post

SEO: Дали дојдовни линкови може да ми наштетат?

Во овој пост како дел од серијалот за оптимизација за пребарувачи (SEO) ќе навлеземе во малку реални, но и нереални ситуации кога станува збор за дојдовни линкови.

Дојдовни линкови

Дојдовни линкови

Постои прашање дали дојдовни линкови од “конкуренција” (ова конкуренција го ставив во загради бидејќи и не мора да значи дека тие може да бидат само од конкуренција, имам забележано едноставно некој сака да наштети или пак од незнаење а добронамерно линкување) може да ми наштетат со тоа што доколку јас продавам мобилни телефони, конкуренцијата преку некој нивен веб сајт со слаба репутација прати линк кон нас со анчор текст кој се однесува на бели пецива. Ова е премногу теоретски и слаба е веројатноста дека ќе се случи во реалноста. Но, сепак таков случај може да служи како пример за штетни линкови. Штетно, бидејќи вие како претприемач се обидувате да успеете во една сосема друга насока.

Вобичаено кога некој ќе има линк кон вашиот веб сајт како анчор текст го става домен името на Вашиот веб сајт, името на Вашиот бизнис или пак нешто поврзано со она што го има на Вашиот веб сајт.

Но, она што тука е важно да се напомене е следново:

  • Google нема да го казни Вашиот веб сајт заради тоа што некој „лош“ веб сајт има линк кон Вашиот. Вие за тоа не сте виновни, бидејќи немате контрола над тоа кој линкува кон вас.
  • Google ќе го казни Вашиот веб сајт доколку Вие пратите линк до некој „лош“ веб сајт. Ова е многу поштетна варијанта за вашиот веб сајт.

Пример со Џорџ Буш

Иако овој пример е постар, но добро се сеќавам каква врева беше кренал во светски рамки. Па дури и Google реагираше за да се измени состојбата.

Поранешниот претседател Џорџ Буш кога сеуште беше претседател на САД, на резултатите на Google се појавуваше официјалната веб страна на Белата Куќа. Но, и кога пребарувате за зборот “measurable failure” повторно се појавуваше истата официјална претседателска веб страна. Дури по две години Google реагираше и обезбеди при едно такво пребарување да не се појавува официјалната страна на тогашниот претседател.

Зошто се случило такво нешто?

Сигурно официјалната веб страна на Белата Куќа не го користела зборот “measurable failure”. Но, многу други веб сајтови пратиле линк кон тој веб сајт со анчор текст “measurable failure”. Од ова можете да забележите колкаво е значењето на анчор текст за дојдовните линкови.

Но, исто така може да се забележи дека понекогаш и најмоќниот човек на светот (Претседател на САД) нема влијание за кои зборови при пребарување ќе се појават на првите места на страната со резултатите.

Едноставно можам да кажам дека ваквиот начин нема да му наштети директно на вашиот веб сајт, но во секој случај може да наштети на репутацијата на вашиот бизнис.

post

Зголемување на конверзија – Интернет маркетинг

Конверзија преку целни страни

Конверзија преку целни страни

Минатите неколку недели и најверојатно следните неколку недели преку подготовка на еден материјал за премиум претприемач анализирав повеќе интернет базирани реклами (банери, AdWords кампањи, Facebook реклами, како и повеќе query-ја од пребарување на Google). Анализите беа со цел следење на оние целни страни (Landing Pages) во однос на било која кампања.

Но, за жал резултатите од анализата покажаа дека скоро сите компании од Македонија го трошат интернет маркетинг буџетот сосема непотребно без некоја соодветна цел која таа кампања треба да го постигне. Трите основни столба на кои треба да се базираат тие кампањи (релевантност, вредност и повик за акција) се целосно невидливи во тие кампањи, а поради тоа најверојатно и конверзијата е слаба (доколку се мери истата, бидејќи без конкретна цел не се знае што ќе се мери).

Три фактори (столбови) на конверзија

Секоја интернет маркетинг кампања мора да се базира на 3 основни столбови, кои имаат за цел да ја зголемат конверзијата на таа кампања. Конверзијата е број на превземени акции на целната група кон која е насочена таа кампања. Тие фактори се следниве:

  • Релевантност. Дали вие сте релевантен за она што јас го барам?
  • Вредност. Знам ли или може ли лесно да дознаам зошто вие сте вистинското решение?
  • Повик за акција. Јасно ли е што треба да направам, кога веќе ќе знам дека вие сте вистинското решение?

Но, она што е важно е дека овие фактори се користат како за самата кампања (реклама или резултат од пребарување), така и за самата целна срана која ќе ме одведе кога ќе кликнам на таа ваша кампања.

Релевантност

На пример, доколку на пребарувачот барам маркетинг план, очекувам да видам реклами кои ќе се однесуваат или на маркетинг консултантски компнии или на компании кои произведуваат некој вид на алатка поврзана со маркетинг план или пак нешто поврзано со маркетинг план. Не очекувам дека ќе дојдам до реклама за мебел. Тоа е релевантноста. Од друга страна, релевантноста е и кога веќе ќе кликнам на вашата реклама да го има она што е наведено во самата реклама. Дали тоа е попуст, дали е нешто гратис, дали е специфичен производ или услуга или било што што е споменато во рекламата треба да биде и на целната страна. Тогаш релевантноста е комплетирана.

Добро можеби мислите дека не е важно дали ќе кликнам важно е да постојат импресии (покажувања). Точно до некаде за зајакнување на брендот доволни се и импресии. Но, за тоа веќе зборувавме во Google Adwords – Quality Score каде покажавме дека CTR (стапка на кликнувања) во Google Adwords има најголемо влијание за позиција и број на покажувања на вашата реклама.

Вредност

Интересно е што повеќето бизниси од анализираните кампањи (поточно само една беше согласно „правилата“) воопшто не се подрудиле да ја покажат вредноста како во самата кампања така и на самата целна страна до која ме води кампањата. Па, така доколку во рекламата е конкретизирано што ќе добијам (на пример, бесплатна испорака или попуст) тоа воопшто неможам да го видам на страната на која ме води. Или пак го има, но некаде сокриено и би ми требало време за да го најдам. Се чувствувам излажан и единствено што ми преостанува е Х на десниот горен агол.

Само да напоменам дека вакви примери најдов и на поголеми глобални веб сајтови каде во реклама имам една цена додека на целната страна друга. Што не е добро, барем не во времето во кое живееме.

Повик за акција

Повикот за акција до некаде постои во анализираните кампањи бидејќи секој се потрудил да обезбединекаков клик. Но, истиот целосно е загубен во целната страна. Значи сте ме привлекле да кликнам, но веќе кога сум на страната која сум ја кликнал гледам еден куп работи кои немаат врска со она за што сум кликнал, кои едноставно ме бунат. Дали треба да купам, дали реба да се информирам, дали треба да се регистрирам…? Што е финтата?

Што сакате да постигнете? Барем тоа е едноставно, вие го знаете. Па едноставно обидете се тоа да го постигнете преку секоја кампања.

post

Блогирање за бизнис – Е-книга

Се повеќе луѓе од светот на бизнисот сфаќаат дека доколку не се видливи во онлајн светот, воопшто нема да постојат за нивните потрошувачи. Веб сајт спакуван со маркетиншки јазик кој е нешто за малку повеќе од вашата брошура не е доволен. Се бара едукација, се бара информација, се бара препорака, едноставно се бара содржина која ќе се преплетува како „пајакова мрежа“ низ интернетот. (Повеќе детали за оваа пајакова мрежа можете да прочитате во Промени во маркетингот.)

Повеќепати на претприемач имавме содржина која се однесува на оваа маркетинг средство. Доколку сте пропуштиле можете да ги прочитате следниве наслови за блог како маркетинг средство:

Но, да се вратиме на целта на овој пост, а тоа е новата е-книга за блогирање на бизнис.

Е-книга – Блогирање за бизнис

По неколку месеци работа (добро, не постојано туку кога ќе успеев да украдам време) успеавме да ја завршиме првата верзија на оваа книга насловена како Блогирање за бизнис.

Велам првична верзија бидејќи истата ќе подлежи на промени не само поради тоа што се однесува на подрачје од бизнисот кое континуирано се менува туку и заради тоа што знам дека има простор за подобрување и секако има простор за уште наслови во самата книга. Затоа секоја добронамерна забелешка е добредојдена и слоборно можете да ни реплицирате со идеи или потреби кои ги имате во однос на блогирање за бизнис.

Како што знаете пред да ја довршиме книгата преку еден од билтените на претприемач побаравме одговор на еден прашалник за теми кои би сакале да се опфатат во книгата. Од одговорите најмногу се бараа темите за стратешко планирање, чек листа за успешен бизнис блог и 50 идеи за блог постови на кои и посветивме повеќе внимание.

Што е опфатено во блогирање за бизнис?

Овој материјал е структуриран преку следнава содржина:

  • Вовед
  • Што е тоа бизнис блог?
  • Зошто блогирање за бизнис?
  • Стратешко планирање за имплементација на блогирање за бизнис како дел од вашата маркетинг стратегија.
  • Креирање на содржина, видови на содржина, структура на содржина и оптимизација на содржина.
  • 50 идеи за блог постови
  • Технологија за бизнис блог
  • Чек листа која ќе ве води кон успешно блогирање за бизнис.

Најмногу внимание посветивме на сратешко планирање и креирање на содржина. Особено во делот за креирање на содржина можете да прочитате за видови на содржина која ќе се објавува на вашиот бизнис блог, структура на содржината (секој блог пост), процес на креирање на таа структура од идеја до вистински блог пост како и 50 идеи за блог постови за вашиот бизнис блог. Овие 50 идеи се дел од еден сервис во кој како тест период беа и сеуште се вклучени неколку бизниси кои секоја недела добиваат по 5 идеи. Тука од над 100-тината идеи ги ставивме 50-те за кои сметаме дека се едни од најважните.

Но, да не должиме многу. Можете да ја превземете оваа е-книга од 72 страни преку регистрација за неделни билтени. По регистрација веднаш ќе добиете email со линкови од оваа книга како и други бонус материјали како дел од овие билтени на претприемач.

post

Google ги отстрани домените на co.cc

Навистина се чини дека Google оваа година ја прави вистинската работа во однос на објавување на војна кон spam-ерите и подобрување на квалитетот на резултатите од пребарување. Ова безкомпромисна борба оди дури до таму што сите поддомени на доменот co.cc се банирани од страна на Google и во резултатите од пребарување нема да се појави ниеден сајт кој e на тој домен.

Доколку побарате ќе видите дека ниеден сајт не се појавува, што значи дека од индекот целосно се исфрлени.

 

Google и co.cc

Google и co.cc

Иако можеби намерта на обезбедувачите на тие бесплатни домени е нешто друго сепак очигледно е дека не се потрудиле да се борат против оние кои што сакаат да прават штета.

Затоа, доколку се работи за бизнис веб сајт не треба да се базирате на вакви решенија бидејќи едноставно за некои работи воопшто нема да имате контрола.

Од друга страна како што е можно дабидат банирани домени, Google може да банира и цел хостинг сервер доколку на тој сервер се наоѓа поголем процент на spam сајтови.

Еве и уште еден доказ кога побарав еден сајт кој објавил некој текст од претприемач (но културно со име на автор, сајт од кој е превземено и линк до оригиналниот текст), а има домен на co.cc и најверојатно бесплатен хостинг:

Busy Server

Busy Server

post

10 Причини да имате WordPress блог за вашиот бизнис

Гостински пост од Владимир Апостолски: Авторот е дипломиран инженер по информатика. Моментално е развивач на софтвер. Еден од ентузијастите позади агрегаторот на попусти http://bagatela.mk. Повеќе информации на: http://about.me/vladimir.apostolski

Бизнис блог со WordPress

Бизнис блог со WordPress

Како претприемачи, досега би требало да ви е јасно дека ви е потребен блог за поддршка на бизнисот. Блогот дава уникатна можност да допрете до вашите идни клиенти, им оставате простор да се едуцираат околу вашите активности, услуги и производи. Тој треба да биде интегриран, но независен од примарната веб страница која ја користите за презентирање на вашите бизнис активности.

За оние што се уште немаат блог за својот бизнис, но јасно им е како треба да изгледа и што е неговата цел, еве еден предлог за изборот на платформата на блогот: WordPress. Во продолжение се наоѓаат 10 причини зошто е добро да ја одберете оваа платформа за блогирање

1. WordPress е бесплатен

Meѓу ретките бесплатни работи на овој свет. И покрај тоа што во бизнис светот се вели „Не постои бесплатен ручек“, кај софтверот ова не е секогаш случај. WordPress е еден ваков пример, па затоа е многу поволен за да биде платформата на која ќе се потпира блогот.

2. Набрзина се инсталира

WordPress е исклучително лесен за „инсталирање“. Доволно е да го превземете (http://wordpress.org/download/) и да го поставите на веб сервер и со минимални подесувања вашиот блог ќе биде подготвен за вашиот прв напис. Добра идеја е да го поставите на посебен поддомен од вашиот сајт, како на пример blog.mojdomen.com или mojdomen.com/blog .

3.Можете да се искажете „на долго и широко“, а сепак уредно

Со помош на WordPress можете да напишете и подолги, но лесно читливи написи, со слики, видеа и поврзани содржини. На клиентите им е многу важен уредниот изглед на текстот, а за самиот автор е важно да може без многу напор да објавува вакви написи. Интегрираниот уредувач на текст многу ќе ви помогне во оваа работа

4.Едноставно споделување содржини преку друштвените мрежи

Со оваа платформа, на вашиот блог лесно се активираат додатоци за споделување на написите преку социјалните мрежи. Како што знаеме, блогот е моќна маркетинг алатка и како таков е одлична можност за да допрете до потенцијалните клиенти преку друштвените мрежи.

5.Wordpress е популарен

Популарноста значи дека софтверот го користат многу луѓе и дека генерално се задоволни од неговите функционалности. Штом постојат над 20.7 милиони WordPress блогови ширум светот, тогаш сигурно постои добра причина тоа. Освен што шансите за багови се помали, и самите читатели ќе се чувствуваат побезбедно да остават коментар на платформа која ја познаваат.

6.Стабилност

Зад WordPress стојат 8 години развој, надоградување и поправки на багови. Она што е мошне фасцинантно, Wordrpess развивачката заедница ги слуша потребите на корисниците, па со гласање се одлучува што ќе биде овозможено во следната верзија. Со WordPress вашиот бизнис блог би бил во сигурни раце и можете мирно да спиете дека нема некои елементарни грешки да го нарушат вашиот кредибилитет.

7.Отворен код

Технологијата која е употребена за развивање на самата блог платформа (PHP) е една од најпопуларните во светот и што е поважно, целиот код за неа е отворен. Тоа значи дека доколку вашиот бизнис блог користи WordPress, многу лесно ќе најдете развивач на софтвер или дизајнер што може да го уреди неговиот изглед да биде по ваш вкус.

8.Лесна оптимизација за веб пребарувачи

Веб пребарувачите (како Google и Bing) во целост ги разбираат содржините кои ги пласирате и им даваат големо значење при рангирањето на резултатите. Бизнис блогот може да ви послужи како моќно SEO оружје за да се рангирате подобро за одредени клучни термини за вашиот пазар.

9.Многу развивачи и дизајнери

Уште една предност која ја уживаат WordPress блоговите. Лесно ќе најдете дизајнер што ќе ви направи дизајн по ваша мерка и ќе го отсликува корпоративниот дух, ќе го интегрира блогот со амбиентот од вашата примарна веб страница или ќе приспособи некој веќе постоечки дизајн (кој исто така може да биде бесплатен). Истото важи и доколку сакате некои посебни функционалности на блогот, но за тоа ќе ви треба програмер.

10. Бесплатни и корисни додатоци

Скоро на се што ќе помислите, веќе постои бесплатен додаток, кој можете да го инсталирате со два клика. WordPress платформата не бара да имате програмерски способности за да додавате нови функционалности и однесувања.

За крај, запомнете, дури и да не користите WordPress, важно е да имате блог кој ќе го поддржува вашиот бизнис. Во најмала рака, ќе ви помогне да изградите свој сериозен бренд, а ќе бидете и изненадени од потребата на корисниците да ве контактираат преку блогот, и покрај добро познатите можности, како на пример, е-пошта, Фејсбук и Твитер.

За да не биде дека зборувам напразно, туку од искуство, можете да го погледнете блогот на bagatela.mk (http://blog.bagatela.mk/) да видите како овие совети се применети на дело.

Имате ли бизнис блог? Која платформа ја користите и дали успевате да допрете до клиентите со помош на блогот?

Кои функционалности најмногу ви вршат работа?

post

11 Чекори за маркетинг со содржина

11 чекори за содржина како маркетинг
11 чекори за содржина како маркетинг

Содржина како маркетинг средство повеќе пати е обработувана тука. Се појасно е дека компаниите мора да земат активно учество во креирање на квалитетна содржина за да допрат до поголем број на потенцијални купувачи.

Промените во маркетингот кои ги носи технологијата и секако однесувањето на потенцијалните купувачи не доведуваат во ситуација кога МОРА да извршиме промени во досегашниот начин на нашето однесување.

Иако во делот на маркетинг средства ја обработивме и содржината сепак не навлеговме во некои од поважните чекори кои ќе треба да ги спроведете за да спроведете успешни кампањи. (Доколку може да се кажат како кампањи бидејќи кампањите асоцираат на нешто што е активно и по одреден временски период прекинува. Од друга страна содржината е нешто што бара континуитет за да се почувствуваат корисностите од истата.)

1. Поставување на цели

Која е целта на содржината како маркетинг средство? Што сакате да постигнете со креирање и споделување на содржина за вашиот бизнис?

Овој чекор мора да започне од севкупните бизнис цели кои ги имате воспоставено и секако од маркетинг целите во вашата маркетинг стратегија.

2. Целен пазар

До кој сегмент од пазарот сакате да допрете со вашата содржина?

Не можете да очекувате дека содржината ќе биде маркетинг средство кое ќе допре до целиот пазар на кој настапува вашиот бизнис. Од друга страна целта на овој чекор е да знаете кои се оние со кои ќе комуницирате преку содржината бидејќи само на таков начин ќе можете да преминете на следниот чекор – дефинирање на нивните потреби.

3. Дефинирање на потребите кои треба да се задоволат со содржината

Што тој целен пазар сака да добива како содржина? Кои се нивните потреби и желби?

Кога го знаете целниот пазар едноставно преминете на бреинстормирање на сите потреби кои тој целен пазар ги има, но во термини на содржинакоја ќе треба да ја креирате.

На пример, доколку сте бизнис кој нуди различни видови на производи, во поголем квантитет по вид на производи, за различни сегменти на пазарот некои од потребите би можеле да бидат:

  • Како да изберам кој производ е за мене и мојата индустрија?
  • Како најефикасно и нејефективно да го користам тој производ?
  • Како да дојдам до тој производ?
  • Како да ги следам новитетите и научно-технолошкиот развој во индустријата?
  • Како да го монтирам тој производ?
  • Кои се најдобрите практики?

На ваков начин со помош на овој чекор вие веќе ќе знаете што треба содржината да опфаќа и во која насока да се развива истата.

4. Платформи за содржина

Каков вид на содржина ќе споделуваме? На кои платформи ќе бидеме застапени? Каде се нашите потенцијални купувачи?

Кога станува збор за содржина иако е најлесно и најчесто се мисли на онлајн содржина сепак реба да напоменам дека оваа маркетинг средство се спроведува и офлајн преку каталози, брошури, билтени, периодични весници…

Затоа во овој чекор првин преминете на бреинстормирање на сите можни видови на платформи на кои можете да настапите. Кога зборувам за платформи мислам на блог, социјални медиуми, електронски билтен, печатен билтен, е-mail маркетинг, писма, упатства…

Понатаму бреинстормирајте и анализирајте каде се наоѓаат тие потенцијални купувачи дефинирани во вториот чекор. Дали се онлајн или пак помалку време поминуваат на интернет? Дали сакаат повеќе да читаат печатени изданија или пак електронски? Дали се присутни на социјални медиуми?

Овој чекор на крајот ќе треба да ви даде една листа на можни платформи комбинирани со сегменти на кои ќе се однесува секоја платформа.

5. Каква содржина имаме во моментов?

Во овој чекор вашата задача е да ја соберете целокупната содржина која ја поседува вашиот бизнис. Можеби тоа се каталози, брошури, упатства, билтени, презентации…

Целта е сета оваа содржина да ја поврзете со претходните откритија од претходните чекори. Од друга страна сакаме да знаеме и што веќе имаме и може да биде спремно да го користиме, а што е она што ни недостасува согласно чекорот 3 (потребите).

На крајот од овој чекор вие веќе ќе имате една мпа која ќе ви покаже на кои платформи до кои потенцијални потрошувачи ќе допрете со која содржина која веќе ја имате и што е она што ви недостасува.

6. Процес на креација на содржина

Кој ќе креира содржина? Кога ќе креира содржина?

Во овој чекор треба прецизно да го дефинирате процесот на креирање на содржина. Веќе знаете која содржина е потребна и преку кои платформи ќе се споделува, сега е време да го креирате и процесот на креирање и споделување на таа содржина.

7. Календар за содржина

Содржината како мркетинг средство користи различни платформи за различни сегменти на пазарот со различна содржина за истите. Затоа за да се зголеми ефикасноста и ефективноста добро е да креирате еден календар каде пред време ќе биде наведена која содржина кога ќе се сподели на кого и од страна на кого.

8. Имплементација

Дали се е имплементирано?

Кога имате календар едноставно можете да ја следите имплеметацијата на истиот. Обидете се да обезбедите дека се она што е наведено во тој календар ќе биде имплементирано во периодот за кој е наменет календарот.

9. Ажурирање на календарот со нова содржина

Ова е процес, а не обична кампања која има почеток и крај. Постојано во временски период пред завршување на календарот од чекорот 7 направете ажурирање со нова содржина и одговорности за наредниот период.

10. Мерење на резултати

Какви се резултатите од имплементацијата?

Едноставно, она што е испланирано не мора да биде се онака како што е планирано. Затоа мора да следите што ќе се случува во процесот на имплементација. Мора да дефинирате како ќе ги следите резултатите и кои ќе бидат мерните индикатори за тие резултати.

11. Подобрување

Што може да биде подобро од денес?

Ова е еден циклус кој никогаш не завршува и секогаш може да се подобри. Претходниот чекор од мерење ќе ви даде добри информации кои ќе ви кажат што дава а што не дава резултати, што треба да се промени, подобри, а што треба да се отфрли.

 

post

Бизнисот и видео камери

Бизнис и видео камери

Бизнис и видео камери

Денес живееме време кога технологијата ни е достапна по многу нормални цени. Кога станува збор за видео камери дури и не мора да се купуваат посебни видео камери доколку имате добар мобилен телефон во кој е интегрирана камера.

Во секој случај полека но сигурно поминува времето кога малите бизниси беа ограничени за сопствени видео кампањи заради високи цени на подготовка на истите.

Во овој пост би сакал да напоменам некои иде како можете да ги користите видео камерите во полза на вашиот бизнис.

1. Видео туториали за користење на вашите производи и/или услуги

Знам дека имате упатство на една страничка можеби во вид на текст и чекори (чекор 1, чекор 2…) или пак имате скица како да се монтира вашиот производ и/или услуга. Но, сепак нема ли да биде подобро доколку сето тоа го ставите на едно видео кое чекор по чекор ќе покажува како да се монтира или пушти во употреба производот кој го продавате.

2. Препораки од сегашните купувачи

Сигурно имате задоволни купувачи. Зошто да не ги прашате да ги снимите нивните изјави за препораки или искуство со вашиот бизнис. Овие видео материјали можат да имаат огромен потенцијал за вашиот бизнис.

3. Интервјуа за анализи

Доколку правите една анализа преку анкетен прашални составена од неколку прашања и поврзана со вашата индустрија, можете едноставно да го смените во вид на видео анализа преку која ќе ги интервјуирате луѓето за поставените прашања и на крај би ги сублимирале одговорите и дале заклучок од спроведената анализа.

4. Интервјуа со експерти во индустријата

Во секоја индустрија постојат експерти па и во вашата. Можете да контактирате некој од нив и да спроведете интервју за нивните мислења, предвидувања, предлози…

5. Зад сцената во вашиот бизнис…

Луѓето по природа се љубопитни. Сите сакаат да видат што се случува зад сцената во вашиот бизнис. Можете да го снимите работниот простор како канцеларии, погон, вработени… Можете да снимите дел од производствен процес на вашиот производ.

6. Зад сцената кај вашите купувачи…

Освен зад сцената во вашиот бизнис интересно и корисно би било да снимите видео за зад сцената кај некој од вашите клучни клиенти. Дури и ако можете да покажете како се користат вашите производи и/или услуги кај него би било супер.

7. Објаснувања

Објаснувања претставуваат можност да прикажете како нешто работи. Дали вашиот производ или услуга оди со некој друг производ или услуга, како да се омбинираат тие различни производи, како да се извлече максимумот… Ова се само дел од можностите кои можете да ги користите за да објасните нешто во врска со вашиот производ и/или услуга.

8. Промотивни видео материјали

И секако на крај како 8-ма идеја во овој пост да не ги заборавиме и промотивните видео материјали во кои едноставно можете да го покажете производот, да ги наброите карактеристиките, полезностите и како да може потенцијалните купувачи да дојдат до нив.

post

Email маркетинг – Пример зошто професионален сервис

Email маркетинг како едно маркетинг средство е моќно за малите бизнис особено поради тоа што претставува доста ефикасно и ефективно, а од друга страна и доста ефтино, па дури за некои и бесплатно.

Кога веќе го споменав зборот бесплатно, треба да напоменам дека иако не сум некој кој препорачува ваков пристап (поради фактот што поминав низ сите тие фази од бесплатен сервис до професионален сервис), сепак може да се користи од страна на бизнисите доколку станува збор за помала меилинг листа и со користење на бесплатни сервиси кои постојат до одреден број на email адреси кои ги содржи листата.

Целта на овој краток пост е да покажам еден пример зошто сервисите кои професионално ги нудат овие услуги се наплаќаат. Сакам да напоменм дека иако повеќе од една година го користам Aweber како сервис сепак сеуште ги учам можностите и опциите кои ми стојат на располагање, па така не ја исклучувм можноста да споделувам дополнителни елементи кои ги учам низ целокупниот процес.

Првин би започнал со едно потсетување на два термини од подрачје на email маркетингот кои ги опишавме во Ажурирање на бизнис поимник за email маркетинг:

  1. Bounce Rate – Претставува стапка на вратени email-ови до испраќачот кои се карактеризираат со порака од mail системот дека е вратена заради причини како што се непостоечко домен име, преполни инбокс на примателот, непостоечка еmail адреса.
  2. BlackList – Овој збор означува листа која содржи група на IP адреси, кои се осомничени за испраќање на несакани email пораки (спам). Доколку IP адресата од која ги испраќате вашите email пораки како дел од една email маркетинг кампања имаат висока стапка на жалби до интернет сервис провајдери, висока bounce стапка, или голем број на испраќања на стари и непостоечки адреси ќе постои поголема шанса да влезе во оваа несакана листа.

Ова значи дека доколку постојано испраќате email на адреси кои се веќе непостоечки, или не се отвораат поголем временски период па затоа сандачето е преполно или пак испраќате на адреса со непостоечки домен вашата адреса од која испраќате ќе влезе во таа црна листа.

Во Aweber ова е решено така што доколку неколку пати се врати пораката во вид на Bounce автоматски системот го брише тој email од листата.

Во примеров подолу забележувате дека двe email адреси се категоризирани како bounce и тоа два пати по ред за две последователни пораки.

Aweber Bounce

Aweber Bounce

Затоа системот автоматски ги брише со што се запира понатамошното праќање на тие email адреси.

Aweber - Неможност да се испрати

Aweber - Неможност да се испрати

 

post

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Во изминатиов период анализирав различни теоретски и практични согледувања за бизнис моделот и стратегиите кои што еден бизнис би требало да ги има во својата основа.

Она што е очигледно е дека постојат различни бизнис модели и различни стратегии кои треба да го поддржат тој бизнис модел. Она што ме натера да навлезам подлабоко во едни вакви теоретски и практични истражувања беше согледување на потребата од еден посеопфатен пристап кога станува збор за бизнис стратегии. Поточно и во постот дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија навлегов во еден покомплексен и посложен свет во кој функционираат бизнисите.

Сепак онлајн стратегија треба да го отсликува и да е во согласност со севкупниот бизнис модел и стратегијата која произлегува од него. Одлични причини за промашувања во однос на градење на онлајн присуство (како дел од онлајн стратегија) дава и Дарко од NewMedia MK во постот насловен како Ефективно присуство на интернет не е лесно остварливо, еве зошто. Сите тие причини наведени свои корени ги влечат од она што се нарекува бизнис модел.

Работејќи со неколку компании (некои спаѓаат во групата на “гиганти”) во изминатава година сфатив дека тие навлегуваат или сакаат да навлезат во еден сосема нов свет без воопшто да го променат сопствениот бизнис модел кој треба да биде прилагоден на тој нов свет. Многу би било полесно да се започне од самите корени, да се дојде до она што се сака и да се примени во работењето преку имплементација на таа стратегија.

На пример, започнуваат со градење на онлајн присутност (би требало да имаат онлајн стратегија која би го поддржала бизнис моделот) без воопшто да сфатат или да знаат што тоа значи и што би требало да значи за нивната компанија. Па затоа целиот проект иако со добри намери се доведува во опасност.

Уште од времето кога започнав да ги проучувам организациските промени (пред повеќе од 10 години) научив дека не треба да се започнува со проект кој ќе бара промени без целосна подршка и посветеност од страна на врвниот менаџмент.

Да се навратам на претпоследниот пасос (онлајн присутност) и последниот организациски промени и подршка од страна на менаџментот. Можеби се чини дека немаат никаква конекција – ова е една презентација (маркетинг активност) а другото е покомплексен организациски елемент. Но, сепак не е така. Една компанија прави веб сајт не за да нејзините вработени секое утро го посетат и се воодушуваат на убавината на истиот туку за да го поддржи бизнисот во кој се наоѓа таа компанија (односи со потрошувачи, канали за испорака на вредноста, партнерства… сите составни елементи на еден бизнис модел). Доволно е тој веб сајт само да има една контакт форма па да предизвика промена во организацијата:

  • Кој е одговорен за одговарање на контактите?
  • Кој е одговорен за подготовка на понуда?
  • Кој е одговорен за комуникација?
  • За кое време треба да се одговори?

Одговорот на овие прашања во бирократските системи доведува до еден раздор – не јас, ти. Ова е најпрост пример од еден проект кој треба да се имплементира во бизнисот. Затоа и потребата од подршка и пресечување од страна на менаџментот.

А, каква врска има ова со бизнис моделот?

Да тргнам од веб сајтот и неговите цели како еден пример во оваа презентација. Целта на веб сајтот може да биде:

  • компанијата да биде најдена од потенцијални купувачи,
  • овозможување на канал за комуникација со тие потенцијални купувачи,
  • компанијата да биде најдена од можни снабдувачи или други стејкхолдери,
  • компанија да биде најдена од можните партнери,
  • продажба на производи и/или услуги,
  • обезбедување на тренинг за користење на тие производи и/или услуги…

Сметам дека се доволни за оваа прилика. А што е бизнис моделот? Бизнис моделот ги дефинира и ја дава врската помеѓу:

  • производи и/или услуги,
  • купувачи
  • снабдувачи и други стејкхолдери
  • начин на комуникација и дистрибуција на вредноста кон купувачите.

Дали сега сметате дека еден мал проект како веб сајт за компанијата не поврзан директно со бизнис моделот? Доколку бизнис моделот не содржи елементи кои треба да се добијат со веб сајтот и не постои стратегија која ќе го подджи тој бизнис модел, имплементацијата на проектот ќе биде однапред осудена на пропаст. Штета!

Ова е само еден мал дел од склопувањето на коцките од моите белешки од изминатиов период, ќе следуваат уште.

post

Кревање на врева со бизнис блог

Бизнис блог

Бизнис блог

Најлесно нешто кога станува збор за бизнис блог како маркетинг средство е да се постави блогот да биде жив онлајн. Процесот е инсталација на CMS (најкорисен е WordPress), одлука за тема, инсталација и неколку подесувања. На мојот личен блог пишував како се завршив за 30 минути со помош на Genesis и темата Prose во тој случај.

Но, што понатаму? Бизнис блогот е поставен и жив онлајн. Како сега да го ставиме во функција на бизнисот? Тоа е и првото прашање кое треба да се одговори од страна на претприемачот. Понекогаш и доста често оваа прашање останува неодговорено и целиот процес завршува тука. Ова е поради фактот што претприемачот сфаќа дека ова е долг и макотрпен процес кој не гарантира брзи резултати. Но, на долги стази овој процес може само да помогне во градење на долгорочна благосостојба на бизнисот.

Многу често првиот пост кој се пишува е пост кој содржи нешто вакво:

Ова е блог на тој и тој бизнис и во него ќе читате за нашите производи и/услуги како и сите последни информации за нашиот бизнис. Ќе ве известуваме за нашите постигнувања како и за сите наши прес конференции. И супер, нас многу ни е драго што вие сте тука, за да прочитате за нашите бла, бла, бла…

Од здодевно има ли поздодевно. Многу ми е гајле за твоите производи и/или услуги. Сигурно ги имате на вашиот веб сајт и ако затоа сум тука би ги побарал на страната Производи. Могу ми е гајле што Вие правите или пак што ќе правите. Многу ми е гајле за Вас. Многу ми е гајле за Вашите прес конференции – не сум новинар. Но, првото прашање ќе ми биде: Што има за мене тука? Вредност? Дали треба да се навраќам на овој блог повторно?

Затоа секој (или во поголем дел) блог пост треба да креира некаква вредност за мене. Би требало да ме поттикне на нешто:

  • да ве контактирам
  • да купам доколку продаваш
  • да споделам…

Во денешно време контактирање и купување не оди толку бргу, сепак зависи и од видот на проблемот кој вашиот бизнис го решава и вистинската потреба од решавање на тој проблем на пазарот. Но, иако некој не ве контактира, не значи дека сте го загубиле доколку комуницирате вредност преку вашиот бизнис блог. Тој е тука, ќе дојде и утре, или пак можеби за една недела или за некој месец или пак за некоја година да косумира уште од вредноста која ја давате и можеби тогаш ќе одлучи да превземе чекор за поблизок однос со вашиот бизнис.

Истиот тој, можеби ќе забележи нешто вредно и ќе сподели на Facebook за тоа да биде прочитано од неговите виртуелни пријатели. Зарем ова не е придобивка за вашиот бизнис – вашиот бизнис блог станува нешто со висок потенцијал да генерира вирозен маркетинг од содржината која ја објавувате.

Бизнис блог е одлично маркетинг средство кое комбинира персоналност и градење на односи кои пак водат до лојални потрошувачи кои стануваат ваши најголеми поддржувачи.

Прашања пред започнување со бизнис блог

Започни со следниве прашања:

  • Каква вредност нуди мојот бизнис?
  • Како таа вредност да ја трансформирам во вредност која ќе се комуницира преку мојот бизнис блог?
  • Што ќе поттикне насмевка на лицата на читателите на мојот бизнис блог?
  • Што е она што нема да биде здодевно за нив?
  • Што е она што сакаат да го читаат?
  • Што е она што ќе ги поттикне да превземат некоја акција (контакт, купување, споделување)?
  • Кои се првите 20-30 наслови кои би биле интересни?

4 Совети за кревање на врева

Во наредниот дел би споделил неколку совети кои можете да ги применувате кога станува збор за користење на бизнис блог како маркетинг средство и кревање на врева преку овозможување на вирозен елемент во истиот.

  • Иако, тука на претприемач блогот го нарекуваме како маркетинг средство, сепак тој е само еден од многуте социјални медиуми. Дали кога ќе се сретнете со некој ваш потенцијален клиент на некој настан на кој присуствувате и двајцата веднаш му давате брошура со вашите производи или услуги? Најверојатно не, првин се запознавате, разменувате бизнис картички, разговарате и за приватни работи, кажувате вицеви, можеби ќе закажете видување на ручек или на кафе, споделувате искуства… Така да запомни дека твојот бизнис блог служи за градење на долгорочни односи, а не за директна продажба, па затоа не пробувај да продаваш во секој пост. Затоа споделувај совети кои ќе бидат корисни за читателите.
  • Кога станува збор за производите или услугите кои твој бизнис ги продава сподели информации за продажни промоции и попусти. Читателите и потенцијалните купувачи ќе сакаат да добиваат информација од прва рака за тоа кога можат да купат нешто поевтино и ќе се навраќаат за да проверат дали таква информација постои. Мора да се вметне конзистентноста во однос на оваа прашање за да не се случи по неколку обиди и не наоѓање на таква информација да дојде до откажување.
  • Секогаш кога ќе спомнете некој од вашите производи или услуги не ги објаснувајте во детали. Тие треба да се објаснети на страната за продажба (доколку имате) или пак на страната наречена како “Производи” на вашиот веб сајт или пак во вашиот каталог ако немате таква страна. Наместо објаснување кое би било повторување на овие елементи едноставно ставете линк до тие елементи и ако некој сака да прочита или да се информира повеќе за вашите производи ќе одлучи да кликне.
  • На одреден временски период објавувај наградни игри преку кои ќе изберете победници кои ќе добијат некоја награда во вид на попуст или пак некој производ кој го нудите. Луѓето сакаат да учествуваат во наградни игри и да добиваат награди. Освен тоа еден ваков пристап поттикнува интеракција со потенцијалните купувачи. За да ја добијат наградата ќе мора нешто да направат (коментираат, споделат линк до постот каде е наградата или било што што може да има некоја идна вредност за вашиот бизнис). На пример, ZAGG – онлајн продавница од која купив тастатура во месец февруари секој ден доделуваше по еден iPad за еден од оние кои ќе споделат информација за оваа промоција. За да учествуваш во можноста за извлекување треба да се вклучиш во нивната листа. За да ја зголемиш за двојно можноста од извлекување треба да споделиш линк на Facebook и Twitter каде постои потенцијал за нови потенцијални потрошувачи кои ќе влезат во нивната emal листа.

Ова се само еден мал дел од препораките кои можам да ги опфатам тука, но во секој случај едни од поважните за да го користите во вашиот бизнис блог како средство за кревање на врева за вашиот бизнис.