post

Претприемач во транснационалните компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемништвото како докажан менаџмент метод, во последниве децении влијае на дополнително забрзување на развојот на транснационални компании (ТНК), а со тоа и на развиените земји. Економска криза која настана во земјите од поранешниот социјалистички блок, на западните економии првично им донесе позитивни ефекти во економијата. Поради економската криза, образовани, но и други работоспособни луѓе од овие земји, масовно почнаа да емигрираат во западните земји, што даде дополнителен импулс во нивните економии. Но набргу почнаа и проблеми. Паралелно со оваа структура, најчесто поради сиромаштијата почнаа да се шират и криминални структури, како што е проституцијата, трговија со дрога, кражби и други облици на криминалот.

За да ги намалат овие негативности владите на западни земји заклучија дека со претприемништвото ќе овозможат овие појави да се ублажат и тргнаа во голема промоција на претприемништвото. Тие извршија голем притисок врз властите во земјите во транзиција за да се овозможи дејствување на претприемачите, бидејќи приватните активности во тие земји беа дури и законски забранувани. Притоа донираа определени финансиски средства создадоа институции кои имаа за цел да го следат развојот на претприемачите и преку финансиска подршка, но и преку обука во инкубатор центри да создадат поволно претприемничко опкружување. Во зависност од интересите на западните влади, но и од спремноста на локалните влади се создадоа некаде поголеми некаде помали ефекти, но во секој случај претприемништво си фати длабоки корени.

Стопанство во земјите во транзиција беше во хаос и без контрола па почнаа да дејствуваат четири вида на претприемачи:

  1. Првиот вид беа промотери кои чувствувајќи поволна прилика се збогатија со еден удар. Но бидејќи тие луѓе најчесто не поседуваа визија и доволни менаџерски знаења по некое време сопствените фирми ги згаснаа или се сведоа на маргинални нивоа.
  2. Втор тип беа таканаречени „претприемачи од мака“, кои најчесто со мали финансиски средства отворија пиљари, бакалници, работилници… Но, и нивното влијание е воглавно маргинализирано со отварање на големи трговски центри како Веро, Тинекс…
  3. Трети претприемачи беа луѓе кои имаа претходно знаење, искуство и способност, искористија поволни законски можности покренувајќи ги сопствените бизниси, иако и од овие претприемачи има голем број што не успеаа сепак има и голем број на компании кои успешно работат и претставуваат едни најздравите стопански субјекти.
  4. Четврти претприемачи беа поранешни директори на успешни компании, кои преку своите бајпас фирми регистрирани на име на своите блиски успеаа да создадат успешни семејни компании. Но, и нивното значење се маргинализира бидејки тоа воглавно беа луѓе во години, растени под еден друг систем и други работни навики и по успешно стартување на тие компании настана проблем со промена на генерациите па така голем број од овие компании згаснаа со работењето.

Во земјите во транзиција претприемништвото почна да се третира и во научен смисол, при што се промовираа голем број на книги кои промовираа менаџерски знаења и методи, најчесто пренесени од западната литература. Акцент се става на креативната деструкција, барањето на пазарни можности, користење на идеи, брза реакција, отварање на мали и средни компании за што се потребни помалку вложени парични средства.

На ваков начин претприемништвото влезе на голема врата во земјите во транзиција, а како главната придобивка на претприемништвото се смета зголемено вработување, што беше и цел на промотерите на претприемништвото.

Најчесто поставувано прашање е каков треба да биде претприемач, дали тој треба да започне сосема нов или може да превземе нечиј веќе разработен бизнис, дали претприемачот треба да биде работохоличар или мислител кој не работи многу. За да се објаснат одредени дилеми кои постојат прво би сакале да ја потенцираме потребата претприемништвото да се набљудува пошироко, не од една национална гледна точка, туку да се набљудува од една глобална перспектива, за да се согледат поелоквентни примери и можности. Во помалите земји пред претприемачите стојат ограничувања како: финансиски, просторни, образовни, подршка од државите не е секаде иста…

Како прво би сакал да потенцирам дека има голем број на различни видови на претприемачи. Претприемач може да биде и оној што отворил пиљара и стоматолошка ординација и механичарска работилница и оној што откупил па продолжил со работа во бурекџилница и Бил Гејтс кој формирал нова гигантска компанија, и Ворен Бафет кој купил веќе постоечка компанија, а потоа создал ТНК, и Крок кој од браќата Мекдоналдс одкупил патент и создал светски бренд. Мора да нагласиме дека во оваа друштво непречено влегуваат и жени претприемачи кои рамноправно дејствуваат со машките во голем број на сектори.

Поради оваа шареноликост која постои кај претприемачите, потребно е да определиме одредени карактеристики. Заклучуваме дека претприемачите се разликуваат по своите умствени капацитети, нивоа на образование, големината на вложените финансиски средства, како и во кое општество се оперира. Поради оваа разноликост одредени претприемачи можат да бидат мислители и креатори на нови идеи и нови индустрии, а другите да бидат работно многу поактивни односно да ги наречеме „воркохолици“, за да го одржат и сочуват своето „бебе“. Препорака е секој од овие претприемачи без оглед на својата претприемничка активност повеќе акцент стави кон интелектуалниот развој односно кон намалување на физичка а зголемување на ментална активност, бидејки само така ефектите во работењето драстично се зголемуваат.

Претприемачките активности најчесто се очекуваат во почетната фаза на создавање на компанијата. При отпочнување со бизнис активностите, претприемачот има можност да отпочне со работење во сосема нов бизнис или може да откупи веќе постоечки бизнис и да го доведе на посакувано ниво, но може да откупи и франшиза. Поимите претприемништво и претприемачи, обично се врзуваат за работењето во малиот бизнис, а поради брзото реагирање на профитна можност, малите компании имаат свои предности. Но, и гигантски компании поради своите големи капацитети можат да бидат значајни претприемачи. Поради своите капацитети, но и поради низа поволни околности голем број на претприемачи создадоа големи транснационални компании, како Ањели, Форд, Бил Гејтс до најновите оснивачи на Google и Facebook. Но како компанијата се развива и добива гигантскi пропорциi, претприемачот мора да стане менаџер или да ангажира другите менаџери да ја водат компанија. Ангажирање на други менаџери најчесто се спроведува ако претприемачот преку ноќ создаде голема компанија како што е случај со интернет компании, па најчесто не поседува доволно знаења и вештини и ангажира други прекалени менаџери се додека самите не се оспособат за тие функции (добар пример е Google).

Место на овие претприемачи односно иноватори (бидејќи идеи и иновации се најсилно оружје со кое располага еден претприемач) може да се согледа доколку се набљудува животниот циклус на бизнисот.

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Со развојот и растот, компанијата мора да се трансформира од претприемничка во менаџерска а во некоја понатамошна фаза и административна (или бирократска). Тогаш е можно да се јават проблеми со раководење на компанија. Одлуките тешко се носат, бавна е нивната имплементација, се јавуваат грла во работењето и други проблеми, во врска со работење на компанијата, па од тука и потребата компанијата пак да стане претприемничка, односно се јавува потреба од интрапретприемачи. Поимот интрапретприемништво или внатрешно претприемништво е воведен 1985 година oд страна на Gifford Pinchot III. Интрапретприемништвото се врзува за подобрување на работењето во големите компании, а може да се користи и пошироко, секаде каде што постои голема бирократизираност. Такви институции можат да бидат: државната администрација, училиштата, болниците, спортските организации, односно секаде каде има отежнато работење.

Проблеми постојат во секоја компанија, некаде поголеми некаде помали, но влијанието на интрапретприемачи во нивното намалување е пожелно и затоа сите успешни големи компании го негуваат овој стил на работење.

post

Анализа на влијание на политиката врз бизнисите

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Во изминатиот период размислував за тема за истражување на претприемач. Дојдов до повеќе интересни идеи, но сепак ја избрав темта за политиката и бизнисот, особено заради актуелноста на политичката тема и има нема избори како и заради тоа што изминативе 20 години политиката стана неизбежен дел од бизнис животот на еден претприемач, сакал тој или не. Затоа и едно вакво истражување кое барем малку ќе ги расветли постоењето ан влијание како и формата на тоа влијание врз бизнисот.

Прашалникот е составен од два дела:

  • Општ дел на прашалникот
  • Политика и бизнисот.

Прашалникот е затворен, следува анализа на одговорите кои ќе бидат објавени на сајтот.

post

Бизнис и политика – одат ли едно со друго?

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Не е сигурно, но се поочигледно е дека оваа година ќе биде изборна година. Медиумите пишуваат, партиите прават калкулации, бизнисите плаќаат даноци. Каде е тука претприемачот? Тука е преку неговиот бизнис како даночен обврзник, можеби е тука преку некоја политчка партија заради претстојните избори и можеби е тука за да биде посетен од една (можеби и повеќе) политички партии за да плати уште еден данок (оној неформалниот).

Кога пред едно 7-8 години гледав едно интервју на ТВ спроведено во САД каде ги прашуваат случајните минувачи за претседателот на САД и повеќе одговорија дека воопшто не знаат кој е претседател ми беше многу чудно. Во тоа време (а и сега нешто многу не е изменето) кај нас сите зборувавме за политика и како треба да се оправи државава. Уште на 14 години знаев кој е премиер, гледав избор на претседател (првиот во собрание – неуспешен), знаев кој беше министер за финансии, кој за правда…

Од оваа дистанца се прашувам дали сето тоа ми било потребно? Дали мораше некои вечери да ги поминувам во караница со некој кој мислеше спротивно од мене? Дали уште тогаш мораше да се делиме на сини и црвени? Тоа беа почетоците на 1990-тите. Тогаш политиката беше популарна, но и сега е.

И денес забележувам тинејџери кои знаат многу за политика и политчки партии. Дали е ова нормално? Можеби е нормално бидејќи децата уште сега знаат дека:

  • За да се вработат ќе им биде потребна книшка.
  • За да успеат ќе им биде потребна книшка.
  • За да можат “нормално” да започнат и управуваат бизнис ќе им биде потребна книшка.

Книшката треба да биде од страната на победниците.

Се прашував и уште се прашувам зошто некои “успешни претприемачи” сакаат и влегуваат во политика иако имаме мислење дека тие прават милиони, имаат огромни куќи и добар живот. Можеби е заради:

  • лична сатисфакција преку докажување и на тоа поле или пак заради
  • тоа што политиката е попрофитабилна дејниост.

Едно од овие две е точно. Кое, не можам да кажам можам само да претпоставувам.

Во изминативе 15-20 години исто така забележав некои бизниси од работ на пропаста се враќаат во светот на успешните, не заради тоа што тие претприемачи спаѓаат во категорија на “успешни претприемачи” туку заради тоа што се приклонуваат некаде и едноставно таа приклонетост го бутнува со една инекција во било каква форма или некоја позиција преку која ќе се обезбедат финансиски средства за “враќањето од мртвите”.

Имам искуство во администрација и тоа со две влади и сите имаат свои “миленичиња”. И така додека едните се “миленичиња” другите се “потенцијални миленичиња” кои си ја чекаат својата шанса по изборите, но во исто време можат да го преживеат притисокот особено од претходниот соберен потенцијал кога биле “миленичиња”. Но, што е со оние третите кои не сакаат да се приклонуваат? Тие се оставени на милост и немилост на времето комбинирано со некој притисок за да се приклонат некаде. Сепак, се е бизнис, нели.

Администрацијата треба да биде во функција на граѓаните и бизнисите во една држава. Велиме неспособна, трома администрација. Зошто? Се додека еден добар вработен биде тргнат од работното место кое најдобро знае да го работи само затоа што не сака да биде приклонет кон страната на менаџментот, а не заради неисполнување на работни обврски (иако има махери ова да биде официјалната причина) ќе велиме дека имаме неспособна и тромава администрација.

Па дали одаат заедно политиката и бизнисот? Што мислите?

Наскоро ќе подготвиме една анкета со цел да го анализираме оваа прашање и да го коментираме уште подлабоко.

post

Претприемач – Центарот на секој бизнис

Овој пост претставува еден мал дел од еден прирачник кој го подготвив пред една година, но го користам како продолжување на постот насловен како одговорност на еден претприемач. Таму можевте да прочитате дека причините за неуспех често се лоцираат кај надворешните фактори кои не може да се управуваат од страна на претприемачот толку лесно.

Во една таква ситуација кога се што е надвор од претприемачот и бизнисот кој го води е епицентарот на проблемот за тој претприемач, проблемот е нерешлив, притисокот е голем, а одлуките на претприемачот погрешни.

Погрешни одлуки претставуваат вовед во една многу лоша фаза од бизнисот која што доведува да се појави таа претприемничка ноќна мора. Мислам дека никој не го сака тоа.

Па како да не се навлезе во една ваква стапица? Одговорот на оваа прашање е едноставен, дизајнирајте го Вашиот бизнис. На претприемач опфатив еден напис за дизајнирање на бизнисот. Како дополнителен материјал поврзан со дизајнирање на бизнисот го препорачувам и постот за Дизајн на профитен модел на вашиот бизнис.

Погледнете го графикот подолу на кој се претставени некои од основните функции кои ќе треба во денешно време да ги изведува еден претприемач.

Претприемач центар на се околу бизнисот - нерасчленет

Претприемач центар на се околу бизнисот - нерасчленет

На прв поглед овој график изгледа доста едноставно. Ова значи дека претприемачот ќе треба:

  • Да има бизнис идеи.
  • Да изработи профитен модел
  • Да има бизнис план
  • Да има системи
  • Да се занимава со маркетинг
  • Да размислува постојано за супериорна вредност на бизнисот
  • Да навлезе и во онлајн маркетингот
  • Да ги користи социјалните мрежи за бизнис цели
  • Да се занимава со менаџмент
  • Да се занимава со продажба и продажни стратегии.

Ова се основните работи (не и единствени) за кои еден претприемач треба постојано да се грижи во еден модерен бизнис. Тука не станува збор за еден бирократски бизнис, туку бизнис кој треба и ќе опстои во подалечна иднина. Напоменав дека не се единствени затоа што секој бизнис ќе има различни дополнителни функции.

Дали на следната слика оваа изгледа премногу едноставно како на претходната.

Претприемач центар на се околу бизнисот - расчленет

Претприемач центар на се околу бизнисот - расчленет

Тоа е истиот тој график само расчленет со некои подфункции на секоја од главните функции на претприемачот. Треба да напоменам дека во расчленувањето не одев до крај, и само заради потребите на овој пост во некои од функциите (на пример само една од повеќе) одев со подетално расчленување.

Не се грижете поради фактот што не можете да ги прочитате од горниот график сите елементи бидејќи во графикот од овој прирачник ќе можете да ги видите одблизу, функција по функција кога ќе го направем достапен истиот на претприемач.

Целта со прикажување на овие графици во овој дел ми е да покажам дека од претприемачот зависат многу работи во кои можеме да бараме проблеми, да ги решаваме и да го подобруваме севкупниот бизнис.

Повторно, кој е најодговорниот за успешноста на бизнисот? Конкуренцијата? Потрошувачи? Или едноставно претприемачот кој е центарот на секој бизнис.

post

Одговорност на еден претприемач

Одговорност на претприемачот

Одговорност на претприемачот

Одговорност! Збор кој се одбегнува од многу луѓе. Многу значаен и тежок збор кој сепак се избегнува.

Што се случува со претприемачот?

Од лично искуство сметам дека 80% и повеќе од претприемачите сакаат да избегнат директна одговорност за сопствениот бизнис. Нели, полесно е друг да биде виновен за нашите сопствени неуспеси. Како и да таквите претприемачи имаат и водат само еден просечен бизнис.

Остатокот, помеѓу 10% и 20% од претприемачите кои се навистина одговорни, во исто време имаат и менаџираат многу успешни бизниси.

Нешто што ја прави разликата помеѓу просечен и успешен бизнис е одговорноста на еден претприемач.

Што мислите за следниве изјави:

  • Потрошувачите не сакаат да ги купуваат моите производи и/или услуги.
  • Моите вработени не се толку добри за мојата компанија.
  • Конкуренцијата на пазарот е многу моќна.
  • Моите партнери не се толку добри за мојата компанија.

Дали некогаш сте кажале нешто вакво?

Доколку одговорот е да, тогаш вие сте еден од претприемачите кој сака да ја избегне личната одговорност бидејќи сакате да ја трансферирате истата на останатите стејкхолдери во твојата компанија.

Доколку вашиот одговор е не, тогаш веројатно вие сте одговорен претприемач кој има доста успешен бизнис.

Доколку сакате да изградите успешен бизнис, ќе мора да бидете целосно одговорни за тоа. Секој бизнис проблем е ваша одговорност.

Не можете да кажете дека потрошувачите не сакаат да го купат вашиот производ и/или услуга бидејќи тие се „лоши“ момци. Што е со истражувањето на пазаро кое го направивте? Како тоа истражување ви кажа дека потрошувачите ќе ги купуваат вашите производи и/или услуги? Кој е виновен сега? Вие или вашите потрошувачи кои не сакаат да го купат вашиот производ и/или услуга?

Не можете да кажете дека вработените не се добри и затоа страда и вашиот бизнис. Кој ги најмил тие вработени или кој одлучил за нивно вработување? Па бизнисот не е јавна институција па политичките партии да си ја префрлаат одговорноста заради сопствената неспособност. Вие како претприемач сте одговорен за наоѓање на најдобрите вработени за вашиот бизнис. Вие како претприемач сте одговорен за градење на вашиот бизнис тим.

Не можете да кажете дека конкуренцијата е виновна за вашите неуспеси. Конкуренцијата едноставно го сака истото што и вие. Тоа е поголемо учество на пазарот и поголема продажба и профитабилност. Зошто тие успеваат а вие не? Вашиот бизнис успех не е нивна одговорност. Вашиот бизнис успех е само ваша одговорност.

post

Како да успеете со се што ќе започнете?

Успех во се што ќе се започне

Успех во се што ќе се започне

Успехот во наједноставни зборови претставува остварување на целите поставени пред некоја акција која ја превземате. Секој сака да биде успешен. Како и да е, животот понекогаш е непредвидлив. Во она во што сакаме да успееме често не успеваме.

Колку пати сте донеле некоја погрешна одлука? Колку пати сте превзеле погрешни чекори?

Во овој пост ќе презентирам 6 едноставни чекори кои ќе ве водат да успеете во се што вие како претприемач ќе започнете.

1. Јасно дефинирај го успехот за тебе

Што значи успех за тебе? Што претставува успех за тебе? Доколку тоа е повеќе продажба, напиши колкава продажба сакаш да генерира твојот бизнис. Доколку е тоа повеќе лично време, напиши колкаво слободно време сакаш за себеси. Доколку е пак некоја комбинација од нешто, напиши што е тоа.

Доколку точно знаеш што претставува успехот за тебе пред да ги започнеш активностите кои водат кон тој успех, ќе имаш многу појасен пат кој ќе те води тој успех.

2. Дефинирај ги мерките на успехот

Како знаете дека сте успеале во нешто доколку не ги знаете мерките кои ќе ви кажат за вашиот прогрес?

Дефинирај јасни мерки кои ќе претставуваат успех за тебе.

3. Дефинирај го патот кон успехот

Како ќе стигнеш до успехот доколку не го знаеш патот кој води до тој успех?

Мора да го напишете секој чекор кој води до изведување на постигнувањата. За секој чекор, мора да делегирате одговорност и воспоставите временска рамка за реализација. На таков начин ќе имате јасна мапа кој ќе го води вашиот бизнис кон успехот.

4. Мери го прогресот

Четвртиот чекор на патот кон успехот е мерење на прогресот. Имате мерки дефинирани во чекор 2, а сега ќе можете да направите споредба со вашите вистински постигнувања.

5. Сврти се назад за можни подобрувања

Постојано ќе морате да се сврите зад вас, за да видите што може да се подобри. Се што е перфектно, размисли како тоа нешто може да биде подобрено. Се што не е добро, размисли како да го промениш за да стане перфектно. Ова е процес на континуирано подобрување.

6. Секогаш прославувај го успехот

Најверојатно успехот нема да е резултат само заради вас. Сигурно имате и други членови на вашиот бизнис тим. За да ги направите помотивирани за испонување на нивните активности кои ќе водат до успехот на секој проект, секогаш прославете го тој успех.

Ова е еден едноставен чекор во процесот, но често пати забораван.

post

Претприемач – Најдоброто од 2010 година

Категорија претприемач - Најдоброто за 2010

Категорија претприемач - Најдоброто за 2010

Во категоријата претприемач веќе има над 180 постови во вид на различни совети за претприемачите вооднос на водење на бизнисот. Ова е првата тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2010 година.

Во еден бизнис се зависи од претприемачот. А од кого друг би можело да зависи ако не од претприемачот? Од него започнува се и од него зависи колку ќе трае оваа бизнис авантура.

Следуваат најдобрите постови од оваа тема врз основа на најголема посетеност од страна на читателите на овој веб сајт:

  1. Бизнис успех во 50 чекори. Во постов се презентирани можни чекори кои имаат потенцијал да го одведат бизнисот кон успехот соберени низ моето искуство и искуството на успешните претприемачи. За некои претприемачи 30 чекори ќе бидат доволни, додека за некои ни сите 50 нема да се доволни.
  2. Претприемничката инерција: Идеи за да ја победите. Претприемничка инерција претставува една опасност за бизнисот. Доколку претприемачот е инертен многу е веројатно дека животниот циклус на тој бизнис ќе биде многу мал. Во постот се дадени 10 идеи како да ја победите таа инерција.
  3. Како да се преживее во слаба економија и конкурентен пазар? Во овој пост ќе прочитате 30 совети за тоа како да се преживее во тешки услови и високо конкурентен пазар.
  4. Баланс помеѓу работата и приватниот живот. Балансот помеѓу работата и приватниот живот е нешто во што страдаат премногу претприемачи.
  5. Претприемништво – Инфографик на претприемач. Погледнете еден инфографик за претприемништвото.
  6. Мултитаскинг – Паралелно на повеќе задачи. Мултитаскингот колку е добар толку може и да предизвика штета за еден претприемач. Во постот се дадени некои основи на истиот како и совети за избегнување.
  7. Услови за Стопанисување на Малите Бизниси. Во 2010 година спроведовме истражување за тоа во какви услови стопанисуваат претприемачите во Република Македонија. Вреди да се видат резултатите, особено од оние кои имаат моќ да ги подобрат – политичарите.
  8. Што еден претприемач има заедничко со агентот 007? Интересн споредба и заеднички карактеристики на успешен претприемач со популарниот агент 007.
  9. Претприемачи барајте знаци наместо одговори! Ние сме родени да размислуваме и да проценуваме и просудуваме согласно знаци. Од друга страна насекаде околу нас се знаци, а не одговори и затоа треба да ги бараме знаците наместо готовите одговори.
  10. 10 Прашања кои треба да се запрашате пред да започне следната недела. Сакате да бидете повеќе фокусирани на она што е важно? Сакате да бидете поефективни? Сакате постојано да се подобрувате и Вие и Вашиот бизнис? Во постот се дадени 10 прашања кои треба да ги одговорите пред започнување на следната недела.
  11. Претприемач визионер наспроти опортунист. Постојат претприемачи кои се визионери, но постојат и претприемачи кои се опортунисти. Кои би биле поуспешни би можеле да откриете со овој пост.

Овие 11 поста заедно со 8-те издвоени како најдобри за 2009 година може да ги користите како еден комплетен прирачник за Вас како сегашен или иден претприемач.

post

Претприемничката инерција: Идеи за да ја победите

Претприемничка инерција

Претприемничка инерција

Претприемничката инерција е нешто што предизвикува еден претприемач да се противи кон промените што е спротивно на она што по дефиниција треба да биде претприемачот.

Понекогаш навистина доаѓаме во ситуација и кога не сакаме да одбиеме нешто што претставува акција за нас или пак за нашиот бизнис. Ваквите ситуации сигурно сте ги окусиле во Вашиот живот.

Дали сте се нашле во ситуација кога сакате или мора да превземете акција, но не ги превземате?

Дали сте се нашле во позиција да сакате да започнете бизнис, но нешто ве повлекува наназад кон статус кво ситуацијата?

Дали сте се нашле во ситуација кога мора да донесете одлука, но сепак не ја ностите?

Дали сте се нашле себеси во ситуација да имате визија за нешто, но сепак да кажете нема врска?

Сите овие ситуации се пример на претприемничка инерција која може да го направи Вашиот претприемнички живот доста потежок.

1. Биди упорен, не се откажувај!

Упорноста е нешто што ќе ви даде способност никогаш да не бидете инертни во Вашиот бизнис. Доколку имате јасни цели и во исто време сте упорни да ги остварите тие цели никогаш нема да бидете дел од претприемничка инерција.

2. Отстранете ги сите можни препреки!

Пронаоѓање и перманентно елиминирање на препреките ќе ја зголеми Вашата лична и бизнис продуктивност. Продуктивноста претставува опозиција на инертноста. Од друга страна секогаш ќе постојат препреки во вид на страв, недостаток на талент, потреба од перфекционизам… Доколку сакате да побегнете од претприемничката инерција, отстранете ги од Вашиот мозок.

3. Не одложувајте!

Одложувањето е причина и влезна порта кон инертноста. Не одложувајте. Завршете се што имате на листата за денес и нема да бидете дел од претприемничката инерција.

4. За секоја бизнис одлука веднаш направете акциони чекори

Самата одлука не претставува акција. Нешто што не претставува акција со што ќе ве придвижи нанапред претставува дел од инерција. За да се осигурате дека ќе ја имплементирате секоја бизнис одлука веднаш по одлучувањето направете акциони чекори кои ќе ве водат кон имплементација.

5. Бидете јасни во вашите цели!

Нејасни цели ќе ве водат до скокнување на некои од нив и продолжување со наредните на листата. Доколку вашите цели се јасни и конкретни сите Ваши цели ќе бидат постигнати и никогаш нема да бидете дел од претприемничката инерција.

6. Направете сите Ваши идеи да станат реалност

Знам, сите ние имаме премногу идеи кои едноставно неможат да станат реалност. Но, доколку се организираме на вистинскиот начин се може да стане реалност. Прочитајте ја книгата Making Ideas Happen од Scott Belsky.

7. Не обидувајте се да биде перфектно

Понекогаш перфектноста може да биде многу далеку од нас. Но, тоа не значи дека ние ќе треба да ги запреме нашите бизнис активности. Ништо не е перфектно. Се може да се подобри.

8. Побегнете од негативците

Уште од самиот почеток на овој блог напишав наслов за негативците (всушност тоа беше заеднички напишано со мојот колега м-р Илија Чубровиќ). Негативците околу вас може да бидат голем извор на инертноста. Обидете се да избегате од нив, доколку не сакате нивната негативна енергија да биде пренесена на вас.

9. Наградете се!

Наградите навистина можат да бидат голем придвижувач нанапред. Наградете се за секое постигнување.

10. Објавете го она што планирате да го направите

Доколку нешто е јавно објавено, постои голема веројатност дека ќе биде и завршено. Доколку јавно обајвите дека нешто ќе направите ќе има поголема тежина доколку тоа го знаете само вие.

post

6 Концепции за претприемништвото

Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

6 Концепции за претприемништвото

6 Концепции за претприемништвото

Што е претприемништво? Кои се карактеристиките на успешен претприемач? (Пред една година направивме една анализа на фактори кои еден претприемач го прават успешен.) Со години праксата и науката се обидуваат да дадат одговор на оваа прашање. При овие обиди се појавуваат повеќе концепции за претприемништвото кои претприемачот го гледаат од различни аспекти.

Постојат многу концепции за претприемаштво и за претприемачот.

Некои истражувачи сметаат дека претприемаштвото е умешност и дека тоа не може да се научи.

Други сметаат дека претприемаштвото може да се изучува и со тоа организирано да се применува.

Некои сметаат дека претприемачот треба да се роди со одредени карактеристики, а понатаму преку едукација (учење), тие карактеристики да се развиваат.

Има мислења дека претприемаштвото е карактеристика на одредени иселенички структури, а има и стреотип околу полова припадност (сметат дека мажите се подобри претприемачи).

Некои сметаат дека првородените деца се поуспешни претприемачи.

Сите тие теоретичари имаат разни мислења, па поради тоа, треба да се изврши детално теоретско проучување на сите тие укажувања.

Во зависност од факторите кои се потенцираат, претприемаштвото може да се набљудува од аспект на:

1. Концепт на голема личност

Тука се анализира прашањето: дали претприемачот се раѓа или се школува? Тоа се личности кои се способни идејата да ја презентираат на интересен и стимулативен начин. Тие се сметаат за луѓе кои имаат вродена интуиција, самостојност во работата, истрајност, сила и самодоверба, како и верба во своите квалитети.

2. Концепт на психолошки карактеристики

Според овој концепт, претприемачите имаат посебен систем на вреднување на работата, бизнисот, животот и др. Се смета дека претприемништвото не може да се научи и дека уште во младост претприемачот треба да стекне претприемачки карактеристики во училиштето, во црквата, во семејството и сл.

3. Претприемаштвото – способност за забележување шанси

Schumpeter и многу други истражувачи сметаат дека клучен фактор во претприемаштвото е иновативноста на поединецот, односно т.н. креативна деструкција. Се смета дека претприемачот е револуционерен иноватор и дека тој ја користи шансата за да ги задоволи незадоволените или неадеквантно задоволените потреби.

4. Менаџмент – концепт на претприемништвото

Основите на претприемништвото се гледаат во менаџментот. Претприемачите можат да се образуваат и школуваат, при што се истакнува дека главна причина за пропаѓање на многу фирми е недоволното знаење од областа на менаџментот, маркетингот, финансиите и др.

5. Лидерски концепт

Претприемачот треба да има вештина при комуницирањето со сопственото опкружувањето. Тој треба да има визија за да ги мотивира и насочува луѓето за остварување на неговата идеја и концепција.

6. Концептот на внатрешно претприемаштво или интрапретприемаштво.

Претприемачот не поседува сопственост, а главна функција му е да ја зголеми оперативната ефикасност во големите компании.

post

Зошто некој успева а некој не успева?

Некој успева а некој не!

Некој успева а некој не!

Постојат различни анализи и истражувања кои покажуваат дека повеќето кои сакале да се испробаат во претприемничките води не успеваат, додека доста помал дел успеваат. Не е лесно да се биде претприемач, а особено кај нас во Македонија каде во многу елементи еден претприемач е оставен самиот на себе.

За започнување на бизнис доволна е бизнис идеја и пасија за тој бизнис. Но, за да се одржи и да се израсне потребни се многу дополнителни елементи кои треба еден претприемач да ги поседува. Да, не звучи престрашно, сето тоа се учи низ искуство. Не значи дека ако некој нема познавање од маркетинг не треба да започне бизнис, но треба да биде свесен дека ќе треба да ги зголемува тие свои способности веќе во првиот ден откако ќе ја отвори вратата на бизнисот.

Во овој пост ќе претставам неколку мои размислувања зошто некој успева, а некој едноставно не успева.

1. Не е до идејата, до претприемачот е!

Често пати како причина за неуспех се става бизнис идејата. Сега, може и да е, но не верувам дека некој ќе започне бизнис за кој нема потрошувачи за да се нападне бизнис идејата. Правило број еден за секоја бизнис идеја е да се има минимум еден купувач, а тоа да не е претприемачот и неговото блиско семејство. Така да не барајте ја причината за неуспех во Вашата бизнис идеја, причината сте Вие.

2. Не сме сите исти!

Сите сме различни. Сите имаме различни размислувања, навики, идеи, способности, знаење… Не можеме да очекуваме дека секој ќе биде добар пекар. Некој ќе биде добар пекар, додека некој ќе биде добар дизајнер. Па, и ако земеме двајца пекари не можеме да очекуваме дека ќе имаат ист успех. Еден ќе има подобар квалитет, подобри стартни финансии, подобар продажен тим…

3. Започнување на бизнис не е исто со одржување и растење на бизнисот!

Точно така! Едно е да се започне бизнис, што е навистина најлесен елемент од фазата на животни циклуси на бизниси. Но, да се одржи и да се расте еден бизнис е нешто сосема друго и бара сосема поинакви активности, знаења и способности од страна на еден претприемач. Многу луѓе сметаат дека ќе започнат бизнис и тоа е најголемиот успех. Тоа не е ништо, само едноставен почеток на едно долго патување во светот на равенствата со повеќе непознати.

4. Не е само пасијата она што е потребна

Започнување на бизнис без пасија за тој бизнис претставува знак дека во старт нешто се осудува на неуспех, но од друга страна само пасијата не е доволна за да се стигне до успех. Затоа не значи дека ако имате пасија ќе бидете и добар и успешен претприемач, а Вашиот бизнис ќе цвета само заради таа ваша пасија. Сепак потребно е прво да ја проширите пасијата и на останатите бизнис функции како маркетинг, финансии и продажба, а потоа и на постојано зголемување на Вашето знаење за индустријата и бизнисот воопшто.

5. Не е до конкуренцијата, до Вашата креативност е!

Често пати полесно е да ја нападнеме конкуренцијата како причина за нашиот неуспех. Но, дали навистина сме очекувале дека нашиот бизнис нема да има конкуренција. Како што ние се бориме, така и нашата конкуренција се бори за секој купувач. Не се тие виновни, виновни сме ние и нашата послаба креативност во привлекување на потрошувачи за нашиот бизнис. Денеска покреативните успеваат.