post

Пазарна ниша на која ќе се насочите

Пазарна ниша

Пазарна ниша

Многу пати еден претприемач, водејќи го сопствениот бизнис, особено во стартап фазите на бизнисот се обидува да ги задоволи сите. Но, дали еден мал бизнис може да ги задоволи сите? Дали има доволно финансии да ги задоволи сите? Дали има доволно ресурси за да ги задоволи сите? Во најголем број на случаи одговорот на овие прашања би бил не.

Повторно би се навратил на цитатот на Bill Cosby кој вели:

Не го знам клучот за успехот, но клуч за неуспех е да се обидете да ги задоволите сите. ~ Bill Cosby

Малите бизниси немаат капацитет да ги задоволат сите. Иако пазарот на кој се насочени е специфичен за одредена проблематика сепак во тие специфичности има и дополнителни специфичности изразени преку различни проблеми на потенцијалните потрошувачи кои може да го дефинираат на различни начини.

Истражувањата покажуваат дека од 1 милион бизниси кои започнуваат помалку од 10.000 ја доживуваат својта 5-та година. Тоа е помалку од 1% од започнати бизниси кои успеваат да преживеат и да продолжат понатаму низ животниот циклус. Постојат повеќе причини за пропаѓање на малите бизниси и можете да видите неколку истражувања за кои пишувавме во постот насловен како Зошто пропаѓаат бизнисите.

Но, во тие истражувања не е опфатена можноста бизнисите да пропаднат доколку не се насочат на вистинската пазарна ниша, иако сметаме дека оваа грешка, особено во стартап фазите на малите бизниси во многу случаи претставува кобна за истите.

Што е тоа ниша?

Но, што е тоа ниша? Да видиме каде се користи овој термин:

  • Терминот ниша први го употребуваат екологистите за да опишат позицијата на одредни видови и ресурсите кои се наоѓаат во нивната околина.
  • За домашни потреби се користи за одередена посебно оградена просторија во домот за чување на некои работи.
  • Во бизнисот се користи за опишување на одредени активности насочени кон некоја личност или група на личности со одредени исти или слични карактеристики.

Од овие неколку различни видови на користења на терминот ниша можеме да сфатиме дека:

Ниша претставува нешто одделено, посебно, специфично, со посебни карактеристики од другите предмети на разгледување.

Кај екологистите секои видови на животни или растенија имаат своја сопствена ниша со посебни ресурси. Секој дом има посебна ниша за чување на некои работи. И секој бизнис има посебни ниша активности насочени кон различни луѓе или групи на луѓе (делови од пазарот).

Но што е тоа пазарна ниша. Наједоноставно кажано

Пазарна ниша е еден сегмент или еден дел од пазарот кој на некој начин има посебни карактеристики и специфичности во однос на другите сегменти.

Пазарна ниша претставува процес или пак стратегија на избор на еден дел на пазарот со посебни специфики, карактеристики и потреби, кој е доста профитабилен и сеуште со недоволно задоволени потреби.

Од последниот опис на пазарна ниша може да се видат основните карактеристики на овој процес:

  • Пазарна ниша е само еден дел од пазарот. Пазарот може да биде многу поголем од самата ниша. На пример, пазарот на цвеќе е доста поголем во однос на пазарот на продажба на цвеќе по нарачка и испраќање по пошта.
  • Тој дел има посебни специфики, карактеристики и потреби. Карактеристките, спецификите и потребите на пазарната ниша се различни од редовниот пазар или пак од останатиот дел од пазарот. Потребите на пазарна ниша од претходниот пример е можноста да се нарача и испрати цвеќе каде што сакаме без да одиме во продавница да бираме и купуваме и потоа да го однесеме кај оној за кој е наменето.
  • Тој дел е доста профитабилен. Оваа не мора да биде точно, но често пати пазарните ниши претставуваат доста профитабилно подрачје. Секако дека на пазарната ниша од нашиот пример со цвеќето производот и услугата ќе бидат доста поскапи отколку редовно купување во продавница.
  • Сеуште на тој дел не се доволно задоволени потребите на пазарот. Пазарна ниша е дел од пазарот на кој сеуште не е доволно задоволена потребата на која се однесува нишата. Ќе видите многу продавници со цвеќе, додека локални цвеќари со брза испорака многу малку.

Но, онаа што е интересно за претприемачите и малите бизниси е што големите компании не ги интересираат овие пазарни ниши бидејќи тоа се доста мали пазари. Кога велиме доста мали пазари сметаме на квантитеот на истиот затоа што она што е доста профитабилно за малиот бизнис не е за големите бизниси. А, токму тука претприемачот и малиот бизнис може да ја пронајде сопствената шанса, особено на високо профитабилен сегмент од пазарот.

Како да се избере вистинската ниша на пазарот?

За избор на пазарна ниша ќе мора да спроведете неколку чекори.

  1. Избор на пазар. Првин мора да го знаете пазарот на кој ќе ја барате специфичната пазарна ниша. Што е она во што сте добри? Што е она што особено ве интересира? Што е она што особено добро знаете да го првите? Размислете за вакви и слични прашања за да го дефинирате пазарот кај што ќе барате специфична ниша.
  2. Анализа на избраниот пазар. Следниот чекор е да го анализирате пазарот. Кој е присутен? Што нуди? Какви се потреби постојат? Каква е популацијата?
  3. Сегментирање на избраниот пазар. Анализата на пазарот ќе ви даде можност да го сегментирате врз основа на одредени карактеристики на истиот.
  4. Истражување на незадоволени потреби. Четвртиот чекор е да побарате незадоволени потреби или пак некои проблеми кои сеуште не се решени од останатите учесници на сите тие сегменти или само еден од нив за кој анализата ќе покаже дека е најпрофитабилен.
  5. Напад на нишата за да се задоволат тие потреби. И секако последниот чекор е да спроведете напад на таа ниша, но само таа ниша за да ги задоволите тие потреби или за да ги решите тие проблеми.

Значајна е вашата креативност и анализа и истражување на пазарот кое ќе го спроведете.

Уште нешто:

НИША МАРКЕТИНГ = ПРОДЖБА НА ЛУЃЕ КОИ ИМААТ ЗАЕДНИЧКИ ИНТЕРЕС

 

post

Продажни цени и методи за нивно определување

Продажба

Определување на цена

Продажни цени – основа за многу бизнис елементи и успешноста на истиот. Ќе се покријат ли трошоците? Ќе комуницираат ли соодветна вредност? Ќе обезбедат ли повраток на инвестиција за бизнисот? Ќе обезбедат ли повраток на инвестиција за купувачот? И уште безброј други прашања се поврзани со продажните цени.

Какви се методи му стојат на располагање на еден претприемач во определување на продажни цени. Од тоа каков метод ќе изберете ќе зависат и цените.

Пристапот на определување на продажните цени може да биде различен, но сепак целта е да добиете продажни цени кои ќе бидат во согласност со:

  • пазарните услови,
  • овозможување на покривање на трошоците,
  • профитабилно работење на бизнисот и
  • можноста да комуницираат соодветна вредност за купувачот.

Вие како претприемач имате на располагање неколку методи за оределување на продажни цени, и сите тие методи ги користат истите елементи од кои се составени продажните цени, само пристапот и начинот на определување е различен.

Накратко ќе ги претставиме следниве методи:

  • Продажна цена врз основа на маржа
  • Метода на трошоци плус
  • Метода на побарувачка
  • Метода на конкурентност

Продажна цена врз основа на маржа

Оваа метода се базира на определување на маржа во вид на процент или во паричен вид и додавање на цената на чинење на производот. Збир на маржата во парични единици и цената на чинење ја претставува малопродажната цена која се нуди на потрошувачите. На пример, цената на чинење на производ за кој определувате цена е 100 денари, и определувате маржа од 50%, а тоа е 50 денари ќе добиете малопродажна цена на производот од 150 денари. Но, со оваа метода може да се направи грешка доколку не се разберат два типа на маржа:

  • Маржа како процент од цена на чинење што се применува во оваа метода и
  • Бруто маржа како процент од продажна цена

На пример бруто маржа од претходниот пример е 50/150 = 0,333 или тоа е 33,33% а не 50% како што е маржата пресметана на трошоците. Тука треба да се внимава при давање на попусти бидејќи попустите ги давате на продажна цена (10% од 150 или 20% од 150 денари). Во ваков случај не смеете да дадете попуст поголем од 33,33%.

Втора работа на која треба да се внимава е што маржата треба да опфати:

  • Трошоци на бизнисот (општи трошоци: како плати, струја, телефон, кирии…)
  • Профит (заработката)

Што значи дека иако при определување на цените тргнавме од 50% маржа Вие кога одобрувате попуст нема да можете повеќе од 20% (зависи од обемот на продажба и висината на трошоците).

Овој метод на определување на цени се користи од производителите, големопродавачите и малопродавачите.

Метода на трошоци плус…

Суштината на оваа метода е слична како и претходната со маржа. Основната разлика е што оваа метода користи термин „плус“ кој треба да ги опфати сите општи трошоци и да генерира профит за бизнисот. Значи доколку:

  • Цената на чинење е 100 денари
  • Општите трошоци (со се плати за вработени) се 30 денари по единица производ/услуга
  • Вкупните трошоци ќе бидат 130 денари
  • Посакуван профит е 30 денари (18,75% од продажна цена)
  • Продажната цена ќе биде 160 денари.

Метода на побарувачка

Оваа метода е малку посложена од претходните и зависи директно од побарувачката на тие производи и вкупните трошоци во врска со тој производ. Основното правило е доколку производот е повеќе баран и повеќе се продава му се намалува цената бидејќи поголемата продажба ќе ги покрие побргу фиксните трошоци и остатокот ќе претставува добивка. Од друга страна, производите кои се помалку барани ќе треба да бидат поскапи како би ги покриле сите трошоци во врска со истите и би обезбедиле профит.

На пример, еден производ се продава на месечно ниво од 1000 парчиња и има:

  • цена на чинење од 100 денари
  • вкупните општи месечни трошоци се 10.000 денари
  • посакуван профит е 20% од продажната цена.
  • Доколку производот го продаваме за 150 денари (маржа од 50%) ќе имаме приход од 1000х150=150000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 1000 парчиња х 100 денари = 10.0000 денари ќе останат 50000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 50.000-10.000=40.000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 40.000/150.000=0,2666 или 26,66% што е повеќе од посакуваниот за 6,66%.
  • Доколку производот го продаваме за 140 денари (маржа од 40%) ќе имаме приход од 10.00х140=140.000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 1000 парчиња х 100 денари = 100.000 денари ќе останат 40.000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 40000-10000=30000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 30000/150000=0,2 или 20% што претствува и нашата цел.

Но, сега да разгледаме случај за истиот производ но продаваме 500 парчиња:

  • Доколку производот го продаваме за 150 денари (маржа од 50%) ќе имаме приход од 500х150=75.000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 500 парчиња х 100 денари = 50.000 денари ќе останат 25.000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 25.000-10.000=15000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 15000/75000=0,2 или она што го посакуваме. Забележувате дека во овој случај соодветна цена е 150 денари, а не 140 како во претходниот и тоа само заради волуменот на продажба (побарувачка) на соодветниот производ.
  • Доколку производот го продаваме за 140 денари (маржа од 40%) ќе имаме приход од 500х140=70.000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 500 парчиња х 100 денари = 50000 денари ќе останат 20.000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 20.000-10.000=10.000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 10.000/70.000=0,1428 или 14,28%. Со ваква цена нема да ја оствариме целта од 20% профит од продажба.

Метода на конкурентност

Оваа метода тргнува од веќе определена пазарната цена на производот. Ова значи дека доколку сите Ваши конкуренти наплатуваат одредена цена за ист производ ќе морате и вие да тргнете од истата цена. Оваа метода се спроведува на следниов начин:

  • Првин мора да ги откриете цените на сите Ваши конкуренти
  • Потоа треба да ја определите Вашата оптимална цена (со трошоци и посакуван профит)
  • Потоа треба да разгледате дали имате можност да понудите други цени (пониски или повисоки)

Имајте на ум дека пред да донесете конечна одлука мора да го истражите пазарот и спремноста на потрошувачите да платат повеќе за истиот производ, односно дали ќе прифатат некоја дополнителна услуга за разликата во цената.

post

Книга: Со содржина до потрошувачи

Книга: Со содржина до потрошувачи

Книга: Со содржина до потрошувачи

Само што завршив со читање на книгата Со содржина до потрошувачи (Get Content Get Customers) од Joe Pulizzi & Newt Barrett и би сакал да дадам краток преглед на истата.

Јасно е дека маркетингот и начинот на конекција на компаниите со потенцијалните потрошувачи и трансформација на истите во купувачи е променет суштински од самите корени. Дури и големите компании како Nike, Procter & Gamble, Johnson & Johnson, General Motors и многу други ги оставаат зад себе традиционалните закони на маркетингот (оние со чија помош ги изградија сопствените брендови) и се свртуват на една сосема друга страна.

Станува јасно дека содржината како маркетинг средство (без разлика дали станува збор за онлајн или офлајн содржина) започнува да игра се поголема улога во развојот на компаниите.  Нудење и притискање на потенцијалните потрошувачи да купат се смени во едукација и комуникација и следење на идната рекција. Токму и затоа ја гледам содржината на оваа книга како вредна, бидејќи едноставно аргументирано и преку примери ги докажува овие промени.

Што е опфатено во книгата?

Книгата е структурирана во 4 делови и 25 поглавја:

  • Дел 1: Справување со револуцијата на содржината како маркетинг. Во овој дел авторите ги објаснуваат основите зошто традиционалниот маркетинг ја губи вредноста на која што се базираше повеќе децении како и причините зошто се повеќе бизниси се свртуваат кон содржината како едно од најглавните маркетинг средства.
  • Дел 2: Како содржината да работи за вашиот бизнис. Едно од клучните поглавја во книгата се во овој дел бидејќи се објаснуваат елементите како креирање на mindset и процес во самиот бизнис за користење на содржина како маркетинг средство и избор на содржина која ќе биде во согласност со севкупната бизнис стратегија.
  • Дел 3: Учење од најдобрите – успешни приказни. Третиот дел е интересен бидејќи во него низ 16 поглавја се дадени 16 примери на реални компании кои во пракса го имплементирале оваа маркетинг средство како и резултатите од нивното вложување. Изненадувачки е што некои од компаниите дури се наѓаат во индустрија како црна металургија за кои постои мислење дека немаат многу што да користат како содржина.
  • Дел 4: Сублимирање на лекциите од 16-те компании. Ова е последен дел каде во книгата се сублимирни лекциите од примерите во претходните поглавја во една форм подготвена за примена од страна на бизнисите.

Интересна е формулата BEST која авторите ја опфаќаат и која е основа за имплементација на содржина како маркетинг средство.

  • Behavioral. Се што се комуницира со потрошувачите има одредена цел. Што сакате тие да направат?
  • Essential. Испорака на информација која навистина му е потребна на потенцијалниот купувач за да успее во работата или воопшто во животот.
  • Strategic. Сите напори за содржина мора да бидат интегрирани во севкупната бизнис стратегија.
  • Targeted. Содржината мора да биде таргетирана за да биде релевантна за потенцијалните купувачи.

За кого е оваа книга?

Како и секогш при вакви прегледи на книги сакам посебен дел да посветам за тоа за кого е нменета оваа книга. Првин, најкорисна ќе биде за сите претприемачи кои планираат да ја користат содржината како маркетинг средство.

Менаџерите на поголемите компании исто така ќе имаат корист бидејќи ќе можат да видат како практично да спроведат имплементација на процес на креирање на содржина наменета за потенцијалните и тековните купувачи.

Не може да се изостават и маркетинг агенциите кои веќе треба да креираат нов вид на услуги кои ќе се концентрираат на имплементација на содржина како маркетинг средство.

post

Отпорот и претприемачот

Отпорот и претприемачот

Отпорот и претприемачот

Претприемач е личност која на многу начини се среќава со некаков вид на отпор. Тој отпор во ниеден случај не може да се каже дека може да биде позитивен за бизнисот, но сепак од друга страна внесува една динамичност во животот на претприемачот и во животниот циклус на бизнисот. Таа динамичност се однесува на контра акции или активности кои треба да бидат превземени од страна на претприемачот.

Каков се отпор може да се појави?

Отпорот како еден неминовен елемент во секој бизнис може да ги има следниве облици:

  • Отпор во самиот бизнис од страна на членовите на бизнисот кој се однесува на противење кон промените или противење кон нешто ново.
  • Отпор од надворешноста на бизнисот преку неприфаќање на производот и/или услугата на бизнисот.

За отпорот кон промени веќе низ повеќе постови на претприемач дискутиравме (како за она што влијае на појава на отпорот, така и за можни методи и техники за елиминација на истиот). Повеќе можете да прочитате во:

Отпор кон бизнисот од надворешноста

Да дискутираме малку за оној отпор кој доаѓа од надворешноста и кој по природа доведува претприемачот потешко да влијае во намалување или елиминирање на истиот.

Да ги разгледаме некои од причините и нчините за справување со отпорот кон вашите производи и/или услуги.

1. Луѓето се колебливи

Прво што треба да се знае е дека луѓето по природа се колебливи со што се доближуваат до нивото на појава на отпор. Врз основа на тоа зошто се колебаат ќе зависи и нивото на отпорот кој ќе го покажат. Кога станува збор за колебливоста мора да напоменеме дека денес живееме во време кога имаме многу опции за донесување н одлука и особено на одлука за купување на нешто. Само денес 3 пати се колебав дали да купам еден сервис кој е на попуст или не. Во главата се вртат прашања како што се:

  • Дали ми треба?
  • Што ќе добијам?
  • Дали ќе ми помогне?
  • Како ќе ми помогне?
  • Кога ќе ми помогне?
  • Вреди ли за таа сума на пари?
  • Го користи ли некој друг?
  • Какво е неговото искуство?
  • …

Затоа како еден претприемач секогаш мора да тргнете со разбирање на тоа зошто вашите потенцијални купувачи да бидат колебливи.

2. Некои извори на отпорот

Да разгледаме некои можни и најчести извори на отпор кон вашите производи и/или услуги:

  • Премногу опции. Секогаш кога имате премногу опции за избор потешко е да се донесе одлук за тој избор, а полесно е да се оди понатаму со изговор не ми треба. Обидете се да го намалите можниот избор на оптимално ниво за вашиот бизнис, пазар или пак индустрија.
  • Страв. Како и кај организациски промени и тука постои стрв, но страв да не се направи грешка со донесената одлука. Ваша задача како претприемач е преку маркетинг и продажна функција секогаш настојувате да го намалите тој страв.
  • Инерција. Закон на физиката за инерција кој вели дека секое тело мирува се додек на него не влијае некоја сила или друго тело во движење за да го стави и тоа тело во движење важи и тука. Многу е полесно да бидеме инертни и сме инертни се додека не видиме дека некој друг го користи и фали вашиот производ и/или услуга.
  • Недостаток на модели на однесување. Овој извор е особено истакнат кога се однесува на нов производ и/или услуга кои допрва треба да се докажуваат во корисноста.
  • Производот и/или услугата не се она што треб да бидат. И секако доколку производот и/или услугата не се она што треба да бидат ќе постои отпор кон истите.

3. Начини на надминување на отпорот

Што на еден претприемач му стои на располагање за надминување на отпор кој постои кон негов производ и/или услуга?

Првин сакам да напоменам дека нема и нема ни да постои волшебна формула која веднаш ќе влијае на намалување или елиминирање на отпорот. Намалување или елиминирање на отпорот е процес, а не поединечна акција. Да видиме некои од можности кои еден модерен претприемач би ги користел во еден ваков процес:

  • Обезбедување на социјелен доказ. Вашиот производ е вреден и решил и решава проблеми на повеќе луѓе.
  • Обезбеди примери. Примери во вид на ислустрација преку слика или видео или пак приказна се покажуваат како најуспешни во надминување на тој отпор.
  • Перцепција на недостаток. Оваа техника е нешто што отсекогаш се користело. Недостаток докажува дека нешто вреди и постои интерес и креира чувство на ургентност.
  • Пронаоѓање на предмет на интерес помеѓу двете страни. Вие како бизнис и вашите потенцијални купувачи мора да имате барем еден заеднички интерес кој не мора да е дел од бизнисот. Кога ќе го најдете се останато е полесно.
  • Пронаоѓање на влијателни ентитети (influencers). Како што напоменавме погоре за инерцијата да се надмине мора да постои друго тело или некаква сила која инертното тело ќе го стави во движење. Одличен начин e да ги пронајдете највлијателните ентитети и да ги вклучите во машинеријата за вашиот бизнис.
  • Реципроцитет. Оваа техника е првиот од 6-те принципи на влијание според Д-р Cialdini. Едноставно оваа техника значи да дадеш нешто за да земеш во иднина.
  • …

Трите точки значат дека листата може да продолжи во недоглед бидејќи постојат многу начини кои можете да ги искористите за оваа цел – надминување на отпор кон вашиот производ и/или услуга. Обидете се со овие бидејќи се највлијателни и најкорисни, а се што е плус само може да додаде вредност.

post

5 Маркетинг грешки кои треба да се избегнат

Подобрување како последица на грешки

Маркетинг грешки кои треба да се избегнат

Маркетинг е бизнис функција која мора да биде составен дел од бизнисот од самото негово започнување. Дури и пред започнување претприемачите ја користат оваа функција како првиот ден од нивните бизниси веќе би бил на некој начин ден во кој потенцијалните купувачи ќе врескаат. Следев еден мал бизнис кој започна пред извесен период и кој ја примени одлична маркетинг стратегија неколку месеци пред официјално отворање на вратите. Се чини дека сето тоа беше доста исплатливо.

Понекогаш претприемачите сметаат дека не им е потребен маркетинг како посебна функција во нивниот бизнис. И тоа е една од првите грешки кои ги прават. Но, што се случува со користење на маркетингот и можните грешки кои имаат потенцијал да бидат фатални за бизнисот.

Затоа и овој пост во кој ќе опфатиме 5 маркетинг грешки кои треба да ги избегнете.

1. Недостаток на маркетинг стратегија и стратешки приод

Без јасно дефиниран пат за тоа каде треба да се стигне со помош на маркетингот тешко дека некаде ќе се стигне. Маркетинг стратегија и еден стратешки приод во маркетингот треба да даде одговор на клучните прашања:

  • Кои се целите кои треба да се постигнат со маркетингот?
  • Кој целен пазар сакаме да го опфатиме со нашите маркетинг активности?
  • Зошто некој би го избрал нашиот бизнис наместо на конкурентите?
  • Кои се најголемите разлики помеѓу нашиот бизниси конкурентите во термин на корисности за потрошувачите?
  • Кои се разликите во карактеристиките на производите и услугите кои ние ги нудиме со оние на конкурентите?
  • Што има нашиот бизнис за потенцијални потрошувачи, а конкурентите го немаат?
  • Што претставуваме ние за нашата пазарна ниша?
  • Кои и какви ќе бидат ценовните стратегии и тактики кои ќе ги користиме?
  • Кои маркетинг средства ќе ги користиме и кога?
  • Како ќе ги мериме резултатите од тие маркетинг средства?

2. Недостаток на јасно дефинирани цели, или постојат цели кои не може да се измерат

Втората грешка е кога се започнува со маркетинг активности притоа не постојат јасно дефинирани цели за тоа што треба да се постигне со истите, или пак ако постојат таквите цели тие не се мерливи.

Целите треба да бидат јасни, прецизни и мерливи при што со еден поглед ќе може да се каже дека нешто е ОК и се исполнува целта, а нешто не е ОК и треба да се отфрли од наредниот циклус на маркетинг активности.

На пример, една цел може да биде зголемување на продажба. Но, оваа цел е премногу општа и не кажува многу нешта за да може да се измери ефикасноста и ефективноста на секоја маркетинг активност на вашиот бизнис. Но, доколку кажеме дека целта е да се зголеми продажбата за 10% на сегментот млади потрошувачи во источниот регион на Република Македонија е веќе цел која е јасна и мерлива бидејќи можеме да ја споредиме продажбата со периодот во кој сме немале одредени маркетинга ктивности.

3. Немање на можност да се измери повраток на инвестицијата

Повраток на инвестицијата (ROI – Return of Investment) претставува една од основните мерки со кои се мерат голем дел од бизнис активности, но најчесто финансиските вложувања во одредени нови бизнис потфати. Но во последно време, оваа мерка се применува и во маркетинг активностите. Честопати во делот на маркетинг средства пишував дека треба секогаш да се бара начин како да се измери ефектот на секое маркетинг средство што ќе се применува. Ова особено треба да се применува во финансискиот дел, бидејќи од друга страна е наједноставно.

Кога станува збор за повраток на инвестиција мора да се имаат во предвид следниве фактори:

  • Вложени финансиски средства за одредена маркетинг кампања
  • Број на купувачи кои се привлечени од таа кампања
  • Видливи (финансиски) ефекти и невидливи (нефинансиски) ефекти од таа кампања
  • Време кое еден купувач останува купувач во бизнисот и
  • Приход во определен временски период од тој купувач.

4. Некозистентност на маркетинг активности

Оваа грешка најчесто е причина на непостоење на соодветна маркетинг стратегија и стратешки приод во маркетингот, но вреди да се издвои како посебна. Често пати се скита од едно маркетинг средство на друго барајќи резултати веднаш. Што пратично понекогаш за некои маркетинг средства е неизводливо.

Постојат многу истражувања кои се занимаваат со одговор на прашањето за тоа колку пати едно маркетинг средство треба да биде видено за да остави ефект врз потенцијалниот купувач. И најчесто тие истражувања покажуваат резултати во вид на 3, 4 па и повеќе пати потребна интеракција со определено маркетинг средство за да се јави свесност за постоење на бренд, производ и/или услуга.

Доколку се прекине пред време, не можете да очекувате соодветни резултати кои би требало релно да се постигнат. Затоа пред да донесете одлука за прекинување на некое маркетинг средство осигурајте се дека му е дадена шанса на истото преку доволен временски период.

5. Непостоење на високо таргетирани групи за различни маркетинг активности – се за секого синдром

Оваа грешка ја нарекувам синдром се за секого, што е невозможно. Имајќи ја во предвид се поголемата комплексност на бизнисите и се поголемото ослонување на тие бизниси на поширок дијапазон на целни потрошувачи кои имаат големи јазови и разлики не можеме да очекуваме дека со едно маркетинг средство ќе ги привлечеме сите нив.

Затоа обидете се секое маркетинг средство што ќе го користите да биде кон високо таргетирани групи (прочитајте за демографија и активности) за постигнување на специфични цели кон таа група.

post

Продажни цени и причини за нивна постојана анализа

Определување на цени

Определување на цени

Во изминатиот период покажавме како успешно да навлезете во процесот на определување на вашите продажни цени. Докажавме дека определување на цена претставува и уметност и наука во исто време преку разгледување на неколку влијателни фактори и нивно менување.

Но, едно нешто недостасува – постојана анализа на вашите продажни цени.

Продажните цени бараат постојана анализа и разгледување во однос на тоа дали треба да се намалат или зголемат. Можеби вашите цени се прениски и така се окажувате од можниот профит. Можеби вашите цени се превисоки, па затоа губите потрошувачи. Овие дилеми ќе можете да ги разрешите со постојана анализа на Вашите продажни цени и постојано ревидирање и разгледување на истите. Најдобрите продажни цени се оние кои овозможуваат највисок профит за вашиот бизнис и без проблем генерираат доволно потрошувачи. Па како да знаеме дали нашите цени се оптимални? Единствено со воспоставување на систем за следење, анализа и ревидирање на тие цени.

Постојат многу причини за анализа на цените но најважните се следниве:

  • Вашата конкуренција ги намалува сопствените цени. Во оваа состојба вие имате неколку можности. Првата е веднаш без размислување да ги изедначите цените со вашата конкуренција и со тоа да се појави ризик од неможноста за покривање на трошоците на Вашиот бизнис. Втората е да продолжите со истите цени и да се појави ризик да изгубите голем дел од потрошувачите кои би се префрлиле кај вашите конкуренти. Третата е да извршите соодветна анализа на пазарот, трошоците и цените и да ги изберете најдобрите цени за Вашиот бизнис, цени кои постојано ќе генерираат потрошувачи.
  • Забележувате постојано опаѓање на приходот. Ова е доволен знак дека нешто треба да превземете. Можеби токму вашите цени влијаат на намалување на вашиот приход. Во вакви ситуации треба да извршите анализа на пазарот во однос на цените на конкуренцијата и она што потрошувачите се спремни да го платат. По анализата или ќе ги прилагодите цените или ќе воведете дополнителна услуга која ќе вреди за повисоката цена.
  • Вашите трошоци се промениле. Трошоците се променлива категорија. Менувањето на трошоците ќе бара и менување на продажните цени со цел да се покријат истите. При менувањето на трошоците тие можат или да се намалат или да се зголемат. При зголемување ќе мора да ги зголемте и вашите цени, додека при намалување ќе треба да разгледате дали ќе ги намалите цените или ќе ги оставите исти заради генерирање на поголем профит. Од друга страна можете да одите о стратегија на останување на цените на исто ниво, а намалување на трошоците преку подобрување на бизнис процесите.
  • Зголемена инфлација. При инфлација и вашите цени се подложни на промена. Во ваков случај вредноста на парите се менува, трошоците се менуваат и вашите цени мора да се прилагодат на новонастанатите услови. На оваа причина вие немате ниту можете да имате влијание. Прифатете ја реалноста започнете со прилагодување на цените се додека не е предоцна.
  • Едноставно сакате поголем профит. И оваа причина е оправдана. Сакате поголем профит и анализите покажуваат дека со зголемување на цената можете да дојдете до тоа посакувано ниво. Но, внимавајте да не се случи обратното.
  • Животниот циклус во кој што се наоѓа производот. Едноставно понекогаш вашиот производ и/или услуга се наоѓа во фаза од животен циклус кој веќе не ја поддржува тековната цена. Ова бара анализа и менување како би се зголемил векот на производот.
  • Влегувате на нов пазар. Секој пазар има различни цени. Не можете да очекувате дека цените кои се успешни на еден пазар ќе бидат успешни и на друг пазар. Ова е поради фактот што на различни пазари потрошувачите се спремни да издвојат различна сума за производот или услугата кои што вие ги нудите. Цените во Скопје и Куманово за ист или приближно ист производ не се секогаш исти.
  • Воведувате нов производ. Секогаш кога ќе воведете нов производ ќе треба да извршите анализа на пазарот за да ја определите оптималната цена на истиот. Не смеете да дозволите грешки од типот на преценување или поставување на прениски цени. Сепак тоа е нов, револуционерен производ. Нели?
  • Вашата продажна стратегија ја менувате. Кога се менува продажната стратегија може да дојде и до менување на стратегијата на цени бидејќи цените се директно поврзани со продажбата.

Купчето зависи од вас и вашите продажни цени

Купчето зависи од вас и вашите продажни цени

Многу често претприемачите ги определуваат сопствените цени и чекаат со надеж дека се ќе биде во ред. Ова претставуваат пасивни претприемачи кои со таква пасивност оставаат да постои можност од:

  • Губење на потрошувачи или
  • Губење на поголем профит.

Успешните претприемачи не се пасивни туку проактивни. Тие постојано следат што се случува на пазарот и ги прилагодуваат сопствените цени заради максимизирање на резултатите. Потребно е да изградите соодветен систем за следење на пазарот (потрошувачи, конкуренција и снабдувачи) и врз тие информации и сопствената анализа (трошоци, цени) да преземете чекори во поглед на намалување или пак зголемување на продажните цени.

 

post

Генерација X и генерација Y

Генерација X и генерација Y

Генерација X и генерација Y

Демографијата, социјалните науки и маркетингот користат термини како генерација X или Y во сопствените истражувања. На бизнисите големо влијание имаат генерациите кои се потрошувачи на тие бизниси. Различни генерации имаат различни пари за трошење и различно се однеусваат во дадени ситуации. Децата не можете да очекувате дека во секој момент ќе имаат пари со нив за купување на компјутери. Пензионерите гледаат да заштедат за да го проживеат месецот и се добри за бизниси со храна и аптеките. Секоја генерација различно се однесува во поглед на купувањето и донесување на одлука за купување. Тука ќе разгледаме две генерации во поглед на тоа кои се тие генерации (возраста) и некои карактеристики на однесување и спремноста за трошење на нивните пари за некои производи и/или услуги кои токму вие ги користите.

Индивидуалците кои припаѓаат во Генерација Х се родени и израснати во подоцните години и децениите кои следат при студената војна. Оваа генерација е сведок на крајот на студената војна и падот на Берлинскиот ѕид како една челична завеса која ги делеше луѓето. Тие ја вреднуваат заедницата, односите во заедницата и претприемништвото. При оваа генерација се случи прифаќањето на домашните компјутери, интернетот и видеоигрите. Како некои имиња на генерации кои спаѓаат во Генерација Х може да се сретнат и видео генерација, MTV генерација итн. Појавата на Генерација Х се спротивстави на навиките и однесувањата на претходната генерација.

Генерација Y како термин за првпат се појавува во 1993 и ги опишува тинејџерите родени помеѓу 1974 и 1980 година. Но подоцна опфатот на годините се променил многу пати. Главно прашање кое се поставува од која до која година родените припаѓаат на Генерација Y. Но сепак, не постои прецизна дефиниција за тоа од која до која година на раѓање се нарекуваат луѓе од Генариција Y. Некој вели дека тоа е генерација која е родена помеѓу 1974 и 2001, другите пак од 1976 до 2003 година. Но и во поглед на терминот постојат различни имиња. На пример како генерација Y се појавуваат и термините следна генерација и милениумска генерација кои во поголем дел и даваат поголема независност од Генерација Х. Но не постои единечен термин кој би ја опишал оваа генерација. Онаа што е карактеристично за Генерација Y е дека тие многу повеќе користат технологија во секојдневниот нивен живот. Голем дел од оваа генерација имаат компјутери, користат интернет, поседуваат мобилен телефон, MP3 плеер. Оваа генерација користи Instant Messages, блогира и поседуваат блогови, поголем дел информациите ги добива од интернет, наместо од телевизија, симнуваат филмови и музика од интернет, наместо да одат во продавница повеќе сакаат да купуваат преку интернет, карактеристична е големата присутност на социјалните медиуми како Facebook и Twitter итн. Сето оваа е незамисливо или потешко замисливо за генерација Х.

Но, која е генерација Y во Македонија и на нашите простори. Тоа е генерација која малку или пак воопшто не го почувствувала комунизмот и самоуправниот систем. Забележете само колкава е разликата помеѓу Генерација Х (која живееше во комунистички систем во текот на студена војна каде нашата земја како дел од СФРЈ играше голема улога и се беше ОК за нив) и Генерација Y која има огромна слобода во поглед на однесување, информираност, технологија… Во ова генерација се наоѓаат и луѓе кои први на овие простори немаат сеќавања и носталгија за периодот на социјализмот. Оваа генерација гледа напред и сака да ги искористи предностите што модерното општество и технологијата им овозможуваат. (Но, сепак политичко-економските пречки се неизоставен дел на овие желби.)

Но зошто сето оваа за претприемништвото, за претприемачот и за малите бизниси. Секој бизнис има свој круг на потрошувачи. Некаде тоа е поизразено, а некаде помалку изразено. На пример, аптеките имаат повеќе потрошувачи кои се пензионери, постари лица, кои користат разни лекарства за одржување на животните функции. Дали ваков тип на бизнис како основа ќе го земе онлајн маркетингот за да допре до овие луѓе? Секако не, овие лица дури и не знаат што е тоа интернет. Така овие бизниси ќе изберат потрадиционални маркетинг методи како весници, радио и теевизија. Но, таа иста аптека доколку продава разни препарати за здрава храна, енергија за вежбање, витамински производи итн. онлајн маркетингот е опција бидејќи ова е веќе друг генерација за одреден вид на производи за истиот бизнис. Да земеме еден продавач на мобилни телефони од последна генерација и корисниците на тие телефони се помлади луѓе кои секојдневно висат со часови на интернет за да ги проучуваат тие производи. Овој бизнис логично е во голем дел да се базира на интернет маркетинг кампањи за да допре до тие негови потенцијални потрошувачи кои што се таму.

Оваа е значајно и од друг поглед, парите. Различни генерации имаат различна висина на финансиски средства и примања. Така некои од генерација X можеме да очекуваме дека се на некои менаџерски позиции и имаат поголеми примања во однос на оние од Генерација Y. Но, децата на Генерација Х може да бидат од Генерација Y па и тие да имаат дел од финансиска моќ на нивните родители. Од друга страна и голем дел од генерација Y се работоспособни луѓе кои веќе или постигнуваат или пак ќе постигнат големи деловни успеси.

Ова се основните типови на генерации кои се влијателни на бизнисите и на претприемачите. Пронајдете која е вистинската целна генерација за Вашиот бизнис и насочете се да ја придобиете. Кои се потребите на тие генерации? Како да се доближите до нив? Ова се прашања на кои што Вие како претприемач ќе треба да дадете одговор.

 

post

План за промоција преку одговор на 40 прашања

Бизнис план грешки

Прашања за план за промоција

Минатата недела објавивме пост за подготовка на план за промоција во кој презентиравме 7 основни чекори кои треба да се поминат при изработка на еден таков план. Со овој пост би сакале да го поедноставиме целиот процес преку дефинирање на основните прашања кои треба да ги одговорите за да подготвите еден план за промоција.

Прашањата имаат за цел да ве водат низ целиот процес на креирање на еден план за промоција за вашиот бизнис. Започнете од првото прашање и дајте одговор се до последното. Сите прашања треба да бидат одговорени колку што може попрецизно како би се подготвил супериорен план за промоција кој ќе го одведе вашиот бизнис до едно многу посупериорно ниво.

Прашања за план за промоција

  1. Кои се целите кои се поставени пред бизнисот за периодот за кој ќе се однесува планот?
  2. Кои се маркетинг цели кои ги имате воспоставено во согласност со бизнис целите?
  3. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план и е во согласност со воспоставените бизнис и маркетинг цели?
  4. Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  5. Колкав е приходот кој тие го имаат?
  6. Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  7. Што е она што може да им го привлече вниманието?
  8. Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  9. Каде најчесто го поминуваат денот?
  10. Какво им е нивото на едукација?
  11. Дали тие самите носат одлука за купување?
  12. Доколку не носат самите одлука за купување кој влијае на нивната одлука?
  13. Какви коли возат моите идеални потрошувачи?
  14. Со кого живеат моите идеални потрошувачи?
  15. Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?
  16. Кој не е ваш идеален потрошувач?
  17. Кој сеуште не е ваш идеален потрошувач, но би можел да стане?
  18. Кои се моите сегашни потрошувачи?
  19. Колкава е временската рамка на нарачки од страна на тие сегашни потрошувачи?
  20. Која е временската рамка која треба да ја постигнам за да ги исполнам поставените цели?
  21. Колку нарачки прави еден просечен сегашен потрошувач?
  22. Колкав е бројот на нарачките кои се потребни заради остварување на поставените цели?
  23. Колкава е паричната вредност на нарачките на моите сегашни потрошувачи?
  24. Колкава парична вредност на нарачки е потребна заради остварување на поставените цели?
  25. Постои ли можност да се зголеми продажбата кај сегашните потрошувачи?
  26. Доколку постои можност за зголемување што е тоа што би го предизвикало тоа зголемување?
  27. По кои карактеристики најмногу се разликуваат сите досега опфатени сегашни и потенцијални потрошувачи?
  28. Кои сегменти може да се користат врз основа на тие карактеристики?
  29. Кои карактеристики се однесуваат на кој сегмент?
  30. Колкав е буџетот за промоција за периодот за кој се однесува планот?
  31. Кои се промотивни алатки и техники (маркетинг средства) би требало да ги користам за остварување на поставените цели?
  32. Која промотивна алатка и техника е најсоодветна за секој од сегментите дефинирани со прашањето 28?
  33. Колку пари се потребни за имплементација на тие промотивни алатки и техники во периодот за кој се однесува промотивниот план?
  34. Дали буџетот од прашање 30 и потребните пари од прашање 33 се еднакви?
  35. Што треба да исфрлам или додадам доколку одговорот на прашањето 34 е не се еднакви?
  36. Кога секоја промотивна алатака и техника од претходните прашања треба да биде имплементирана?
  37. Дали на календарот соодветно се распределени имплементациите на тие промотивни алатки и техники?
  38. Кој ќе биде одговорен за спроведување н секоја од тие промотивни алатки и техники?
  39. Кои се мерните индикатори врз основа на кои ќе можам да кажам за секоја алатка и техника дека е успешна или неуспешна?
  40. Што треба да променам во текот на имплементацијата за да ја подобрам ефикасноста на секоја алатка и техника?
post

План за промоција

Бизнис план грешки

Промотивен план

Пред неколку денови добивме прашање преку системот за често поставувани прашања на претприемач насловено како: Како треба да изгледа и што конкретно би искористил за промотивен план? (Поточно за приватен универзитет). Преку овој пост би сакал малку подетално да навлезам во процесот на креирање на промотивен план.

Претприемачите ја користат промоцијата за да привлечат потенцијални купувачи и да ја зголемат продажбата.

Промоција едноставно претставува еден вид на комуникација со целните потрошувачи при што бизнисот се обидува да влијае на нив за да купат производ и/или услуга кои што тој бизнис ги нуди на пазарот.

Планот за промоција мора да содржи одговори за два елементи:

  • Публицитет кој е бесплатен. Доколку локален весник весник напише прилог, а телевизијата објави прилог за вашиот бизнис, тоа е публицитет.
  • Рекламирање со користење на маркетинг средства. Доколку вие купите простор за рекламирање во тој весник, вие сте имате реклама со цел да го промовирате вашиот бизнис.

Еден промотивен план ќе треба да даде одговори за тоа преку кои алатки и тактики планирате да имплементирате зголемување на публицитетот и рекламирање на вашиот бизнис. Ќе се обидам накратко да навлезам во основните чекори кои треба да ги превземете за креирање на еден промотивен план.

Пред да започнам со чекорите морам да наведам дека овие чекори се однесуваат за промотивен план кој не е дел од севкупен маркетинг план каде би требало да му е местото. Затоа ќе бидат вметнати и одредени чекори кои се дел од маркеинг планот.

Чекор 1: Дефинирање на целите

Секој промотивен план мора да започне со воспоставување на цели кои ќе треба да се остварат преку реализација на тој план. Затоа и се започнува од основите – воспоставените бизнис цели. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план? Ова е клучното прашање кое треба да се одговори во овој чекор.

Чекор 2: Визуелизација на идеалниот потрошувач

Вториот чекор се однесува на визуелизација на потрошувачот од целниот пазар. Ова е еден од клучните чекори во која ќе мора да дојдете до една јасна слика за оние врз кои сакате да влијаете со вашите промотивни активности и врз кој ќе се базираат сите останати чекори. Одговорете минимум на следниве прашања:

  • Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  • Колкав е приходот кој тие го имаат?
  • Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  • Што е она што може да им го привлече вниманието?
  • Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  • Каде најчесто го поминуваат денот?
  • Какво им е нивото на едукација?
  • Дали тие самите носат одлука за купување? (Ова прашање го ставив во случај со универзитетот бидејќи понекогаш родителите се тие кои ќе ја донесат конечната одлука и мора да бидат дел од оваа анализа. Во 2009-та година спроведовме една општа анализа на пазарот во Република Македонија во кој го анализиравме и влијанието на трети лица во донесување на одлука за купување. Скоро 50% не купуваат сами и над 70% почитуваат туѓо мислење кога донесуваат одлука за купување. Повеќе за овој дел од истражувањето можете да прочитате во Општа анализа на пазарот – влијание на трети лица.)

Морам да напоменам дека одговорите не треба да бидат поединечни. Може да случи еден одговор да содржи неколку различни потенцијални потрошувачи. На пример, некои имаат приход од 100.000 денари месечно, додека другите кои исто така сакате да ги опфатите се до 50.000 денари. Затоа одговорете слободно во однос на визуелизација на овие потрошувачи.

Чекор 3: Сегментација – групирање на идеалните потрошувачи

Не можете да очекувате дека сите ќе бидат исти и на сите треба да се тргне со исти промотивни алатки и тактики за да ги остварите поставените цели. Затоа во овој чекор треба да ги изберете основните карактеристики врз основа на кои ќе треба да ја извршите сегментацијата и да ја извршите самата сегментација. На пример, можете да изберете групи на овие потенцијални потрошувачи врз основа на приходи, нивното движење, старост… Ова се информации од претходниот чекор.

Чекор 4: Избор на промотивни алатки и тактики за секој сегмент

Откако ги имате сегментите и секако карактеристиките на секој сегмент лесно ќе можете да видите што може да функционира во влијанието, а што не за секој од сегментите. Најдобро е за секој сегмент на еден лист хартија во една колона да ги поставите карактеристиките на сегментот и во друга колона да ги наброите можните промотивни алатки и тактики. Внимавајте дека постојат две групи на тактики: тактики за публицитет и тактики за рекламирање.

Не копирајте од еден сегмент во друг. Затоа и го направивте сегментирањето за да ви овозможи соодветен избор на различни тактики кои ќе дадат резултати за определениот сегмент.

На пример во случајот за универзитетот би можело да се користи:

Еден начин е печатење на летоци и распространување во тие средни училишта и кафулиња. Друг начин е преку социјални медиуми каде голем број на млади средношколци се наоѓаат. Третиот начин е доставување на тие летоци до работните места на родителите секаде каде што родителите имаат влијание. Постои можност за користење на e-mail маркетинг кој ќе обезбеди бесплатен курс за полагање на приемен испит. Можностите се неограничени, но овој промотивен план треба да ги одговори сите тие пршања.

Чекор 5: Промотивен календар

До овој чекор веќе имате одговорено на прашањата кој и како. Сега треба да одговорите на прашањето кога. Направете еден промотивен календар за периодот за кој се однесува планот кој го подготвувате.

Чекор 6: Одговорности

Ги знаете идеалните потрошувачи на кои сакате да влијаете, знаете за кој сегмент со која тактика ќе настапите. Знаете и кога ќе ги имплементирате тактиките. Сега треба да определите кој ќе биде одговорен за спроведување на тие тактики. Со распределување на одговорноста, целта е да го поттикнете обврзувањето кон остварување на сето она што е испланирано со овој план. Без да се знае кој е одговорен за што овој промотивен план ќе остане само како план на хартија.

Чекор 7: Мерење и прилагодување

Седмиот чекор е чекор кој обезбедува една повратна врска заради имплементација на континуирано подобрување во овој процес. Затоа, пожелно е вашиот план да содржи и дел кој ќе се однесува на мерливи индикатори кои треба да обезбедат брзо мерење на сето она што е испланирано и имплементирано и во исто време да ви каже дали е ОК или не е ОК. Сето она што не е ОК мора да биде предмет на прилагодување.

 

post

40 Маркетинг совети кои мора да ги имплементирате

40 Маркетинг совети

40 Маркетинг совети

Маркетингот слободно може да се каже дека претставува еден од најголемите секојдневни бизнис активности. Понекогаш може да донесе фантастични резултати, но понекогаш и не. Како и да е, не можеме да ја потцениме неговата вредност за секој бизнис.

На пазарот постојат илјадници, ако не и милиони потенцијални потрошувачи за вашата компанија. Тие ќе станат ваши потрошувачи само доколку слушнат за вашиот производ и/или услуга.

Маркетинг активности може да ви помогнат за да ја распространите пораката за вашиот производ и/или услуга или пак вашиот бизнис воопшто.

Во овој пост би споделил 40 маркетинг совети кои ги собрав во една листа преку искуство и едукација во последните 5 години.

Најдобри практики во имплементација на советите

Целта е да ги искористите овие совети и да направите вистински скок за вашиот бизнис. Затоа пред да започнеме со листата на совети би сакал да споделам неколку совети за тоа лалп да ги имплементирате советите подолу:

  • Најдобро е да започнете од првиот совет, но сепак останува на вас од каде ќе започнете.
  • Фокусирајте се на еден совет прво, а потоа на следниот. Не е лесно одеднаш да се имплементират сите, тоа се многу промени.
  • Документирај се што ќе се случува. Документирање на активностите ќе ви помогнат да креирате стандарди кои може да се користат во иднина.  На пример, доколку работите на обврзување кон маркетинг планот одговорете ги и документирајте ги следниве прашања: Како да се обврзам за остварување на маркетинг планот, што треба да направам, кога треба да направам…?

40 Маркетинг совети за претприемачи

  1. Знај кои се твоите потрошувачи.
  2. Знај што тие сакаат.
  3. Знај што тие не сакаат.
  4. Знај каде се тие.
  5. Знај што прават таму.
  6. Знај што размислуваат кога се таму.
  7. Знај што претставува вредност за нив.
  8. Знај ги нивните вистински проблеми.
  9. Знај го нивото на посакување да дојдат до решение за нивниот проблем.
  10. Секогаш биди таму каде што се тие.
  11. Специфицирај јасен пат како полесно да те најдат.
  12. Знај како да стигнеш до нив таму кај што се.
  13. Започни со градење на односи со нив.
  14. Знај што твоите конкуренти прават.
  15. Направи анализа на конкуренцијата.
  16. Познавај ги твоите производи и/или услуги.
  17. Направи неодолива понуда.
  18. Направи јасен повик кон акција.
  19. Користи различни медиуми за да стигнеш до потрошувачите.
  20. Тестирај постојано.
  21. Подобрувај постојано.
  22. Истражувај постојано.
  23. Биди креативен.
  24. Изгради силна бизнис репутација.
  25. Изгради доверба како внатре така и надвор од бизнисот.
  26. Имај кредибилитет.
  27. Секогаш подготвувај маркетинг план.
  28. Обврзи се кон твојот маркетинг план.
  29. Постојано проверувај го маркетинг планот за да видиш што следува.
  30. Споредувај ги реалните бројки со планираните.
  31. Постави јасни маркетинг цели кои ќе ги поддржат севкупните бизнис цели.
  32. Секогаш определувај маркетинг буџет.
  33. Исклучи го секој елемент од твојот маркетинг план кој претставува притисок.
  34. Гради листа.
  35. Направи систем за зголемување на листата.
  36. Сегментирај ја листата.
  37. Користи го блогирање како дел од маркетинг стратегија.
  38. Изработи стратегија за настап на социјални медиуми.
  39. Комуницирај со потрошувачите и потенцијалните потрошувачи преку социјални медиуми.
  40. Покажи ги корисностите наместо крактеристиките во твоите маркетинг средства.