post

CPC – Cost Per Click – Маркетинг средство 71

CPC

CPC

Ова е 71-вото маркетинг средство на претприемач. Во следните неколку маркетинг средства ќе ги објасниме најважните мерки кога станува збор за користење на маркетинг кампањи на интернетот. Еден пример на користење е Google Adwords (кое ќе биде опфатено и како посебно маркетинг средство), бидејќи Google го користи моделот на cost per click (трошоци по клик) за да им наплќа на бизнисите за услуга на рекламирање која претставува PPC – Pay Per Click.

Што претставува CPC

CPC претставува трошок кој еден бизнис го има за привлекување на еден клик кон неговиот веб сајт кога користи плаќање по клик (PPC) маркетинг кампањи.

Многу се збунувачки термините PPC и CPC. Се користат за иста намена и имаат слично значење, едниот плаќање (процес, акција), а вториот трошок (износ, мерка). Едниот се користи од страна на понудувачите на рекламен простор (PPC), додека другиот повеќе се користи од страна на оние кои изнајмуваат рекламен простор на одереден веб сајт. Наједноставно е да се каже следново:

  • PPC е вид на маркетинг кампања
  • CPC е мерка користена во PPC кампањи.

На пример, сакате да имате свој рекламен простор на одреден веб сајт и наместо да плаќате констанна сума на пари по временски период успевате да се договорите со вебмастерот да плаќате 50 денари по еден клик. Во овој случај CPC ќе изнесува 50 денари и доколку имате 100 клика месечно ќе треб да платите 100 х 50 = 5.000,00 денари.

Ова е едноставен случај кога имате една реклама на еден веб сајт. Но, кога станува збор за Google Adwords оваа математика е малку посложена, бидејќи ќе зависи од она што другите го нудат, од различните зборови кои ќе ги опфаќа кампањата и од квалитетот на кампањата (повеќе за ова кога ќе го обработиме оваа маркетинг средство посебно).

Зошто е важно CPC

CPC е основата на она што ќе треба да го платите за една маркетинг кампања од стилот на PPC на интернетот. Преку неа ќе влијаете на вкупните трошоци на оваа маркетинг кампања.

Треба да се напомене дека како мерка не е доволна за една посеопфатна анализа и донесување на вистински одлуки. Сепак во многу случаи ќе треба да се знае точниот модел на работа на изјамувачот на рекламен простор при што влијание ќе имаат и другите мерки како CTR и конверзија на Вашиот веб сајт.

Како посебна важност на ваквите кампањи е тоа што резултатите може да бидат веднаш видливи во однос на привлекување на посетители кон Вашиот веб сајт, а доколку овие кампањи се соодветно дизајнирани ќе се забележи крајниот резултат (она што сакате посетителот да го направи на Вашиот веб сајт).

Подетално за овој вид на маркетинг средства ќе стане збор кога практично ќе го обработиме Google Adwords кампањите (кои најверојатно ќе одат во еден серијал од неколку поста бидејќи нема да може со еден да се опфати целиот систем).

post

Размена на сообраќај – Маркетинг средство 70

Размена на сообраќај

Размена на сообраќај

Размена на сообраќај претставува 70-тото маркетинг средство на претприемач. Се размислував дали да биде оваа маркетинг средство дел од овој серијал од 100 маркетинг средства, особено поради тоа што го тестирав едно 6 месеци пред извесен период, но не забележав некоја огромна корист од него. Сепак, пожелно е да се знае дека постои и дека може да користи. Некои претприемачи го користат и имаат забележано резултати, но сепак не може да се очекуваат чуда.

Што претставува размена на сообраќај?

Размена на сообраќај всушност претставува внесување на Вашиот веб сајт во една мрежа преку обезбедувачот на еден таков сервис. Таквите сервиси функционираат на тој начин што преку нивниот систем вие посетувате други веб сајтови кои се прифатени од нивниот систем и на таков начин добивате поени или пак некакви други мерливи индиктори врз основа на кои на останатите корисници на сервисот ќе им го прикажуваат Вашиот веб сајт.

Ова всушност претставува сурфање од Ваша страна како некој друг би стигнал до Вашиот веб сајт.

На пример, за секој сајт кој сте го прегледале преку нивниот систем добивате 5 поени. За секои 20 поени добивате еден посетител.

Овој пример кажува дека Вие ќе треба да прегледате 4 веб сајтови за да добиете еден посетител. Ваквите сервиси бараат одредено време да проведете на сајтот кој ви го прикажуваат и имаат временски броила, на пример 15, 20, 30 или 40 секунди.

Освен добивање на сообраќај кон Вашиот веб сајт преку сурфање на останатите веб сајтови во системот, овие сервиси живеат преку платен сообраќај. Можете и да платите одредена сума на пари за да добиете кредити за да не мора да проведувате време на прегледување на веб сајтови.

Недостатоци на оваа маркетинг средство

Не би сакал посебно да ги издвојувам предностите бидејќи единствената предност е добивање на сообраќај кон Вашата веб страна. Но, што потоа? Токму тоа што потоа го анализирав 6 месеци и ќе се обидам да го претставам преку недостатоци на оваа маркетинг средство.

  • Воопшто не таргетирани посетители. Иако со мал напор дневно ќе можете да привлечете 200-300 посетители, но тоа се сосема нетаргетирани посетители на Вашиот веб сајт.
  • Мало време на задржување на Вашиот веб сајт. Бидејќи сите едноставно брзаат да прегледаат колку што може повеќе веб сајтови за да стекнат повеќе поени едноставно ретко некој дека ќе остане подолго од она што го бара системот. Така да ако во тие 10-20 секунди не успеете да привлечете внимание посетата нема да ви вреди.
  • Потребно време. Доколку сакате да добиете посетители без да инвестирате пари (платежна размена на сообраќај) ќе бара да одвоите еден до два часа дневно, што сметам дека е подобро да го инвестирате во сопствена содржина и на природен начин да привлечете високотаргетирани посетители.

Процес на користење на оваа маркетинг средство

  • Изберете неколку сервиси. Пребарајте на Google и изберете неколку понудувачи на вакви сервиси. Целта е да пронајдете сервис кој најмногу ќе одговара и кои ќе можете да ги споредите кога ќе ги анализирате резултатите.
  • Регистрирајте го Вашиот веб сајт. Изберете веб страна која би го зголемила потенцијалот за побрза конверзија затоа што тука имате само 10-20 секунди за да биде забележано нешто од страна на луѓе кои воопшто не се сконцентрирани (бидејќи сите се сконцентрирани само на копчето за преглед на друг веб сајт).
  • Сурфајте или платете. Имате две опции да сурфате за поени (сообраќај) или да платите.
  • Анализирајте. Анализирајте го времето поминато и однесувањето на секој посетител испратен од тој веб сајт (провајдерот на сервисот). Доколку анализата ви кжува дека е бесполезно, едноставно прекинете да го користите тој сервис побарајте некој друг.
post

Аутореспондер – Маркетинг средство 69

Аутореспондер

Аутореспондер

Аутореспондер претставува 69-то маркетинг средство на претприемач. Оваа маркетинг средство е пожелно за секој бизнис кој има сопствена онлајн презентација преку веб сајт или пак блог. Аутореспондерот е тој кој ќе се грижи за e-mail маркетингот и за комуникација и испраќање на навремена информација на потенцијалните купувачи. Досега на неколку места (низ неколку постови) беше споменат аутореспондерот и секако неговото значење.

Би сакал да напоменам дека е од особена значајност да се пристапи доста внимателно при ибор на провајдерот и користењето на оваа маркетинг средство.

Што претставува аутореспондер?

Аутореспондер или во буквален превод автоматски одговарач претставува компјутерски програм кој се користи автоматски да одговара на e-mail-ови пратени на него. Големо користење наоѓа во интернет маркетингот или поточно е-маил маркетингот за праќање на меилови до потенцијални потрошувачи. Всушност функционирањето е на тој начин што еден посетител пополнува форма на Вашиот веб сајт или пак блог и влегува во системот на автоматски генерирани е-мелови по претходно определена секвенца од Ваша страна.

Во суштина аутореспондер е првата порака во таа низа на пораки, но и некои и останатите пораки ги нарекуваат исто иако повеќе се нарекуваат како follow ups – оние кои следуваат и кои се подесени во определена временска рамка.

Повеќе дефиниции за атуреспондер можете да прочитате тука.

Која е целта на аутореспондер како маркетинг срество?

Од креативноста на претприемачот и видот на бизнисот со кој оперира ќе зависи и целта на еден аутореспондер. Постојат различни начини на користење на истиот. На пример еден салон за убавина може да праќа секвенцијално информации за попусти до своите тековни потрошувачи. Може да испраќа едукативен материјал за одржување на убавината. Може да испраќа информации за нови производи и/или услуги кои ги нуди. Нема ограничувања, се е до креативноста.

Но, кога би требало да ги издвојам главните цели на еден аутореспондер како маркетинг средство би ги издвоил следниве 5:

  1. Креирање на лојалност
  2. Градење на доверба
  3. Комуникација
  4. Информирање
  5. Промовирање

Како може да се дизајнира аутореспондер?

Како што веќе потенцирав самиот дизајн на аутореспондерот ќе зависи од Вашата креативност, она што го сакаат Вашите потенцијални купувачи и секако бизнисот во кој што се наоѓате. Со одредени провајдери на вакви услуги како Aweber и Getresponse (овие два ги спомнувам бидејќи сум ги користел или уште ги користам нивните професионални услуги) имате визард кој ве води низ процесот на креирање на еден аутореспондер за Вашиот бизнис. Но сепак вие самите треба да го дизајнирате во поглед на минимум следниве елементи:

  • Што да содржи првата (аутореспондер) порака?
  • На колкав временски период да одат следните пораки?
  • Која да биде содржината на следните пораки?
  • Каква понуда ќе биде во истите?

Во моментов подготвувам редизајн на билтените на претприемач па затоа можам да го презентирам делот од првиот mind map на овој редизајн.

Дизајн на атутореспондер v.2.0 на претприемач

На оваа слика недостатсува уште еден елемент кој е наречен како разно. Ајде да ги дообјаснам овие елементи:

  • Добредојде e-mail. Ова е првиот e-mail откако некој ќе се регистрира за билтени. Во него ќе има кратко објаснување за тоа што ги очекува луѓето како и линкови за симнување на бизнис темплејти.
  • 10 видео материјали. Ова е посебна тема која ќе содржи 10 видео материјали за тоа како до веб презентација за Вашиот бизнис. Овој е-mail ќе следува еден ден по првиот е-mail.
  • 2-неделни ажурирања. Секои две недели ќе оди еден е-мail за последните 12 написи на претприемач. Целта е секој оној кој нема можност секојдневно да не следи да има можност да ги види насловите и ако нешто смета дека треба да прочита да прочита.
  • Едукативни теми. Ова е сосема нов концепт на претприемач. Наместо досегашните pdf материјали ќе има 8 едукативни теми од областа на претприемништвото и за секој месец по една. Што значи дека од овој елемент на аутореспондер во наредните 8 месеци ќе се испраќа по еден е-mail со едукативни теми преку линкови до најдобрите постови до претприемач и совети за водење на Вашиот бизнис.
  • Разно. Овој елемент нема подесена секвенца туку ќе се користи за испраќање на информации или линк до одредени анкети кои ќе ги спроведуваме. Секако и попусти на сите наши идни услуги (до крајот на годината ќе стартуваме со минимум две).

Значи ова ќе биде еден аутореспондер подесен за претприемач, Вие ќе треба да направите mind map за Вашиот.

Зошто професионален аутореспондер?

Користете професионален аутореспондер со кој ќе го подесите Вашиот е-mail маркетинг да функционира беспрекорно. Не користете бесплатни или пак скрипти кои се генерираат преку Ваш сервер за бизнис цели. Како водечки компании кои ја нудат оваа услуга а кои сум ги користел или сеуште ги користам се Aweber и Getresponse. Getresponse веќе не го користам, но не заради нивната услуга туку едноставно не успеавме да се договориме со нивниот супорт тим за да го сменат името на нашата земја.

Аутореспондерот може да биде суштинскиот елемент на Вашиот бизнис. Затоа не е потребно играње со суштинските бизнис елементи.

Еве само неколку причини зошто за бизнис цели да користите професионален аутореспондер:

  • Сигурност. Професионалните аутореспондери гарантираат сигурност дека Вашата порака ќе биде испратена онаму каде што треба да биде испратена. Тие имаат долгогодишно искуство со сите најголеми ISP за да обезбедат дека Вашата е-мail порака не е нешто што другата страна не го побарала.
  • Аналитика. Професионалните аутореспондери овозможуваат квалитетна аналитика на Вашите mail-ови во поглед на отварање, кликови, симнување… Со помош на квалитетна аналитика ќе можете да ја прилагодувате Вашата кампања.
  • Подршка. Кога станува збор за професионално не може да се заборави иподршката која се добива. Со гореспоменатите компании комуницирав неколку пати и истиот ден добивав одговор и решение на било кој мој проблем.
  • Алатки. Голем број на алатки кои овозможуват едноставна креација и на техничкиот дел од користење на аутореспондер како маркетинг средство.
  • Автоматизација. Во многу делови еден аутореспондер е автоматизиран. На пример, многу луѓе од незнаење (заборавиле дека два пати потврдиле дека сакаат да бидат дел од Вашиот аутореспондер) ја окарактеризираат Вашата е-mail порака како spam аутореспондерот автоматски ќе ги исклучи од Вашата листа така да нема да морате Вие самите да го правите тоа. Иако секој може во секој момент да направи unsubscribe сепак незнаењето е најголемата болест, затоа Вашиот провајдер ќе го реши тоа место Вас.

И за крај само уште една препорака:

Секогаш користете Double Opt-in (двојна потврда) за регистрација. Можеби е потешко, но сепак посигурно.

post

Размена на банери – Маркетинг средство 68

Полека, но сигурно се ближиме до таргетот од 100 маркетинг средства на претприемач. До крајот на оваа година се надевам дека ќе ја имаме листата од сите 100 маркетинг средства. За оваа недела, како 68-мо маркетинг средство е размена на банери.

Што претставува размена на веб банери?

Како 64-то маркетинг средство на претприемач ги разработивме веб банерите што всушност претставуваше одкупување на рекламен простор во вид на банер на друг веб сајт. Во овој случај состојбата е малку поинаку. Вие не плаќате со пари за тој веб простор туку со ист рекламен простор во вид на банер на Вашиот веб сајт.

Така да за размена на банери може да се каже дека претставува:

Процес во кој администратори на 2 веб сајта се договараат да размент банери при што администраторот на другиот веб сајт го поставува Вашиот банер, додека Вашиот администратор го поставува банерот на тој друг веб сајт.

Вообичаено во вакви ситуации се користи и принципот на реципроцитет во однос на позициите и димензиите на банерот или пак доколку еден од веб сајтовите е послаб во однос на посетеност обезбедува преговарачка предност на другиот.

Во секој случај оваа размена функционира на ист начин како и кај размена на линкови, како на сликата подолу.

Размена на банери

Размена на веб банери

На што треба да се внимава?

Во голем дел од она што важи за размена на линкови би важело и тука, само со додавање на уште некои елементи. Така да внимавајте на:

  1. Избор на вистински веб сајт за размена на банери. Секогаш тежнејте да правите размена со веб сајтови кои се барем на Ваше ниво по посетеност и авторитет.
  2. Следење дали банерот е сеуште тука.
  3. Анализа и мерење на успешноста од размената.
  4. Дизајн на банерот кој треба да привлече внимание, ќе прати кратка и јасна порака, ќе пренесе корисност и ќе го гради Вашиот бренд.
  5. Позиција каде ќе биде сместен банерот. Веќе споменав дека во зависност од авторитетот на Вашиот веб сајт и посетеност ќе можете да имате поголема или помала преговарачка моќ за позиционирање.

Не би сакал да должам повеќе со овој пост бидејќи има голема сличност сето она што досега го кажавме во Веб банери како маркетинг средство и Размена на линкови но би додал само уште една напомена. Не мора да значи дека размената мора да биде во взаемен простор на двата веб сајта. Можете да стекнете позиција на веб сајт на некој Ваш клиент со што ќе му овозможите попуст за Вашите производи и/или услуги или пак некоја друга против корист. Но, повторно внимавајте и запрашајте се дали вреди.

post

Размена на линкови – Маркетинг средство 67

Размена на линкови претставува 67-мо маркетинг средство на претприемач. Во серијалот за оптимизација за пребарувачи веќе навлеговме во одреден дел на оваа тема, но сепак со овој пост како дел од серијалот маркетинг средства би сакал да дообјаснам некои елементи.

Што претставува размена на линкови?

Во SEO – Дали размена на линкови вреди ја претставивме размената на линкови како:

Процес во кој администратор на еден веб сајт ве контактира Вие да поставите линк до нивниот веб сајт и за возврат тие ќе постават линк до Вашиот веб сајт.

На сликата подолу е прикажан тој процес кога веб сајт А разменува линк со веб сајт Б.

Размена на линкови

Зошто размена на линкови?

Линковите се важни за онлајн светот и Вашиот веб сајт. Тие линкови даваат кредибилитет и авторитет за Вашиот веб сајт во очите на пребарувачите. Повеќе за ова можете да прочитате во серијалот од постови за SEO на претприемач. Но, секој кој се занимава со маркетингот и особено интернет маркетингот знае дека линковите имаат голема важност. Сега прашање е дали да се оди со природен процес кој е подолготраен или пак да се оди се еден ваков „вештачки“ процес кој е побрз.

Сепак сакам да напоменам дека размена на линкови може да одигра солидна улога во развој на онлајн присуството на Вашиот бизнис, особено доколку започнувате сега да го градите тоа присуство. Но, доколку не се претерува и соодредена доза на внимателност.

На што треба да се внимава?

Важно е да знаете дека ќе треба да бидете доста внимателни применувајќи го оваа маркетинг средство. Не е работата во тоа да приграбите колку што може повеќе линкови преку размена на линкови. Работата е во тоа колку ќе бидат квалитетни тие линкови. Внимавајте на следниве елементи кога го користите оваа маркетинг средство:

1. Да разменувате линкови со веб сајтови со повисок авторитет

Основата е да со размена на линкови добиете дојдовен линк од веб сајт со повисок авторитет. Ова значи дека прво ќе треба да погледнете каков PR има тој веб сајт. Иако не можете да бидете сигурни, бидејќи Google го менува постојано, додека еднаш до двапати годишно го ажурира за нас да можеме да го видиме, сепак ќе имате некоја слика за тој веб сајт. Можете и да го анализирате во однос на посетеноста, линковите кои доаѓаат до него… Сето ова ќе ви даде една јасна слика за тоа дали ќе вреди или нема да вреди таа размена на линкови.

2. Anchor текст

Ова е значаен елемент од процесот на размена на линкови. Тоа е текстот кој што ќе стои и кој кога ќе се кликне ќе го одведе посетителот до Вашиот веб сајт. Внимавајте да биде основниот клучен збор.

3. Опис

Често пати во размена на линкови се разменува и краток опис на значењето на линкот. Ова е она што треба да го поттикне посетителот од еден веб сајт да го привлече и наведе да кликне на линкот за да стигне до Вашиот. Внимавајте да биде кратко, јасно, прецизно и да поттикнува акција (клик).

4. Следење дали линкот е сеуште тука

Следете од време навреме дали линкот од оној веб сајт со кој разменувате линкови е сеуште активен. Постојат различни администратори кои може да го тргнат линкот без да ве информираат. Во една таква ситуација веднаш отстранете го и линкот кој се наоѓа на Вашиот веб сајт.

5. Мерење и анализа на успешноста

Следете колку посетители добивате од кој линк и секако дали ќе има промена во PR на Вашиот веб сајт.

post

Клучни зборови – Маркетинг средство 66

Клучни зборови

Клучни зборови

Стигнавме до 66-тото маркетинг средство на претприемач – клучни зборови. Во серијалот на постови за SEO веќе пишував за клучни зборови како прв столб на еден SEO процес. Во голем дел она што претставуваат клучни зборови е објаснето во тие постови. Но, освен за SEO оптимизација што претставува бесплатно рангирање на страната со резултати на пребарувачите клучните зборови може да се користат во однос на секое Ваше или пак Ваш бизнис присуство на интернетот.

На пример, едни ќе бидат клучните зборови за Вашата веб страна, други ќе бидат за Вашите социјални мрежи (Facebook, Twitter, Youtube…), трети ќе бидат за PPC (Pay Per Click) кампањи… Некои ќе се повторуваат, но некои едноставно не може. На пример, клучни зборови за Google Adwords кампања ќе треба да бидат прилагодени за одредени услови кои се однесуваат само за тие кампањи. На нашиот веб сајт или блог можеме да користиме различни информативни текстови поврзани со нашиот бизнис, но на Google Adwords ќе мора добро да ги анализираме клучните зборови бидејќи грешката ќе не чини многу пари. Сепак, сакам секој вложен денар во една таква кампања да ми се врати. Подетално ќе стане збор за ова кога ќе го обрабутуваме тоа маркетинг средство.

Да не должам многу, она што треба да го направите пред да започнете со било каков маркетинг базиран на интернетот е следново:

1. Подговти онлајн стратегија за присуство на твојот бизнис

Онлајн стратегија ќе претставува основа на сето она што понатаму ќе го работите за онлајн претставување на Вашиот бизнис. Таа ќе даде одговор на тоа што сакате да постигнете со веб страна, блог, социјални мрежи…? Што ќе користите? Како ќе ги користите различните маркетинг средства? Што треба да се постигне со секое од маркетинг средствата кои ќе ги користите? Сетоа ова се прашања чии одговори во понатамошниот дел ќе ги дадат насоките за подесувања.

2. Дефинирај неколку клучни зборови поврзани со твојот бизнис

Многу е важно да ги знаеме неколкуте основни клучни зборови на што ќе се базира нашето онлајн присуство. На пример, доколку произведувам здрава храна, можам да ги користам користам следниве клучни зборови: здрава храна, прехрана, здрав живот, нискокалорична храна… Забележувате дека тука има и премногу општи зборови кои опфаќаат поголема ниша од нашата (на пример, прехрана). Но, зборот прехрана нема да се користи секаде подеднакво во нашите маркетинг средства.

3. Размисли за тоа кога некој би барал нешто на интернет кога би сакал да те пронајде тебе

Надополни ги тие основни зборови со зборови кои сметаш дека некој кога би барал нешто на интернет би сакал да го пронајде твојот бизнис. Добро, некој ќе каже подобро ќе искористам Google Keyword Tool и ќе видам што се бара. Но, сепак многу е подобро кога Вашиот мозок ќе се стави во позиција на еден потенцијален купувач кој бара нешто на интернет.

4. Анализирај го начинот на барање на нешто на интернет од страна на потенцијалните купувачи

Е сега може да се користат алатки за да видиме каква е навиката на пребарување на интернетот. Но, веќе имаме доволно зборови врз основа на кои ќе се спроведе оваа анализа.

5. Анализирај ги клучните зборови

Сите тие клучни зборови до кои дојдовме досега треба да се анализираат согласно квалитетот на истите. Колку пати се пребарува тој збор? Кога се прабарува? Зошто се пребарува? Дали е купувачко пребарување или не? Одговорите на овие прашања веќе ќе ни даваат слика за тоа кој збор во кое маркетинг средство да го користиме.

6. Дефинирај групи на клучни зборови за посебни маркетинг средства

Во овој чекор веќе ќе можете да ги групирате клуните зборови за различните маркетинг средства кои ќе ги користите за Вашата онлајн присустност.

post

Вирозен маркетинг – Маркетинг средство 65

Вирозен (Viral) маркетинг

Вирозен (Viral) маркетинг

Како 65-то маркетинг средство на претприемач ќе биде вирозен маркетинг. Досега повеќепати пишував за оваа маркетинг средство, целта на овој пост ќе биде да се групираат неколкуте подзаборавени постари постови за оваа маркетинг средство.

Сите сме слушнале за вируси. Вирусите се шират со огромна брзина, без разлика дали се работи за компјутерски вирус или пак за патолошки вирус. Секој бизнис сака неговиот производ и/или услугата да се дознае побргу од колку што може повеќе луѓе, како би се овозможила висока продажба и побарувачка за тие производи и/или услуги. Ова се овозможува со маркетингот. Но, замислете каков ефект би бил доколку маркетингот се распространи како вирус. Тоа го овозможува вирозен маркетинг.

Дефинирање на вирозен маркетинг (viral – вирален маркетинг)

Вирозен маркетинг како термин е добиен од вирозна појава. Вирозна појава претставува способност на еден објект да се размножува или да ги трансформира другите објекти да бидат исти како него кога ќе бидат изложени на тој вирозен објект.

Повеќе луѓе ми поставија прашање зошто го преведувам зборот viral. На wikipedia на македонски е преведено како вирален маркетинг. Иако не можев да најдам дека во македонскиот јазик постои термин вирален објект или било што. Се наметна и идејата дека тоа е мрежен маркетинг. Можеби, сепак се користат социјални мрежи за распространување на објектот.

Viral преведено на македонски значи вироза, или нешто што има вирус па една од причините зошто избрав да го користам терминот вирозен е таа. Втора причина е објектот. Сметам дека за успешен вирозен маркетинг најзначаен елемент претставува објектот кој и го содржи вирусот. Без разлика дали објектот ќе биде:

  • човек кој од уста на уста ќе ја пренесува порака
  • e-mail кој од примател на примател ќе ја пренесува пораката
  • производ кој како пробен ќе се препраќа од еден на друг
  • видео кое ќе се споделува преку YouTube.
  • итн.

Значи не е мрежата најважна. Може да имаме најдобра социјална мрежа која ќе ја користиме, но доколку објектот не е доволно вирозен нема да може да се прошири до таа мерка до која би требало. Но, доколку имаме силно вирозен објект кој има огромен потенцијал на ширење, мрежата сама ќе се појави. Силната вироза се добива со користа што треба да ја добијат пренесувачите.Ова значи дека интензитетот на вирозата зависи директно од користа што ќе ја добијат членовите на социјалната мрежа (поголема корист – поголем интензитет на вирозата). Затоа се одлучив дека е најдобро да го користам зборот вирозен бидејќи ќе биде преведено на македонски јазик и од друга страна ќе ја даде вистинската слика за она што всушност претставува вирозен маркетинг.

Вирозен маркетинг претставува маркетинг техника која ги користи социјалните мрежи за да доведе до зголемување на свеста кај луѓето за брендот за кој се користи вирозен маркетинг или да постигне други маркетинг цели преку самоумножувачки вирозни процеси, аналогно на ширење на патолошки или компјутерски вируси. Секој кој ќе дојде до контакт со вирозен објект го прифаќа вирусот и воедна станува потенцијален преносител на истиот.

Вирозен маркетинг може да биде еден збор за производот или услугата кој со помош на интернетот ќе биде пренесен и примен од многу луѓе. Може да биде видео кое преку YouTube ќе биде видено од милиони луѓе. Може да биде е-mail кој со праќање на еден примач може да биоде препратен до 10-тина други примачи и тие десетина други примачи секој да го препрати на по десет примачи. Сите имате искуство на препраќање по е-mail на пораки со некои интересни содржини. Ваквите пораки се распространуваат со светлосна брзина и имаат потенцијал да бидат видени од милиони луѓе за 10-тина минути.

Една од особините на човекот е да шират пораки или информации. Некој има особина да распространи порака на двајца до тројца луѓе, а некој има особина истата порака да ја распространи на десетици или стотици луѓе. Целта на оние кои работат во маркетингот е да ги идентификуваат клучните луѓе кои ќе овозможат најбрзо ширење на пораката до колку што може повеќе луѓе.

Видови на вирозен маркетинг

Постојат два вида на вирозен маркетинг:

  1. Кога маркетинг е производ
  2. Маркетинг кампања која не е производ.

Првиот вид е кога вирозен маркетинг претставува самиот производ или услуга при што придонесува да што повеќе луѓе го користат предметниот производ и/или услуга толку повеќе луѓето се навраќаат на негово користење и ги распространуваат информациите за истиот. Ваков е начинот на маркетинг на Hotmail и YouTube така да што повеќе луѓе ги користат толку повеќе луѓе ќе ги видат тие производи и обратно, колку повеќе ги видат толку повеќе ќе ги користат.

Кога сме кај Hotmail слободно може да се каже дека тој е првиот кој го употребува оваа маркетинг средство за да ја сподели информацијата за добивање на бесплатен e-mail акаунт преку нивниот сервис. Брзината со која што Hotmail се прошири беше огромна.

Вториот вид на вирозен маркетинг е кога самиот производ не е маркетинг туку тоа е порака, кампања, информација за производот.

Функционирање на вирозен (вирален) маркетинг

Вирозниот маркетинг мора да биде опфатен во вашиот маркетинг план како стратегија и како дел од маркетинг миксот. Но суштината на вирозен маркетинг (секако и најтешкиот дел) е да се направи вирозниот објект кој ќе се распространува. За да се распространува тој објект треба да се најде некоја корист за примател-потенцијален распространувач. Бидејќи доколку оние кои треба да го распространат вирозниот маркетинг немаат никаква корист зошто би го распространиле. Да видиме еден пример.

Една компанија за е-mail маркетинг софтвер користи вирозен маркетинг на следниов начин. За нивниот производ имаат бесплатна опција со ограничување на е-mail листата на 100 меила. Доколку испратиш меил на уште 5 луѓе кои би ја симнале бесплатната верзија на нивниот софтвер ќе добиете можност да ја зголемите вашата листа на 1000 меила. На ваков начин се распространува верзијата на нивниот производ – софтвер кој служи за пробување, и доколку ви се допадне да ја купите целосната верзијата. На ваков начин добиваат од еден потенцијален корисник уште 5 потенцијални корисници, од тие пет уште 25 потенцијални корисници. Во табелата подолу се прикажани бројки за потенцијалот на ширење на оваа пробна верзија на софтвер. Тоа е вирозен маркетинг.

1 Вие 1
2 Го испраќате на 5 пријатели 5
3 5-те пријатели испраќаат на уште по 5 нивни пријатели 25
4 25-те пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 125
5 125-те пријатели на пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 625
6 625-те  пријатели на пријатели на пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 3125
7 3125-те пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 15625
8 15625-те пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 78125
9 78125-те пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 390625
10 390625-те пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на пријатели на вашите пријатели испраќаат на уште по 5 пријатели 1953125
ВКУПНО НА 10 НИВОА НА ПРЕПРАЌАЊЕ: 2441445

Од табелата забележуваме дека со ваква стратегија можеме за 10 нивоа да имаме скоро 2,5 милиони потенцијални потрошувачи. Но, она што е најзначајно е дека ваквиот маркетинг кој се шири како вирус не застанува на 10-то ниво туку ќе продолжи да се шири со уште поголем интензитет. На пример на 11-то ниво на ширење ќе имаме над 12 милиони потенцијални потрошувачи, додека на 12-то ниво на ширење ќе имаме над 60 милиони потенцијални потрошувачи. Бројките се навистина како вирус.

Оваа распространување на вирозен маркетинг математички би се претставило со следнава формула:

FormulaViral

Каде N претставува број на луѓе на кои сте ја испратиле првата порака. Сепак оваа е теоретска бројка. Во пракса нема со сигурност секој да ја пренесе пораката на онолку луѓе на колку вие сте ја испратиле. Но како приближна бројка може да се користи бидејќи ако вие сте ја испратиле на 5 луѓе некој од истите ќе ја испрати на 10 луѓе, некој на 2-јца, додека третиот на 4-ца итн. Значи од еден ваш примател можете да имате различни приноси на испратена пораки.

За ваква стратегија на вирозен маркетинг да успее најважно е да имате одличен вирозен објект кој може да биде во различен облик. На пример, вашиот веб сајт, електронска книга која ги опишува вашите производи, e-mail порака, блог, производ за проба пред одлука за купување … Овој вирозен објект треба да дава некоја полезност за препраќачот или примачот. полезноста може да биде во облик на лична корист како во примерот погоре или пак пријатно чувтсво.

Но, колкави трошоци ќе направи ваква стратегија на вирозен маркетинг. Стратегијата која ќе се користи може да варира од бесплатна до оние кои се плаќаат. Трошоците зависат од вирозниот објект кој ќе се користи. На пример, доколку вирозен објект претставува бесплатна електронска книга трошоците ќе ви бидат само за изработка на истата како и вложен труд за пишување на истата, но ефектите кои може да ги донесе ќе бидат многу поголеми. Сепак кој и да се избере вирозен објект односот помеѓу ефективноста и трошоците секогаш ќе биде поголем од било кој друг пропаганден медиум кој би се користел.

post

Веб Банери – Маркетинг средство 64

Веб банери како маркетинг средства

Веб банери како маркетинг средства

Досега поминавме 63 маркетинг средства на претприемач. За оваа недела како 64-то маркетинг средство во распоредот од 100 маркетинг средства е веб банер. Ова маркетинг средство е доста популарно како во светот така и кај нас. Бидејќи не сум некој преголем љубител на банери, размислував да не биде дел од овој серијал на претприемач, но популарноста и користењето сепак ме натера да биде составен дел од овој серијал.

Што претставува веб банер?

Првин би почнал со она што претставува банер. Ќе се послужам со дефинирање на зборот „банер“ во популарната Wikipedia:

Банер претставува знаме или друго парче платно на кое е поставен симбол, лого, слоган или друга порака.

Значи во офлајн светот банер претставува знаме со лого или некоја маркетинг порака кое е поставено на одредена локација за да го претставува бизнисот или некоја друга организација.

Она што ние скратено го викаме банер, всушност претставува веб банер кој што не е изработен на платно туку во електронска форма и не е закачено на физичка локација туку на www (World Wide Web) локација. Да видиме што во Wikipedia e наведено за веб банери:

Веб банер претставува адвертајзинг форма на World Wide Web. Оваа форма на онлајн адвертајзинг претставува закачување на огласот-рекламата на една веб страница. Целта е да привлече сообраќај за веб сајтот преку линкување кон веб сајтот на оној кој се рекламира.

Значи еден бизнис веб сајт поставува веб банер на друг веб сајт со цел да привлече посетители кон неговиот веб сајт, а за возврат плаќа одредена сума на пари на сопственикот на веб сајтот на кој ќе биде закачен банерот.

Како да се користи?

Доста внимателно! Ова е мојот единствен совет. Краткорочно гледано оваа маркетинг средство има навистина голема моќ, доколку се искористи на вистинскиот веб сајт и на вистинскиот начин. Но, долгорочно гледано може да има корист само доколку се продолжува со успешната кампања.

Пред една година разговарав со еден претприемач кој започнуваше со нивниот веб сајт. Ми вели дека ние ќа направиме огромна кампања, ќе ја уништиме конкуренцијата на веб просторот за неколку месеци, на сите позначајни веб сајтови во Македонија ќе имаме банери… Мојот одоговор беше дека постои огромна разлика помеѓу онлајн и офлајн адвертајзинг и дека на интернетот тоа не функционира на таков начин.

И навистина фрлија огромни пари за веб банери, за сите поголеми весници да го претстават раѓањето на тој веб сајт. Но, резултатите не беа такви како што тие ги замислуваат. Единствено добија за кратко време повисок Google Page Rank кој потоа кога прекинаа да плаќаат за банери повторно се намали. Посетеноста не беше спектакуларна за дадените пари. А да не зборуваме за вистинската цел – продажба.

Затоа при користење на оваа маркетинг средство следете ги следниве чекори:

  • Размисли добро за целите кои сакаш да ги постигнеш
  • Анализирај и избери потенцијални веб сајтови на кои сакаш да поставиш банер.
  • Рангирај ги тие веб сајтови согласно број на посетители, карактеристики на посетители и цената.
  • Контактирај ги администраторите на избраните веб сајтови.
  • Ангажирај професионалец за изработка на банер кој ќе привлекува внимание.
  • Поставете го банерот на избраните веб сајтови.
  • Анализирај, мери, споредувај и подобрувај.

Критични чекори од овој процес

Како најкритични чекори од овој процес би ги издвоил следниве:

  • Избор на вистински веб сајт каде ќе биде поставен банерот
  • Дизајн на банерот
  • Анализирање, мерење, споредување и подобрување

1. Избор на вистински веб сајт и локација

Знам дека премногу се залетуваме да веб сајтото на кој ќе поставиме банер има огромен број на посетители. Што и треба да биде. Но, не реба да застанеме тука. Мора да дојдеме до карактеристиките на тие посетители. На пример, на локален бизнис од Битола кој целосно е насочен на пазарот во Битола не му треба банер на веб сајт на кој 95% од посетители се од другите градови додека 5% се од Битола. Ова е поради фактот што ќе плати и за останатите 95% иако не му се потребни. Ова е само еден пример, што не мора да значи дека нема да вреди за тие 5% потенцијални купувачи до кои што ќе дојде, но затоа се важни целите кои се поставени во првиот чекор.

Како поважни елементи-карактеристики во кои би требало дапогледнете би ги издвоил следниве:

  • Локација
  • Возраст
  • Образование
  • Приходи

Кои карактеристики ќе бидат важни ќе зависи од типот на Вашиот бизнис.

Кога станува збор за локацијата морате да ги анализирате понудите и достапноста на локацијата каде ќе биде сместен банерот. Не значи дека тој ќе биде виден од сите постеители. Подобро место ќе обезбеди повеќе кликови кон Вашиот веб сајт.

2. Дизајн и на банерот

Освен локацијата на банерот и дизајнот игра Важна улога во привлекување на внимание и кликнување на истиот од страна на потенцијалните посетители. Дизајнот ќе треба да:

  • Привлече внимание
  • Да прати кратка и јасна порака
  • Да пренесе корисност за потенцијалниот посетител
  • Да го гради Вашиот бренд.

3. Анализа, мерење, споредување и подобрување

Најважниот чекор во кампањите со банери. Постојано ќе мора да ги анализирате, мерите и споредувате добиените резултати од секој банер поединечно поставен на секој веб сајт. Потоа ќе следува подобрување во однос на тоа дали ќе откажете на некој веб сајт, дали ќе ја подобрите позицијата или пак дизајнот.

Потребно е да ги анализирате минимум следниве елементи:

  • Број на посети од секој веб сајт,
  • Број на акции преземени од страна на тие посетители. Акции во смисол на купување или пак регистрација.
  • Просечно времетраење на задржување на посетители од секој веб сајт.

Врз основа на овие фактори ќе можете лесно да воочите дали вреди или пак не вреди банер од секој од веб сајтовите на кои е поставен.

post

Вебинар – Маркетинг средство 63

Вебинар - Маркетинг средство

Вебинар - Маркетинг средство

Вебинар претставува 63-тото маркетинг средство на претприемач кое ќе го претставиме оваа недела. И оваа маркетинг средство претставува релативно ново, но сепак моќно средство кое обезбедува висок квалитет на комуникација и едукација помеѓу еден бизнис и потенцијалните или тековните купувачи.

Што претставува вебинар?

Вебинар е исто што и семинар само што разликата е во тоа што посетителите на семинарот не се во семинарска сала туку пред своите монитори и ја консумираат содржината преку интернет. Во исто време може да постават прашања, да добијат одговори, и да се вклучат интерактивно во комуникација со предавачот и останатите слушатели.

Вебинарот уште се нарекува и веб конференција, пред се затоа што се користи истата технологија за спроведување.

Значи вебинорот служи за спроведување на онлајн, во живо тренинзи, презентации и состаноци со аудиенцијата. Може да има еднонасочна комуникација што претставува презентација од страна на организаторот на вебинарот додека посетителите немаат можност да се вклучат во конверзацијата. Но, може и да се користи повеќенасочна комуникација при што презентерот презентира, а на крајот или во определени временски интервали овозможува поставување на прашања, споделување на идеи или сопствени искуства од страна на посетителите.

Она што е интересно е што одредени сервиси за веб конференциски врски, кои се користат за спроведување на вебинарот овозможуваат снимање на вебинарот при што ќе можете да го објавите на Вашиот блог и едноставно вебинарот да стане една вирозна содржина.

Идеи за користење на вебинарот

Креативноста на претприемачот е основата за идеи за користење на вебинар како маркетинг средство за бизнис цели. Сепак за искористување на целосниот потенцијал на вебинарот мора да се спроведе систематичен пристап со јасна цел за тоа што еден претприемач сака да постигне. Јасно дефинираната цел ќе доведе до јасни идеи и план за спроведување на оваа маркетинг средство во пракса.

  • Обука на потенцијални купувачи
  • Обука за тековните купувачи
  • Продажба преку вебинар
  • Претставување на производот и/или услуга
  • Споделување на знаење и искуство
  • Дознавање на желбите на потенцијални купувачи
  • Одржување на редовен контакт со купувачите

Чекори за спроведување

Она што е најважно при спроведување на вебинари е можноста луѓето навремено да бидат известени за да се пријават како посетители. Постои можност и за ограничување н број на посетители или ограничувањето да биде како дел од сервисот кој го овозможува вебинарот. Повеќето сервиси имаат ценовен план за користење на сервисот. Тој ценовен план најчесто зависи од бројот на посетители, можност за интерактивност и можност за снимање на целиот вебинар.

  • Избор на теми за вебинар
  • Изработка на план. Препорачливо е годишен план со специфични теми во определен период од годината.
  • Подготовка на вебинарот. Може да се користи Power Point презентација.
  • Избор на платформа за вебинарот.
  • Најавување на вебинарот со темата, точно време и датумот.
  • Потсетување најдоцна еден час пред започнување.
  • Имплементација на вебинарот.

Сервиси за спроведување на вебинари

Постојат повеќе сервиси кои нудат ваков вид на услуга. Тука само би ги набројал некои до кои дојдов при пребарување нa интернетот. Искрено, сум го користел само сервисот на GoToMeeting и како слушател и како тест во бесплатна проба. И доколку се одлучам да изработувам вебинари би го избрал овој сервис иако е нешто поскап од останатите. Па еве некои можни сервиси кои можете да ги разгледате споредите и изберете она што на Вас најмногу би ви одговарало врз основа на Вашите потреби и секако буџетот.

  • GoToMeeting.com. Во моментов цените се движат од 50$ до 150$ на месец врз основа на број на посетители и можностите на сервисот.
  • Webex.com. И ова е еден од премиум сервиси за вебинари чија почетна цена е 50$ на месец.
  • Zoho Meeting. Провајдерот на многу онлајн апликации има и сервис за веб конференции и вебинари. Цената за 5 партиципанти е 12$ месечно додека за 100 партиципанти е 49$ месечно.
  • Dim Dim. Овој сервис има бесплатна верзија до 20 партиципанти додека за повеќе ќе ве чини 25$ на месец.
  • Vyew. Бесплатната верзија на овој сервис е со 10 партиципанти и со реклами, додека имаат платежни опции од 7$ и 14$ месечно.
post

Подкастинг – Маркетинг средство 62

Подкастинг-Маркетинг средство

Подкастинг-Маркетинг средство

Ќе продолжиме со 62-рото маркетинг средство на претприемач – подкастинг. Едно навистина моќно маркетинг средство кое станува се попопуларно поради сето она што денешната технологија ни го обезбедува.

Што претставува Подкастинг?

Ова е релативно нов термин во маркетинг светот, но сепак доста влијателен. Доколку отворите постари лексикони нема да може да се најде дефиниција во истите.

Согласно New Oxford American Dictionary подкастинг се дефинира како:

Дигитален запис на радио емитување или слична програма овозможена на интернет за симнување заради користење на лични аудио плеери.

Други пак го дефинираат едноставно како аудио фајл кој се дистрибуира преку RSS фид. Некои пак го дефинираат како онлајн радио при што ја потенцират разликата на подкастинг во однос на онлајн радио: може да се симне во било кое време додека онлајн радио мора да се слуша во точно определено време.

Но, она што сметам дека е најголема предност е што секој подкаст може да се симне, да се дистрибуира преку RSS и да се слуша или гледа од било каде. Од друга страна овозможува регистрација на ониекои сакаат редовно да ги добиваат новите подкастинг емисии со што влегуваат во Вашата листа потенцијални клиенти.

Корисности од подкастинг

  • Во интернет светот каде мнозинството сеуште е на прикажување на слика со текстуален опис, едноставно ќе Вашиот бизнис ќе биде многу поразличен.
  • Како еден експерт во нишата каде функционира Вашиот бизнис подкастингот ќе овозможи зголемување на Вашио личен кредибилитет.
  • Дополнителна можност за препознавање на Вашата веб страна, Вашиот бизнис и секако Вашиот бренд, производи и/или услуги кои ги нудите.
  • Може да се слуша било каде што ќе посака слушателот – во автомобил, додека е на прошетка, додека се вози во автобуст итн. Потребен е само mp3 плеер или пак iPod.
  • Ќе допрете до оние кои немаат време или едноставно не сакаат да читаат.
  • Како посебна корисност секако претставува и тоа што изработка на подкастинг е бесплатно. Но, бара време.

Подкастинг како маркетинг средство

Како можете оваа нова технологија да ја направите во едно моќно и ефективно маркетинг средство?

Едно нешто сакам да напоменам е дека не може да се очекува дека ќе постигнете невиден успех одеднаш или дека е доволен само подкастинг па Вашите маркетинг напори ќе бидат исплатени. Оваа како и повеќето маркетинг средства се само еден дел од Вашата севкупна маркетинг стратегија. Но, потребна е вистинска комбинација за да се почувствуваат вистинските резултати од таа комбинација.

За ефикасно искористување на оваа маркетинг средство потребно е навистина да бидете креативен. Еве некои идеи за Вашите први подкастинг емисии со кои се надевам дека ќе поттикнам креативност кај Вас за проширување на листата:

  • Аудио блог пост. Едноставно изберете неколку блог постови кои се најпопуларни и направете аудио верзија за истите. Можете да ги надополните со дополнителни коментари или дискусии.
  • Интервју. Изберете личности од индустријата кои ќе ги интервјуирате и снимениот разговор ќе го објавите на Вашиот блог.
  • Вести. Прочешлајте ги најновите вести од индустријата и коментирајте ги истите.
  • Опис на производ/услуга. Опишете го функционирањето на Вашиот производ/услуга. Можете да ги претставте и коментарите на постоечките корисници.
  • Искуство од некој друг производ и/или услуга. Не мора секогаш Вашиот производ или услуга да биде приоритетен. Опишете го Вашето потрошувачко искуство со други производи и/или услуги.
  • Опис на некоја случа или настан во индустријата. Ова е едноставно споделување на некои интересни случки или настани како семинари, состаноци, прослави…
  • Коментар на анализи од индустријата. Како еден претприемач, веројатно постојано ќе имате анализи за индустријата во која се наоѓа Вашиот бизнис. Коментирајте ги и дајте некои идеи и можности за подобрување.
  • Идни планови за развој на Вашиот бизнис. Вашите потрошувачи сигурно ќе ги интересира какви се Вашите идни планови.

Чекори за спроведување

Во овој дел ќе ги претставам основните чекори кои ќе треба да ги спроведете. Ова не е единствениот начин, туку еден од повеќе можни начини за подесување на подкастинг за Вашиот бизнис. Не можам да навлезам во детали на секој чекор, туку ќе дадам само препораки.

  1. План и подготовка. Прв и основен чекор е планирање и подготовка. Без добар план и подготовка подобро е воопшто и да не започнувате. Размислете за темата, структурата на подкастингот, должината, фреквенција на објавување на серии…
  2. Снимање и едитирање. Вториот чекор е да го снимите подкастингот и да го едитирате со помош на некој софтвер за едитирање на аудио формати. Потребен ви е компјутер, микрофон и секако софтверот за едитирање.
  3. Објавување. Третиот чекор е објавување на вашата веб страна или подобро на блогот.
  4. Подесување на фидот. Веројатно веќе имате подесено RSS фид преку Feedburner. Тука ќе треба да ја подесите SmartCast функцијата.
  5. Поставување на фидот во iTunes. Можете да ја искористите и оваа опција која доаѓа преку iTunes на Apple. Доколку Вашиот подкастинг фид биде одобрен од Apple достапноста на истиот е многу поголема поради огромниот број на апарати преку кои ќе може да биде достапен тој подкастинг фид.
  6. Промоција на подкастингот. Промовирајте го Вашиот подкастинг. Објавете на блог, поставете копче за регистрирање на Вашите подкастинг емисии.