post

Започнување на бизнис: Предности и недостатоци

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Започнување на бизнис носи одредени предности, но има и свои недостатоци.

Треба точно да се определи што во дадениот момент претставува предност, а што недостаток, за да можат предностите да се искористат, а влијанието на недостатоците да се амортизира и неутрализира.

За оваа цел најмногу се користи SWOT-анализата, со чија помош се определуваат јаките и слабите страни кои настануваат во самото претпријатие, како и шансите и заканите кои се јавуваат како надворешни чинители.

Ајде да разгледаме некои предности и некои недостатоци во однос на започнување на бизнис.

Предности на започнување на бизнис

Предностите на започнување на бизнисот од нула се:

  • Можност да се позиционира бизнисот на посакувана локација. Самиот си анализира, избира и одлучува за локацијата претприемачот. Кога станува збор за купување на постоечки бизнис, ова не е можност, или пак бара вложување на многу повеќе финансиски средства.
  • Физичките капацитети се инсталираат според однапред дефинирани цели, предвидени со бизнис план.
  • Можностите за иновацијата се поголеми доколку се отпочне нов бизнис, при што сите фази во проектирањето се запазени.
  • Со отпочнувањето на нов бизнис, претприемачот креира сопствен имиџ, што не е случај при купување на веќе постоечка фирма.
  • Со купување на одредена фирма се купува и нејзината профитабилност, а со новата фирма може до ист или поголем профит да се стигне со помалку пари.

Недостатоци на започнувањењ на бизнис

Недостатоци на започнување на бизнисот од нула се:

  • Многу поголем ризик во однос на купување на веќе постоечки бизнис;
  • Потреба од време за да се стекне довербата на потрошувачите;
  • При започнувањето секогаш, ама баш секогаш ќе постои проблемот околу обезбедување финансиски средства;
  • Процесот на воведување во работата бара големо време за воспоставување на канали за набавка, продажба, кредитни аранжмани;
  • Неискуството со работата може да биде причина за неуспех;
  • Започнување со бизнис често пати носи и неискуство на претприемачот во однос на менаџментот;
  • Започнување со бизнис е напорна работа, да не се лажеме дека е лесно.
post

Започнување на нов бизнис

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Започнувањето на бизнис во денешно време не претставува преголема тешкотија. Фирмите лесно се регистрираат, барем во тој дел се направија огромни подобрувања. Ниту пак се потребни големи средства. За почетна набавка на стока може да биде доволно и 5.000 евра, а тој износ може понатаму по потреба да се зголемува. При регистрацијата, најдобро е да се ангажира адвокат кој ќе се погрижи да се запазат сите правни аспекти, како при регистрацијата така и во иднина, бидејќи секогаш при склучување на договорите мора да се води сметка за можните правни реперкусии.

Започнувањето нов бизнис претставува и највозбудливиот дел од работењето, проткаено со голем број нови непознати случувања. Проблем претставува опстанокот на претпријатието на пазарот, како и неговиот раст.

Препорака до претприемачите во почетокот на работењето е да избегнуваат преголеми “консултации” во врска со отпочнатиот проект, бидејќи многу “совети” можат да го парализираат и откажат од зацртаната идеја. Многу совети можат да дадат луѓе кои недоволно знаат или не можат да ја сфатат бизнис идејата, потоа има злонамерни луѓе кои намерно даваат погрешни совети. Ова не значи дека никогаш не треба да се примаат совети. Тоа исто така е погрешно. Одмерено слушање на совети и целосно размислување со своја глава (со континирано учење на области во кои претприемачот чувствува недоволни знаења), претставува клуч за успешно работење.

Отпочнување нов бизнис кој подоцна не би успеал може да стане “ноќна мора”, бидејќи може да се изгубат големи средства, а можно е и потсмевање на околината, па претприемачот многу потешко ќе се одлучи да реализира некој нов проект. Не се смета за нешто страшно доколку некој бизнис и не успее, бидејќи има многу примери на успешни претприемачи кои не успеале во првиот обид, а можеби и во неколку обиди. Дури и во одредени случаи тие неуспеси претствуваат основа за иден успех како што опфативме во брзо пропаѓање на бизнисот. Можноста бизнисот од првиот пат да не успее е поизвесна отколку да успее. Важно е ова да се сфати кај нас, бидејќи во нашите отежнати услови на работење, можноста за неуспех е значително зголемена. Многу полесно е претпримништвото да се негува во развиените економии, каде постојат многу подобри услови за работење, како и поголем број можности за реализирање на бизнисот.

Фактори за реализирање на бизнисот

За реализирање на бизнисот најзначајни се три фактори:

  • Идеи. Претприемачот мора да има идеи и да се концентрира на нивното остварување. За да може една идеја да се реализира и од неа да стане добар бизнис, потребно е претприемачот да поседува знаење и искуство. Преголем број на идеи може да внесат конфузија и да го одвлечат вниманието од најдобрата. Доколку постои добра идеја, сите останати пречки се полесно надминливи, а реализацијата на бизнисот е пореална.
  • Финансии. Сето тоа не може да се реализира без финансии. Финансиите мора да се обезбедат во доволен обем, за бизнисот да може да почне да функционира и понатаму да се развива.
  • Сигурност во работењето, треба да обезбеди државата со своите механизми. Претприемачот мора да биде сигурен дека некој надворешен фактор нема целиот бизнис-потфат да му го уништи (ненадејни законски регулативи, нелојална конкуренција, црниот пазар, турбуленцијата на финансискиот пазар). Тука дадовме преглед на условите кои треба да важат кај нас во Р. Македонија. Додека овие услови во други држави би биле поинакви, во зависност од тоа на кој степен на развој се наоѓа државата. Во некои држави каде постои голема сигурност во работењето на компаниите, би било дури и смешно кога би се барало гарантирање на нивната сигурност (од ненадејните потези на владата, нелојалната конкуренција, корумпираност на инспекторите и слични аномалии).

Секако дека и другите елементи се значајни, меѓутоа како најзначајни ги потенцираме овие три.

Прашања кои мора да се одговорат

При започнување на бизнисот потребно е да се одговори на следниве прашања:

  • Кои се можните начини на започнување на нов бизнис?
  • Кои се причините за започнување на нов бизнис?
  • Кои се општите предности и слабости при започнувањето на нов бизнис?
  • Дали се поседува доволен капацитет за реализирање на бизнис?

Најчеста причина за отпочнување со бизнис е:

  • Поради самовработување и независност.
  • Да се заработат пари.
  • Да се вработи семејство.
  • Искористување на постојните можности на пазарот.
  • Предизвик.
post

Брзо пропаѓање во бизнисот

Пропаѓање како можност Доколку пред една деценија и повеќе некој ни кажеше дека пропаѓањето можеме да го гледаме како нешто важно и нешто што ја зголемува бизнис потенцијалната енергија на еден претприемач, ќе ја класифициравме личноста како “комплетна будала”.

Но, денес се е променето. Денес е полесно да се започне бизнис од било кога досега. Денес, потребите на пазарот се менуваат со брзина каква што не е забележана досега. Денес градење на бизнис е полесно од било кога.

Најголемиот проблем е да се лансира вистинскиот производ на вистински пазар. Тоа значи нешто што пазарот би сакал да купи, нешто што решава вистински проблем кој постои на пазарот.

Поради тоа, ни требаат различни алатки, доколку сакаме да изградиме нешто големо. Од друга страна, иднината не е нешто што лесно може да се предвиди. Особено денес, кога промената е секојдневна и работа на секој од нас.

Доколку не можеме да ја предвидиме иднината, секогаш ќе постои неизвесност за новите бизнис идеи, и новите започнувања на бизниси (стартапи). Неизвесноста исто така значи и можност за пропаѓање колку што значи и можност за успех доколку ја користиме теоријата на веројатноста.

Но, не е се црно или бело. Зборуваме за еден претприемнички пат кој секогаш бил и ќе биде поврзан со неизвесност, ризици, проблеми… Разликата е единствено во интензитетот и силината на таа неизвесност, ризиците и проблемите.

Од друга страна, знаеме дека подобрувањата се последица на грешки. И можеме да ја видиме позитивната страна на грешките и пропаѓањата од тие грешки.

Кои може да бидат позитивности на пропаѓања? Сепак не се сите пропаѓања добри, но брзите пропаѓања може да имаат позитивна страна.

#1 Пропадни брзо за да научиш повеќе

Твојот бизнис како и сите бизниси на пазарот функционира во една доста неизвесна околина, Како еден претприемач, никогаш не си 100% сигурен за нешто поврзано со твојот бизнис.

Твојата задача е да се обидуваш, експериментираш, анализираш, тестираш… Но, резултатите никогаш нема да се знаат пред да се обидеш, експериментираш, тестираш и анализираш.

Доколку пропаднеш во овој стадиум на твојот бизнис, ќе научиш нешто за резултатите на твојата работа што ќе можеш да го имплементираш во иднина со други проекти.

#2 Пропадни брзо и пронајди можни подобрувања

Еден од најголемите извори на подобрување претставува пропаѓањето кое едноставно го зголемува твоето знаење преку учење и обезбедува подобрувања бидејќи нема да ги повторите истите акции кои довеле до тоа пропаѓање во иднина.

#3 Пропадни брзо и стани попродуктивен

Доколку нешто е погрешно, и предвреме осудено на пропаст подобро е колку што може побрзо да се совестиш дека правиш грешка. Но, доколку имаш лажна надеж, твоите напори ќе бидат во нешто што нема да ти ги даде посакуваните резултати.

Доколку сватиш побрзо, и побрзо ќе можеш да ги пренасочиш твоите и на твојот бизнис ресурси на други проекти кои се вредни за инвестирање на време, пари и напори. Ќе бидеш многу попродуктивен.

post

[Видео] Постојано надградување и подобрување на производот

Еден од најголемите проблеми за стартап компании е исфрлање на пазарот на производ кој ќе биде достоен согласно претприемачот.

Понекогаш се случува она најнесаканото, а тоа е постојано подобрување на производот преку додавање на карактеристики за кои сеуште не се знае дали навистина се потребни пред да се лансира самиот производ и бизнисот започне да генерира и потрошувачи и приходи.

Погледајте го оваа видео:

Не размислувајте за алгоритмот или оптимизација за пребарувачи. Гледајте го како еден производ на Google.

Доколку навлезете малку во историјата на компанијата ќе видите дека кога производот бил лансиран тие воопшто немале ни стратегија за комерцијализација, односно како ќе прават пари. Но, постојано подобрување на производот и се поголем број на корисници на истиот неминовно доведува и до комерцијализација.

Интересен е процесот на подобрување на производот, континуирани мали подобрувања кои на долги стази носат голем успех.

Размислете само која е разликата од стартување на производот и сега? Па, дури од септември до сега забележувам промени во резултати.

Што би се случило доколку Google или неговите претприемачи чекале да го направат алгоритмот перфектен уште во старт? Не би постел Google.

Тоа е основата на MVP (Minimum Viable Product), кој со итеративни подобрувања, но не подобрувања кои ти сметаш дека се важни, туку подобрувања кои ги сака пазарот се добива квалитетен производ. Доколку се чека, првин производ, потоа потршувачи се гради нешто за кое не се знае дали ќе биде прифатено од страна на пазарот. Зошто, кога нема потреба?

post

[Видео] Muhammad Yunus за социјален бизнис модел

Уште едо видео од серијата видео материјали кои треба или МОРА да се изгледаат од страна на сегашни или идни претприемачи, а кое се однесува за социјален бизнис модел.

Нобеловецот Muhammad Yunus зборува, односно го објаснува принципот за креирање на социјален бизнис модел. Она што е интересно е што овие бизнис модели стануваат се посупешни во светски рамки, а не тргнуваат и не се однесуваат само на претприемачот, туку на другата страна – општеството. Ваквите бизниси опстојуваат, обезбедуваат зголемување на вработеноста, но и ги решаваат вистинските проблеми кои постојат во општеството. Токму и затоа се успешни.

post

Парите се потребни, но што е со…

Навистина парите секогаш биле и ќе бидат потребни за започнување на бизнис. Но, сепак времињата се изменија. Денес се потребни и други елементи кои тука на претприемач ги нарекуваме како бизнис потенцијална енергија складирана во тебе, претприемачот.

Погледајте ја оваа кратка видео презентација која ја подготвивме за покажување на она што е потребно за еден претприемач за да започне бизнис. Од друга страна тоа и го создава оној финансиски капитал – парите.

post

Совет за еден мал бизнис: Целта на постоење на твојот бизнис

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Знам дека ова може да се чини како нешто чудно, нешто што сметаш дека и не е важно за твојот бизнис. Како и да е, сепак е круцијално за идниот успех на твојот бизнис.

Дали ја знаеш вистинската цел на постоење на твојот бизнис?

Можеш ли да одговориш во една едноставна реченица? Која е примарната намера на постоењето на твојот бизнис?

Запиши го одговорот на еден лист хартија и продолжи со постот.

Кога разговарам со претприемачи и го поставам овие прашања, она што можам да го заклучам е дека повеќето претприемачи неможат јасно да го дефинираат сопствениот бизнис или намерата на нивниот бизнис. Шокантно е што повеќето од нив имаат погрешни претпоставки или пак воопшто не ги знаат одговорите на прашањата.

Намерата е важна за тебе како еден претприемач бидејќи таа го дефинира или скицира бизнисот во кој навистина се наоѓа тој претприемач. Ова значи дека твојот пат ќе биде јасно дефиниран за во иднина без разлика на промените кои ќе следуваат.

Повеќето претприемачи целта на постоење на нивниот бизнис ја базираат и врзуваат со нивните производи или услуги. Тие сметаат дека се наоѓаат во индустрија на тие производи и услуги. Но, иднината може да ја промени целта индустрија, и индустријата илипазарот веќе да не ги сакаат токму тие производи или услуги. Тогаш, доколку си фиксиран за таквата цел на постоење на твојот бизнис која е базирана на производот, ќе значи и смрт за твојата компанија, или пак нема да ти дозволи соодветна флексибилност за да ги промениш работите во твоја корист.

Целта на постоењето на твојот бизнис мора да се базира на потрошувачите, односно на твојот целен пазар. Тие ќе ја дефинират вистинската цел на постоење на твојот бизнис.

Намерата треба да се базира на едно детално истражување на твојот целен пазар и потрошувачите. Што е она што им е потребно? Кои се нивните желби? Кои се нивните фрустрации?

Овие одговори ќе ти помогнат да дефинираш јасна и вистинска цел на постоење на твојот бизнис. Ова е поради фактот што твоите целни купувачи секогаш ќе бидат присутни таму некаде на пазарот. Доколку се појават промени, тие ќе ги променат нивните специфични потреби, но не и глобалната потреб да го решат нивниот проблем. На пример доколку си во индустрија за храна, секогаш ќе постои потреба од јадење. Купувачите можат да ги променат нивните навики во однос на јадењето што ќе го јадат, но ти ќе можеш да ги задоволиш нивните потреби доколку намерата на твојот бизнис е да им служи на тие потрошувачи, а не да ја испорачува храната која сега ја произведуваш.

Како што можеш да видиш разликите се големи кога станува збор за идниот развој на твојот бизнис.

За оваа недела совет за еден мал бизнис: Размисли за вистинската причина за постоење на твојот бизнис. Дали таа е базирана на твојот производ или услуга или пак на твоите потрошувачи? Доколку е базирана на производи или услуги, ќе мора да започнеш со вистинските промени во твојата компанија започнувјќи од самата намера, бизнис моделот и се друго што следува и што е базирано на тој бизнис модел.

post

Совет за еден мал бизнис: Елиминирај ги сите препреки до успехот

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Ова е уште еден пост од неделниот серијал совет за еден мал бизнис. Секој четврток по еден совет.

Дали сметаш дека немаш никакви препреки кон твојот личен и бизнис успех?

Како еден претприемач, особено како стартап претприемач секогаш ќе започнеш со некои скриени различни препреки кои едноставно ќе те влечат наназад.

Тука ќе наведам неколку можни препреки кои можеби се и најчестите кога станува збор за претприемничката кариера:

  • Недостаток на вештини и знаење. Неможеш да очекуваш дека кога ќе започнеш со бизнисот ќе ги имаш сите неопходни вештини како и знаење за водење на бизнисот. Можеби имаш вештини и знаење да направиш најдобри во светот рачно изработени свеќи. Но, дали имаш вештини за маркетинг, продажба или онаа бизнис административна работа? Ќе ти требаат многу повеќе вештини отколку што можеш да си замислиш дека ќе ти се потребни кога започнуваш со твојот бизнис.
  • Недостаток на пари. Можеби имаш бизнис план и финансиски проекции кои се во согласност со парите кои ги поседуваш за да го заппчнеш бизнисот. Како и да е, практиката покажува дела скоро секогаш проекциите се базирани на лажни претпоставки.  Тоа значи дека можеби нема да имаш доволно пари за преживување во првите најтешки години на твојата нова компанија.
  • Премногу информации за цели на анализа. Постои онаа старата дека од многу глава не боли. Но, кога станува збор за информации ова е неприменливо. Една од поголемите можни пречки до твојот успех може да биде кога имаш премногу информации кои доведуваат до т.н. парализа на анализа.  Не можеш да одиш понатаму бидејќи едноставно си заглавен со твојата анализа која се чини дека нема крај.
  • Можни одложувања. Како човечки суштества сакаме да ги одложуваме обврските и работите. Како и да е, кога станува збор за твојот бизнис, тој не трпи одложувања. Доколку одложуваш во бизнисот, тоа ќе биде една од најголемите пречки кон патот на успехот. Она што можеш да го завршиш денес, заврши го. Не одложувај, бидејќи за утре ќе имаш друго.

Затоа за оваа недела совет за еден мал бизнис е: Пронајди ги сите можни препреки кои те враќаат наназад. Анализирај ги и пронајди можни начини за да ги елиминираш. Доколку имаш недостаток на вештини или знаење, пронајди лица кои ги имаат и вработи ги. Доколку имаш недостаток на пари, најди ги преку позајмици, кредити, партнерства… Доколку имаш премногу информации, застани за еден момент, очисти се што нема вредност за твојот бизнис и потоа доврши ја анализата. Доколку одложуваш, пронајди систем кој ќе ќе ги менаџира твоите дневни задачи и активности и елиминира одложувањето.

post

Колкав ризик можеш да толерираш?

Дали сметаш дека претприемништвото како професија не носи ризик за тебе?

Дали ти си претприемач кој не превзел никаков ризик кога си одлучил да се занимаваш со оваа професија?  Мислам дека не.

Претприемништвото е во блиска релација со ризикот и превземање на ризик од страна на претприемачот. Не можеш да станеш претприемач без да превземеш одреден вид на ризик.

Зошто ризик во претприемничките потфати?

Прво, ти ги инвестираш твоите сопствени пари кои ги поседуваш во моментов во нешто за што со 100% сигурност не знаеш дали ќе донесе пари во иднина. Ова е првиот иницијален ризик кој го превземаш на себе па дури и натвоето потесно семејство (мораш да им ги скратиш нивните потреби во замена за финансирање на бизнис потфатите) како еден претприемач.

Никогаш не можеш да бидеш 100% сигурен за иднината на твојот бизнис. Не можеш со 100% сигурност да знаеш колку успешен ќе биде твојот бизнис или пак колку пари ќе заработиш во првата, втората или третата година. Затоа секогаш ќе постои ризик во претприемничките потфати кои сакаш да ги превземеш.

 

Прашањето што секој потенцијален или иден претприемач треба да го одговори пред да одлучи дали да ја напушти тековната работа и да стане претприемач е: Вредно ли е да се започне бизнис во споредба со иднината доколку не се превземе таков чекор?

Дали твојот тековен потенцијал може да обезбеди преживување?

Секој бизнис во голем дел во раните фази на постоење е базиран на потенцијалот на претприемачот да го доведе тој бизнис во живот. Ќе мора да го инвестираш твоето време, твоите пари, твоето знаење и вештини во иднината на твојот бизнис.

Не можеш да започнеш бизнис без да се посветиш на него, а тоа посветување бара време. Не можеш да започнеш бизнис без пари, бидејќи мора да ги обезбедиш основните потреби за нормално функционирање на бизнисот во иднината како што се канцеларии, опрема, суровини… Не можеш да започнеш бизнис доколку немаш доволно знаење за индустријата, пазарот и производите или услугите кои ќе ги нуди тој бизнис. Исто така ти ребаат различни вештини кои се повеќе од вештините доколку работиш за некој друг. Мора да имаш преговарачки вештини, аналитички вештини, продажни вештини, вештини на вмрежување…

Колку повеќе имаш да инвестирап, толку е и поголем ризикот за тебе како претприемач.

Прво мора да ги одговориш прашањата во однос на самиот себеси:

  • Колку пари имаш, или до колку пари ќе можеш да стигнеш за да го финансираш бизнисот?
  • Колку време можеш да инвестираш во бизнисот?
  • Имаш ли доволно вештини и знаење за да започнеш таков бизнис?

Колку ќе заработиш со твојот бизнис?

Мора да имаш предвидувања за следните 5 до 10 години во однос на тоа колку можеш да заработиш од твојот бизнис. Ова не е приходот на компанијата, туку колку ќе ти останат откако сите трошоци ќе бидат покриени и сите даноци бидат платени.

На пример, твојата продажба во првата година ќе биде 3.000.000 денари, а на крајот откако ќе ги одбиете трошоците и даноците ви остануваат само 375.000 денари. Вашите предвидувања се дека продажбата ќе расте за 10% годишно. Со ист процент на трошоци и даноци (само како пример) по 10 години ќе имате заработено скоро 6.000.000 денари.

Колку би заработиле доколку останете на тековното работно место?

Сега кога знаете колку можете да заработите за 10 години доколку започнете бизнис (оваа бројка не е со 100% сигурност, сепак постои ризик да не се оствари), мора да ја споредите таа сума со сумата која би ја оствариле доколку останете на тековното работно место.

На пример доколку имате годишна плата од 400.000 денари (што за наши услови е малку преголема но не и неостварлива за одредени компании и државни институции) за 10 години (не земајќи ги во предви можни покачувања и напредувања во кариерата) ќе имате заработено 4.000.000 денари.

Сега, што мислите, вредни ли да се започне сопствен бизнис и да се остави тековното работно место за да се заработат 2.000.000 денари повеќе за 10 години?

Логично е да се избере бизнисот. Но, сепак оваа е првиот дел за анлиза на твојата толеранција на ризик кога размислуваш да започнеш компанија. Во следниот дел (Колкав ризик можеш да толерираш: Има повеќе…) ќе продолжиме со анализата.

post

Конкурентска предност уште во фаза на бизнис идеја

 

Развој на менаџментот

Конкурентска предност во самата бизнис идеја

Бизнис идеја е почетокот за секој бизнис! Но, има бизнис идеја која ќе обезбеди подпросечен, просечен и надпросечен бизнис.

Првиот бизнис, оној подпоресечен уште во оваа фаза може да се класифицира како неуспешен. Вториот како просечен е оној кој ќе опстојува, но не долго време во зависност од надворешните фактори. И третиот оној надпросечен бизнис обезбеден од бизнис идеја која во старт ги содржи конкурентските предности има потенцијал да биде успешен и здрав бизнис.

Што треба една бизнис идеја да поседува?

Секоја бизнис идеја тргнува од вас самите – идниот (или сегашен) претприемач. Мора да имате знаење (односно одредена едукација), пасија за тоа што ќе го работите во бизнисот и секако оние неформални активности во вид на хоби со што имате доволно искуство и знаење за спроведување на таа бизнис идеја (она што многу одамна го нареков бизнис идеја – прв чекор).

Понатаму за една бизнис идеја да се класифицира како елемент кој предизвикува надпросечна компанија е потребата таа да решава одреден проблем. Имам проблем, барам решение и твојот бизнис е тука да ми го реши, а за возврат ќе платам одредена сума на пари. Тоа е основната филозофија на која се базираме. Но, кога станува збор за проблемот, треба да имате во предвид дека тој не треба да биде било каков проблем, туку треба да биде проблем за кој постои желба за решавање но, и мала шанса дека тој може да биде решен со моменталните услови на пазарот. Ова се дополнителни елементи кои го зголемуваат потенцијалот на основната идеја до која сте стигнале преку претходните елементи (знаење, пасија, хоби).

И ова би било ОК, бидејќи имаме знање, имаме пасија, хобито ни е поврзано со идејата која сакаме да ја претвориме во наша работа, постои проблем кој ќе го решиме и за кој постои желба за решавање и во моментов на пазарот не се нуди лесно и едноставно решение. Но, би било ОК, доколку претпоставките останат такви какви што се – нема да има решение за истиот проблем, што сметам дека е многу редок случај.

Реалноста е сосема поинаква, бидејќи многу бргу ќе се појави решение кое може да биде полошо, подобро или исто со онашто вие го нудите. Го ставам во игра и полоштото решение бидејќи нема да помине без да ви направи проблем, ако ништо друго во однос на воспоставените цени на пазарот.

Конкуренстка предност во самиот дизајн на бизнис идејата

Затоа, добро е уште во самиот дизајн на бизнис идејата да го инкорпорирате и елементот конкурентска предност кој ќе ви даде многу насоки во кои ќе треба да тргнете или поминете во иднина. Ова значи одговор на прашањето во што ќе се разликувате од конкурентите кои во моментов се на пазарот или пак ќе бидат за определен временски период.

На пример, доколку одлучите дека конкурентската предност ќе ви биде цената ќе знаете дека сите трошоци во однос на дополнителни вредносни елементи околу самиот производ или услуга ќе ги сведете на минимум или ќе наплаќате кога купувачот ќе сака.

Конкурентската предност ќе ви помогне и во соодветно обликување на вашиот бизнис модел со што ќе си го олесните животот како на вас самите така и на сите кои на некој начин ќе бидат вклучени во тој бизнис.

Да сублимираме во однос на тоа што е поребно за добра бизнис идеја:

  • знаење
  • пасија
  • хоби
  • проблем
  • желба за решавање на проблемот
  • мала веројатност дека бргу ќе биде решен со сегашните услови на пазарот и
  • конкурентска предност на која ќе се базира.