post

StumbleUpon – Маркетинг средство 86

StumbleUpon како маркетинг средство

StumbleUpon како маркетинг средство

Продолжуваме со социјалните медиуми како маркетинг средство. Како 86-то маркетинг средство во овој серијал на претприемач го избрав StumbleUpon. Во оваа маркетинг средство гледам навистина голем потенцијал, и не само што гледам туку и при некои мои тестирања навистина се покажа како квалитетен извор на сообраќај за еден блог.

Она што сакам да го потенцирам е што овој медиум е доста лесен за користење, а од друга страна и забавен. Го користам коко извор на квалитетни информции кои го зголемуваат моето знаење во подрачјата за кои сум пројавил интерес. А како што го користам се повеќе и повеќе добивам подобар фидбек со поквалитетни извори на веб сајтови прилагодени согласно моето однесување во користење на оваа платформа.

Што претставува StumbleUpon?

Најкратко кажано StumbleUpon претставува социјална мрежа преку која корисниците откриваат и рангираат веб страници од нивен интерес преку посебен вид на технологија за препорака на тие страници.

Всушност, со самото креирање на ваш профил на платформата вие избирате соодветни подрачја на интерес за вашето присуство на оваа социјална мрежа, а потоа барате пријатели за креирање на мрежата. Откако креирате акаунт потребно е да инсталирате додаток на Вашиот интернет прелистувач со чија помош ја користите платформата. Останатото е да се забавувате со откривање на нови веб сајтови кои можеби никогаш порано не сте ги сретнале.

Можете да го погледнете видеото кое го направив пред повеќе од една година во кое ќе видите некои детали за тоа што претставува, како да го користите и како да поставувате нови страници.

Како да го користите StumbleUpon?

Основната цел на StumbleUpon е да ви обезбеди квалитетна содржина од интернетот и врз основа на тоа вие да ја рангирате како добра или лоша за Ваш вкус. Затоа и однесувајте се како такви корисници и не го користете само за себепромовирање. Оваа правило важи не само за ова маркетинг средство туку и за сите останати кога станува збор за социјални медиуми.

Основниот процес на користење би изгледал вака:

  • Изберете ги подрачјата на Вашиот интерес.
  • Користете го одреден период за да добиете поквалитетни сугестии. (Се користи преку кликнување на копчето Stumble при што добивате одредена препорака и доколку сте задоволни можете да кликнете на I Like It копчето)
  • Споделете нешто ваше.
  • Користете го често системот.

Можете да споделите и Ваша сопствена веб страна или пак некој квалитетен пост од Вашиот бизнис блог) или пак страната за продажба на некој Ваш производ или пак страната за градење на Вашата листа.

Можете и да го искористите рекламирањето преку оваа платформа. Системот функционира на таков начин што:

  • Вие избирате аудиенција на која би сакале да се покаже Вашиот веб сајт согласно категорија, демографија или географија.
  • Системот ви праќа посетители и ви наплаќа согласно прегледите на Вашиот веб сајт.
  • Колку повеќе Like-ови добивате толку повеќе ќе биде и прикажан Вашиот веб сајт и во бесплатната варијанта.
  • Имате целосна контрола на Вашиот буџет.

Дали треба да го користите?

Доколку имате веб сајт и блог и сакате да го зголемите потенцијалот на тој веб сајт или блог нема ништо да изгубите доколку го користите. Доколку го користите на вистинскиот начин и вашиот бизнис ќе има и корисност. Бидете корисни за системот и системот ќе ви возврати со љубов.

post

Delicious – Маркетинг Средство 85

Delicious како маркетинг средство

Delicious како маркетинг средство

Сеуште се наоѓаме во делот на социјални медиуми како маркетинг средства од овој серијал за маркетинг средства на претприемач. Стигнавме до 85-тото маркетинг средство во кое ќе стане збор за еден претставник од посебен вид на социјални медиуми наречени како социјални обележувачи – Delicious.

На пример, дали сакате некој кога ќе прочита нешто вредно на Вашиот бизнис блог да го обележи и да биде видливо за неговата мрежа? Дали сакате да покажете дека сте во тек со информациите од Вашата индустрија и да ги споделите со секој од Вашата мрежа или некој друг? Дали сакате нешто вредно што ќе прочитате да го запомните и да се навратите повторно на таа информација кога ќе имате потреба? Дали сакате да знаете што ги интересира Вашите потенцијални купувачи кои се дел од Вашата мрежа на овој социјален медиум? И уште многу дали сакате прашања…

Сето ова се прашања на кои помош може да ви обезбеди Delicious.

Што претставува delicious?

Delicious е нешто за што и претходно имаме пишувано на претприемач. Во Delicious како средство за прибирање и складирање на информации напишавме дека:

Delicious претставува социјален bookmarking (обележувач) сајт за складирање, споделување и пронаоѓање на обележени веб страници. Целта на delicious е да ви овозможи складирање на страните за кои сметате дека се интересни за вас и подоцна лесно да ги најдете.

За разлика од Favorits или Bookmarks на вашиот интернет прегледувач со помош на Delicious вие ги споделувате тие страни со поголем број на луѓе кои се присутни на мрежата.

Други интересни карактеристики се што лесно можете да пронајдете други обележени веб сајтови врз основа на клучни зборови или ознаки или пак  врз основа на популарност.

Можете и да го погледнете видеото кое го направивме за овој сервис за социјален bookmarking:

Како може да се користи?

Вообичаено користење на оваа соцјална алатка е да креирате акаунт и да започнете да обележувате веб страни кои ви се допаѓаат. Внимавајте на соодветните клучни зборови, ознаки и опис кој ќе го додадете кон секоја страна бидејќи истите се користат за полесно пребарување во иднина како од Ваша страна така и од секој корисник на сервисот кој бара информација плус.

Можете и да креирате сопствена мрежа во која ќе додадете други корисници во истата и на таков начин да ги следите сите веб страници кои се обележени од тие корисници. Истото тоа може да биде направено и од некој друг во чија мрежа ќе се наоѓате вие.

Креирање на мрежа на Delicious

Креирање на мрежа на Delicious

Можете и да го интегрирате delicious со други социјални мрежи како Facebook и Twitter.

Од друга страна овозможете лесно секој да може да означи страна од Вашиот веб сајт или блог на delicious со што истиот веќе ќе биде достапен на голем број на корисници на мрежата.

Во секој случај ништо не се губи, а постои потенцијал од придобивка во градење на присутноста на Вашиот бизнис на интернетот и социјалните медиуми.

Дали треба да го користите?

Овој социјален медиум може да биде доста од корист за Вашиот бизнис, односно сметам дека има потенцијал да заврши огромна работа. Во секој случај сето ова ќе зависи од видот на Вашиот бизнис, индустријата и онлајн стратегијата која ќе ја користи Вашиот бизнис.

Без разлика дали сте претприемач кој сака да биде во тек и да знае што е популарно во индустријата или пак сакате да градите мрежа на потенцијални купувачи или пак сакате да ја зголемите достапноста на вашата веб содржина delicious e тука за да ви помогне.

post

Социјални мрежи – Маркетинг Средство – 84

Социјални мрежи - Маркетинг средство

Социјални мрежи - Маркетинг средство

Во досегашниов тек на овој серијал за маркетинг средства на претприемач ги опфативме најважните социјални мрежи: Twitter, Facebook и LinkedIn за кои сметам дека во моментов се најважни и најкорисни за еден бизнис. Но, оваа 84-то маркетинг средство ќе се однесува на уште некои социјални мрежи на кои можете да градите ваше присуство.

Во секој случај, во едно од наредните маркетинг средства ќе имаме SWOT анализа за социјални медиуми и Scorecard за социјални медиуми кои ќе може да ви помогнат околу изборот на најважните. Како и секаде и тука може да се применува 80/20 правилото што значи дека 80% од Вашите потенцијални потрошувачи се наоѓаат на 20% од социјалните мрежи, па логично би било да ги насочиме нашите ресурси токму на тие 20% од социјални мрежи.

1. Bebo

Bebo претставува онлај н социјална мрежа која повеќе се насочува на споделување и консумпција на дигитална содржина. Корисниците на Bebo кревлегуваат во интеракција со другите корисници преку споделување на фотографии, видео, комуникација преку месенџер, вклучување во квизови и анкети.

Статистика за Bebo

  • 117 милиони регистрирани корисници
  • Околу 12 милиони активни корисници
  • Најголема популарност има во Англија каде припаѓаат 30-40% од корисниците.

Како може да се користи?

Корисниците можат да ја користат оваа социјална мрежа и како едно маркетинг средство. Така да музичарите можат да се поврзат со своите фанови и да ја рекламираат и продаваат својата музика онлајн, авторите на книги може да споделат цели поглавја за да добијат некаков фидбек или за да ја покажат сопствената работа на потенцијалните купувачи. Доколку сте корисник или производител на некаков производ од дигиталниот свет можеби Bebo е вистинската социјална мрежа за тебе.

2. MySpace

MySpace претставува уште една онлајн социјална мрежа која може да се стави во групата на најстари (започнува во 2003 година). Им овозможува на корисниците интеракција преку разни карактеристики како блогови, месенџер, групи, форуми…

Статистика за MySpace

  • Во најдобрите денови имале повеќе од 100 милиони корисници, при што стрмно опаѓање доживува со појава на Facebook.

Како може да се користи?

Може да се користи за градење на односи со постоечки пријатели и креирање на нови пријателста и конекции. Од друга страна оваа мрежа исто како и Facebook овозможува адвертајзинг при што секој може да дизајнира сопствена реклама, да избере кога каде и на кој да се прикаже истата и да се плати врз база на број на кликови на рекламата.

3.  Orkut

Orkut е онлајн социјална мрежа во сопственост на Google. Целта е како и на сте други социјални мрежи да се градат мрежи помеѓу корисниците и нови релации.

Статистика за Orkut

  • Над 50% корисници се лоцирани во Бразил
  • Над 13% од корисниците го користат за градење на бизнис релации

Како може да се користи?

Може да се користи за градење на односи со постоечки пријатели и креирање на нови пријателста и конекции. Оваа мрежа нуди неколку свои опции како градење на заедници (Communities) и комуникација преку Testimonials и Scrapbooks.

Постојат и други социјални мрежи кои не ги вклучив во овој серијал. Некои имаат најавено дека ќе прекинат со работа до крајот на годината, а некои немаат голем број на коринсици за да може да се препорача нивно користење за бизнис цели.

post

LinkedIn – Маркетинг Средство 83

LinkedIn Маркетинг Средство

LinkedIn Маркетинг Средство

Сеуште сме на социјалните медиуми како маркетинг средства на претприемач. Како 83-то маркетинг средство го избрав LinkedIn, уште една социјална мрежа за градење на конекции, конверзации и потенцијален бизнис.

Сега сме во социјална мрежа која повеќе се однесува на професионалци, бизнис вмрежување, конекции, соработки, дискусии…

Што претставува Linkedin?

LinkedIn претставува социјална мрежа како и сите досега кои ги споменавме во овој серијал со таа разлика што се додава зборчето професионална пред мрежата. Значи LinkedIn претставува социјална мрежа на професионалци преку која може:

  • да се одржуваат професионални релации помеѓу корисниците,
  • да се пребаруват отворени работни места,
  • да се регрутираат кадри за бизнисот,
  • да се споделуваат различни проблеми и разменуваат различни можни решенија,
  • уште многу други креативни бизнис релации…

Основната филозофија на LinkedIn е “Relationship Matter”. Мисијата на оваа социјална мрежа е:

да ги поврзе професионалците од целиот свет за да станат попродуктивни и поуспешни.

Последните факти од страна на LinkedIn велат дека имаат над 85 милиони членови во повеќе од 200 земји, што секако кога станува збор за професионално вмрежување не е за потценување.

Можете да го погледнете официјалното видео за тоа што претставува LinkedIn:

Како може да се користи?

Вообичаено користење на оваа социјална мрежа е да се креира акаунт и да се поканат другите корисници на мрежата за да станат конекции.

Кога станува збор за конекции LinkedIn ги рангира во степени. На пример, директните конекции се првостепени конекции, конекциите преку директните конекции претставуваат второстепени конекции итн.

Можете да ја користите мрежата за да најдете значајни контакти првин преку луѓе кои што ги познавате, а потоа да барате преку различните можности кои LinkedIn ги нуди за пронаоѓање на професионалци од Ваше значење како што се пребарување по компанија, од други социјални мрежи или преку одговори (LinkedIn Answer).

Можете да креирате група во која ќе ги поканите Вашите конекции за да се вклучат во дискусија на истата од теми поврзани со Вашата индустрија.

LinkedIn е одлична можност за генерирање на потенцијални купувачи за Вашиот бизнис. Со помош на алатките кои досега ги споменавме и секако можноста за адвертајзинг на мрежата има потенцијал да генерира нови купувачи за Вашиот бизнис. Едноставно како и со останатите маркетинг средства Вие сте присутен на една мрежа каде во моментов има над 85 милиони професионалци.

Затоа следете го следниов иницијален процес за започнување на градење на присуство на ова социјална мрежа:

  • Направете план. Одговорете на прашањата во која индустрија се наоѓа Вашиот бизнис, кои се првичните конекции кои би сакале да ги имате, од кои индустрии се важни луѓето за Вашиот бизнис, што ќе сакате да постигнете…
  • Отворете сметка на LinkedIn. Отворете сметка и започнете да барате значајни лица.
  • Прашања. Започнете со одговарање на поставените прашања за кои имате одговор, а потоа започнете и со поставување на конкретни прашања поврзани со Вашата индустрија како би можеле да дојдете до нови конекции, да видите какво е мислењето за соодветниот проблем и да најдете различни решенија кои ве мачат.
  • Ажурирајте го Вашио статус. Статусот има потенцијал за брзо забележување преку Вашиот профил и e-mail-от кој LinkedIn го праќа на Вашата мрежа.
  • Група. Разгледајте ја можноста од креирање на посебна група на LinkedIn каде ќе поттикнете дискусија помеѓу членовите.
  • Маркетинг. Поставете линк од Вашиот веб сајт и блог до Вашaтa LinkedIn група. Поврзете го LinkedIn статусот со Вашиот Twitter профил. Разгледајте ја можноста во сите маркетинг средства да покажете дека сте присутен и на LinkedIn.

Дали треба да го користите?

Бидејќи професионалци од скоро секоја индустрија се присутни и ја користат оваа социјална мрежа логично е дека би требало и Вие да ја користите.

Без разлика дали Вие барате бизнис контакти како можни потенцијални клиенти, или пак барате кандидати за вработување, или пак барате решенија за проблемите во индустријата, или пак сакате да се изградите како експерт во Вашата индустрија, LinkedIn ви обезбедува можности во овие подрачја и би требало да ги искористите.

post

Foursquare – Маркетинг средство 82

Од текстови, слики и видео материјали за онлајн споделување се селиме на локација како основа на некои социјалните медиуми во овој серијал за маркетинг средства на претприемач. Онлајн па уште и локација. Можеби ќе ви бидне чудно зошто онлајн присуство да се врзува со локација. Но, сепак голем дел од бизнисите функционираат на одредена локација, а луѓето од маркетингот се оние кои постојано се обидуваат да ја претстават таа локација во главата на потенцијалните купувачи.

Foursquare сеуште е во фазата на раѓање, и многу претприемачи дури не слушнале дека постои такво нешто, а камоли да го разгледуват како можна бизнис алатка. Сепак, ми се чини дека кога би требал на некој да го опишам значењето и можностите за користење на сервисот за бизнис цели во една реченица, таа би била многу долга и секако тешко разбирлива особено кај нас каде се отвараат повеќе прашања.

Од друга страна, мрежата навистина бргу се шири. Иако и Facebook воведе локациски сервис (кај нас сеуште не е достапен) и се зборуваше дека тоа е смрт за Foursquare, сервисот продолжи со огромен пораст на корисници. Согласно информациите од официјалниот блог се вели дека во последната година имаат раст од 100.000 на 4,5 милиони корисници. Сепак тоа е значајна бројка.

Што претставува Foursquare?

Foursquare e исто што и сите други вакви сервиси – социјална мрежа. Исто како и Twitter и Facebook има пријатели при што се бара пријателство и се прифаќа пријателство. Може да се споделуваат искуства. Но, она што го разликува од останатите е што како основа се зема локацијата при што искуствата се однесуваат за конкретна локација. Тоа значи дека еден корисник на сервисот кога ќе дојде на некоја локација (бутик, ресторан, кафуле, парфимерија, козметички салон…) се чекира преку својот мобилен телефон на истата дека е присутен таму (доколку локацијата ја нема корисникот ја додава во системот преку внесување на име, категорија, адреса, град и држава).

Forsquare места

Forsquare места

Освен внесување на локации, чекирање, препорачување и споделување на искуства можете и да прочитате разни искуства и препораки од другите кои пред Вас ја посетиле таа локација. За да биде поинтересно, foursquare доделува и беџови врз основа на онаа што сте го поминале.

Препораки и беџови на Forsquare

Препораки и беџови на Forsquare

Бизнис користење на Forsquare

Сето она погоре опишано е ОК, но каква врска има со бизнисите? Можеби токму ова ќе се запрашате. Но, дали би сакале да привлечете повеќе луѓе во Вашата локација доколку Вашиот бизнис зависи токму од таа локација? Дали би сакале да градите лојалност кон Вашиот бизнис? Дали би сакале да спроведете ефективни промотивни кампањи кои ќе дадат резултати? Дали би сакале Вашиот бизнис да биде излистан пред милионска аудиенција?

Доколку на овие прашања Вашиот одговор како еден претприемач е ДА, тогаш Foursquare може тука за да ви помогне.

Подолу се некои од идеите како можете да го користите Foursquare за бизнис цели:

Натпревар за градоначалник на локацијата на Foursquare

Натпревари за градоначалник на Foursquare

Натпревари за градоначалник на Foursquare

Секое лице со најмногу посети на една локација станува градоначалник (Mayor) на таа локација на Foursquare. Оваа претставува одлична можност да поттикнете натпревар за градоначалничко место.

Лицето кое во последните 60 дена има најмногу посети станува градоначалник и можете да му обезбедите специјален попуст за тоа лице.

Примерот на сликата го прикажува токму тоа. Ова значи едноставно дека Вие и Вашиот бизнис се заблагодарувате на тоа лице за неговата лојалност кон бизнисот.

За дознаете кој е градоначалник на Вашата локација едноставно треба да го отворите бизнис профилот на Foursquare и ќе видите кој во моментов се наоѓа на таа позиција.

Ваквата кампања претставува одличен начин за еден натпревар меѓу луѓето се за да станат градоначалник и да ја имаат привилегијата која ја носи тоа место.

Foursquare промоции

Foursquare промоции

Foursquare промоции

Освен за градоначалничките места можете да направите и специјални промоции кои ќе служат за наградување на купувачите. На сликата лево е даден еден пример за ваква промоција кој сеуште е во фаза на одобрување од Foursquare.

Како идеи за користење на ваквите промоции можете да понудите нешто при секое чекирање или пак при секое 3-то, 5-то итн.

Програми за лојалност

Бизнис корисниците на Foursquare (претходно потврдена локација која ја менаџирате вие) имаат можност за одлична статистика која можете да ја искористите во нудење на дополнителни програми за лојалност кон Вашиот бизнис. Преку таа статистика можете да видите кој бил чекиран во одреден период на време (денес, вчера, последна недела, последни 30 дена, последни 60 дена, последни 90 дена и севкупно).

Оваа статистика има и дополнителни можности во вид на тоа да видите колкав процент од чекирања биле испратени на Twitter и Facebook. Има и најави дека во оваа аналитика ќе се вклучи и временската прогноза така да може да се види како времето влијае на работењето на Вашиот бизнис (иако не сум сигурен дали кај нас ќе ја имаа оваа можност).

Зошто да не ја искористиме оваа аналитика и статистика и да не ги наградиме нашите најлојални купувачи. Како што знаеме 20% од нашите потрошувачи го одржуваат нашиот бизнис со 80% од остварена продажба. Подобро е да ги задржиме тие 20% со специјални програми за нивно нградување како наши лојални купувачи.

Процес на користење

За крај накратко би претставил еден процес кој би требало да го следите за користење на Foursquare како маркетинг средство.

  • Отворете Foursquare сметка.
  • Доколку имате мобилен телефон кој поддржува инсталација на Foursquare апликација инсталирајте ја.
  • Чекирајте се и притоа внесете ја локацијата на Вашиот бизнис.
  • Поврзете се со пријатели, пратете понуди за пријателство и проучувајте го функционирањето на системот. Едноставно чекирајте се каде ќе одите.
  • Отворете ја Вашата локација и кликнете во делот каде што ве прашува дали Вие сте менаџер на оваа локација и започнете ја постапката за потврда на Вашата локација. (Од моето искуство процесот може да трае и неколку месеци)
  • Направете план со цели кои сакате да ги постигнете, промоции и натпревари кои ќе ги понудите и секако промоција на овие програми на Foursquare.
  • Откако ќе ја потврдите локацијата ќе можете да ги користите бенефициите како бизнис корисник на Foursquare и да започнете да го применувате планот.
post

YouTube – Маркетинг средство 81

YouTube - Маркетинг средство

YouTube - Маркетинг средство

YouTube претставува 81-то маркетинг средство на претприемач. Како надополнување на претходното за кое стана збор, Flickr во кое споделувате слики, оваа маркетинг средство се однесува на споделување на видео.

Доколку сликата вреди илјада зборови, колку ли ќе вреди едно видео. И надополнето на ова, доколку Вашето видео биде видено од милионска аудиенција, колкаво маркетиншко влијание ќе има Вашата активност од неколку часа за креација на истото?

Иако насловот на овој пост потенцира конкретен сајт за споделување на видео – YouTube, сепак постов се однесува повеќе на видео за споделување на интернет во бизнис цели кое секако може да се сподели и со други сервиси. Сепак го избрав YouTube како најголем од сите тие.

Споделување на видео

Споделување на видео можеби е наједноставен начин за започнување на градење на портфолиото на социјалните медиуми за Вашиот бизнис. Доколку веќе извесен период Вашиот бизнис постои сигурно имате направено некоја VHS снимка која привлекува прав во некоја полица. Можеби исто така имате некое видео од некоја реклама или снимка од производен процес, или пак снимка од прослава со задоволните купувачи која се наоѓа на Вашиот хард диск ви зафаќа простор и не знаете што да правите со тие снимки…

Од друга страна денес не е потребна скапа технологија за да се направи добра видео презентација. Со инвестиција од неколку стотини евра и неколку часа Вашата виде презентација ќе биде подготвена. Нормално, не како професионалците кои ќе Ви наплатат поголема сума, но за еден мал бизнис со ограничени финансиски ресурси ќе биде доволно да започне да ја гради сопствената присутност на интернет преку видео.

Blendteck како пример

Не постои книга која сум ја прочитал а да не го спомене Blendteck како пример кога станува збор за успех во користење на видео на интернетот како маркетинг средство кое дава одлични резултати.

Blendteck e компанија за блендери базирана во Utah која постигнала огромен успех преку инвестирање на неколку стотици долари во опрема, снимање на видео помало од 2 минути и аплоадирање на истото на YouTube.

Карактеристично е што на сите видео материјалчиња направени од Blendetck и аплоадирани на YouTubе:

  • Се снима демонстрацијата на производот (корисност и моќност на блендерот)
  • На видеото е претседателот на компанијата – Tom Dickson кој всушност ја прикажува корисноста од нивниот блендер (авторитет, репутација, доверба).
  • Постојано објавување на ново видео со нови тестови на нивниот блендер (конзистентност)
  • Интересно е бидејќи секој сака да види што ќе остане од еден iPhone кога се стави во блендер или од некој друг производ (интересност).

Овие карактеристики на овој Blendteck канал на YouTube овозможија оваа компанија во при првото објавување на видео во првите 24 часа да имаат повеќе од еден милион гледања на нивното видео и во истиот тој период да го распродадат нивниот производ за цена од $600.

Во моментов кога го пишувам овој пост нивниот канал на YouTube има скоро 6 милиони прегледи на каналот, над 144 милиони гледања на видео материјали и над 340 илјади регистрирани на каналот.

Секој би го сакал ваквиот успех. Но, никој не може да го гарантира. Но, од друга страна зошто да не се обидеме кога можеме и секако нема да потрошиме огромна сума на пари.

Што е YouTube?

YouTube претставува сервис за споделување на видео материјалчиња кој им овозможува на корисниците лесно и едноставно без никакво техничко знаење да постават видео на интернет и тоа преку различна технологија – веб сајт, мобилен телефон, е-mail…

Она што е карактеристично за YouTube e што гледачите на видео материјалчињата можат да оставаат коментари и секако да копираат линк за споделување на видео или код за поставување на друг веб сајт. Сето ова го поттикнува вирозниот елемент на овој сервис.

Како може да се користи?

Во овој дел ќе се обидам накратко да презентирам еден процес на користење на YouTube во маркетинг цели на Вашиот бизнис:

  • Направи план. Одговори на прашањата што ќе снимам, како ќе снимам и кога ќе снимам видео клип за бизнисот. Што ќе снимате зависи од Вашата креативност. Дали ќе изберете тестирање на Вашите производи, или пак некоја презентација, или пак рекламент клип, или пак How To прикажувања на користење на Вашите производи/услуги или пак било што друго што ќе биде од интерес на Вашите потенцијални купувачи ќе зависи од Вашата креативност. Како ќе снимате ќе зависи од буџетот што го имате за набавка на опрема – видео камера и/или микрофон. Кога ќе снимате ќе зависи од тоа колку видео материјалчиња сакате да правите во одреден временски период и колкаво време имате на располагање.
  • Опрема. Набавете ја опремата, тестирајте ја и спремете ја за Вашето прво видео. Ќе ви биде потребен и софтвер за едитирање за да можете да го подзасредите видеото кое ќе биде снимено со камера.
  • YouTube. Отворете сметка на YouTube и направете посебен канал за Вашиот бизнис. Откако Вашето видео ќе биде спремно поминете на постапката за аплоадирање.
  • Маркетинг на каналот. Нема корист од еден ваков канал доколку не ве дознаат луѓето. Првин, сите информативни рубрики на каналот пополнете ги колку што може поинформтивно. Второ, поставете линк на вашиот веб сајт до вашиот YouTube канал. Споделете го видеото на Facebook и Twitter. Напишете пост на Вашиот блог на кој ќе го ембедирате кодот од видеото. Ставете линк до вашиот YouTube канал на сите останати маркетинг средства…
post

Flickr – Маркетинг средство 80

Flickr го избрав како 80-то маркетинг средство на претприемач, не заради тоа што е единствена ваква платформа туку заради тоа што е една од најкористените од социјалните мрежи за споделување на слики.

Доколку сликата е вредна илјада зборови, која е вредноста на тоа да можете да споделувате слики со пријатели, роднини и потрошувачи во Вашата мрежа?

Иако постојат многу претприемачи кои веруваат дека социјалните мрежи за споделување на слики претставуваат единствена поволност за споделување на слики од одмори и прослави со роднини сепак се повеќе се зголемува бројот и на оние кои сметаат дека сликите и социјалните мрежи претставуваат одлична бизнис можност.

Што претставува Flickr?

Flickr претставува сервис за споделување на слики со кој индивидуалците и бизнисите успеваат сопствената визуелна содржина да ја направат достапна за сите оние кои се заинтересирани преку различни средства во вид на веб, мобилни уреди, е-mail, RSS…

Веб сајтот на Flickr е достапен во 8 јазици што претставува солидна оснава за глобалните бизниси.

Како може да се користи во бизнис цели?

Сите ние сме во себе сликари. Денешата технологија ни овозможува постојано во нашиот џеб да имаме солиден фотоапарат, без разлика дали е тоа вистински фотоапарат или пак мобилен телефон. Секојдневно гледам луѓе кои едноставно си ги забележуваат моментите на слика преку мобилен телефон.

Дури стекнувам впечаток дека доколку порано се сликавме за оние „старомодни“ фото албуми кои во одредени прилики ќе ги гледавме заради обновување на спомените од тие моменти, денес едноставно сликите во голем дел се резултат на желба за споделување на Facebook.

Бесплатниот акаунт на Flickr е ограничен на 100 мегабајти месечен аплоад додека про акаунтот е неограничен и без реклами. Можете да имате јавни и приватни слики. Јавните може секој да ги види додека приватните само вие или одредена група на луѓе. Но, скоро 80% од сликите на Flickr се јавни.

Значи користењето се сведува на сликање и аплоадирање на сликите на Flickr. Со помош на бобилните уреди овој процес е премногу едноставен. Така да за бизнис цели можете да сликате одредени карактеристики на Ваши производи, одредени настани на кои присуствувате вие или Вашите вработени, одредени прослави во Вашата компанија, задоволни потрошувачи, моменти од состаноци, моменти од тестирање на производ и/или услуга… Листата е навистина неограничена и се базира најмногу на претприемничката креативност.

Тие слики можете да ги поставите како фото стрим на Вашиот веб сајт или блог.

Уште позначајно е што сите јавни фотографии за кои избирате лиценца за можност за користење од страна на други веб сајтови или блогови имаат потенцијал да бидат објавени на некој друг веб сајт но врз основа на таа лицена корисникот е должен да постави линк до Вашиот фото стрим на flickr. Кога тој посетител ќе кликне на тој линк ќе има можност да види и линк до Вашиот веб сајт или блог. Тој станува Ваш потенцијален купувач.

Flickr линк

Еве еден доказ на оваа предност на flickr:

Од 17000 посети од страна на reffering sites 160 доаѓаат од Flickr. Тоа нешто помалку од 1%. Но, сепак е на 6-то место за сајтот од кој е извлечена оваа аналитика што сепак може да се стави во категорија на корисно за нешто што е бесплатно.

Го потцртав и Google Images (пребарувачот на слики на Google) само заради илустрација дека сликите имаат влијание за обезбедување на посетители кон Вашиот бизнис веб сајт.

Дали да го користите Flickr?

Користење на Flickr за споделување на слики поврзани со Вашиот бизнис претставува одлична можност да стигнете до голема аудиенција.

Дали вашиот бизнис би имал корист доколку некој заинтересиран за Вашите производи и/или услуги врши истражување и сака да ги види тие Ваши производи и пребарува на flickr  по името на Вашиот бизнис и наоѓа одлични слики? Мислам дека ќе се сложите дека ќе имате корист.

Дали ќе имате корист доколку некој употреби некоја од Вашите слики во негова презентација пред менаџментот со тоа што ќе биде наведено од каде е сликата? Сметам дека и за ова ќе се сложите дека е корисно за Вашиот бизнис.

Со едноставна безплатна партиципација на пазарот за споделување на слики Вашиот бизнис едноставно е вклучен во процесот на интернет маркетингот и овозможува дополнителен стрим за лесно наоѓање на Вашиот бизнис на интернетот.

Техники на користење

Иако веќе напоменав неколку можности за користење на овој сервис би сакал да наведам и еден процес кој би ве водел низ сето ова:

  • Прво нешто е секогаш да имате можност да фатите некој момент на слика.
  • Обидете се да стекнете навика за сликање, односно користење на Вашиот мобилен телефон за таа намена.
  • Сликајте: ваши производи, техничка подршка, вработени, потрошувачи, производен процес, монтажа, залихи…
  • Споделувајте на flickr.
  • Изберете колку што можете повеќе ознаки за сликите. Користете име на производ, сериски број, година на производство, примена, намена, проблем кој го решава…
  • Инсталирјте и користете бесплатни додатоци со кои ќе се прикажуваат тие слики на Вашиот веб сајт, блог или други социјални мрежи кои ги користите.
post

Twitter – Маркетинг средство 79

Twitter - Маркетинг средство

Twitter - Маркетинг средство

Twitter е 79-тото маркетинг средство на претприемач од серијалот за 100 маркетинг средства. Во минатите две недели стана збор за Facebook, првиот пост за бесплатно користење и во вториот за користење на Facebook реклами. Twitter е помал во однос на Facebook, но сепак со константен раст поинаков стил на платформа за комуникација помеѓу лица (и правни и физички).

Можеби ќе се запршате како една алатка за блогирање која ограничува на 140 карактери може да биде корисна за еден бизнис? Да, Twitter е платформа за микроблобирање, што значи дека сте ограничени на само 140 карактери. Но, нели токму тоа е и целта во денешно време кога корисниците на интернетот немаат многу време за губење, да се испрати кратка и јасна порака која ќе може да биде прочитана и споделена.

Од друга страна, доколку сеуште го поставувате тоа прашање, Twitter не е само платформа за блогирање, туку и алатка за комуникација. Дали Вашиот бизнис има потреба од комуникација со:

  • тековните купувачи,
  • потенцијалните купувачи,
  • вработени,
  • снабдувачи?

Доколку одговорот е не, тогаш не размислувајте за користење на оваа платформа. Доколку одговорот е да, што сметам дека е точен за 100% од бизнисите, тогаш размислете за вклучување на истата во вашата севкупна маркетинг стратегија.

Twitter е повеќе од само алатка за маркетинг

Пред да преминеме да го разгледуваме Twitter како можно маркетинг средство би сакал да напоменам дека тој е многу повеќе од алатка за маркетинг. Twitter претставува навистина солидна бизнис алатка која може да ви помогне во многу аспекти на Вашиот бизнис. На пример, може да се користи како:

  • Алатка за објавување на содржина
  • Алатка за истражување
  • Алатка за социјализација
  • Алатка за работа
  • Алатка за маркетинг

Twitter како маркетинг средство

Значи маркетинг претставува само еден мал сегмент на користење на оваа платформ за микро блогирање од страна на бизнисите. Начинот на користење и слободата на креативност е огромна. Нема и неможе да постои темплејт кој ќе ве води во процесот на користење на Twitter како маркетинг средство.

Треба да напоменам дека секогаш имајте во предвид дек е повеќе од само маркетинг средство.

Во Twitter за бизнис – 27 ресурси ги опфатив ресурсите каде во целост можете да прочитате за различните начини и идеи за користење на оваа платформа за микроблогирање. Во еден од тие ресурси се наоѓа и постот на Chris Brogan, коавторот на книгата Агенти за доверба во кој изнесува 50 идеи за користење на Twitter за бизнис цели.

Но, тука би опфатил некои идеи како да го користите како маркетинг средство:

  • Вмрежување со потрошувачите и слушање на она што тие го кажуваат за Вас, Вашиот бизнис и Вашите производи и/или услуги.
  • Одговарање на прашања. Некој потенцијален или сегашен купувач ќе ви постави прашање кое Вие можете да го одговорите.
  • Добивање на фидбек преку поставување на прашања и анкети.
  • Подобрување на имиџот на бизнисот.
  • Истражување на пазарот. Не сте ни свесни колку информации може да се приберат за пазарот преку оваа платформа за микроблогирање.
  • 140-карактери реклами во вид на ограничени содржини, попусти, награди…
  • Споделување на корисни информации.
  • Не спамирај.
  • Користење како систем за поддршка.

Алатки кои може да ви помогнат

Постојат повеќе апликации за менаџирање на Вашите Twitter акаунти, но од повеќето кои сум ги пробал единствено HootSuite е една од најкомплетните. Иако пред некој ден бесплатната верзија (одличен freemium бизнис модел) е веќе ограничена на 5 социјални мрежи, 2 RSS фидови, статистика за 30 дена и подржана со реклами сепак претставува доволно за еден мал бизнис. Истата апликација ја има и за на Вашиот телефон.

Пред некоја недела ја зедов и ја пробав апликацијата Twittelator Pro која исто така ми остави соодветен впечаток и преку телефонот сега повеќе ја користам оваа апликација.

HootSuite & Twittelator Pro

HootSuite & Twittelator Pro

post

Facebook Реклами – Маркетинг средство 78

Facebook Реклами

Facebook Реклами

Продолжуваме со серијалот за маркетинг средства на претприемач. Во 77-мото маркетинг средство стана збор за Facebook бесплатно кое се однесуваше на градење на присутноста на бизнисот на оваа платформа, додека во оваа 78-то маркетинг средство исто така ќе стане збор за Facebook, но за користење на нивниот систем за реклами кој функционира на принципот плати по клик.

За целите на овој пост ќе искористам еден mindmap кој пред извесен период го креирав за мене лично при крирање на Facebook рекламни кампањи. А, во понатамошниот дел од овој пост ќе се обидам накратко да навлезам во сите елементи од тој mindmap.

Mindmap за Facebook реклама

Mindmap за Facebook реклама

1. Цели на една Facebook реклама

Пред да го преземете конкретниот чекор на поставување на реклама на Facebook првин поставете цели на таа кампања. Запрашајте се што сакате да постигнете. Што сакате да направи оној кој ќе кликне на рекламата? Каде ќе го одведе кликот? Што потоа? Целите може да бидат:

  • Зајакнување на вашиот бренд.
  • Зголемување на продажба.
  • Промоција на Facebook страната.
  • Зголемување на фанови.
  • Привлекување на внимание.
  • Поттикнување на интеракција.

Ова е само за пример како би изгледале целите за една ваква кампања. Ставам три точки бидејќи листата може да биде бесконечна. Но, вие размислете за неколку најважни цели за Вашиот бизнис. Мора да напоменам дека може да имате неколку цели, но и неколку различни реклами за секоја цел.

Уште во оваа фаза за секоја цел определете буџет за определен временски период за кој ќе оди рекламата. Она што сега ќе го направите не значи дека ќе остане исто во поглед на буџетот и временскиот период.

2. Експериментирај со повеќе реклами

За секоја цел подготви повеќе реклами. Не се ограничувај само на една. Целта е да видиш која ќе дава подобри резултати и кој тип на реклама (слика, текст-порака и целна страна) за соодветната цел е најприкладна. Во овој дел е важно да имате идеја за повеќе видови на реклами. Сеуште не ги поставувате бидејќи истите ќе треба да го поминат и филтерот на наредниот чекор.

3. Таргетирај релевантен пазар

Ова е можеби најважниот чекор во целиот процес. Овој чекор едноставно претставува дефинирање на Вашите потрошувачи. Можете да започнете од тековната ситуација со Вашиот бизнис. Дефинирајте го вашиот тековен купувач. На пример, за еден бизнис купувачи се:

  • 80% мажи и 20% жени (или пак обратно да не бидам сфатен погрешно – 80% жени и 20% мажи).
  • На менаџерски позиции со моќ за одлучување.
  • Живеат во поголемите градови во Македонија.
  • На возраст помеѓу 35 и 55 години.

Овој чекор е значаен и за подобро да се дизајнираат самите реклами. Затоа освен оние тековните би било добро да тргнете и со дефинирање на еден идеален ваш потрошувач. Па затоа освен демографските карактеристики размислете и за:

  • Нивните интереси, желби и цели.
  • Што е она што ги прави среќни?
  • Какви се нивните проблеми?
  • Што е она што во моментов го немаат?

Сето ова има за цел да ве воведе во процесот на соодветно таргетирање при дизајнирање на кампањата. Facebook ви дава можност да таргетирате по:

  • Земја
  • Возраст
  • Пол
  • Лајкови и интереси
  • Конекции на Facebook
  • Едукација
  • Компанија за која работи
  • Заинтересираност
  • Брачен статус…

Facebook Таргетирање

Facebook Таргетирање

Затоа сето она што е блиску до Вашиот идеален купувач треба да го трансформирате во опциите за таргетирање на рекламата. За секоја цел и за секоја таргет група ќе имате различни реклами.

4. Дизајнирај релевантни реклами

Сега е време она што досега го сработивте да го пресликате во една релевантна реклама. Релевантна Facebook реклама е реклама која е специјално дизајнирана за соодветна таргет група. Затоа дизајнирате за секоја таргет група по неколку реклами согласно поставените цели во кои ќе вклучите некој од следниве елементи:

  • Интерес на таргетираната група
  • Повик за акција
  • Специјална понуда
  • Прашање за будење на интерес….

5. Креативни освежувања

Рекламите треба да се освежуваат. Не е добро една иста реклама постојано да напаѓа. Како и се останато една реклама си има свој животен циклус, се раѓа, го постигнува максимумот, влегува во опаѓање и на крајот умира кога веќе нема да обезбедува доволно кликови. Затоа постојано размислувај како креативно да ги освежиш рекламите.

6. Оптимизирај ги целните страни

Една реклама на Facebook по клик може да води или до Facebook страна или до Вашиот веб сајт. Тоа значи дека целта на кампањата се остварува преку тие целни страни. Затоа оптимизирајте ги целните страни во однос на тоа што сакате еден потенцијален купувач да го направи.

На пример, доколку сакате повеќе фанови на Facebook страна целната страна ќе биде токму таа страна, но не мора ѕидот на таа страна која нема никаков повик кон акција туку едноставно направете персонализирана страна во која јасно ќе ги наведете бенефициите од станување на фанови.

7. Анализирај, мери, споредувај…

Претходните два чекори во голема мерка ќе зависат токму од овој чекор кој претставува континуитет во едни вакви кампањи. Анализирај ги различните кампањи, споредувај ги и донесувај заклучоци во однос на тоа зошто една е поуспешна во однос на другата. И така постојано ќе ги подобруваш истите.

Дизајн

И за крај само она што треба да се има во предвид при дизајнирање на кампањите е дека:

  • Насловот треба да биде до 25 карактери
  • Сликата тренба да биде 110х80px и
  • Текстот треба да биде до 135 карактери.
post

Facebook Бесплатно – Маркетинг средство 77

Facebook - Маркетинг средство Ќе продолжиме со серијалот за маркетинг средства на претприемач и за оваа недела како 77-мо маркетинг средство го избравме Facebook. Со оваа маркетинг средство започнуваме со последна група од онлајн маркетинг средства кои ќе се однесуваат на социјални медиуми.

Малку статистика

Популраноста на социјалните медиуми во светски рамки го достигнува својот врв. Кај нас исто така можеме да кажеме дека е на високо ниво, а тоа го засновувам особено токму на оваа маркетинг средство – Facebook кој во моментов кога го пишувам овој пост согласно Facebookers се наоѓа на 74 место во светот по број на корисници, со 729220 корисници. Тоа е навистина импресивна бројка.

Доколку погледаме во демографијата на корисниците од Македонија ќе видиме различна застапеност на лица со различна возраст. Сепак од 13 до 44 годишна возраст претставуваат 96% од македонските корисници на Facebook.

Корисници во Македонија - Возраст

На глобално ниво станува збор за над 550 милиони корисници на оваа платформа. Најмногу корисници има во Северна Америка, Европа и Азија кои опфаќаат скоро 85% од сите корисници на Facebook.

Кога станува збор за број на посетители се чини дека оваа година Facebook го надмина и Google. Согласно податоците на Compete во Септември 2010 година Facebook имал 3,416,501,818 посетители додека Google имал 3,027,990,471.

Сепак кога станува збор за уникатни посетители Google сеуште бега (но се чини не за долго).

Што претставува Facebook?

Facebook претставува платформа која има за цел да се поврзат брзо пријателите, роднините, соработниците, познаниците или пак непознаниците преку различни мрежи на групи достапни преку платформата или пак преку различните апликации кои може да се користат во платформата.

Целта е да се поттикне комуникација, да се разменат мислења, слики, видеа, настани…

Како да се користи во бизнис цели?

Да, Facebook од страна на маркетарите е препознаен како одлична можност за промоција на бизнисите. Голем број на корисници се повеќе го привлекува вниманието на бизнисите. Не знам, дали денес може да се замисли еден бизнис кој на некаков начин не е присутен на оваа платформа дали тоа ќе биде преку личниот профил на претприемачот, личните профили на вработените или пак специјализирана бизнис страна на Facebook.

Сепак кога станува збор за презентација на бизнисот не треба да се оди со креирање на личен профил со име на бизнисот и слика на бизнис лого. За бизнис презентација Facebook овозможува креирање на посебна страна која се разликува од личните профили.

Кај нас сеуште може да се забележат лични профили како бизниси, што претставува еден сосема погрешен пристап во користење на Facebook како едно маркетинг средство за бизнисите.

Освен страните како ефективно средство може да послужат и Facebook групите кои сепак не ја менуваат страната. Страната останува како едно централно место за презентација на оваа платформа, додека групите може да послужат како комуникација за каузи, мислења, дискусиони форуми…

Како да креирате страна?

Креирање на Facebook странаПрвин за да креирате Facebook страна ќе мора да имате личен профил, па доколку немате започнете го процесот на регистрација на личен профил. Додадете Ваша слика, работодавец (ваш бизнис) некои информации за Вас и побарајте пријатели со кои ќе се поврзете.

Откако ќе го креирате личниот профил можете да започнете со креација на страната едноставно преку менито од лева страна со кликнување на копчето за Огласи и страници, а потоа кликнете на копчето Страници. Потоа кликнете на Креирај страница.

Не би одел понатаму бидејќи самата платформа ќе ве води низ процесот на завршување на креирањето на страната многу едноставно.

Сепак пред да започнете ќе ви биде потребна слика за страната која може да биде:

  • Лого на Вашиот бизнис
  • Комбинација на лого со некои елементи на Вашиот бизнис.

Внесете соодветен опис на Вашиот бизниси или опис на она што ќе го опфаќа таа Ваша Facebook бизнис страна. Можете да додадете администратори кои дополнително со Вас ќе ја ажурираат и администрираат страната. Тоа може да биде и некој вработен во Вашиот бизнис.

Сепак пред да кликнете на копчето Publish. Осигурајте се дека сите слики, насловот, иницијалната содржина, линкови исето останато што планирате да го споделувате преку таа страна е спремно и Ready to Go.

Што понатаму?

Креирање на страната е наједноставен процес. Но сепак остануваат многу незавршени работи. Имање на бизнис страна на Facebook не значи дека сте завршиле голема работа во маркетингот. Тоа е само еден почеток. Потребно е:

  • Ажурирање,
  • Поттикнување на комуникација
  • Привлекување на фанови
  • Интеракција со фановите.

Затоа како еден поедноставен процес можете да го користите следниов:

  • Креирајте ја страната
  • Објавете неколку содржини (Но, внимавајте не претерувајте со промоција)
  • Поканете некои Ваши пријатели за кои ќе сметате дека ќе ги интересира Вашата страна.
  • Направете план за содржина на страната (Што ќе објавувате, кога ќе објавувате и како ќе објавувате?)
  • Поставете на Вашиот веб сајт линк или копче до Facebook страната.
  • На сите останати маркетинг средства каде има можност промовирајте ја и оваа страна.
  • Бидете конзистентни во ажурирање, не ја заборавајте страната.
  • Секогаш одговарајте на поставените прашања на страната.
  • Од 5 објави 4 нека бидат корисности, а една промоција на бизнисот.