post

KAIZEN – Менаџмент филозофија за подобрување

Kaizen подобрување, мало но големо

Kaizen подобрување, мало но големо

Начинот на работењето, менаџментот, промените, ефективноста и ефикасноста и продуктивноста на еден бизнис може да се добијат на различни начини. Постојат различни менаџмент филозофии кои го определуваат различниот менаџерски пристап во управувањето, практицирање на промените, постигнување на ефикасност и ефективност, постигнување на висока продуктивност. Една од тие филозофии е KAIZEN менаџерската филозофија која своите корени ги влече од Јапонија и претставува основа за успех и развојот на јапонската индустрија во светки рамки.

Во последниве години зборот KAIZEN добива широка употреба во бизнис живото без разлика дали се работи за големи или мали бизниси, иако можеби не постои свесност кај претприемачите, менаџерите и вработените дека во одредени сегменти во нивната секојдневна работа користат некоја таква практика. KAIZEN најпошто кажано претставува филозофија за подобрување. Доколку размислиме малку повеќе ќе ни стане јасно дека суштината на оваа филозофија, а тоа е подобрувањето, не е нешто ново или пак нешто што се појавува во последните децении кај луѓето. Подобрувањето било вградено и во умот на праисторискиот човек. Една од основните особини на секој човек, претприемач, бизнис е да се подобруваат постојано.

Бидејќи зборот KAIZEN има потекло од Јапонија, сосема е оправдано историската појава на овој збор да ја бараме на тие простори. како одреден концепт KAIZEN се раѓа кај Masaaki Imai кој се обидувал да ја разбере разликата во сфаќањето на промените кај јапонски и американски менаџери. Тој прво дошол до заклучок дека и по 25 години американските производствени системи остануваат исти, односно воопшто не се менуваат, додека јапоснките компании од ден во ден се менувале се повеќе и повеќе. И кај јапонските и кај американските менаџери се дава големо значење на промени, но сепак тоа значење не е исто. Додека американците вршат крупни организациски промени, јапонците се фокусираат на постепени промени. Masaaki Imai токму во таа разлика ја гледа менаџерската филозофија KAIZEN, односно менаџерската филозофија за континуирано подобрување. Тој за KAIZEN вели:

Разликата помеѓу тоа како промената се сфаќа во Јапонија и САД лежи во концептот KAIZEN – концепт кој е толку природен и очигледен за повеќето јапонски менаџери така што често пати не сфаќаат дека го поседуваат.

Зборот KAIZEN е составен од два јапонски карактери (знаци) од кои првиот е KAI, а вториот е ZEN. Карактерот KAI означува ПРОМЕНА,  додека карактерот ZEN се преведува како ОД ДОБРО КОН ПОДОБРО.

Првиот карактер KAI (промена) претставува одредена активност која ќе се изврши врз нешто со што тоа нешто ќе стане различно од претходната состојба. Но, ништо не се менува ако не се подобри. Оваа е карактеристиката на промените. Токму оваа карактеристика на подобрување ја дава карактерот ZEN. Човекот отсекогаш сакал да се подобрува, односно доколку еднаш некоја работа ја изврши погрешно, наредниот пат ќе ја изврши правилно. Значи основата на оваа менаџерска филозофија е дека не постои ништо на светот кое што не може да се промени кон подобро. Треба да се напомене дека оваа промена треба да биде постојана со што ќе се добие континуирано подобрување на перформансите на бизнисот. Masaaki Imai смета дека

подобрувањето по дефиниција е споро, постојано, а понекогаш и невидливо со ефекти кои се чувствуваат на подолг рок.

Бидејќи основата на сите организациски промени е да се постигне подобрување во одредено подрачје, а од друга страна KAIZEN претставува подобрување, може да се заклучи дека оваа филозофија не предвидува темелни (порадикални промени).

Може да кажеме дека KAIZEN претставува континуирано подобрување на сите процеси во организацијата преку мали промени во кратки временски периоди вклучувајќи ги сите организациски членови без разлика на кое хиеарархиско ниво се наоѓаат (врвни, средни и прволиниски менаџери) без да се вршат големи капитални инвестиции.

Основни карактеристики на KAIZEN

KAIZEN претставува континуирано подобрување кое доведува до мали но сепак значајни подобрувања на организациските перформанси во кратки временски периоди. Од друга страна KAIZEN како концепт или филозофија доведува до ефект на пеперутка (мали промени со големи ефекти за целината во одреден временски период, погледај и видео за бизнис ефект на пеперутка). Masaaki Imai авторот на концептот смета дека менаџментот има две главни компоненти:

  • Подобрување на системот
  • Одржување на системот

Одржување на системот претставува одржување на тековните технолошки, менаџерски и оперативни стандарди, додека подобрувањето претставува подобрување на тие сегашни стандарди. Подобрувањето како што може да се види од сликата подолу е составено од две компоненти:

  • Иновација
  • KAIZEN

Иновација, Kaizen, Одржување

Иновација, Kaizen, Одржување

Ова е јапонска перцепција на работните функции, додека кај американската делот на KAIZEN е покриен со одржувањето, односно тој дел не постои. Може да постои и друг вид на менаџмент кој се употребува во високотехнолошки индустрии каде што иновацијата во голем дел го покрива одржувањето, односно функцијата на одржување е доведена до минимум. Но, овие компании брзо растат и брзо исчезнуваат кога пазарните услови ќе се променат. Најлоши компании се оние кои вршат само одржување. Од сликата можеме да забележиме дека за иновација најодговорен е врвниот и средниот менаџмент, додека за KAIZEN одговорни се сите организациски членови. Но, треба да нагласиме дека KAIZEN и иновација не се взаемно исклучиви, туку може истовремено да се применуваат. Односно во ваков случај, врвниот менаџмент:

  • го воведува KAIZEN како стратегија на компанијата
  • обезбедува секаква подршка преку алокација на ресурсите и
  • определува политики и цели во насока на реализирање на овој концепт.

Средниот менаџмент:

  • ги имплементира целите како што се определени од врвниот менаџмент
  • го користи KAIZEN во функционалните способности,
  • изведува стандарди,
  • ги обучува вработените за примена на KAIZEN техники и
  • им помага да развијат содветни техники и вештини.

Супервизорите:

  • ги применуваат KAIZEN принципите,
  • формулираат планови и водичи за работа,
  • ја подобруваат комуникацијата помеѓу вработените
  • го одржуваат моралот на високо ниво,
  • ги поддржуваат активностите на мали групи итн.

Работниците пак:

  • го применуваат KAIZEN,
  • практикуваат дисциплина во работата,
  • применуваат континуиран саморазвој за подобро да ги решаваат проблемите и да ги зголемуваат вештините со меѓусебна едукација.

Клучните принципи на кои што се базира KAIZEN концептот се:

  1. Континуирано подобрување. KAIZEN има за цел постојано да го подобрува работењето на компанијата. Оваа подобрување не се добива со некои фундаментални планови за подобрување од огромни размери, туку во ова филозофија подобрувањата се мали (би можело да се изразат како 2-3%). Но, што е суштинско во оваа филозофија е тоа што тие подобрувања се континуирани (постојани) и доколку се разгледуваат во поголем временски период секако дека ќе бидат поголеми.
  2. Мали промени во кратки временски периоди. KAIZEN филозофијата ги насочува луѓето да изведуваат мали промени во кратки временски периоди. Овие мали промени доведуваат до мали подобрувања. Но, континуитетот на подобрувањата се добива од кратките временски периоди во кои се изведуваат тие промени. Дури се оди до таму да овие мали промени треба да бидат секојдневни. Јапонските производствени компании наоѓаат можности на подобрување дури и на сосема нова техничка опрема.
  3. Инволвирање на сите организациски членови. Бидејќи целта на оваа филозофија е подобрувањето, што претставува одредена вградена карактеристика на луѓето, во подобрувањето на организациските перформанси се инволвираат сите организациски членови. Секој, не само што е должен да се подобрува и со секое наредно извршување на задачата да ја изврши подобро од претходниот пат, туку ја има таа особина да сака да има подобри резултати од работата што ја работи. Затоа KAIZEN претставува одговорност за сите членови на организацијата.
  4. Без големи капитални инвестиции. Бидејќи KAIZEN доведува до мали подобрувања во мали временски периоди преку индивидуална инвентивност на организациските членови, затоа не бара големи инвестициски вложувања во процесот на промените. Ова е и поради фактот што KAIZEN ги подобрува постоечките процеси во компанијата, а не врши замена на истите со сосема нови процеси.
  5. Процеси. Карактеристично за KAIZEN е тоа што не се ориентира кон резултатите туку кон процесите, односно ги подобрува процесите, а со подобри процеси ќе се добијат и подобри резултати. Како што кажавме погоре подобрувањето се изведува на постоечките процеси.
  6. Системи за предлози. Бидејќи подобрувањето претставува решавање на проблеми кои постојат во компанијата, а проблемите се појавуваат на сите нивоа од хиерархијата, менаџментот не е во состојба да ги открива и да ги решава истите. Затоа при откривање и решавање на проблемите KAIZEN ги инволвира вработените преку нивни предлози за тоа што треба да се промени и како да се подобри. KAIZEN гради такви системи за предлози (сугестивни системи) кои што ги поттикнуваат вработените да даваат свои мислења за проблемите и нивното решавање преку обезбедување на помош од страна на супервизорите, со што се генерираат што е можно повеќе предлози. За секоја добра предложена идеја која се реализира од менаџментот со инволвирање на предлагачот на идејата, постои одредена награда за предлагачот со што се врши поттикнување за понатамошни предлози за подобрување така да процесот на континуирано подобрување никогаш не запира. Предноста на ваквите системи е во тоа што доколку се прифати предлогот на вработениот за некаква промена тој нема да покажува отпор кон истата.

Методи и техники користени од KAIZEN

KAIZEN како менаџмент филозофија која има за цел подобрување во сите бизнис подрачја користи разни методи и техники кои се карактеристични за јапонскиот начин на работење. Овие алатки кои што ги користи KAIZEN вообичаено се претставуваат како една куќа на процесот на континуирано подобрување (види слика). на долната слика е даден и KAIZEN – чадорот односно како што Masaaki Imai го разгледува како концепт на чадор кој ги опфаќа повеќето од јапонските уникатни практики кои во последно време доживеале светска слава. Разликата меѓу куќата и чадорот е во тоа што во чадорот се претставени концепти или менаџмент филозофии од повисоко ниво додека во куќата се алатките и техниките за постигнување на концептите од чадорот. Кружните ивици од чадорот симболизираат дека сите тие практики се индивидуални.

Kaizen куќа

Kaizen куќа

Kaizen чадор

Kaizen чадор

Накратко ќе ги опишеме овие алатки и техники користени од KAIZEN.

7W (7 Waste) – 7 расфрлања. Се она што не допринесува во зголемување на употребната вредност на производот или услугата се смета како расфрлање. Оваа техника се однесува на откривање на расфрлањата во сите подрачја на организацијата, а не само во производствениот погон. Самото име на оваа техника вели дека има 7 расфрлања кои настануваат преку:

  1. Претерано производство
  2. Чекање
  3. Транспорт
  4. Процесот на обработка
  5. Складирање
  6. Непотребни движења
  7. Производство со грешки

5S. Ова е алатка која се однесува на организирање и одржување на работното место. Името на алатката е составено од 5 јапонски зборови кои започнуваат на S:

  • Seiri што значи одвојување и отфрлање на се што е непотребно на работното место
  • Seiton што значи да се среди и означи се она што ќе остане на работното место после Seiri
  • Seiso што значи да се врши дневно чистење и прегледување на работното место
  • Seiketsu што значи да се направи дневно чистење и прегледување на работното место да стане рутинска пракса.
  • Shitsuke што значи да се мотивираат луѓето за да го одржуваат средено работното место, односно да се стандардизираат претходните 4 чекори со што ќе се добие процес кој никогаш не завршува.

Визуелна фабрика. Оваа техника се однесува на тоа да сите елементи кои обезбедуваат нормални работни услови во претпријатието бидат на видно место поставени. На ваков начин се креираат стандарди на работното место со кои брзо се открива доколку нешто е надвор од планираното.

Тимови. KAIZEN е таква менаџерска филозофија која користи крос-функционални тимови во изведување на процесот на континуирано подобрување. KAIZEN не допушта поделба меѓу менаџментот и вработените, туку вработените ги гледа како еднаков партнер на менаџерите, односно како луѓе кои еднакво можат да допринесат во подобрувањата. Менаџерите се поттикнуваат да делегираат што е можно повеќе слобода на вработените во откривање и решавање на проблемите кои се во нивното сопствено подрачје на работа.

SMED (Single Minute Exchange of Die), OTED (One Touch Exchange of Die) . Овие техники се изведуваат последователно една по друга, односно после SMED следува OTED. И двете се алтаки со кои се намалува времето на промена на алатот. SMED како што кажува самото име има за цел да го намали времето на промената на алатот на помалку од 10 минути, а втората OTED оди дури до тој степен да алатот се промени само со еден допир, односно притискање на едно копче.

TPM (Total Preventive Maintenance) – Севкупно превентивно одржување. Оваа алатка има за цел да го намали времето на застојот на опремата и да обезбеди такво одржување со кое опремата ќе биде исправна во секој момент.

Poka Yoke. Poka Yoke претставува јапоснки збор за избегнување на грешките во работењето, односно работење без грешки. Оваа техника е насочена кон целосно елиминирање на грешките кои може да се појават во самиот процес.

Подобрување на квалитетот. Ова означува користење на сите техники кои може да стојат на располагање со цел да се подобри квалитетот како на производот така и на целиот деловен процес.

Ќелисики Layout. Оваа претставува техника која има за цел да направи таков распоред на машините (или елементите на процесот) така што операторот останува во ќелијата, а материјалите за обработка му се донесуваат однадвор.

Балансирање на работата. Оваа техника има за цел да доведе до балансирање на работата на целата организација и особено производствениот систем спрема барањата од пазарот.

Автоматизација (Jidoka). Автоматизација претставува превод на јапоснкиот збор Jidoka. Оваа техника има за цел да ја пренесе човечката интелигенција во машините така што истите автоматски ќе застанат кога ќе се појават проблеми.

Стандардизирање на работата. Оваа техника служи за стндардизирање, односно предвремено определување на група на активности на операторот за да ја заврши задачата во соодветно време и на најдобар можен начин. Стандард претставува документиран најдобар начин на кој се извршува работата. Со ова се постигнува избегнување на некои грешки во рабтата кои веќе се откриени и поправени.

Kanban. Оваа техника претставува одреден систем за дополнување, односно дополнување на потребните делови во вистински потребната количина и во вистинско време.

Производство со тек на едно парче. Оваа техника претставува еден вид на производствена филозофија која обезбедува движење на производот од еден процес до друг, и тоа едно парче во соодветно време, без да се допушти да се создадат залихи помеѓу двата процеса.

 

post

Говор на Steve Jobs пред дипломци

Интересен говор на Steve Jobs пред дипломците на Stanford од пред 5-6 години во кој кажува три приказни од неговиот живот вредни да се слушнат.

post

Залихи – неколку методи за управување

Методи за управување со залихи

Методи за управување со залихи

На претприемач за залихите наведовме дека се многу значајни за малите бизниси. Во Залихи зло без кое не се може или се може го опишавме значењето на поимот залихи, заклучивме дека тие мора да се управуваат, а управувањето може да се изврши на повеќе начини (еден од тие е ABC анализа или 80/20 правило). Заклучивме и дека тие претставуваат некое зло без кое се може, но во исто време и нешто без кое не се може. Потоа во Залихи – како да ги управуваме претставивме еден едноставен модел на системот за контрола и управување на залихите кој овозможува постојано подобрување на нивото на залихите во претпријатијата. Во предности од оптимални залихи можевте да прочитате за различни предности и недостатоци кога станува збор за залихите.

Постојат повеќе методи и техники за управување со залихи. Основата кај сите е соодветно групирање на истите заради полесно управување.

Тие методи и техники се основа за да стигнете до онаа посакувано оптимално ниво и најчесто се подразбира: следење, листање, анализа и групирање на производите и материјалите во одредени групи на производи и материјали. Оваа групирање ќе ви овозможи да се насочите на најпотребните производи (секогаш да имате доволно на залиха од нив) додека оние најнепоребните да ги одржувате на минимално ниво. Овие методи најчесто се употребуваат во производствените претпријатија, но соодветна примена може да најдат и во малпродажба, големопродажба и услужниот сектор бидејќи сите индустрии и типови на бизниси работат со одреден вид на залихи.

Системот за управување со залихите треба да ги избалансира следниве конфликтни потреби:

  • Економично производство или економична работа на бизнисот
  • Брза испорака
  • Ниска вредност на залихите

Постојат различни системи за контрола на залихите, тука ќе презентираме некои од нив.

ABC анализа

ABC анализа веќе е доста обработувана на претприемач. Пишувавме за 80/20 правило кое во управувањето со залихи или материјали е познато како ABC анализа (Always Better Control – Секогаш подобра контрола). Класификација на артикли со ABC методата се врши така што асортиманот (вкупни артикли) се дели на три сегмента. Во првиот сегмент А се артикли кои се процентуално најмалку застапени да речеме околу 20 % во вкупниот промет, а носат голем приход на бизнисот, на пример 70%. Во група B, е поголема количински на пример 30 % или вкупно 50%, но во прометот учествува со видливо помал процент на пример 20 % или вкупно 90 %. Група C, може да биде и 50 % или вкупно 100 %, а вредносно само 10 %, да учествува во прометот, односно профитот. Значи ABC анализата се базира на просечна вредност на потрошувачка.

HML анализа

Втор систем кој се користи за контрола на залихите претставува HML анализата (High – Висока, Medium – Средна, Low – Ниска вредност). Овој метод е сличен на ABC анализата со таа разлика што класификацијата на материјалите или производите се врши во однос на вредноста на единица производ наместо на просечна потрошувачка. Така да имаме единици со висока, средна и ниска вредност. Ова се користи за да се контролира куповната вредност на производите. Комбинацијата на ABC анализа и HML анализа ќе ни даде добри резултати зошто ќе ги земеме во предвид потрошувачката и вредноста на залихите.

HML Анализта може да има примена и во класификација на Вашите купувачи. На овој начин ги делите купувачите како:

  • Heavy – Тешки купувачи, кои се најинтензивни купувачи во Вашиот бизнис. Обидете се да ги задржите преку наградување, посебен третман, разни повластици итн.
  • Medium – Просечни купувачи, кои се средно интензивни купувачи на Вашите производи и или услуги. Обидете се да ги префрлите во категорија на тешки купувачи преку маркетинг давајќи им можност за посебен ретман доколку преминат во првата категорија.
  • Light – Слаби купувачи, кои се најслабо интензивни во купување. Вашата цел е да ги префрлите во втора па потоа во третата категорија на купувачи.

Доколку ги поделите Вашите потрошувачи или пак залихите на овие категории ќе ја видите сегашната состојба на Вашиот бизнис и насоките кои ќе треба да ги превземете во функција на подобрување на Вашиот бизнис во однос на продажба и во однос на непотребните залихи.

VED класификација

Претходните две методи класификацијата на важноста на производите и материјалите ја изведуваат врз база на просечна потрошувачка (ABC анализа) и вредноста (HML Анализа). Но, и двете методи не ја покажуваат критичноста. Затоа VED класификацијата се изведува врз основа на критичноста која е на функционална основа. Степенот на критичноста се поставува врз основа на тоа дали производите или материјалите се витални за производствениот процес или пак бизнис процесите (доколку се работи за непроизводствен бизнис), дали тие се значајни или пак посакувани. Акронимот VED e добиен согласно Vital – Витални, Essential – Значајни и Desirable – Посакувани. Значи со оваа класификација ќе ги поделите залихите на витални, значајни и пожелни. За производите и материјалите кои спаѓаат во групата V се одржува повисоко ниво на залихи, додека најмало ниво се одржува за оние кои спаѓаат во групата D. Исто така и оваа метода е пожелно да се комбинира со АBC анализа за да се добијат подобри резултати во систем за управување со залихите.

FSN анализа

Последниот систем или алатка за управување на залихи што ќе го претставиме тука е FSN анализата. Досега разгледавме класификации во однос на потрошувачка вредност, во однос на единечна вредност и во однос на критичноста, додека FSN класификацијата се врши во однос на движењето на производите и материјалите низ производствениот или бизнис процесот. Оваа анлиза го разгледува движењето на производите од залихите во магацинот во определен временски период. Производите и материјалите се класифицираат врз основа на потрошувачката и просечно останување на залиха. Така да тука се врши класификација на Fast – Брзо движечки, Slow – Споро движечки и Non – недвижечки производи и материјали. Откако ќе ги класифицираме производите и материјалите на ваков начин потребно е најповеќе залихи да имаме за брзо движечките означени со F додека најмалку да имаме на оние означени со N.

post

Подобрување – последица на грешки

Подобрување како последица на грешки

Подобрување како последица на грешки

Секое големо подобрување се појавува по повторување на грешка. Буквално ништо не се изведува правилно од прв пат. Грешки, повторени грешки, се помагала на патот кон остварувањата. ~ Charles Franklin Kettering

Успехот во бизнисот се остварува само ако вашата компанија е подобра денес од вчера, или пак подобра утре од денес. Подобрување е основа за стекнување на конкурентска предност. Како и да е, од друга страна подобрувањето не може да се појави без причина. Си има свој сопствен извор, или претставува последица на нешто.

Еден извор на подобрување претставува постоење на проблем внатре или надвор од компанијата. Тој проблем бара решение. Решението значи подобрување.

На пример, промена на потребите на пазарот бара промени во производи и/или услуги кои ќе бидат понудени на пазарот. Промените во производот и/или услугата значи и подобрување на тој производ и/или услуга.

Друг извор на подобрување е претходна грешка која го зголемува твоето знаење и доведува до подобрување без да се повтори истата грешка во иднина.

На пример, сте направиле грешка во вашиот бизнис план за потребите на потрошувачите. Веднаш откако ќе откриете дека сте направиле грешка која води до слабо поминување на вашиот производ/услуга ќе го ажурирате вашиот бизнис план.

Управување на мал бизнис претставува процес кој води до знаење како дел од зголемување на бизнис потенцијална енергија. Знаењето може да дојде од различни извори, но најголемиот дел е од сопственото искуство на претприемачот.

Прашања кои мора да се запрашате

Кога се двоумите за нешто, разгледувајте и поставувајте прашања. Кога сте сигурни разгледувајте подлабоко и запрашајте се со уште повеќе прашања. ~ George S. Patton

  • Кои се најголемите промашувања кои ги направивте откако го започнавте бизнисот?
  • Што можете да научите од тие грешки?
  • Кои се реалните причини за тие грешки?
  • Како можете да ги избегнете овие грешки во иднина?
  • Како можете да се подобрите самите себеси и вашиот бизнис врз основа на тие грешки?
  • Што треба да превземете за да се подобрите себеси и вашата компанија?
  • Кога треба да превземете конкретни чекори за да се подобрите самите себеси и вашиот бизнис?
post

Иновација и различни погледи

Иновација

Иновација

Иновација е збор кој континуирано ги следи претприемачите и бизнисите, особено малите бизниси. Иновација е нешто што креира долгорочна вредност за еден бизнис. Иновација е нешто што има висок потенцијал да гарантира успешност. Иновација е нешто што може, но и не мора да значи, да биде забележано од потенцијалните купувачи.

Но, да бидеме реални за момент, многу бизниси пропаднале поради својата иновација. Многу бизниси кои иновирале одлични производи и/или услуги кои биле многу напред пред своето време денес воопшто и не постојат.

Ова е поради фактот што често иновацијата од страна на претприемачите и менаџерите се гледа еднострано. Ова еднострано гледање е поради тоа што за иновација се зема само едно гледиште и тоа најчесто во форма на:

  • Иновација на нов производ. Кога зборуваме за иновација прво нешто што ни доаѓа во умот е иновација на нов производ и/или услуга. Но, иновација на нов производ е креација само на еден подсистем во еден бизнис. Ваквата иновција е важна за секој бизнис, но не може да се стави во категорија на најважни бидејќи не мора да значи дека ќе донесе соодветен успех на севкупниот бизнис.
  • Иновација во производствен процес. Иновација во еден производствен процес е важна бидејќи ќе обезбеди зголемување на ефикасност и ефективност на еден производствен систем, ќе обезбеди намалување на трошоците, ќе ја зголеми продуктивноста… Но, повтроно тука е еден подсистем – производствен систем.

Сето ова е одлично, но сепак недостатсува една покомплетна целина која во пракса се заборава, а тоа е иновација која ќе влијае на севкпната стратегија на бизнисот.

  • Дали тој производ (иновација) ќе креира вредност за купувачите? Основното прашање кое треба секогаш да се постави пред започнување на било каква иновација во бизнисот. Зошто да се вложи енергија и пари за иновација доколку таа не креира видлива вредност во очите на купувачот?
  • Дали тој производствен процес ќе креира производи вредни за потрошувачи и во исто време ќе обезбедува профитабилност за бизнисот? Кога станува збор за производствениот процес, истиот ќе треба да обезбеди две страни – бизнисот преку помали трошоци и купувачот за кого ќе треба да се креира вредност.
  • Дали цената на тој производ е на ниво за кое потрошувачите се спремни да платат? Ова е трето прашање кое мора да се одговори. Можеме да креираме вредност, но во моментов таа вредност да е неодстижна или сеуште непрепознатлива како нешто вредно да се плати одредена сума на пари.
post

Книга: Генерирање на бизнис модел

Книга: Генерирање на бизнис модел

Книга: Генерирање на бизнис модел

Бизнис модел е нешто што јасно и недвосмислено ги дава внатрешните и надворешните врски на еден бизнис. Бизнис модел ви помага јасно и недвосмислено да знаете што вашиот бизнис прави и како тоа го прави. Бизнис модел ги поврзува вашите снабдувачи преку вашиот бизнис со вашите купувачи. Бизнис модел е… најважното нешто за еден бизнис.

Доколку сте редовен читател на претприемач сигурно сте забележале дека сум голем подржувач на бизнис модел како еден елемент кој во многу „лични“ ситуации може да го замени и бизнис планот. Лични го ставив во наводници бидејќи сеуште кај нас преку бизнис модел не можете да комуницирате со инвеститори, банки и други институции кои обезбедуваат средства за малите бизниси.

Во овој пост сакам да претставам една книга насловена како Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur. Книга која можеби ќе го смени начинот на пишување на бизнис книги. Книга која можеби ќе го смени, ако веќе и не го менува начинот на моделирање на бизниси.

Од внатрешноста на книгата…

Книгата е навистина неконвенционална особенопоради тоа што не е напишана онака како што сме научиле да се пишуваат книгите кои обработуваат бизнис проблематика. Составена е од 5 дела:

  • Платна на бизнис моделот. Ова се алатки за дизајнирање, анализирање и опишување на еден бизнис модел. Овој начин на прикажување на бизнис моделот ги опаќа четирите главни подрачја на еден бизнис: потрошувачи, понуда, инфраструктура и финансиска одржливост на бизнисот.
  • „Модели“ на бизнис модели. Во овој дел од книгата авторите презентираат 5 модели од бизнис литературата. Сите модели се опишани преку јазикот на платната од првиот дел на книгата.
  • Дизајн. Овој дел од книгата опфаќа техники кои може да помогнат во дизајнирање на бизнис модели. Објаснети се 6 техники како увид во потрошувачи, идеи, визуелно размислување, прототип, приказни и сценарио.
  • Стратегија. Овој дел од книгата се однесува на реинтерпретација на стратегијата преку призмата на еден бизнис модел. Целта на овој дел е да обезбеди соодветни прашања за стратешка оценка на опкружувањето во кое егзистира постоечки бизнис модел.
  • Процес. Петиот дел од книгата дава еден процес во кој ќе се измиксаат сите претходни елементи за да се дизајнира еден сосема нов и иновативен бизнис модел.

За кого е оваа книга?

Првата корист од оваа книга ја забележувам за врвните менаџерите кои управуваат бизниси и кои се соочуваат секојдневно со ре-размислување за тековниот бизнис модел. Оваа книга ќе им помогне да го погледнат бизнис моделот на компанијата која ја управуваат со еден сосема поедноставен, но комплетен приказ. Оваа книга ќе им даде алатки, техники и процеси за редизајнирање на постоечкиот бизнис модел.

Освен менаџерите, тука се и претприемачите кои се карактеризираат со препознавање на пазарна можност и започнување на нов бизнис или пак развој на нивниот постоечки бизнис. Оваа книга ќе им даде алатки со кои ќе можат да си ги средат сопствените идеи и да ги проверат истите преку дизајн на еден бизнис модел.

И на крај како трета група на луѓе кои би можеле да „профитираат“ од оваа книга се сите бизнис консултанти, кои ќе можат целосно да го променат нивниот концепт на „помагање“ на бизнисите, тргнувајќи од центарот на проблемот па се до најситниот детал за подобрување на еден бизнис.

post

10 Прашања кои треба да ги одговорите пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Се ближи новата година и овој период бара многу работа за претприемачи. Потребна е соодветна подготовка за годината која следува. Се разгледуваат остварувањата и успесите од оваа година. Но, сето тоа е безполезно доколку не се извлечат соодветни заклучоци со кои во новата година ќе влеземе поподготвени и секако подобри.

Искуство од една година водење на бизнис за еден претприемач претставува големо искуство. Затоа, само како еден потсетник за тоа кои прашања како минимум ќе треба да си ги поставите и одговорите во овој период од годината. Сепак, сигурно се подготвувате и за прославата за дочек на новата година.

1. Дали планираното за 2010 го остваривте?

Како претприемач, сигурно 2010-тата година сте ја зпочнале со соодветен план за истата во кој ги имавте поставено целите за 2010 и секако акционен план со потребни постигнувања во бројки (мерливи). Доколку е така, а би требало да биде така, отворете го листот хартија или Excel табела во која се наоѓаат тие планови и планирани постигнувања и споредете ги со актуелните бројки. На пример, една цел е да се оствари приход од 20.000.000 денари за 2010 година. Вистински остварен приход може да биде еднаков, поголем или помал од таа сума. Доколку е поголем или еднаков тогаш вие сте ја оствариле зацртаната цел.

Во тој акционен план означете ги стие активности кои предизвикале за остварување на целта која навистина сте ја оствариле.

2. Она што го остваривте зошто го остваривте?

Откако ги имате означено остварените цели и акциите кои придонеле за нивното остварување веднаш поставете си го прашањето ЗОШТО. Зошто успеав да остварам приход од толку и толку денари, зошто профитабилноста ја зголемив за толку и толку проценти? Зошто…

Кои активности сте ги превзеле за тие успеси?

Ова се значајни прашања бидејќи ќе ви дадат одговор за она што сте го направиле исправно во годинава која што изминува, а што навистина дава добри резултати.

3. Како да ги подобрите процесите кои придонесоа до тоа остварување?

И она што може да се чини како најдобро секогаш може да биде подобрено. Разгледајте ги сите процеси кои придонеле до остварување на поставените бизнис цели и активностите од кои се составени. Размислувајте како да ги подобрите, како да ги повторите за следната година.

4. Она што не го остваривте зошто не го остваривте?

Мора да бидете објективни и да кажете доколку нешто не сте оствариле дека навистина не сте го оствариле. Зошто не е остварено? Дали целите биле поставени превисоко? Дали сте направиле погрешно предвидување за иднината?

Сите овие прашања ќе ви помогнат да ги лоцирате елементите кои претставуваат слабост за Вашиот бизнис.

5. Како да ги елиминирате препреките кои довеле до тоа неостварување на планираното?

Сите препреки кои ви се појавиле на патото во текот на 2010 година и кои довеле до неостварување на некои планирани цели потребно е да ги елиминирате. Ова всушност претставува и подготовка на подобрување за Вашиот бизнис во новата година.

Сето она што како причина за неостварување ќе го одговорите во 4-тото прашање ќе претставуват препреки за кои ќе треб да најдете начин како да ги елиминирате.

6. Што сакате да постигнете во 2011?

И повторно, нов циклус на планирање за нова година кој е пред нас. Што е она што сакате да го постигнете во 2011 година? Бидете специфични со желбите, бидете објективни во согласност со реалните можности и секако барем малку обидете се да ги подобрите бизнис перформансите.

Направете листа на она што сакате да постигнете во 2011 со мерливи индикатори како догодина ова време повторно би си ги поставувале овие прашања.

Не заборавајте во овие планови да ги вклучите и препораките од одговорите во 5-тото прашање.

7. Како планирате да го постигнете тоа во 2011?

Лесно е да се постави цел, но цел без конкретни акциони чекори кои во пракса ќе се спроведат и кои треба да доведат до остварување на таа цел имаат многу послаб потенцијал за вистинско остварување.

Затоа одговорете на оваа прашање преку изготвување на конкретна листа на чекори за секоја поставена цел.

8. Дали се подготвени процесите за тие постигнувања во 2011?

Без бизнис процеси тешко дека може да оствари било што во бизнисот. Затоа, уште сега проверете дали ги имате изградено и воспоставено сите бизнис процеси кои ќе ви бидат потребни за реализирање на целите за 2011. Доколку нешто недостасува, поправете го или вклучете го во планот за 2011 како нешто што ќе треба да се направи.

9. Што ќе подобрите во 2011?

Од досегашните прашања веќе можевте да забележите големи можности за подобрувања. Излистајте ги сите и ставете ги на хартија за да не се заборави, и секако за да имаат поголема тежина.

10. Како ќе го подобрите тоа во 2011?

И секако 10-тото прашање е како да ги подобрите сите идентификувани можности за подобрување од 9-тото прашање.

post

6 Причини за следење на трендови околу Вашиот бизнис

Трендови - 6 причини за следење

Трендови - 6 причини за следење

Успешни претприемачи знаат како да ги следат трендовите во подрачјето на нивниот биснис. Постојат луѓе кои креираат трендови и секако луѓе кои ги разбираат трендовите. Остатокот се луѓе кои ниту креираат ниту следат трендови. Истото е и кај бизнисите, постојат:

  • бизниси кои креираат трендови
  • бизниси кои ги следат трендовите
  • бизниси кои ниту креираат ниту следат трендови.

Што сакате вашата компанија да биде? Следач или лидер?

Последните од 3-те бизниси набргу ќе бидат избришани од мапата на успешни бизниси.

Интересно е да се забележи дека бизнисите сами не можат да креираат жешки трендови. Тие мора да ги разберат потрошувачите и нивните потреби за да креираат тренд кој ќе ги направи лидери на пазарот. Од друга страна не можеме да бидеме само во една од првите две групи (креирање и следење). Успехот бара соодветен микс на креирање и следење на трендови. Ова е еден процес кој никогаш не завршува.

Во следните параграфи ќе прочитате за 6 причини зошто мора да ги следите трендовите околу вашата компанија.

1. Трендовите ќе ви помогнат за подобро предвидување.

Предвидувањето е секојдневна задача за секој претприемач. Доколку ги разберете рендовите, предвидувањето ќе биде изведено подобро и поедноставно од Ваша страна.

2. Трендовите ќе ви кажат што се случува сега и што ќе се случи утре

Врз основа на тековните трендови ќе можеме да откриеме нешто што ќе се случува во иднина.

3. Трендовите ќе ви помогнат да станете лидер, а не следач

Следење на трендови и нивната имплементација во Вашата компанија ќе ве направат лидер, не следач. Можеби во иднината Вие и Вашиот бизнис ќе станете и креатори на трендовите.

4. Трендовите ќе ви помогнат да дојдете до подобри бизнис идеи

Познавањето на рендовите ќе ви овозможи да дојдете до подобри и поквалитетни бизнис идеи.

5. Трендовите ќе ви ги покажат најважните рани предупредувања

Трендовите се екстремно сигурни извори на промени. Тие ќе ви дадат рани предупредувања за тоа што е добро а што лошо во Вашиот бизнис. Доколку ги забележите, ќе ви помогнат да креирате вреден систем за откривање на изворите на организациските промени.

6. Трендовите ќе ви кажат што мора да подобрите во бизнисот

Се што не е компатибилно со тековните и идните трендови во Вашата компанија мора да биде подобрено.

post

ABC Анализа – 80/20 правило

80/20 правило - ABC анализа

ABC Анализа - 80/20 правило

ABC – анализа дава брз и едноставен преглед на асортиманот во еден малопродажен објект или големопродажен бизнис. Но, може да се користи и во сите подрачја на вашиот бизнис кога треба да донесете одлуки за залихите, асортиманот на производите, маркетинг техники, бизнис процеси, трошоци итн. ABC анализата обезбедува механизми за идентификување на предмети кои имаат значително влијание на севкупните трошоци на залихи и која ќе обезбеди идентификување на категории на залихи кои ќе бараат различен менаџмент и контрола. Слична анализа на ABC анализата е правилото 80/20 кое уште е наречено Парето принцип. Овој принцип се заснива на тоа дека 80% од ефектите доаѓаат од 20% на причини (активности). Ова правило вели дека 80% од вашата продажба доаѓа од 20% од вашите клиенти.

Во секој малопродажен објект, па и во големопродажен бизнис постојат артикли кои не се еднакви по својата вредност. Некои артикли се повеќе барани, на некои артикли повеќе се заработува, додека некои артикли морат да се држат заради комплетирањето на асортиманот. Значи сите артикли се разликуваат по однос на прометот, вредноста, значењето и слично. Бидејки залихите носат лоша конотација и секој настојува да ја намали количината на залихите односно да ги држи на оптимално ниво (негативности кои носат залихи може да се видат во нашиот текст за залихите), со оваа метода јасно и прегледно можат да се согледа вкупниот асортиман и неговото значење за вкупниот промет и вкупниот приход. Тука треба да разликуваме две работи, првата работа е колкав приход ни носи одредениот артикл, а друго колку е баран односно колкав обрт ни носи одредениот артикл. Бидејки некои артикли повеќе се продаваат но носат помал приход, но затоа обрт на обртните средства е поголем па и заработка е поголема, а можеби купувачите доаѓат најповеќе поради тој артикл (во колонијал тоа е леб, млеко…, во авто делови тоа се делови за ремонт, масло, свеќици, акумулатори, гуми… па ќе купат и уште нешто со тоа и приходот ќе биде поголем). Заради тоа може да се направат две табели во кои во едната ќе се анализира Асортиман (бројот на артикли) во однос на вкупниот приход и втора каде би се анализирало Асортиманот (бројот на артикли) наспроти вкупниот промет. Па да се искомбинират двете величини за да се согледа реална состојба и да се избере варијантата која ги максимизира резултатите и со која ќе се постигне поголем успех во работењето.

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот промет

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот промет

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот приход

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот приход

Класификација на производи со ABC методата се врши така што асортиманот (вкупно производи) се дели на три сегмента.

Во првиот сегмент А се производи кои се процентуално најмалку застапени да речеме околу 20 % во вкупниот промет, а носат најголем приход на продавницата, на пример 70%.

Во група B, е поголема количински на пример 30 % или вкупно 50%, но во прометот учествува со видливо помал процент на пример 20 % или вкупно 90 %.

Група C, може да биде и 50 % или вкупно 100 %, а вредносно само 10 %, да учествува во приходот или пак профитот.

Овие проценти се земени произволно и ориентационо, ништо не пречи доколку тој сооднос биде блиску до зададената вредност.

Врз база на добиените вредности од ова анализа се врши понатамошна набавка на асортиманот.

За ова може да се направи и компјутерски програм кој ќе работи врз зададените параметри и ќе црта табели и со кои ќе овозможи полесен и попрегледен увид. Можете и да користите MS Excel за спроведување на анализава:

Доколку дојде до промена на асортиманот, под истите услови се прават други табели и процедурата е сосема иста.

Оваа анализа некои ја викаат и како 80/20 правило. Правилото 80/20 или Парето принцип е сугерирано од експертот за бизнис менаџмент Joseph Juran и го крстил по италијанскиот економист Vilfredo Pareto кој вели дека 80% од приходот во Италија оди кај 20% на луѓе. Ова правило вели дека:

  • 20% од вашите активности носат 80% од вашиот приход. Дали треба да ги имате останатите 80% од активностите.
  • 20% од вашите купувачи ви носат 80% од вашиот приход. Насочете се кон задржување на тие 20%.
  • 20% од вашите производи ви носат 80% од вашиот приход. Елиминирајте ги производите кои не ви носат приход и вложете во оние кои носат.
  • 20% од вашите вработени обезбедуваат 80% од успех на вашиот бизнис. Дали треба да ги држите останатите 80% од вашите вработени.
  • 20% од вашите маркетинг активности ви носат 80% од потрошувачи. Елиминирајте ги активностите кои не ви носат потрошувачи, насочете се на продуктивните 20% од активности.
  • 20% од вашите потрошени пари носат 80% од приход. Остатокот од 80% од вашите потрошени пари можете да ги рагледате како можен трошок.
  • итн.

80/20 стапката е круцијална за развој и зголемување на перформансите на вашиот бизнис. Уверете се со тоа што ќе започнете да ги разгледувате работите со овој принцип. Ова не е единствена примена, можете да ја примените и во вашиот личен живот за да го направите поквалитетен вашиот живот.

post

Оптимални залихи: предности

Оптимални залихи

Оптимални залихи

Во претходните текстови за залихите наведовме дека тие се многу значајни за малите бизниси. Во првиот текст: Залихи зло без кое не се може или се може го опишавме значењето на поимот залихи, заклучивме дека тие мора да се управуваат, а управувањето може да се изврши на повеќе начини (еден од тие е ABC анализа или 80/20 правило). Во истиот текст заклучивме дека залихите претставуваат некое зло без кое се може, но во исто време и нешто без кое не се може. Токму затоа управувањето со залихите е една важна компонента во водењето на бизнисите, а особено за малите каде постојат ограничени финансиски ресусри.

Во вториот текст од серијалот за залихи: Залихи – како да ги управуваме претставивме еден едноставен модел на системот за контрола и управување на залихите кој овозможува постојано подобрување на нивото на залихите во претпријатијата.

Но, зошто сето ова?

Дали вреди трудот вложен во систем за управување со залихите?

Што ќе добие претприемачот со примена на ваков систем за управување со залихите?

Ова се прашања кои се поставуваат од страна на претприемачите пред започнување на примена на системот за контрола на залихите.

Што претставува оптимално ниво на залихи?

Во едно претпријатие залихите можат да бидат преголеми, премали или оптимални. Целта на системот за управување со залихи е тие да се одржуваат на оптимално ниво.

Оптимално ниво на залихи е таа количина на залихи која ќе ја имаме и која ќе биде најекономична (со најмалку трошоци), а од друга страна ќе обезбеди непречено функционирање на работата на бизнисот.

Пристапот за согледување на предностите ќе го претставиме преку недостатоци на преголемите и премалите залихи, за да можеме на крајот да ги согледаме предностите на оптималното ниво на залихите.

Недостатоци на преголеми залихи

Доколку не водиме сметка за залихите ќе гледаме секогаш во магацинот да имаме стока на залиха, а се со цел да не се случи да снемаме во моментот кога ќе примиме нарачка или кога ќе влезе потрошувачот да побара да купи некој од производите што ги продаваме. Во такви ситуации претприемачите од око ги следат залихите во магацинот и доколку магацинот е полн, тогаш е ОК. Кога се намалува веднаш се тргнува со набавка за дополнување. Но, што значат преголеми залихи?

Преголеми залихи значат:

  • Зголемени трошоци во форма на данок. За секоја набавена стока вие плаќате ДДВ. ДДВ-то ќе го повратите кога ќе ја продадете стоката. Значи Вашиот бизнис непотребно го финансира државниот буџет. Можеби ќе ги продадете веднаш, но можеби по 2,3, 6 месеци. Значи 6 месеци вие ќе имате заробено пари (18%) од вредноста на стоката во форма на платен ДДВ. Доколку вредноста на стоката е 100.000 денари тоа ќе бидат 18.000 денари заробени пари.
  • Непотребно блокирање на капитал. За секоја набавена стока вие му плаќате на вашиот снабдувач (добавувач). Значи вашиот бизнис непотребно го финансира вашиот снабдувач со плаќање на стока која ќе стои во Вашиот магацин се додека не се продаде. Доколку вашите залихи опфаќат период од 6 месеци продажба вие 6 месеци однапред имате врзано пари кај вашиот снабдувач.
  • Магацин. За поголемо ниво на залихи ќе морате да имате поголем магацински простор. Поголемиот магацинси простор бара повеќе пари за одржување. Доколку изнајмувате ќе треба да платите повеќе. Сето ова ќе ги зголеми трошоците на вашиот бизнис.
  • Осигурување. За поголеми залихи и ризикот од некоја штета е поголем. За да го намалите ризикот ќе го осигурате вашиот магацин. Осигурувањето е поскапо за поголема вредност на стоката која се наоѓа во вашиот магацин.
  • Застарување. За голем број на стоки постои опасност од застарување. Ова посебно се однесува за сезонски стоки. Доколку не се продадат во период на сезона остануваат за наредна година. На ваков начин ќе имате заробено пари во стока која цела година нема да ја продадете и ќе постои можност наредната сезона таа стока да е веќе застарена и да ја продавате по пониска цена. Дали ќе ги извадите трошоците за таквите производи?

Недостатоци на премали залихи

Втор екстремен случај е кога се работи со премногу мали залихи.

Што значат премали залихи за претприемачите?

Премалку залихи значат:

  • Премногу нарачки. На ваков начин Вие како претприемач ќе мора да имате повеќе нарачки во кратки временски интервали. Ова значи зголемени трошоци за комуникација со вашите снабдувачи.
  • Губење на потрошувачи. Доколку некој нарача или пак дојде во вашиот продажен објект, а вие не можете да му ги обезбедите навремено производите што тој ги бара, можете да го изгубите како Ваѓ потрошувач бидејќи ќе отиде кај вашата конкуренција за да си ја задоволи сопствената потреба.
  • Губење на количински попусти. Голем број на ваши снабдувачи овозможуваат одредени попусти кои се поврзани со количината која ја нарачувате. Кога нарачувате почесто во помали количини нема да ги имате попустите што ги дава вашиот снабдувач.
  • Поголеми трошоци за транспорт. Имате мала количина на стока, а транспортот изразен во пари е ист и за мала количина и за поголема количина. На пример транспортот од А до Б чини 1000 денари. Кога ќе нарачате 1000 парчиња транспортот во цената на производот влегува со 1 денар. Но, кога ќе нарачате 100 парчиња, транспортот во цената на производот влегува со 10 денари. Што секако е многу.

Предности на оптимални залихи

Кои ќе бидат предностите од оптимално ниво на залихи што ќе се добијат со соодветен систем за управување со залихи?

Оптималните залихи ги имаат следниве предности:

  • Помалку врзани пари во данок
  • Помалку врзани пари кај снабдувачи
  • Помали трошоци за магацин
  • Помали трошоци за осигурување
  • Помала веројатност за застарување на производите што ги имате на залиха
  • Оптимално ниво на нарачки и постојано подобрување на времетраењето на нарачките
  • Нема да се изгубат потрошувачите бидејќи во секој момент ќе биде задоволена нивната потреба
  • Добивање на количински попусти
  • Помали транспортни трошоци

Последно но и најважно, преголеми залихи ги прекриваат проблемите во другита аспекти на бизнисот. На пример, преголеми залихи го покриваат проблемот во системот на набавка (синџирот на набавка), го покриваат проблемот со шкарт кај производствените претпријатија. Со оптимално ниво на залихи ќе се овозможи овие проблеми да излезат на вделина и да се решаваат, а од друга страна овозможува постојано подобрување на севкупните бизнис процеси. Ова во научната литература најчесто се опишува во вид на езеро со вода, при што кога езерото е полно (вода претставува залихи) ги прекрива гребените кои претставуваат проблеми.

Залихи - Сокриени проблеми

Залихи - Сокриени проблеми