post

Електронски саем – Маркетинг средство 59

еСаем - маркетинг средство

еСаем - Светот на дланка

Ќе продолжиме со 59-тото маркетинг средство на ретприемач или 9-то од групата на онлајн маркетинг средства. Веќе како 32-ро маркетинг средство од офлајн групата го поминавме саемот. Во тој напис, Саем – Маркетинг средство 32 го дефиниравме саемот како:

Саемите едноставно претставуваат изложбени простори на кои еден претприемач може да ги изложи и претстави своите производи и услуги пред потенцијалните потрошувачи.

Давателот на саемската услуга (изнајмувачот на просторот) се грижи за сите маркетинг активности за тој саем на кој ќе се изложува. Вообичаено на еден саем се изложуваат група на производи или услуги од една индустрија.

Значи доколку офлајн саемот претставува изложбен простор за изложување на производи и/или услуги пред потенцијални потрошувачи со единствена цел да се доближат производите и/или услугите до тие потенцијални потрошувачи и да се поттикне адекватна комуникација, електронски саем е истото тоа само наместо во физичка просторија тие производи и/или услуги се изложени во виртуелна просторија на интернетот.

За еден ваков виртуелен или онлајн или електронски саем пишував во еСаем за бизниси – МакЕкспо – Виртелен бизнис саем. Во овој напис го напишав следново:

MakExpo е интернет портал кој претставува виртуелен бизнис саем за бизниси од сите големини. Порталот е изграден врз една основна намена – можност за виртуелно учество на саем на сите компании во Македонија! Од оваа појдовна точка, развиена е платформа во која било која компанија од Македонија (или од странство!) ќе може да „закупи“ виртуелен простор на еСаемот и да се рекламираат себеси или своите производи!

Предности на електронски саеми

Сметам дека ова маркетинг средство има огромен потенцијал за секој бизнис, но тука би ги изложил неколкуте најголеми предности во однос на офлајн саемите:

  • Многу пониски трошоци за изложување на електронски саем. Во старт нема трошоци за транспорт, сместување, високи закупнини…
  • Достапноста на производите и или/услугите на една глобална интернет мрежа. Во Блог како маркетинг средство веќе споменав за една статистика која вели дека во 2009 година има 26,6% интернет корисници од глобалната популација на светот.
  • Лесно пронаоѓање на еден бизнис од страна на потенцијални клиенти преку една структурирана база на податоци во вид на индустрии, дејности…
  • Едноставност во изложување на сопствени производи и/или услуги.

Недостатоци на електронски саеми

Иако има големи предности сепак не можеме да не бидеме свесни и за одредени недостатоци на еден ваков вид на маркетинг средство:

  • Немање на можност потенцијалниот купувач да го види со сопствени очи и да го опипа со раце производот.
  • Сметам и дека недостасува онаа лице во лице комуникација која понекогаш може да влее доверба и сигурност за вистинската одлука на потенцијалниот купувач.
  • Немање на можност да се демонстрира во живо производот и/или услугата.

Моја препорака е да се обидете со едно вакво маркетинг средство. Сепак нема да изгубите многу и доколку не успеете. Но, во секој случај ќе бидете збогатени со едно ново маркетинг искуство и секако ќе се обидете да опфатите еден многу поширок и поголем пазар од локалниот.

post

Електронски Огласник – Маркетинг Средство 58

Електронски огласник

Електронски огласник

Како 9-то маркетинг средство на претприемач ги претставувме бесплатните мали огласи. Денес во делот на онлајн маркетинг средства како 58-мо средство на претприемач би сакал да ги опфатам електронските огласи.

Неколку видови на електронски огласници

Постојат многу веб страни кои функционират во вид на огласници каде можете да го поставите Вашиот оглас за Вашиот бизнис. Тие електорнски огласници може да бидат:

  • бесплатни или платежни
  • општи или специјализирани

Бесплатните електронски огласници ви даваат можност да отворите акаунт и да го поставите Вашиот оглас на таа веб страна. Платежните функционираат на ист начин со таа разлика што плаќате одреден надоместок за истата или пак надополнета услугата. За иста доколку е попопуларен огласникот или пак можеби заради поголем временски период на достапноста на огласот или пак сместување на некое поатрактивно и повидливо место на веб страната.

Општите огласници се оние кои се однесуваат на сите видови на огласи, односно сите видови на производи и/или услуги при што истите се поделени согласно различни категории. Специјализирани огласници се оние кои се однесуваат за специјализирана категорија на производи и/или услуги. На пример, електронски огласници индустрија за храна, електронски огласници за автомобилска индустрија…

Што треба да содржи еден таков оглас?

Во бесплатни мали огласи наведов дека треба да биде содржно следново:

  • Наслов на огласот. Ова треба да биде бомбастично, нешто што ќе ги натера луѓето да читаат понатаму.
  • Текст на огласот кој исто така треба да биде примамлив.
  • Контакт (телефон, факс, е-mail, веб страна).
  • Неодолива понуда која треба да предизвика моментална акција за контактирање на Вашиот бизнис.

Кога станува збор за електронските огласници овие елементи остануваат исти, само треба да се размисли за дополнителни работи поради тоа што постои разлика од пристапноста на електронскиот огласник во однос на печатените огласници. Така да тука би ги надополнил следниве елементи:

  • Клучни зборови. Ние зборуваме за електронски огласници кои некој ќе ги пребарува на една таква веб страна или пак преку некој интернет пребарувач. Секој давател на вакви услуги би требало да ја има оваа опција.
  • Ознаки. Освен категории потребни се и ознаки кои означуваат одредени подкатегории или даваат допрецизирање на категоријата на огласот.
  • Категорија. Веќе напоменав дека општите огласници имаат воспоставен систем на категоризација на огласите согласно она што се нуди. Така да доколку постои една ваква опција изберете ја вистинската категорија за Вашиот оглас.

Процес на спроведување

Нема да должам многу туку само ќе се обидам да го систематизирам овој процес во неколку чекори кои Вие како претприемач ќе треба да ги спроведете при користење на ова маркетинг средство:

  • Анализа на постоечките електронски огласници.
  • Избор на најсоодветниот за Вашиот бизнис.
  • Изработка на огласот.
  • Поставување на огласот.
  • Тестирај, мери и подобрувај.

Последниот чекор е можеби нјважниот во целиот процес и едноставно значи постојано да следите каква ефективноста и ефикасноста на огласот.

post

Форум – Маркетинг Средство 57

Caixa Forum Stairs
Image by felipe_gabaldon via Flickr

Ќе продолжам оваа недела со 57-то маркетинг средство на претприемач – форум. Не сум некој преголем љубител на форуми, но морам да бидам реален дека кога станува збор за онлајн маркетинг средства има потенцијал за одлично искористување во бизнис цели. Кога станува збор за форум интерeсно е што ова маркетинг средство може да има повеќенаменско користење. Тоа не значи дека за да го користите ќе мора да имате свој форум.

Што е форум?

Интернет форум едноставно претставува платформа преку која се разменуваат различни пораки или дискусии помеѓу членовите на форумот. Тој е место каде се поставуваат прашања за одредена проблематика и се очекува дека некој од заедницата (членови) ќе знае некои одговори, има искуство со предметното прашање и ќе ги сподели своите знаења.

Луѓето партиципираат во различни форуми со цел да споделуваат различни теми од интерес. На пример, јас лично членувам во неколку форуми, поточно три. Едниот ми е платежен и плаќам месечна членарина додека останатите два ми се бесплатни, но ограничени само на купувачи на нивни производи и/или услуги.

Како да го користите

Како што наведов на почетокот за разлика од она што досега го зборувавме за онлајн маркетинг средства како блогот и веб страната кои беа лични за Вашиот бизнис, форумите се доста поопширни во поглед на темата и содржината и во поглед на можностите за користење. Така да би извлекол два начини на користење на форум како едно маркетинг средство:

  1. Имање на сопствен форум и
  2. Активност на други форуми.

1. Имање на сопствен форум

Можеби како дел од тактиките на Вашата онлајн стратегија ќе ја имате и тактиката за сопствен форум. Тоа значи вие, или Вашиот бизнис да администрира форум за одреден бизнис или маркетиншка цел. Како некои можности за користење на форум би било техничка подршка, или пак споделување на искуства за користење на Вашиот производ и/или услуга.

Процесот на креирање на форум е едноставен како и блогот преку користење на специфичен софтвер кој потоа го персонализирате и администрирате. Треба да се напомене дека за форум е потребно да имате едно лице администратор кој би ги администрирал различните пораки од членови како би се избегнало објавување на несакани пораки реклами во стилот на вијагра, односно спамирање.

2. Активност на други форуми

Умешноста и креативноста на еден претприемач е да дојде до квалитетни информации, да ги трансформира тие информации во квлитетни акции за твојот бизнис и секако секоја комуникација да ја претвори во потенцијална бизнис зделка. Форумите имаат одлична можност за ова, потребно е само да се најдете на вистинското место (форум) и да започнете со конверзација.

Би издвоил неколку покарактеристични можности за користење на форумот:

  1. Проучување на пазарот. Преку форуми можете да дојдете до она што претставува болка (проблем) на еден потенцијален купувач. Можете и да ги откриете различните однесувања на различните потенцијални купувачи…
  2. Промоција на производи и/или услуги. Во специфични ситуации можете да го искористите и за да го испромовирате Вашиот производ или пак услуга. Но, не спамирајте, користете го ова само доколку некој побара одговор во кој може да биде содржан и Вашиот производ и/или услуга.
  3. Градење на експертиза. Помагајќи им на луѓето кои имаат некаков проблем или пак бараат одговори едноставно ќе ја зголемува Вашата експертиза како претприемач, а со тоа и видливоста и препознатливоста на Вашиот бизнис.
  4. Сообраќај кон Вашата веб страна. Доколку креирате вредност и споделувате навистина квалитетни совети и ресурси секој ќе сака да види нешто повеќе за Вас преку Вашата профил страна каде ќе го има и линкот до Вашата веб страна или пак блог. Понекогаш ќе можете да споделите и линк до Вашиот блог доколку одговорот на темата е даден таму. Сето ова ќе го зголеми сообраќајот кон Вашата онлајн присутност.

Процес на имплементација

Форумот е доста социјализирана технологија преку која повеќе индивидуалци комуницираат и споделуваат разни теми од интерес. Затоа како најадекватен пристап би го искористил пристапот опишан во написот Бизнисот е една обична игра. Ова знчи дека првин ќе треба да ги научите правилата на играта на играта. Така да како специфични чекори би ги издвоил следниве:

  1. Анализирај ги форумите во твојата индустрија.
  2. Избери неколку влијателни.
  3. Следи ја играта која ја играат другите членови и учи.
  4. Приклучи се во заедницата преку конверзација и споделување и размена на искуства.
  5. Помагај им на другите членови.
post

Домен Име – Маркетинг Средство 56

Можеби ова маркетинг средство требаше да биде пред веб страна или блог затоа што има директно влијание и на двете. Како што името на Вашиот бизнис е уникатно, така и името на доменот на Вашата веб страна или блог ќе биде уникатно и нешто по што може да го препознаваат Вашиот бизнис.

Ова е уште еден елемент од бизнисот кој полека, но сигурно станува градител на Вашиот бренд.

Што претставува домен име?

Не сакам да навлегувам во формални или технички дефиниции на домен името бидејќи само ќе доведе до забуна на нетехнички лица. Она што еден претприемач треба да го знае е следново:

  • Тоа е она што се прикажува во Вашиот интернет прелистувач најгоре.
  • Тоа е она што во очите на посетителите ја разликува една веб страна од друга.
  • Тоа е она за што плаќате на годишно ниво за да го користите.
  • Тоа е она преку кое што еден потенцијален купувач ќе ве најде доколку го знае и без пребарувачи едноставно со впишување на URL-то.

Препораки за домен името

Многу размислував и анализирав за тоа што да се избере да биде дел од домен името. Наједоноставно е да се избере името на компанијата и да завршите работа, но тоа не е едно подолгорочно решение кое ќе ви донесе други предности, особено во однос на SEO. Домен името има силно влијание на оптимизација за пребарувачите и едноставно не треба да се остави како еден едноставен елемент при севкупната онлајн презентација на Вашиот бизнис. Како за илустрација еве еден пример кога пребарувам на Google за зборот Business:

Забележувате во резултатите дека зборот кој го пребарувам е болдиран и тоа во:

  • Насловот,
  • Описот и
  • Домен името.

Тоа значи дека и домен името има влијание кај пребарувачите, односно влијание врз основа на тоа кој збор е содржан во него. Така да доколку името на Вашиот бизнис го содржи и клучниот збор за кој сакате да бидете најдени, тогаш е ок да го изберете тоа име. Но, доколку, на пример името на Вашиот бизнис е НМД (Најдобри Македонски Домати) не би било препорачливо домен името да биде nmd.com бидејќи ќе изгубите една дополнителна придобивка која се зема во предвид од страна на пребарувачите.

Затоа како едни препораки какво треба да биде домен името ги издвоив следниве:

  1. Описно
  2. Лесно запомливо
  3. Да го содржи клучниот збор
  4. Да не е предолго
  5. Да го отсликува брендот

Во секој случај задачата не е баш толку едноставна за да се искомбинираат овие препораки.

Процес на избор на името на доменот

Врз основа на сето она што погоре го напоменав би го издвоил следниов процес во поедноставени чекори кои ќе треба да ги спроведете:

  • Анализа на клучни зборови
  • Избор на клучен збор
  • Комбинација со името на Вашиот бизнис
  • Комбинација со Вашиот бренд
  • Проверка на тоа дали е едноставно, дали може лесно да се запомни и дали лесно се изговара.
  • Проверка на достапност на најдобрите.
  • Регистрација на најдоброто достапно домен име.

Доколку не можете да се снајдете во овој процес, препорачливо е да најмите професионалец кој ќе ја спроведе целосната анализа за Вас.

post

Блог – Маркетинг Средство 55

Блог како маркетинг средство

Блог како маркетинг средство

Како 55-то маркетинг средство во овој серијал за маркетинг средства на претприемач ќе го презентирам едно од најмоќните онлајн маркетинг средства – блогот. Она што е карактеристично за блогот како маркетинг средство е дека може да има огромно влијание и врз другите онлајн маркетингс средства, но од друга страна не е лесно, бара многу повеќе работа и ангажман. Се надевам дека веќе имате онлјн стратегија за Вашиот бизнис во кој е или ќе биде опфатен блогот како еден вид на маркетингс средство.

Што претставува блог?

Постојат различни дефиниции за блоговите. Ќе наведам некои од нив:

  • Онлајн дневник на кој може да се пишува, чита и едитира.
  • Дневник кој е објавен или се објавува на интернет.
  • Веб страна која има јавен пристап и на која се објавуваат различни написи.
  • Специјализирана веб страна која им овозможува на индивиуалци или група на индивидуалци да делат различни лични информации од секојдневниот живот.
  • Веб страна на која написите се објавени во вид на весник и прикажани во хронолошки редослед.
  • Еден вид на веб страна која постојано се ажурира со написи, коментари, опис на случки, или пак други материјали во вид на аудио или пак видео, каде што овие написи се прикажани во хронолошки редослед.

Сметам дека ова се доволно дефиниции за да се види што е тоа блог.

Блогот (Blog) е кратенка од weblog што може да се преведе како веб дневник. Инаку од погоре наведените дефиниции ќе можеме да го кажеме следново:

  • Блог претставува веб страна
  • Блогот има различни написи
  • Блогот има динамична содржина што значи дека на него постојано се објавуваат нови содржини
  • Содржината може да биде во вид на напис, коментар, случки, слики, аудио и видео
  • Написите на блоговите може да бидат читани од страна на читателите на интернет
  • Читателите може да праќаат коментари на написите

Често пати поставувано прашање е во што се разликува блогот од класичните „нормални“ веб страни. Иако знаеме дека и блогот претставува веб страна. Еве во што се најголемите разлики:

  • Постојано ажурирање на содржината. Класичните „нормални“ веб страници не се менуваат често, па затоа кога ќе се навратите неколку пати и не забележите промена, веќе нема да ја посетувате таа веб страна. Ова значи и губење на посетители и намалување на моќта на веб страната како маркетинг средство. Со блог како посебен тип на веб страница содржината се менува постојано, дневно, неделно, месечни итн. Што почесто, толку подобро.
  • Можност читателите да остават коментар. Оваа е навистина огромна разлика во однос на статичните веб страни. Секој напис има функција за коментирање. На ваков начин се овозможува блогот да биде двонасочна комуникациска алатка и непресушен извор на информации за Вашиот бизнис.
  • Едноставност во објавување на написи. За да се објават написи на блогот не е потребно техничко лице. Оваа може да се изведе и од луѓе кои воопшто немаат познавање од техниката користена за веб страници. Објавувањето е едноставно и слично како да работите на Word документ или како што испраќате e-mail.
  • Хронолошки распоред на написите. Во блоговите написите се прикажани во хронолошки редослед со тоа што најновите написи се први. А, од друга страна до сите останати написи може да се дојде преку функција пребарување или пак листање на категориите на написите на блогот.

Како може да Ви помогне блогот како маркетинг средство?

Постојат многу придобивки кои ќе можете да ги искористите со Вашата веб презентација со блогот како посебен вид на веб страница.

Едноставно треба да се тргне дека интернетот претставува светско чудо на нашето време. Нема кој не е закачен на интернет. Според веб странатa www.internetworldstats.com која се занимава со статистика за користење на интернетот последните податоци за декември 2009 година покажуваат 1.802.330.457,00 интернет корисници на светско ниво што претставува 26,6% од глобалната популација на светот. Дали постои друго маркетинг средство кое има толкав број на корисници? И од друга страна кога ќе земеме дека оваа презентација може да се изведе со најмала инвестиција во споредба со другите маркетинг средства, во секој случај ќе влезе во категорија на едно од најефикасни и најефективни маркетинг средства.

Но, да тргнеме по ред. Што е она што може Вашиот бизнис да го добие со избор на блог како дел од Вашата веб презентација?

  • Со блогот Вашиот бизнис ќе добие веб присуство на глобалниот светски пазар. Веќе напоменавме дека 26,6% од глобалната популација користи интернет. Дури и да Вашиот бизнис е локален сепак еден ден ќе ги почувствувате придобивките од оваа презентација.
  • Повеќе индексирани страни од страна на Google претставува можност за повеќе потенцијални купувачи.
  • Презентација на Вашите производи. Можете да направите презентација на сите Ваши производи и/или услуги кои што ги нуди Вашиот бизнис. Овде можете да користите:
    • Текстуален материјал за опис на производите и/или услугите и коментари од Вашите постоечки потрошувачи
    • Слики на производи и/или услуги кои што ги нудите
    • Аудио записи за опис на Вашите производи и/или услуги како и коментари за истите од страна на постоечките потрошувачи
    • Видео материјали за Вашите производи и/или услуги како и коментари од Вашите постоечки потрошувачи.
    • Написи во форма на како да се направи нешто. Ова треба да биде поврзано со производите и/или услугите кои ги нудите.
  • Спроведување на анкети, анализи и истражувања. Блогот можете да го користите и за спроведување на различни анкети како би собрале информации за донесување на поквалитетни одлуки во иднина.
  • Објавување на прес конференции и маркетинг материјали. Секоја прес конференција или информација која се однесува за Вашиот бизнис или пак производите и/или услугите ќе можете да ги објавите преку Вашиот блог.
  • Блогот ќе ве поврзе со многу луѓе кои може да бидат Ваши потенцијални потрошувачи.
  • Ќе знаете што сакаат Вашите потрошувачи или пак потенцијални потрошувачи. Секој блог напис има интегрирано скрипта за коментирање. Секој коментар оставен на некој од Вашите написи ќе ви каже што е она што го сакаат потрошувачите, така да ќе можете да ги насочите сопствените активности во насока на задоволување на тие потреби.
  • Блог написите се вирозни. Вирозен маркетинг е нешто што го сонува секој претприемач. По секој напис може да има прати на пријател по е-mail. Така да можете да очекувате доколку Вашите написи навистина даваат некоја вредност за читателите брзо да се распространат до повеќе луѓе.
  • Блогот може да ви помогне да изградите бренд. Брендот ќе биде името на Вашиот бизнис, логото, слоганот и домеин името на Вашиот блог. На сите материјали што излегуваат од Вашиот бизнис ставајте ги тие работи.
  • Блогот може да ви помогне да изградите солидна репутација. Со објавување на различни написи за Вашата индустрија Вие ќе се градите како еден експерт од тоа подрачје. Оваа постојано ќе ви ја зголемува репутацијата како на Вас како претприемач така и на Вашиот бизнис.
  • Блогот ќе претставува извор на постојано зголемување на границите на вашиот пазар. Доколку имате повеќејазична верзија на блогот Вашиот потенцијален пазар ќе биде неограничен. Доколку сакате да извршите интернационализација на Вашиот бизнис препорака е да имате задолжително и англиска верзија на блогот.
  • Блогот ќе ве спои со потенцијални снабдувачи. Освен од потенцијални купувачи блогот може да биде читан и од потенцијални снабдувачи и тие самите да ве контактираат и бараат да работите заедно.

Ова се само некои од позначајните придобивки кои може да ги добие Вашиот бизнис со блогот. Инаку може да се набројат уште многу други.

Како да се имплементира?

Се надевам дека веќе имате бизнис веб страна, а со тоа и хостинг и бизнис домеин име. Доколку немате завршете ги тие активности пред да започнете со бизнис блогирање. Следете ги следниве чекори:

  • Направете план на темите кои ќе ги обработува Вашиот бизнис блог.
  • Врз основа на темите определете ги категориите.
  • Подгответе барем 10 написи уште пред започнување.
  • Одлучете за домеин името на блогот, односно URL-то. Дали ќе биде www.vasbiznis.com/blog или ќе биде во вид на поддомеин www.blog.vasbiznis.com или пак ќе биде на посебен домеин.
  • Инсталирајте WordPress.
  • Објавете го првиот напис од подготвените 10.
  • Одлучете на кој период ќе го ажурирате. Најдобро е секојдневно, но доколку немате време размислете да одите барем со неколку написи неделно.
  • Подесете ги останатите 9 подготвени написи.
  • Одлучете кој ќе биде одговорен за пишување и ажурирање.
  • Бреинстормирајте постојано нови идеи за написи.
  • Споделувајте се што може да биде интересно и корисно за Вашите потрошувачи.
  • Промовирајте го и со другите традиционални маркетинг средства.

Излезе предолг написов, а мислам дека не успеав се да опфатам. Но, сепак се обидов да претставам некои значења за блогот како едно маркетинг средство.

post

Веб Страна – Маркетинг Средство 54

Веб страна како маркетингс средство

Веб страна како маркетинг средство

Маркетинг едноставно претставува средство кое ќе овозможи бизнисот на еден претприемач да биде присутен онаму каде што се потенцијалните потрошувачи за тој бизнис. Веќе повеќе пати тука на претприемач ја нагласувам потребата за онлајн стратегија и присуство на глобалниот интернет простор на еден бизнис. Еден од начините за оваа присутност е преку бизнис веб страна.

Еден пример!

Пред неколку месеци за еден нов бизнис започнав веб страна (на англиски), односно откупив домеин име, хостинг веќе имав и склопив за еден ден страна со неколку подстрани во вид на производи кои ги нудиме. По тој еден ден застанав, немав време да ја довршам страната, но она што беше важно што успеав да овозможам брзо индексирање на страна од Google и да ставам контакт форма на истата. Иако слабо котира, во изминатиов период од неколку месеци бевме контактирани неколку пати од потенцијални потрошувачи. Последен пат беше вчера, од една компанија во Чешка со која се надеваме да оствариме деловна соработка.

Значи еден ден работа овозможи неколку контакти со потенцијални купувачи и тоа со една толку пасивна веб страна која дури не е ни довршена, има малку текст, но има слики и табели од производната програма. Тоа значи дека инвестирање во едно вакво маркетинг средство вреди.

Зошто веб страна е мора во маркетингот?

Без разлика дали се работи за B2B или B2C потенцијалните купувачи вообичаено го користат интернетот пред да донесат одлука за купување на нешто. Тие едноставно го користат интернетот за:

  • Да најдат информација за производи и/или услуги кои им се потребни.
  • Да споредат цени на тие производи и/или услуги.
  • Да најдат информации за искуството на други корисници на тие производи и/или услуги.
  • Да најдат информации за кредибилитетот на потенцијалните снабдувачи.
  • Да контактираат со потенцијалните снабдувачи.
  • Да комуницираат со потенцијални снабдувачи.
  • Да нарачуваат производи и/или услуги.

Забележувате колку покомплексен станува бизнис светот со еден интернет и достапноста на информации. Доколку Вие како претприемач не бидете таму ќе се најдете но од страна на некој друг кој можеби ќе го пофали или пак нападне Вашиот бизнис. На интернетот сите сме голи.

Како до сопствена веб страна?

Имате повеќе можности за ова, но сепак можеби првото нешто е да го определите Вашиот буџет. Јас ако се прашувам не би штедел за оваа маркетинг средство, но сепак треба да бидеме реални дека стартап компаниите не се во можност да одделат дури и толку мала сума на пари која може да се движи од 0 до 1000 евра. Нула доколку самите ја превземетe обврската да го сработите ова преку некои од бесплатните домеини и хостинг сервиси. Но, сепак треба да бидам искрен дека потенцијалот на еден ваков начин ќе биде многу помал, а од друга страна Вие сте претприемач и би требало да се насочите во вистинските претприемнички задачи.

1000 евра е нешто што ќе ви обезбеди навистина професионално изработена веб страна и нормално поголемо импресионирање на потенцијалните купувачи.

Како еден претприемнички процес во овој дел би го издвоил следново:

  • Изработете онлајн стратегија за Вашиот бизнис. Прочитајте за тоа дали онлајн сратегија се поистоветува со бизнис стратегија.
  • Видете каква е целта и улогата на бизнис веб страната во таа стратегија.
  • Извлечете ги тактиките кои планирате да ги имплементирате и секако активностите кои произлегуваат од истите.
  • Најмете некој или едноставно самите започнете да ги спроведувате.
  • И секако не заборавајте ја целината, веб страната е само еден дел од Вашата севкупна онлајн стратегија.
post

Електронски Билтен – Маркетинг Средство 53

За оваа недела како 53-то маркетинг средство ќе ги опфатиме електронските билтени. Во претходната недела стана збор за E-mail маркетинг што значи дека доколку го користите веќе градите сопствена листа. Како дел од E-mail маркетинг можете да ги користите и електронските билтени кои може да се испраќаат на одреден временски период.

Што претставува електронски билтен?

Како 37-мо маркетинг средство на претприемач пишував за билтени и сето она што таму е опфатено може да важи и за електронските билтени. Таму го дефиниравме билтенот како:

  • Нешто што редовно се дистрибуира
  • Содржи тема која е од интерес за примателите
  • Нешто што претставува еден вид на публикација.

Кога станува збор за електронски билтен само ќе биде додадено дека е во електронска форма кој се испраќа преку e-mail или пак може да се симне преку бизнис веб страна или блог.

Форма на електронски билтен

Може да се користи било која форма која овозможува електронска дистрибуција на самиот билтен. Како најкористени форми може да бидат:

  • PDF формат на билтен. Овој билтен е добар во случаи кога истиот ќе се поставува на Вашата бизнис веб страна или пак блог и оној кој ќе сака ќе може да си го симне. Предноста е во тоа што овозможува одлична визуелизација преку поставување на слики, форматиран текст, различни бои…
  • HTML формат на билтен. Овој формат се користи во случаи кога билтенот се испраќа преку е-mail или пак кога едноставно ќе може да се прегледува преку Вашата веб страна. Предноста е во тоа што овозможува одлична визуелизација преку поставување на слики, форматиран текст, различни бои…
  • Text формат на билтен. Ова е обичен текстуален билтен во вид на текстуален е-mail. Визуелен ефект е многу слаб, но стапката на примање преку e-mail е многу поголема.

Без разлика која форма ќе ја изберете би било пожелно билтенот да биде достапен и на Вашата веб страна. На пример да имате страна со билтени и линкови до истите.

Процес на подготовка

Пред да започнете со објaвување и дистрибуција на електронски билтени би требало да:

  • Ја определите содржината на истиот. Што ќе содржи билтенот? Кои теми ќе ги обработува?
  • Ја опредeлите структурата на истиот. Каква ќе биде структурата, односно кои ќе бидат поднасловите? Ова ќе зависи од самата содржина?
  • Го определите периодот на објавување и дистрибуирање. На колку време ќе се објавува нов билтен. Кога станува збор за бизниси, најоптимално е да го подесите на еден месец, со оа што ќе имате 12 билтени годишно.
  • Доколку се испраќа преку е-mail да го изберете сервисот за дистрибуција (види E-mail Маркетинг за повеќе детали за сервис за дистрибуирање).
  • Да го осмислите начинот на промовирање на истиот. На пример, во кој дел од Вашата бизнис веб страна или пак на кои се други маркетинг средства ќе го промовирате овој билтен.
  • Да одлучите за тоа кој ќе биде одговорен за содржината.
  • Да одлучите за форматот на билтенот. Кој формат и какви бои ќе се користат.
post

E-mail Маркетинг – Маркетинг Средство 52

Ќе продолжиме со 52-рото маркетинг средство на претприемач. Во овој пост ќе стане збор за E-mail маркетинг како маркетинг средство за малите бизниси. Ова маркетинг средство слободно може да се каже дека не е веќе ново, туку едно од првите кои се појавуваат со развојот на интернетот и користењето на електронската пошта како средство за комуникација како во деловниот така и во приватниот свет.

E-mail маркетинг за малите бизниси

E-mail маркетинг

Што Претставува Е-mail Маркетинг?

Меѓу првите маркетинг средства во овој серијал ги обработивме писмата кои спаѓаат во категорија на директен маркетинг во кој еден бизнис праќа писмо до потенцијален купувач со цел да изврши некакво маркетиншко влијание врз истиот.

E-mail маркетинг исто така претставува еден вид на директен маркетинг во кој наместо хард копи писма се испраќаат таканаречени електронски писма до потенцијалните или тековните потрошувачи. Значи е-mail маркетинг претставува испраќање на електронско писмо до потенцијален или теков потрошувач на бизнисот. Но, ова е во најопшта смисла на зборот. Не би сакал да го користам овој термин како средство кое се употребува во секојдневната комуникација на еден бизнис со друг бизнис или индивидуалец, иако понекогаш може да се смета дека е така. Ова е заради фактот што кога зборувам за ова маркетинг средство мислам на испланирана и координирана кампања за исполнување на маркетиншки цели на бизнисот. Така да ако би барале дефиниција би го дефинирал на следниов начин:

E-mail маркетинг претставува планирана и координирана кампања преку испраќање на група на електронски писма до потенцијални или тековни купувачи за исполнување на маркетиншките цели на бизнисот.

Предуслови за E-mail Маркетинг

Секое маркетинг средство па и ова бара некои предуслови за да има можност да биде класифицирано во категорија успешно. Тука би опфатил неколку за кои сметам дека се најважни.

1. Веб Страна

Прво сметам дека е потребно да се има и бизнис веб страна за да се искористи онака како што треба оваа маркетинг средство. Целта на веб страната е да биде место каде потенцијалните и тековните купувачи ќе ги видат деталите за кои ќе станува збор во самиот e-mail. Ова е поради фактот што понекогаш не можете се да напишете и се да покажете во тој еден e-mail.

2. Алатка за менаџирање

Како втор предуслов е да се има соодветна алатка за менаџирање на кампањите. Можеби сметате дека е доволен MS Outlook, но веднаш ќе Ви одговорам дека не е доколку се работи за една поголем листа. Постои можност и да се користат таканаречените групи (на пример Google Groups), но и тоа е несигурна варијанта особено за гаранција дека пораката ќе стигне онаму каде што е наменета. Во секој случај најдобро е да се искористат некои од сервисите кои нудат ваква услуга.

3. Содржина

Добро е уште во оваа фаза во вид на предуслови да се размисли за содржината на e-mail пораките кои ќе ги праќате. Тие треба да бидат информативни, едукативни, интересни а од друга страна да имаат одредена цел – да поттикнат продажба. Затоа пред да се започне со една ваква кампања е потребно да се избере вистинската содржина.

3. Double Opt-In

Ова претставува секој кој ќе влезе во листата да ја потврди сопствената регистрација. Со попрофесионални алатки за менаџирање ова е нешто што ќе помогне Вашиот домеин да не биде окарактеризиран како spam. Зошто? Затоа што кај поединците постои незнаење и може да пратат жалба до нивниот провајдер со што постои опасност сите меилови кои во иднина ќе доаѓаат од меилот од кој Вие праќате да бидат окарактеризирани како несакани. Со тоа драстично се намалува бројот на примени e-mail-ови кои ќе ги испраќате. На пример, Aweber во случај на една таква жалба автоматски го исклучува лицето од листата и праќа е-mail до провајдерот во кој докажува дека тоа лице самото побарало да биде дел од таа листа.

4. Можност за сегментација

Која и да ја изберете опција треба да размислите за можноста за сегментација на листата. Листата може да биде составена од тековни купувачи и потенцијални купувачи што веднаш прави разлика во самата содржината која ќе ја примаат и едните и другите.

Што може да се користи како содржина?

Секој бизнис може да користи различна содржина за пораките кои ќе ги праќа. Креативноста на претприемачот и тука има најголема улога. Границите се бесконечни и буквално нема пречка дали ќе се избере текст, видео или аудио содржина. Единствена граница е што треба да се следи целта на кампањата. На пример, како содржина може да биде користено следново:

  • Кратки новости од индустријата
  • Едукација за користење на Вашите производи и/или услуги
  • Искуство со Вашите производи и/или услуги на Вашите тековни потрошувачи
  • Покана за учество во наградна игра која ја организира Вашиот бизнис
  • Известување за попусти
  • Анкети
  • Едукативни содржини
  • Нови блог написи на Вашиот бизнис блог
  • Линкови до корисни веб страни поврзани со Вашата индустрија

Одлуки кои ќе треба да ги донесете

Постојат многу одлуки кои ќе треба да ги донесете пред започнување на една ваква кампања. Како најважни одлуки би ги издвоил следниве:

  • Која ќе биде целта на кампањата? Најважната одлука која што ќе треба да ја донесете. Добро дефинирана цел ќе значи и половина дизајнирана e-mail маркетинг кампања.
  • Која алатка ќе ја користите? Многу важно прашање на кое ќе треба да дадете одговор уште во оваа фаза на планирање. Од мое искуство само би препорачал да не се залетувате да користите нешто затоа што е бесплатно или поевтино затоа што подоцна оваа одлука може да ве чини многу повеќе пари доколку погрешите во изборот.
  • Дизајн на кампањата? Направете графички приказ на кампањата, односно видот на меиловите, сегменти на приматели и главни содржини.
  • Каде ќе ги испратите? Логично е во меиловите да имате линкови до каде што ќе сакате да ги испратите примателите. Размислете за алтернативите дали тоа ќе биде продажната страна, контакт страната, блог, промотивна страна… Пожелно е во графичкиот дизајн да ги вклучите и овие елементи кои во голем дел ќе зависат од целта на кампањата и сегментот како примател.
  • Фреквенција на испраќање. Многу важна одлука за која што никогаш нема да бидете сигурни дали сте ја донеле правилно. Мое мислење е дека не треба да се оди со повеќе од 1 до 2 неделно.
  • HTML или Text Plain пораки. Дали пораките ќе бидат во вид на HTML порака која е многу попрофесионална во однос на обичниот текст, но од друга страна одредени приматели не можат да ја примат. Ова со помош на попрофесионалните сервиси како Aweber и Getresponse e решено така да секоја HTML порака автоматски се трансформира и во Text Plain порака при што доколку примателот не може да ја прочита првата ќе ја добие втората верзија.
  • Од која адреса ќе испраќате? Најдобро е адресата да биде домеинот на Вашата бизнис веб страна. Многу попрофесионално е да користите ime@vasbiznis.com наместо ime@yahoo.com.
  • Наслови на поединечните е-mail-ови (Subject). Насловот ќе има влијание на процент на отворање на секоја порака. Направете барем листа на можни наслови на секоја e-mail порака барем на оние кои ќе бидат подесени за секвенцијално испраќање.
  • Како ќе ја промовирате? Иако последно, сепак не и неважно. Промоцијата на листата е Важен аспект за успешноста на e-mail маркетинг кампања. Логично би било да ја промовирате на Вашата веб страна, но не е забрането да користите и некои од традиционалните маркетинг средства како бизнис картички, брошури, летоци

Што да избегнете?

  1. Да испраќате на луѓе кои не се на листа. Основно и прво правило на секоја e-mail маркетинг кампања е да не испраќате несакани meil-ови на лица кои не се на Вашата листа, односно од кои немате дозвола да им испраќате нешто.
  2. Да не користите двојно Opt-In. Обидете се да изберете сервис кој ја има оваа опција, иако ова е еден чекор плус за потенцијалните купувачи сепак на подолг рок носи стабилност за Ваквите кампањи.
  3. Да немате линк за исклучување. Дозволете секој кој како што самиот влегол во листата и самиот да си излезе.

Написов излезе предолг, а ми се чини дека успеав да се искажам само 5% од она што го сакав и планирав. Затоа ќе треба во иднина да ја продолжам темава. Ова беа само кратки насоки за една e-mail маркетинг кампања како маркетинг средство за малите бизниси.

post

Е-mail Како Маркетинг Средство 51

What's my login?
Сликата од midnightglory via Flickr

По пауза од една недела со серијалот на маркетинг средства на претприемач и завршување на првта половина (50 маркетинг средства) ќе продолжам со останатата половина кои ќе се однесуваат на онлајн средствата. Како прво од оваа втора половина го избрав e-mail-от бидејќи сметам дека денес претставува основно средство за комуникација како во бизнис светот така и во личниот живот.

Сакам да напоменам дека ова маркетинг средство не претставува она што е наречено e-mail маркетинг (за што ќе стане збор во некое од наредните средства) туку едноставно Ваша и на Вашиот бизнис идентификација во една ваква комуникација.

Како E-mail-от да се користи како маркетинг средство?

Сметам дека сите веќе сте имале едно вакво искуство и дека сите сте користеле и користите сопствен е-mail акаунт отворен на бесплатните сервиси. Тоа едноставно претставува електронска пошта во која можете да напишете нешто или да закачите некој документ кој го испраќате до примателот кој исто така има сопствена адреса и e-mail акаунт.

Она што е најважно за E-mail-от како маркетинг средство е да се постави Вашиот и на Вашите вработени електронски потпис на секој mail кој го испраќате, препраќате или враќате одговор. Ова со помош на MS Outlook или други слични апликации е едноставно да се изведе. (Во MS Outlook преку Tools – Options –Mail Format – Signatures).

Она што би требало Вие како претприемач и сите вработени во Вашиот бизнис минимум да го имате како електронски потпис на секој mail е:

  • Име и презиме
  • Компанија
  • Бизнис веб страна
  • Врски до социјални медиуми.

Може да ставите доколку сакате и адреса, телефонски број за контакт итн.

Втора, важна работа кога станува збор за e-mail како маркетинг средство е на кој домеин е самиот е-mail. Сакам да напоменам дека многу попрофесионално е кога Вашaта адреса користи сопствен домен и тоа домен на бизнис веб страната. На пример, доколку акаунтите за електорнски пораки кои ги користите за Вашиот бизнис се во вид на ime.prezime@vasbiznis.com се попрофесионални во однос на ime.prezime@gmail.com. Барем ова денес е едноставно и повеќето хостинг компании нудат или барем би требало да нудат неограничен број на e-mail адреси (Имам одлично искуство со MKХост кои се доста професионални и ја имаат оваа опција со пакетите кои ги нудат).

На ваков начин секој кој ќе прочита e-mail добиен од некој од Вашиот бизнис ќе може да ја види Вашата веб страна, Вашите активности на социјални медиуми, контакт детали, вашите производи и/или услуги… Понекогаш и кога нема потпис на mail-от доколку е од сопствен домеин секогаш одам да видам што се нуди на веб страната. Затоа и сметам дека ова претставува една дополнителна предност.

post

ЈАС, ЈАС и Само ЈАС – Маркетинг Средство 50

Стигнавме до 50-тото маркетинг средство на претприемач кое е последно, од таканаречените офлајн маркетинг средства. Во секој случај кога ќе ја поминам бројката од 100 меѓу кои втората половина се наменети за онлајн маркетинг средства ќе продолжиме со останатите, намерно или ненамерно заборавени или неправедно запоставени во оваа прва бројка од 50 маркетинг средства.

Маркетинг средства - Негативен синдром

Негативен синдром на маркетинг средства

Иако, ова маркетинг средство не ми беше на листата во првите 100 кои ги обработувам на претприемач, го ставив пред две недели и секако заради тоа редоследот на она што требаше да биде 50-то сега е 101-во. Ова маркетинг средство доби приоритет заради повеќе реални случки кои што ги забележав кај нас во Македонија во последните две недели за кои сметам дека имаат негативно влијание врз самите бизниси.

За разлика од претходните, оваа маркетинг средство се однесува на тоа што не треба да содржи едно маркетинг средство кога го дизајнираме. На пример, добивате можност Вие или некој Ваш вработен да се појавите во некоја емисија на ТВ и вие свесно сите ваши одговори ги прилагодувате за да бидат во полза на Вашиот бизнис со тоа што премногу се насочувате на Вас и Вашиот бизнис, при што сите други производи (конкурентски ги напаѓате). Единствено нешто што можам да забележам од едно вакво однесување е самобендисаност, преголема провидност на намерите и едноставно непочитување како на конкуренцијата така и на потенцијалните купувачи. Ваквиот начин барем кај мене ствара контраефект, бидејќи ја губам довербата во лицето кое што ми пренесува една таква порака.

Вчера погледнав една веб страна која се обидува да продаде свои производи или услуги. Истото беше и таму, Јас, Јас и само Јас. Можеби беше во стилот Ние, Ние и само Ние. Каде е тука корисноста, што има тука за мене, што ќе добијам јас како потенцијален потрошувач.

Како да го избегнеме овој синдром?

Пред да се одлучам за овој наслов како прв наслов на овој пост го поставив Синдром – јас, јас и само јас. Согласно The Free Dictionary синдром претставува:

Комплекс на симптоми кои покажуваат на постоење на непосакувана состојба или квалитет.

Бидејќи ваквото дизајнирање на маркетинг средства навистина создава несакани последици, односно контраефекти затоа и сметам дека претставува еден синдром кој предизвикува негативности за бизнисот воопшто. Сите ние сакаме да продадеме и се да претвориме во маркетинг средство, но ми се чини дека принципите кои ги користиме се сеуште оние од XX-тиот век и кои немаат веќе толкаво влијание како во времето кога биле хит. Зошто немаат влијание? Затоа што начинот на кој луѓето комуницираат денес е сосема променет за разлика од минатото. Во минатото сите информации ги добивавме од неколку весници и неколку телевизии, додека сега имаме пристап скоро до стотици ТВ канали, еден куп на весници како офлајн така и онлајн и секако интернет кој нема неодговорено прашање. Така да не може некој да ми го зборува она што сака да ми го зборува туку она што јас како потенцијален купувач сакам да добијам информација. Повеќе можете да прочитате во Влезен Маркетинг – Inbound Marketing – Претприемач.

Еве некои совети како да го избегнете овој негативен синдром:

  • Биди човек пред се.
  • Сподели информација а не производ кој сакаш да го продадеш.
  • Не си само ти на светов, постои и другата страна која сакаш да ти биде купувач, но постои уште една страна која исто така сака истата публика да му биде купувач.
  • Биди реален и ако треба сподели ги недостатоците на твојот производ или услуга за да изградиш доверба.
  • Покажи дека се согласуваш со можни недостатоци и дека работиш за да ги решиш.
  • Биди самиот ти, така си попрепознатлив, не глуми.
  • Вклучи се во комуникација не за да продадеш туку за да дадеш допринос во самат конверзација.