post

Маркетинг микс

Маркетинг план Маркетинг миксот е еден од најважните и најкористените термини во маркетингот. Може слободно да се каже дека претставува основа на маркетингот, се користи и во подготовка на маркетинг планот, како и во делот за маркетинг при подготовка на бизнис планот. Маркетинг миксот може да се сретне и како 4P што се однесува на 4 елементи на маркетинг миксот кои на англиски започнуваат на P.

Не би навлегувале во историја и како е дојдено до тие елемнти, но може да се напомене дека за некои експерти од маркетинг овие елементи на маркетинг миксот ги прошируваат со уште P-a. Но, сепак сметаме дека основните елементи на маркетинг миксот, односно оние елементи кои во најголем дел доведуваат до зголемување на потенцијалната енергија на бизнисот се основните 4P, останатите предлози се содржани во основните или претставуваат комбинација на нешто “нормално” со маркетинг активностите.

Елементите на маркетинг миксот се:

  • Производ (Product)
  • Цена (Price)
  • Дистрибуција (Place)
  • Промоција (Promotion)

Производ

Секој бизнис продава нешто. Тоа нешто може да биде или производ или услуга. Откако ќе се продаде тој производ и/или услуга бизнисот за возврат прима финансиски средства (пари) со кои може да го финансира сопственото работење (плати, набавки, трошоци…).

Уште на стартот би нагласиле дека произвдот и/или услугата е еден елемент кој содржи бизнис потенцијална енергија. Колку е поголема таа бизнис потенцијална енергија толку и ќе учествува во зголемувањето на севкупната бизнис потенцијална енергија.

Во овој елемент не е само производ како физички опиплив производ, туку може да биде и услуга или пак некој вид на производ во електронска форма (на пример електронска книга, веб страна, мобилна апликација итн).

Кога го разгледуваме секој производ треба да опфатиме три нивоа:

  • Основа на производот – неопиплив елемент и се однесува на ползите кои луѓето ќе ги имаат од тој производ. На пример храната му овозможува полза на корисникот бидејќи му го намалува чувството на глад, дава одредени состојки потребни за нормално функционирање на човечкиот систем, овозможува внесување на одредени витамини… Автомобилот му овозможува превоз од едно до друго место, му дава чувство на луксузност, чувство на престиж итн. За секој производ и/или услуга мора да има потреба која треба со тој производ и/или услуга да се задоволи. Дали ни треба некој производ со кој не би задоволиле некоја наша потреба? Дали би купиле автомобил доколку не ни треба превозно средство, не сакаме да се чувствуваме луксузно и престижот не ни е битен? Секако дека одговорот е НЕ! Занчи секогаш кога размислуваме за бизнис мора да размислиме и да извршиме одредено истражување за тоа што не е задоволено на пазарот, а постои голема потреба.
  • Вистински производ – ова е нивото кога веќе производот е опиплив и може да се користи. Тоа е производот кој можеме да го користиме и да ги задоволуваме нашите потреби со истиот. Ова ниво на производот како дел од маркетинг миксот мора да обезбеди дека ќе се задоволат потребите од претходното ниво. Сигурно нема да започнеме со бизнис или пак постоечки бизнис да лансира нов производ и/или за кој ќе велиме дека го задоволува првото ниво, но во реалноста да не е така. Во ова ниво размислуваме за квалитетот, функционалноста, безбедноста, пакувањето…
  • Дополнителни придобивки – ова се дополнителните придобивки кои се добиваат со купениот производот како дополнителна услуга, гаранција, инсталација… Квалитетен маркетинг секогаш бара да истакне некои дополнителни придобивки на тие производи. Купувачите одлуката за купување не ја носат само врз основа на квалитетот и функционалноста туку бараат и дополнителни придобивки во вид на гаранција, помош при инсталација итн. На пример, треба да избереме помеѓу два автомобила, на едниот цената му е 10.000 евра и даваат 3 години гаранција, а на другиот цената му е 11.000 евра но даваат 5 години гаранција. Логично е да се избере автомобилот со цена од 11.000 евра бидејќи имаме гаранција дека две години повеќе нема ништо да се случи или пак доколку се случи поправката ќе ни биде поправено бесплатно. Но, оваа гаранција во очите на купувачите го потврдува и квалитетот на производот. Така се зголемува бизнис потенцијалната енергија на елементот производ.

Сите овие нивоа можат да бидат различни за ист производ и заради тоа постојат и различни цени на тие производи. Од друга страна овие нивоа овозможуваат потенцијалните потрошувачи да гледаат одредена вредност во понудениот производ преку задоволување на одредени потреби, можност за користење и дополнителни придобивки од поседување.

Можеме да сублимираме дека ова се трите нивоа на елементот производ со кој би ја зголемиле бизнис потенцијалната енергија. За зголемување на бизнис потенцијалната енергија потребно е да ги разгледаме и да донесеме одлука за следниве елементи:

  • Колку е висока потребата што ќе ја задоволува тој производ?
  • Квалитетот кој ќе го понуди тој производ и/или услуга?
  • Каква ќе биде функционалноста?
  • Каков ќе биде изгледот или стајлингот на тој производ?
  • Какво ќе биде пакувањето?
  • Колкава ќе биде гаранцијата?
  • Каква ќе биде безбедноста при упореба на тој производ?
  • Ќе се понуди ли одржување и поправка?
  • Ќе се понуди ли дополнителна опрема?

Овие прашања ќе помогнат и при определување на цената (едно од останатите P на маркетинг миксот). Но, за да се одговорат ове прашања кои ќе ја определат и бизнис потенцијалната енергија ќе мора да се разгледаат уште две работи:

Животни циклуси на производи Животен циклус на производот и/или услугата е слично како и животниот циклус на биолошките системи. На пример, човекот се раѓа, расте, созрева, старее и умира. Истото е и со животните. Истото е и со растенијата со садење на семе кое подоцна прераснува во цвеќе, па подоцна созрева и започнува да увенува. Животен циклус на производот може да биде:

  • Воведување
  • Раст
  • Созревање
  • Стареење
  • Повлекување

Маркетингот мора да воспостави стратегии за секоја од оваа фаза на животен циклус на производот. Од друга страна во секоја од фазите и цената нема да биде иста.

Позиционирањето на производот на пазарот зависи од повеќе фактори. Но, како наједноставно разгледување на позиционирањето на птоизводот и/или услугата може да се искористи:

  • Учеството на производот на пазарот
  • Квалитетот на производот

Сето оваа маркетингот треба да го искомбинира, така да она што ќе се понуди биде навистина она вистинското и да креира вистинска вредност на тој производ во очите на потрошувачите.

Цена

Цената претставува вториот елемент од маркетинг миксот и игра важна улога во определување на маркетинг стратегијата. Постојат различни начини на определување на цената на производите. Повеќе можете да прочитате во методите за определување на продажни цени и поставување на продажните цени. Но, кога станува збор за маркетинг миксот треба да се напомене дека цената ќе зависи од квалитетот на производот и побарувачката на тој производ. При разгледување на цената од маркетиншки апсект потребно е да се изготви стратегија на цени што ќе подразбира една од следниве цени:

  • Економична цена (ниска цена и слаб квалитет)
  • Висока цена со слаб квалитет
  • Ниска цена за висок квалитет
  • Премиум цена (висок квалитет за висока цена

Она што треба да се забележи е дека сите останати елементи на маркетинг миксот (производи, дистрибуција и продажба) претставуваат трошок додека цената е нешто што генерира приходи од продажба. За вистински производ и/или услуга ќе треба да потрошиме пари, за дистрибуција ќе треба да потрошиме пари, за промоција исто така ќе потрошиме пари, додека за цената не трошиме пари. Потребно е само соодветна анализа и избор на стратегија која ќе ја применуваме.

Кога цените ги разгледуваме како дел од маркетингот ќе мора да тргнеме од фактори кои влијаат на политиката на цени која ќе ја избереме. На цените влијаат следниве фактори:

  • Трошоци или цена на чинење на производот и/или услугата плус трошоци на бизнисот. Накратко секоја цена треба да се формира врз основа на трошоците за производство на тој производ и/или услуга плус трошоците на бизнисот (сите останати трошоци кои не се вклучени во производот и/или услугата) плус саканата добивка. Оваа е основното кое што треба да биде вклучено во цената. Секако дека не би сакале бизнис кој ќе продава со цена со која нема да ги покрие сите трошоци. Ове фактори се под контрола на претприемачот и може да ги менува, со што добива поголема моќ во одлучување за избор на политика за цени.
  • Конкуренција. Ова е навистина нешто што не се контролира и што е надвор од дофат на рацете на претприемачот. Но, доколку не се контролира може да се следи и да се врши прилагодување на сопствените цени. Во секој случај конкуренцијата има голема улога во избор на политиката на цени. На пример, доколку немаме конкуренција на пазарот ќе поставиме цени какви што ќе сакаме. Но, доколку имаме конкуренција, што е пореално, ќе мора да внимаваме да не претераме.
  • Понуда и побарувачка. Третиот фактор кој влијае на цените претставува понуда и побарувачка на таквите производи. Ова значи дека доколку понудата е поголема и цената ќе биде помала, но доколку понудата е голема а побарувачка голема ќе имаме повисока цена отколку голема понуда, а мала побарувачка. И обратно, со мала понуда а висока побарувачка имаме и високи цени.
  • Државата. Државата преку мерки на економска политика кои може да бидат изразени преку даноци, царински стапки или акцизи може да влијае на цената. Во оваа категорија спаѓаат акцизните производи како цигари, алкохол и нафта. Претприемачот при избор на политика на цени ќе мора да ги земе во предвид и овие фактори.

Откако ќе ја утврдиме политиката на цените преку анализа на се она што влијае врз цените и кога ќе знаеме што сакаме да постигнеме со цените ќе можеме да избереме стратегија на цени. Следниве стратегии на цени ни стојат на располагање:

  • Цени за продирање на пазар – пенетрација.
  • Конкурентни цени.
  • Стратегија на снижување на цени.
  • Цени на групни производи.
  • Цени на линија на производи.
  • Психолошки цени.
  • Опционални цени.
  • Премиум цени или цени на престиж.

Не мора да изберете само една стратегија и да одите со неа. Можете да направите комбинација од стратегии така да некои производи и/или услуги ги продавате преку една стратегија на цени додека други преу друга стратегија на цени. Сепак пазарот е оној кој ќе ве одведе во најправилниот и вистинскиот правец. Внимавајте и на квалитетот како и на дополнителните услуги. Сепак тие може да бидат клучни за избор на некоја од горенаведените стратегии.

Изборот на соодветна политика на цени за бизнисот ќе бара и спроведување на различни методи и техники за определување на цени кои ќе обезбедат добивка (профит) на бизнисот, а од друга страна и ќе бидат прифатливи за потрошувачите. А, оваа баш и не е толку лесно. Токму во тоа е содржана  уметноста и креативноста на маркетингот.

Дистрибуција

Дистрибуција претставува третиот елемент на маркетинг миксот. Таа е едноставно пренесување на производот и/или услугата од бизнисот што продава до купувачот. Во овој дел од маркетинг миксот е потребно да се разработат различните канали за дистрибуција кои бизнисот ќе ги користи за доставување на производите и/или услугите до потрошувачите. На пример, дистрибуцијата може да биде во определена физичка локација (продавница), праќање по пошта, сопствена испорака, електронска трговија итн.

Клучот или финишот на секоја маркетинг активност е дистрибуцијата кога ќе се достави производот и/или услугата на купувачот. Можеби читателите кои се занимаваат со малопродажба ќе кажат што е тука важна дистрибуцијата за мене. Но во секој случај и малопродажен бизнис е вклучен во одреден сегмент на каналот на дистрибуција.

На пример, производот е произведен во фабрика, потоа е пренесен до еден посредник, потоа е пренесен до големопродавач (друг посредник), потоа до малопродажна продавница која ги изложува во продажниот простор каде што крајните потрошувачи го разгледуваат и го купуваат тој производ. И тука завршува процесот на дистрибуција. Значи и малопродажниот бизнис е вклучен во еден поголем канал на дистрибуција. Но, дали малопродажниот објект може да понуди уште еден сегмент во овој канал како што е испорака до дома. Ова, на пример е многу важно за малопродавачите кои продаваат големи или габаритни предмети во малопродажен објект како што се некои производи од бела техника (машини за перење, телевизори, шпорети, печки…). Јас на пример како купувач го избрав малопродавачот кој за иста цена ми понуди и бесплатна испорака до дома од неговиот малпродажен објект. Тоа е веќе дистрибуција како дел од маркетинг миксот.

Многу често се заборава на дистрибуцијата како елемент од маркетинг микс. Најчесто се смета дека маркетинг е само пропагандата. Но, гледаме дека не е точно. Продавницата која што ја избрав не ја избрав заради реклама на ТВ или радио, или пак нивната цена, или пак нивната брошура. Ја зибрав зато што ја транспортираа стоката до местото кое го избрав јас.

Што е дистрибуција и канали на дистрибуција?

Наједноставно кажано, дистрибуција е процесот кој започнува од завршување на производството до прифаќање на производите и/или услугите од страна на директните корисници на тие производи и/или услуги.

Значи дистрибуцијата претставува активност на дистрибуирање (доставување) на производите и/или услугите до крајните потрошувачи, односно процес на доставување на тие производи и/или услуги до крајните потрошувачи.

Канал на дистрибуција пак, претставува синџир на посредници кој еден од друг ја пренесуваат стоката се додека на стигне до крајниот корисник. Значи канал на дистрибуција е синџирот помежу производителот и крајниот корисник на производите и/или услугите.

Типови на канали за дистрибуција

Каналите на дистрибуција можат да бидат:

  • Дирекетн канал на дистрибуција. Овој канал е кога производителот продава директно на крајниот потрошувач.
  • Посреднички канал на дистрибуција. Овој канал е кога производителот користи осредници за дистрибуција на производите до крајниот потрошувач.
  • Комбиниран канал на дистрибуција. Овој канал е кога производителот директно комуницира со некои потрошувачи, но користи и посредници за други потрошувачи.

Кој канал на дистрибуција ќе се избере зависи од пазарот и од типот на бизнисот, односно какви производи и/или услуги продава.

На пример, за една меѓународна компанија поедноставно е за секоја земја каде настапува да избере еден посредник (дистрибутер) отколку самата да започнува. Ова е поради фактот што локалната компанија која ќе биде како дистрибутер подобро го познава пазарот и потрошувачите и може подобро да ја изведува таа работа.

Каналите на дистрибуција можат да бидат и во следниот облик:

  • Физички – кога производот патува физички до потрошувачот
  • Електронски – кога производот по електронски пат стигнува до купувачот.

Во денешницата многу производи како што се CD, DVD филмови, софтвери, книги, курсеви итн. се дистрибуираат директно по електронски пат. Купувачот плаќа со платежна картичка и му се отвора просторот за симнување на електронскиот производ.

Учесници во канал на дистрибуција

Како учесници во каналите на дистрибуција можат да се јават следниве ентитети:

  • Производител – оној кој ги произведува производите
  • Трговија на големо – преку која се дистрибуираат производите до друг големопродавач или пак директно на малопродавачот
  • Трговија на мало – преку која производите се дистрибуираат директно на купувачот
  • Транспортери – оние кои го изведуваат физичкиот транспорт од едно на друго место
  • Шпедитери – кои ги изведуваат шпедитерските услуги за усогласување на сите ранспортни формалности.
  • Осигурителни компании – институции преку кои се врши осигурување од ризик при транспортот на стоката.
  • Складишта – во кои стоката мирува во процесот на изведување на дистрибуцијата
  • Компании кои изведуваат услуги за наплата преку интернет доколку бизнисот врши електронска дистрибуција.

Промоција

Четвртото P од маркетинг миксот се сите алатки кои му се достапни на маркетарот за маркетинг комуникација – промоција. Со помош на алатките на промоција потенцијалните потрошувачи дознаваат за производот и/или услугата на бизнисот како и за самиот бизнис. Промоцијата претставува и посебен микс како дел од маркетинг микс. Составена е од повеќе елементи или алатки кои се мешаат во зависност од потребата и изборот на претприемачот. Постојат различни размислувања што се опфаќа овој елемент. Некои завршуваат со конечна листа од 6 или 7 поделементи. Некои пак со листа од 200 или повеќе. Ние сметаме дека не треба да се ограничуваме на бројка бидејќи навистина промотивниот микс е составен од бесконечно многу алатки и елементи. Може да бидат од обичен разговор со нов познаник на кој му кажувате за Вашиот бизнис преку е-маркетинг до скапи ТВ или радио реклами.

Често пати целокупниот маркетинг се асоцира со само овој лемент од маркетинг миксот притоа заборавајќи ги останатите три елементи како производ, цена и дистрибуција. Ова е грешно толкување на маркетингот од страна на претприемачите. Што претставува промоција? Наједноставно кажано промоција претставува распространување на информации за бизнисот, производот и/или услугата, брендот и се што е поврзано во однос на бизнисот.

Промоцијата како дел од маркетинг миксот има сопствен микс на промоција составен од 4 елементи:

  • Економска пропаганда – Advertising. Рекламата има за цел да даде точна информација за производот и/или услугата, брендот или бизнисот воопшто. Рекламирањето претставува платена презентација на бизнисот. Вообичаено под овој елемент на маркетинг миксот спаѓаат печатени реклами, весници, ТВ, радио, билборди, брошури, веб страници итн. За овие начини на рекламирање како маркетиншки средства објавуваме и ќе објавуваме се до бројката 100 на блогот. Често пати рекламирањето се изедначува во целост со промоцијата што како што ќе забележите не е точно, туку рекламирањето е само еден елемент од промоцијата.
  • Лична продажба. Личната продажба претставува процес на давање на помош на потенцијалниот потрошувач за да донесе одлука за купување на производот и/или услугта. Личната продажба претставува елемент од промоција која претставува орална презентација. Овој елемент се изведува преку продажни состаноци, продажни презентации, продажни обуки, телефнски презентации итн. Скоро секоја продажба на крајот завршува со лична продажба. На пример, со омош на економска пропаганда го будите интересот кај поенцијалниот потрошувач кој доаѓа во Вашиот продажен објект. Тука стапува на сила продажниот тим кој ќе треба да го презентира производот и/или услугата како потенцијалниот купувач стане вистински купвач со донесув ање на одлука за купување.
  • Промоција на продажба. Ова се елемнти од промотивниот микс кој треба да стимулира на краток рок купување или продажба на производи. Како примери од овој облика на промоција можеме да ги наведеме попустните купони, попусти, тестери и мостри, премии, саеми, наградни игри … Сите овие промотивни елементи се дизајнирани да стимулираат поголема продажба. Препорачливо е користење на ваквити стимулирачки промоции како би се привлекле повеќе потенцијални потрошувачи, како би се наградиле сегашните купувачи и како би извлекле поголема продажба од сите потрошувачи. Ова го прават сите големи компании.
  • Односи со јавноста и публицитет. Односи со јавноста претставува планирана активност на комуницирање со потенцијални потрошувачи со цел да се влијае на прифаќањето на бизнисот и производите на бизнисот. Публицитет пак претставува бесплатна вест за бизнисот или пак производот и/или услугата која може да има озитивно влијание врз потенцијалните потрошувачи. Ова може да биде вет во весници, ТВ, радио, интернет … Овој тип на промоција претставува

Значи целта на промоцијата е да распространи информации за бизнисот до потенцијалните потрошувачи. Која од погоренаведените промотивни елементи ќе се користи и како зависи од типот на бизнисот и пазарот на кој се наоѓа бизнисот.

Пожелно е претприемачите да направат план за промоција на бизнисот и производите и/или услугите кои што ги нуди бизнисот. Планот би ребало до содржи:

  • цел на промотивна кампања,
  • што треба да се постигне со истата
  • тип на промотивна кампања
  • буџет за истата
  • период во кој ќе се спроведува

Различна промотивна форма различно влијае на потенцијалните потрошувачи. Вистинскиот избор на миксот на пропагандните елементи може да допринесе до зголемување на влезот на потенцијалните потрошувачи во продажната инка на бизнисот. Потребно е многу добро да се дизајнира промоцијата од страна на претприемачот како би можело ефективно и ефикасно секој денар вложен да се врати неколкукратно во полза на бизнисот.

post

Започнување на бизнис без системи

Еден претприемач и фази во започнување Ќе се обидеме преку два поста и два целосно спротивставени примери да презентираме различни ситуации на ист бизнис започнат од ист претприемач, но со различни пристапи. Сликата десно се однесува на еден човек, претприемачот и неговите фаци во овој процес кој се нарекува започнување на бизнис.

Ќе започнеме со бизнис без никакви системи, без организациска структура бидејќи при започнување тој, претприемачот е се во бизнисот.

Нашиот замислен претприемач ќе се вика Перо, тој има идеја да започне бизнис. Идејата на Перо се однесува на сендвичара со органска храна.

Перо смета дека идејата ќе помине во услови кога се повеќе се зборува за органска храна, а од друга страна неговите родители имаат земја каде одгледуваат органска храна која може да му служи како дел од репроматеријал за производство на сендвичите. Остатокот ќе го набавува од неговите пријатели кои произведуваат таков репроматеријал.

По некои подготовки во однос на најмување на простор, средување и набавка на основните намирници за започнување како и завршување на формалностите, Перо го започнува бизнисот со отворање на вратите на неговата сендвичара. Неговата умешност во комбинација на состојките во производство на сендвичи е на одлично ниво. Самото отворање и покана на гости кои ги пробале сендвичите поттикнале висок степен на ефект на вирозен маркетинг од уста на уста.

Веќе по неколку месеци, работата на сендвичарата го тера да вработи еден соработник. Тој забележал дека не може да биде и чистач и производител, и продавач и маркетар, и администратор и “физикалец”, и снабдувач и договарач. Затоа го вработил Ставре братот на неговата жена. Така да, кога Перо правел сендвичи, Ставре набавувал, чистел, контактирал со купувачите… Кога Ставре чистел, Перо бил во набавка и продавал. И така се функционирало супер. Но, умешноста на Перо во правење на сендвичите доведува до уште поголемо зголемување на работата. Му треба уште еден човек. Вака не се постигнува, а математиките покажуваат дека може да си дозволи да вработи уште еден.

И така пријателот на наговиот братучед, Горан станува уште еден член на неговиот тим. Повторно се е во нормала. Перо може целосно да се посвети на неговата техничка функција како претприемач во правење на сендвичи, Ставре го менувал и во производството кога Перо имал работа во набавка. Ставре како постар вработен добил и нови задолженија да менаџира, односно да планира за работата, да го контролира и обучува Горан.

Така се функционирало како што треба за Перо, бизнисот растел преку зголемена побарувачка, добар глас за квалитетот и умешноста на правење на сендвичи на Перо. Но, умешноста морала да се имплементира секојдневно при што Перо бил врзан минимум 7-8 часа дневно. Сака да се шири со уште една продавница бидејќи парите доаѓаат од овааа првата. Затоа и го задолжува Ставре да разгледа неколку локации каде би можеле да го прошират бизнисот. Ставре пак како верен прв вработен во фирмата веднаш трча да ја заврши задачата.

По неколку состаноци со потенцијалните обезбедувачи на простор и неколку интерни состаноци на Перо со Ставре одлучуваат да најмат простор во источниот дел од градот и секако да вработат уште тројца во бизнисот. Едниот ќе започне веднаш и ќе се обучува од страна на Перо во производството (правење сендвичи) додека се подготвува втората локација. Вториот и третиот ќе се вработат откако продавницата ќе се отвори и ќе бидат одговорни за сите останати работи поврзани со втората продавница и комуникацијата помеѓу двете.

По неколку месеци, она што го планирале и го оствариле. Втората продавница веќе работи. Почетните резултати се ветувачки. Ставре е менаџерот кој едноставни обезбедува се да функционира како што треба. Тој најмува работници, тој се грижи за набавките, тој се грижи за исплаќањето на платите и подготовка на документите како администрирање. Перо целосно може да си се посвети на она што сака да го прави, да произведува сендвичи заради кои и бизнисот дошол до оваа фаза.

Но, ова е премногу добро, за да биде вистинито.

По проширувањето и по зголемувањето на работата започнуваат да се јавуваат некои навидум едноставни проблеми, но сепак влијателни кои целосно ќе го сменат текот на бизнисот. Ставре како крал на функционирањето на бизнисот овластува некои од неговите блиски соработници (кои тој ги регрутирал за Перо) да почне да нарачува суровини од компанија со која Перо воопшто не работел претходно. Квалитетот на суровините не бил на нивото од оној почетниот кога Перо набавувал само од неговите родители и пријатели. Тоа влијаело на намалување и на квалитетот на сендвичите.

Започнуваат првите жалби на купувачите. Се крева вистинска врева од страна на Перо како можело тоа да се случи. Ставре немал одговор? И добро, Перо ја презема одговорноста врз себе и не дозволува веќе Ставре да одллучува за набавките. Но, загубите веќе се видливи, а бидејќи Перо сега работи и на набавки и на производство на сендвичите неговиот замор допринесува да продолжи да опаѓа квалитетот.

Во меѓувреме, Перо започнува да реагира нервозно, се јавува во втората продавница и разговара со луѓе кои воопшто не ги ни познава. Нив ги најмил Ставре и едноставно и тие се збунети и не знаат како да постапат.

Грешките се повторуваат не само на квалитетот, туку и во однос на комуникација со купувачите, во однос на одржување на хигиена во продавниците, во однос на комуникација помеѓу целиот тим во бизнисот…

Ставре веќе не може да го трпи притисокот од Перо, а бидејќи е брат на жената на Перо одлучува да си замине. Перо од друга страна е притиснат и од сопствената сопруга, сепак Ставре е нејзиниот брат. Едноставно му се руши целиот свет. Останатите вработени не го ни забележуваат бидејќи Ставре бил авторитетот а не Перо, кој е претприемач и сопственик на бизнисот.

Перо одлучува да ја затвори втората продавница и да се обиде да ја спаси првата која со голем ентузијазам и желба за успех ја започнал. Штетата е голема, кредити, сметки… Продажбата се помала. Еден по еден вработените си заминуваат. Кој отпуштен бидејќи не завршил работа како што треба, кој самиот си заминува заради се поголемо намалување на платите.

Перо пак останува сам како во првите неколку месеци, со таа разлика што тогаш имал желба и имал визија дека сака да успее. Сега веќе е скршен, без идеи, без желба за поголем труд, притиснат во аголот без некои големи можности за свртување. Дури и од семејството е сметан како губитник.

Купувачите ги нема! Сметките се собираат! Потребна е брзза одлука што да се прави.

Постојат две можности: целосен пропаст и затварање на бизнисот, или обид да се направи од почеток онака како што треба.

Следува вториот дел за обид да се направи од почеток онака како што треба.

post

Не започнувај со маркетинг пред да ги кажеш следниве искази

Листа на маркетинг активности Маркетинг е зборот кој скоро во сите формални процеси на претприемништво претставува составен дел.

Кога сме кај процес на претприемништво, вчера завршив со една сосема нова скица на тој процес во која се вклучени сите модерни (и секако потребни) подпроцеси на тој процес (тука е и маркетингот), но и одредени сегменти од теорија на бизнис идеи која ја развиваме тука. Дури и го именував, се вика претприемнички часовник. Го оставам малку да одлежи, и по одредени дополнителни проверки и тестирања може да го презентирам. Процесот ги содржи идеите на lean стартап, развој на купувачи и моделирање на бизнисот како најголеми измени од традиционалниот процес кој најверојатно сте го сретнале. И да, не е посебно издвоен бизнис планот, одлучив дека процесот на бизнис планирање е подобро да биде во процесот на менаџментот (нели и една од функциите на менаџментот е планирање) бидејќи дури тогаш ќе се користи.

Ние тука зборуваме за мали бизниси. Зборуваме за тоа да се постигне повеќе со оптимално ниво на вложување во маркетинг. Вложување не значат само пари, туку и труд, енергија, време…

Во изминатите неколку години имам видено многу мали бизниси, па може да се каже и стартапи кои започнуваат со вложување на голем износ на финансиски средства токму во маркетингот. Оваа моја реченица не значи дека не треба да се вложуваат, но значи да се постави прашањето колкав е повраток на таа инвестиција. Не значи дека не треба да се инвестира, туку значи знаење за тоа како и каде да се инвестира. Не значи дека не треба да се започнува со големи вложувања, туку значи да се провери дали тие вложувања се “паметни” вложувања.

И добро, да не должам премногу да преминам на најважните искази кои треба да си ги кажеш како еден претприемач пред да започнеш со имплементација на било која маркетинг тактика:

  • Јас знам кои се точно моите идеални купувачи.
  • Јас знам точно што сакам да постигнам.
  • Јас знам точно што сакаат моите купувачи.
  • Јас знам точно како да допрам до моите купувачи.
  • Јас знам точно каде се моите купувачи.
  • Јас знам точно кое маркетинг средство за кој сегмент одговара.
  • Јас знам точно што треба да правам за да го постигнам она што сакам да го постигнам.
  • Јас имам маркетинг план чија реализација ќе помогне во постигнување на она што сакам да го постигнам.
  • Јас знам кои се клучните индикатори кои треба да ги мерам за да постојано го подобрувам процесот.
post

Како до побрз премин од фазата сонување во фазата започнување?

Фокус на претприемачот Во животни циклуси на бизнисите зборувавме за фазата сонување, која е опасна фаза во развојот на еден бизнис бидејќи претприемачот може да остане во таа фаза засекогаш. Но, тогаш нема да биде ниту претприемач.

Но, како да го обезбедиме тој премин во наредна фаза?

Досега повеќе пати напоменувавме дека претприемачот мора да биде креативен и аналитичен како и да ги избегнува негативците за да може сигурно да го пренесе бизнисот во наредната фаза. Еве неколку совети кои може да ви помогнат да ја надминете фазата на сонување:

  1. Обидувајте се постојано да ја држите вашата креативност на високо ниво. Прочитајте за 6 совети за креативност за добра бизнис идеја. Користете технологија. Бидете систематичен во однос на вашите идеи како тие лесно би биле достапни за вас, но и спремни за следните чекори во однос на истите.
  2. Имајте колку што можете повеќе идеи. Нека бидат и најглупавите сепак имајте ги на лист хартија или пак во електронска форма на компјутер во вид на база на податоци (MS Word, MS Excel, MS Access, Evernote…)
  3. Префрлети ги подобрите идеи во книга со бизнис идеи која може да биде во писмена форма (тетратка) или пак електронска форма на компјутер (MS Word, MS Excel, MS Access, Evernote…).
  4. Тестирајте ги идеите од книгата во однос на:
    • Вашето знаење за таа бизнис идеја. Дали имате знаење да ја спроведете? Дали имате знаење да водите таков бизнис? Што ви недостасува? Забележувајте ги овие работи во книгата. И да ја отфрлите идејата тоа што ќе го разгледувате можеби ќе има вредност во иднина.
    • Вашата забава. Дали бизнисот ќе ви биде забавен? Дали бизнисот ќе го замени вашето хоби? Секој бизнис кој размислувате да го започнете мора да ви биде забавен инаку нема да ја постигнете целта?
    • Која бизнис идеја ви претставува најголема пасија? Пасија претставува силно позитивно чувство кон нешто, вообичаено нешто што силно го посакуваме или не привлекува. Повеќе за овие 3 тестови прочитајте за прв чекор од бизнис идеја.
    • Тестирајте ја бизнис идејата во однос на потреба или решавање на некој проблем на пазарот.
    • Корисно е во оваа фаза од развојот на бизнисот да се размисли за целниот пазар на кој ќе се насочи тој бизнис.
    • Анализирајте ги вашите бизнис идеи од аспект на пазарот.
    • Подгответе бизнис модел кој ќе одговара на таа бизнис идеја.
    • Тестирајте ги претпоставките опфатени во бизнис моделот директно со купувачите на самиот пазар на кој ќе треба да настапи бизнисот.
  5. За сите претходни тестови и анализи давајте оценки и забележувајте ги во книгата со бизнис идеи.
  6. Бизнис идејата со најголеми оценки, која знаете да ја спроведете, ќе ви биде забавна, имате пасија кон неа и решава големи проблеми на потенцијални потрошувачи кои бараат решение ќе бидете спремни и решителен да ја пренесете во наредната фаза.

Искористете ги овие совети и вашиот бизнис од фаза на сонување ќе може да премине во фаза на започнување.

post

Тајна на успешно започнување на бизнис

Започнување на бизнис Постојат ли тајни за успешно започнување на бизнисот?

Некои сметаат дека започнување на бизнис претставува уметност бидејќи во голем дел се базира на креативноста на претприемачот и препознавање на можностите на пазарот кои истиот тој претприемач ги претвора во успешен бизнис.

Некои пак сметаат дека започнување на бизнис е наука бидејќи најдобро е да се следи оној “претприемнички процес” кој во голем дел се базира на научни сознанија, алатки и техники произлезени од науката и научно базирани чекори за имплементација.

Во секој случај и двете групи се во право. И двете групи на луѓе не грешат во нивното размислување за започнување на бизнис.

Не грешат бидејќи започнување на бизнис истовремено е и уметност и наука. Уметноста е препознатлива во креативноста и препознавање на можностите, додека наука во тестирање, аналитичност и имплементација на зацртаните чекори кон реализација на визијата на претприемачот.

Ќе извлечам 16 искази кои може да се сметаат како тајни за успешно започнување на бизнис.

  1. Претприемачот е секогаш полн со идеи. Тој нема идеи само кога веќе не е претприемач или едноставно мретов.
  2. Претприемачот не брза со имплементација на секоја “луда” идеја што ја има. Тој иако има луди идеи, што се резултат на неговата креативност, но сепак не брза со имплементација на сите тие идеи, туку едноставно го чека вистинскиот момент за соодветната идеја.
  3. Внимателно избира која бизнис идеја ќе ја развива во бизнис. Без да ја преточи идејата во можност и без да биде барем 50% сигурен дека идејата може да се преточи во успешен бизнис преку анализи тој нема да го започне бизнисот.
  4. Внимателно ги тестира хипотезите за избраната бизнис идеја. Секоја бизнис идеја носи повеќе претпоставки. Тие претпоставки се во вид на потребата на пазарот, можните продажби, можните трошоци за реализација, можните трошоци за функционирање на бизнисот… Идејата сеуште не е бизнис се додека не се добијат позитивни резултати од тестирање на тие хипотези.
  5. Дизајнира бизнис модел кој треба да се тестира. Една бизнис идеја може да резултира во повеќе бизнис модели. Кој ќе се имплементира, ќе зависи од тестирањето.
  6. Започнува со развој на купувачи. Уште во фазата на сонување, претприемачот започнува со развој на купувачи. Ги дефинира, анализира, контактира, им продава… А фидбекот го користи во подобрување на идејата.
  7. Ги тестира хипотезите преку директен контакт со купувачи. Тестирање на хипотезите не ги изведува од дома или од канцеларија или пак од производствениот погон. Тестирањата ги изведува преку директен контакт со купувачите.
  8. Го редизајнира бизнис моделот врз основа на тие први контакти со купувачи. Купувачите се слушаат и се имплементира она што е слушнато.
  9. Го гради првиот производ со минимум барани карактеристики. Премногу карактеристики не значи и производ кој ќе се продава. Тој знае дали нешто треба или не.
  10. Продолжува со тестирање со купувачи. Овие тестирања никогаш не завршуваат. Поточно, завршуваат кога веќе нема да постои бизнисот.
  11. Го надградува производот со резултати од тестирање. Секое тестирање резултира со подобар производ/услуга.
  12. Го прилагодува бизнис моделот доколку е потребно. Бизнис моделот не е статичен елемент, тој се менува и треба да се менува.
  13. Ги прилагодува стратешките основи доколку треба. Промените на бизнис моделот ќе предизвикаат и промени во стратешките основи на бизнисот (нормално доколку постојат).
  14. Повторно тестира. Да не заборавиме, ништо не е непроменливо, па ни последното подобрување.
  15. Започнува со бизнисот. Дури сега? Па да, сега веќе има купувачи, има производ/услуга за кои тие купувачи се спремни да платат и има бизнис модел кој ветува бидејќи целосно е во согласност со она што купувачите го сакаат.
  16. Не заборава на купувачите. И повторно потсетување, процесот не завршува, туку едноставно ова е само почеток.
post

Како да го користите Evernote во вашиот бизнис?

Еден мал бизнис, и секако еден претпримач можат да го користат Evernote како една централна алатка во бизнисот.

Evernote

Во изминатиот период опфативме неколку наслови за некои идеи за користење на Evernote за целите на бизнисот кои беа резултат на мои лични искуства со алатката. Се поголемото користење ме натераат да се префрлам на платената верзија со што добив поголем простор за месечни белешки, како и индексирање на pdf фајловите кои ги ставам во нотесите. Тие pdf фајлови се резултат на некои делови од книги кои ги скенирам и префрлам во мојот систем на белешки.

Продолжи…

post

[Вежба] Избор на бизнис модел кој ќе го тестираме понатаму

Вежба на претприемач Минатата недела секојдневно работевме на финализацијата на драфт верзијата или поточно верзиите на нашиот бизнис модел како дел од теорија на бизнис идеи која цела година ќе ја развиваме тука на претприемач.

Со претходната вежба која ја правевме тука за оваа теорија ти веќе имаш драфт верзија на твојот бизнис модел пополнет од десната страна со поставување на првата хипотеза (постои проблем) интегрирана во самиот бизнис модел. Сега пред да продолжиме со излегување надвор од канцеларија, таа драфт верзија на бизнис модел треба да ја дополниме, да ја поделиме во повеќе бизнис модели и да избереме еден кој ќе започнеме да го тестираме со потенцијалните купувачи.

Тоа беше теоретското излагање од минатата недела, сега е време на вас да го примените во пракса преку оваа вежба.

Да се потсетиме на постовите кои беа дел од она што го работевме минатата недела:

Чекори кои треба да ги спроведеш во вежбата:

  • Дополни ја драфт верзијата на бизнис моделот во однос на односи со купувачи, канали, приходи, клучни активности, клучни ресурси, клучни партнери и трошоци.
  • Дефинирај ги сите карактеристики кои ќе бидат или можат да бидат имплементирани во решението. Вметни се што мислиш дека треба да има како карактеристика, дури и најлудите или најнеизводливите идеи.
  • Процени ја големината на сегментите и до секој сегмент впиши ја неговата бројка.
  • Врз основа на карактеристиките како и сгементите од основниот еден бизнис модел направи повеќе. Главната поделба треба да ја изведеш врз база на карактеристиките на сегментите, како и карактеристиките на решението за соодветниот сегмент.
  • Процени ги трошоците како и приходите во комбинација со големината на сегментите и претпоставката за можното учество на пазарот за тоа решение.
  • Подели ги бизнис моделите на надежни и ненадежни врз основа на профитабилноста. Оној кој дава профит е надежен, додека оној кој не дава профит е ненадежен.
  • Разгледај ги оние ненадежните и провери дали тие карактеристики се потребни за тој сегмент, а врз основа на исфрлања на некои карактеристики ќе ги промениш  останатите елементи да тој бизнис модел.
  • Провери ја профитабилноста на тие ненадежни редефинирани и редизајнирани бизнис модели. Доколку станува профитабилен нека остане како работен, а сите непрофитабилни заборави ги.
  • Направи вредносна анализа како што е прикажана во постот од минатата недела и избери го најнадежниот бизнис модел на кој ќе продолжиш со работа.

На крајот од оваа недела ќе имаш еден бизнис модел кој следната недела ќе продолжиме да го развиваме и тестираме.

 

post

Теорија на бизнис идеи – Приоритизација на бизнис моделите

Сега веќе имаш повеќе бизнис модели спремни за тестирање. Твојата работа како иден претприемач досега беше да дојдеш до тие бизнис модели преку тестирање на трите основни хипотези и дизајнирање на тие бизнис модели како и имплементација на прилагодувања во истите врз основа на нови претпоставки и знаци кои ги наоѓаш а кои доаѓаат од надвор.

Бизнис моделите кои ги имаш содржат различни хипотези кои треба да се потврдат. Потврдата треба да дојде од потенцијалните купувачи, а не од тебе или твоите можни или идни вработени.

Од друга страна, овие бизнис модели се дефинирани врз основа на различни сегменти и различни потреби за карактеристики на решението, па затоа и не можеш да започнеш со тестирање на сите одеднаш. одлуката да ги тестираш сите само ќе те заглави во една напорна работа и ќе го одложи практичното започнување на самиот бизнис, а со тоа и почетокот на генерирање на приход ќе биде одложено. Не значи дека она што досега си го развил нема да се примени во иднина, но нашата цел е да започнеме со најнадежниот бизнис модел, оној со најголем потенцијал за генерирање на приход за твојот бизнис.

Затоа е потребна приоритизација на бизнис моделите кои досега ги имаш развиено.

Во зависност од бизнисот и сегментите на пазарот може да се користат различни критериуми за рангирање на овие бизнис модели. Тука ќе презентирам една можна приоритизација со едни од најважните критериуми:

  1. Ниво на потреба на решението. Ова веќе го подготвивме вчера и претставува нивото на болка или желба која сегментот ја чувствува за проблемот кој тој бизнис модел го решава. Ова е втората хипотеза од оние основните: се бара решение за проблемот.
  2. Големина на сегментот. Овој критериум исто така го имаме опфатено во бизнис моделот и го подготвивме во постот насловен како теорија на бизнис идеи – финализација на бизнис модел 1. Од друга страна ова претставува третата хипотеза дека постои доволно голема критична маса на купувачи кои имаат потреба од нашето решение.
  3. Цена. Колку можеш да наплатиш? Ова е важно прашање бидејќи како еден претприемач сакаш да наплатиш колку што може повеќе за твојот производ или услуга.
  4. Пристапност до сегментот. Како ќе дојдеш до определениот сегмент? Колку е полесна пристапноста, толку побргу ќе генерираш резултати. Затоа и важноста од овој критериум при приоритизација на развиените бизнис модели.

Овие критерими се наведени по важност, односно најважен е првиот, а најмалку важен е вториот. Заради еден ваков случај најдобро е да се подготви една вредносна анализа на бизнис моделите во однос на секој од критериумите.

Ќе го илустрирам ова преку еден пример. Првин ќе ги дефинирам тежините на секој од критериумите:

  • Ниво на потребно решение ќе има тежина 5
  • Големина на сегментот ќе има тежина 3
  • Цена ќе има тежина 2
  • Пристапност ќе има тежина 1

Ќе користиме оценка од 1 до 10. 10 најдобра, додека еден најслаба.

Во табелата подолу е прикажана оваа анализа и начинот на приоритизација на бизнис моделите.

Вредносна анализа за приоритизација на бизнис модели

Од анализата добиваме дека бизнис моделот 2 е највреден за да продолжиме со тестирање на хипотезите и развој на истиот во наш иден бизнис доколку се докажат хипотезите. Ќе продолжиме со подготовка на тестирањето.

post

Фази на животни циклуси на бизниси

Секој бизнис има сопствен животен циклус. Исто како и човекот и бизнисите се раѓаат, растат, поминуваат низ еден вид на пубертетски период, стануваат матуранти, зрели, стареат и изумираат. Многу теоретичари се занимаваат со оваа посебна теорија на животен циклус на бизнисите. Претприемачите мора да знаат што ги очекува и да преминуваат спремно од една во друга фаза на животниот циклус. На сликата се претставени 6 фази на животен циклус на бизнисите.

Животни циклуси на бизниси

 

Значи секој бизнис поминува низ следниве животни циклуси:

  • Сонување
  • Започнување
  • Проблематичен период
  • Лудување
  • Озбилност
  • Старост

Да ги разгледаме пооделно сите фази од животниот циклус на бизнисите.

Треба да напоменеме дека секоја фаза на животниот циклус претставува опасност од пропаѓање. Затоа за секоја фаза е потребен посебен вид на акции и одлуки од страна на претприемачот за да може бизнисот да се доведе во фазата озбилност и тоа во највисоката точка на кривата на сликата и да се одржува постојано во таа состојба.

Фаза 1: Сонување

Секој бизнис без разлика од кој тип е има свој животен циклус. И секој бизнис започнува со фаза која ние просто ја нарекуваме СОНУВАЊЕ. Оваа фаза која ние ќе ја опишеме може да се сретне и како стартап фаза, иако стартап претставува повеќе од нашата фаза на сонување. Може да се сретне и како фаза на воведување што е исто што и стартап фаза. Некои почетната фаза ја нарекуваат и фаза на засадување (во стилот да се засади семето). Некои едноставно фазите на животен циклус ги делат како прва фаза, втора фаза итн.

Како посебно би ги издвоил животните циклуси на бизнисите според Исак Адижес кој доста детално ги опишува во неговата книга „Управување со животни циклуси на претпријатијата“ (Managing Corporate Lifecycle – 1999). Во неговите фази на животни циклуси користи поразличен пристап и поразлични имиња (кои се описни) на секоја од фазите. Па така, нашата фаза сонување ја нарекува фаза на удварање. И оваа е фаза кога бизнисот постои само како идеја.

Во оваа фаза од животен циклус бизнисот не постои во вистинска смисла на зборот. Бизнисот постои во главата на претприемачот како идеја.

Ова е една од најспецифичните фази, која во неки случаи може да трае со години, па дури и вечно, односно бизнисот да остане во оваа фаза. Од друга страна во оваа фаза креативноста е најпотребна. Можеби претприемачот ќе треба да донесе одлука да ја остави постоечката работа и да заплива во водите на претприемништвото, па и сопствената егзистенција ќе му зависи од тоа како ја поминува оваа фаза.

За оваа фаза Адижес вели дека претставува фаза на тестирање на идејата со реалноста. Ќе контактира повеќе луѓе при што ќе дискутира за идејата. Ќе има позитивни и инегативни реакции, но мора да се избегнуваат негативците како не би се довела идејата во опасност. Докулку идејата не го помине тестот на реалноста бизнисот може да помине во фазата на флерт според Адижес. Оваа фаза е фаза кога бизнис идејата никогаш не излегува надвор од главата на претприемачот бидејќи тој во фазата на сонување ја изгубил решеноста. Затоа цел ни е да дојдеме до ниво кога ќе ја поминеме оваа фаза и да одиме во наредната фаза наречена започнување. Тогаш бизнисот го поминува тестот на реалноста.

Фаза 2: Започнување

Оваа е фаза кога излегуваме од сонување и ги започнуваме првите вистински чекори за нашиот бизнис. Понекогаш може оваа фаза никогаш да не ја достигнеме и засекогаш да остнеме во фазата сонување што претставува прва замка и опасност за секој нов бизнис.

Откога ја поминеме првата препрека влегувме во една вистинска фаза која бара конкретни акции и чекори. Но, од друга страна оваа фаза не е само фаза во која ние започнуваме со работа. Наредната фаза е проблематичен период што и самото име не води кон нешто проблематично иако на сликата во таа фаза забележуваме зголемување на перформансите на бизнисот. Значи се додека не започне зголемување на перформнсите на бизнисот ние ќе сме во фаза на започнување.

Што е она што се случува во оваа фаза од животниот циклус на бизнисите? На што треба да бидете подготвени? Како побргу да излезете од оваа тешка фаза? Ќе се обидеме накратко да дадеме некои одговори на ваквите прашања.

Прво, оваа е фаза кога се прзема висински ризик. Додека сонувате за започнување на бизнис немате ризик. И токму затоа постои можност вечно да се остане во удобноста на фазата сонување, а со тоа и бизнисот да не започне (односно влета во прерана смрт). Но, во фазата на започнување започнувате да трошите пари за регистрација, локација, опрема, отворање, маркетинг, сметководство… А, во оваа фаза продажбата е многу ниска, па може да се каже и никаква. Токму тука лежи и ризикот. Не се знае дали тие вложени пари ќе се вратат и кога ќе се вратат. Но, одговорот на овие прашања во голем дел ќе зависи и од претходната фаза – сонување. Како сме го осмислиле бизнисот, како сме го испланирале итн.

Во овој момент секој месец ќе треба да плаќате придонеси за плати, плати, даноци, кирија, набавки, маркетинг… А, од друга страна продажбата е мала и не ги покрива трошоците. Во оваа фаза мора да се разбудиме, да прекинеме со сонување. Нови идеи веќе не ни се потребни се додека не се стабилизира бизнисот. Потребни ни се активности со кои ќе доведеме колку што може повеќе потенцијални купувачи во нашата продажна инка и со тоа ќе ја зголемиме продажбата.

Фаза 3: Проблематичен период

Значи досега ги поминавме двете фази: сонување и започнување. Во сонување дојдовме до добра бизнис идеја.

Во фазата започнување го внесовме бизнисот во правниот систем, најдовме локација и започнавме со работата. Во оваа фаза поминавме низ еден тежок период во кој финансиите беа на доста ниско ниво, продажбата слаба, а ние бевме се и претприемач и менеџер и продавач. Сега пристигнавме во фазата 3 од животниот циклус на бизнисите која јас ја нареков „проблематичен период“.

Оваа е фаза кога може да дојде до опаѓање на моралот на претприемачот. Ова е фаза кога ќе се свати тежината на имање и водење на сопствен бизнис. Зошто оваа фаза ја нарековме проблематичен период? Кога бизнисот ќе се започне веќе започнуваат и првите поголеми проблеми, недостаток на финансии (на бизнисите секогаш им недостасуваат и ќе им недостасуваат финансии). Продажбата и приходите сеуште се мали иако се зголемуваат, но и трошоците се во пораст. Овој период мора да се надмине со вистински одлуки и издржливост. Во фазата започнување само сме ги допреле овие првични проблеми, но во фазата проблематичен период започнуваме вистински да ги чувствуваме.

Колку помалку време се наоѓаме во оваа фаза толку е подобро и за бизнис перформансите и за претприемачот воопшто. Во фазата започнување претприемачите работат се во бизнисот, додека во фазата проблематичен период како што продажбата расте, а со тоа и финансиите така и потребата за вработени кои ќе ги зголемат трошоците на бизнисот. Така, повторно недостатокот на финансиите е еден од главните проблеми.

Од друга страна како се зголемуваат членовите на бизнисот (вработените) така се зголемува и потребата од знаење на претприемачот за менаџментот. Луѓето треба да се упрвауваат. Претприемачите денес мака мачат со пронаоѓање на квалитетни вработени, особено продавачи. А во оваа фаза заради недостатокот на финансиите сеуште продажбата е најважниот елемент. Кога на таа продажба и финансии и постојаниот маркетинг ќе го надодадете и менаџментот, претприемачот навистина ќе се почувствува како работите му бегаат од сопствените раце.

Карактеристично за оваа фаза е и тоа што финансиската задолженост уште е голема, а можеби и преголема. Во оваа фаза претприемачот веќе го знае пазарот и потребите на истиот, и затоа реагира со дополнителни набавки на производите и/или услугите кои се бараат од пазарот. Оваа врши дополнителен притисок на финансиите иако се чувтсвува постојаното зголемување на продажбата. Суште е прерано за уживање во благодетите на бизнисот.

Уште една карактеристика или опасност за претприемачот во оваа фаза е претерано трошење на пари за други бизнис проекти. Во многу случаи, кога претприемачот со голем претприемнички дух ќе почувствува дека продажбата расте, ќе вработи луѓе и смета дека веќе не е потребен за бизнисот. Тогаш тој вложува пари од постоечкиот бизнис во други бизнис проекти, но набргу сваќа дека не може да го издржи тој притисок и вообичаено доаѓа до пропаѓање и на постоечкиот бизнис и на новиот бизнис потфат.

Сеуште е рано во оваа фаза да се мисли дека проблемите се надминати. Ова всушност е и започнување на нешто што може да се случи доколку се надмине оваа фаза. Токму и затоа овој период го нарековме проблематичен период од животен циклус на бизнисите.

Поради сето тоа може да кажеме дека оваа фаза претставува навистина една пресвртница за бизнисите. Како посебни карактеристики за оваа фаза од животниот циклус на бизнисите би ги издвоиле следниве:

  • Недостаток на финансии
  • Потреба од продажба
  • Проширување на бизнисот со нововработени
  • Намалување на претприемничкиот концепт и воведување на менаџерскиот концепт во водење на бизнисот
  • Можност за грешки
  • Можност за паѓање на моралот на претприемачот

Фаза 4: Лудување

Ја поминавме фазата сонување, за преку започнување да дојдеме до проблематичен период. Сега доаѓа една фаза каде голем дел од овие проблеми ќе бидат надминати. На пример, продажбата ќе се зголемува со големо ниво, финансиите ќе се зголемуваат, вработените ќе бидат се повеќе уиграни за изведување на работните активности итн.

Па, зошто тогаш име на фазата лудување?

Ако во претходните фази баравме постојано зголемување на самодовербата и посветеноста во работата тука таа самодоверба може да доведе до негативни последици. Во оваа фаза финансиите се стабилизирани, има постојан приход кој е во нагорна линија и претприемачот може да здивне од проблемите во претходната фаза. Но, тоа здивнување може да го ослободи од внатрешните и надврешните притисоци и воопшто да не размислува за понатамошниот развој на бизнисот. Затоа и постои опасноста од лудо однесување на претприемачот од прететрано трошење на тешко стекнатите финансии во непотребни работи и проширувања на бизнисот што во претерани случаи може да го врати во претходната фаза. Затоа овој период за да се надмине бара вистински одлуки и здржливост.

Успехот кој се чувствува во оваа фаза доведува бргу да се заборават потешкотиите од претходната фаза. Па согласно тоа, и лесно можеме да се вратиме во проблемите од претходната фаза. Размислувњето на претприемчот е дека може со бизнисот да ги надокнади сите бесмислени трошоци кои ќе ги направи. И тоа се додека повторно не се јават проблеми со финансиите. Тековниот бизнис не може да ги финансира сите нови бизниси за кои ќе се нафати претприемачот во оваа фаза.

Како посебни карактеристики од оваа фаза би можеле да ги издвоиме:

  • Солидни финансии со постојано зголемување
  • Продажбата постојано расте
  • Претприемачот станува претерано самодоверлив во себе и смета дека што ќе фати ќе позлати
  • Претприемачот започнува да троши премногу пари и да влегува во бизнис зделки кои се надвор од почетниот бизнис и бизнис идеја.
  • Претприемачот, поттикнат од самиот себеси прекинува да го следи бизнис планот иако знае дека до оваа ниво токму тој бизнис план успеал да го донесе
  • Постои опасност финансиски да не можат да се издржат сите нови бизниси во кои влегува претприемачот во овој период, па затоа постоечкиот бизнис ќе започне да се гуши.

Забележувате дека доколку во преходните фази од животниот циклус на бизнисите (сонување, започнување и проблематичен период) најголемата опасност доаѓаѓе од надворешноста на бизнисот, сега најголемата опасност доаѓа од внатрешноста на бизнисот – и тоа од самиот претприемач.

Фаза 5: Озбилност

Доколку се поминавме како што треба стигнуваме до фазата зрелост (озбилност) од фазите на животни циклуси на бизниси. Исто како едно бебе кое поминува низ процес на планирање на неговите родиели, па низ детството, па низ период на пубертет, па матурант за веќе да станува една зрела личност. Сега сме во една фаза каде најголемите проблеми односно детските болести ги надминавме и се тече како подмачкано.

Озбилност затоа што претприемачт веќе е вразумен, знае што значи и вреди неговиот бизнис. Од друга страна приходите и продажбата се на високо ниво, оформен е менаџерскиот и продажниот тим. Но, сепак постојат опасности, а можеме да кажеме и големи опасности.

Зошто големи опасности?

Прво, лесно можеме да се вратиме во една од претходните фази со неколку грешки со скренување од дефинираната визија и целите на компанијата. Оваа фаза бара врамнотежување на две спротивставени работи:

  • Иновација – претприемништво
  • Одржување – администрација

За да се остане во оваа фаза потребно усогласување на овие две активности и да не се дозволи едната да надвладее над другата. Може да постојат две состојби доколку едната надвладее над другата:

  • Доколку претприемништвото премногу надвладее над одржувањето ќе се случи враќање во некоја од претходните фази. Зошто? Во овој момент бизнисот е доволно развиен за да има потреба од премногу претприемнички идеи кои ќе доведат до непотребно трошење на тешко стекнатите финансии и комплетна забуна на вработените или хаос во целиот организациски систем. Во ваква ситуација бизнисот ќе се врати на „поправен испит“ во некоја од претходните фази од животните циклуси, а најчесто во фазата на лудување. Ова е поради фактот што претприемачот сеуште не се излекувал од болеста која го наведува на такво лудо однесување. Но, опасноста да биде уште поголема доколку не се помине „поправниот“ во фазата лудување ќе оди и во претходните фази се додека не се започне со распродажба за да се исплатат доверителите и да се вратат долговите. Кај нас има доста состојби каде некои успешни компании доаѓаат до презадолженост и нормално потоа оној збор што го слушаме 15-тина години наназад – стечај.
  • Доколку одржувањето надвладее премногу над претприемништвото влегуваме во бирократија односно наредната фаза од животниот циклус на бизнисите – старост. Во оваа состојба ефикасноста надвладува со ефективноста, односно важно е работите да се изведуваат на вистински начин, а не е важно кои работи се изведуваат. Се претерува со правила и процедури и целосно уништување на претприемаништвото кое е за спроведување на промени заради одржување во оваа фаза. Премногу бизниси страдаат од оваа болест која неминовно доведува до смрт. Ваквите организации ќе опстанат се додека имаат пари, а кога ќе ги истрошат започнуваат да се задолжуваат. Во ваквите организации вработените зборуваат за старите добри времиња. Кога ќе се истрошат и задолжените пари и нема повеќе можности за враќање бидејќи бизнисот не произведува резултати доаѓаме повторно до оној несакан збор – стечај.

Како една опасност во оваа фаза може да се види и во надворешноста на организацијата. Бизнисите кои се наоѓаат во оваа фаза од животен циклус се лидери на пазарот. Конкуренцијата ги следи сите чекори на бизнисот и секоја грешка ќе се обиде да ја искористи и да ги заменат местата.

Како посебни карактеристики од оваа фаза без опасностите наведени погоре би можеле да ги издвоиме:

  • Одлична финансиска форма
  • Постојан раст на продажба
  • Претприемачот има одличен менаџерски тим
  • Се следат целите на бизнисот
  • Соодветна врамнотеженост на претприемништвото и одржувањето – администрирањето.

Фаза 6: Старост

Како можевме да стигнеме до тука?

Од една одлична бизнис идеја во фазата сонување, преку започнување и проблематичниот период, малку лудувавме но успеавме да стигнеме до врвот – зрелост.

Каде погрешивме? Зошто не останавме во зрелоста? Интересно е тоа што фазата зрелост од животниот циклус на бизнисите претставува граница. Граница во која завршуваат оние класични болести на започнување на бизнисот и граница по која започнува реалната пропаст на бизнисот. Претприемачите кои ќе стигнат во ова фаза често пати се држат за главата и се прашуваат што се случи, како можеле од еден успешен бизнис да дојдат до една ваква пропаст.

Оваа фаза е фаза кога се оди во надолна линија. Бизнисот, претприемачот и менаџментот немаат енергија и сила да се справуваат со конкуренцијата. Приходите и продажбата постојано се намалуваат. Навистина имавме успешен бизнис, избравме одличен менаџмент, воведовме правила и процедури, хиерхија… Се функционираше како што треба.

Во оваа фаза се стигнува заради следниве главни причини:

  • Недостаток на претприемнички дух на бизнисот. Кога сме веќе во оваа фаза претприемништвото е веќе на нула. Немаме влез на нова енергија преку идеи. Не преземаме ризици. Подобро е вака како што си е во моментов отколку да се главиме со непотребни ризици.
  • Преголема администрација. Воведувањето на правила и процедури ни стана интересно. Се можеме да го регулираме со таквите правила. На ваков начин бизнис активностите се насочени на она како се изведуваат работите, а не дали ги изведуваме вистинските работи.
  • Премногу финансиски средства. Во претходната фаза достигнавме ниво на финансии кое досега не сме го имале. Па слободата за трошење на пари во воведување на административни системи и во покривање на слабостите на продажбата доведуваат до намалување на тие залихи.
  • Неможност да се увидат можностите за бизнисот. Кога административнта функција станува главна функција можностите од околината не можат да се увидат и искористат. Но, затоа конкуренцијата ги искористува и ни зема некое делче од пазарот полека но сигурно.
  • Преголема инертност во решавање на проблемите. Кога сме во фазата зрелост мислиме дека веќе нема проблеми. А тие секогаш ќе постојат. Ненавремено откривање доведува до слаба реакција на бизнисот во однос на секој проблем.

Постојат повеќе карактеристики за оваа фаза од животните циклуси на бизнисите, но тука би ги издвоил овие:

  • Постојано намалување на пазарното учество;
  • Постојано намалување на продажбата;
  • Зголемување на бирократијата;
  • Одложување на решавање на проблемите;
  • Намаулување на активностите во истражување и развој;
  • Избегнување на донесување на крупни бизнис одлуки;
  • Страв кај сите вработени;
  • Премногу казнувања;
  • Безидејност;
  • Нарушени меѓучовечки односи…
post

Теорија на бизнис идеи – Финализација на бизнис модел – 3

Вчера во теорија на бизнис идеи – финализација на бизнис модел 2 додадовме уште неколку елементи во нашите драфт верзии на бзинис модели кои ги тестираме за да го изградиме бизнисот од соништата.

Тоа беа приходи и трошоци изразени во бројки и профитот кој произлегува од нив. Многу е важно бизнис моделот да биде профитабилен, бидејќи тоа и му е улогата да обезбеди успешен бизнис кој ќе создава профит.

Сега, овие бизнис модели сеуште се драфт верзии и сеуште базирани на наши претпоставки и наши анализи направени внатре во канцеларија. Но, она што е важно, иако серијалов на претприемач трае веќе три месеци со еден месец и повеќе пауза, е дека сето ова што досега го направивме се изведува во неколку дена. Овој серијал не е подготвен претходна година како би се објавил одеднаш туку дел по дел се креира и објавува на претприемач.

Да сублимираме пред оваа дополнителна финализација:

  • Имаме повеќе бизнис модели со различни сегменти и различни елементи во самиот бизнис модел.
  • Знаеме кој има потенцијал да донесе најмногу приходи и секако профит.
  • Знаеме кои бизнис модели не се надежни, односно онака како што се проектирани во моментов нема да донесат профит за бизнисот.

Прво што ќе треба да направиме е да ги разгледаме бизнис моделите кои во моментов не се прифатливи и да започнеме со нивно прилагодување, доколку сметаме дека може да одиграат важна улога. Еве ги претпоставките на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали за тој сегмент се навистина потребни сите тие карактеристики?
  • Дали ни се потребни навистина сите тие ресурси?
  • Дали ни се потребни сите тие карактеристики?
  • Дали треба да направиме некој вид на прилагодување на сегментот преку насочување на нашиот фокус на една ниша од тој сегмент која ќе биде профитабилна?
  • Дали имаме грешки во поставување ан хипотезите дека постои проблем на пазарот токму за тој дефиниран сегмент?

Одговорот на овие прашања може драстично да го смени изгледот на самиот бизнис модел, па дури и од непрофитабилен да го направи профитабилен. Доколку успееш на ваков начин да го редизајнираш бизнис моделот и да го направиш профитабилен, треба да знаеш дека тој нов бизнис модел има:

  • Редефиниран проблем, а со тоа и можно решение и карактеристики на решението.
  • Редефинирани сегменти, а со тоа и нови хипотези за доволно критична маса.
  • Редефинирани извори на приходи, а со тоа и редефинирани стратегии за цени кои треба да се тестираат.
  • Редефинирани трошоци и претпоставки за појава на тие трошоци.

Значи во овој момент доаѓаш до 5-10 бизнис модели за различни сегменти, со различни карактеристики на решенија, со различни извори на приходи и ценовни стратегии и со различни трошочни структури. И сето ова е ОК, доколку и реалноста е таква. Но, сепак уште се се базира на наши претпоставки поткрепени со одредени наши анализи. И тоа е нешто, сепак повеќе од ништо.

Пред да започнеме со тестирање надвор од канцеларијата би додал уште една измена на бизнис моделот и тоа во однос на сегментите бидејќи тие ни се основата. Таа измена се однесува на втората хипотеза: се бара решение за проблемот, или нивото на болка за купувачот. Тоа е желбата за решение, нивото на барање на решение, нивото на потреба од решение…

И повторно, одиме со наши претпоставки поткрепени со некои иницијални анализи на пазарот кои доаѓаат преку одредени знаци и сигнали кои ги препознаваме. Начинот на кој ќе го означам ова ниво на болка или оваа хипотеза е со боја на самите сегменти во бизнис моделот. На пример, црвена боја има најголема потреба, портокалова умерена, додека жолта најмала потреба. Целта е нашиот фокус во старт да биде сегментот со најголема потреба. Така да сега нашиот бизнис модел ќе изгледа како на сликата подолу.

Развој на бизнис модел

Сега веќе сме подготвени, остануваат уште неколку одлуки пред да започнеме со практично тестирање надвор од канцеларија за кои ќе продолжиме во другите наслови. Важно е дека ти веќе:

  • Имаш креирано 5-10 бизнис модели
  • Знаеш колкава е потребата или болката на секој сегмент и
  • Имаш бизнис модели кои се профитабилни врз основа на твои лични претпоставки и анализи на знаци од надвор.