Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Google Places и бизнисите во Македонија

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Во вторник го објавив постот за 95-тото маркетинг средство на претприемач – Google Places и додека го пишував забележав некои интересни елементи кога станува збор за бизнисите во Македонија.

Апликацијата Places за iPhone е одлична, но без присуство на бизнисите на листингот на местата на Google Places мала корист ќе има било кој од овој сервис.

Почеток на апликацијата Google Places

Почеток на апликацијата Google Places

Кога ќе се отвори апликацијата дава почетна страница за да го пребаруваш она што можеби најчесто би ти затребало во еден таков момент. Всушност може секогаш да се додаде некое пребарување на дополнителни места. Така, по дифолт со еден клик можеш да пребаруваш за:

  • Ресторани
  • Кафетерии
  • Барови
  • Банкомати
  • Бензиски пумпи
  • Хотели
  • Атракции (меморијални центри, музеи, споменици на културата…)
  • Пицерии и
  • Пошти.

Се забележува горе дека пребарувањето ќе се врши врз основа на тоа на која улица се наоѓам во моментов. Во случајов се наоѓам во мојот дом кој е на улица Илинденска во Куманово.

Апликација Google Places - ресторани

Апликација Google Places - ресторани

Кога отворам за ресторани, иако има во мојата непосредна близина 2 ресторани, еден веднаш залепен до мојата куќа и еден на 20 метри погоре од мојата куќа, и уште неколку во соседните улици апликацијата не ми дава ниеден ресторан во Куманово во мојата близина.

Од друга страна како најблиски ресторани излегуваат ресторани од друг град – Скопје. Браво за бизнисите во угостителската дејност од Скопје. Што ќе се случи доколку некој од Скопје или било кој друг град се наоѓа во центарот на Куманово и побара листинг на Google Places за да одлучи каде да јаде. Нормално, нема да најде бидејќи сопствениците не го поставиле на Google Places. Затоа, претприемачите мора да го внесат нивниот бизнис во овој свет, бидејќи не е рано, овие алатки се во нашите раце и ги користиме.

Истото се случува и со барови и кафетерии во Куманово. Барем така апликацијата покажува, се надевам дека не е проблем несоодветно пополнување на податоци – адреса или категорија на бизнисот.

Апликација Google Places - Банкомати

Апликација Google Places - Банкомати

Она што ме заинтересира е и иконата со сликичка на банкомат. Нормално, можеби некогаш ќе се најдам во некој друг град и доколку би имал потреба од банкомат би побарал преку апликацијата да најдам каде најблиску има банкомат на банката која ми ја издала картичката. На мојата улица банкомат има Стопанска Банка АД Скопје. Очекував дека ќе имам некои локации на банкомати. Но, се излажав. Она што уште повеќе ме разочара е што очекував дека доколку нема банкомати во Куманово ќе ги има во Скопје. Но, реалноста е сепак „компир“

Пребарувајќи забележав дека копчињата служат за пребарување на англиски. Така да кај банкоматите апликацијата пребарува за ATMs. Затоа се обидов со рачно пребарување за зборот – банкомат. Тогаш се појавија нашите банки. Прво Стопанска која дава локација во Скопје. Како банкомати вистински локации во Куманово забележав кај Тутунска Банка и Комерцијална Банка.

Би напоменал за уште една интересна работа – бензински станици. Многупати сум се нашол во ситуација кога сум на подолг пат и кога не можам со еден резервоар да стигнам до дестинацијата да ме фаќа нервоза кога да застанам да полнам бензин, има или нема бензинска станица… Со помош на оваа апликација едноставно ќе знам каде во близина има бензинска станица за да дополнам гориво.

Кога кликнав од копчето за бензински станици резултатот беше само една и тоа во Прешево. При пребарување на нашинска верзија на зборот се појавија 4 локации. Но, оние поголемите бензински станици (мислам на Макпетрол и Окта) ги нема.

Од ова мое искуство би сакал да сублимирам неколку препораки и заклучоци:

  • да го има вашиот бизнис на Google Places е вредно за вашиот бизнис.
  • забележувате какво влијание за пронаоѓање на еден бизнис може да има опис и категорија во која тој е поставен. Затоа, добро размислете за сите можни категории и описни зборови. Освен на локален јазик, ставете категории и на англиски или некој друг јазик специфичен за локацијата.
post

Бизнис план – Следење на имплементација

Бизнис план - Следење на реализација

Бизнис план - Следење на реализација

Еден бизнис план не служи за да се каже дека имате бизнис план и тој да ви стои во фиока или на полица каде ќе собира прав. Бизнис планот не е нешто што е непроменливо. Запомнете едно нешто, светот на бизнисот е променлив свет, па така и вашиот бизнис е променлив, а со тоа и вашиот бизнис план спаѓа во променлива категорија.

Претприемачите се луѓе кои се секогаш полни со идеи. Идеите се тие кои го водат бизнисот напред. Тие идеи можеби не сте ги имале кога сте го подготвувале бизнис планот. А, сите ваши анализи покажуваат дека имплементацијата на идеите ќе го зголеми вашиот успех. Затоа ќе мора да ги внесете во вашиот план и нормално да извршите прилагодување на истиот бидејќи една мала промена во еден дел од бизнис планот може да доведе до крупни промени во останатите (The Tripping Point – How Little Things Can Make a Big Difference).

Не може да се очекува дека планот ќе биде 100% точен и вистинит бидејќи тој во најголем дел се базира на историски податоци, анализи и проценки за иднината. Грешките се можни и оправдани. Затоа, постојано мора да се споредуваат планираните  во однос на остварените бројки. Да се бара разликата. Да се бараат причините за таквата разлика кои би се имплементирале во следниот циклус на планирање. Само на ваков начин ќе се обезбеди континуирано подобрување не само на процесот на планирање во вашиот бизнис туку и на севкупните бизнис процеси.

Но, што е тоа што треба да се споредува во бизнис планот? Еве некои споредбени точки во Вашиот бизнис план на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали минатата година ги исполнив целите кои си ги постави во бизнис планот. Дали тековната работа води кон исполнување на поставените цели? Ова е значајно бидејќи доколку целите не ги исполнувате ќе мора да менувате нешто во самиот процес на работата.
  • Дали имате воведено нови производи кои не се опфатени со Вашиот бизнис план. Дали споредбата на вашите производи во однос на конкурентните е иста како во бизнис планот? Дали имате планови за идни производи кои не сте ги опфатиле со бизнис планот? Производите и/или услугите се тие кои ви носат финансии во вашиот бизнис. Нивното постојано следење е многу важно.
  • Дали движењата на пазарот се токму онакви како што покажува вашата анализа на пазарот во планот? Движењата на пазарот се основа за многу одлуки во однос на вашето работење. Мора да го следите пазарот доколку сакате да останете на него. Инаку, тој едноставно ќе ве отфрли.
  • Дали има крупни промени во индустријата кои не се предвидени во анализата на индустријата во Вашиот бизнис план? Секоја индустрија има посебни карактеристики и движења. На пример, за IT индустријата карактеристика се големи и брзи промени. За да се биде во тренд и во согласност со пазарот мора да се следат движењата во индустријата во која се наоѓате.
  • Дали има или ќе има некои промени во законската регулатива кои би влијаеле на работењето на вашиот бизнис и кои би требало да се имплементираат во самиот план?
  • Имате ли некои промени во Вашата маркетинг стратегија која е опишана во бизнис планот? Како се движат Вашите цени, промоцијата и дистрибуцијата? Вашиот маркетинг, цените, промотивниот материјал и начинот на дистрибуција се променлива категорија. И треба да бидат променливи. Но, какво влијание ќе имаат на продажба, на процесот на работењето, на менаџментот ќе влијае и на планирањето.
  • Дали продажбата се движи како во проекциите во планот? Ова е најважна контролна точка со планот. Од продажбата ќе зависи и рентабилноста, и готовинскиот тек, и видот на маркетингот, вработување… Сето ова се важни елементи на кои се базира Вашиот бизнис план.
  • Има ли промени во однос на маркетинг планот?
  • Дали организациската структура е онаква како што е наведена во планот? Дали работите со истиот менаџерски тим како во планот? Променети ли се плановите за вработување на персонал?
  • Каква е вашата реална рентабилност во однос на планираната?
  • Дали вашата добивка или загуба е во согласност на планот? Продолжувате со ист начин на работа или не?
  • Дали готовинскиот тек се движи како што е опфатено во планот?
  • Дали вашите јаки и слаби страни, како и можности и закани се исти како во планот? Има ли промена во нивното влијание на вашето работење?

Ова се основните елементи кои во текот на годината треба:

  • да се контролираат,
  • да се споредуваат со планот,
  • да се утврдат причините за таквата разлика
  • да се решаваат сите проблеми преку отстранување на негативните разлики (несиполнувањата на планот)

На сликата подолу е даден еден поедноставен дијаграм на текот на активностите при мерење на резултатите и споредбата на оствареното со планираното.

Дијаграм на тек - Следење на бизнис планот

Дијаграм на тек - Следење на бизнис планот

post

Google Places – Маркетинг средство 95

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Стигнавме до 95-то маркетинг средство на претприемач – Google Places. Ова е многу важно маркетинг средство, особено за бизнисите кои функционираат врз основа на локација.

Што е Google Places

Google Places претставува бесплатен сервис на Google кој порано се нарекуваше Local Business Center. Преку овој сервис ви се овозможува да креирате страна за ваш бизнис која во основа ја има географската локација на бизнисот.

Замислете некој кој бара некаква локација преку Google Maps или пак се наоѓа некаде и проверува преку мобилниот телефон да види во кој ресторан да јаде или што се наоѓа во негова близина, а би му помогнало да задоволи некоја сопствена потреба и во тој момент се појави локацијата на Вашиот бизнис со слики, со адреса, контакт телефон, веб сајт, моменталните промоции, како и рангирање и препорака од претходни купувачи (посетители) на Вашиот бизнис.

Особено е важна и денешната можност преку апликацијата Google Places за мобилни телефони да еден потенцијален купувач може да најде било што, што го интересира во околината на локацијата на која се наоѓа во моментот и во исто време да го искаже сопственото искуство со бизнисот кој го нашол и пробал. (Забелешка: Сликите подолу се од апликација за iPhone која во iTunes за Македонија сеуште не е достапна.)

Google Places iPhone апликација

Google Places iPhone апликација

Поволности за вашиот бизнис

Ова е од непроценливо значење за Вашиот бизнис. Но, освен овозможување полесно да биде пронајдена локацијата на Вашиот бизнис Google Places ги овозможува и следниве поволности:

  • Подобро рангирање кога Google ги прикажува локалните резултати од пребарување.
  • Пристап до статистички податоци во однос на локацијата на Вашиот бизнис како што се колку пати е видено местото како и интеракцијата со местото.
  • Можност за прилагодување на страната со дополнителни слики и видео од YouTube.
  • Можност за поставување на промотивни и попустни купони директно преку страната на Places.

Поставување на Вашиот бизнис на Google Places

Овој процес е едноставен и може да се изведе во неколку чекори:

Чекор 1: Влезете во сервисот со помош на вашиот Google Account

Одете на страната на Google Places каде ќе ви биде побарано да се поврзете со вашиот Google Account или пак доколку немате да креирате нов.

Google Places - Чекор 1

Google Places - Чекор 1

Чекор 2: Додавање на вашиот бизнис

Откако успешно ќе се поврзете ќе треба да го додадете Вашиот бизнис. Кога го пишувам овој пост системот прво прашува да внесете телефонски број на бизнисот за да провери дали бизнисот е веќе додаден на сервисот.

Google Places - Чекор 2: Проверка дали бизнисот веќе е внесен

Google Places - Чекор 2: Проверка дали бизнисот веќе е внесен

Откако системот ќе провери што има за тој телефонски број ќе покаже листа на бизниси поврзани со него. Доколку го нема ќе треба да кликнете на копчето Додај по што ќе се отвори страната каде ќе треба да ги внесете податоците за бизнисот.

Google Places - Чекор 2: Пополнување на податоци за бизнисот

Google Places - Чекор 2: Пополнување на податоци за бизнисот

Кога пополнувате внимавајте на следниве елементи:

  • Сите податоци да бидат точни онакви како што се.
  • Доколку на мапата се појавува грешка поправете ја. Забележувате под мапата дека имате линк за Fix incorrect market location.
  • Доколку имате веб сајт внесете го.
  • Ставете слики колку што можете подескриптивни и кои ја прикажуваат вашата локација на еден примамлив начин.
  • Внимавајте на категории. Не брзајте и размислете добро во кои категории ќе биде вашиот бизнис.

Откако ќе ги пополните сите податоци кликнете Submit.

Чекор 3: Валидација на локацијата и бизнисот

Сервисот бара секој бизнис да ја валидира вистинитоста на информациите преку валидација. За таа цел ќе добиете телефонски повик на бројот кој што сте го внеле на кој ќе ви биде прочитан кодот за валидација.

Откако ќе го завршите сето тоа, вашиот бизнис веќе се наоѓа на Google Places.

Но, тука вашата задача како претприемач не завршува. Ќе треба да ги ажурирате податоците доколку има некои промени. Поставете различни промотивни и попустни купони. Одговарајте на различните рангирања како позитивни така и негативни. Следете ја статистиката…

post

Книга: Генерирање на бизнис модел

Книга: Генерирање на бизнис модел

Книга: Генерирање на бизнис модел

Бизнис модел е нешто што јасно и недвосмислено ги дава внатрешните и надворешните врски на еден бизнис. Бизнис модел ви помага јасно и недвосмислено да знаете што вашиот бизнис прави и како тоа го прави. Бизнис модел ги поврзува вашите снабдувачи преку вашиот бизнис со вашите купувачи. Бизнис модел е… најважното нешто за еден бизнис.

Доколку сте редовен читател на претприемач сигурно сте забележале дека сум голем подржувач на бизнис модел како еден елемент кој во многу „лични“ ситуации може да го замени и бизнис планот. Лични го ставив во наводници бидејќи сеуште кај нас преку бизнис модел не можете да комуницирате со инвеститори, банки и други институции кои обезбедуваат средства за малите бизниси.

Во овој пост сакам да претставам една книга насловена како Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur. Книга која можеби ќе го смени начинот на пишување на бизнис книги. Книга која можеби ќе го смени, ако веќе и не го менува начинот на моделирање на бизниси.

Од внатрешноста на книгата…

Книгата е навистина неконвенционална особенопоради тоа што не е напишана онака како што сме научиле да се пишуваат книгите кои обработуваат бизнис проблематика. Составена е од 5 дела:

  • Платна на бизнис моделот. Ова се алатки за дизајнирање, анализирање и опишување на еден бизнис модел. Овој начин на прикажување на бизнис моделот ги опаќа четирите главни подрачја на еден бизнис: потрошувачи, понуда, инфраструктура и финансиска одржливост на бизнисот.
  • „Модели“ на бизнис модели. Во овој дел од книгата авторите презентираат 5 модели од бизнис литературата. Сите модели се опишани преку јазикот на платната од првиот дел на книгата.
  • Дизајн. Овој дел од книгата опфаќа техники кои може да помогнат во дизајнирање на бизнис модели. Објаснети се 6 техники како увид во потрошувачи, идеи, визуелно размислување, прототип, приказни и сценарио.
  • Стратегија. Овој дел од книгата се однесува на реинтерпретација на стратегијата преку призмата на еден бизнис модел. Целта на овој дел е да обезбеди соодветни прашања за стратешка оценка на опкружувањето во кое егзистира постоечки бизнис модел.
  • Процес. Петиот дел од книгата дава еден процес во кој ќе се измиксаат сите претходни елементи за да се дизајнира еден сосема нов и иновативен бизнис модел.

За кого е оваа книга?

Првата корист од оваа книга ја забележувам за врвните менаџерите кои управуваат бизниси и кои се соочуваат секојдневно со ре-размислување за тековниот бизнис модел. Оваа книга ќе им помогне да го погледнат бизнис моделот на компанијата која ја управуваат со еден сосема поедноставен, но комплетен приказ. Оваа книга ќе им даде алатки, техники и процеси за редизајнирање на постоечкиот бизнис модел.

Освен менаџерите, тука се и претприемачите кои се карактеризираат со препознавање на пазарна можност и започнување на нов бизнис или пак развој на нивниот постоечки бизнис. Оваа книга ќе им даде алатки со кои ќе можат да си ги средат сопствените идеи и да ги проверат истите преку дизајн на еден бизнис модел.

И на крај како трета група на луѓе кои би можеле да „профитираат“ од оваа книга се сите бизнис консултанти, кои ќе можат целосно да го променат нивниот концепт на „помагање“ на бизнисите, тргнувајќи од центарот на проблемот па се до најситниот детал за подобрување на еден бизнис.

post

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Кога зборуваме за бизнис блог, веднаш ни се јавува слика во нашиот мозок која ни покажува здодевни корпорациски пресови и премногу непознат бизнис жаргон. Како и да е, ова може да биде сменето кога станува збор за твојот бизнис блог со помош на овие 10 чекори.

1. Одлучи кој ќе пишува

Оваа одлука е едноставна. Доколку е можно, секој член на твојот бизнис треба да пишува за бизнис блогот. Секој може да сподели нешто од негово работно искуство. Секој има нешто да сподели од личниот живот. Блогирањето треба да биде дел од вашата стратегија за социјални медиуми, а социјалните медиуми се за секого, не само за една личност.

2. Направи план за темите

Бреинстормирајте ги сите можни теми поврзани со бизнисот и пошироко. Фокусирајте се на вашата индустрија. Бидете фокусирани на вистинскиот интерес на целниот пазар во вашата индустрија. Не се врзувајте само на една тема. Секоја индустрија во поглед на различните интереси мже да се подели на повеќе теми. Секоја од овие главни теми направете ги да бидат категории на вашиот бизнис блог.

3. Што ќе креира вредност за читателите?

Секој пост мора да креира некаков вид на вредност за посетителите. Вредноста е најважниот ингредиент кој мора да биде содржан во вашиот бизнис блог. Одговорете на оваа прашање со неколку опции кои ќе претставуваат вредност за вашите читатели. На ваков начин, вие едноставно ќе можете да го проверите и подобрите секој пост согласно вредноста што тој ќе ја додаде за читателите.

4. Одлучи за содржината

За секој успешен бизнис блог содржинта е круцијална. Како и да е, постои едно прашање: За што ќе пишувате на вашиот бизнис блог? Бреинстормирајте различни извори на идеи за содржина кои можат да бидат прашања од потрошувачите, искуство на потрошувачте, опис на настани, полезности од вашиот и други слични производи… Дојдете од 10 до 20 различни извори на идеи за содржина кои вие и вашиот тим мора да ги следите за да вашиот блог биде свеж и интересен за чтателите.

5. Одлучи за домен името

Тука имаме неколку опции:

  • Користење на некои од бесплатни платформи за блогирање и да имате домен како nasblog.blogger.com, nasblog.wordpress.com, nasblog.typepad.com…
  • Користење на различно домен име во однос на бизнис веб сајтот. Името на блогот повеќе зависи од вашата бизнис тема отколку од името на вашиот бизнис.
  • Користење на домен име како дел од вашиот вебсајт домен  – blog.vasbiznisvebsajt.com, vasbiznisvebsajt.com/blog/.

Секоја од овие опции има свои предности и недостатоци, кои ќе ги дискутираме во некоја друга прилика.

6. Одлучи за објавување

Колку пати неделно ќе го ажурирате блогот? ова прашање е важно и бара јасен одговор. Доколку објавуваме почесто ќе имаме потреба од повеќе ресурси. Од друга страна, повеќе блог потсови значи повеќе инедксирани страни од Google, што пак значи повеќе потенцијални купувачи за твојот бизнис.

Анализирајте ги вашите бизнис потреби и потребите на вашите потрошувачи и донеси одлука за ова прашање.

7. Нека биде со личен карактер

Кога зборувам за личен карактер на блогот, не мислам за пишување за тоа во кој ресторан ќе бидете за вечера, или за случките од годишен одмор. Мислам за поличен карактер внтаре во индустријата или бизнисот. Мислам за вистински случки, искуства или примери поврзани со вашиот бизнис.

8. Обиди се да поттикнеш интеракција

Вашиот блог мора да има место за коментари. Повеќето блогови денес го користат Facebook за да им овозможат на корисниците брзо да се поврзат и остават коментар или да споделат искуство преку делот за коментирање. Напиши прашање, прашај ги читателите, одговарај на коментарите, биди човек… На ваков начин вашиот блог ќе биде повеќе од еден обичен блог, туку одличен извор на информации за вашиот бизнис.

9. Користи приказни

Приказни се нешто што луѓето сакаат да читаат. Приказните се во нас уште од бебешките денови. Секогаш сакаме да слушаме приказни. Тие започнуваат од нашите родители, училиштето, работното место… Ги сакаме приказните бидејќи тие се интересни и и презентирани на еден таков начин ни кажуваат вистинко искуство на кажувачот на приказната.

10. Користи видео

Живееме во време кога не треба да чекаме да станеме голем бизнис за да контактираме професионална маркетинг агенција која ќе креира видео маркетинг кампања или видео материајали како онлајн ресурси на нашиот бизнис.  Вашето видео не мора да биде професионално продуцирано, но мора да донесе вредност за читателите на вашиот блог. Мора да им помогне да ги решат нивните проблеми, да им помогне да донесат одлука, да им помогне да научат нешто…

post

Продажна инка – Подесување

Продажба е нешто што му дава живот на Вашиот бизнис. Вашата продажба овозможува прилив на финансии во бизнисот, а со нив можете да го раснете бизнисот, да обезбедите нормално функционирање на истиот, обезбедувате плата за Вас и Вашите вработени, обезбедувате подобар живот…

Секоја продажба па и Вашата се реализира преку продажна инка. Вие како претприемач и Вашите вработени изведувате многу повеќе активности (или би требале да изведувате) отколку самата продажба. Самата продажба е плод на сите претходни активности. Сите тие активности кои ги изведувате во позадина на продажбата ја формираат вашата продажна инка. Значи вашата продажба (или износот на продажба) зависи од вашата продажна инка. Така, доколку ја подесите продажната инка да функционира беспрекорно и Вашата продажба ќе биде беспрекорна.

Продажна инка

Продажна инка

На сликата е прикажана најпоедноставена продажна инка со нивоата кои се наоѓаат во неа. Значи функционирањето на продажната инка е да се пробуди свеста кај потенцијалните потрошувачи преку маркетинг кампања со што кај дел од нив ќе се јави интерес да го видат производот или услугата, за потоа кај дел од заинтересираните да се јави желба за купување и на крај дел од оние што имаат желба да донесат одлука за купување, односно да преземат акција.

Продажната инка претставува систематски процес на маркетинг преку кој вие ги филтрирате вашите потенцијални потрошувачи во купувачи. Колку повеќе потенцијални потрошувачи имате на влезот на инката, односно кај колку повеќе луѓе ја пробудите свеста во однос на Вашиот бизнис, производ и/или услуга, кај толку повеќе ќе се пројави интерес за она што Вие го нудите. Повеќе во однос на ова моете да прочитате во Најважни мерки на продажна инка.

На пример, преку вашата маркетинг кампања пробудите свест кај 100 потенцијални потрошувачи. Но, сите тие 100 нема да станат купувачи. Некои немаат пари, некои влегуваат едноставно заради информираност, на некои токму во тој момент не им е потребен вашиот производ и/или услуга… Така од 100 потрошувачи само дел ќе пројават интерес за Вашите производи и/или услуги, односно ќе продолжат низ процесот на продажна инка. Но, колкав е тој дел? Тој дел зависи од квалитетот на луѓето кај кои вашата маркетинг кампања пробудила свест. Така може да биде 10%, но може и 1%, или пак 50%, 80%. Затоа доаѓаме до значајноста на вашата маркетинг кампања и насоченоста кон одредена ниша на потенцијални купувачи на истата или поточно високотаргетирана група на потрошувачи. Доколку имаме кај 20% од луѓето кај кои сме пробудиле свест да се заинтересираат ние ќе имаме 20 потенцијални потрошувачи од кои дел ќе пројават желба за купување. Ако кај 30% од оние кои пројавиле интерес се роди желба за купување тоа ќе бидат 6 потенцијални потрошувачи.Тие ќе ве контактираат, ќе влезат во вашиот продажен објект за да видат што точно нудите и како ги задоволувате нивните потреби. Веќе во оваа ниво сте направиле доста. Сте обезбедиле сообраќај во продажната локација. Но, и од овие кои пројавиле желба за купување и кои влегле во Вашиот продажен објект или го контактиреле Вашиот продажен тим само дел ќе донесат одлука за купување. Повтроно доаѓате до прашањето колкав е тој дел? Ова во основа зависи веќе од Вашиот продажен тим и од производот и/или услугата кои ги нудите. Ако земеме на пример дека од 6 потенцијални потрошувачи 50% ќе донесат одлука за купување ќе имате 3 вистински купувачи кои ќе купат од Вас.

Значи продажната инка обезбедува од 100 потенцијални потрошувачи само 3 вистински купувачи кои ќе остават пари во Вашиот бизнис. Целта на претприемачите е да овој краен број биде поголем. Да земеме пример со будење на свест кај 1000 потенцијални потрошувачи, а процентот на премин од едно во друго ниво да биде ист како кај претходниот пример. Имаме 1000 потенцијални потрошувачи кај кои ќе се јави интерес кај 200 (20% од 1000), од кои желба ќе се појави кај 60 потенцијални потрошувачи (30% од 200), за на крај одлука за купување да донесат 100 купувачи (50% од 200). Значи со зголемување на бројот на луѓето кај кои се пробудила свеста за вашиот бизнис или производ и/или услуга за 10 пати ќе имате за 16 пати повеќе вистински купувачи од претходниот пример.

Да земеме друг пример. Сте пробудиле свест кај 1000 потенцијални потрошувачи. Маркетинг кампањата е насочена кон вистинската ниша од пазарот и има силен ефект врз потенцијалните потрошувачи. Така интерес ќе пројават 50%, а тоа се 500 потенцијални потрошувачи. Оние кои што пројавиле интерес влегуваат во системот на продажба, им праќате директна пошта, е-mail материјали, ги контактирате телефонски, ги едуцирате за вашите производи и/или услуги… На ваков начин ќе го зголемиме процентот на преминот од нивото заинтересираност во нивото желба од продажната инка на пример да кажеме од 30% на 60%. Значи од 500 заинтересирани 300 (60% од 500) ќе добијат желба за купување. Вашиот продажен тим е одличен и знае да го извлече максимумот од секој кој ќе пројави желба за купување. Вашиот продажен објект е уреден така да инспирира брзи одлуки за купување, локацијата е на вистинското место каде сите влезени во инката поминуваат секојдневно. Вашиот производ и/или услуга е со врвен квалитет и навистина ги задоволува потребите на потрошувачите. На ваков начин, процентот на поминување од нивото желба во нивото одлука или акција за купување го зголемувате да кажеме на 80% и од 500 со желба ќе имате 400 вистински купувачи што е за скоро 67 пати поголем број од првиот пример и за 4 пати поголем од вториот пример. Ова се веќе вистински резултати.

Да сублимираме како дојдовме до вистинските резултати кои обезбедуваат вашиот бизнис да биде во категорија на поуспешни бизниси:

  • Ја зајакнавте вашата маркетинг кампања која наместо кај 100 ќе пробуди свест кај 1000 потенцијални потрошувачи.
  • Ја насочивте вашата маркетинг кампања кај вистинската ниша од пазарот така да го подобривте квалитетот на луѓето кои влегуваат во инката и го зголемивме процентот на пројавување на интерес од 10% на 50%.
  • Продолживте со друг вид на маркетинг кој е повеќе персонализиран и има директен удар кон оние кои пројавиле интерес, така да го зголемивме процентот на пројавување на желба од 30% на 60%.
  • Направивте избор на вистински продажен тим, го уредивте продажниот простор, избравте вистинска локација, го подобривте квалитетот на производот и/или услугата и на ваков начин го зголемивте процентот за донесување на одлука од 50% на 80%.

Процентите се само како пример за тоа како се подесува продажната инка. Тие можат да бидат различни, но клучните фактори кои влијаат и кои треба да се подесат за да се подеси и продажната инка од примеров низ овој пост се:

  • Маркетингот
  • Продажниот тим
  • Продажниот простор
  • Локација
  • Квалитет на производ и/или услуга.

Секако се остава на вашата креативност за тие фактори кои ќе ги изберете за вашиот бизнис.

post

Писмо на CEO на Nokia Stephen Elop до вработените

Nokia - Connecting People

Nokia - Connecting People

Пред некој ден CEO на Nokia, Stephen Elop до вработените испрати писмо кое се толкува како искрена оценка за позициите во која се наоѓа компанијата. Ова писмо во целост го објави Engadget.

Како еден од корисници на производите на оваа компанија до пред една година (користев само Nokia повеќе од 10 години при што ги купував сите најнови телефони кои ќе ги лансираа) се најдов и самиот себеси во приказната. Она што ме заинтересира е не толку проблемите со кои се сочува Nokia туку повеќе еден глас на еден врвен менаџер со кој се обраќа до компанијата и секако причините зошто една толкава искреност од страна на еден врвен менаџер кон сопствените вработени.

Тука ќе презентирам само неколку извaдоци од писмото и ќе ги оставам на англиски јазик заради тоа да не се изгуби автентичноста со некој мој обид за превод. Да погледнеме во некои делови од писмото, кое инаку вреди да се прочита целото.

While competitors poured flames on our market share, what happened at Nokia? We fell behind, we missed big trends, and we lost time. At that time, we thought we were making the right decisions; but, with the benefit of hindsight, we now find ourselves years behind.

The first iPhone shipped in 2007, and we still don’t have a product that is close to their experience. Android came on the scene just over 2 years ago, and this week they took our leadership position in smartphone volumes. Unbelievable.

We have some brilliant sources of innovation inside Nokia, but we are not bringing it to market fast enough. We thought MeeGo would be a platform for winning high-end smartphones. However, at this rate, by the end of 2011, we might have only one MeeGo product in the market.

The battle of devices has now become a war of ecosystems, where ecosystems include not only the hardware and software of the device, but developers, applications, ecommerce, advertising, search, social applications, location-based services, unified communications and many other things. Our competitors aren’t taking our market share with devices; they are taking our market share with an entire ecosystem. This means we’re going to have to decide how we either build, catalyse or join an ecosystem.

This is one of the decisions we need to make. In the meantime, we’ve lost market share, we’ve lost mind share and we’ve lost time.

Nokia, our platform is burning.

Забележувате дека Stephen Elop се обидува да даде една јасна слика за тоа каде се наоѓа компанијата која тој ја води, како и за тоа каде се наоѓа клучната конкуренција. Во писмото се забележуваат и елементи на промена на вредноста која потрошувачите ја бараат од еден производител на мобилни телефони и дека тие се само еден дел од еден посеопфатен екосистем.

Но, она што може да се заклучи е следново:

  • Ќе има крупни промени кај Nokia. Веќе кружат гласини за партнерство помеѓу Microsoft и Nokia. Ова партнерство доколку би се остварило ќе бара крупни промени кај Nokia. Овие промени ќе го опфатат севкупниот бизнис модел на компанијата.
  • Без вработените сите промени кои врвниот менаџмент ќе ги зацрта нема да можат да се остварат за што е свесен и менаџментот на компанијата. Од друга страна свесни се и за тоа дека компанијата сеуште има одредени предности во други сегменти на пазарот што може да го зголеми нивото на отпорот кон промени од страна на вработените. Затоа е логична една ваква реакција.
  • Ова писмо најверојатно претставува одмрзнување на status quo ситуација, оној прв циклус од Levin-Schein-ов модел на организациски промени. Ова е и она што John P. Kotter во неговите книги за промени го нарекува подигање на чувство на ургентност што треба да ги поттикне сите вработени да разговараат дека нешто треба да превземат за проблемите со кои се соочува компанијата.

Ажурирање (11.02.2011)

Сите гласини за партнерство помеѓу Microsoft и Nokia се потврдија денес со објавување на блогот на Nokia.

    post

    Како да подесите Google Mail во Вашиот мал бизнис

    Email преку Google Apps

    Email преку Google Apps

    Во изминатиов период слушав многу различни изјави од различни претприемачи и менаџери како имаат мал простор и мораат секој email да го прочитаат и по постапување да го избришат.

    Слушав и осетив на сопствена кожа дека некои email пораки воопшто не стигаат до крајниот примател бидејќи хостинг компанија најверојатно автоматски ги брише (Ова ми се случи со мојот хостинг провајдер Bravenet).

    Едно решение е со бесплатните понудувачи на услуги како gmail, yahoo, hotmail… Но, тука се работи за мал бизнис кој сака да гради бренд и сака email-от да биде на сопствениот бизнис домен: vaseime@vasakompanija.mk.

    Во претходниот пост пишував како Evernote ме потсети да се префрлам целосно на Google Mail наместо на досегашниот обезбедувач на услуги – мојата хостинг компанија.

    Тука би го презентирал процесот кој би требало да го направите доколку сакате да го извршите трансферот.

    Што ќе ви биде потребно?

    Прво и основно што ќе ви биде потребно е волја, односно да сакате да се префрлите на Google Mail. Понатаму како нешто потребно е време. Треба да оделите 30 минути до еден час од вашето драгоцено време за да го изведете процесот. Можеби за целосно завршување ќе бидат потребни дополнителни неколку часа, но не ваше време туку на Google за да профункционира се како што треба.

    И третото нешто што ќе ви биде потребно е да поседувате сопствен домен, без кој нема да можете да го направите трансферот.

    Процес на подесување

    Процесот на подесување е едноставен и се изведува во неколку чекори:

    Регистрација на Google Apps Standard

    Регистрација на Google Apps Standard

    • Изберете домен име. Имате две опции, да внесете постоечко домен име или да купите ново преку Google. Доколку внесете постоечко домен име Google ќе бара да ја потврдите сопственоста на истото. Има неколку начини за потврда, јас го избрав да аплоадирам фајл кој го добив од Google и да кликнам на Verify.

    Домени на Google Apps

    Домени на Google Apps

    • Конфигурација на MX Records. Звучи страшно, но сепак е едноставно. Потребно е само да пристапите во сметката на вашиот хостинг провајдер или пак до административната конзола на Вашиот домен доколку сте внеле постоечки домен. Доколку пак сте купиле домен преку Google конфигурацијата ќе биде автоматска.
    • Внесување на email акаунти за корисниците. На крај откако се ќе биде конфигурирано ќе треба да ги внесете постоечките корисници со истите email адреси во Google Apps.

    Тоа е се. Но доколку сакате понатаму да имплементирате дополнителни карактеристики и подесувања Google има обезбедено квалитетни How To страни за се што ќе ви биде потребно.

    Еве неколку работи што потоа ќе можете да ги направите:

    • Можете да извршите брендирање и наместо логото на gmail да биде логото на Вашиот бизнис. Истото се однесува и на другите апликации како календар и Google Docs.
    • Можете да го смените пристапното URL на Google со ваше (на пример за да пристапите одите на http://mail.vasbiznis.mk).
    • Moжете да подесите сигурносни сетинзи итн.

    Во секој случај одлично бесплатно решение за мал бизнис до 50 вработени.

    post

    Концепт на еж

    Концепт на еж

    Концепт на еж

    Во светот на животните многу е позната стратешката борба помеѓу лисица и еж.

    Лисицата важи за многу интелигентна и умна која знае да применува различни стратегии за остварување на својата цел. Од друга страна ежот не се смета како некој многу интелигентен, но ежот има само една стратегија која одлично знае да ја искористи во сопствена самоодбрана. Таа стратегија е да ги исправи боцките при што доколку лисицата примени некоја од своите стратегии ќе се повреди и ќе се откаже од тој напад и да се подготви за нова стратегија и нов напад кој завршува со истата успешна стратегија на ежот.

    Ежот знае само еден трик, кој постојано го применува и во најголем број на случаи успева. Наместо да користи или да пробува различни стратегии тој ја користи онаа за која е специјализиран и секако која најдобро ја знае.

    Концепт на еж – основи

    Основите овој концепт ги влече од одличната книгата за менаџмент Good to Great: Why Some Companies Make the Leap… and Others Don’t од авторот Jаmes Collins.

    Во книгата се наведуваат два начини на кои лидерите од врвниот менаџмент ја управуваат компанијата:

    • како еж или
    • како лисица.

    Кој е лисица а кој еж?

    Менаџер или претприемач кој спаѓа во групата на лисица е оној кој:

    • постојано е во некое брзање
    • постојано скока од една во друга бизнис идеја
    • постојано применува нови стратегии
    • постојано е заинтересиран во нови производи и/или услуги

    Од друга страна, менаџер или претприемач кој спаѓа во групата на лисица е оној кој:

    • е поспор но стабилно стапнува на цврста основа
    • секоја одлука ја базира на анализа и она што е најдобро за компанијата
    • не применува идеја за нов производ и/или услуга без да ја провери со пазарот можната успешност
    • применува еден чекор во определен временски период
    • оној кој се концентрира на она што неговата компанија најдобро го знае…

    Се чини дека лисицата е попотребна кај бизнисите, бидејќи има енергија и постојано се обидува да ги подобри работите во бизнисот. Но, сепак заборава едно нешто, да најде во што е најдобар и да го имплементира тоа најдоброто до крај. Менаџерот – лисица нема јасна визија за утрешнината и нема долгорочни цели кои би го воделе бизнисот низ патот на успешноста.

    Концепт на еж – Пресек на три кругови

    Овој концепт се базира на 3 кругови кои се еднакво важни. Концептот извира од пресекот на тие кругови на кои треба да се концентрирате.

    Концепт на еж - 3 кругови

    Концепт на еж - 3 кругови

    Како што може да се забележи од сликата овој коцепт бара одговор на 3 прашања кои заедно ќе го формираат концептот:

    1. Која е твојата пасија? Доколку сте возбудени и имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за вашето започнување на бизнисот, најверојатно е дека ќе имате добра пасија за претприемничката кариера која сте ја избрале.
    2. Во што си најдобар? Одговор на оваа прашање не треба да биде цел, туку изјава на факт (вистина) за тоа во што ти си најдобар.
    3. Што е она што те поттикнува економски? Дали се тоа пари и колку? Дали е поголема слобода? Дали е подобар живот? Ова е оној елемент кој треба да ве води во искористување на претходните два круга од концептот.

    Она каде треба да се сконцентрирате е пресекот на сите 3 кругови, а тоа е:

    Да го работите она во што сте најдобар, и да го работите навистина со една вистинска пасија со цел да ги задоволите вашите потреби.

    post

    Книга: Поумно, побрзо, поефтино – Не здодевни, бесплатни стратегии за маркетинг и промоција на твојот бизнис

    Книга: Smarter, Faster, Cheaper

    Книга: Smarter, Faster, Cheaper

    Маркетингот е променет и сеуште се менува во однос на начинот на пристап до потенцијалните потрошувачи.

    Поумни, побрзи, поефтини наспроти поглупави, поспори и поскапи стратегии за маркетинг и промоција на бизнисот навистина претставува предизвикувачки за читање.

    Како дојдов до оваа книга?

    На Twitter објавив дека започнувам да ја читам книгата Нови правила во маркетингот од David Meerman Scott. Набргу потоа добив директна порака на истата платформа (Twitter) од David Siteman Garland (@TheRiseToTheTop) во која ми вели дека книгата која ја читам е одлична, а можам и да го погледнам интервјуто на неговиот сајт со авторот на книгата која ја читав. Веднаш кликнав на линкот, го погледнав видеото во кое имаше доста корисни совети и му се заблагодарив на David. Додека бев на неговиот сајт забележав дека набргу ќе излезе неговата книга насловена како насловот на овој пост.

    По неколку недели додека преку мобилен телефон разгледував кои нови книги се излезени на Amazon налетав и на овој наслов. Не можев да одолеам бидејќи веќе на некој начин бев запознат со содржината и со авторот, па затоа со неколку кликови Kindle верзијата веќе беше во мојот телефон спремна за читање.

    Како некој од Македонија (Јас) станав купувач и посетител на сајтот The Rise to The Top на David Siteman Garland. Едноставно преку една Twitter директна порака која не продаваше ништо, туку само понудуваше една дополнителна вредност за мене.

    Што доколку пораката гласеше: Драган купи ја мојата книга и линк до Amazon.

    Сигурно дека не би ја купил ниту би ја погледнал, затоа што добивам стотици такви пораки дневно, што преку социјални медиуми, што преку email пораки…

    Ова е само една од стратегиите за кои се зборува во книгата. Стратегија, која очигледно преку мојот пример дава резултати.

    Што претставува книгата?

    Книгата веќе ја ствив во категорија во една од повредните книги во мојата лична колекција од 400 книги. Не затоа што е нешто спектакуларно прикажано, туку затоа што дава вредност, преку примери, лично искуство и искуство на огромен број на експерти и претприемачи кои David ги интервјуирал.

    Книгата обработува тема која е многу актуелна последниве години – градење на препознатлив бренд преку интернет. Од градење на основа на бизнисот на интернет, преку билдање на содржина, споделување на содржина, „промоција на производ“ (во наводници бидејќи не се однесува на онаа традиционалната промоција туку промоција на новото време), комбинација на онлајн со офлајн маркетинг активности… авторот преку практични примери и совети не води низ процесот на градење на присутноста на бизнисот на интернет.

    Неколку извадоци од книгата

    Имам подвлечено (мислам електронски Highlight) многу елементи тука ќе споделам неколку:

    • Денес се потребни многу помалку пари, но повеќе пасија, повеќе личност, повеќе креативност и можност да се постане доверлив извор и лице во од, спротивно од шематскиот буткач на производот.
    • Поглупаво, поспоро, поскапо  претставува начин кој секогаш не учеле: Вие го маркетирате производот.
    • Спротивно на буткање на производот, овој метод се базира на тоа да станете доверлив извор, авторитет, некој кој другите го сакаат и веруваат.
    • Интернетот ви овозможува да зборувате со повеќе луѓе одеднаш и сеуште да постои чувство на интимност.
    • Потребни се три карактеристики за поумен, побрз и поефтин маркетинг: пасија, личност и знаење.

    За кого е оваа книга?

    Секоја книга е за секого кој сака да научи нешто ново, кој сака да навлезе во светот кој го обмислува авторот, кој сака да напредува духовно…

    Но, не е секој за се. Сепак, првенствено оваа книга би ја препорачал на сите претприемачи на мали бизнис. Тоа се луѓето кои треба да започнат да ги применуваат новите стратегии и секако да престанат да ги трошат парите на активности кои се послабо даваат резултати.

    Бидејќи се однесува на маркетинг, оваа книга е одлична и за сите оние кои се занимаваат со маркетинг.

    И секако, книгата е добредојдена за сите менаџери кои на некаков начин се вклучени во донесување на одлуки за маркетингот.