
Веб страна како маркетинг средство
Маркетинг едноставно претставува средство кое ќе овозможи бизнисот на еден претприемач да биде присутен онаму каде што се потенцијалните потрошувачи за тој бизнис. Веќе повеќе пати тука на претприемач ја нагласувам потребата за онлајн стратегија и присуство на глобалниот интернет простор на еден бизнис. Еден од начините за оваа присутност е преку бизнис веб страна.
Еден пример!
Пред неколку месеци за еден нов бизнис започнав веб страна (на англиски), односно откупив домеин име, хостинг веќе имав и склопив за еден ден страна со неколку подстрани во вид на производи кои ги нудиме. По тој еден ден застанав, немав време да ја довршам страната, но она што беше важно што успеав да овозможам брзо индексирање на страна од Google и да ставам контакт форма на истата. Иако слабо котира, во изминатиов период од неколку месеци бевме контактирани неколку пати од потенцијални потрошувачи. Последен пат беше вчера, од една компанија во Чешка со која се надеваме да оствариме деловна соработка.
Значи еден ден работа овозможи неколку контакти со потенцијални купувачи и тоа со една толку пасивна веб страна која дури не е ни довршена, има малку текст, но има слики и табели од производната програма. Тоа значи дека инвестирање во едно вакво маркетинг средство вреди.
Зошто веб страна е мора во маркетингот?
Без разлика дали се работи за B2B или B2C потенцијалните купувачи вообичаено го користат интернетот пред да донесат одлука за купување на нешто. Тие едноставно го користат интернетот за:
- Да најдат информација за производи и/или услуги кои им се потребни.
- Да споредат цени на тие производи и/или услуги.
- Да најдат информации за искуството на други корисници на тие производи и/или услуги.
- Да најдат информации за кредибилитетот на потенцијалните снабдувачи.
- Да контактираат со потенцијалните снабдувачи.
- Да комуницираат со потенцијални снабдувачи.
- Да нарачуваат производи и/или услуги.
- …
Забележувате колку покомплексен станува бизнис светот со еден интернет и достапноста на информации. Доколку Вие како претприемач не бидете таму ќе се најдете но од страна на некој друг кој можеби ќе го пофали или пак нападне Вашиот бизнис. На интернетот сите сме голи.
Како до сопствена веб страна?
Имате повеќе можности за ова, но сепак можеби првото нешто е да го определите Вашиот буџет. Јас ако се прашувам не би штедел за оваа маркетинг средство, но сепак треба да бидеме реални дека стартап компаниите не се во можност да одделат дури и толку мала сума на пари која може да се движи од 0 до 1000 евра. Нула доколку самите ја превземетe обврската да го сработите ова преку некои од бесплатните домеини и хостинг сервиси. Но, сепак треба да бидам искрен дека потенцијалот на еден ваков начин ќе биде многу помал, а од друга страна Вие сте претприемач и би требало да се насочите во вистинските претприемнички задачи.
1000 евра е нешто што ќе ви обезбеди навистина професионално изработена веб страна и нормално поголемо импресионирање на потенцијалните купувачи.
Како еден претприемнички процес во овој дел би го издвоил следново:
- Изработете онлајн стратегија за Вашиот бизнис. Прочитајте за тоа дали онлајн сратегија се поистоветува со бизнис стратегија.
- Видете каква е целта и улогата на бизнис веб страната во таа стратегија.
- Извлечете ги тактиките кои планирате да ги имплементирате и секако активностите кои произлегуваат од истите.
- Најмете некој или едноставно самите започнете да ги спроведувате.
- И секако не заборавајте ја целината, веб страната е само еден дел од Вашата севкупна онлајн стратегија.













