post

3 Состојки на вирозност – Презентација

Пред неколку дена објавивме пост со видео презентација за трите најважни (или основни) состојки на вирозност. Велам основни бидејќи тие се состојките кои се наоѓаат во еден потесен круг на објектот и кои ќе овозможат ако ништо друго обид да се вирозира една маркетинг кампања со што во стартот потенцијалност за вирозноста ќе биде многу поголем.

Во овој пост сакам само да ја споделам и презентацијата од видеото кое можете и да си ја симнете.

post

Видео: 3 Состојки на вирозност

Секој претприемач бара или барем би требало да бара начини како да ја зголеми вирозноста на своите маркетинг кампањи. Тоа е цел на сите мали бизниси.

Во оваа видео презентација ќе зборуваме за 3 основни (централни) состојки на еден вирозен објект кои треба да постојат за да се обезбеди што поголема вирозност на маркетинг кампањата.

post

8 Стратегии за цени за твојот бизнис

 

Цените претставуваат еден бизнис елемент кој може да има значајна бизнис потенцијална енергија за самиот бизнис. Избор на вистинската ценовна стратегија има големо влијание на квалитетот на бизнис потенцијалната енергија. Доколку изберете ценовна стратегија со пониски цени вашата потенцијална енергија ќе биде помала бидејќи цените имат директно влијание на еден друг бизнис елемент кој драстично ја зголемува бизнис потенцијалната енергија – готовина. Повеќе готовина значи поголема бизнис потенцијална енерхија.

Токму затоа и во премиум претприемач цените претставуваат еден од најзначајните модули на кои дури 9 недели посветуваме внимание за анализа и избор на вистинската стратегија.

Пред да изберете некоја од овие стратегии првин треба да ги определите вашите ценовни цели, односно што сакате да постигнете со истите. Размислете за маржата која сакате да ја поставите и каков е просекот во вашата индустрија. Нивото на профитот кој сакате да го остварите, уделот на пазарот и количината на продажбата само ќе ви помогнат во изборот на вистинскта стратегија. Не смеете да заборавите и да ја определите вистинската вредност која е содржана во вашата понуда, односно дали вреди толку колку што сакате да наплатите или пак она што сакате да го постигнете.

Повеќе детали за ова што треба да го направите при изборот на продажна стратегија можете да прочитате чек листа при поставување на цена.

8 различни ценовни стратегии кои можете да ги користите за Вашиот бизнис се:

  1. Влезни цени. Оваа стратегија значи намалување на цените на ниско ниво и се користи заради влез на пазарот. Оваа стратегија вообичаено се користи од стартап бизнисите и бизнисите кои сакаат да влезат на нов пазар. Но, бидете внимателни доколку сте стартап бизнис, оваа стртегија може да биде и штетна за Вашиот бизнис бидејќи поголема е веројатноста конкуренцијата да биде подготвена да возврати со исто намалување, па дури и поголемо.
  2. Стратегија на постепено намалување на цените. Со оваа стратегија поставувате високи почетни цени и потоа постепено ги намалувате истите. Вообичаено оваа стратегија се користи од бизнисите кои нудат уникатни производи и/или услуги на пазарот и по одредено време кога се зголемува конкурентноста истите се намалуваат постепено.
  3. Линија на цени. Со оваа стратегија избирате група на производи и ги групирате во различни категории, а потоа поставувате иста цена за секоја група. Бидете внимателни просечната цена да може да ги покрие трошоците и да донесе профит. Морате да разграничите кај кои производи од категоријата на производи се продаваат најмноги за да не се случи на тој производ да одите со загуба, а продажниот волумен на останатите да не ги покрива загубите.
  4. Психолошки цени. Со оваа стратегија вие поставувате цени кои завршуват на непарни броеви, вообичаено 9-ка (299 денари, 399 денари). Оваа цена влијае психолошки при донесување на одлука за купување. Иако цената всушност е 300 денари, 299 изгледа многу поевтено.
  5. Ризични цени. Оваа стратегија значи спуштање на цените под трошоците за да се обезбедат повеќе купувачи и удел на пазарот. Кога ќе се постигнат целите цените се поставуваат на нормала. Оваа стратегија се користи за да се зголеми продажбата на некои производи, да се привлечат повеќе потрошувачи и да се зголеми учеството на пазарот. Бидете внимателни со оваа стратегија, бидејќи доколку еднаш ја намалите цената многу потешко ќе ја вратите во нормала.
  6. Се за една цена. Оваа стратегија значи да се стават сите производи со една цена. На пример се за 200 денари. Вообичаено се користи за евтини производи кои имаат приближно иста цена. На еден ќе заработите повеќе на друг помалку. Мора да го пресметате просечниот трошок и просечната маржа за да ги поставите сите производи со иста цена.
  7. Сетови. Со оваа стратегија групирате неколку производи во еден и го продавате сетот за пониска цена отколку сите посебно. На ваков начин се обидувате да ја зголемите продажбата од еден купувач. Оваа стратегија можете да ја користите периодично за да го зголемите волуменот на продажбата.
  8. Премиум цени. Оваа стратегија значи поставување на високи цени заради уникатноста и квалитетот на Вашите производи и/или услуги. Од друга страна оваа стратегија може да придонесе и за зголемување на имиџот на вашиот бизнис како ексклузивност и квалитет.

Внимавајте кога одлучувате за цените бидејќи навистина претставуваат еден од позначајните фактори на Вашиот бизнис. Запомнете дека секогаш е полесно да ги намалите цените отколку да ги зголемите. Направете соодветна анализа на пазарот и гледајте да не се потпирате само на цената како конкурентска предност.

post

5 Најчести грешки при определување на цената


Грешки при определување на цени

Грешки при определување на цени

Определување на цени претставува уметност од една страна и наука од друга страна. Ова го потенцирам почесто тука на претприемач бидејќи навистина кога определуваме продажни цени не можеме само да се концентрираме на уметноста без науката и обратно, науката без уметноста. Во игра се многу фактори како психолошки така и аналитички.

Доколку некој ми понуди iPad за цена од 50$ нема ни да го погледнам бидејќи веднаш знам дека нешто не е во ред со цената. Иако ова е еден екстремен пример (можеби и не е бидејќи имам видено некои копии) сепак врз основа на цената многу пати ги проценуваме и понудите.

Затоа како еден претприемач сигурно знаете дека цената е многу важен елемент во вашиот бизнис бидејќи се што ќе направите има влијание на цената, додека од друга страна таа влијае на вашата понуда, продажба и перцепција од страна на купувачите.

Сепак не е лошо да се потсетиме и да потенцираме некои можни грешки кои може да се направат и кои може да бидат „кобни“ за бизнисот.

1. Недостаток на аналитичен приод во определување на цената

Цените се базираат на бројки, тоа е факт. Бројки од трошоци, бројки од продажба, бројки од пазарот… Сите тие бројки имаат или ќе имаат влијание на вашата цена. Затоа цените не се определуват онака „од ракав“ туку се анализира пазарот преку потрошувачите, конкуренцијата понудата и побарувачката, се анализираат трошоците, се анализираат трендовите…

Сите тие анализи само ќе ја подобрат одлуката која би ја донеле во поглед на избор на вистинската цена со која ќе ги наплаќате вашите производи и/или услуги.

2. Преголемо базирање на „и јас“ стратегија

Иако конкуренцијата има влијание врз цената, сепак не е најважното или највлијателното нешто врз база на што треба да определите цена. Премногу претприемачи едноставно за да избегнат да навлегуваат во анализи одлучуваат копирање или „и јас“ стратегија кога станува збор за цената.

Но, што ако вашата севкупна понуда е подобра? Што ако вашите трошоци се поголеми? Што ако вашиот квалитет е подобар? Што ако дополнителните услуги се поголеми?

3. Поставување на цените на вашите производи или услуги прениско

Знам, конкурентската предност се базира на вашата ниска цена. Но, нема ли други елементи на кои можете да ја базирате вашата конкурентска предност.

Ако се земам самиот себеси како пример, можам да кажам дека нешто е прескапо доколку не верувам во квалитетот што го добивам. Ќе кажам дека нешто го има поевтино доколку услугата и сервисот каде што е поскапо не се разликува од онаму каде што е поевтино.

Во секој случај цената треба да биде последна на листата кога станува збор за конкурентската предност.

4. Се гледа само производот или услугата без еден поширок поглед

Производот или услугата е само еден мал дел од она што вие го продавате. Можеби навистина продавате леб, но продавате и насмевка на продавачот, продавате и амбиент, продавате и испорака, продавате и совет…

Во денешно време функционираат екосистеми, а не изолирани производи. Изолираниот производ е само 30% од потребата на потрошувачот.

Затоа и при определување на цените треба да се започне од еден поширок поглед во однос на вашата севкупна понуда.

5. Користење на застарени методи за определување на цени

Новото време и новите потреби на пазарот си го направија своето во однос на досегашните најчесто користени методи за определување на цената. Навистина, методата трошоци плус е корисна, но за изолиран производ. Таа метода не може да се користи за покомплексни понуди кои се потребни денес.

Затоа, не ја базирајте вашата цена само на една ваква метода, секогаш размислете подлабоко.

post

Анкета за лојалност на купувачите

Пред некој ден расчистувајќи по компјутерите налетав на овој MindMap кој се однесува на подготовка на анкета заради анализа на лојалноста на купувачите. За да не се изгуби повторно, одлучив да го објавам во овој пост.

Оваа анализа е корисно да се спроведува на одреден временски период како за да се соберат информации за тековните купувачи, така и за да се пробуди свеста преку потсетување на купувачите, но и за можна ресегментација на листата на купувачи.

Анализа на локајност на купувачи

Анализа на локајност на купувачи

 

Кои се твоите цели?

  • Што сакаш да научиш од твоите купувачи?
  • Сакаш ли да научиш нешто за твоите производи или услуги кои ги нудиш? Од овие анализи многу корисни информации може да се стекнат за конкретни производи и/или услуги кои може да се вклучат во идниот развој на нов производ.
  • Што е со нивното искуство со твојата компанија? Секој купувач креира одредено милење за вашата компанија по искуството што го имал. Овие информации се многу важен извор за можни промени и подобрувања.
  • Можеби сакаш да научиш повеќе за демографските карактеристики за твоите тековни купувачи? Овие информации секогаш ќе ви бидат потребни.
  • Што е со информациите за сегментација на твојата листа заради праќање на персонализирани понуди и вредности? Не е секој купувач за да прими иста понуда. Секој од нив има различни потреби, проблеми или желби на кои твоите понуди ќе треба да се персонализираат.
  • Можеби целта е едноставно да ги потсетиш дека постоиш. Оваа е одлична сратегија која преку испраќање на анкета врши потсетување на купувачите.

Алатки?

  • Алатки за дизајн на анкетата. Мора да одлучите кои алатки ќе ги користите. Дали тоа ќе биде Google Docs или пак Survey Monkey или пак некоја рета алтернатива. Внимавајте само повратните информации да бидат складирани во соодветна форма за да не изгубите денови со нивно средување.
  • Испраќање. Доколку имате систем за водење на база на потрошувачи тогаш веројатно имате и опција за испраќање на email. Но, можеби ќе користите испраќање преку пошта, или пак едноставно еден по еден ќе ги испраќате преку email. На вас е да видите со што располгате и да одлучите.
  • Алатки за анализа. И секако ќе бидат потребни и алатки за анализа. На пример, Google Docs ги складира во табела која може да се симне и да се продолжи со анализа во MS Excel или пак во самиот Google Docs да ја изведете потребната анализа. Или пак имате специјализиран софтвер за статистички анализи во кој ќе ги анализирате податоците. Уште пред да започнете со спроведување на анкетата размислете за формата н податоците и можните алатки за нивна анализа.

План

  • Наведи ги целите.
  • Наведи ги алатките.
  • Подготви ја структурата на анакетата. Секогаш обидувај се да ја направиш колку што може пократка анетата, а во исто време едноставна или разбирлива. Мора да напоменеш и за што и како ќе се користат добиените податоци.
  • Определи го распоредот за испраќање.
  • Планирај го менаџирањето на целиот процес. Кој ќе биде одговорен за што? Кога ќе се спроведе анкетата и анализата? Како ќе се спроведе анкетата и анализата?
  • Планирај го мерењето на резултатите. Првин мора да знеш кои ќе бидат мерните индикатори кои ќе се следат и анализираат, а потоа што ќе се случи доколку анализата покаже дека има потреба од некои промени.
post

Маркетинг Микс

Креативност на работа

Маркетинг микс

Маркетинг микс е еден од најважните и најкористените термини во маркетингот и слободно може да се каже дека долги години беше и можеби се уште е основата. Се користи и во подготовка на маркетинг планот, како и во делот за маркетинг при подготовка на бизнис планот. Маркетинг миксот може да се сретне и како 4P што се однесува на 4 елементи на маркетинг миксот кои на англиски започнуваат на P. Не би навлегувале во историја и како е дојдено до тие елемнти, но може да се напомене дека за некои експерти од маркетинг овие елементи на маркетинг миксот ги прошируваат со уште P-a. Сепак сметаме дека основните елементи на маркетинг миксот, односно оние елементи кои во најголем дел доведуваат до зголемување на потенцијалната енергија на бизнисот се основните 4P.

Елементите на маркетинг миксот се:

  • Производ (Product)
  • Цена (Price)
  • Дистрибуција (Place)
  • Промоција (Promotion)

Производ

Секој бизнис продава нешто. Тоа нешто може да биде или производ или услуга. Откако ќе се продаде тој производ и/или услуга бизнисот добива финансиски средства (пари) со кои може да го финансира сопственото работење (плати, набавки, трошоци…). Во овој елемент не е само производ како физички опиплив производ, туку може да биде и услуга или пак некој вид на производ во електронска форма (на пример електронска книга, веб страна итн). Кога го разгледуваме секој производ треба да опфатиме три нивоа

  • Основа на производот – неопиплив елемент кој се однесува на ползите кои луѓето ќе ги имаат од тој производ. Што јас како потенцијален купувач ќе добијат од тој производ или услуга? Како ќе ги задоволи моите потреби? Како ќе ги реши моите проблеми? Што е она што навистина ми треба?
  • Вистински производ – ова е нивото кога веќе производот е опиплив и може да се користи. Врз база на основата на производот истиот веќе може да се проба, да се користи, употребува…
  • Дополнителни придобивки – ова се дополнителните придобивки кои се добиваат со купениот производот како дополнителна услуга, гаранција, инсталација… Која е и има ли дополнителна вредност за мене за да се одлучам токму за твојот производ?

Сите овие нивоа можат да бидат различни за ист производ и заради тоа постојат и различни цени на тие производи. Од друга страна овие нивоа овозможуваат потенцијалните потрошувачи да гледаат одредена вредност во понудениот производ преку задоволување на одредени потреби, можност за користење и дополнителни придобивки од поседување.

Сето оваа маркетингот треба да го искомбинира, така да она што ќе се понуди биде навистина она вистинското и да креира вистинска вредност на тој производ во очите на потрошувачите.

Цена

Цената претставува вториот елемент од маркетинг миксот и игра важна улога во определување на маркетинг стратегијата. Постојат различни начини на определување на цената на производите. Повеќе можете да прочитате во методите за определување на продажни цени и поставување на продажните цени. Но, кога станува збор за маркетинг миксот треба да се напомене дека цената ќе зависи од вредноста на производот  и побарувачката на тој производ.

Кога велам дека цената зависи од вредноста на производот не мислам само на трошочата вредност заради определување на цена која е јасно дека ќе има влијание туку мислам и на:

  • вредноста која тој производ или услуга ги нуди на потрошувачите,
  • перцепираната вредност за тој производ или услуга од страна на пазарот и
  • дополнителните вредности кои се нудат со основната вредност.

При разгледување на цената од маркетиншки апсект потребно е да се изготви стратегија на цени што ќе подразбира една од следниве цени:

  • Економична цена (ниска цена и слаб квалитет)
  • Висока цена со слаб квалитет
  • Ниска цена за висок квалитет
  • Премиум цена (висок квалитет за висока цена)

Дистрибуција

Дистрибуција претставува третиот елемент на маркетинг миксот и се однесува на пренесување на производот и/или услугата од бизнисот што продава до купувачот. Во овој дел од маркетинг миксот потребно е да се разработат различните канали за дистрибуција кои бизнисот ќе ги користи за доставување на производите и/или услугите до потрошувачите. На пример, дистрибуцијата може да биде во определена физичка локација (продавница), праќање по пошта, сопствена испорака, електронска трговија итн.

Промоција

Четвртото P од маркетинг миксот се сите алатки кои му се достапни на бизнисот за маркетинг комуникација, односно промоција. Со помош на алатките на промоција потенцијалните потрошувачи дознаваат за производот и/или услугата на бизнисот како и за самиот бизнис. Промоцијата претставува и посебен микс како дел од маркетинг микс. Составена е од повеќе елементи или алатки кои се мешаат во зависност од потребата и изборот на претприемачот. Постојат различни размислувања што се опфаќа овој елемент. Некои завршуваат со конечна листа од 6 или 7 поделементи. Некои пак со листа од 200 или повеќе. Ние сметаме дека не треба да се ограничуваме на бројка бидејќи навистина промотивниот микс е составен од бесконечно многу алатки и елементи. Може да бидат од обичен разговор со нов познаник на кој му кажувате за Вашиот бизнис преку е-маркетинг до скапи ТВ или радио реклами.

post

22 Прашања за конкуренција

Конкуренција

Конкуренција

Сите сакаат да немаат конкуренција, но тоа е нереално и неостварливо. Барем за подолг временски период.

Конкуренција е неминовен фактор за секој бизнис без разлика на големината, индустријата, пазарот… Дури и да нема конкуренција, не значи дека нема да се појави. Не треба да се стравува од конкуренцијата доколку имплементирате одреден стратешки и систематски приод во нејзина анализа и имплементација на сознанијата во секојдневно функционирање на бизнисот заради останување на вистинската патека.

Доколку се избегнува конкуренција, ќе настапат вистински проблеми карактеризирани преку намалување на учеството на пазарот, намалување на продажбата, намалување на бројот на купувачи, проблеми со готовински тек и „недај боже“ смртност на бизнисот.

Затоа во одреден временски период (најдобро квартално – на 3 месеци) поставете си ги следниве прашања во врска со онкуренција и одговорете ги.

  1. Кои се најзначајните конкуренти кои имаат влијание врз нашиот бизнис?
  2. Каде се наоѓаат во конкурентската анализа тие во однос на вас?
  3. Кои се можните потенцијални конкуренти кои сеуште не се но, може да бидат?
  4. Кои се нивните производи и/или услуги?
  5. Каде се наоѓаат нивните производи и/или услуги во однос на вашите?
  6. Каква е вредноста која ја нудат?
  7. Имаат ли поголема или помала вредност која што ја нудат во однос на вашата?
  8. Што е она што кај нив е добро а го нема кај вашата вредност?
  9. Можеме ли да го имплементираме она што ни фали во вредноста а го има кај нив?
  10. Каква е нивнта севкупна понуда?
  11. Се разликува ли и во што се разликува доколку се разликува нивната севкупна понуда?
  12. Каде нивната понуда е подобра од вашата?
  13. Каде вашата понуда е подобра од нивната?
  14. Кои се корисности а кои се карактеристиките кои ги нудат со тие производи и/или услуги?
  15. Каде ги наоѓаат нивните потрошувачи?
  16. Кои се нивните најважни купувачи?
  17. Како вашите конкуренти ги поттикнуваат купувачите да купуваат?
  18. Колку наплаќаат за нивните производи и/или услуги?
  19. Каде ги рекламираат нивните производи и/или услуги?
  20. Како регрутираат свежи кадри за нивниот бизнис?
  21. Колку често ја анализираме конкуренцијата?
  22. Ги применуваме ли откритијата од анализата во работата?

 

post

Маркетинг трикови за стартап бизниси

Имате бизнис идеја, сте преминале во следната фаза од животниот циклус – започнување и тука започнуваат вистинските проблеми. Немате доволно купувачи, а со тоа и приходите се слаби, а со тоа и финансиите за финансирање на бизнисот се на исклучително ниско ниво. Потребно е сите сили да ги насочите кон обезбедување на база на потенцијални потрошувачи кои ќе купат нешто колку што може побргу. Ова се постигнува со маркетингот. Секој бизнис се занимава со продажба, односно продава нешто за пари. Без разлика дали продавате производ или услуга на Вас во овој момент ви се потребни купувачи. Затоа една од основните цели е да навлечете колку што можете повеќе потенцијални потрошувачи во Вашата продажна инка.

Продажна инка

Продажна инка

Првата фаза од Вашата продажна инка за стартап бизнис е преку соодветна маркетинг кампања да пробудите свест за Вашиот бизнис кај колку што може повеќе луѓе. На сликата е прикажана продажната инка со фазите во неа.

 

Од друга страна во оваа фаза од животниот циклус финансиите не се на некое ниво со кое може да се вложат средства во маркетинг. И токму тука лежи најголемиот проблем во фазата на проблематичен период од животниот циклус на бизнисот. Затоа предлагаме некои од евтини стратегии за привлекување на потенцијални потрошувачи.

  1. Изработете интересно лого со името на Вашиот бизнис кое ќе пробуди интерес кај секој кој ќе го види. Логото нека бидне во боја и особено интересни бои кои привлекуваат внимание. Подобро е да платите за дизајнот на Вашето лого или пак да побарате на интернет веб апликации за изработка на лого кои може да бидат и платежни и бесплатни.
  2. Направете веб сајт со неколку содржини за Вашиот бизнис. Сајтот не мора да биде нешто професионално изработен бидејќи нема да имате многу посетители. Можете да направите сопствен блог во вид на веб сајт со редовно објавување на некои содржини од подрачјето на Вашиот бизнис. Ова можете да го направите без да вложите ниту денар.
  3. Поврзете се на социјалните мрежи како facebook, linkedin и twitter. Во почетните фази нема да имате многу луѓе, но направете профил, напишете нешто за Вашиот нов бизнис и што нудите, поставете линк до Вашиот блог или веб сајт. И започнете да барате пријатели, познаници и врзувајте се. Оваа стратегија во понатамошниот развој на Вашиот бизнис може да одигра голема улога. Отворете акаунт на StumbleUpon и започнете да барате сајтови од подрачје на Вашиот бизнис и поврзете се со луѓе од кои ќе ги пронајдете и кои се заинтересирани за истите подрачја.
  4. Изработете флаери и бизнис картички во боја со логото на Вашиот бизнис. Визит картички изработете и на клучните луѓе во Вашиот продажен тим. Можете да ги изработите самите со персонален компјутер и отпечатете ги на ласерски печатач или пак платете на некоја компанија која изведува графички услуги. Флаерите и бизнис картичките обавезно да ја содржат адресата на Вашиот веб сајт и по можност како луѓето да ве најдат на социјалните мрежи.
  5. Поделете ги флаерите на роднини и пријатели за да тие ги поделат на своите познаници и да кажат неколку збора за Вашиот нов бизнис. Но, немојте сите флаери да ги поделите кај роднините и пријателите бидејќи постои опасност тие да не се распространат понатаму туку да завршат како хартија за потпалување. Совет е да се поделат околу 30% од овие флаери на оваа група на луѓе. Така, доколку имате 500 флаери околу 150 можете да поделите на роднини и пријатели.
  6. Изберете 5 деца кои може да бидат од Вашиот комшилук или пак некои роднини и дајте им џепарец од неколку стотици денари за да застанат на посебни реони од градот и да ги делат флаерите на луѓето кои што поминуваат. Препорачуваме 50% од флаерите да ги поделите на Ваков начин.
  7. Останатите 20% имајте ги Вие и Вашите вработени за да ги делат онаму каде што се движите во кафетерии, ресторани, фризерници … Оставајте секаде по 10-тина флаери.
  8. Направете листа од 100 луѓе (пријатели, роднини, познаници, интересни групи кои ќе ги пронајдете во именикот) и јавете се по телефон. Разговарајте за она што го нудите и како можете да им помогнете. Но при разговорот немојте да бидете премногу упорни да продавате и здодевни. Бидете повеќе слушатели за да дознаете како Вашиот бизнис ќе може да им помогне на тие луѓе. Прашајте ги за нивните контакт детали доколку сакаат да им испратите нешто информативно за Вашиот бизнис. Ова правете го секој ден јавувајќи се на тројца дневно.
  9. Кај секој кој оставил контакт детали (свеста е веќе пробудена, потребно е да се пројави интерес) еднаш неделно или месечно испраќајте дел од Вашиот рекламен материјал. Ова комбинирајте го преку e-mail или пак директна пошта.
  10. Изведувајте ги овие чекори секој месец.

 

post

Маркетинг пред започнување

Маркетинг пред започнување

Маркетинг пред започнување

Маркетинг постои и треба да постои уште пред започнување на бизнисот и уште пред завршување со развој на производот и/или услугата.

Многу често слушам прашања од страна на потенцијални претприемачи дали треба и како треба да имплементираат маркетинг активности уште пред започнување на бизнисот. Кога би се рагледувал животниот циклус на бизнисите ќе стане јасно дека стартапот не претставува првата фаза. Нешто за овој дел опфативме и во претходниот наслов: 10 Задачи за пред започнување на бизнисот. Многу задачи и активности како и маркетинг активности треба да бидат опфатени уште пред да се отвори вратата на бизнисот.

За успешно лансирање на производот и/или услугата и за успешно започнување на бизнисот многу е важно да спроведете соодветен пристап во поглед на маркетинг функцијата иако бизнисот уште не постои или пак производот и/или услугата сеуште не се развиени. Вие имате идеја на која што работите. Но, таа идеја сеуште не е бизнис можност која ќе биде прифатена од пазарот. Затоа вашата цел е бизнис идејата да ја преточите во вистинска бизнис можност.

Подолу се дадени 5 најважни елементи од маркетинг функцијата кои ќе треба да ги имплементирате уште пред започнување на бизнисот.

1. Развој на потрошувачи

Што значи развој на потрошувачи, или подобро како да ги развиете вашите идни потрошувачи?

Многу е полесно на веќе постоечки пазар да се зборува за развој на потрошувачи, но ние тука се обидуваме да превземеме нешто за иднината – да развиеме потрошувачи за сеуште непостоечки бизнис или непостоечки производ и/или услуга.

Кога станува збор за развој на потрошувачи ќе треба да одговорите на следниве прашања:

  • Кои се тие?
  • Кои се нивните потреби?
  • Каква е нивната желба за задоволување на тие потреби?
  • Можеме ли да ги задоволиме нивните потреби во целост?
  • Каде се наоѓаат тие?
  • Како се однесуваат тие?
  • Како да им пристапиме?

Со помош на одговорна овие прашања ќе имате една слика за оние потрошувачи кои би требало да го купуваат вашиот нов производ и/или услуга.

2. Вмрежување

Како да го оствариме тој првичен контакт со тие идни потрошувачи? Ние сеуште немаме производ и/или услуга, за што ќе зборуваме?

Бидејќи веќе знаете кои се тие, какви потреби имаат, како се однесуваат, каде се наоѓаат и како да им пристапите, сега вашата цел е да им пристапите и да ги трансформирате во една движечка сила за вашиот бизнис.

Вмрежувањето може да биде онлајн (преку социјални медиуми – Twitter, Facebook, Linkedin…) како и офлајн преку состаноци, дружби, конференции, семинари, саеми…

Во оваа фаза вие едноставно се запознавате со вашите потенцијални потрошувачи, подлабоко навлегувате во нивните потреби, желби, проблеми, идеи, размислувања…

3. Собирање на информации од потрошувачи

Какви информации ми се потребни? Што да правам со истите?

Безполезно е вмрежувањето доколку од тоа не извлечете информации и уште во оваа фаза од бизнисот не ги примените за подобрување на вашата идеја, вашиот иден бизнис, вашиот производ и/или услуга.

Во текот на тие контакти вие можете да ги разберете вистинските проблеми и потреби на потенцијалните купувачи и да ги искористите тие информации во процесот на дизајнирање на производот и/или услугата.

4. Постави датум на лансирање на производот

Кога ќе започнам? Што треба да првам од објавување на датумот на започнување до вистинско започнување?

Со поставување на датум на лансирање, со објаснување на сите придобивки кои ќе ги добијат тие потрошувачи и сите карактеристики како и се она што е имплементирано преку информации од претходната фаза целта е да започнете о процесот на кревање на врева за таа случка.

Целта е да бидете дознаени и да поттикнете чувство на желба и ургентност за вашите производи и/или услуги кај сите тие потенцијални потрошувачи.

5. Тестирај ги прототиповите

Сигурно веќе ги имате првите прототипови на производи и/или услуги и можете да започнете со тестирање со некои потенцијални потрошувачи.

Иако го имате прототипот ништо не гарантира успех на истиот. Иако поминавте низ претходните 4 фази сепак не постои гаранција дека тоа е тоа. Зошто да не ги искористите вашите нови пријатели од вмрежувањето и да го тестирате завршно вашиот прототип.

На ваков начин можете да дојдете до исклучителни информации за последно подобрување на производот и/или услугата со цел обезбедување на успешно лансирање на истиот.

Секако не заборавајте да побарате препораки од сите задоволни тестери кои ќе ги користите во почетните маркетинг средства.

post

100 маркетинг активности за малите бизниси

Листа на маркетинг активности

Листа на маркетинг активности

Малите бизниси ги немаат капацитетите на големите во поглед на финансии и ресурси за промоција на сопствените производи и/или услуги. Но, затоа креативноста и флексибилноста им овозможува да привлечат голем број на потенцијални купувачи.

Постојат илјадници маркетинг активности кои им стојат на располагање на малите бизниси. Кои ќе се превземат зависи од бизнисот како и од креаитивноста и умешноста на претприемачот.

Во овој пост ќе направиме обиде на едно место да ставиме 100 активности кои како сопственик на мал бизнис можете да ги превземете уште од утре. Секако дека оваа листа не е конечна и доколку сметате дека нешто вредно е испуштено (а е испуштено сигурно) слободно можете да дадете сугестија преку коментар на овој пост.

  1. Изработи маркетинг план
  2. Доколку имаш маркетинг план ажурирај го истиот
  3. Преразгледај го твојот целен пазар
  4. Одговори на прашањето што целниот пазар сака од тебе
  5. Одговори на прашањето како да ги задоволиш потребите на целниот пазар
  6. Спроведи истражување на пазарот
  7. Побарај можности за подобрување
  8. Разгледај ја твојата понуда и подобри ја
  9. Прошири ја понудата со нови вредносни елементи
  10. Следи ги промените и подобрувај секаде каде има можност и потреба за подобрување
  11. Изработи или пак доколку ги имаш подобри го дизајнот (уникатноста) на твоите бизнис картички
  12. Направи бизнис картички за сите вработени во бизнисот и поттикни ги да ги делат
  13. Направи или ажурирај ги твоите брошури
  14. Направи ги тие брошури достапни и преку веб сајт (доколку имаш)
  15. Редизајнирај ја целосната комуникација (писма, email, фактури, испратници…) за да комуницираат и информации за вредноста која ја нудиш
  16. Лансирај кампања со персонализирани писма и тестирај ги различните содржини и нивната ефикасност.
  17. Обиди се со различни повици за акција содржани во тие писма.
  18. Искористи ги бесплатните мали огласи за градење на присутноста на твојот бизнис
  19. Обезбеди дека твојот бизнис е присутен во електронското издание на Златна книга
  20. Направи листа на сегашни и потенцијални купувачи
  21. Контактирај ги досегашните купувачи преку телефон
  22. Контактирај некои „најсигурни“ потенцијални купувачи преку телефон
  23. Користи маркетинг календар за сите маркетинг активности кои ги спроведуваш или планираш да ги спроведуваш
  24. Дизајнирај иницијативи на споделување на искуството на твоите задоволни потрошувчи
  25. Преразгледај ги повиците за акција кои ги користиш во сите маркетинг средства
  26. Тестирај различни повици за акција
  27. Преразгледај го и подобри го кредибилитетот како на сите бизнис членови така и на бизнисот воопшто
  28. Рекламирај се на ТВ
  29. Рекламирај се на радио
  30. Рекламирај се во весници
  31. Ако постојат огласни табли онаму каде се движат твои потенцијални потрошувчи направи еден материјал и закачи го
  32. Учествувај на саем за да ги изложиш твоите производи и/или услуги
  33. Посетувај саеми заради градење на нови мрежи
  34. Побарај потенцијални бизниси со кои би можеле да настапите здружено за некое маркетинг средство
  35. Обиди се со бесплатни примероци или бесплатно пробување
  36. Направи месечни, тромесечни или пак годишни билтени
  37. Провери дали сите маркетинг средства се едноставни и разбирливи за потенцијалните купувачи
  38. Организирај забава заради некаков повод (годишнина, голема зделка, преселба…)
  39. Рекламирај се на билборди
  40. Направи ја пораката во сите маркетинг средства да содржи ургентност
  41. Добро запознавај ги твоите потрошувачи
  42. Провери ја и подобри ја твојата супериорна вредност
  43. Изгради моќен систем за препораки
  44. Постави го твојот бизнис на најпопуларните онлајн огласници
  45. Поврзи се на некој од попопуларните форуми и започни со конверзација
  46. Доколку немаш направи, доколку имаш редизајнирај го твојот веб сајт доколку не си го редизајнирал повеќе од една година.
  47. Анализирај го сајтот во однос на страните кои се најпопуларни
  48. Имплементирај блог во самиот сајт и почни да блогираш.
  49. Блогирај на регуларна основа
  50. Постави форма за регистрација како на веб сајтот така и на блогот заради користење на email маркетинг
  51. На регуларна основа испраќај email-ови на твојата листа
  52. Подобри го твојот потпис на email-овите
  53. Додај функционалности за споделување на твоите email-ови
  54. Имплементирај RSS како на веб сајтот така и на блогот
  55. Внимателно избери клучни зборови и секундарни зборови поврзани со твојот бизнис и околу кои ќе ја градиш присутнсота на веб просторот
  56. Оптимизирај го веб сајтот и сите блог постови
  57. Купи рекламен простор на некои веб сајтови од нишата на твојот бизнис
  58. Направи вебинар за користење на твоите производи и/или услуги
  59. Направи подкастинг серијали за користење на твоите производи и/или услуги
  60. Избери и користи професионален аутореспондер како софтвер за твоите email маркетинг кампањи
  61. Коментирај на други блогови каде што се наоѓаат потенцијални купувачи
  62. Секојдневно бреинстормирај потенцијална содржина за социјални медиуми (блог, facebook, twitter, linkedin…)
  63. Започни со Google Adwords PPC кампања
  64. Рекламирај се на Facebook
  65. Рекламирај се на LinkedIn
  66. Направи Facebook страна за твојот бизнис (страна не профил)
  67. Покани ги твоите лични пријатели и сите досегашни потрошувачи да станат фанови на Facebook страната
  68. Секојдневно ажурирај ја Facebook страната со нова интересна содржина за фановите
  69. Смени го URL-то на твојата страна на Facebook да биде едноставно
  70. Креирај Twitter профил
  71. Одговарај или ретвитај некој друг на Twitter
  72. Твитај мислење, блог постови, линкови, слики, видео….
  73. Направи профили или пак доколку го имаш ажурирај го твојот профил на LinkedIn
  74. Барај и поврзувај се преку LinkedIn
  75. Подеси Foursquare сметка за твојот бизнис
  76. Постави го твојот бизнис на Google Places
  77. Изгради присутност на социјални обележувачи
  78. Обележувај твоја една содржина и минимум 10-20 туѓа содржина
  79. Учествувај на сајтовите за групно купување
  80. Направи видео презентација и постави го на YouTube
  81. Ембедирај го видеото во еден блог пост
  82. Разгледај ги најпопуларните онлајн директориуми и постави го твојот бизнис таму
  83. Следи ја твојата и на твојот бизнис онлајн репутација
  84. Креирај наградни игри
  85. Креирај попустни купони
  86. Имплементирај програма за наградување на најголемите потрошувачи
  87. Имплементирај програма за наградување на честите купувања
  88. Подели празнични подароци на најголемите купувачи
  89. Планирај ги промоциите за следните празници
  90. Испрати роденденски честитки за твоите купувачи
  91. Донирај некоја локална случка
  92. Спонзорирај некоја локална спортска манифестација
  93. Пријави се за конференција во твојата или друга сродна индустрија
  94. Комуницирај со другите посетители на таа конференција
  95. Разменете бизнис картички со оние посетители кои имаат потенцијал да ви станат потенцијални потрошувачи.
  96. Подготви и испрати прашалник за анализа на задоволството на потрошувачите
  97. Анализирај ги одговорите и подобри секаде каде што се бараат подобрувања
  98. Извести ги сите кои учествувале во прашалникот и кои ви дале идеи за подобрување дека истите се спроведени
  99. Организирај забава во популарен ноќен клуб каде ќе се поделат бесплатни примероци на твоите производи
  100. Најми маркетинг консултант доколку сметаш дека ти треба помош.