеи за започнувае на бизнис или пак идеи за раст и ширење на бизнисот. Бизнис идеи претставуваат и идеи за подобрување на бизнисот кои може да доаѓаат од горе према надолу и оддоле према нагоре по организациско-хиерархиската структура.

Работните места може (и во најголем број на случаи кога се традиционално поставени) да бидат препрека на креативноста која пак е основа за генерирање на бизнис идеи. Затоа и постот:

Бизнис план

Основа на бизнис планот е да има како стартна позиција добри цели околу кои се развива севкупниот план. Бизнис план е едноставно водилка за остварување на тие цели во периодот за кој се однесува. Од друга страна да се има бизнис план ќе се бараат повеќе работи соодветно да бидат интегрирани во него. Доколку сте во фаза на размислување заподобрување на вашиот процес на планирање може да ви помогнат следниве постови од минатиот месц:

Маркетинг

Кога станува збор за маркетинг функцијата во еден бизнис минатиот месец некако се случи повеќе да преовладува на претприемач. Па така, она што можете да го искористите е следново:

Менаџмент

Уште една категрија која на некој начин преовладуваше на сајтот е менаџмент:

Претприемач

Во категоријата претприемач се најде анализата на влијание на политиката врз претприемачот и бизнисите.

 

post

10 Совети за да бидеш успешен претприемач

Претприемач во транснационални компании

10 Совети за претприемачи

Да се биде претприемач не е лесно. Многу предизвици, многу различни патишта, многу различни можности, многу закани, многу проблеми… Тоа се секојдневни предизвици на еден претприемач со кои се соочува.

Во овој пост ќе се обидеме да ги систематизираме најважните совети кои треба да бидат следени од еден претприемач.

1. Желба и фокус

Кога постои страствена желба да се постигне нешто, поголема е веројатноста дека ќе се постигне. Но, од друга страна таа желба доведува до висок степен на фокусираност на претприемачот за реализација и претворање на желбата во реалност. Сонот станува реалност.

2. Работи го она што го сакаш и знаеш најдобро, а за се останато најмувај

Никој не е специјалист за се и сешто. Секој човек има нешто во што е подобар од другите. Затоа не може да се очекува ниту од претприемачот дека ќе има капацитет и ќе може сите претприемнички активности да бидат спроведени од него.

Успешните претприемачи го работат она што го знаат најдобро, а за се останато најмуваат соработници.

3. Не се обидувај да ги задоволиш сите

Не го знам клучот за успехот, но клуч за неуспех е да се обидете да ги задоволите сите. ~ Bill Cosby

Цитатот сосема доволно кажува дека клуч за неуспех е обидување да се задоволат сите. Сите немаат потреба од ваш производ или услуга. Можеби немате капацитет да задоволите премногу потрошувачи. Сите потрошувачи немаат капацитет ниту потреба за вашите производи или услуги. Понекогаш можеби е подобро да имате еден ама вреден наместо 1000 кои не додаваат вредност на бизнисот.

Искористете го првиот совет да бидете фокусирани, и тоа фокусирани кон оние најважните потрошувачи.

4. Имај план или To-Do листа за определен период

Кога постои план вашиот фокус е на многу поголемо ниво. Со план имате скицирано патека која води кон успехот – реализација на вашата желба.

5. Обврзувај се да ги завршуваш работите

Можете да го имате најдобриот план за реализација на вашите желби. Можете целосно да бидете фокусирани он таа реализација. Но, доколку не се обврзете да ги завршувате работите испланирани за дневните активности Вашиот бизнис ќе страда.

6. Секој ден обиди се барем малку да го подобриш твојот бизнис

Подобрувањето е основа на секој успешен бизнис. Не постои нешто што не може да се подобри. Луѓето, процесите, структурата, технологијата, производите и/или услугите… Тоа се елементи кои секогаш можат да бидат подобрени.

Обидете се секој ден да барате и да најдете барем нешто со што тие елементи би се подобриле со што ќе обезбедите поголема конкурентска предност.

7. Биди лидер кој ќе биде следен од вработените

Вие и вашиот бизнис не сте сами. Тука се и вработените на кои им е потребно силно водство за да одржат висок морал и императив за завршување на работите онака како што се замислени и предвидени од ваша страна.

8. Никогаш не заборавај на готовинскиот тек

Готовинскиот тек е основниот крвоток на секој бизнис. Без готовина нема да може да се финансира тековното работење на бизнисот ниту пак идниот развој и раст на истиот.

Обиди се секојдневно да го следиш готовинскиот тек и навреме елиминирај ги сите можни застои и пречки кои се јавуваат кај него.

9. Не се плаши од технологијата

Страв од технологија може да биде голема пречка за раст и развој на еден бизнис. Од друга страна таа технологија е нешто што постојани се менува.

Користи ја технологијата, не бегај од можностите што ги нуди.

10. Обидувај се и учи од грешките

Секоја грешка е претходница на можно подобрување.

Секое големо подобрување се појавува по повторување на грешка. Буквално ништо не се изведува правилно од прв пат. Грешки, повторени грешки, се помагала на патот кон остварувањата. ~ Charles Franklin Kettering

post

Отпорот и претприемачот

Отпорот и претприемачот

Отпорот и претприемачот

Претприемач е личност која на многу начини се среќава со некаков вид на отпор. Тој отпор во ниеден случај не може да се каже дека може да биде позитивен за бизнисот, но сепак од друга страна внесува една динамичност во животот на претприемачот и во животниот циклус на бизнисот. Таа динамичност се однесува на контра акции или активности кои треба да бидат превземени од страна на претприемачот.

Каков се отпор може да се појави?

Отпорот како еден неминовен елемент во секој бизнис може да ги има следниве облици:

  • Отпор во самиот бизнис од страна на членовите на бизнисот кој се однесува на противење кон промените или противење кон нешто ново.
  • Отпор од надворешноста на бизнисот преку неприфаќање на производот и/или услугата на бизнисот.

За отпорот кон промени веќе низ повеќе постови на претприемач дискутиравме (како за она што влијае на појава на отпорот, така и за можни методи и техники за елиминација на истиот). Повеќе можете да прочитате во:

Отпор кон бизнисот од надворешноста

Да дискутираме малку за оној отпор кој доаѓа од надворешноста и кој по природа доведува претприемачот потешко да влијае во намалување или елиминирање на истиот.

Да ги разгледаме некои од причините и нчините за справување со отпорот кон вашите производи и/или услуги.

1. Луѓето се колебливи

Прво што треба да се знае е дека луѓето по природа се колебливи со што се доближуваат до нивото на појава на отпор. Врз основа на тоа зошто се колебаат ќе зависи и нивото на отпорот кој ќе го покажат. Кога станува збор за колебливоста мора да напоменеме дека денес живееме во време кога имаме многу опции за донесување н одлука и особено на одлука за купување на нешто. Само денес 3 пати се колебав дали да купам еден сервис кој е на попуст или не. Во главата се вртат прашања како што се:

  • Дали ми треба?
  • Што ќе добијам?
  • Дали ќе ми помогне?
  • Како ќе ми помогне?
  • Кога ќе ми помогне?
  • Вреди ли за таа сума на пари?
  • Го користи ли некој друг?
  • Какво е неговото искуство?
  • …

Затоа како еден претприемач секогаш мора да тргнете со разбирање на тоа зошто вашите потенцијални купувачи да бидат колебливи.

2. Некои извори на отпорот

Да разгледаме некои можни и најчести извори на отпор кон вашите производи и/или услуги:

  • Премногу опции. Секогаш кога имате премногу опции за избор потешко е да се донесе одлук за тој избор, а полесно е да се оди понатаму со изговор не ми треба. Обидете се да го намалите можниот избор на оптимално ниво за вашиот бизнис, пазар или пак индустрија.
  • Страв. Како и кај организациски промени и тука постои стрв, но страв да не се направи грешка со донесената одлука. Ваша задача како претприемач е преку маркетинг и продажна функција секогаш настојувате да го намалите тој страв.
  • Инерција. Закон на физиката за инерција кој вели дека секое тело мирува се додек на него не влијае некоја сила или друго тело во движење за да го стави и тоа тело во движење важи и тука. Многу е полесно да бидеме инертни и сме инертни се додека не видиме дека некој друг го користи и фали вашиот производ и/или услуга.
  • Недостаток на модели на однесување. Овој извор е особено истакнат кога се однесува на нов производ и/или услуга кои допрва треба да се докажуваат во корисноста.
  • Производот и/или услугата не се она што треб да бидат. И секако доколку производот и/или услугата не се она што треба да бидат ќе постои отпор кон истите.

3. Начини на надминување на отпорот

Што на еден претприемач му стои на располагање за надминување на отпор кој постои кон негов производ и/или услуга?

Првин сакам да напоменам дека нема и нема ни да постои волшебна формула која веднаш ќе влијае на намалување или елиминирање на отпорот. Намалување или елиминирање на отпорот е процес, а не поединечна акција. Да видиме некои од можности кои еден модерен претприемач би ги користел во еден ваков процес:

  • Обезбедување на социјелен доказ. Вашиот производ е вреден и решил и решава проблеми на повеќе луѓе.
  • Обезбеди примери. Примери во вид на ислустрација преку слика или видео или пак приказна се покажуваат како најуспешни во надминување на тој отпор.
  • Перцепција на недостаток. Оваа техника е нешто што отсекогаш се користело. Недостаток докажува дека нешто вреди и постои интерес и креира чувство на ургентност.
  • Пронаоѓање на предмет на интерес помеѓу двете страни. Вие како бизнис и вашите потенцијални купувачи мора да имате барем еден заеднички интерес кој не мора да е дел од бизнисот. Кога ќе го најдете се останато е полесно.
  • Пронаоѓање на влијателни ентитети (influencers). Како што напоменавме погоре за инерцијата да се надмине мора да постои друго тело или некаква сила која инертното тело ќе го стави во движење. Одличен начин e да ги пронајдете највлијателните ентитети и да ги вклучите во машинеријата за вашиот бизнис.
  • Реципроцитет. Оваа техника е првиот од 6-те принципи на влијание според Д-р Cialdini. Едноставно оваа техника значи да дадеш нешто за да земеш во иднина.
  • …

Трите точки значат дека листата може да продолжи во недоглед бидејќи постојат многу начини кои можете да ги искористите за оваа цел – надминување на отпор кон вашиот производ и/или услуга. Обидете се со овие бидејќи се највлијателни и најкорисни, а се што е плус само може да додаде вредност.

post

Билтени на претприемач

Она што пред и по новата година го најавив го имплементирав минатата недела со излегување на првиот билтен на претприемач за оваа 2011 година. Прва и основна цел на билтенот е да претставува извор на знаење за сегашни и идни претприемачи, како и поттикнување на двонасочна комуникација со сите регистрирани за овие билтени.

Билтени на претприемач

Билтени на претприемач

Билтени на претприемач имаат за цел да ви помогнат заедно да го придвижиме вашиот бизнис еден чекор понапред. Но, што значи тоа еден чекор понапред?

Билтенот е структуриран на следниов начин:

  • Бесплатен материјал како благодарност од наша страна.
  • 8 месечни теми за претприемништво.
  • Двонеделен билтен.

Веднаш по извршена успешна регистрација добивате пристап до:

  • 10 видео материјали за изработка не веб презентација за вашиот бизнис (презентациите од овие видео материјали можете да ги погледате тука)
  • Калкулатор за анализа на готовинскиот тек и
  • 10 Бизнис темплејти кои ќе ви помогнат при водење на вашиот бизнис (книга за бизнис идеи, план на активности за започнување ан бизнис, листа на неделни активности, конкурентна анализа, SWOT анализа, маркетинг календар, база на податоци со потенцијални потрошувачи, фактура, про-фктура).

Има 8 едукативни теми од областа на претприемништвото и за секој месец по една. Што значи дека од овој елемент во наредните 8 месеци ќе добивате по еден е-mail со едукативни теми преку линкови до најдобрите постови до претприемач и совети за водење на Вашиот бизнис од секоја од тие теми. Овие теми претставуваат еден вид на прирачник за претприемачите и активности за спроведување во 30 дена.

Секои две недели ќе добивате по еден билтен кој ќе содржи:

  • едукативен дел,
  • најдобри постови на претприемач од претходните две недели доколку сте ги испуштиле,
  • предлог книга која може да биде од корист за вашиот бизнис,
  • корисни нови алатки кои можете да ги разгледате за користење во вашиот бизнис и
  • достапност до форми во вид на предлози за креирање на е-книги прилагодени кон вашите потреби.

Веќе наредниот билтен кој ќе излезе во понеделник ќе содржи едукативна тема за содржина како маркетинг средство, 5 алатки кои може да се користат од страна на бизнисите и форма за предлози за една е-книга која е во изработка.

Кога станува збор за предлози за е-книги сметам дека треба дообјаснување. Секоја е-книга која ќе биде предмет на бесплатно споделување со сите регистрирани за билтени ќе биде дизајнирана како структурно така и содржински од наша страна. Овој дизајн ќе ви биде претставен во билтените и ќе ви биде овозможено да пристапите до форма преку која ќе можете да побарате дополнителни наслови кои би сакале да бидат вклучени во таа книга. По завршување на подготовка на е-книгата во некој од наредните билтени ќе ја добиете истата и ќе можете да ја користите во подобрување на процесите во вашиот бизнис кои се однесуваат на темата во таа е-книга.

Првата е-книга за која ќе собираме предлози во идниот билтен на која веќе работиме и е во завршна фаза е насловена како Блогирање за бизнис.

post

Претприемач во транснационалните компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемништвото како докажан менаџмент метод, во последниве децении влијае на дополнително забрзување на развојот на транснационални компании (ТНК), а со тоа и на развиените земји. Економска криза која настана во земјите од поранешниот социјалистички блок, на западните економии првично им донесе позитивни ефекти во економијата. Поради економската криза, образовани, но и други работоспособни луѓе од овие земји, масовно почнаа да емигрираат во западните земји, што даде дополнителен импулс во нивните економии. Но набргу почнаа и проблеми. Паралелно со оваа структура, најчесто поради сиромаштијата почнаа да се шират и криминални структури, како што е проституцијата, трговија со дрога, кражби и други облици на криминалот.

За да ги намалат овие негативности владите на западни земји заклучија дека со претприемништвото ќе овозможат овие појави да се ублажат и тргнаа во голема промоција на претприемништвото. Тие извршија голем притисок врз властите во земјите во транзиција за да се овозможи дејствување на претприемачите, бидејќи приватните активности во тие земји беа дури и законски забранувани. Притоа донираа определени финансиски средства создадоа институции кои имаа за цел да го следат развојот на претприемачите и преку финансиска подршка, но и преку обука во инкубатор центри да создадат поволно претприемничко опкружување. Во зависност од интересите на западните влади, но и од спремноста на локалните влади се создадоа некаде поголеми некаде помали ефекти, но во секој случај претприемништво си фати длабоки корени.

Стопанство во земјите во транзиција беше во хаос и без контрола па почнаа да дејствуваат четири вида на претприемачи:

  1. Првиот вид беа промотери кои чувствувајќи поволна прилика се збогатија со еден удар. Но бидејќи тие луѓе најчесто не поседуваа визија и доволни менаџерски знаења по некое време сопствените фирми ги згаснаа или се сведоа на маргинални нивоа.
  2. Втор тип беа таканаречени „претприемачи од мака“, кои најчесто со мали финансиски средства отворија пиљари, бакалници, работилници… Но, и нивното влијание е воглавно маргинализирано со отварање на големи трговски центри како Веро, Тинекс…
  3. Трети претприемачи беа луѓе кои имаа претходно знаење, искуство и способност, искористија поволни законски можности покренувајќи ги сопствените бизниси, иако и од овие претприемачи има голем број што не успеаа сепак има и голем број на компании кои успешно работат и претставуваат едни најздравите стопански субјекти.
  4. Четврти претприемачи беа поранешни директори на успешни компании, кои преку своите бајпас фирми регистрирани на име на своите блиски успеаа да создадат успешни семејни компании. Но, и нивното значење се маргинализира бидејки тоа воглавно беа луѓе во години, растени под еден друг систем и други работни навики и по успешно стартување на тие компании настана проблем со промена на генерациите па така голем број од овие компании згаснаа со работењето.

Во земјите во транзиција претприемништвото почна да се третира и во научен смисол, при што се промовираа голем број на книги кои промовираа менаџерски знаења и методи, најчесто пренесени од западната литература. Акцент се става на креативната деструкција, барањето на пазарни можности, користење на идеи, брза реакција, отварање на мали и средни компании за што се потребни помалку вложени парични средства.

На ваков начин претприемништвото влезе на голема врата во земјите во транзиција, а како главната придобивка на претприемништвото се смета зголемено вработување, што беше и цел на промотерите на претприемништвото.

Најчесто поставувано прашање е каков треба да биде претприемач, дали тој треба да започне сосема нов или може да превземе нечиј веќе разработен бизнис, дали претприемачот треба да биде работохоличар или мислител кој не работи многу. За да се објаснат одредени дилеми кои постојат прво би сакале да ја потенцираме потребата претприемништвото да се набљудува пошироко, не од една национална гледна точка, туку да се набљудува од една глобална перспектива, за да се согледат поелоквентни примери и можности. Во помалите земји пред претприемачите стојат ограничувања како: финансиски, просторни, образовни, подршка од државите не е секаде иста…

Како прво би сакал да потенцирам дека има голем број на различни видови на претприемачи. Претприемач може да биде и оној што отворил пиљара и стоматолошка ординација и механичарска работилница и оној што откупил па продолжил со работа во бурекџилница и Бил Гејтс кој формирал нова гигантска компанија, и Ворен Бафет кој купил веќе постоечка компанија, а потоа создал ТНК, и Крок кој од браќата Мекдоналдс одкупил патент и создал светски бренд. Мора да нагласиме дека во оваа друштво непречено влегуваат и жени претприемачи кои рамноправно дејствуваат со машките во голем број на сектори.

Поради оваа шареноликост која постои кај претприемачите, потребно е да определиме одредени карактеристики. Заклучуваме дека претприемачите се разликуваат по своите умствени капацитети, нивоа на образование, големината на вложените финансиски средства, како и во кое општество се оперира. Поради оваа разноликост одредени претприемачи можат да бидат мислители и креатори на нови идеи и нови индустрии, а другите да бидат работно многу поактивни односно да ги наречеме „воркохолици“, за да го одржат и сочуват своето „бебе“. Препорака е секој од овие претприемачи без оглед на својата претприемничка активност повеќе акцент стави кон интелектуалниот развој односно кон намалување на физичка а зголемување на ментална активност, бидејки само така ефектите во работењето драстично се зголемуваат.

Претприемачките активности најчесто се очекуваат во почетната фаза на создавање на компанијата. При отпочнување со бизнис активностите, претприемачот има можност да отпочне со работење во сосема нов бизнис или може да откупи веќе постоечки бизнис и да го доведе на посакувано ниво, но може да откупи и франшиза. Поимите претприемништво и претприемачи, обично се врзуваат за работењето во малиот бизнис, а поради брзото реагирање на профитна можност, малите компании имаат свои предности. Но, и гигантски компании поради своите големи капацитети можат да бидат значајни претприемачи. Поради своите капацитети, но и поради низа поволни околности голем број на претприемачи создадоа големи транснационални компании, како Ањели, Форд, Бил Гејтс до најновите оснивачи на Google и Facebook. Но како компанијата се развива и добива гигантскi пропорциi, претприемачот мора да стане менаџер или да ангажира другите менаџери да ја водат компанија. Ангажирање на други менаџери најчесто се спроведува ако претприемачот преку ноќ создаде голема компанија како што е случај со интернет компании, па најчесто не поседува доволно знаења и вештини и ангажира други прекалени менаџери се додека самите не се оспособат за тие функции (добар пример е Google).

Место на овие претприемачи односно иноватори (бидејќи идеи и иновации се најсилно оружје со кое располага еден претприемач) може да се согледа доколку се набљудува животниот циклус на бизнисот.

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Со развојот и растот, компанијата мора да се трансформира од претприемничка во менаџерска а во некоја понатамошна фаза и административна (или бирократска). Тогаш е можно да се јават проблеми со раководење на компанија. Одлуките тешко се носат, бавна е нивната имплементација, се јавуваат грла во работењето и други проблеми, во врска со работење на компанијата, па од тука и потребата компанијата пак да стане претприемничка, односно се јавува потреба од интрапретприемачи. Поимот интрапретприемништво или внатрешно претприемништво е воведен 1985 година oд страна на Gifford Pinchot III. Интрапретприемништвото се врзува за подобрување на работењето во големите компании, а може да се користи и пошироко, секаде каде што постои голема бирократизираност. Такви институции можат да бидат: државната администрација, училиштата, болниците, спортските организации, односно секаде каде има отежнато работење.

Проблеми постојат во секоја компанија, некаде поголеми некаде помали, но влијанието на интрапретприемачи во нивното намалување е пожелно и затоа сите успешни големи компании го негуваат овој стил на работење.

post

Креативна деструкција и креативна имитација

Овој пост е реобјавување на претходниот пост на артиклите на претприемач и претставува еден вовед во еден серијал на постови за меѓународно претприемништво на претприемач (резултат на повеќегодишна научно-истражувачка работа), кои ќе претставуваат еден сосема нов поглед на реалноста и светот во кој живееме денес.

Креативна деструкција и имитација

Креативна деструкција и имитација

Во претприемничката пракса се користат повеќе стратегии. Повеќето стратегии се водат од ситуацискиот пристап и од начинот на практицирање на претприемништвото на претприемачот. Да видиме две слични но во суштина различни стратегии кои може да се користат од претприемачите.

Зборот претприемач entrepreneur потекнува од францускиот збор entreprendre, што значи да се направи (преземе) нешто.

Во прво време овој збор асоцирал на негативни луѓе и на нивните матни активности.

Претприемништвото како поим е познат уште во XII век и до XVII век се однесува на државен службеник кој се ангажира за изградба на патишта, мостови, воени објекти и др.

Во науката зборот претприемништво се спомнува за прв пат во XVIII век, во делото на економистот Richard Cantillon “Природата на трговијата”. Тој смета дека претприемачот превзема ризик купувајки стока по позната цена, а продавaјки ја по непознатата.

Еден од позначајни автори на претприемаштвото е и Joseph Alois Schumpeter кој смета дека претприемачот е динамична сила која го нарушува економското “status quo” со своето иноваторско однесување. Тој сметал дека претприемачот не мора да биде независен бизнисмен. За ризикот вели дека го сноси сопственикот, а не претприемачот. Прави разлика помеѓу претприемачот и менаџерот и смета дека “креативната деструкција” е основна задача на претприемачот.

Тука во суштина имаме контрадикторен термин. Се работи за два спротивставени термини со кои се опишуваат задачите на претприемачот. Од една страна имеме креативност (создавање), а од друга страна имаме деструкција (разорување). Па тука се поставува прашањето како да се спојат овие термини, бидејки она што е креативно не би требало да бидне и деструктивно?

Кога ќе отпочне со формирање на фирма претприемач почнува да креира. Значи тој креира нова фирма, нови работни места, нов начин на работење, ствара нови вредности, услуги, профит… Меѓутоа во работењето можаат да настанат потешкотии од различни причини и бизнисот да не успее. Можеби е изберена лоша локација, лош производ, нема доволно финансиски средства, лош маркетинг, лош менаџмент…

Тогаш претприемачот мора да дејствува деструктивно. Да го затвори тој бизнис, да ги согледа слабостите и да превземе чекори за да отпочне друг бизнис. Во секое опкружување може да се види дека еден ист претприемач отворил едно по друго повеќе различни бизниси се додека не се стабилизира по прашање на финансиите и профитот, и се додека бизнисот не профункционира на пазарна основа.

Овој термин креативна деструкција не се врзува само за работењето на еден претприемач. Туку се надоврзува и за работење на сите претприемачи, бидејки претприемништвото овозможува создавање на поквалитетни услови на живеење во едно општеството, создава нови работни места, создава нови услуги, создава подобра конкурентност во светските рамки на едно стопанство.

Значи доколку еден претприемач отворил еден малопродажен објект, и поради личните недостатоци тој бизнис не успее, друг претприемач кој ги согледал слабостите на првиот претприемач, и може на истата локација да отвори ист или сличен бизнис при што би ги отстранил недостатоците кои ги имал во работењето првиот претприемач. И тој бизнис успешно би продолжил со работата. Така да на првата стратегија ,,креативна деструкција,, се надоврзува стратегијата ,,креативна имитација,, која е промовирана од страна Peter Drucker. Креативни имитатори создаваат нешто ново, имитирајќи ги другите претприемачи во исправни одлуки, а менувајки ги грешките кои ги направиле претходните претприемачи и така за себе создаваат профитабилен бизнис.

Претприемачот носи одлуки. Тоа е една од карактеристиките на претприемачите. И креативна деструкција и креативна имитација претставуваа одлуки или стратегии. Согледајте ги Вашите тековни состојби, на Вашите конкуренти и изберете вистинкса стратегија. Ова е циклус кој не престанува. Токму заради тоа претприемништвото е двигател на развојот.

post

Анализа на влијание на политиката врз бизнисите

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Во изминатиот период размислував за тема за истражување на претприемач. Дојдов до повеќе интересни идеи, но сепак ја избрав темта за политиката и бизнисот, особено заради актуелноста на политичката тема и има нема избори како и заради тоа што изминативе 20 години политиката стана неизбежен дел од бизнис животот на еден претприемач, сакал тој или не. Затоа и едно вакво истражување кое барем малку ќе ги расветли постоењето ан влијание како и формата на тоа влијание врз бизнисот.

Прашалникот е составен од два дела:

  • Општ дел на прашалникот
  • Политика и бизнисот.

Прашалникот е затворен, следува анализа на одговорите кои ќе бидат објавени на сајтот.

post

Бизнис и политика – одат ли едно со друго?

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Не е сигурно, но се поочигледно е дека оваа година ќе биде изборна година. Медиумите пишуваат, партиите прават калкулации, бизнисите плаќаат даноци. Каде е тука претприемачот? Тука е преку неговиот бизнис како даночен обврзник, можеби е тука преку некоја политчка партија заради претстојните избори и можеби е тука за да биде посетен од една (можеби и повеќе) политички партии за да плати уште еден данок (оној неформалниот).

Кога пред едно 7-8 години гледав едно интервју на ТВ спроведено во САД каде ги прашуваат случајните минувачи за претседателот на САД и повеќе одговорија дека воопшто не знаат кој е претседател ми беше многу чудно. Во тоа време (а и сега нешто многу не е изменето) кај нас сите зборувавме за политика и како треба да се оправи државава. Уште на 14 години знаев кој е премиер, гледав избор на претседател (првиот во собрание – неуспешен), знаев кој беше министер за финансии, кој за правда…

Од оваа дистанца се прашувам дали сето тоа ми било потребно? Дали мораше некои вечери да ги поминувам во караница со некој кој мислеше спротивно од мене? Дали уште тогаш мораше да се делиме на сини и црвени? Тоа беа почетоците на 1990-тите. Тогаш политиката беше популарна, но и сега е.

И денес забележувам тинејџери кои знаат многу за политика и политчки партии. Дали е ова нормално? Можеби е нормално бидејќи децата уште сега знаат дека:

  • За да се вработат ќе им биде потребна книшка.
  • За да успеат ќе им биде потребна книшка.
  • За да можат “нормално” да започнат и управуваат бизнис ќе им биде потребна книшка.

Книшката треба да биде од страната на победниците.

Се прашував и уште се прашувам зошто некои “успешни претприемачи” сакаат и влегуваат во политика иако имаме мислење дека тие прават милиони, имаат огромни куќи и добар живот. Можеби е заради:

  • лична сатисфакција преку докажување и на тоа поле или пак заради
  • тоа што политиката е попрофитабилна дејниост.

Едно од овие две е точно. Кое, не можам да кажам можам само да претпоставувам.

Во изминативе 15-20 години исто така забележав некои бизниси од работ на пропаста се враќаат во светот на успешните, не заради тоа што тие претприемачи спаѓаат во категорија на “успешни претприемачи” туку заради тоа што се приклонуваат некаде и едноставно таа приклонетост го бутнува со една инекција во било каква форма или некоја позиција преку која ќе се обезбедат финансиски средства за “враќањето од мртвите”.

Имам искуство во администрација и тоа со две влади и сите имаат свои “миленичиња”. И така додека едните се “миленичиња” другите се “потенцијални миленичиња” кои си ја чекаат својата шанса по изборите, но во исто време можат да го преживеат притисокот особено од претходниот соберен потенцијал кога биле “миленичиња”. Но, што е со оние третите кои не сакаат да се приклонуваат? Тие се оставени на милост и немилост на времето комбинирано со некој притисок за да се приклонат некаде. Сепак, се е бизнис, нели.

Администрацијата треба да биде во функција на граѓаните и бизнисите во една држава. Велиме неспособна, трома администрација. Зошто? Се додека еден добар вработен биде тргнат од работното место кое најдобро знае да го работи само затоа што не сака да биде приклонет кон страната на менаџментот, а не заради неисполнување на работни обврски (иако има махери ова да биде официјалната причина) ќе велиме дека имаме неспособна и тромава администрација.

Па дали одаат заедно политиката и бизнисот? Што мислите?

Наскоро ќе подготвиме една анкета со цел да го анализираме оваа прашање и да го коментираме уште подлабоко.